Достапни линкови

Вести

Американскиот министер за одбрана пристигна во Киев

Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин (десно) е пречекан од американската амбасадорка во Украина Бриџит Бринк кога пристигнува во Киев со воз на 20 ноември, 2023
Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин (десно) е пречекан од американската амбасадорка во Украина Бриџит Бринк кога пристигнува во Киев со воз на 20 ноември, 2023

Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин пристигна во Киев во знак на поддршка за Украина поради загриженоста од „воениот замор“ меѓу западните сојузници на Киев, особено во Соединетите Држави - главниот снабдувач на Украина со воена и финансиска помош.

„Само што пристигнав во Киев за да се сретнам со украинските лидери“, напиша Остин во пораката на X, порано позната како Твитер.

„Денес сум овде за да испорачам важна порака - САД ќе продолжат да ја поддржуваат Украина во нивната борба за слобода против руската агресија и сега и во иднина“, додаде Остин.

Ова е втора посета на Украина на Остин, кој во Киев пристигна со воз од Полска.

Вашингтон даде десетици милијарди долари воена и друга помош за Украина од почетокот на руската инвазија во февруари минатата година.

Во меѓувреме, украинската армија соопшти дека одбила десетици руски напади долж фронтот долг речиси 1000 километри, а интензивните битки продолжуваат особено околу источните градови Маринка и Авдиивка, пренесе ДПА.

Во денешниот извештај за ситуацијата од Генералштабот во Киев се регистрирани 46 руски напади само вчера. Сите судири на бојното поле беа одбиени, се вели во документот.

Фокусните точки беа Маринка, каде имаше 16 руски напади и Авдијивка, каде имаше 12 напади. Двете локации се во близина на градот Доњецк, кој е под руска контрола, најголемиот град во Донбас.

Меѓународните набљудувачи, како што е Институтот за проучување на војната во Соединетите Држави, ги потврдија жестоките борби околу Авдијивка. Руските војници со недели се обидуваат да ги опколат украинските бранители во градот. Според британското Министерство за одбрана, влажното есенско време во моментов ги отежнува борбите за двете страни.

По две ноќи тешки напади со руски беспилотни летала, во текот на ноќта беше тивко, според денешните украински извештаи.

Украина речиси 21 месец се брани од голема руска инвазија. Долгата линија на фронтот на војната, која се протега од брегот на Црното Море до североисточната граница на Украина со Русија, се повеќе се смета дека во голема мера е во застој.

види ги сите денешни вести

Неформална вечера на Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје

Неформалната вечера на министрите за надворешни работи кои учествуваат на 30. Министерски совет на ОБСЕ, чиј домаќин е шефот на дипломатијата на Северна Македонија и претседавач на ОБСЕ Бујар Османи. Скопје, 29 ноември 2023.
Неформалната вечера на министрите за надворешни работи кои учествуваат на 30. Министерски совет на ОБСЕ, чиј домаќин е шефот на дипломатијата на Северна Македонија и претседавач на ОБСЕ Бујар Османи. Скопје, 29 ноември 2023.

Во Скопје вечерва ( на 29 ноември ) почна неформалната вечера на министрите за надворешни работи кои учествуваат на 30. Министерски совет на Организацијата за безбедност и соработка во Европа - ОБСЕ. Домаќин е македонскиот шеф на дипломатијата и претседавач на ОБСЕ Бујар Османи.

Тема на која ќе разговараат шефовите на делегациите од земјите членки на ОБСЕ и држави партнери е воената агресија врз Украина и потребата од функционална Организација во време на конфликти и зголемени тензии.

На вечерата присуствуваат министри за надворешни работи на САД, на ЕУ, на земјите членки на ЕУ, Велика Британија, на земјите партнери од Медитеранот, Блискиот Исток и од Азија.

Американскиот државен секретар Антони Блинкен и потпретседателот на Европската комисија и висок претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Жозеп Борел си заминуваат по оваа средба.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, според најавите од дипломатски извори ќе пристигне подоцна вечерва во Скопје.

Блинкен и Борел нема да се сретнат со Лавров во Скопје. Претходно Борел од говорницата во македонската Влада порача дека добро е Лавров повторно да ги слушне пораките од учесниците на состанокот на ОБСЕ зошто Русија е санкционирана и изолирана.

„Ова е добра прилика за него да слушне од учесниците на овој состанок зошто Русија е осудена и изолирана а потоа ќе може да се врати во Кремљ, и да му каже на господарот на Кремљ дека ЕУ и ОБСЕ остануваат обединети во осудувањето на агресивното и незаконско однесување на Русија“, изјави Борел.

Северна Македонија привремено ја укина забраната за руски летови за да ѝ дозволи на руската делегација да присуствува на самитот на ОБСЕ, иако севкупните санкции за другите летови остануваат во сила.

Брисел го затвори воздушниот простор за руски летови неколку дена откако Москва ја започна својата војна против Украина во февруари 2022 година. Истото го направи и Северна Македонија која претендира да се приклучи на блокот. Но, Лавров беше поканет да учествува на Самитот на ОБСЕ откако тоа го дозволи македонското МНР, а Бугарија го отвори воздушниот простор за авионот на Лавров.

Борел очекува дека на 30-от Министерски самит на ОБСЕ во Скопје кој се одржува од 30 ноември до 1 декември ќе се донесат клучни одлуки за следниот претседавач и за буџетот на организацијата.

На најголемиот политичко-дипломатски настан што се случил во државава од осамостојувањето, ќе учествуваат 76 делегации од 57 земји членки и држави партнери на Организацијата.

Ковачевски: Лидерска средба в понеделник

архивска фотографија, македонскиот премиер Димитар Ковачевски и шефот за надворешна политика на Европската унија, Жозеп Борел,
архивска фотографија, македонскиот премиер Димитар Ковачевски и шефот за надворешна политика на Европската унија, Жозеп Борел,

Лидерска средба за договор за изборите закажа премиерот Димитар Ковачевски за в понеделник, 4 декември. На лидерската треба да учествуваат претставници на сите парламентарни политички партии и претседателот на Парламентот Талат Џафери. Ковачевски ја најави лидерската на заедничката – прес конференција на 29 ноември со шефот за надворешна политика на Европската унија, Жозеп Борел, кој е во Скопје.

Поканата за учество на лидерската средба Ковачевски ќе ја испрати утре.

„Ќе се разговара за евроатланските интеграции на земјата, за одржување на редовни претседателски и парламентарни избори и за измените на Изборниот законик“, изјави премиерот Димитар Ковачевски.

Борел на оваа прес конференција меѓу другото порача дека европскиот пат на земјата треба да биде пред и над партиските превирања.

„ Ако сакате да одите по патот на ЕУ мора да го завршите процесот на усвојување на уставните измени и да напредувате во клучните реформи, тоа е во интерес на сите граѓани на оваа земја. Тоа не е нешто што ќе донесе корист на една политичка партија, туку корист за целиот народи и за Северна Македонија како земја. Се надевам дека со носењето на новиот деловник за работа, со меупартиска поддршка, тоа е добар преседан, и се надевам дека ќе следат понатамошни позитивни чекори за ова Собрание и за наредното Собрание по изборите секако, кога и да се оддржат тие“ изјави Борел.

Власта и опозицијата имаа различни мислења за терминот за одржување на претседателските и на парламентарните избори, кои треба да се одржат следната година. Опозицијата бара тие да се одржат во ист термин, а власта беше на став да бидат одвоени. Но во изминатите недели има најави дека можно е да бидат во исто време.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери на 27 ноември изјави дека според најавите и претпоставената динамика, ако парламентарните и претседателските избори би се одржале заедно на 8 мај, распишувањето треба да се направи 70 дена пред изборите, а тоа е на 27 или 28 февруари.
Ако изборите се одржат споено, тогаш според Пржинскиот договор треба претходно да биде формирана и техничка Влада на 100 дена пред изборите, а тоа е на 27 или 28 јануари.
Следните парламентарни избори треба да бидат 11 по ред од осамостојувањето на земјата од поранешна Југославија и воведувањето на политички плурализам.

Досега се одржани и шест избори за Претседател на државата. Првиот мандат на Киро Глигоров бил даден врз основа на избор од страна на Собранието, согласно тогашните уставни решенија.

Борел- Добро е Лавров да слушне зошто е Русија изолирана и санкционирана

Македонскиот премиер Димитар Ковачевски и потпретседателот на Европската комисија и висок претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Жозеп Борел
Македонскиот премиер Димитар Ковачевски и потпретседателот на Европската комисија и висок претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Жозеп Борел

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на министерскиот состанок на ОБСЕ треба да слушне од учесниците на министерскиот состанок на ОБСЕ во Скопје зошто Русија и изолирана и санкционирана и тоа да му го пренесе на господарот во Кремљ. Ова го порача потпретседателот на Европската комисија и висок претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Жозеп Борел, на заедничката прес конференција со неговиот домаќин македонскиот премиер Димитар Ковачевски.

„ Јас сфаќам дека некои земји учеснички не беа одушевени од вашата одлука да присуствува министерот Лавров, ги сфаќам, затоа што со незаконската војна на Русија против Украина таа ги поткопува истите начела на ОБСЕ и ги нарушува законите и поради тоа се соочува со меѓународни санкции и меѓународна изолација. Сепак, вашата одлука да дозволите Лавров да учествува е во согласност со наша заедничка цел, да го одржиме мултилатеризмот жив. Ова е добра прилика за него да слушне од учесниците на овој состанок зошто Русија е осудена и изолирана а потоа ќе може да се врати во Кремљ, и да му каже на господарот на Кремљ дека ЕУ и ОБСЕ остануваат обединети во осудувањето на агресивното и незаконско однесување на Русија“, изјави Борел.

Северна Македонија привремено ја укина забраната за руски летови за да ѝ дозволи на руската делегација да присуствува на самитот на ОБСЕ, иако севкупните санкции за другите летови остануваат во сила.


Брисел го затвори воздушниот простор за руски летови неколку дена откако Москва ја започна својата војна против Украина во февруари 2022 година. Истото го направи и Северна Македонија која претендира да се приклучи на блокот. Но, Лавров беше поканет да учествува на Самитот на ОБСЕ откако тоа го дозволи македонското МНР, а Бугарија го отвори воздушниот простор за авионот на Лавров.

Борел додаде дека очекува на 30-от Министерски самит на ОБСЕ во Скопје се одржува од 30 ноември до 1 декември ќе се донеса клучни одлуки за следниот претседавач и за буџетот на организацијата.

„ Од друга страна од суштинско значење е министерскиот состанок да се осигури дека ОБСЕ ги има сите потребни средства на свое располагање за да функционира ефективно. Ние не сакаме да ја изгубиме работната способност на ОБСЕ. Ние сакаме да ви честитаме Вам на Северна Македонија за работата што ја завршивте во овие тешки времиња. Го поздравувам предлогот Малта да биде претседавач за следната 2024 година и се надевам дека оваа одлука ќе се донесе на состанокот во Скопје“, посочи Борел.

Тој додаде дека ЕУ ја поддржува Украина во нејзината борба за сочувување на својот интегритет, како и за мир и стабилност на Европа, вклучувајќи го и Западниот Балкан.

Борел си заминува од Скопје по вечерашната средба и нема да се сретне со Лавров на министерскиот состанок на ОБСЕ.

Солзавец и приведени демонстранти во Приштина поради посетата на претседателот на Специјалниот суд

Протест во Приштина поради посетата на претседателката на Специјалниот суд, Екатерина Трендафилова, кој ги истражува наводните злосторства на Ослободителната војска на Косово
Протест во Приштина поради посетата на претседателката на Специјалниот суд, Екатерина Трендафилова, кој ги истражува наводните злосторства на Ослободителната војска на Косово

Косовската полиција уапси неколку луѓе на протестот во Приштина на 29 ноември, организиран поради посетата на претседателка на Специјалниот суд, Екатерина Трендафилова, кој ги истражува наводните злосторства на Ослободителната војска на Косово.

Демонстрантите фрлија солзавец во близина на хотелот каде што требаше да се одржи средба со граѓанскиот сектор. Протестот го организираше вонпарламентарната Социјалдемократска партија на Косово.

Според информациите од Социјалдемократската партија, полицијата уапсила шест нивни членови, меѓу кои и лидерот на таа партија Дардан Молиќај. Косовската полиција не ги коментираше овие наводи.

Демонстрантите носеа транспаренти со натписи „На ОВК не може да ѝ се суди“, „Трендафилова надвор“, а тие извикуваа „Долу Специјалниот суд“. Трендафилова денеска допатува во работна посета на косовскиот главен град на средба со претставници на граѓанското општество, во рамки на Програмата на меѓународниот трибунал за комуникација и подигнување на јавната свест.

Претседателот на Социјалдемократската партија Дардан Молиќај на протестот, пред да ескалира, изјави дека целта на собирот е да се спротивстави на посетата на Трендафилова на Косово.

