Достапни линкови

Чествувањето на Делчев настан од висок ризик кој службите нема немо да го набљудуваат


Илустрација
Илустрација

Случувањата со Бугарија биле во фокусот на денешната седница на Советот за безбедност во претседателската вила Водно. Претседателот Стево Пендаровски изјави дека чествувањето на Гоце Делчев во Скопје на 4 февруари е настан од висок безбедносен ризик. Тој изјави дека структурите во Бугарија кои водат антидржавна кампања против С. Македонија се поврзани со руската разузнавачка служба и рече дека ќе побара од Владата да им забрани на неколку бугарски државјани да влезат во земјата поради нивните постапки.

Три часа зад затворени врати денеска заседаваше Советот за безбедност во претседателската вила Водно. Главната тема на денешната 18 седница на Советот е безбедносната ситуација околу чествување на 151 годишница од раѓањето револуционерот Гоце Делчев во Скопје на 4 февруари, за што македонскот претседател Стево Пендаровски изјави дека тоа е настан од висок безбедносен ризик.

По седницата на Советот, тој изјави дека посебен фокус на седницата бил ставен на најновиот развој на настаните во односите со Бугарија, а како што вели поводот не бил само немилиот настан во Охрид затоа што тоа е само мало делче од целиот мозаик. За таа тема пред членовите на Советот, реферирале директорите на безбедносните служби. Тие најавиле дека се очекува организирана група да пристигне во Македонија на одбележување на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев.

„Се работи за организирани активности од страна на структури од Бугарија кои се активирани по усвојувањето на европската преговарачка рамка во јули минатата година. Истите овие структури се веќе мобилизирани и логистички и финансиски за да го поддржат организираното доаѓање на повеќе лица во Скопје на 4 февруари кога го одбележуваме денот на раѓањето на Гоце Делчев. Според сите проценки тоа ќе биде настан од висок безбедносен ризик и надлежните органи не смеат и нема да бидат само неми набљудувачи на тоа што ќе се случува“, изјави Пендаровски.

Во однос на тоа кои се бугарските државјани за кои зборува Пендаровски, вели дека не може да прејудицира и да прецизира кои се тие, но вели дека станува збор за лица за кои постојат сомневања дека се поврзани со руската разунавачка служба.

Заедничката историска комисија на Македонија и Бугарија која е формирана во 2018 година, согласно Договорот за пријателство потпишан во 2017 година меѓу двете земји четири години не успеа да дојде до заедничка препорака за чествување на Делчев.

Заедничкото чествување од страна на политичарите на двете земји сепак имаше на одбележувањето на 150 годишнината од раѓањето на Делчев иако комисијата нема постигнато договор. Делчев загина во 1903 година во селото Баница.

Пендаровски изјави дека постојат два начини на македонски одговор, на како што вели, вакви организирани антидржавни кампањи кои ги спроведуваат политички партии и поединци.

Првиот е со културна дипломатска реторика, како досега, и тој круг на провокации кој не останува само на зборови, туку предизвикува и насилство кое нема да заврши, но ние нема да прекинеме, а вториот е со мерки кои секоја сериозна држава ги презема во такви ситуации. Затоа тој најави дека ќе и предложи на Владата да воведе забрана за влез во државата на еден пратеник во Европскиот парламент од Бугарија и на неколку други државјани на Бугарија поради дејствијата кои ги преземаат против Македонија.

„Законски услови за таква мерка постоеја и порано и сега постојат. Тоа се закана за јавниот поредок, закана за национална безбедност, закана за меѓународните односи на Северна Македонија. Тоа значи дека ако таквите лица се надвор од земјава да не им биде дозволен влез, ако веќе се внатре да им биде откажен престојот и да бидат прогласени за персона нон грата“, вели претседателот.

Тој изјавата на бугарскиот министер за надворешни работи Милков за репресиите во Македонија, ја нарече страшна и како што кажа единствено може да е точна ако мисли за времето 1941-44 година, а бугарскиот технички министер за надворешни работи го повика кога ќе има време да прошета до Ваташа, да види дел од таа традиција, местото каде се стрелани 12 младинци од селото.

„На крајот, сакам да упатам една порака до надлежните институции во Бугарија, кои не се дел од овие сценарија: изолирајте ги политички луѓето кои не сакаат добрососедски односи, ние тоа го правиме и ќе го правиме кај нас. Македонија не ви е непријател, меѓутоа, оваа држава има закони, има достоинство и кога тие граници ќе бидат преминати, ние секогаш ќе реагираме за да се заштитиме. Секоја сериозна држава впрочем на светот тоа го прави, вклучително и Бугарија“, изјави претседателот.

Тој смета дека нема основа за ново вето од Бугарија. Претседателот очекува да се преземат сите можни безбедносни мерки од границата со Бугарија, па се до локацијата во Скопје каде што ќе се врши чествувањето.


Односите со Бугарија и уставните измени

Македонија во последниов период се соочува со нарушени односи со Бугарија, а масло на огнот беше претепувањето на секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, Христијан Пендиков. Бугарскиот министер за надворешни работи Николај Милков изјави дека Бугарија нема да отстапи од заштитата на својата заедница во Северна Македонија.

Ветото од страна на источниот сосед за почеток на преговорите на земјава со ЕУ се надмина со услов Македонија во уставот да ги внесе Бугарите, за што е потребно двотретинско мнозинство во парламентот кое уште не е обезбедено.

Се погласни се најавите дека на уставните измени веќе се работи. Првиот вицепремиер Артан Груби вчера потврди дека владините коалициски партнери веќе ги започнале подготовките за уставни измени и порача дека се решени да создадат Алијанса за Европа со сите прогресивни сили во земјава.

Уставните измени, како и евроинтеграциите беа централна тема и во новогодишното обраќање на Пендаровски пред пратениците, кој порача дека е потребна кристално јасна и чиста правна и политичка процедура за промена на Уставот.

Пендаровски посочи дека на седницата министерот за надворешни работи Бујар Османи, реферирал за македонското претседавање со ОБСЕ и за случувањата со војната во Украина. За состојбата во Косово реферирала министерката за одбрана Славјанка Петровска.

„Добра вест е дека таму состојбата се смирува, во тек се дипломатски иницијативи во кои се вклучени неколку релевантни меѓународни актери и добро е што двете страни се вратија на дијалогот. Можеби нема да има договор во овој период, но, секогаш е подобро да се разговара во институциите, отколку луѓето да се на терен, а силите на НАТО и на ЕУ да се помеѓу вас“, вели тој.

Ова беше прва седница годинава на која за прв пат присуствуваше и новиот директор на Агецијата за национална безбедност (АНБ) Зарко Милошевски. Станува збор за редовна седница на која освен членовите, присуствуваа и директорот на Агенцијата за разузнавање Еролд Муслиу и Началникот на Генералштабот на Армијата генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG