Достапни линкови

Познатата карта во еден правец или вистински партнер на младите


Сергеј Попов УМС ВМРО - ДПМНЕ

Да, многу е полесно ако решиме да се откажеме, ако решиме да заминеме и да оставиме се зад себе, многу е полесно кога би се оградиле од она што се случува и оставиме на некој друг да се справува со она што и нам и на многумина други ни претставувало проблем и тешкотија за живеење. Јас ќе речам – ќе имаме сила ако сме соединети. Пишува Сергеј Попов - УМС на ВМРО-ДПМНЕ.

Точно е, дека ниту јас како претседател на најголемиот политички подмладок, сам не можам ништо, ниту било кој еден млад човек. Но доколку ги соединиме нашите идеи, нашите аспирации и нашата заедничка борба, тогаш ќе успееме да се избориме со овој непријател на општеството кој се нарекува СДСМ.

Не случајно велам непријател, затоа што се залагаат за се, освен за младиот човек, во сите сегменти од животот. Според последните анкети, само третина од младите во Република Македонија веруваат дека за пет години државата ќе биде подобро место за живеење а дури 58% од младите би се иселиле од Република Македонија доколку им се укаже бројка.

Како млад човек, згрозен сум од ваквата тажна слика на младите, која непријателот наречен СДСМ ја причинува секојдневно во уште поголеми размери. Замислете, според истата анкета на Фондација за демократија Весминстер, дури 77,3% од младите сметаат дека власта во Македонија воопшто не се грижи за младите и нивните потреби. И, потполно со ова сум согласен.

Да ги погледнеме само условите во студентските домови, да ги погледнеме само секоја година се пониските рангирања на државните универзитети во Македонија, да ја погледнеме само суровата нееднаквост. Какви услови им се пружани на младите, на оние кои сакаат да се образуваат и творат во државата. Јас велам, младите кои решиле да се образуваат и да останат да работат во Македонија се најголемото богатство на Македонија и не смееме да си дозволиме секојдневно да ја напуштаат, не смееме да дозволиме својот леб да го бараат некаде надвор, не смееме да го зголемиме бројот на одлив на мозоци кои секојдневно е се поголем, а тие млади ја збогатуваат некоја друга држава. За жал, тоа е суровата реалност пред која сме соочени последните 5 години.

Од друга страна, наспроти ова, ја имаме силната визија на Унијата на Млади Сили и на ВМРО – ДПМНЕ, која постојано работи на подигнување на националната свест кај младите луѓе во Македонија, на промоцијата на нашата идеологија како историски континуитет, како и кон целокупното подобрување на животот на секој млад човек во државата.

Тоа веќе го докажуваме преку вреднувањето на младите луѓе во општините, онаму каде што ВМРО – ДПМНЕ има свои градоначалници и каде што општините се делумно раководени од младите, низ низа на органи, мерки и тела со кои младите имаат советодавна улога и секојдневно се борат за подобрување на животот на младите во општините. Колку и да сака човек, не може да ја игнорира и занемари големата успешност на бројни градоначалници од редовите на ВМРО – ДПМНЕ, кои ја бележат веќе цела година.

Токму тие градоначалници доаѓаат од редовите на Унијата на Млади Сили и токму тие градоначалници знаат што вистински им е потребно на младите луѓе, а посебно во својата општина каде што израснале и твореле. Ако ја погледнеме ваквата локална власт и овие општини кои ја прават Македонија надежно место за младите, тогаш со сигурност можеме да кажеме дека централна власт предводена од политичарите на ВМРО – ДПМНЕ е ништо друго освен голем напредок за државата а со тоа несомнено и во голем дел за младите во Република Македонија.


Унијата на Млади Сили, секојдневно е меѓу средношколците, меѓу студентите и рамо до рамо со нив се соочува со проблемите, затоа што и всушност самите ние сме студенти, средношколци, баратели на работа или водиме друга заедничка битка против централната власт.

За разлика од нашиот политички противник, УМС има јасни визии и принципи за европска инклузија и има јасна визија за Македонија како неразделив дел од европското семејство. И колку и власта да негира, дека националните прашања не се важни за животот на младите конкретно и како тоа младите не ги интересира историјата, ќе се согласиме дека ниту еден млад човек не сака да живее во обесправена и национално обесправена држава, ниту еден млад човек не сака во својата држава да се чувствува како странец, само затоа што така наложува националната политика и националните прашања. Ниту еден млад човек не може и не сака да живее во држава која си ја негира својата историја, кога самите сме свесни што се случувало години наназад.

Овде си го поставуваме прашањето, доколку сега сме национално обесправени и ова поминува толку лесно кај нашите политичари, што ли ќе се случува во иднина, во каква и во која држава ние ќе останеме да живееме и, на крај, ќе има ли држава која што ќе ни остане како своја татковина?

Дека ВМРО – ДПМНЕ, со тоа и Унијата на Млади Сили е директен и реален партнер на студентите во Република Македонија, докажуваме низ години, со тоа што конкретно работиме на подобрување на студентскиот стандард до кој доведе СДСМ. Мораме да се согласиме дека барањата на студентите се рационални и оправдани. За мене е поразителен факт што условите кои што ги бараат не им се веќе на располагање како секојдневен факт.

Вистински сме згрозени од последните случувања на полето на условите на студентите, вистински сме загрижена од односот на власта кон студентите кои се дури 50.000 студенти. Тоа се 50.000 семејства, тоа е 50.000 луѓе – иднина на Македонија и не смеат да се почувствуваат дека власта ги остава на цедило.

Верувајте, тоа последниве години е случај. Условите на студентите е помеѓу првите две причини за иселување на младите, затоа што тие или се иселуваат за свои студии, или по нивното завршување. Како морална, демократска и партија на народот, пратениците на ВМРО – ДПМНЕ се повторно со младите и деновиве поднесоа амандмани за подобрување на студентскиот стандард, а тоа се 100 милиони денари за реконструкција на студентските домови, 100 милиони денари за енергетски ефикасна рехабилитација на студентските домови, 200 милиони денари за еднократна финансиска помош за сите ученици во основно и средно образование кои доаѓаат од семејства со примања до просечна плата, 200 милиони денари за покачување на субвенцијата за студентските оброк од 120 на 160, 300 милиони денари за унапредување на науката и научно истражувачката работа.

Се надевам дека пратениците на СДСМ ќе се одважат и охрабрат да ги прифатат овие амандмани за младите да имаат подостоинствени услови на најголема инфлација, која во моментов изнесува 20%. Јас како човек со директен контакт со студенти, можам слободно да кажам дека навистина има и зошто да си заминуваат од оваа наша држава во распаѓање.

Сепак, како што кажав, мојот став е дека не смееме да се откажеме, затоа што тоа им го должиме на генерациите кои доаѓаат после нас, полни со ентузијазам, полни со енергија, полни со порив. Подобар живот може да им овозможи само правна и праведна држава, подобар живот може да им овозможи висок стандард за студентите, праведна селекција на младите и низа поволности кои ќе им бидат дадени. Затоа што, сепак, зошто ни е општество без млади, зошто ни е држава без млади? На кого ќе остане иднината, што ќе остане од државата?

Сега, на младите им нудиме распадната, корумпирана држава, држава каде што се положуваат правосудни испити без диплома од правен факултет, држава каде што студентите се на најнизок праг, додека криминалците се оние кои слободно си шетаат и си ги развиваат своите бизниси со помош од власта.

Навистина не можам да го разберам тоа, младите повторно и повторно оставени и заборавени, без никаква помош, само со мерки на популизам кои СДСМ ги практикува а со тоа им дава лажна надеж на младите. И, навистина, после секој обид за популизам, се надевав и верував дека овој пат ќе биде поинаку, дека СДСМ ќе направи нешто за младите, а ние УМС ќе ги поддржевме од срце, само и само да биде навистина подобро.

Се сеќавам на бројни проекти за младите кои ги воведе ВМРО – ДПМНЕ а СДСМ ги укина, се сеќавам исто така и на проекти предвидени во програмата на кои самите ние млади работевме, со цел истите да се навистина потребни, неопходни и издржани, кои несебично им ги нудиме на политичарите од владата предводена од СДСМ, но секако дека од нив не постои слух за истите.

Како од капитални проекти, така постои и големата разочараност од не(функционалноста) во општеството, согледувајќи го трулиот систем, согледувајќи ги секојдневните ситуации и случувања во образованието, здравството, културата кои на крај прават се, само правна држава не!

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

XS
SM
MD
LG