„Секогаш кога бевме поблиску до Србија и лоши договори со Србија, имаше прогон на ОВК (Ослободителната војска на Косово). Судот има мандат да ја гони само ОВК. Мораме и ќе ја спречиме оваа средба“, изјави Молиќај.

Ова не е првпат активисти на Социјалдемократската партија да се спротивстават на престојот на Трендафилова на Косово. Тие и претходно се обидуваат да ги нарушат или спречат нејзините средби и прес-конференции.

Специјализираниот Суд ги истражува наводните злосторства извршени од припадници на Ослободителната војска на Косово против етничките малцинства и политичките ривали од јануари 1998 година до декември 2000 година. Седиштето на овој суд е во Хаг, но работи во согласност со законите на Косово.

Американски санкции за ирански фирми кои работеле во корист на иранската војска

Илустрација, архивска фотографија од ирански војници
Илустрација, архивска фотографија од ирански војници

Соединетите Држави воведоа нова рунда санкции за повеќе од 20 луѓе и фирми за кои американското Министерство за финансии вели дека биле вклучени во „финансиска мрежа за олеснување“ во корист на иранската војска.

Санкциите се насочени кон луѓе и компании во Иран, како и во Хонг Конг и Обединетите Арапски Емирати, соопшти Канцеларијата за контрола на странски средства на американското Министерство за финансии (OFAC) во соопштението на 29 ноември.

Санкциите се насочени кон иранската компанија Сепехр Енерџи ( Sepehr Energy) и нејзините вработени, брокери и купувачи. Во соопштението е посочено дека компанијата делувала како фиктивна компанија за продажба на нафта на иранската влада, која „ги финансира нејзините дестабилизирачки регионални активности на одредени регионални групи“.

Овие групи го вклучуваат Хамас, кој е прогласен за терористичка организација од САД и ЕУ, како и Хезбалах.

Во соопштението е наведено дека луѓето и фирмите се санкционирани за учество во мрежите од кои на крајот имаат корист на иранското Министерство за одбрана и логистика на вооружените сили, Генералштабот на вооружените сили и воените сили на Исламската револуционерна гарда.

Иранското министерство и Генералштабот продаваат стоки преку мрежи кои вклучуваат „банкарство во сенка“ и фиктивни компании и во Иран и во странство, соопштија американските служби.

„Исламската револуционерна гарда и иранското министерство продолжуваат да се вклучуваат во незаконски финансиски шеми за да генерираат средства за поттикнување конфликти и ширење терор низ целиот регион“, изјави потсекретарот на американското Министерство за финансии Брајан Е. Нелсон.

Втората компанија наведена во „црната листа“ е назначена за санкции е компанијата Пишро Теџарат Сана со седиште во Иран, за која американските власти тврдат дека соработува со Сепехр Енерџи за да ја олесни продажбата и испораката на стоки до странските купувачи, генерирајќи приходи за иранското министерство и иранската војска.

„Пишро Теџарат“ работи во име на „Сепехр енерџи“, за возврат за дел од профитот, се вели во соопштението, додавајќи дека неговиот претседател на одборот на директори е ставен на „црната листа“.
Неслон рече дека Соединетите Држави „остануваат посветени на разоткривање на елементите на иранската војска и нејзините партнери соучесници во странство за да го попречат овој критичен извор на средства“.

Санкциите го блокираат пристапот до имотот и банкарските сметки на САД и ги спречуваат целните луѓе и компании да соработуваат со компании од американскиот пазар.

Русија издаде налог за апсење на украинска пејачка што победила на Евровизија

Архивска фотографија, украинскиот претседател Володимир Зеленски и украинската пејачка Џамала во Киев, 29 ноември 2022
Архивска фотографија, украинскиот претседател Володимир Зеленски и украинската пејачка Џамала во Киев, 29 ноември 2022

Московското обвинителство на 29 ноември соопшти дека е издаден налог за апсење на украинска пeјачка која победи на Евровизија во 2016 година. Станува збор за украинската уметница по име Џамала, која е по потекло од Крим Татар. Таа е обвинета од руското обвинителство за дистрибуција на „лажни“ информации за руските вооружени сили вклучени во инвазијата на Москва врз Украина.

На почетокот на овој месец, руското Министерство за внатрешни работи ја додаде пејачката, чие вистинско име е Сузана Џамаладинова, на листата на барани лица.

Во 2016 година, Џамала победи на изборот за песна на Евровизија за изведба на балада која ја опиша бруталната советска депортација на Кримските Татари од Крим во Централна Азија во 1944 година.

Пејачката постојано зборуваше против анексијата на Крим од Русија и против вооружената агресија на Русија во Украина. Во април 2022 година, таа беше вклучена од руското Министерство за надворешни работи во списокот на украински уметници чиј влез во Русија е забранет 50 години.

Захарова: Лавров ќе има мултилатерални средби во Скопје

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова,
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова,

Голем број на земји поднеле барање за билатерална средба со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, соопшти на 29 ноември, портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова, јавува новинската агенција Ројтерс.

Таа посочи дека до руското Министерство за надворешни работи се пристигнати многу барање за тет а тет средби, на маргините на состанокот на ОБСЕ во Скопје.

„Можам да потврдам дека има многу барања за билатерални средби, а ќе има и мултилатерални средби“, изјави за новинарите Захарова.

Лавров, поради европските санкции, мораше да побара дозвола за прелетување на воздушниот простор на ЕУ за да присуствува на дводневниот состанок што започнува на 30 ноември во Скопје.
Украина и балтичките земји најавија дека ќе го прескокнат состанокот поради присуството на Лавров, тврдејќи дека Русија треба да биде исклучена поради нејзината офанзива во Украина.

„Гледаме обиди на Западот да стори сé што е можно за да го спречи нормалното учество на нашата земја на оваа средба“, изјави Захарова на 29 ноември.

Кога Полска беше домаќин на годишниот состанок минатата година, не му дозволи на Лавров да влезе во земјата, што предизвика реакција од Москва.

Затворениот поранешен американски маринец нападнат во руски затвор

Поранешниот американски маринец Пол Вилан одлежува казна затвор во Русија
Поранешниот американски маринец Пол Вилан одлежува казна затвор во Русија

Руската затворска служба соопшти на 29 ноември дека американски државјанин, Пол Вилан, кој отслужува 16-годишна затворска казна за шпионажа во руска казнена колонија, бил нападнат од друг затвореник. Во руското соопштение е наведено дека нападот бил предизвикан од „политички разлики“, но семејството на Вилан тврди дека најверојатно е поттикнато од антиамериканските чувства.

Руските служби соопштија дека била спречена понатамошна ескалација на конфликтот на 28 ноември, како и дека на поранешниот американски маринец Вилан, кој се здобил со гребнатинка под окото, му била укажана медицинска помош во озлогласената казнена колонија во Мордовија, каде што е затворен.

Поранешниот американски маринец е уапсен во 2018 година во Русија, по што беше осуден по обвиненијата за шпионирање во 2020 година. И тој и американската влада негираат дека 53-годишниот поранешен маринец е шпион.

Администрацијата на Бајден го означи Вилан како „погрешно притворен“, тоа е термин кој фактички вели дека случаите против нив се политички мотивирани, и повика на негово итно ослободување.

Семејството на Вилан, вели дека тој го опишал нападот како „релативно помал“, но дека е „загрижен оти ваквите напади може да се случат во секое време и тоа да ескалира во многу посериозен напад“.

„Пол е цел затоа што е американско и антиамериканското чувство не е невообичаено меѓу другите затвореници“, рекоа тие во соопштението, додавајќи дека Вилан верува дека затворските службеници ја сфаќаат работата „сериозно“.

Вилан, директор за корпоративно обезбедување со седиште во Мичиген, беше уапсен во декември 2018 година додека беше во посета на Москва на свадба на пријател. Русија тврдеше дека Вилан бил фатен со компјутерско УСБ кое содржело доверливи информации.

Вилан, кој има американско, британско, канадско и ирско државјанство, тогаш изјави дека бил „наместен“ затоа што мислел дека УСБ-то што му го дал рускиот познаник содржи фотографии од одмор.

Притворите на Вилан и други Американци доаѓаат во време кога односите меѓу Москва и Вашингтон се на најниска точка од крајот на Студената војна поради целосната инвазија на Кремљ на Украина.

САД ја обвинува Русија дека приведува Американци за да ги користат како опција во пазарење за размена на Руси затворени во Соединетите држави.

Американскиот репортер на Волстрит журнал, Еван Гершкович, беше уапсен за наводно шпионирање, обвинение што тој и весникот жестоко го негираат во март и се уште е во истражен притвор.

Меѓу приведените е и американската новинарка Алсу Курмашева, која работеше за Татарско-башкирскиот сервис на Радио Слободна Европа во седиштето во Прага, која присуствувала на семеен итен случај во нејзиниот роден Татарстан. Таа беше привремено приведена додека го чекаше нејзиниот лет за враќање на 2 јуни каде и беа одземени и двата пасоши и телефонот.

По пет месеци поминати во чекање за одлука за нејзиниот случај, Курмашева беше казнета со парична казна во вредност од 103 долари затоа што не го регистрирала американскиот пасош кај руските власти. Откако ја платила казната, додека чекала да ѝ ги вратат патните исправи, Курмашева била повторно приведена на 18 октомври. Овој пат таа била обвинета за нерегистрација како странски агент, законска ознака што Русија ја користи од 2012 година за да ги етикетира и казнува критичарите на владините политики. Таа се уште е во истражен затвор.

Русин приведен поради наводно шпионирање за Латвија

Илустрација
Илустрација

Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) на 29 ноември соопшти дека нејзините службеници привеле жител на северозападниот град Печори под сомнение дека шпионирал за Латвија.

Според разузнавачките служби, осомничениот, чиј идентитет не е откриен, собирал информации за руските вооружени сили лоцирани во областа и имал намера да ги предаде на латвиската амбасада во Москва во замена за латвиско државјанство.

Претходно овој месец, судот во Латвија го осуди поранешниот министер за внатрешни работи и поранешен пратеник Јанис Адамсонс на 8 и пол години затвор за шпионирање за Русија.

Украина бара од сојузниците засилување на вооружувањето на Украина

Архивска фотографија, украинскиот претседател Володимир Зеленски
Архивска фотографија, украинскиот претседател Володимир Зеленски

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на 29 ноември се состана со цивилните и воените власти во јужниот украински регион Одеса, кој беше редовна цел на руските напади насочени кон нејзините пристаништа кои се критични за извоз на храна.

„Многу важни прашања се отворени, ситуацијата во Црното Море, противмерките од мините и обезбедувањето на безбедноста на „житниот коридор“. Работата на воздушната одбрана, заштита на Одеса, инфраструктурата на „житниот коридор“ и нашите бригади“, напиша Зеленски на социјалната платформа „Телеграм“.

Зеленски се сретна со украинските војници во областа и им врачи медали и награди за храброст. Тој дополнително се состана со цивилните власти за да разговара за мерките за враќање на животот во Одеса и другите јужни региони во нормала по лошите временски услови кои ја погодија областа, оставајќи најмалку 12 мртви и 23 повредени.

Во меѓувреме, украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба ги повика сојузниците на Киев да ги засилат напорите за зголемување на вооружувањето и муницијата за одбранбената војна на Украина против неиспровоцираната инвазија на Русија.

„За да се осигура стабилноста и безбедноста на целиот европски регион, нејзината одбранбена индустрија мора да го зголеми производството, да се координира и да работи како еден интегрален одбранбен индустриски комплекс на евроатлантската заедница“, истакна Кулеба во воведниот збор на првиот состанок на Советот НАТО-Украина во Брисел на 29 ноември.

Советот НАТО-Украина, заедничкото тело во кое Киев и неговите сојузници седат како рамноправни учесници, беше основан на самитот на НАТО во Вилнус во јули.

Претходно овој месец, европските дипломати за Радио Слободна Европа под услов да останат анонимни изразија загриженост на Европската унија дека нема да може да ѝ снабди на Украина милион артилериски куршуми до март следната година, како што вети во пролетта висок претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Жозеп Борел.

Претходно, на 29 ноември, руското гранатирање на украинските региони Доњецк и Харкив предизвикаа жртви меѓу цивилите и штета на инфраструктурата, и покрај тоа што украинската воздушна одбрана одби голем напад со беспилотни летала на неколку делови на Украина.

Седум цивили беа ранети во Доњецк во текот на ноќта, изјави вршителот на должноста шеф на регионот Ихор Мороз на 29 ноември. Во регионот Харкив, руското гранатирање предизвика голема штета во текот на ноќта на инфраструктурата, станбените области, административните згради, деловните објекти и образовните објекти, изјави гувернерот на Харкив.

Русија, исто така, лансираше нов бран беспилотни летала врз Украина во текот на ноќта, лансирајќи 21 беспилотно летало од иранско производство и три наведувани ракети КХ-59, се вели во соопштението на украинските воздухопловни сили на почетокот на 29 ноември.

На бојното поле, украинските сили беа ангажирани во 87 блиски битки во изминатите 24 часа, соопшти Генералштабот на војската на Украина во својот дневен извештај на 29 ноември.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG