Достапни линкови

Вести

Ескобар: Тензиите на Косово можеа да се избегнат

Габриел Ескобар
Габриел Ескобар

Ескалацијата на северот на Косово делумно е резултат на неподготвеноста на официјална Приштина да ја слуша Меѓународната заедница, изјави за Би-Би-Си американскиот пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар.

Тој додаде дека порастот на тензиите на север можело да се избегне:

„Оваа ескалација делумно е резултат на неподготвеноста на косовската страна да ја сослуша меѓународната заедница. Предизвика тензии, непотребно, со инсистирање на користење на општинските згради. Има и други згради од кои можеме да работиме, а ако ништо друго, пандемијата на корона вирусот не научи дека можеме да работиме и од алтернативни локации“, рече Ескобар.

На северот на Косово денеска е мирно, соопшти екипата на Радио Слободна Европа.

Новоизбраните градоначалници од албанска националност во петокот на 26 мај влегоа во општинските згради во три општини на северот.

На 29 мај протестот прерасна во насилство меѓу членовите на мисијата на НАТО на Косово, КФОР и демонстрантите. За време на немирите беа повредени 30 припадници на мировните сили и 52 лица од српска националност.

види ги сите денешни вести

Русија соопшти дека Украина погодила складиште ​​за гориво во Курск

илустрација
илустрација

Украински беспилотни летала нападнаа складиште за гориво и фабрика за преработка на железо во пограничниот регион Курск на Русија, предизвикувајќи пожар во резервоарот за гориво, изјави регионалниот гувернер на 6 март.

„Регионот Курск беше нападнат од Украина. Беспилотно летало погоди складиште за гориво“, објави гувернерот на регионот Курск, Роман Старвоит ​на Телеграм.

Два часа подоцна, тој рече дека друг дрон удрил во складиште во фабрика за железо во градот Железногорск, кој се наоѓа на околу 90 километри од границата со Украина.

Гувернерот додаде дека нападот предизвикал пожар во резервоарот за гориво, но дека нема жртви.

Во последниве месеци, Киев започна бран напади со беспилотни летала врз руските енергетски капацитети, сакајќи да го таргетира клучниот енергетски и гасен сектор, тврдејќи дека Русија ги користи приходите на секторот за финансирање на војната во Украина.

Гувернерот на Курск ги предупреди жителите на нови напади во иднина и им нареди да се засолнат во простории без прозорци и дебели ѕидови.

Гувернерот на соседната Белгородска област, Вјачеслав Гладков изјави и дека Украина во текот на ноќта нападнала со беспилотни летала и артилерија. Гладков пријави одредена материјална штета, но додаде дека нема жртви.

Сопругата на Навални ги повика Русите на протест на денот на изборите

Јулија Навалнаја
Јулија Навалнаја

Јулија Навалнаја, вдовица на починатиот критичар на Кремљ, Алексеј Навални, ги повика Русите да се приклучат на протестот на денот на изборите на 17 март и да гласаат против рускиот претседател Владимир Путин или да ги уништат нивните гласачки ливчиња.

Навалнаја во видеото на Јутјуб вели дека црпи надеж од големиот број луѓе кои минатата недела излегоа на погребот на нејзиниот сопруг, кој почина во арктичкиот затвор на 16 февруари.

Неговиот гроб оттогаш е покриен со „море од цвеќиња“, потсетува Ројтерс.

Таа ги повика Русите да се приклучат на протестот на 17 март, на кој повика нејзиниот сопруг Навални, пред неговата смрт.

„Мора да го искористиме денот на изборите за да покажеме дека постоиме и дека нè има многу. Ние сме вистински, живи луѓе и сме против Путин. Мора да пристигнете на гласачкото место истиот ден и во исто време, 17 часот напладне“, рече таа.

Нејзиниот сопруг имал идеја дека демонстрантите на тој начин ќе го избегнат ризикот од апсење.

„Што да направите следно? Изборот е ваш. Можете да гласате за кој било кандидат освен Путин. Можете да го уништите гласачкото ливче, да напишете „Навални“ на него со големи букви. Дури и ако воопшто не ја гледате смислата на гласањето, само дојдете и застанете покрај гласачкото место и потоа одете дома“, рече таа.

По смртта на нејзиниот сопруг, Навалнаја најави дека ќе ја продолжи неговата борба.

Таа се појави на неколку политички настани на Запад, вклучувајќи ја безбедносната конференција во Минхен и Европскиот Парламент, а се сретна и со американскиот претседател Џо Бајден.

Кремљ ги отфрла нејзините тврдења дека Путин го убил Алексеј и одби да го коментира одговорот на јавноста на неговата смрт и погребот.

Забрана за невакцинирани деца во градинка, тогаш кога препораката од КЗБ ќе биде прифатена со одлука

Родители и деца во вакциналниот пункт Идадија, Скопје, февруари 2024 година
Родители и деца во вакциналниот пункт Идадија, Скопје, февруари 2024 година

Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) ќе забрани посета во градинки на деца кои немаат примено ДТП вакцина, само доколку препораката на Комисијата за заразни болести биде прифатена и со одлука, а Министерството за здравство му наложи на Инспекторатот вршење вонредни инспекциски надзори заради увид во вакциналните потврди обезбедени од вакциналните пунктови за примена ДТП вакцина. Ова денеска го изјави директорката на ДСЗИ, Рената Младеновска.

По најновите препораки од вчерашната седница на КЗБ за спречување на ширењето на голема кашлица, Младеновска посочи дека надлежноста на ДСЗИ е во делот на санкционирање родители кои не вакцинирале дете.

КЗБ на вчерашниот состанок донесе препорака Државниот санитарен и здравствен инспекторат да се вклучи во активност вршење вонредни инспекциски надзори што се однесуваат на забрана на примање деца во предучилишни установи, кои не се имунизирани со вакцина ДТП согласно редовниот календар за имунизација, а се со цел да се интензивира офатот на вакцинирање во услови на епидемија на пертусис - голема кашлица, прогласена на територија на Скопје.

Младеновска потсети дека од почетокот на епидемијата контролата на вакциналниот статус на децата згрижени во предучилишните установи ја врши Министерството за труд и социјална политика, согласно нивната законската регулатива.

„Надлежноста на ДСЗИ е во делот на санкционирање на родителите кои не го вакцинирале своето дете, преку спроведување постапка за порамнување, а по добиен список од страна на вакциналните пунктови. Висината на казната за родител- старател изнесува 300-650 евра во денарска противвредност“, изјави Младеновска.

Од Комисијата за заразни болести предлагаат тестирање за голема кашлица на територија на цела Северна Македонија, а од 15 март се очекуваат и вакцини против пертусис за возрасни.

Од почетокот на годината, заклучно до 6 март, вкупно 141 случаи на голема кашлица се регистрирани на територија на главниот град Скопје, информираат од Центарот за јавно здравје.

Колективен договор за петте државни универзитети по изборите

Талат Џафери, технички премиер на Република Северна Македонија
Талат Џафери, технички премиер на Република Северна Македонија

Решението за петте државни универзитети кои бараат колективен договор е да се чека да завршат претседателските и парламентарните избори, порача денеска (6 март) техничкиот премиер Талат Џафери.

Џафери потенцира дека во моментов пречка е тоа што се распишани избори, а според членот 8а од Изборниот законик децидно е забрането потпишување колективни договори по распишување на изборите. Штрајкот и протестот, вели премиерот, е неприкосновено право на секој граѓанин, но тој смета дека во овој момент притисоците и барањата кои доаѓаат синдикатите од пет државни универзитет се од политички карактер.

„Моментумот на таков начин на барање да се реализира определено право претходно знаејќи дека има законски пречки за тоа, пред сè од носителите на протестот - претседателите на синдикатите, кои по природа треба да се од правната фела, прават дејствија кои никако поинаку не можам да ги сфатам, освен како предизборна кампања која повеќе оди во кампањата на дневна политика, отколку на самите вработени и заинтересирани кои имаат придобивка од овие колективни договори“, изјави Џафери на прес-конференција.

Во прашање се барањата за колективен договор од синдикатите на петте државни универзитети: Тетовскиот универзитет, „Св. Климент Охридски“ во Битола, „Гоце Делчев“ во Штип, „Св. Апостол Павле“ во Охрид и „Мајка Тереза“ во Скопје.

Изминатиот период нивните синдикати бараа и итен прием кај премиерот Џафери, а се организираа и мирни протести.

Ова следуваше откако на крајот на 2022 година Универзитетот „Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје потпиша колективен договор со Собранието, кое е негов основал. Договорот почна да се применува од почетокот на 2024 година со што вработените добија покачени плати за 22 отсто.

Џафери на прес-конференцијата тврди дека по потпишувањето на овој договор по негова иницијатива како претседател на парламентот, била остварена средба со претставници на петте универзитети и им дал примерок од договорот до УКИМ, за да знаат како треба да изгледа содржината, да подготват материјали и да достават до Собранието.

Прв барање за колективен договор до Собранието доставил битолскиот универзитет во мај 2023, но другите тоа го направиле во периодот од октомври до крајот на декември лани, кога веќе Џафери бил номиниран за премиер во техничката влада и почнале процедурите за нејзин избор.

„Решението е да се чека да се завршат изборите. Собранието е основач на универзитети, а тоа ниту е политичка партија ниту е личност. Тоа е државна институција и е највисок орган. По изборите продолжува процедурата по однос на барањата. Кој и да е нареден претседател или состав на Собранието ќе мора да го овласти претседателот на Собранието Имајќи предвид дека искуствено оние слабости од барањето на УКИМ се надминати и сите имаат примерок како треба да изгледа содржината на договорот, полесно и побрзо ќе може да се заврши процедурата“, вели премиерот.

Џафери одговарајќи на новинарско прашање ја коментираше и иницијативата на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) за разрешување на директорот на Фондот за иновации технолошки развој (ФИТР) Фестим Халили поради грантови доделени на Дрин Ахмети, внук на лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

Тој вели дека Владата нема да постапи по иницијативата и да го разреши директорот додека не се докаже неговата вина.

„Владата ниту е судија, ниту е обвинител. Соодветната независна институција поднела информација до таму каде треба да поднесе и Владата не може да постапи како судија и суд. Презумција на невиност е основно правило на правото и надлежните институции што треба да постапат, ако имаат поинаква соодветна одлука нема причина да не постапи владата. Владата не може да ја преземе улогата на другата институција, треба да направиле разлика по однос на надлежноста“, вели Џафери.

Во врска со критиките од Брисел за тоа дека не се постапува по иницијативите на Антикорупциска, Џафери вели со став:

„Антикорупциска е независно тело формирано од Собранието и е независно во својата работа и според законот има надлежност да поднесува извештаи до надлежните институции кои имаат можност за постапување. Понатаму кој било коментар е сувишен и непотребен бидејќи оти може да се смета како мешање на работите меѓу властите“.

За доделувањето грантови на Дрин Ахмети, покрај на директорот на ФИТР, Антикорупциска побара од Владата разрешување на сите членови на Управниот одбор и Комитетот за одобрување на инвестиции. Иницијативата беше изгласана од минатиот состав на ДКСК на чело со претходната претседателка Билјана Ивановска на седница на 6 февруари, која беше и последна за овој состав на Комисијата, по што на должност стапија новите антикорупционери.

Кривичниот суд се прогласи за ненадлежен за обвинението против Рамиз Мерко

Градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко
Градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко

Скопскиот кривичен суд се прогласи за ненадлежен да одлучува за обвинението против струшкиот градоначланик, Рамиз Мерко.

Во соопштението на Кривичниот суд се вели дека Специјализираното одделение за организиран криминал и корупција ( КОК ) при Основниот кривичен суд Скопје постапувајќи по обвинителниот предлог со КО бр. 27/24 против обвинетиот Р.М. од Струга за кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување од чл. 353 ст.4 вв со ст.1, „донесе решение со кое се огласува за стварно ненадлежно и, предметот, по правосилноста на решението, ќе биде доставен на надлежно постапување во Основниот суд Струга“.

„Имајќи го предвид наведениот член од Законот за судови, последните измени на Кривичниот законик објавен во Службен весник бр. 188 од 07.09.2023 год., како и правната квалификација од обвинителниот предлог, односно ставот 4, судот утврди дека Специјализираното одделение за оргнизиран криминал и корупција, не е надлежно за судење на кривични дела од чл. 353 ст.4 вв со ст. 1 како што јавниот обвинител го поднел обвинителниот предлог, туку цитираните одредби од Законот за судови се однесуваат само на делото пропишано во став 5 од овој член.

Се додава дека со оглед на сето тоа, стварната надлежност да постапува е судот со основна надлежност на чие подрачје е извршено кривичното дело.

Против ова решение странките имаат право на жалба пред Апелациониот суд Скопје.

Инаку, деновиве Обвинителството поднесе обвинение против струшкиот градоначалник Рамиз Мерко за злоупотреби на пари на Општината во вршењето на функцијата. Мерко за себе како градоначалник купил луксузна и скапа лимузина марка ауди и тоа во време на огромни долгови на Општината и со спорна одлука.

Против него се водеа и други истраги за можни кривични дела, но тие застареа. Обвинението доаѓа по краток период откако САД го ставија Рамиз Мерко на „црната листа“.

Молдавија вели дека Русија планира да се меша во изборите и да ја саботира интеграцијата во ЕУ

Александру Мустеата, шеф на молдавската разузнавачка и безбедносна тужба
Александру Мустеата, шеф на молдавската разузнавачка и безбедносна тужба

Шефот на молдавската разузнавачка и безбедносна служба (СИС), Александру Мустеата предупреди дека Русија планира нови активности за дестабилизација на земјата додека се подготвува за претседателски и парламентарни избори и клучниот референдум за интеграција во Европската Унија.

Мустеата на прес-конференција на 5 март во Кишињев рече дека СИС дошла до „одредени податоци“ за активностите планирани за оваа и следната година што ќе го компромитираат пристапот на Молдавија во ЕУ и ќе ја вратат во сферата на влијание на Русија.

„Деталите укажуваат на стратегии за 2024 и 2025 година кои вклучуваат поддршка за проруските политички актери поврзани со разузнавачките служби, организираните криминални групи и раководството на Кремљ.Најважниот актер во извршувањето на дестабилизирачките акции би била група предводена од бегалецот олигарх Илан Шор“, рече Мустеата.

Шор, кој ја предводи партијата Шор поддржана од Москва, минатата година беше осуден во отсуство на 15 години затвор поради обвиненијата за измама и перење пари поврзани со исчезнувањето на милијарди долари од молдавските банки.

Партијата на Шор беше забранета, додека самиот Шор побегна во Израел.

Шор и неговата партија, исто така, се погодени од санкции од ЕУ, Соединетите Држави и Канада поради наводен обид за дестабилизирање на ситуацијата во Молдавија и дејствување во интерес на Русија.

„Предвидуваме дека ќе се направат обиди да се предизвикаат неколку општествени и политички кризи, да се предизвикаат конфликти и да се разгори меѓуетничка омраза, што би довело до безбедносни кризи во автономијата на Гагауз или во регионот на Придњестровје“, рече Мустеата.

Полуавтономната Гагаузија главно е населена со етнички турски гагаузи, кои зборуваат руски и го прифатиле руското православно христијанство.

За време на прозападната претседателка Маја Санду, која дојде на власт откако го победи актуелниот претседател Игор Додон поддржан од Москва во ноември 2020 година, Молдавија тргна по цврст европски пат и остро ја осудува руската инвазија на Украина.

Во 2022 година Кишињев доби покана да ги отвори преговорите за членство со ЕУ и оваа година треба да одржи национален референдум за приклучување кон блокот од 27 земји, кој допрва треба да биде закажан.

Претседателските и парламентарните избори се исто така закажани за подоцна оваа година, а Санду планира да се кандидира за втор мандат. Нејзината партија ПАС на локалните избори освои повеќе од 40 отсто од гласовите и беше прва на парламентарните избори.

Украина соборила 38 руски беспилотни летала во осум региони

илустрација
илустрација

Украинската противвоздушна одбрана собори 38 од 42 беспилотни летала лансирани од Русија во осум региони рано на 6 март, објави украинската војска.

„Како резултат на борбени операции, 38 Шахеди беа соборени во регионите Дњепропетровск, Одеса, Херсон, Хмелницки, Черкаси, Харков, Винње и Суми“, се вели во соопштението на војската.

Оттаму додаваат дека информациите за потенцијални жртви и штети ќе се ажурираат во текот на денот.

Командата на воздухопловните сили на вооружените сили на Украина појасни дека, покрај Шахед лансиран од четири правци -Чауд, Балаклава во окупираниот Крим и регионот Курск и Приморско-Ахтарск во Русија, нападнале и со пет С -300 противвоздушни наведувани ракети од окупираната територија на регионот Доњецк.

Што се однесува до состојбата на фронтот, според податоците на Генералштабот, изминатиот ден се случиле 86 борбени престрелки.

„Непријателот изврши вкупно четири ракетни и 106 воздушни напади, 154 напади со ракетни салво системи на позициите на нашите војници и населените места. Како резултат на руските терористички напади, за жал, има ранети меѓу цивилното население. Уништени се и оштетени високи згради и приватни објекти, како и други објекти од цивилна инфраструктура“, се наведува во извештајот.

Како што е соопштено во командата, во текот на денот украинската армија ги одбила нападите на руските сили во шест правци, особено во правец на Новопавливск.

Вечерта на 5 март беше објавена воздушна тревога во голем број региони поради напади со беспилотни летала.

Руската војска редовно ги напаѓа украинските региони со различни видови оружје: нападни беспилотни летала, проектили и противвоздушни ракети. И покрај доказите и сведочењата, Москва негираше дека таргетира цивили од почетокот на инвазијата во целосен обем.

Елитни британски специјални сили под истрага за можни воени злосторства во Сирија

илустрација
илустрација

Петмина припадници на специјалната единица на британската армија (САС) се под истрага за можни воени злосторства извршени во Сирија пред неколку години, јавува Би-би-си.

Засега нема уапсени, но увид врши Единицата за тешки криминали при Министерството за одбрана.

Голем број специјални сили на Обединетото Кралство беа распоредени во Сирија во текот на изминатата деценија во операциите против милитантната организација Исламската Држава.

Министерството за одбрана соопшти дека сериозно ги сфаќа наводите за можни престапи.

„Сите кривични пријави ќе бидат упатени во полиција за понатамошна истрага“, изјави портпаролот на Министерството.

Истрагата наводно е фокусирана на инцидент што се случил пред две години кога еден од џихадистите бил убиен.

Британските војници, според нивните претпоставени, употребиле прекумерна сила при апсењето на мажот, но процениле дека џихадистот имал намера да изврши самоубиствен напад и го убил.

Сепак, министерството тврди дека ова не е изолиран случај и дека има уште „застрашувачки“ сведоштва за воени злосторства.

Единиците на САС со години дејствуваат во Сирија, а до пред неколку години во Авганистан.

Исто така, во тек е истрага за тоа дали специјалните сили на Обединетото Кралство убиле цивили и невооружени луѓе во ноќните напади во Авганистан помеѓу 2010 и 2013 година.

Шефот на руската разузнавачка служба вели дека Навални починал од природна смрт

Шефот на руската служба за надворешно разузнавање Сергеј Наришкин
Шефот на руската служба за надворешно разузнавање Сергеј Наришкин

Шефот на руската служба за надворешно разузнавање (СВР) Сергеј Наришкин изјави дека опозицискиот лидер Алексеј Навални починал од природна смрт, изјава што се чини дека е обид да се одврати меѓународниот гнев поради смртта на најжестокиот непријател на претседателот Владимир Путин.

Наришкин ова го изјави во интервју што го пренесе руската државна телевизија и притоа не наведе причина за смртта.

„Порано или подоцна, животот завршува и луѓето умираат. Навални почина од природна смрт“, рече Наришкин.

Многу западни лидери рекоа дека Путин е одговорен за смртта на Навални на 16 февруари во затворот кадешто ја отслужуваше својата казна. Кремљ ги отфрла обвинувањата.

Четириесет и седумгодишниот Навални, кој почина под мистериозни околности, беше погребан на 1 март на гробишта во Москва. Најмалку 120 лица се уапсени во Русија поради учество на собири во чест на неговиот спомен.

Повеќе од 40 земји повикаа на независна меѓународна истрага за неговата смрт, велејќи дека рускиот претседател ја носи крајната одговорност.

Членките на Европската Унија, САД, Велика Британија, Украина, Австралија, Канада, Нов Зеланд и Норвешка се меѓу земјите кои изразија бес поради смртта на Навални во Советот за човекови права на Обединетите Нации.

Земјите рекоа дека се длабоко загрижени поради „систематското задушување на граѓанското општество“ и репресијата на политичката опозиција во Русија и во странство. Тие ја повикаа Русија веднаш и безусловно да ги ослободи сите политички затвореници, бранители на човекови права, новинари и антивоени активисти приведени поради мирно остварување на нивните човекови права и противење на руската војна во Украина.

Вдовицата на Навални вети дека ќе ја продолжи неговата работа
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:04 0:00

Навални почина по долгогодишно заробеништво во кое помина повеќе од 300 дена во самица, нему му беше одбиена медицинска помош, се пожали дека е подложен на лишување од сон и многу повеќе. Руските судови отфрлија повеќе од 40 жалби што тој ги поднел за наводна злоупотреба.

Еден ден пред погребот, Европскиот Парламент усвои резолуција со која се обвинува руската држава и претседателот Владимир Путин за смртта на Навални.

Во моментот на неговата смрт, овој истакнат критичар на Кремљ отслужуваше 19-годишна затворска казна под обвинение за екстремизам што тој, неговите поддржувачи, западните функционери и други ги нарекоа политички мотивирани. Поддржувачите на Навални веруваат дека тој е убиен, а неговата вдовица Јулија вети дека ќе ја продолжи работата на нејзиниот сопруг.

САД ја санкционираше македонската компанија „Сајтрокс“ поради безбедносен ризик

Миниситерство за финансии на САД
Миниситерство за финансии на САД

Компанијата „Сајтрокс“ (Cytrox AD) со седиште во Северна Македонија, заедно со уште четири други фирми и две физички лица е ставена под санкции од страна на Одделот за контрола на странски средства при Министерството за финансии на Соединетите Држави, поради улога во развојот на шпионскиот софтвер „Предатор“.

Покрај македонската компанија, под санкции се ставени и грчката компанија „Интелекса С. А“, компаниите „Интелекса Лимитед“ и „Талестрис Лимитед“ од Ирска и унгарската компанија „Сајтрокс Холдинг“.

Сите компании, според Министерството за финансии на САД, биле поврзани со конзорциумот „Интелекса“ во поглед на развојот, работењето и дистрибуцијата на комерцијална технологија за шпионски софтвер што се користи за таргетирање Американци, вклучително владини службеници, експерти за политики и новинари.

„Распространетоста и злоупотребата на комерцијален шпионски софтвер претставуваат зголемени безбедносни ризици за САД. Странските актери злоупотребиле таков шпионски софтвер за да овозможат кршење на човековите права и да ги таргетираат дисидентите на глобално ниво за репресија и одмазда“, изјави портпаролот на Стејт департментот Метју Милер.

Сајтрокс АД беше додадена на списокот на ентитети на Одделот за трговија на 18 јули 2023 година, за трговија со сајберексплоатации, што се користат за да се добие пристап до информациски системи, загрозувајќи ја приватноста и безбедноста на поединци и организации ширум светот.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG