Вести
Тригс: Силна политичка волја е потребна за справување со бездржавјанството
Голем прогрес е направен во справувањето со феноменот бездржавјанство во изминативе 12 години, но останува уште многу да се направи, а затоа е потребна силна политичка волја, изјави денеска во Скопје помошник висок комесар за заштита при УНХЦР Џилијан Тригс која е дел од меѓународната конференција организирана од ОБСЕ и УНХЦР на тема „Бездржавјанство во Југоисточна Европа“
Проценките на УНХЦР покажуваат дека во регионот има околу 6 илјади луѓе без државјанство или лица со неодредено државјанство.
Земјите низ регионот преземаа мерки за да им обезбедат државјанство на овие граѓани, но се уште се потребни дополнителни мерки за да се искорени овој феномен, објасни Тригс.
„Бездржавјанството може да се искорени со пенкало, само ако владите имаат волја да преземат акција за да го адресираат проблемот. Мислам дека лидерите во Северна Македонија и земјите од регионот се критични во доставувањето на таа политичка волја како пример за најдобра пратика на глобално ниво,“ изјави Тригс.
Македонското законодавство беше променето во 2021 година со што се овозможи на над 200 луѓе да се стекнат со потврда или државјанство. Станува збор за закон кој имаше за цел да го реши статусот на луѓето од поранешните југословенски републики кои до денот на прогласување на независноста живееле во земјава. Последните измени на неколку закони во јуни годинава и меѓуинституционална соработка придонесе бројот на граѓаните без државјанство да е за повеќе од двојно намален.
Високиот комесар за национални малцинства при ОБСЕ амбасадорот Каират Абдракхманов изјави дека Северна Македонија покажала сериозни резултати во намалувањето на бездржавјанството во земјата.
„Најдобрата практика во Северна Македонија може да послужи како инспирација за целиот регион. За да ви дадам малку осет за што точно зборувам, пред десет месеци кога стапнав на оваа функција бројот на граѓани без државјанство изнесуваше околу 700, но денеска бројките достигнаа до 216. Се надевам и верувам дека со продолжување на политичката волја и посветеност, ќе можеме да ги сведеме тие бројки на нула до крајот на годината, со што се надевам дека Северна Македонија ќе го затвори ова поглавје“ изјави тој.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи во својство на Претседавач со ОБСЕ изјави дека законските измени кои ги направи земјава укажуваат на цврстата политичка волја за обезбедување на правен идентитет сите нереистрирани лица до крајот на 2023 година.
„На ова сме особено горди и кое цврсто го трасира патот да станеме првата држава во Европа која ќе го искорени бездржавјанството. Нешто искуство покажува дека решенија се можни и тие не се ниту премногу комплицирани ниту премногу скапи“ изјави Османи.
Според последните објавени податоци за регионот, во Србија има околу 2200 граѓание без државјанство, по неа на листата е Албанија со 1030, па Косово со 618. Четврта на листата е Црна Гора со 618 и последна БиХ со 65.
Бездржавјанството е генерациски проблем, па доколку родителите се лица без државјанство, тие своето бездржавјанство ќе го пренесат и на своите деца. Согласно Конвенцијата за статусот на лицата без државјанство на ОН од 1954 година, лице без државјанство е лице кое ниту една држава не го признава за свој државјанин согласно сопственото национално законодавство.
Причините поради кои едно лице може да остане без државјанство или во ризик од бездржавјанство се различни: непостоење на упис во матичните книги на родени и немање граѓански идентитет, распад на држави, бегалски кризи и миграции, судир на закони, откажување од државјанство, одземање на државјанство, дискриминација и други.
Во регионот заедниците на Ромите, Ашкалите и Египќаните го сочинуваат мнозинството од оние кои се изложни на ризик од бездржавјанството. Во оваа група на луѓе влегуваат и оние луѓе кои по распадот на поранешна Југославија останеле без документи а со тоа и со потешкотии во пристапот до изводи на матични книги на родени.
види ги сите денешни вести
Израел ги проширува нападите врз Либан
Израел ги прошири своите напади во Либан во петок, 13 март, таргетирајќи повеќе области, вклучувајќи го и мостот над реката Литани, за кој рече дека Хезболах го користел како премин за своите борци.
Нападите се случија откако Израел се закани дека ќе спроведе и копнена операција за разоружување на Хезболах доколку либанската влада не го стори тоа.
Милитантната група со седиште во Либан започна нови напади врз израелските сили во петокот, на 14-тиот ден од војната на Блискиот Исток.
Израел таргетирал мост над реката Литани помеѓу градовите Зрарија и Тајр Фалсај, според државните медиуми. Реката го дели јужен Либан на два дела.
Во соопштението, израелската армија ја опиша реката како „клучен премин“ за Хезболах „од северен кон јужен Либан, за да ја изгради својата моќ и да се подготви за борба“.
Нападот е прв врз либанската цивилна инфраструктура што го признава Израел откако избувнаа нови борби со Хезболах по американските и израелските напади врз Иран.
Во четвртокот Израел започна серија воздушни напади врз цели во центарот на Бејрут и неговите јужни предградија. Израел, исто така, рече дека ги погодил „командните центри“ на Хезболах во неколку бранови напади.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека ѝ рекол на либанската влада дека „си играте со оган ако продолжите да му дозволувате на Хезболах да дејствува, кршејќи ја вашата обврска да го разоружате“.
Во текот на ноќта од четврток кон петок, израелската армија изврши нови воздушни напади, таргетирајќи стан во близина на Бурџ Хамуд во северните предградија на Бејрут, област која остана недопрена од војната.
Според либанската државна Национална новинска агенција (ННА), израелските напади погодиле неколку други места, вклучително и друг стан на периферијата на јужниот град Сидон.
Во источниот град Бар Елијас, воздушен напад бил насочен кон локален функционер од исламистичката група Џамаа Исламија, при што загинале неговите два сина, соопшти ННА.
Израелската армија, исто така, го обнови предупредувањето за евакуација за јужните предградија на Бејрут. Во четврток издаде слична наредба до жителите на голема област околу 20 километри северно од реката Литани.
Наредбата ја проширува зоната во јужен Либан во која на жителите им е кажано да заминат, за да покрие повеќе од 40 километри од либанско-израелската граница.
Војната расели повеќе од 800.000 луѓе во Либан, според владата.
Во петок попладне, генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, ќе упати хуманитарен апел за помош на раселените лица за време на посетата на Бејрут.
Kлиматските промени ја забавуваат земјината ротација
Истражувачи од Австрија и Швајцарија го гледаат значителното забавување на ротацијата на Земјата како потврда дека климатските промени влијаат на должината на денот на нашата планета.
Ротацијата моментално се продолжува за 1,33 милисекунди на век, што е едвај забележливо во секојдневниот живот, но студијата објавена во петок, 13 март наведува дека продолжувањето на денот може да влијае на прецизното мерење на времето и навигацијата во вселената, кои се потпираат на ротацијата на Земјата.
Во училиште, учениците учат дека денот трае 24 часа бидејќи Земјата ротира еднаш околу својата оска во тој период. Сепак, времетраењето на ротацијата всушност се менува од привлечноста на Месечината, како и од геофизичките процеси во внатрешноста на Земјата, на површината на Земјата и во атмосферата.
Во претходните истражувања, Мостафа Кијани Шахванди од Универзитетот во Виена и Бенедикт Соја од Федералниот институт за технологија (ETH) Цирих покажаа дека нивото на морето се зголемува поради забрзаното топење на мразот на половите и на глечерите, што пак ја забавува ротацијата на Земјата.
Кијани Шахванди во изјава од Универзитетот во Виена објави дека ова може да се спореди со уметнички лизгач кој се врти побавно кога ги раширува рацете.
Истражувачите сега сакаа да откријат дали имало претходни фази во кои климата значително ја зголемила должината на денот. За да го направат ова, тие го анализирале хемискиот состав на морските фосили како индикатор за нивото на морето. Од ова, извлекле промени во должината на денот користејќи математички модели.
САД ќе дозволат продажба на дел од руската нафта за да се ублажат недостатоците од војната со Иран
Соединетите Држави соопштија дека привремено ќе дозволат продажба на руска нафта што моментално се наоѓа на море. Целта е да го намалат притисокот врз цените предизвикан од недостигот поврзан со нападите на САД и Израел врз Иран и одмаздничките напади од страна на Техеран.
Министерството за финансии на САД објави дека издало лиценца со која се дозволува продажба на руска сурова нафта и нафтени производи што биле натоварени на бродови до 00:01 часот на 12 март, во траење од 30 дена, до 11 април.
„Со цел да се зголеми глобалниот дострел на постојното снабдување, Министерството за финансии дава привремено овластување за да им дозволи на земјите да купуваат руска нафта што моментално се наоѓа на море“, рече министерот за финансии Скот Бесент на платформата X.
Тој додаде дека оваа „тесно дефинирана, краткорочна мерка се однесува само на нафта што веќе е во транзит“ и дека нема да донесе „значајни финансиски придобивки за руската влада“.
Овој потег дојде еден ден откако Министерството за енергетика на САД соопшти дека САД ќе ослободат 172 милиони барели нафта од Стратешките резерви на нафта во обид да ги ублажат растечките цени на нафтата по војната во Иран. Тоа е дел од поширок потег на 32-члената Меѓународна агенција за енергетика (ИЕА) за ослободување на 400 милиони барели нафта.
Руската нафта се наоѓа на море поради американските санкции врз големите руски производители, што создава финансиски ризици за потенцијалните купувачи, оставајќи ја руската сурова нафта во транзит без можност за истовар.
Експертите проценуваат дека има повеќе од 100 милиони барели нафта од руско потекло на море низ целиот свет.
Белата куќа ја забрани купувањето руска нафта и се закани со огромни царини за земјите што го прават тоа, како начин да ги блокираат средствата што би можеле да ја финансираат војната против Украина.
Демократите и некои републиканци се спротивставија на можноста за ублажување на санкциите врз Русија. Критичарите велат дека претседателот Доналд Трамп ја фаворизира Москва и изразија загриженост дека секој дополнителен приход од нафта ќе му помогне на претседателот Владимир Путин да ги прошири своите напади врз Украина.
Белата куќа негираше дека Трамп ја фаворизира Русија во преговорите за прекин на војната на Русија против Украина.
На 6 март, министерот за финансии Скот Бесант објави 30-дневно укинување на санкциите за да ѝ се овозможи на Индија да купува руска нафта. Приходите на Русија од таа продажба во Индија се проценуваат на милијарди долари.
Покрај тоа ослободување, Трамп и Бесент рекоа дека е можно пошироко олеснување на санкциите врз извозот на руска енергија.
Гаши: Само правдата и вистината можат да донесат мал спокој за семејствата
„Правдата не треба да биде ниту пребрза ниту задоцнета. Само правдата и вистината можат да донесат мал спокој за семејствата и за општеството“, рече претседателот на Собранието, Африм Гаши во говорот на комеморативната седница по повод една година од трагедијата во Кочани, во која загинаа 63 млади луѓе, а над 200 беа повредени во пожар во дискотеката „Пулс“. Тој повика точно да се лоцира одговорноста за изгубените животи поради направените пропусти.
„Таа ноќ Кочани и Македонија изгубија дел од својата иднина. Таа ноќ заедно со животите на 63 млади луѓе, со себе ги однесе и соништата и плановите што штотуку почнаа да се градат. Дури и по една година тешко е да се изберат, а уште потешко е да се изговорат зборови. Тие секогаш изгледаат недоволни за да го изразат она што човек го чувствува. Јавниот збор е должност, но тој никогаш досега не бил толку тежок“, рече Гаши во обраќањето пред пратениците и семејствата на жртвите.
Тој истакна дека оваа комеморативна седница не е само институционален формализам, туку заедничко поколнување пред тие што ја носат тежината од овој настан. Гаши се осврна и на хуманизмот и солидарноста што ја демонстрираа граѓаните по настанот, како и меѓународната заедница.
„Видовме лекари и медицински сестри што работеа деноноќно за да спасат некој живот, видовме пожарникари што не се штедеа себеси за да извлечат некого и дека притоа оваа солидарност немаше ниту политички, ниту етнички, ниту верски бои немаше оваа солидарност“, рече Гаши.
Во меѓувреме денеска, 12 март продолжи судскиот процес за пожарот во „Пулс“. Судењето, кое започна на 19 ноември лани, треба да продолжи со искази на сведоци на Обвинителството.
За пожарот во „Пулс“ се обвинети 35 физички и три правни лица. Меѓу нив се сопственикот на кабарето, негови блиски, инспектори на државни институции, поранешни министри и припадници на агенцијата што го обезбедувала т.н. кабаре и нејзиниот сопственик.
На почетокот на судскиот процес сите се изјаснија дека не се чувствуваат виновни и ја оспорија тезата на одбраната дека има причинско-последична врска помеѓу нивните дејствија и причината за смртоносниот пожар. Судењето го води судијката Диана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.
Доживотен затвор за 15 лица за терористичкиот напад во Москва во 2024
Рускиот воен суд осуди четири мажи, сите таџикистански државјани, и нивните 11 соучесници на доживотен затвор за извршување на терористичкиот напад врз забавниот центар „Крокус Сити Хол“ во близина на Москва во март 2024 година, во кој загинаа 149 лица.
Вкупно 19 лица беа обвинети во врска со најсмртоносниот напад во Русија во последните две децении. На другите четири обвинети, наводно, им се изречени казни од 19 до 22 години затвор.
Исламска држава-Хорасан (ИСИС-К), регионален огранок на глобалната терористичка група за која е познато дека регрутира главно меѓу Централноазијците, ја презеде одговорноста за нападот.
„Шамсидин Фаридуни, Далерџон Мирзоев, Мухамедсобир Фаизов и Саидакрам Рачабализазода се прогласени за виновни и со ова се осудени на доживотен затвор“, изјави судијата во Вториот западен округ воен суд во Москва на 12 март, идентификувајќи ги како директни сторители на нападот.
Деветнаесеттте обвинети беа прогласени за виновни за извршување терористички напади, помагање во терористички активности, обука за извршување терористички активности и други кривични дела.
„Сè е лага“
Гулракат Мирзоева, мајката на Далерџон Мирзоев, за таџикистанскиот сервис на РСЕ изјави дека пресудата е неправедна и дека не се согласува со одлуката на судот.
„Тоа е клевета, сè е лага. Никогаш не нè поканија, не разговараа со нас. Тоа е клевета против мојот син. Тој не ги направи овие работи“, рече Мирзоева.
„Тие добија признанија со тортура и тепање. О, Боже, каде да се обратам сега, кој ќе нè заштити?“
Осудените мажи ќе ги издржуваат доживотните казни во затворите со „специјален режим“ во Русија, кои се познати по своите сурови услови.
Судењето се одржа зад затворени врати и не беше веднаш јасно дали обвинетите ќе поднесат жалба. Меѓународните организации за човекови права го критикуваа судењето и правниот процес, вклучувајќи ги и обвинувањата за тортура и заплашување на адвокатите на одбраната.
Рускиот истражен комитет на почетокот на истрагата изјави дека доказите ги поврзуваат четворицата вооружени лица со Украина - тврдење кое го отфрлија и Киев и Вашингтон.
Нападот врз градското собрание на Крокус беше најлошиот терористички инцидент во Русија од опсадата на училиштето во Беслан во 2004 година, во која беа убиени 333 лица, а многу од нив беа деца.
Руски напад со дрон уби тинејџерка, Украина таргетираше складиште за нафта
Тинејџерка е убиена во напад со руски беспилотно летало во северниот украински регион Чернихив, соопшти украинската служба за цивилна одбрана во четврток, 12 март. Родителите на девојчето се повредени во нападот, соопшти таа, додавајќи дека уште три лица се повредени во регионите Харкив и Дњепропетровск.
Украинските воздухопловни сили соопштија дека Русија распоредила 94 борбени дронови во текот на ноќта, од кои 77 биле пресретнати. Сепак, низ целата земја се регистрирани шеснаесет напади на 11 локации.
Во меѓувреме, Украина нападна складиште за нафта во регионот Краснодар на Црното Море, при што паднатите остатоци од дронови предизвикаа избувнување пожар. Нема пријавени повредени во нападот на складиштето во областа Тичорезк.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека 80 украински дронови биле пресретнати над руска територија и анектираниот црноморски полуостров Крим во текот на ноќта, 30 од нив над регионот Краснодар.
Кремљ во четврток ја обвини Украина дека со „неодговорни“ напади со беспилотни летала го нападнала големиот гасовод во јужна Русија што води до Турција.
„Ноќе имаше обновени обиди за напад врз компресорската станица Рускаја со беспилотни летала“, рече портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, нарекувајќи го гасоводот „меѓународен објект“ што „обезбедува енергетска безбедност за Турција“.
Украина се брани од целосна руска инвазија со помош од Западот повеќе од четири години. Како дел од својата одбранбена кампања, таа напаѓа и цели во Русија.
Трамп вели дека САД „победиле“, но борбите продолжуваат
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД „победиле“ во војната против Иран, но дека нивните сили ќе продолжат да напаѓаат сè додека работата не биде завршена, додека Техеран погоди најмалку шест брода во регионот и најави понатамошни напади.
„Никогаш не сакате да кажете дека сте победиле прерано. Ние победивме“, рече Трамп на митинг во Кентаки во среда.
Трамп и Белата куќа издадоа различни изјави во последните денови, од шпекулации дека војната може да трае четири до шест недели или подолго до можноста дека може да заврши „наскоро“.
Американскиот претседател рече дека нападот на САД и Израел врз Иран, започнат на 28 февруари, „практично ја уништил“ блискоисточната земја, уништувајќи голем дел од нејзиното раководство, вооружените сили и нуклеарната програма.
Сепак, претседателот и другите во неговата администрација посочија дека нападите нема да стивнат.
„Не сакаме да си заминеме рано, нели? Мора да ја завршиме работата“, рече Трамп.
Израел, исто така, јасно стави до знаење дека не е подготвен да ја прекине својата кампања, вклучително и нападите во Либан против силите на Хезболах, сојузнички на Иран, велејќи дека останува „широк спектар на цели“.
„Ќе ги прошириме нашите операции“, изјави воениот портпарол Ефи Дефрин во среда.
Во раните утрински часови во четврток, израелската војска објави дека извршила „широк бран напади врз Техеран“.
Нападнати бродови на иранската морнарица
Трамп изјави дека американските сили нападнале ирански бродови во Ормутскиот теснец поради страв дека Техеран би можел да постави мини во еден од економски најважните водни патишта во светот.
„Досега погодивме 28 бродови за поставување мини“, изјави Трамп пред новинарите, еден ден откако американската војска соопшти дека 16 бродови за поставување мини се уништени.
Ројтерс и Си-Ен-Ен, повикувајќи се на американски извори, изјавија дека Иран распоредил околу десетина мини во теснецот. Ројтерс цитираше извор кој вели дека мините биле поставени „во последните неколку дена“ и дека повеќето од нивните локации се познати.
Соочени со страв од енергетска криза поради прекини во производството и транспортот на нафта во регионот на Заливот, западните лидери презедоа чекори за да спречат скок на цените.
Трамп изјави во среда дека САД ќе повлечат „малку“ од своите стратешки резерви на нафта за да го намалат притисокот врз цените.
„Во моментов ќе го намалиме малку и тоа ќе ги намали цените“, рече тој во телевизиско интервју.
Стратешките резерви на нафта се најголемите светски резерви на нафтени производи за вонредни ситуации, утврдени во 1975 година во случај на прекини во снабдувањето со енергија.
Министерството за енергетика на САД подоцна објави дека ослободувањето на 172 милиони барели е дел од поширок план за ослободување на сурова нафта во 32 земји кои се членки на Меѓународната агенција за енергија (ИЕА). ИЕА претходно соопшти дека членовите едногласно се согласиле да ослободат 400 милиони барели нафта од нивните резерви за вонредни ситуации на пазарот.
Непознати проектили
Овие изјави следуваат откако најмалку шест бродови беа оштетени во инциденти во Ормутскиот теснец - клучната артерија на Персискиот Залив, низ која минуваат околу една петтина од светските испораки на нафта и гас.
Комерцијалните бродови што пловат под знамињата на Тајланд, Јапонија и Маршалските Острови беа цел на непознати проектили во Ормутскиот теснец, соопшти во среда Британскиот поморски трговски операции, координативниот центар на Велика Британија што ги следи безбедносните закани за комерцијалните бродови.
Тројца членови на екипажот на бродот „Мајуре Наре“, кој пловел од ОАЕ и се упатил кон Индија, се водат како исчезнати и се верува дека се заробени во машинската просторија на запалениот брод, соопштија тајландските поморски власти.
Во ирачките води, ирански бродови натоварени со експлозив се чини дека нападнале два цистерни за гориво, запалувајќи ги и убивајќи еден член на екипажот, соопштија поморски и пристанишни власти.
Бродот за контејнери „ONE Majesty“ под јапонско знаме претрпел мала штета од непозната ракета 46 километри северозападно од Рас ал-Хаима во Обединетите Арапски Емирати, соопштија две компании за поморска безбедност.
Техеран посочи дека ги смета бродовите што превезуваат нафта за САД, Израел и „нивните партнери“ за „легитимни“ цели.
Напади на Бејрут додека Израел ги преместува војниците од Газа на границата со Либан
Израелски воздушни напади го погодија центарот на Бејрут рано во среда, 11 март, при што загинаа најмалку четири лица, соопштија официјални лица, додека во меѓувреме расте стравот од израелска копнена офанзива во Либан.
Либанските медиуми покажаа неколку уништени катови од станбена зграда во главниот град. Министерството за здравство првично објави дека уште четири лица се повредени во нападот.
Израелската војска во соопштението наведе дека започнала напади во јужните предградија Дахија во Бејрут, насочени кон командни центри и складишта за оружје на либанската милиција Хезболах, која е во сојуз со Иран.
Либанската национална новинска агенција (ННА) соопшти дека нападите продолжиле и на југот од земјата и во источната долина Бека, каде што официјални лица изјавија дека најмалку 14 лица се убиени, а 29 други се повредени.
Хезболах соопшти дека неколку пати во текот на ноќта нападнале израелски војници во јужен Либан со ракети. Додека прекуграничните напади продолжуваат, началникот на Генералштабот на израелската војска, Ејал Замир, наредил преместување на војниците од Појасот Газа на границата со Либан.
Бригадата Голани, која е постојано распоредена во Појасот Газа од почетокот на конфликтот меѓу Израел и Хамас пред две и пол години, ќе биде преместена на север за да ја зајакне Северната команда на Израел.
Хезболах започна целни напади врз Израел пред околу една недела како поддршка на Техеран, во услови на заедничката американско-израелска офанзива во Иран.
Нападите се први по договорот за прекин на огнот со Израел кој стапи во сила во ноември 2024 година. И покрај прекинот на огнот, Израел продолжи да напаѓа цели на Хезболах, тврдејќи дека групата не ги почитува условите на договорот и се обидува да се вооружи. Хезболах, пак, го обвини Израел за кршење на прекинот на огнот.
Македонски државјани од Саудиска Арабија, Кувајт и Бахреин се враќаат во земјава
Македонски државјани кои се наоѓаат во Саудиска Арабија, Кувајт и Бахреин, а побарале да бидат евакуирани, денеска, 11 март, од Ријад ќе се вратат во земјава со специјален лет.
За евакуацијатa од Ријад се пријавени 153 патници. Од нив, 96 се од Катар, 33 од Кувајт, 15 од Бахреин и 9 од Саудиска Арабија.
„Имајќи предвид дека нашата земја нема склучено договор за воздушен сообраќај со Кралството Саудиска Арабија, предвидено е авионот да слета на аеродромот во Приштина, по што ќе биде организиран превоз за патниците до Скопје“, соопштија од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија (МНРиНТ).
Шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски во понеделникот информираше дека во тек е координиран процес на евакуација на македонските државјани од повеќе земји на Блискиот Исток, кој се очекува да биде финализиран до крајот на оваа недела.
Пред неколку дена со лет од Дубаи евакуирани беа 150 патници, од кои 125 македонски државјани, 11 државјани на Косово, 7 на Србија, по двајца државјани на Босна и Херцеговина и на Албанија и по еден државјанин на Германија, Ерменија и на Црна Гора.
Во Обединетите Арапски Емирати остануваат околу 200 македонски државјани кои, како што велат од МНРиНТ, првично се пријавиле за евакуација, но според нивните изјави во овој момент не изразуваат подготвеност да ја реализираат.
Претходно, во неделата 151 патник пристигна на скопскиот аеродром од Обединетите Арапски Емирати со лет на „Флај Дубаи". Повеќето се македонски државјани, еден е од Црна Гора, еден од БиХ, еден од Србија, двајца се од Косово, а четворица се со холандско државјанство.
На 5 март со владиниот авион беа евакуирани шест македонски државјани од Израел, кои полетаа од Шарм ел-Шеик, Египет.
Ваквите акции за евакуација од Блискиот Исток следуваат откако американскиот претседател Доналд Трамп на 28 февруари соопшти дека Вашингтон почнал големи „воени операции“ против Иран, во координација со израелските сили.
Нападите во Техеран беа насочени кон највисоките нивоа на раководството на Исламската Република. Иранскиот врховен лидер, ајатолахот Али Хамнеи, беше убиен во американските и израелските воздушни напади.
Од друга страна, пак, Иран испука стотици ракети и беспилотни летала насочени кон американските воени бази, како и клучни енергетски и комерцијални локации во Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Кувајт, Бахреин и Катар – сите американски сојузници.
Се одбележуваат 83 години од депортацијата на македонските Евреи
Еврејската заедница во Република Македонија (ЕЗРМ) и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија ја одбележуваат 83-годишнината од депортацијата на 7144 македонски Евреи во логорот Треблинка.
По тој повод, премиерот Христијан Мицкоски ќе положи цвеќе пред спомен обележјето во поранешниот Монопол во Скопје, а ќе се обрати и на настанот организиран по повод одбележувањето на годишнината.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вчера во Меморијалниот и музејски комплекс „Треблинка“ во Полска, присуствуваше на комеморацијата на Холокаустот на македонските Евреи.
Таа оддаде почит кон жртвите и положи венец пред спомен-обележјето посветено на 7144 македонски Евреи депортирани од фашистичкиот окупатор во логорот Треблинка во 1943 година.
Евреите од Битола, Штип и Скопје, ноќта меѓу 10 и 11 март 1943 година биле собрани во скопскиот Монопол и од таму во три наврати депортирани во логорот Треблинка во окупирана Полска.
Транспортот на Евреите од Македонија започнал на 22 март 1943 година, а до 29 март истата година биле депортирани сите македонски Евреи во Треблинка, од каде никој не се вратил.
За само 14 месеци, од август 1942 до септември 1943 во Треблинка биле убиени 925 илјади луѓе, меѓу кои биле и 7144-те македонски Евреи.