Достапни линкови

Османи - Реакцијата на Бугарија е диспропорционална


инистерот за надворешни работи Бујар Османи.
инистерот за надворешни работи Бујар Османи.

Македонското МНР не добило официјална потврда дали повлекувањето на бугарскиот амбасадор од Македонија е поради претепувањето на Пендиков во Охрид. Доколку причината е таква, тогаш бугарската реакција е непропорционална, вели за РСЕ македонскиот шеф на дипломатијата Бујар Османи.

Додека бугарскиот амбасадор е на консултации во Софија, шефот на македонската дипломатија наведува дека не ги разбира мотивите на последните настани, а од фиока се вади можноста за блокирање на македонските евроинтеграции.
Сè, сепак, се случува пред бугарските вонредни избори закажани за 2 април. Тоа ќе бидат петти избори во Бугарија за две години, овојпат распишани откако на последното собрание не успеа да формира влада.
За шефот на македонската дипломатија изборите се „отежителна околност“ која ги усложнува односите меѓу двете соседни балкански држави.

Доколку повлекувањето на бугарскиот амбасадор од Македонија е поврзано со инцидентот кој се случи во Охрид, тоа би го сметал за диспропорционална акција, бидејќи станува збор за индивидуален инцидент за кој државата ги презеде сите можни мерки, изјави за Радио Слободна Европа министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Османи: Диспропорционална реакција е повлекувањето на бугарскиот амбасадор
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:33 0:00

„Државата ги идентификуваше веднаш сторителите, едниот е во притвор. Имаше осуда од страна на претседател, премиер, министер за надворешни работи. Јас отидов во Софија, изразивме тоа што треба државата да го покаже кон наш државјанин и граѓанин, така да не гледам што би било поврзаноста меѓу едниот случај и реакцијата“, вели Османи.

По затишје од неколку месеци, повторно ескалираат односите меѓу Бугарија и Македонија.

Бугарија вчера објави дека го повлече својот амбасадор од Скопје и најави можно ново вето на македонските евроинтеграции. Македонските институции разгледуваат дали ќе им забранат влез на некои бугарски државјани што ја навредуваат Македонија.

Бугарскиот министер за надворешни работи Николај Милков денеска изјави дека Бугарија ќе ги преземе сите мерки во врска со случајот со Христијан Пендиков во Охрид и дека тие се веќе во тек, посочувајќи дека ги информирал и министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ на Советот за надворешни работи во Брисел. Македонскиот бугарин Пендиков минатата недела беше претепан во Охрид и се здоби со тешки телесни повреди, по што беше пренесен на лекување во Воено медицинската академија (ВМА) во Софија.

Милков вчера изјави дека бугарскиот амбасадор Ангел Ангелов ќе остане надвор од Северна Македонија се додека, како што рече, Софија не види знаци на промена.

Според Османи, не може еден индивидуален инцидент да се генерализира и да се извлечат заклучоци за тоа како се однесува државата кон заедниците и новите одлуки на бугарската Влада ги поврзува со претстојните избори.

„Република Бугарија влегува во изборен процес. Тие имаат на 2 април избори, а веќе две години нема политичка влада и тоа е навистина отежнувачки фактор, бидејќи обично изборите ги комплицираат сензитивните прашања и не даваат простор за дипломатите си ја завршат работата како што треба. За жал, и кај нас има политиканство во тој дел, затоа коментирав дека сезоната на провокатори, насилници и политички профитери е отворена и сега секој е влезен во акција, но ние мора да ставиме стоп на тој циклус на влошување на односите“, вели Османи.

Ова се случува, кога едната страна попушта сè, коленичи, ведне кичма, а другата страна добива сè, во случајот Бугарија, таа страна мисли дека природна право и е да добие сè што ќе побара, рече денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

„Она кое што вознемирува е фактот што оваа влада и покрај сите отстапки и покрај сето тоа што беше побарано од оваа Влада, практично сè отстапи, сè потпиша во интерес на зачувување на своите лични фотелји, но другата страна, и покрај сето, тоа влегува во еден така наречен конфликт, кој би го ставил на ниво на студена војна меѓу двете држави“, вели Мицкоски.

Османи вели не размислуваат за повлекување на македонската амбасадорка од Софија, туку очекуваат да продолжи дијалогот со Бугарија.

Но, во новиот спор меѓу Северна Македонија и Бугарија, Софија не може да го „реактивира“ своето вето на пристапните преговори на Скопје со ЕУ.

Според она што беше одлучено во јули 2022 година, преговорите за пристап на Северна Македонија и на Албанија во ЕУ треба да започнат и тоа не може да се врати назад.

Во моментов, Европската комисија прави скрининг на сите 33 поглавја за пристапување: од заштита на потрошувачите до надворешна политика, за да види што Северна Македонија треба да направи на секое политичко поле за да стане членка на ЕУ. Овој процес најверојатно ќе заврши наесен.

Како и која било друга од 26-те земји-членки на ЕУ, Бугарија мора да даде зелено светло за отворање, но и за затворање на секое поглавје од преговорите и тука Бугарија повторно може да стави вето.

Со тоа, Бугарија во моментов нема реално вето, но има множности за многу вета понатаму, што и дава силна позоција да ги диктира односите меѓу Софија и Скопје во годините што доаѓаат.

Односите меѓу Македонија и Бугарија се напнати во изминатите повеќе од две години, откако Софија започна со блокада на македонските евроинтеграции во 2019 година поради историски, јазичен и идентитетски спор.

Блокадата делумно се надмина летоска и преговорите на земјава со ЕУ почнаа, но Бугарија го условува отворањето на поглавјата со внесување на Бугарите во македонскиот Устав, за што во моментов го нема потребното двотретинско мнозинство.

На 4 февруари е најавено одбележување на 151-годишнината од раѓањето на револуционерот Гоце Делчев, за кога е најавено доаѓање на поголема група бугарски граѓани во Скопје, а истовремено активисти на ВМРО-ДПМНЕ најавија дека уште од утринските часови Македонци ќе бидат во црквата „Свети Спас“.

Македонската Влада пред два дена го задолжи Министерството за внатрешни работи (МВР) да преземе мерки за обезбедување на овој настан.

Македонија и Бугарија во 2017 година потпишаа Договор за добрососедство, пријателство и соработка. И покрај тоа, Бугарија во 2019 година стави вето Скопје да ги почне преговорите со Европската унија.

Минатото лето Бугарија, како и Македонија, го усвоија таканаречениот француски предлог и Софија го укина ветото за почеток на преговорите за влез на Северна Македонија во Европската унија (ЕУ).

За да почне отворањето на поглавјата со ЕУ како услов остана промена на Уставот на Македонија за да бидат вметнати Бугарите во Преамбулата. Во Македонија имаше протести поради усвојувањето на францускиот предлог.

Во меѓувреме, тензиите беа разгорувани со отвоањето на бугарските клубови во Македонија и македонскиот клуб во Бугарија.

Во Македонија се отворија бугарските клубови „Ванчо Михајлов“ и „Цар Борис Трети“, а во Бугарија македонскиот клуб „Никола Вапцаров“. Во двете земји ова се доживува како провокација и на отворањето на клубовите имаше протести.

По неколку месеци намалени тензии, сега повторно провокациите се разгореа, прво со бугарското чествување на Мара Бунева на 14 јануари во Скопје, каде европратеникот Ангел Џамбаски изјави дека Македонија е бугарска.

Потоа беше претепан и македонскиот Бугарин Христијан Пендиков во Охрид. Пендиков беше пренесен со бугарски владин авион ден по нападот и беше опериран во понеделникот.

На 23 јануари македонскиот претседател Пендаровски свика седница на Советот за безбедност, по која рече дека ќе побара од Владата да им забрани влез во земјава на неколку бугарски државјани кои водат антидржавна кампања против Северна Македонија се поврзани со руската разузнавачка служба.

Џамбаски упати закани до македоснкиот претседател, а македонското МНР соопшти дека заканите се прашање со кое сериозно се занимаваат безбедносните служби.

Министерот за внатрешни работи Олиевр Спасовски изјави дека на 4 февруари ќе соопшти дали ќе му биде забранет влез за одбележувањето на 151-годишнината од раѓањето на револуционерот Гоце Делчев.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG