Вести
Штрајкот на персоналот на германските аеродроми погоди речиси 300.000 патници
Седум германски аеродроми денеска одржуваат 24-часовен штрајк кој може да погоди речиси 300.000 патници бидејќи членовите на синдикатот бараат зголемување на платите.
„Терминалите утрово се празни“, изјави портпаролот на аеродромот во Хамбург, додавајќи дека се појавиле само мал број од 32.000 очекувани патници.
Според податоците на здружението АДВ аеродроми, околу 295.000 патници биле погодени од откажувањето на приближно 2.340 летови на аеродромите во Бремен, Дортмунд, Франкфурт, Хамбург, Хановер, Минхен и Штутгарт.
Германскиот синдикат Верди го најави штрајкот во средата, појаснувајќи дека преговорите за колективните договори за персоналот на земја, вработените во јавниот сектор и работниците за безбедност на воздушниот сообраќај постигнале мал напредок.
„Ако сега ништо не се преземе во врска со прашањето за платите, сите нè очекува уште едно хаотично лето, изјави денеска заменик-претседателката на Верди“, Кристин Бехле.
Штрајкот се совпаѓа со 59-тата Минхенска безбедносна конференција.
Романскиот министер за надворешни работи, кој требаше да пристигне со еден од откажаните летови наместо во Минхен, ќе слета во Австрија, а потоа ќе вози повеќе од четири часа до Минхен за да стигне до конференцијата, изјави претставник на романската амбасада.
види ги сите денешни вести
Сиљановска-Давкова во посета на Софија
Претседателката на Северна Македонија Гордана Сиљановска-Давкова денеска ќе биде во посета на Софија, каде ќе присуствува на операта „Набуко“ од Џуепе Верди, во изведба на Националната опера и балет. Во рамки на посетата, Сиљановска-Давкова во Софија ќе оствари средба и со претседателот на Бугарија, Румен Радев.
Во македонската делегација ќе биде министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и министерот за култура и туризам Зоран Љутков.
Во пресрет на посетата, премиерот Христијан Мицкоски вчера во одговор на новинарско прашање што очекува од истата, повтори дека државава сака да гради добрососедски односи и дека тука нема никаква дилема.
Претходно Мицкоски рече дека сега е период кога апсолутно ништо не може да се случи во преговорите со Бугарија се додека таму не се избере Влада.
„Сега е период кога апсолутно ништо не може да се случи во тој процес, бидејќи како што знаете имаме период кога во Бугарија ќе се случуваат нови седми по ред, во последните три години предвремени парламентарни избори. Да почекаме да се случи таму политичка Влада, за да видиме дали постои желба за дијалог. Ние сме подготвени да разговараме, сакаме да разговараме и тоа го пренесуваме на нашите соговорници, кои доаѓаат од Брисел. Инаку што се однесува до нашите предлози, тие во јавноста се познати, коментирани многу пати до сега“, рече Мицкоски.
Говорејќи за уставните измени, оваа недела апелираше да се престане со билатерализација на евроинтегративниот процес. Според него, не станува збор дали граѓаните или политичарите имаат волја за уставни измени, туку дали во Брисел има волја да се реши ова прашање.
Во меѓувреме, пак, Владата ги смени претседателот на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања Драги Ѓорѓиев и пет други членови и на нивно место назначи нови, но останаа и дел од претходните.
Лидерот на СДСМ Венко Филипче вчера го осуди, како што кажа, политичкото дискредитирање на членовите на Историската комисија и дека ја поддржува идејата за вклучување на странски експерти во нејзината работа.
Полските лидери ги повикаа САД да ги укинат ограничувањата за оружјето со долг дострел за Украина
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен ја заврши европската турнеја во Полска, каде што слушна повеќе повици за промена на политиката на Вашингтон со која се ограничува употребата на Украина на оружје доставено од Запад за долготрајни напади во Русија.
Полскиот министер за надворешни работи Радек Сикорски изјави дека на Украина треба да и се дозволи да користи западно оружје против Русија во самоодбрана бидејќи Москва „врши воени злосторства со напаѓање цивилни цели“, пишува Радио Слободна Европа на англиски јазик.
„Ракетите што ги погодија тие цивилни цели се истрелани од авиони бомбардери од руска територија. Тие бомбардери полетуваат од аеродромите на руска територија. Жртвата на агресија има право да се брани, рече Сикорски“.
Во Варшава, Блинкен се состана со Сикорски, полскиот претседател Анджеј Дуда и премиерот Доналд Туск, откако претходно беше во Киев со британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами, каде што ветија дека ќе ги претстават украинските барања на нивните лидери.
Американскиот претседател Џо Бајден и британскиот премиер Кир Стармер ќе се сретнат во петок (13 септември) во САД поради знаците дека и Вашингтон и Лондон се сè поприемливи за промена на политиката што ја ограничува употребата на оружје со долг дострел.
„Како што се смени она што го прави Русија, како што се смени бојното поле, ние се адаптиравме“, рече Блинкен на прес-конференција во Варшава, повторувајќи ја изјавата што ја даде во главниот град на Украина.
Тој рече дека една од целите на неговата посета на Киев во средата е да слушне од партнерите на Украина што веруваат дека им е потребно сега, за да се реши моменталната ситуација на бојното поле.
„Можам да ви кажам дека додека одиме напред, ќе го направиме токму она што го правевме во минатото, а тоа е да се приспособиме колку што е потребно... да ја одбраниме (Украина) од руската агресија“, рече Блинкен.
Во мај, Бајден ја смени политиката и и дозволи на Украина да истрела проектили испорачани од САД преку границата кон Русија во самоодбрана, но задржа ограничување на растојанието на кое може да бидат истрелани. Украинскиот претседател Володимир Зеленски во неколку наврати изрази барање да се укине ова ограничување.
Едно од клучните барања на Киев е да ги користи тактичките ракетни системи ATACMS на американската војска, но Пентагон рече дека тие нема да бидат одговорот на главната закана со која се соочува Украина од крстосувачките бомби, кои се истрелуваат од повеќе од 300 километри, што е надвор од опсегот на ATACMS.
Бајден и Стармер ќе разговараат за ова прашање кога ќе се сретнат во Вашингтон, рече Блинкен, поттикнувајќи шпекулации дека на состанокот би можело да дојде најава за промена на политиката.
Демократскиот сенатор Крис Куна за телевизијата МСНБЦ изјави дека најавата е поверојатно да дојде кога Зеленски ќе ги посети Соединетите Држави подоцна овој месец на Генералното собрание на ОН.
Британскиот весник „Гардијан“ во четвртокот објави дека Лондон веќе и дал зелено светло на Украина да ги користи ракетите „Storm shadow“ за удари со долг дострел длабоко на руска територија. Гардијан цитира неидентификувани владини извори кои велат дека одлуката е донесена зад затворени врати. Британските власти не ја потврдија информацијата.
Рускиот претседател Владимир Путин издаде предупредување за промената на политиката, велејќи во четвртокот дека ако Западот дозволи Киев да користи оружје со поголем дострел за да гаѓа руски цели, тоа би значело дека НАТО ќе биде „во војна“ со Русија.
Путин изјави дека украинската војска може да изведува такви напади само кога користи податоци од сателитите на НАТО и дека само воениот персонал на НАТО „може да врши летови за овие ракетни системи“.
Синодот на МПЦ-ОА со поддршка за Украинска православна црква
Светиот архијерејски синод (САС) на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија (МПЦ – ОА), на седница на 12 септември, ја поддржа Украинска Православна Црква, која беше забранета од Украинскиот парламент во август 2024 година.
Ова прашање било разгледувано на редовна седница на Синдот, на која биле разгледани повеќе прашања и настани поврзани со црковниот живот, според соопштението од МПЦ-ОА.
„Синодот посвети особена грижа за состојбата со сестринската Украинска Православна Црква, која беше административно укината од Украинскиот парламент, со Предлог-законот 8371, и со тоа на милиони верници, кои се црквуваат во таа Црква, им е оневозможено основното право на верска припадност, исповедање на својата вера и вршење на богослужби“, пишува во соопштението од МПЦ-ОА.
Светиот синод на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, пишува во соопштението, „сведочејќи ја евангелската вистина, искажува молитвена поддршка на Претстојателот на Украинската Православна Црква, Неговото Блаженство Митрополит Киевски и на цела Украина г. Онуфриј, на браќата архијереи и на нејзиниот верен народ, молејќи се семилостивиот Господ да им даде сила да истраат и да ги надминат овие искушенија“.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски на 24 август 2024 година потпиша закон за забрана на православните цркви поврзани со Русија во Украина, кој претходно го усвои Врховната рада (Парламентот на Украина).
Во законот се наведува дека ниту една верска организација која дејствува на украинска територија не смее да има административен центар во Русија, вклучувајќи ја и Руската православна црква. ,
Црквата која е признаена во Украина е Православна црква на Украина (ПЦУ).
Украина се обидува да се дистанцира од руската црква од 2014 година, но напорите се засилија по руската инвазија врз Украина во 2022 година.
Украинската православна црква официјално се одвои од Московската патријаршија во 2022 година, но украинските власти постојано ги обвинуваат нејзините свештеници дека и понатаму ѝ се лојални на Русија.
Руската инвазија врз Украина беше поддржана од водачот на православната црква во Русија, патријархот Кирил, верен сојузник на рускиот претседател Владимир Путин.
Македонската православна црква-Охридска Архиепископија беше признаена во мај 2022 година, со одлука на Светиот Синод на Вселенската Патријаршија од Истанбул, предводена од Вселенскиот патријарх г. г. Вартоломеј. Потоа и Српската православна црква ја призна афтокефалноста на МПЦ-ОА.
Од возобновувањето во 1967 година, МПЦ-ОА беше меѓународно изолирана и непризнаена од православниот свет
Обвинителството отвори предмет за финансиски криминал, претреси на повеќе локации
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција(ОЈО ГОКК) оформи предмет поради основи на сомневања за сторени кривични дела од областа на финансискиот криминал, односно „даночно затајување“, „даночна измама“ и „перење пари и други приноси од казниво дело“ на група субјекти, соопштија од обвинителството.
Предметот е оформен по доставено известување од страна на Министерството за внатрешни работи (МВР)за сознанија до кои дошла Управата за јавни приходи(УЈП).
„Заради докажување на основите на сомневање за сторување на наведените кривични дела, на барање на предметниот јавен обвинител, судија на претходна постапка при Основен кривичен суд Скопје издаде наредби за претрес на дом и други простории на повеќе локации во повеќе градови“, соопштија од обвинителството.
И од МВР потврдија дека се издадени наредби за претреси на повеќе локации.
Оттаму дополнуваат дека полициски службеници, службени лица од Управата за јавни приходи координирано со истражители од Лабораторијата за дигитална форензика при Истражниот центар на ОЈО ГОКК при претресите обезбедле бројна документација и електронски записи што ќе бидат предмет на обработка и анализа со цел обезбедување материјални докази за потребите на натамошната кривична постапка.
Собранието ги усвои законските измени за линеарно зголемување на пензиите
Собранието ги усвои измените на Законот за пензиското и инвалидското осигурување со кои ќе има линеарно зголемување на пензиите од по 2.500 денари од 1 септември годинава и од 1 март следната година.
„За“ измените гласаа 78 пратеници.
Линераното зголемување на пензиите е предизборно ветување на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
Околу 164 милиони евра годишно треба да издвои Владата од буџетот за да го обезбеди линеарното покачување од 2.500 денари месечно, од 1 септември, за сите приматели на пензии во Северна Македонија.
Ако покачувањето од март биде удвоено на вкупно 5.000 денари според ветувањето на владата на ВМРО-ДПМНЕ, тогаш ќе бидат потребни над 330 милиони евра.
Со 337 илјади приматели на пензии на 687 илјади вработени, сегашниот сооднос меѓу вработени и пензионери е 2 спрема 1, според официјалните статистички податоци на Државниот завод за статистика и на Министерството за социјална политика.
Со други зборови на секој пензионер има 2,04 вработени.
Во моментов старосната граница за пензионирање е 62 години за жени и 64 години за мажи и најмалку 15 години стаж. Просечната пензија изнесува 21.287 денари, што е 346 евра и е помала од минималната плата од 367 евра.
Уставниот суд поведе постапка за правило на АРМ кое забранува верски обреди во воени објекти
Уставниот суд на седница на 12 септември поведе постапка за правило на Армијата на Република Северна Македонија кое се забранува вршење на верски обреди во воени објекти.
Станува збор за параграф 4, алинеја 1 од правилото за сместување и ред во Армијата 16.07.2012 година.
Според соопштението на интернет-страницата на Уставниот суд, подносител на иницијативата е Здружение за развој Млади за јавен интерес од Дебар.
Во оваа фаза од постапката, Судот изразил сомнеж дека оспорениот акт не е во согласност со темелните вредности на уставниот поредок утврдени во член 8 став 1 алинеи 1,3 и 11 од Уставот, односно на основните слободи и права на човекот и граѓанинот, владеењето на правото, како и на членовите 3,8 и 20 од Законот за правна положба на црквата, верска заедница и религиозна група.
Според Уставниот суд, со донесувањето на ваква одредба началникот на Генералштабот ги пречекорил своите законски овластувања и се ставил во улога на законодавец, бидејќи таква содржина не може да биде уредена со подзаконски акт.
Уставниот суд по направената анализа оцени дека уредувањето на условите под кои може да се оствари правото на слободно вршење на верски обреди во рамки на вооружените сили претставува исклучиво „materia legis”, oдносно законска материја и во никој случај не може да се регулира со правило.
Согласно ова, Уставниот суд цени дека оспорената одредба може да се доведе под сомнеж за нејзината уставност и законитост.
Почна судењето зад затворени врати на адвокатите на Навални обвинети за екстремизам
Судот во Владимирската област, во близина на Москва, на 12 септември го почна судењето на тројцата поранешни адвокати на починатиот опозициски политичар Алексеј Навални.
Адвокатите Вадим Кобзев, Игор Сергунин и Алексеј Липсер се соочуваат со обвинение за екстремизам поради нивната поврзаност со Навални, критичарот на Кремљ, и неговата Фондација за борба против корупцијата (ФБК).
Нивното судење се одржува зад затворени врати.
ФБК и другите групи на Навални беа етикетирани како екстремистички и забранети во Русија во 2021 година.
Адвокатите беа уапсени во октомври 2023 година. Руските власти велат дека адвокатите ги шверцувале писмата на Навални од затвор, „помагајќи му да спроведува екстремистички активности од зад решетки“.
Две други поранешни адвокати на Навални, Александра Федулова и Олга Михајлова, побегнаа од Русија минатата година.
Алексеј Навални беше пронајден мртов во затвор во Сибир пред седум месеци под сомнителни околности, на 47-годишна возраст.
Бранителите на тројцата адвокати поднесоа барање до Врховниот суд за префрлање на нивниот предмет од судот во Владимирската област, тврдејќи дека тој не е објективен или непристрасен. Одбраната тврдеше дека најголемиот дел од доказите на обвинителството биле собрани во, како што велат, незаконска рација за спроведување на законот наредена од висок суд во истиот регион, што претставувало конфликт на интереси.
Исто така, се тврди дека судовите во Владимир вршеле притисок врз адвокатите на Навални да откријат доверливи комуникации со него пред смртта на Навални во оддалечен арктички затвор.
Самиот Навални одлежа затворски казни во вкупна вредност од повеќе од 30 години, вклучително и по обвиненијата за екстремизам поврзан со неговиот антикорупциски активизам.
Тој и неговите сојузници ги отфрлија сите обвиненија против него, велејќи дека се политички мотивирани и го обвинија Кремљ дека сака да го затвори доживотно.
Телефонски разговор Муцунски – Сибиха: Реафирмирана поддршката за Украина
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, попладнево телефонски разговараше со својот украински колега Андриј Сибиха. За време на разговорот, Муцунски ја реафирмираше нашата поддршка за Украина, која ќе продолжи и во иднина, соопшти Министерството за надворешни работи(МНР).
„Муцунски потенцираше дека, како земја-членка на НАТО, остануваме посветени на обезбедување силна политичка и практична помош за Украина додека таа ја брани својата независност и територијалниот интегритет“, пишува во соопштението од МНР.
Теми на телефонскиот разговор биле и актуелни билатерални прашања, при што двете страни изразиле уверување дека добрата соработка помеѓу двете земји ќе продолжи и во наредниот период.
Во таа насока, договорена е работна средба помеѓу двајцата министри која ќе се одржи на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк, соопштија од МНР.
ЕУ го поздрави подигнувањето обвинение за нападот во Бањска
Европската унија (ЕУ) го поздрави подигнувањето обвинение за нападот во Бањска, кое го покрена Специјалното обвинителство на Косово на 11 септември против 45 лица, меѓу кои и Милан Радоичиќ, кои беа дел од вооружената група што ја нападна косовската полиција во градот Бањска, минатиот септември.
Портпаролот на ЕУ, Петер Стано, изјави дека Брисел ќе ги разгледа можните последици по завршувањето на сите правни процедури.
„Веќе рековме тогаш и во септември минатата година дека овој напад претставува јасна ескалација без преседан. И дека ќе има последици. Значи, кога судот на Косово ќе одлучи кој е виновен, кој е одговорен или невин, тогаш ќе дојде времето да се разберат последиците“, рече Стано.
Тој додаде дека ЕУ има „широк опсег на инструменти“ кои може да ги користи во консултација со земјите-членки, но „сè уште не сме стигнале до тој момент“.
Стано рече и дека Брисел очекува Србија целосно да соработува во истрагата и во другите релевантни процеси околу овој настан.
Во нападот во Бањска на северот на Косово на 24 септември 2023 година, вооружена група Срби ја нападна полицијата и го уби полицаецот Африм Буњаку. Во пукањето загинаа и тројца српски напаѓачи.
Одговорноста за нападот ја презеде Милан Радоичиќ, поранешен политичар и бизнисмен од северно Косово, за кој се верува дека е во Србија.
Истрагата за нападот во Бањска ја водат косовските и српските правосудни органи, но досега само Косово поднело обвинение. Три лица кои беа уапсени за време на нападот во Бањска се во притвор во Косово.
Српското раководство во неколку наврати негираше каква било вмешаност во нападот во Бањска. Меѓународната заедница остро го осуди нападот во Бањска и неколку пати ги повика властите во Србија да ги повикаат на одговорност сите инволвирани во нападот.
Дурмиши: Работната група утре ќе предложи мерки за ограничување на цените
До утре ќе биде подготвена есенска потрошувачка кошничка со 100 производи, врз основа на која ќе се направи симулација за ограничување на цените или за ограничување на маржите, најави министерот за економија, Бесар Дурмиши.
Како што информираше тој, работната група утре ќе донесе одлука за оваа мерка, која ќе биде доставена до владата наредната недела за усвојување и започнување на процедурата за почитување на мерките.
„Утре на крајот на денот, работната група ќе извести дали ќе се одлучи за замрзнување на цените или ограничување на маржите на 5, 10 или 15 отсто, рече министерот во изјава за медиуми по денешната посета на книжарници во Скопје.
Дополни дека потрошувачка кошничка ќе продолжи и во наредните периоди, како зимска, велигденска и рамазанска кошничка.
Министерот, исто така, информираше дека Законот за нефер трговски практики ќе стапи на сила до крајот на месецот, дополнувајќи дека фирмите имаа шест месеци да ги усогласат своите цени.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете