Вести
Русија соборила 13 дронови во близина на Крим и Москва

Руската војска соборила 13 беспилотни летала, од кои 11 во близина на Крим и два кои летаа во правец на Москва, објавија руските власти ноќта кон средата на 10 август.
Во нападите нема жртви и не е причинета штета, јавува агенцијата Франс прес.
Се вели дека едното беспилотно летало е соборено над Калушката област, југозападно од Москва, а другиот над областа Одинцово, која граничи со главниот град.
„Уништени се два беспилотни летала кои летаа кон градот Москва“, се вели во соопштението на Министерството за одбрана.
Во близина на градот Севастопол, два беспилотни летала биле соборени од противвоздушна одбрана, додека други девет биле неутрализирани со помош на електронска војна, според истите извори.
Нападите следуваат ден откако Русија соопшти дека соборила два украински борбени беспилотни летала кои се упатиле кон Москва, што претставува најмалку четврти напад во близина на главниот град за една недела.
Русија претходно соопшти дека соборила беспилотно летало над Калуга во понеделникот, како и седум дронови во регионот минатиот четврток. До серијата напади во изминатите месеци, Москва не беше цел за време на конфликтот во Украина, кој започна пред повеќе од една година, потсетува агенцијата Ројтерс.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски минатиот месец предупреди дека во Русија доаѓа војна и дека „симболичните центри и воените бази“ на земјата ќе станат мети.
Воздушните напади се зголемија откако Киев ја започна контраофанзивата во јуни, иако украинските сили постигнаа скромен напредок на теренот соочени со силниот отпор на московските трупи, наведува агенцијата Франс прес.
„Од другата страна на фронтот, складиште за нафта во украинскиот регион Ривне беше уништен во „масовен напад со беспилотни летала“ рече гувернерот Виталиј Ковал во четврток, додавајќи дека службите за итни случаи и истражителите се на местото на настанот.
Во среда две лица загинаа во напад во градот Запорожје во јужна Украина, додека една жена и една девојка загинаа во гранатирање во регионот на Доњецк.
види ги сите денешни вести
Зеленски: Трамп нема план да стави крај на војната

Украинскиот претседател Володимир Зеленски синоќа изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп нема официјален план за ставање крај на руската војна против Украина и додаде дека е подготвен за разговори со рускиот претседател Владимир Путин откако ќе се постигне разбирање за завршување на војната, пренесоа украинските медиуми.
„Се разбира, САД, претседателот Трамп и земјите од Европската Унија веруваат дека дипломатијата е невозможна без Русија, без Путин. И затоа реков: Подготвен сум ако имаме разбирање за тоа како да заврши оваа војна“, им рече Зеленски на новинарите во Киев.
Кога станува збор за Трамп, Зеленски истакна дека се уште нема официјален план и дека е сигурен дека тоа што е објавено во некои медиуми не е официјален план на американскиот претседател, објави Киев Индипендент.
Зеленски посочи дека има разбирање за насоката на планот, откако разговараше за некои детали со американските претставници пред инаугурацијата на Трамп.
„Нашите тимови ќе работат заедно, не може да има план одвоен од никого, дури ниту од САД. Да почекаме официјални преговори и официјални резултати“, рече Зеленски.
Според медиумите, планот на САД ќе биде претставен на Минхенската безбедносна конференција, што ќе се одржи од 14 до 16 февруари, но пратеникот на Трамп за Украина, Кит Келог, го демантираше тоа, наведувајќи дека Трамп прв ќе го претстави планот, без да даде временска рамка.
Трамп воведува санкции за Меѓународниот кривичен суд

Американскиот претседател Доналд Трамп во четврток ќе потпише извршна наредба за воведување санкции на Меѓународниот кривичен суд поради насочување на истраги против САД и нивните сојузници, како што е Израел, изјави неименуван претставник на Белата куќа.
Оваа регулатива ќе вклучува финансиски и визни санкции против поединци и членови на нивните семејства кои му помагаат на Меѓународниот кривичен суд (МКС) во истраги против американски државјани или сојузници на САД, пренесува Ројтерс, повикувајќи се на истиот извор.
Потегот на Трамп доаѓа откако демократите во американскиот Сенат минатата недела ја блокираа иницијативата на републиканците за санкционирање на Меѓународниот кривичен суд, што беше одговор на издавањето налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана поради воената кампања во Појасот Газа, Меѓународниот кривичен суд веќе презеде мерки за заштита на персоналот од можни парични санкции, како што е можно повеќе да ги ограничи нивните плати во САД. изјави за Ројтерс.
Ова е втор пат Меѓународниот кривичен суд да се соочи со американски санкции за своите активности, бидејќи за време на првиот мандат на Трамп во 2020 година, Вашингтон воведе санкции за тогашната обвинителка Фату Бенсуда и една од нејзините најблиски соработници за истрага на наводните воени злосторства од американски војници во Авганистан.
Меѓународниот кривичен суд има 125 членови и е постојана институција која може да гони поединци за воени злосторства, злосторства против човештвото, геноцид и агресија на територијата на земјите-членки или од нивните државјани.
САД, Кина, Русија и Израел не се членови на овој суд.
Српската влада го исполнила барањето на студентите за поголем буџет за високо образование

Српската влада во четвртокот објави дека усвоила резолуција со која се обезбедуваат средства во износ од 12,01 милијарди динари за високото образование и студентскиот стандард.
На овој начин се зголемува буџетот за 20 проценти, со што се исполнува четвртото барање на студентските пленуми“, се вели во соопштението објавено по седницата на Владата.
Надлежните претходно најавија дека се обезбедени пари за ова покачување.
Студентите во блокадата бараат политичка и кривична одговорност за уривањето на бетонската настрешница на Железничката станица во Нови Сад, при што загинаа 15 лица, а две беа тешко повредени.
Тие бараат и да бидат казнети напаѓачите на студентите на протестите кои уследија по трагедијата и да се прекине постапката против демонстрантите.
Студентите побараа и зголемување на буџетот за високото образование за 20 отсто.
Владините претставници постојано тврдеа дека се исполнети сите барања на студентите, повикувајќи ги да ги отворат своите факултети, а академиците реагираат дека барањата не се исполнети и дека продолжуваат со блокирање на факултетите.
Студентите блокираат повеќе од 60 факултети во Србија.
Нивните барања ги поддржаа просветните работници, адвокатите, универзитетските професори, земјоделците и други граѓани.
Законот за „странски агенти" повторно во Собранието на Република Српска

Нацрт-законот за посебен регистер и публицитет на работата на непрофитните организации, кој во јавноста е познат и како закон за странски агенти, би требало да влезе во процедура на следната седница на Народното собрание на Република Српска.
Владата на Република Српска го утврди нацрт текстот на Законот на денешната седница
(6 февруари).
Ентитетскиот министер за правда, Милош Букејловиќ на прес конференцијата по седницата порача дека „ова законско решение не воведува цензура во работата на овие организации ниту им забранува да работат“.
„Невладините организации се користени како инструмент за одредени цели во смисла на влијание на ставовите на јавното мислење и донесување одредени закони. Република Српска се обидува со носењето на овие закони да спречи злоупотреби на невладините организации во смисла на политичко делување“, додаде Букејловиќ.
Тој истакна дека законот не е во спротивност со Уставот на БиХ и Европската конвенција за човекови права, и дека целта на неговото усвојување е „зголемена транспарентност и одговорност на работата на невладините организации", кои се финансирани од „странство".
Според најавите, во рок од шест месеци од усвојувањето на законот, треба да се формира регистар на непрофитни организации, основани во Република Српска, кои се финансиски поддржани од странски субјекти.
Тој рече дека законот како најригорозна мерка предвидува затворање на некои невладини организации, а во случај на кривична одговорност ќе бидат поднесени соодветни обвиненија.
Усвојувањето на овој закон, исто така познат во јавноста како Закон за странски агенти, беше најавено на крајот на јануари од страна на Милорад Додик, претседателот на ентитетот на Република Српска.
Еден ден по неговото обраќање, нацрт-законот беше објавен на веб-страницата на Владата на Република Србија.
Тој потоа истакна дека ќе биде утврден статус на странски агенти за сите оние кои добиваат пари од странски влади со цел да ја поткопаат РС“.
Законот предвидува, меѓу другото, надзор над невладините организации кои се финансираат од странство, забрана за широко дефинирани политички активности, потреба од дополнителна регистрација и поднесување на извештаи до Министерството за прием на средства од странство.
Исто така, во случај на прекршување на законот, надлежното министерство може да предложи на судот забрана на нивната работа.
Законот беше повлечен од парламентарната постапка во мај минатата година, по голем притисок од домашната јавност, но исто така и од странство.
Дојави за бомби во училишта во Хрватска - доаѓаат од сервер во Африка

Голем број училишта во повеќе хрватски градови низ земјата денеска добија пријави за закани со бомби, слични на оние што ги добиваат училиштата во земјите од Европска Унија, а медиумите неофицијално јавија дека заканите биле испратени од истиот сервер кој наводно се наоѓа во Африка.
„Имаше 85 вакви пријави, а полициските службеници досега исклучија 60 училишта, така што наодите се негативни. Серверот е надвор од Хрватска и во тек е криминалистичко истражување, изјави хрватскиот министер за внатрешни работи Давор Божовиќ.
Во истрагата вклучени се експерти по кибербезбедност и Европол.
Покрај исламистички закани, во електронската пошта има и најави за одмазда, а полицијата тврди дека нема причина за паника.
Полицијата исто така соопшти дека постапката во сите училишта е спроведена според утврдени протоколи, сите училишта се евакуирани, просториите се детално проверени, а мерките за безбедност се на највисоко ниво
Во Австралија, најмалку една година затвор за нацистички поздрав

Австралиските законодавци денеска (6 февруари) усвоија закон против омраза кој предвидува минимални казни за голем број на кривични дела, вклучувајќи и една година затвор за нацистички поздрав - јави АФП (AFP).
Законот е усвоен со поддршка на централно-левичарската Лабуристичка влада и конзервативната опозиција по серијата антисемитски напади.
Минатата недела полицијата соопшти дека води истрага бидејќи пронашла рударски експлозив во камп приколка во предградието на Сиднеј, заедно со писмени закани кон еврејските ентитети.
Во последните месеци, вандали запалија центар за грижа деца во Сиднеј, ја запалија синагогата во Мелбурн и испишаа антисемитски графити во еврејските населби.
Амандманите на австралискиот кривичен законик предвидуваат минимални казни, вклучувајќи 12 месеци затвор за нацистички поздрав, три години за финансирање на тероризам и шест години за прекршоци како учество во терористички акт.
Исто така, се заоструваат казните за кривични дела поврзани со заговарање на насилство и создаваат нови кривични дела за закани со насилство или оштетување на имот.
Премиерот, Ентони Албанезе ја бранеше својата поддршка за задолжителни минимални казни во новиот закон, и покрај долгогодишното противење на неговата партија на таквите мерки.
„Она што го направивме, преку нашето законодавство, гарантира дека имаме силни закони", изјави тој за новинарите.
„Сакаме луѓето кои се вклучени во антисемитски активности да бидат фатени, обвинети и ставени во затвор. Тоа е мојот приоритет", рече Албаниз.
Семејството на Фросина ги виде доказите на обвинителството против возачот

Семејството на загинатата 22 годишна студентка Фросина Кулакова денеска се запознале со истрагата за смртта девојката. Увид во потапката која ја води обвинителството против 20 годишниот возач и доказите кои до сега се собрани против обвинетиот 20годишен возачутре ќе ги гледа и адвокатот на семејството Кулакови, потврдуваат од обвинителството за РСЕ.
„Членови на семејството на жртвата во својство на оштетени и законски застапници дадоа исказ и се запознаа со постапката и со прибраните докази. Во текот на утрешниот ден нивниот бранител ќе изврши и дополнителен увид во доказите, потврдија од Јавното обвинителство.
Дваесет и двегодишната Фросина Кулакова на 29 јануари беше прегазена на пешачки прекин на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје. ЈА прегази возач кој возел со голема брзина, на пешачки премин и под дејство на алкохол, поминувајќи с овозилото додека било вклучено црвеното светло на семафорот близу Универзална сала.
На возачот му е определен притвор од 30 дена.
Тој се товари дека сообраќајката ја сторил со умисла па ќе биде гонет за најстрога казна од областа на сообраќајот.
Кај јавноста предизвика огромен револт самата сообраќајна несреќа, но и информацијата дека е сторена без возачка дозвола и дека возачот имал и претходни сторени кривични дела, но поминал со најлесна пресуда, што било само воспитна мерка.
До сега се одржаа неколку масовни протести во кои се бара правда за Фросина, а за во сабота 8 февруари е најавен нов во нејзиното родно Неготино. Го организираат другарките на девојчето, а дел од превозниците ќе возат бесплатно од Скопје до Неготино за сите заинтересирани за протестот.
Клековски: ГОБ „8 септември“ ќе стане регионален центар за лекување

Владата размислува да ја стави во мирување иницијативата за изградба на нов Клинички центар, а наместо тоа Градската општа болница „Осми септември“ да стане регионален центар за лекување на пациентите од Скопје, Куманово и Велес. Ова го изјави денеска (6 февруари) директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски кој го презентираше буџетот на ФЗО за оваа година наречен „План 2025“.
Клековски истакна дека додека е паузирана идејата за изградба на нов клинички центар, ќе се разгледуваат потребите на општеството.
„Нам демографијата ни паѓа. Со текот на годините имаме сè помалку население, така што мораме да ги погледнеме и бројот на осигуреници и пациенти“, додаде тој.
Според него, дел од болничките капацитети низ државата не се искористени како што треба, а од сите нив, најблиску до стандардите за нешто повеќе, вклучувајќи и за универзитетска клиника, има „Осми септември“.
Како што рече, оваа болница располага со 150 квадратни метри болнички капацитети, што е значително повеќе во споредба со Старата градска болница односно „Свети Наум Охридски“, која има само околу 30 квадратни метри.
„Во Осми септември се изведуваат методи кои не се изведуваат на Клиника. Тука гледаме најмногу потенцијал, со најмало вложување да добиеме најдобар одговор. Освен Онкологијата, мислам дека ќе бидат најавени нови проекти, како на пример Нефрологија“, објасни Клековски нагласувајќи дека за оваа иницијатива ќе бидат потребни законски измени.
Буџетот на Фондот за оваа година е 53,4 милијарди денари или за 7 милијарди повеќе од лани. Клековски денеска информираше дека со оваа сума, посебен акцент ќе се стави на зголемување на средствата за дијагностички лаборатории за подобра покриеност и намалување на времето на чекање за овие услуги.
Инаку нов Клинички центар најавија неколку претходни влади, но ниту една досега не почна да го гради. Како алтернативно решение Владата на Мицковски го предлагаше спојувањето на клиниките во рамки на Клиничкиот центар во Скопје.
Финскиот министер најави забрана за руските граѓани да купуваат имот

Финската влада во четвртокот предложи на граѓаните на земјите кои започнуваат војни да им се забрани да купуваат имот во таа земја, што во пракса значи дека на руските државјани ќе им се ограничи трансакции со недвижности.
Се препорачува „на лицата кои имаат државјанство на земја која води агресивна војна и може да претставуваат закана за националната безбедност на Финска“ да им се забрани да купуваат недвижен имот.
„Владата штотуку одлучи да поднесе предлог до парламентот за забрана на Русите да тргуваат со недвижен имот во Финска“, рече финскиот министер за одбрана Анти Хаканен на прес-конференција.
Тој додаде дека целта е „да се зајакне безбедноста на Финска и на финскиот народ“.
Иако нацрт-законот не ја споменува експлицитно Русија, Хаканен рече дека сегашната безбедносна средина значи дека „во прашање се Русија и руските граѓани и компании“.
Финска, која дели 1.340 километри граница со Русија, минатата година блокираше неколку набавки на имот иницирани од поединци и компании поврзани со Русија, наведувајќи ги заканите за националната безбедност.
Хаканену рече дека нацрт-законот има за цел да ја спречи употребата на средства за „големо непријателско влијание“, како што се овозможување разузнавачки активности и различни форми на саботажа против Финска.
Забраната нема да влијае на лицата кои имаат дозвола за постојан престој во Финска или дозвола за долготраен престој во Европската унија издадена од Финска.
Парламентот се очекува да гласа за нацрт-законот подоцна оваа пролет, рече Хаканен.
Финска, како и соседна Шведска, долго време беше воено неутрална земја, но по почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, таа побара членство во НАТО и беше примена во западната воена алијанса во април 2023 година.
Првите француски борбени авиони Мираж испорачани во Украина

Франција денеска (6 февруари) ја потврди испораката на борбени авиони Мираж 2000-5 (Mirage) во Украината, со што земјата значително ќе ја зголеми способноста за да го брани својот воздушен простор по речиси секојдневните руски напади.
„Првиот од овие авиони денес стигна во Украина“, објави францускиот министер за одбрана, Себастијен Лекорну на социјалната мрежа X (Икс)
Тој не наведе повеќе детали , како што е бројот на авиони кои се испорачани.
„Со украинските пилоти во авионите по неколкумесечната обука во Франција, тие сега ќе бидат од помош во одбраната на небото над Украина“, додаде Лекорну.
Франција најави дека на почетокот на 2025 година ќе ѝ испорача на Украина борбени авиони Мираж 2000, вооружени со ракети воздух-земја и опрема за електронско војување, пренесе редакцијата на РСЕ на англиски јазик.
Украина долго време бараше модерни западни авиони, особено од американските Ф-16 и ловците Мираж. Неколку сојузни држави во 2023 се согласија да испратат Ф-16 во Украина со одобрение на САД, а првата серија пристигна во август 2024.
„Ова е уште еден чекор во зајакнувањето на безбедноста на Украина“, изјави украинскиот претседател, Володомир Зеленски по повод доаѓањето на авионите кои би можеле да летаат со двојно поголема брзина од брзината на звукот.
„Со најновите испораки, исто така продолжуваме да ја шириме нашата Ф-16 флота, а Холандија ги исполнува своите обврски за поддршка на овие напори.
Украина се обидува да ги задуши руските воздушни напади и да ги забави придобивките на Москва на фронтот, како што војната се приближува кон својата трета годишнина на 24 февруари.
Во исто време, Киев ја презема офанзивата каде што може да ја зајакне својата позиција, бидејќи Западот се обидува да ги забрза преговорите за прекин на огнот и конечен мировен договор. Генералштабот на Вооружените сили на Украина денеска потврди напад со беспилотно летало врз воздухопловната база Приморско-Ахтарск во рускиот Краснодарски крај.
Според украинските воени официјални лица, базата служела како клучна локација за складирање, подготовка и распоредување на беспилотни летала Shahed и одржување на авиони за поддршка на руските операции во украинските области Запорожје и Херсон.
Руските Телеграм канали и жителите на градот Приморско-Ахтарск пријавија напад со беспилотно летало, а на видеата кои кружат на интернет прикажан е пламен во близина на аеродромот.
Шефот на локалниот округ потврди дека системите за воздушна одбрана биле активирани поради беспилотни летала.
Руското министерство за одбрана соопшти дека неговата воздушна одбрана соборила 28 украински беспилотни летала преку ноќта - 13 над Азовското Море, осум над Ростовската област, шест над Краснодарскиот крај и еден над Астрахан.
Во друг инцидент, три лица наводно се убиени во напад од украинско беспилотно летало во руската област Белгород, која се граничи со Украина.
Гувернерот на Белгород, Вјачеслав Гладков напиша на Телеграм дека инцидентот се случил во близина на селото Логачевка, во коешто влезот е забрането, бидејќи таму е прогласена вонредна состојба поради закана од напади со беспилотни летала од крајот на октомври 2022 година.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете