Достапни линкови

Вести

Ниска излезност на референдумот за предвремени избори во Словачка

Претседателката на Словачка Зузана Чапутова

Националниот референдум во Словачка за измена на уставот на земјата за да се овозможат предвремени избори не даде правно обврзувачки резултат, бидејќи одѕивот беше премногу низок.

Словачкиот Завод за статистика на 22 јануари соопшти дека гласачите со огромно мнозинство гласале „за“, односно 97,5 отсто одговориле позитивно на референдумското прашање. Сепак, Словачкиот Државен изборен комитет соопшти дека излезноста била само 27,25 отсто. За резултатот да биде правно обврзувачки, излезноста мора да биде повеќе од 50 отсто во земјата со 5,4 милиони луѓе.

Уставот на земјата во моментов не нуди можност за предвремени избори.

Референдумот најмногу го бојкотираа поддржувачите на власта, додека, ак, беше поддржан од опозицијата.

Претседателката на Словачка Зузана Чапутова минатата година одлучи да се оди на референдум, откако три опозициски партии собраа над 380 илјади потписи за поддршка на тој потег.

Одлуката беше донесена пред да падне коалициската влада предводена од премиерот Едуард Хегер во декември. Владата падна откако и беше изгласана недоверба по неколкумесечната политичка криза.

Редовните избори во Словачка треба да се одржат во февруари 2024 година. Сепак, може да се одржат избори и порано, доколку Парламентот изгласа измени на Уставот.

Чапутова му даде рок на парламентот до крајот на јануари да овозможи предвремени избори. Таа побара од кабинетот на Хегер да остане на функцијата со намалени овластувања како преодна влада.


Доколку политичките партии не го испочитуваат крајниот рок, Чапутова рече дека ќе избере нов премиер.

Неодамнешните анкети сугерираат дека опозицијата би имала добри шанси за победа доколку наскоро се одржат избори.

На деветте референдуми откако Словачка стекна независност во 1993 година по расцепот на Чехословачка, само референдумот за влез на земјата во Европската унија во 2003 година го исполни условот од 50 отсто излезност.

види ги сите денешни вести

Бројот на загинати во земјотресот во Турција и Сирија надмина 5.000

последици од катастрофалниот земјотрес во Турција и Сирија

Турскиот потпретседател Фуат Октај изјави денеска дека бројот на загинати во земјотресите со центар во југоисточна Турција се искачи на 3.419, со што вкупниот број, вклучувајќи ги и загинатите во Сирија, е повеќе од 5.000. Во изјавата за новинарите, Октај рече дека тешките временски услови го отежнуваат носењето помош во погодените региони и спасувањето. Тој рече дека само на возилата за спасување и помош им е дозволено да влезат или да излезат од Хатај, Караманмарас и Адијаман, три од најпогодените провинции. Спасувачките операции се фокусирани врз тие три провинции и Малатија, додаде Октај.

Земјите ширум светот испратија тимови за да помогнат во спасувачките напори, а досега неколку екипи за итни случаи се на терен, со нивните напори спречени од ниските температури и близу 200 последователни потреси, што ја направи потрагата низ нестабилните структури опасна. Во провинцијата Хатај, официјалните лица рекоа дека до 1.500 згради се уништени, а многу луѓе се заробени под урнатините. Во провинцијата Хатај, илјадници луѓе се засолниле во спортски центри или пазари, додека други биле принудени да ја поминат ноќта надвор. Земјотресот, чиј центар беше во југоисточната турска провинција Караманмарас, ги натера жителите на Дамаск и Бејрут да брзаат на улица и се почувствува до Каиро.

Продолжува руското воено засилување во источна Украина

илустрација

Русија носи засилување во источна Украина пред можна нова офанзива, изјави украинскиот гувернер, но британското разузнавање во вторникот соопшти дека е малку веројатно Русија да има доволно сили за значително да влијае врз војната во рок од неколку недели. „Гледаме се повеќе и повеќе руски резерви кои се распоредуваат во наша насока, гледаме дека се внесува повеќе опрема...“, рече Серхи Хајдаи, гувернер на Украина на провинцијата Луганск, главно окупирана од Русија. „Тие носат муниција што се користи поинаку од порано - тоа веќе не е деноноќно гранатирање. Тие полека почнуваат да штедат, се подготвуваат за целосна офанзива“, изјави Хаидаи за украинската телевизија, додавајќи: „Најверојатно ќе им требаат 10 дена за да соберат резерви. По 15 февруари можеме да ја очекуваме (оваа офанзива) во секое време“.

Во очекување да пристигне западната воена помош, Украина вели дека Русија би можела да започне голема офанзива од „симболични“ причини околу годишнината од инвазијата на 24 февруари, која Москва упорно ја нарекува „специјална воена операција“. Самата Украина планира пролетна офанзива за да ја врати изгубената територија, но ја чека испораката на ветените западни ракети и борбени тенкови со поголем дострел, а некои аналитичари велат дека земјата била со месеци од тоа да биде подготвена. Британското одбранбено разузнавање во својот дневен извештај објави дека руската војска најверојатно се обидела од почетокот на јануари да ги рестартира големите офанзивни операции насочени кон заземање на делови од Доњецк што се под контрола на Украина. Сепак, руските сили добија мала територија бидејќи „немаат муниција и маневарски единици потребни за успешна офанзива“, се вели во извештајот.

Северна Кореја ќе ги прошири и интензивира воените вежби

Ким Џонг Ун

Армијата на Северна Кореја објави дека ќе ги прошири и интензивира воените вежби како дел од „воените подготовки“, објавија денеска локалните медиуми. Одлуката била донесена на состанокот во понеделникот со кој претседаваше севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун. На дневен ред на состанокот беше „континуираното проширување и зајакнување на операциите и борбените вежби на Корејската народна армија со цел строго да се усоврши подготовката за војна“, пренесе севернокорејската новинска агенција КЦНА. Сателитски снимки покажаа дека во Пјонгјанг се во тек „големи подготовки за воена парада“, пред претстојните национални празници.

Северна Кореја ја слави годишнината од основањето на вооружените сили на 8 февруари, а роденденот на Ким Јонг Ил, таткото и претходникот на сегашниот севернокорејски лидер Ким Џонг Ун е на 16 февруари. Сеул и Вашингтон во минатата недела спроведоа воздушни вежби со стратешки бомбардери и борбени авиони, што го налути Пјонгјанг. Севернокорејските власти тогаш рекоа дека таквите маневри би можеле „да предизвикаат сеопфатен конфликт“ и додадоа дека вежбите „ја преминале црвената линија“. Северна Кореја ги смета вежбите како проба за инвазија врз нејзината територија.

Лајчак: Мило ми е што Косово начелно го прифати предлогот на ЕУ

Мирослав Лајчак и Албин Курти

Специјалниот претставник на Европската унија за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, денеска го изрази своето задоволство што Косово начелно го прифати предлогот на ЕУ за нормализација на односите помеѓу двете страни. „Мило ми е што Косово начелно го прифати предлогот на ЕУ. Ќе ги продолжиме нашите разговори на средба на високо ниво“, напиша Лајчак на Твитер. Високиот претставник на ЕУ додаде дека во понеделникот во Приштина и Белград разговарал со косовскиот премиер Албин Курти, главниот преговарач Бесник Бислими, а потоа и со српскиот претседател Александар Вучиќ и со претседателот на Канцеларијата за Косово и Метохија на Владата на Србија, Петар Петковиќ.

Вучиќ синоќа по средбата со Лајчак на Инстаграм напиша дека имале „отворен и пријателски разговор“. „Отворен и пријателски разговор со Мирослав Лајчак. Кога велам отворено, навистина мислам“, додаде Вучиќ. Курти по средбата рече дека Приштина го прифаќа планот на ЕУ за нормализација на односите со Белград, дека тоа е „добра основа за понатамошни дискусии и напредок“ и додаде дека за време на разговорите во Брисел ќе „постави некои прашања“ за тој предлог.

Во Франција трет бран штрајкови поради пензиските реформи

протести во Франција против пензиските реформи

Синдикатите во Франција денеска започнаа трет бран национални штрајкови против плановите на претседателот Емануел Макрон да ги натера Французите да работат подолго пред пензионирањето. Железничките услуги се откажани, училиштата не работат, прекинати се и рафинериските испораки, бидејќи работниците во повеќе сектори излегоа, а синдикатите ја повикаа јавноста повторно да излезе на улиците во голем број. Владата вели дека луѓето мора да работат две години подолго - што значи за повеќето до 64-годишна возраст - за да го задржат буџетот на еден од најдарежливите пензиски системи во индустрискиот свет.

Французите поминуваат најголем број години во пензија меѓу земјите на ОЕЦД - длабоко негувана придобивка од која значително мнозинство не сака да се откаже, покажуваат анкетите. Министерот за труд Оливие Дусоп ги отфрли обвинувањата на опозицијата дека владата ги негирала размерите на уличните протести низ целата земја минатиот месец и рече дека е потребна промена. „Пензискиот систем е загубар и ако се грижиме за системот, мора да го спасиме“, изјави министерот за радио РМЦ. Филип Мартинез, лидер на синдикатот ЦГТ, рече дека Макрон игра „опасна игра“ во продолжувањето на длабоко непопуларната реформа во време кога домаќинствата се соочуваат со висока инфлација.

Бајден ќе одржи говор за состојбата на Унијата

Џо Бајден

Претседателот на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес Кевин Мекарти го покани претседателот Џо Бајден да го одржи годишното обраќање за состојбата на Унијата пред Конгресот на 7 февруари, а Белата куќа соопшти дека Бајден ја прифатил поканата. Годишното обраќање до Конгресот ќе му даде на Бајден шанса да ги истакне клучните приоритети и точки на агендата. Годинашниот говор за состојба на Унијата ќе се случи со републиканците кои го контролираат Претставничкиот дом, позиција на моќ што Републиканската партија ја користи за да започне истраги за надзор на Конгресот насочени кон администрацијата на Бајден.

Тоа, исто така, доаѓа кога Бајден се соочува со засилена контрола во врска со ракувањето со доверливи документи откако тој го напушти потпретседателството. Јавниот обвинител Мерик Гарланд веќе назначи специјален советник кој ќе ја преземе истрагата за доверливите документи, пронајдени во домот и поранешната приватна канцеларија на Бајден. Истрагата на специјалниот советник, заедно со истрагите за надзор планирани од Претставничкиот дом предводен од републиканците, значи дека Бајден може да биде во дефанзива во следните две години.

Назначувањето претставува уникатен момент во американската историја, при што специјалните советници го истражуваат актуелниот претседател и неговиот непосреден претходник во исто време. Гарланд во ноември назначи специјален советник да ги надгледува кривичните истраги за задржување на информации за националната одбрана во одморалиштето Мар-а-Лаго на поранешниот претседател Доналд Трамп и од бунтот од 6 јануари 2021 година.

Продолжуваат спасувачките напори по земјотресите во Турција и Сирија

по земјотресот во Турција

Продолжуваат напорите за спасување на жртвите за кои се стравува дека се затрупани под урнатините на илјадници згради уништени од силниот земјотрес и неколку последователни потреси што ја погодија источна Турција и соседна Сирија. Повеќе од 4.000 луѓе загинале во земјотресот со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала што се случи во раните утрински часови на 6 февруари.

Земјите ширум светот испратија тимови за да помогнат во спасувачките напори, а досега неколку екипи за итни случаи се на терен, со нивните напори спречени од ниските температури и близу 200 последователни потреси, што ја направи потрагата низ нестабилните структури опасна. Во провинцијата Хатај, официјалните лица рекоа дека до 1.500 згради се уништени, а многу луѓе се заробени под урнатините. Во провинцијата Хатај, илјадници луѓе се засолниле во спортски центри или пазари, додека други биле принудени да ја поминат ноќта надвор. Земјотресот, чиј центар беше во југоисточната турска провинција Караманмарас, ги натера жителите на Дамаск и Бејрут да брзаат на улица и се почувствува подалеку до Каиро. Најмалку 2.921 лице загинаа во 10 турски провинции, а речиси 16.000 се повредени, според турските власти.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган прогласи седумдневна национална жалост. Во Сирија, бројот на загинати во областите под контрола на владата се искачи на 656 лица, а околу 1.400 се повредени, според Министерството за здравство. Во северозападниот дел на земјата, контролиран од бунтовниците, групите што дејствуваат таму соопштија дека најмалку 450 луѓе загинале, а стотици се повредени.

Во Турција и Сирија, според новиот биланс, во земјотресот загинале 4.890 лица

последици од земјотресот во Турција

Во серијата земјотреси во Турција и Сирија загинаа 4.890 луѓе, според новиот биланс на загинати денеска објавени од официјалната турска хуманитарна организација Афад. Во Турција загинаа 3.381 лице, додаде организацијата, која не го прецизираше новиот број на повредени. Во претходниот извештај пред неколку часа, организацијата Афад наведе дека во Турција и соседна Сирија загинале 4.365 лица, додека во Турција имало 15.384 повредени. Турција во понеделникот беше погодена од два силни земјотреси со јачина од 7,8 и 7,5 степени.

Првиот земјотрес се случи во 4:17 часот по локално време, во областа Пазарчик, провинцијата Караманмарас, на околу 60 километри додека врана лета од границата со Сирија. Следеа неколку десетици последователни потреси, пред вториот силен земјотрес во 10:24 часот по средноевропско време. Ова се најголемите земјотреси во Турција од 17 август 1999 година, кога загинаа 17.000 луѓе, од кои 1.000 во Истанбул.

Гутереш стравува дека на светот му се заканува ширење на војната од Украина

Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш

Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш предупреди дека светот постепено се соочува со предизвици со кои денешните генерации сè уште не се соочиле и изрази страв од ширење на војната во Украина. На Генералното собрание на ОН, Гутереш рече дека експертите кои ја процениле состојбата на светот во 2023 година го поставиле часовникот на Судниот ден на 90 секунди до полноќ, што е најблиску до „тотална глобална катастрофа“ досега.

Тој укажа на војната во Украина, „немилосрдната климатска катастрофа“, растечката нуклеарна закана, зголемениот јаз меѓу богатите и сиромашните и „епските геополитички поделби“ кои ја поткопуваат „глобалната солидарност и доверба“. Во долгото обраќање, Гутереш ги повика 193-те членки на ОН да го променат својот став за донесување одлуки од краткорочно размислување, кое тој го нарече „неодговорно“ и „неморално“, на набљудување што ќе се случи утре и веднаш да дејствуваат. Тој рече дека годинава се навршуваат 75 години од Универзалната декларација за човекови права и дека таа треба да биде потсетување дека темелите на неотуѓивите права на сите луѓе се „слободата, правдата и мирот“.

Гутереш рече дека промената што е потребна денеска мора да започне со мир, почнувајќи од Украина, каде, како што рече, перспективите за мир постојано се намалуваат, а се зголемуваат шансите за натамошна ескалација и крвопролевање. „Се плашам дека светот не месечари кон поширока војна, туку дека тоа го прави со широко отворени очи“, рече Гутереш. Според него, светот мора да работи повеќе на мирот, не само во Украина, туку и во повеќедеценискиот израелско-палестински конфликт, во Авганистан и регионот Сахел во Африка, а потребни се и зголемени мировни напори во Мјанмар и Хаити.

Вучиќ: Отворен разговор со Лајчак

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ и специјалниот претставник на ЕУ за Западен Балкан, Мирослав Лајчак

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ синоќа во Белград изјави дека имал „отворен и пријателски разговор“ со специјалниот претставник на ЕУ за Западен Балкан, Мирослав Лајчак. „Отворен и пријателски разговор со Мирослав Лајчак. Кога велам отворен, навистина го мислам. Сфативте се“, напиша Вучиќ на Инстаграм по средбата со европскиот функционер. Вучиќ пред средбата објави видео порака на Инстаграм во која вели дека „ќе продолжи да ја брани Србија“ и дека Западот „може да сонува за меѓусебно признавање“ на Белград и Приштина.

Претходно, белградските медиуми објавија дека Вучиќ на состанокот на Српската напредна партија рекол дека е подготвен да оди на предвремени избори како кандидат за премиер и дека „нема да попушти пред уцените на Западот, и лажните десничари“. Лајчак претходно беше во од Приштина каде што со премиерот на Косово Албин Курти, разговараше за процесот на нормализација на односите меѓу Белград и Приштина, вклучително и за продолжување на бриселскиот дијалог на највисоко ниво.

Курти по средбата рече дека Приштина го прифаќа планот на ЕУ за нормализација на односите со Белград, дека тоа е „добра основа за понатамошни дискусии и напредок“ и додаде дека за време на разговорите во Брисел ќе „постави некои прашања“ за тој предлог. На 20 јануари, по состанокот со Западната петорка во Белград, Вучиќ рече дека Србија е „подготвена да го прифати концептот и да работи на имплементација“ на планот на ЕУ за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина. Во минатата недела на специјална седница на српскиот Парламент, Вучиќ изјави дека нема да се согласи за членство на Косово во ОН, што, според него, е предвидено со една од точките на европскиот план.

САД ја поздравуваат деескалцијата на реториката меѓу Софија и Скопје

САД ги поздравуваат напорите на лидерите на Бугарија и на Северна Македонија за деескалција на реториката и за тоа што охрабрија достојно чествување во Скопје на денот на раѓањето на Гоце Делчев, се вели во изјавата на Стејт департментот. На прашање од МИА дали САД сметаат дека бугарската реакција околу нападот во Охрид врз едно лице, како и декларацијата изгласана во Собранието на Бугарија, е преувеличување до невидени размери од страна на официјална Софија, Вашингтон одговори дека Софија и Скопје веќе работат на деескалација на ретороиката и го поздравија мирното чествување на роденденот на Делчев.

„Иднината на Северна Македонија е во ЕУ. САД продолжуваат да ја поддржуваат целосната евроатлантска интеграција на Северна Македонија“, се наведува во одговорот на Вашингтон. Одбележувањето на 151-годишнината од раѓањето на великанот Гоце Делчев во саботата, на 4 февруари во Скопје, помина под силно полициско обезбедување, но во мирна атмосфера. Сепак, тензично, беше на граничниот премин „Деве Баир“, кога бугарски државјани кои сакале да присуствуваат на одбележувањето на роденденот на Гоце Делчев во Скопје не беа пуштени да влезат на македонска територија поради пад на граничниот систем за контрола. Министерство за внатрешни работи соопшти дека тројца бугарски државјани биле приведени поради нарушување на јавниот ред и мир и недолично однесување со полициските службеници на граничниот премин „Деве Баир“. На тројцата им беше изречена и парична казна во износ од 300 евра и мерка протерување од земјава и забрана за влез во државата за период од три години.

СЗО: Бројот на загинати во Турција може да се зголеми за осум пати

Џенет Сучу е спасен под урнатините на болницата во Искендерун, Турција, 6 февруари 2023 година.

Бројот на загинати во вчерашните катастрофални земјотреси во Турција и Сирија, во кои, според последните податоци, загинаа повеќе од 3.400 луѓе, може да се зголеми за осум пати, предупреди Светската здравствена организација. Првиот земјотрес, еден од најсилните досега регистрирани во Турција, беше со јачина од 7,8 степени и се случи во југоисточниот дел на земјата со епицентар во близина на градот Газиантеп. Земјата се тресела речиси две минути, а бројот на загинатите нагло се зголемил.

Вториот силен земјотрес со јачина од 7,5 степени се случи 12 часа подоцна, во областа Елбистан, северно од епицентарот на првиот земјотрес. Турската агенција за управување со вонредни состојби извести дека вториот земјотрес не бил последователен потрес, туку бил целосно независен од првиот, иако во погодените области се уште се чувствуваат последователни потреси. Спасувачите ги пребаруваат карстните планини по урнати згради во услови на снег и мраз за да најдат преживеани.

Времето денеска: сончево со умерена облачност

Наутро многу студено, преку денот сончево со умерена облачност. Ќе дува умерен ветер од северен правец, особено долж Повардарието. Дневната температура ќе се движи од минус 7 до 4 степени. Во Скопје и околината слично време со дневна температура до 2 степена.

Лонг Ајленд - Жена прогласена за мртва, па во мртовечница откриле дека дише

Илустрација

Жена од 82 години била прогласена за мртва во старечки дом на Лонг Ајленд во американската сојузна држава Њујорк, но три часа подоцна било востановено дека дише во мртовечницата во која била пренесена, соопштија денеска тамошните власти.

Жената, чие име не е соопштено, била прогласена за почината во саботата во старечкиот дом Вотерс Еџ во Порт Џеферсон во 11:15 по локално време, а во мртовечница била пренесена во 13:30. Таму било утврдено дека дише во 14:09, соопшти полицијата на округот Сафолк.

Жената била хоспитализирана, а денеска нема податоци за нејзината состојба. Случајот е во фаза на истрага и го води државното обвинителство на Њујорк.

Пред само неколку дена, еден старечки дом во сојузната држава Ајова беше казнет со 10 илјади долари поради сличен инцидент со прерано прогласување смрт на една жена.

Тоа се случи на 3 јануари, кога една 66-годишна жена беше прогласена за мртва во Дом за специјална нега на заболени од Алцхајмерова болест во Урбандејл, Ајова. Таа била ставена во мртовечка вреќа и била пренесена во крематориум, каде што работниците востановиле дека дише, па повикале полиција.

Жената била вратена во домот, каде што починала два дена подоцна, на 5 јануари.

Турција прогласи седумдневна жалост поради земјотресот

Последици од земјотресот во турскиот град Искендерун

Турција прогласи седумдневна национална жалост по смртоносните земјотреси кои погодија неколку јужни провинции, соопшти денеска турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

„Поради земјотресите што се случија во нашата земја на 6 февруари, прогласена е национална жалост во траење од седум дена. Нашето знаме ќе биде на половина копје до зајдисонце во недела на 12 февруари во целата наша земја и во претставништвата во странство“ напиша Ердоган на Твитер.

Според последните информации, во земјотресите со јачина од 7,8 и 7,5 степени според Рихтеровата скала што денеска погодија големи делови од Турција и Сирија, во Турција загинале 1.762 луѓе, а повеќе од 8.500 се повредени. Во Сирија 800 загинати и над 2000 повредени.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG