Достапни линкови

Вести

Украина тврди дека одбила масовен руски напад со дронови

илустрација
илустрација

Украинската војска соопшти дека во голема мера го одбила масовниот напад со руско беспилотно летало во јужна Украина додека нејзините војници се впуштаат во жестоки битки со руските сили на фронтот на истокот и југот.

Украинската воздушна одбрана соопшти дека уништила 34 од 44-те беспилотни летала Шахед од иранско производство, лансирани од Русија ноќта меѓу 27 и 28 септември, кога беше прогласена тревога за воздушен напад во неколку украински региони.

„Во одбивањето на нападот учествуваа борбени авиони, противвоздушни ракетни единици и мобилни артилериски групи“, соопшти украинската воздушна одбрана, додавајќи дека во текот на ноќта биле соборени и шест руски извидувачки беспилотни летала.

Портпаролката на украинската војска Наталија Хуменјук изјави дека Русија извршила бран напади со беспилотни летала низ јужна Украина.

Последниот напад се случи откако јужниот украински град Херсон доцна на 27 септември беше под руска артилерија.

Нападите и гранатирањето со руски беспилотни летала на 26 септември накратко ја прекинаа железничката врска меѓу Керсон и градот Миколаев, кој исто така беше под воздушна тревога на 27 септември.

„На бојното поле, украинските сили водеа 26 битки во изминатите 24 часа, одбивајќи неколку бранови руски напади во источниот регион Доњецк, главно во областите Бахмут, Авдијивка и Маријнка, додека ја консолидираа својата позиција во ослободеното село Роботна на југ, наспроти обидите на Русија да го врати,“ констатира Генералштабот на украинската армија во дневниот извештај на 28 септември.

На 27 септември, претседателот Володимир Зеленски рече дека украинските сили постигнуваат придобивки против руските трупи во Доњецк.

„Ние напредуваме во правец на Доњецк“, рече Зеленски по конференцијата со воени претставници.

Зеленски вети нови украински акции против Русија по минатонеделниот ракетен напад врз седиштето на руската Црноморска флота во Севастопол.

види ги сите денешни вести

Боки 13 на слобода, доби прекин на затворската казна

Бојан Јовановски - Боки 13 на изрекување на пресудата за „Рекет“
Бојан Јовановски - Боки 13 на изрекување на пресудата за „Рекет“

Основниот кривичен суд Скопје донел одлука за прекин на издржувањето на казната затвор за Бојан Јовановски - Боки 13, потврди денеска неговиот адвокат Владимир Туфегџиќ, пренесе „Телма“.

„По однос на прашањето за кое пројавувате интерес, како бранител ја потврдувам информацијата дека основниот кривичен суд Скопје донесе одлука за прекин на издржувањето на казната затвор за осуденото лице Бојан Јовановски и истата е доставена до него. Ваквата одлука, иако е задоцнета, истата е за поздравување како законита, правична и, пред сè, хумана. Донесена е врз основа на две последователни позитивни мислења од надлежниот јавен обвинител, во рамки на иста постапка, и врз основа на комплетната медицинска документација за здравствената состојба на осуденото лице“, рече Туфегџиќ.

Јовановски беше осуден на затворска казна за случајот „Рекет“, а неговите адвокати неколку пати до сега повикуваа да му се прекине казната, бидејќи здравјето му е влошено и дека во затворот не може да биде соодветно лекуван. Осуден е за примање награда за противзаконито влијание и за перење пари.

Најмалку 40 цивили загинаа во напад на џихадисти во Буркина Фасо

Вежби на војници од Буркина Фасо (Илустративна фотографија)
Вежби на војници од Буркина Фасо (Илустративна фотографија)

Најмалку 40 цивили загинаа во џихадистички напад врз градот Џибо во северниот дел на Буркина Фасо за време на викендот, соопшти Канцеларијата за човекови права на Обединетите нации.

„Значаен број припадници на „Џемат Нусрат ал-Ислам вал Муслимин (ЏНИМ)“, нападнаа воена база, домови и бегалски кампови во Џибо во регионот Сахел, при што загинаа најмалку 40 цивили, а беа повредени повеќе од 42 лица“, соопшти агенцијата во вторникот, 28 ноември.

Од 2015 година, Буркина Фасо е зафатена во вртлог на џихадистичко насилство од бунтовниците блиски до групите Исламска држава и Ал Каеда, кои исто така предизвикуваат немири во соседните држави Мали и Нигер.

Агенцијата наведува дека за нападите врз цивили „нема оправдување и мораат да бидат запрени“, а оние кои стојат зад нив мораат да бидат изведени пред лицето на правдата и судени пред праведен и независен суд.

Од Канцеларијата за човекови права на Обединетите нации додаваат и дека намерното таргетирање на цивили е „воено злосторство“.

Џибо, град недалеку од Нигер, Буркина Фасо и Мали, е опколен од џихадистички групи кои се активни во регионот со месеци.

Официјалната новинска агенција на Буркина Фасо, АИБ, соопшти дека „повеќе од 400 терористи биле убиени за време на контраофанзивата на вооружените сили на Буркина Фасо против речиси 3.000 криминалци кои сакале да го заземат градит Џибо“.

ЕУ ќе обезбеди уште 200 милиони евра за обука на украинските војници

Тренинг на украинската војска (Илустративна фотографија)
Тренинг на украинската војска (Илустративна фотографија)

Во вторникот, на 28 ноември, Европската унија се согласи да ги зголеми за повеќе од четирикратно трошоците за обука на украинските војници кои се борат против Русија, дополнително инвестирајќи речиси 200 милиони евра.

Блокот од 27 земји досега обучи 34.000 украински војници за воените фронтови, помагајќи му на Киев да ги одврати инвазивните руски сили.

Ова ја направи ЕУ најголемиот донатор за обука на украинската армија, додека Киев се обидува да го зајакне својот број во услови на тешки борби.

Со новите 194 милиони евра, сумата од фондот на Европскиот инструмент за мировна помош наменета за обука е зголемена на вкупно 255 милиони, се вели во соопштението за медиумите од Брисел.

Официјални лица велат дека целта е да бидат обучени 40. 000 припадници на украинската војска, кои се очекува да бидат обучени од страна на Европската Унија во блиска иднина.

Најавата за дополнителни средства за обука на Украинците доаѓа додека ЕУ се бори да состави поголем пакет помош за да обезбеди долгорочна поддршка за Украина.

Унгарија, најблискиот партнер на Русија во ЕУ, се заканува дека ќе ги прекине сите преговори за обезбедување поголема воена и финансиска помош за Украина на самитот во декември, а најавуваат и блокада на отворањето на преговорите за пристап на Киев во Унијата.

ЕУ наведува дека заедно со своите земји-членки досега испратила околу 27 милијарди евра воена помош за Украина од почетокот на руската инвазија во февруари минатата година.

Финска целосно ќе ја затвори границата со Русија

Поглед на граничниот премин Раја-Хосепи во Лапонија во северна Финска
Поглед на граничниот премин Раја-Хосепи во Лапонија во северна Финска

Финскиот премиер Петри Орпо најави дека Финска ќе ја затвори целата своја граница со Русија долга 1.340 километри поради загриженоста за миграциските прашања.

Како што пренесува АП, Орпо ова го соопшти на прес-конференција во вторник на 28 ноември.

Министерката за внатрешни работи на Финска, Мари Рантанен, рече дека источната граница ќе биде официјално затворена ноќта меѓу 29 и 30 ноември и ќе остане затворена до 13 декември.

Финска во моментов има отворен уште еден граничен контролен пункт, лоциран во Арктичкиот круг, откако властите затворија уште седум други во петокот, 24 ноември, поради остриот скок на бројот на мигранти од Блискиот Исток и Африка.

Финска ја обвинува Москва дека ги насочува мигрантите кон нејзината граница, нешто што таа го негира.

Хелсиншки тврди дека руските власти претходно не дозволувале преминување на граѓаните без потребните документи, но без објаснување ја прекинале практиката.

Во последните неколку недели стотици мигранти влегоа во Финска преку Русија и побараа азил, поради што Хелсинки ги затвори граничните премини.

Четири лица загинаа во руско гранатирање на станбени згради и куќи, тврдат украинските власти

Урнати куќи по гранатирање во регионот Суми, северна Украина, 28 ноември 2023 година.
Урнати куќи по гранатирање во регионот Суми, северна Украина, 28 ноември 2023 година.

Четири лица загинаа, а најмалку пет се повредени кога руски гранати погодија станбена зграда и приватни домови во северна и јужна Украина во вторникот, 28 ноември, соопштија локалните украински власти.

Петкатницата беше погодена во раните утрински часови во јужниот град Никопол, изјави регионалниот гувернер на Днепропетровск, Серхиј Лисак.

„Загина 63-годишен маж. Повредени се две жени на возраст од 65 и 63 години. Можно е да има луѓе под урнатините“, истакна тој на својот канал на „Телеграм“.

Во одвоен напад во попладневните часови, руското гранатирање уништило најмалку пет приватни куќи во населба во северниот дел на земјата, веднаш до границата со Русија, информираат регионалните обвинители во регионот Суми.

Две тела биле извлечени од урнатините, а седумгодишно девојче починало во болница откако се запалил автомобилот во кој се наоѓала, објави обвинителството на „Телеграм“. Притоа, повредени се уште три лица.

Русија негира дека намерно гаѓала цивили, иако многумина се убиени во нивните чести воздушни напади.

Здружението „Лесја Украинка“ против доаѓањето на Лавров на самитот на ОБСЕ во Скопје

Протест на здружението на Украинци во земјава „Лесја Украинка (Илустративна фотографија)
Протест на здружението на Украинци во земјава „Лесја Украинка (Илустративна фотографија)

Здружението на Украинци во Република Северна Македонија, „Лесја Украинка“, изразија незадоволство во врска со најавената посета на земјава на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, кој планира да учествува на состанокот на министрите на ОБСЕ кој ќе се одржи во Скопје.

„Иако од Владата тврдат дека доаѓањето на Сергеј Лавров во Скопје нема да значи неговото доаѓање во билатерална посета на земјава, туку во земја домаќин на ОБСЕ, сепак сметаме дека во кое својство и да доаѓа шефот на надворешно политичка институција на Русија, најважно е дека тој ја води институцијата на една терористичка земја, која веќе скоро две години секојдневно уништува мирни населени места и врши геноцид на украинското население“, се вели во пишаната денешна реакција од „Лесја Украинка“.

И покрај тоа што од „Лесја Украинка“ велат дека ја ценат досегашната поддршка на Украина од страна на Северна Македонија, сепак во нивната реакција се додава дека е „неразбирлив и неприфатлив аргументот дека Лавров ќе пристигне во земјава поради тоа што Северна Македонија е претседавач со ОБСЕ“.

Од претходно пак, Украина, но и балтичките земји Естонија, Летонија и Литванија најавија дека ќе го бојкотираат самитот на ОБСЕ токму поради поканата на Лавров.

Пристигнувањето на Лавров беше сомнително бидејќи повеќето земји во Европа го затворија својот воздушен простор за руските авиони по инвазијата на Москва на Украина.

Но, Северна Македонија реши да направи исклучок и дозволи пристигнување на руската делегација со авион, а Бугарија исто така даде еднократна дозвола за прелетување на руски авион.

Лавров претходно изјави дека ќе дојде во Скопје доколку Бугарија го отвори својот воздушен простор.

Министерскиот состанок на ОБСЕ во Скопје започнува утре и ќе трае до 1 декември.

Авиосообраќајот ќе се одвива регуларно за време на состанокот на ОБСЕ, не се очекуваат доцнења

Аеродромот во Скопје (Илустративна фотографија)
Аеродромот во Скопје (Илустративна фотографија)

Авиосообраќајот на Меѓународниот Аеродром Скопје за време на одржувањето на 30. Министерски совет на ОБСЕ во Скопје ќе се одвива непречено, информираат од ТАВ Македонија за Радио Слободна Европа.

„ТАВ Македонија известува дека авиосообраќајот на Меѓународниот Аеродром Скопје во следните неколку дена - 29-ти ноември, 30-ти ноември и 1-ви декември, за време на одржувањето на 30-тиот Министерски Совет на ОБСЕ во Скопје, ќе се одвива регуларно, но притоа апелира до патниците да ги следат насоките и известувањата на Министерството за внатрешни работи во врска со сообраќајниот режим низ градот Скопје, со цел да бидат во можност да пристигнат на своите летови, односно на аеродромот навреме“, се вели во одговорот од ТАВ Македонија.

Од Македонска навигација пак М-НАВ, националниот давател на услуги за воздухопловна навигација, во изјава за МИА истакнуваат дека, согласно објавените капацитети и расположливиот човечки потенцијал, не очекуваат никакви доцнења на редовните авиолинии или дополнително најавените летови поврзани со министерскиот состанок на ОБСЕ.

Инаку, за потсетување, 29 и 30 ноември ќе бидат неработни денови за вработените во државната администрација во Скопје, а од Министерството за здравство, соопштија дека и покрај оваа одлука, здравствените установи непрекинато ќе работат за време на одржување на Самитот.

Антикризни мерки во вредност од 662 милиони евра: Поддршка за учениците, пензионерите и компаниите

Владата денеска го презентираше деветтиот пакет антикризни мерки во вредност од 662 милиони евра, а со кој, како што истакна премиерот Димитар Ковачевски, ќе бидат опфатени и 120. 000 млади лица, 40. 000 земјоделци, 187.000 пензионери, но и над 70 илјади компании.

Како што информираше Ковачевски, овие сет на мерки ќе започнат да се применуваат од 1 декември и ќе траат во наредните неколку месеци.

Со овој пакет, основците од семејства со примања под 50.000 денари, ќе добиваат по 1.200 денари месечно следните шест месеци, а за средношколците се обезбедени по 1.800 денари во истиот период. Поддршка во наредниот период ќе има и за студентите од надвор, како и за родителите на лица со попреченост до 26 години.

„Студентите што студираат надвор од местото на живеење во наредните седум месеци месечно ќе добиваат ваучери во износ од 600 до 1.200 денари, за што се предвидени два милиона евра. Во наредните пет месеци по 2.000 денари месечно ќе добиваат корисниците на надомест заради попреченост, самохрани родители, корисници на гарантирана минимална помош, и родители на деца со попреченост до 26 години. Со оваа мерка се опфатени 16 741 граѓанин, со вкупна буџетска поддршка од 2,7 милиони евра“, рече Ковачевски.

Во овој сет антикризни мерки педвидена е и поддршка за пензионерите со најниски примања. Па така во следните пет месеци, како што информираат од Влада, оние со пензија до 14. 000 денари, ќе добиваат по 3.000 денари месечно, додека оние кои земаат пензија од 14 до 16 илјади денари ќе добиваат плус 2. 000 денари месечно, а пензионерите пак чија пензија е од 16 до 19 илјади денари ќе добиваат по 1.500 денари месечно. За таа намена се предвидени 35 милиони евра.

Покрај овие мерки, за одржување на ликвидност на компаниите пак, поттикнување на конкурентноста и поттикнување на инвестиции во обновливи извори на енергија во приватниот сектор, предвидени се 492 милиона евра.

Покрај ова, Ковачевски истакна и дека се враќа мерката за зголемување на платите во приватниот сектор, со тоа што се дава можност платите да се покачат од 3. 000 до 10. 000 денари.

Министерот за финансии Фатмир Бесими, кој исто така присуствуваше на презентирањето на антикризните мерки, во одговор на прашање појасни дека овие мерки се финансираат од приливи од јавни давачки и дека не се финансираат од кредити, како и дека се предвидени во буџетите за 2023 и 2024 година.

МВР објави фотографија и опис од исчезната малолетничка од Скопје, апелираат да не се шират дезинформации

Ѓорчевска Вања, исчезнато девојче
Ѓорчевска Вања, исчезнато девојче

Министерството за внатрешни работи денеска објави фотографија и опис од исчезната малолетничка од Скопје, Ѓорчевска Вања, чија мајка вчера на социјалните мрежи напиша дека на нејзината ќерка и се загубил трагот во раните утрински часови откако се упатила кон Основното училиште „Песталоци“ во општина Центар.

Министерството за внатрешни работи денеска ја внесе 14-годишната Вања Ѓорчевска во регистарот на исчезнати лица на Северна Македонија.

„Ѓорчевска Вања, татко Александар, мајка Зорица, родена 27.2.2009 година во Скопје. Исчезната на 27.11.2023 година во утринските часови на пат кон ООУ ‘Песталоци’ во општина Центар Скопје. Опис: висина 175 см, тежина 58 кг, коса темнокафеава, очи кафеави, носи протези на горните и долните заби, има бенка на десна страна од лицето. Облечена во син блузон, црна јакна, црни фармерки со странични џебови, бели патики со кафеави линии. Со себе носи школски ранец и мобилен телефон „Ајфон“, стои во објавата на МВР.

Оттаму информираат и дека Министерството ги презема сите мерки и активности за пронаоѓање на Ѓорчевска, откако вчера во 08:35 часот нејзината мајка пријавила дека се сомнева дека таа е исчезната.

„За решавање на случајот и пронаоѓање на лицето веднаш по добиената пријава вклучени се целосните капацитети на СВР Скопје на највисоко ниво, извршени се низа разговори со лица блиски на малолетничката, прегледани камери“, информираат од МВР.

Од ресорното Министерство апелираат и да не се шират дезинформации и дека постојано ќе ја информираат јавноста се до пронаоѓање на малолетничката.

Столтенберг верува дека поддршката на Вашингтон за Украина ќе продолжи и покрај блокадите од Републиканците

Јенс Столтенберг (Генерален секретар на НАТО)
Јенс Столтенберг (Генерален секретар на НАТО)

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, рече дека очекува САД да ја продолжат својата поддршка за Украина во нејзината борба да ги одбие инвазивните руски сили и покрај противењето на некои републикански пратеници кои фрлија сомнеж за помошта на Вашингтон кон Киев.

Зборувајќи на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите од НАТО, Столтенберг, на 28 ноември, рече дека партнерските земји и обезбедиле на Украина невидено ниво на воена поддршка од почетокот на целосната инвазија на Русија во февруари 2022 година.

„Таа поддршка ѝ овозможи на Украина да им нанесе големи загуби на руските сили, затоа, ние мораме да продолжиме да ги поддржуваме“, изјави Столтенберг.

Коментирајќи за тоа дали САД ќе продолжат со поддршката кон Украина и покрај несогласувањата во Вашингтон, Столтенберг изрази надеж дека помошта од Соединетите Американски Држави која досега надмина 40 милијарди долари, ќе продолжи да се испорачува.

„Уверен сум дека САД ќе продолжат да даваат поддршка, бидејќи тоа е во безбедносен интерес на САД да го сторат тоа. Ова е, исто така, во согласност со она што го договоривме. Тоа е она што сите партнери на НАТО постојано го потврдуваа на нашиот самит во Вилнус, каде што беа присутни сите лидери“, додаде Столтенберг.

Минатиот месец пак, американскиот претседател Џо Бајден го поднесе до Конгресот од претходно најавеното барање за воена помош од над 105 милијарди долари, од кои 61,4 милијарди долари се за воена помош за Украина, како и 14,3 милијарди долари помош за Израел, но ова барање и натаму е блокирано.

Столтенберг, исто така, ги повика останатите партнери да останат посветени на продолжувањето на давање поддршка за Украина, поздравувајќи ја неодамнешната најава за пакети за воена помош од Германија и Холандија во вредност од 10 милијарди евра (11 милијарди долари).

„Предизвикот со кој се соочуваме сега е дека треба да ја продолжиме оваа поддршка“, рече Столтенберг на денешниот состанок, алудирајќи на фактот дека иако линијата на фронтот во Украина не е многу поместена, интензивните борби продолжуваат, како и тоа дека „воената помош од НАТО помогнала да му се даде способност на Киев да изврши длабоки удари на територијата под контрола на Русија“.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG