Достапни линкови

Средба со Штајнмаер - За Балканот и пријателството


Михаела Душански, авторка на колумната
Михаела Душански, авторка на колумната

На тоа патување во Тирана, за средба со германскиот претседател Штајнмаер, сфатив дека колку и различности да забележиме помеѓу државите на Балканот, ние сме една средина во која владее слична атмосфера, слични проблеми и секако сличен менталитет. Авторка на колумната: Михаела Душански

Беше еден нормален училишен ден, кога мојот класен раководител ме повика да разговараме. Ме извести дека на 01.12.2022 ќе се одржува работилница во Тирана, на која ќе присуствува германскиот претседател Франк Волтер Штајнмаер. Климав со главата потврдно додека не сфатив дека и јас сум повикана да присуствувам - останав стаписана.

Со само две недели подготовка и многу површни информации за тоа како да се подготвам, заедно со професорката по германски јазик тргнавме за Тирана. За околу шест часа се најдовме пред хотелот во кој престојувавме следните четири дена. На настанот учествуваа по двајца средношколци од Републиките: Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово и Албанија. Беа повикани DSD – училишта, чиј што претставник требаше да зборува германски и Super Schools – училишта чии претставници зборуваа исклучиво на англиски. Сите активности беа преведувани на двата јазика.

Првата вечер беше испланирана за запознавање. Ни поделија листови со различни задачи и организирана беше бинго игра, но наместо бројки собиравме потписи од луѓето присутни во просторијата. Потписот се добиваше со пронаоѓање на некоја личност што му одговара на соодветниот опис од задачите на листот.

Трансформирање на градовите во Smart Cities

Вториот ден беше всушност главната работилница, која требаше да нѐ подготви за панел дискусијата со претседателот. Според насоки од професорката, изработив презентација во која дадов критика за архитектурата на градот Скопје. Сите учесници ги споделија критиките за своите градови. Во попладневните часови изработивме хамери за неколку од градовите на земјите претставнички, само за на крајот да одбереме две презентации кои ќе бидат презентирани пред германскиот претседател. Во овие презентациии беа опфатени идеи и можности за трансформирање на градовите во т.н. Smart Cities, односно Паметни Градови. Целта беше да размислуваме иновативно и според идеи од градови како Барселона и Дармштад, кои се веќе дигитализирани, да дадеме предлози за градовите на Балканот.

Третиот ден беше организирана обиколка на градот. Секој од учениците беше доделен на ученици од гимназијата Сами Фрешери, Тирана. Девојчето што ми се падна мене ми ги покажа сите важни обележја во близината на центарот на градот. По обиколката се упативме кон гимназијата, каде што се одржуваа сите активности. Ги финализиравме презентациите и го спремивме текстот, кој требаше да се презентира пред претседателот истото попладне.

Неколку часа пред настанот чекавме во просторијата во која требаше да се одвива самата панел дискусија. Дванаесет деца од шест различни балкански држави, сите застанати пред истата планина – предизвик. Поддршката која владееше во просторијата ми остави најголем впечаток. Сите дванаесет учесници заедно ги изработивме презентациите и заеднички се претставивме како една целина – Балкан.

„Нормалното сликање“ не е во мода

Ја имав таа чест да седнам до самиот германски претседател. Тој беше воодушевен од нашите креативни идеи. По презентирањето, имавме можност да одговориме неколку од поставените прашања. Не прашаа на кои јазици комунициравме помеѓу себе во текот на работилницата и дали се соочивме со слични проблеми во нашите градови, за кои секако најдовме и слични решенија. На крајот од дискусијата успеав да му се заблагодарам на претседателот и да направам едно селфи со него, на што тој смеејќи се искоментира дека нормалното сликање веќе не е во мода.

Задоволни од успешната дискусија се најдовме во центарот на Тирана за да направиме уште една последна обиколка на градот. Се зачудив од многубројните висококатници и безбројните божиќни сијалици кои беа поставени насекаде низ улиците. Следното утро, рано тргнавме назад кон Скопје. Се поздравивме со новостекнатите пријатели од Србија кои беа доволно љубезни да нѐ земат со нив на патот кон Тирана и секако нѐ вратија назад во Скопје.

Не знаеме дали ќе успееме додека не пробаме

За мене, ова преставуваше едно незаборавно искуство, од кое многу научив. Пред сѐ сфатив дека колку и големи да изгледаат предизвиците, никогаш нема да знаеме дали ќе успееме додека не пробаме.

Исто така, сфатив дека колку и различности да забележиме помеѓу државите на Балканот, ние сме една средина во која владее слична атмосфера, слични проблеми и секако сличен менталитет. Се спријателив со сите единаесет учесници, затоа што немаше ученик кој не беше извонреден на свој начин. Со голем ентузијазам го очекувам следниот настан кој ќе ме предизвика како оваа неодамнешна посета на Тирана.

XS
SM
MD
LG