Вести
Возот кој излетал од шините во Србија бил натоварен во Бугарија
Товарниот воз со амонијак што излета од шините во источна Србија бил натоварен во Бугарија. Тоа го изјави бугарскиот заменик министер за транспорт Красимир Папукчииски за БТВ. Несреќата се случи кај Пирот. Според Папукчииски, нема начин да се бара одговорност од бугарска страна, бидејќи инцидентот се случил на територијата на Република Србија. Товарот бил префрлен од бугарската инфраструктура во српската, во моментот на излетувањето со составот стопанисувале српската железница. Единствениот кој ќе учествува во истрагата е сопственикот на цистерните. Сите 20 вагони се француски и германски, а биле транспортирани од бугарски приватен оператор, посочи бугарскиот заменик министер. Тој ги советува бугарските граѓани да го ограничат патувањето во Србија.
Вагон со амонијак се преврте кај Пирот во Србија, над 50 лица со симптоми на труење
Вкупно 15 пациенти – 12 возрасни и три деца – се згрижени во Универзитетскиот клинички центар во Ниш, откако се преврте цистерна и истече амонијак кај пиротското село Станичење, соопшти оваа здравствена установа. Во соопштението се наведува дека сите пациенти моментално се со стабилни витални параметри и не ма опасност по нивниот живот. Според лекарите, децата кои се лекуваат на Клиниката за детски внатрешни болести се свесни, комуникативни и имаат стабилни витални параметри.
види ги сите денешни вести
Над 10.000 административци ќе имаат покачување на платите од 40% до 2028
Владата и претставници на синдикатите постигнаа договор за потпишување индивидуални договори за дел од вработените во администрацијата, со што платите процентуално ќе се зголемуваат секоја година, а до 2028 ќе се покачат за 40% од сумата што ја земаат сега.
Договорат опфаќа над 10.000 административци кои, според синдикатите, досега заостануваа со покачувањата во споредба со останатите вработени и имаа најниски плати. Меѓу нив се, на пример, службениците во судовите и обвинителствата.
„Она што е договорено е со секое усогласување на минималната плата да добиваме процентуално зголемување кое до 2028 би требало да изнесува околу 40% зголемена плата за сите што ќе потпишат индивидуални колективни договори“, изјави Трпе Деаноски, претседател на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани (УПОЗ).
Благоја Ралповски како претставник на Синдикатот на администрацијата и државната управа (САДУ) оцени дека договорот е „историска придобивка“ и оти „конечно неправдата е исправена“.
Ваквиот договор е со рок на траење до 2028 година, до кога власта очекува да се договори со синдикатите за нов општ колективен договор.
„Ние сме подготвени како Влада да седнеме и во овој период до 2028 – очекувам тоа да биде во пократок период, заедно со двата репрезентативни синдикати, да седнеме и да испреговараме еден нов општ колективен договор којшто ќе биде единствена алатка врз основа на која ќе бидат исплаќани платите“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Досегашниот општ колективен договор истече, но е на сила додека да се потпише нов.
Тоа што и тој останува на сила нема да влијае на индивидуалните колективни договори што се постигнати денеска, бидејќи како што објаснија Деаноски од УПОЗ, се применува она што е поповолно за работникот.
До финализирање на процедурата, како што појаснија останува да се допрецизира текстот на индивидуалните договори за што двете страни не очекуваат проблеми и потоа истите да се потпишат.
За возврат, премиерот рече дека очекува да се зголеми квалитетот на услугите што ги даваат административците што. рече Мицкоски, Владата го мери на месечно ниво преку испитување на задоволството на граѓаните од услугите.
Во меѓувреме, Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), во чиј рамки влегува и УПОЗ, бара зголемување на минималната плата на ниво на сите работници.
Во моментов, минималната плата во Северна Македонија изнесува 24.397 денари (речиси 400 евра).
Според законското решение, во март таа треба да се зголеми за околу 2.000 денари. Но, синдикатите сметаат дека тоа не е доволно и нивното барање е минималната плата да се зголеми на 600 евра, а останатите да пораснат за најмалку 100 евра.
ССМ на 28 јануари организираше протест во Скопје на кој излегоа илјадници граѓани. Меѓутоа, Владата е на став дека зголемувањето треба да биде како што предвидува законот, а доколку синдикатите и работодавците се договорат поинаку, тогаш ќе даде поддршка.
За Владата, премиерот Мицкоски на 8 февруари рече дека не е прифатливо ниту работодавците да го зголемат платите, а државата да ја покрива односно субвенционира разликата во придонесите за работниците што би се плаќала фирмите доколку ја зголемат минималната плата. Мицкоски ваквиот став го објасни со тоа што државата доволно излегува во пресрет со тоа што дала поволни заеми за бизнисот преку унгарскиот кредит, со тоа што не ја зголемува старосната граница за пензионирање итн.
Но, синдикатите инсистираат да има зголемување на платите. По протестот, ССМ одлучи дека во вторник, 10 февруари, ќе го блокира Собранието за пратениците да не може да одат на работа бидејќи не гласаат за покачување на минималната плата.
„Пратениците први ќе се соочат со работничкиот гнев, а преку БЛОКАДАТА ќе ги оневозможиме тој ден да наплатат патни трошоци кои надминуваат и 100 евра за еден ден, да дојдат пешки или со градски превоз онака како што одат на работа работниците“, наведоа од Сојузот на синдикати на Македонија.
Доколку пратениците молчат, синдикатите најавија дека ќе преминат кон собирање на 10.000 потписи од граѓани со кои ќе бараат намалување на функционерските, а зголемување на работничките плати.
Руски „лизгачки“ бомби убија најмалку тројца цивили во Источна Украина
Најмалку три лица се убиени во руски напади во текот на изминатата ноќ, кои биле насочени кон станбени згради во источниот град Краматорск, соопштија украинските власти на 8 февруари.
Како што наведоа, нападите вклучувале тешки „лизгачки“ бомби – оружје што Русија го користи за уништување на украинските позиции на фронтот, како и за напади на станбени области.
Речиси 20 лица се повредени во нападите рано наутро, соопшти Националната полиција.
Вкупно, Русија истрела повеќе од 400 беспилотни летала и ракети кон локации низ целата земја, рече претседателот Володимир Зеленски.
Во објава на Телеграм, тој се пожали дека руското оружје продолжува да биде опремено со увезени странски делови и компоненти, најавувајќи нови мерки за спречување на снабдувањето со делови.
Заедно со Славјанск, Краматорск е еден од двата големи града што Украина сè уште ги контролира во источниот регион Донецк. Двата се сметаат за „градови на упориштата“ кои се од суштинско значење за одбраната на Украина во регионот.
Русија го постави освојувањето на целиот регион Донецк како стратешки приоритет, поента што Кремљ постојано ја истакнува во тековните мировни преговори посредувани од Соединетите Американски Држави.
Во текот на оваа зима, Русија немилосрдно ги таргетираше цивилните домови низ цела Украина, како и електричната мрежа и објектите за греење во земјата.
Милиони луѓе во главниот град Киев и другите градови се борат со прекини на електричната енергија или греењето, додека невообичаено голем студ ја зафаќа земјата со недели.
Државната компанија за нафта и гас „Нафтогаз“ соопшти дека Русија во текот на ноќта ги таргетирала нејзините објекти во источниот регион Полтава.
„Овој напад беше 19-тиот целен руски напад врз објектите [на Нафогаз] од почетокот на годината“, соопшти компанијата.
Други локации низ Украина, исто така, беа погодени од воздушни напади во текот на ноќ меѓу 7 и 8 февруари, вклучувајќи ги и пристанишните градови Херсон и Одеса.
Владата на 7 февруари нареди итни исклучувања на електричната енергија низ целата земја што следеше по претходните руски напади, кои исто така ги погодија објектите за производство и дистрибуција на електрична енергија.
Минатата недела, Киев и Москва ги завршија дводневните разговори посредувани од САД во Абу Даби.
Сепак, немаше поголеми пробиви кон договор, што е уште еден сигнал за тоа колку се тешки напорите за ставање крај на речиси четиригодишната војна.
Се најавува дека украинските и руските преговарачи ќе имаат нова рунда разговори следната недела во САД.
Американските преговарачи го посетија носачот на авиони во водите кај Иран
Еден ден по завршувањето на рундата индиректни нуклеарни разговори, се чини дека Вашингтон го зголемува притисокот врз Техеран со тоа што тимот преговарачи на САД го посетија американски носач на авиони кој предводи моќна ударна група во водите на крајбрежјето кај Иран.
Специјалниот претставник на САД, Стив Виткоф, и Џаред Кушнер – зет на претседателот Доналд Трамп – го посетија носачот на авиони „УСС Абрахам Линколн“ во Персискиот Залив во саботата, во придружба на адмиралот Бред Купер, кој е шеф на Централната команда на САД.
„Денес се сретнавме со храбрите морнари и маринци на бродот „УСС Абрахам Линколн“, неговата ударна група и 9-тото воздухопловно крило на носачот кои нè чуваат безбедни и ја поддржуваат пораката на претседателот Трамп за мир преку сила“, наведе Виткоф во објава на социјалните медиуми.
Носачот на авиони, со седиште во Сан Диего, Калифорнија, отплови за Индо-пацифичкиот регион во ноември пред да пристигне на Блискиот Исток во јануари, соопшти војската.
„Многу добри“ разговори во Оман
Посетата на официјалните лица на носачот на авиони доаѓа откако делегациите од Техеран и Вашингтон одржаа разговори во Оман во петокот, за кои Трамп рече дека биле „многу добри“.
Иако ниту една страна не објави никакви конкретни резултати, обете страни сугерираа дека разговорите за нуклеарната програма на Иран би можеле да продолжат во блиска иднина.
„Иран изгледа многу заинтересиран да постигне договор. Ќе мора да видиме каков е тој договор“, им рече Трамп на новинарите.
Али Ваез, директор на проектот за Иран во Меѓународната кризна група, за Радио Фарда (иранскиот сервис на Радио Слободна Европа) изјави дека „фактот што разговорите не пропаднаа и дека двете страни не се повлекоа од преговарачката маса покажува дека можеби сметале оти имаат доволно заедничка основа или дека двете страни ставиле некои отстапки на масата што биле доволно привлечни за да ги продолжат разговорите“.
Сепак, разговорите се одржаа во време кога САД го зголемуваа своето воено присуство на Блискиот Исток. Тензиите се зголемија со немирите кои со недели траат во Иран, а за време на кои тамошните власти започнаа репресија врз демонстрантите во која, според групите за човекови права, се убиени илјадници цивили.
Трамп ги предупри иранските власти
Кога протекоа извештаи за убиствата од Иран, Трамп се закани дека ќе го нападне Иран доколку некој од десетиците илјади уапсени демонстранти биде погубен.
Американскиот претседател продолжи да разгледува воени опции, истовремено нагласувајќи ги напорите за ограничување на нуклеарната програма на Иран, за која западните сили стравуваат дека има за цел да направи бомба и покрај инсистирањето на Техеран дека програмата е за цивилни цели.
По разговорите во Оман, американскиот Стејт департмент објави нови санкции за извозот на иранска нафта, насочени кон 15 субјекти и 14 бродови од тајната флота.
Адмиралот Бред Купер, командант на Централната команда на САД, се придружи на американскиот тим за време на разговорите во Оман.
По разговорите во Оман, иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, изјави дека и Техеран и Вашингтон веруваат оти нуклеарните разговори треба наскоро да продолжат, иако Иран ја исклучува можноста за разговори за неговата ракетна програма и збогатувањето на ураниум.
Аракчи во саботата за катарската телевизија Ал Џезира изјави дека двете страни се согласиле оти разговорите треба наскоро да продолжат, додавајќи дека не е договорена временска рамка за следниот состанок.
„Подготвени сме да постигнеме смирувачки договор за збогатувањето (на ураниум)“, рече тој додавајќи дека „иранското нуклеарно прашање ќе се реши само преку преговори.“
Нетанјаху најавува средба со Трамп
На друг дипломатски фронт, пак, канцеларијата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху соопшти дека тој ќе се сретне со Трамп во Вашингтон на 11 февруари за да разговара за „преговорите со Иран“.
Нетанјаху постојано го повикуваше Трамп, како што ги повикуваше и претходните претседатели на САД, да заземе цврст став кон Иран.
Минатиот месец тој рече дека ако Иран нападне, Израел ќе одговори „со сила каква што Иран никогаш не видел“.
САД ги бомбардираа клучните подземни постројки за збогатување на ураниум во Фордоу и Натанц за време на 12-дневната војна меѓу Иран и Израел во јуни.
Русија привела трет осомичен за нападот врз висок офицер на военото разузнавање
Руските власти соопштија дека привеле трето лице во врска со пукањето кон висок генерал на военото разузнавање во станбена зграда во Москва.
Федералната служба за безбедност во соопштение на 8 февруари наведе дека лицето – руски државјанин – е приведено во Дубаи и префрлено во Москва.
Агенцијата, позната како ФСБ, соопшти дека идентификувала уште двајца руски државјани за пукањето: едниот бил приведен во Москва; другиот наводно патувал кон Украина.
Генерал-потполковник Владимир Алексеев – втор офицер по ранг во воената разузнавачка агенција, позната како ГРУ, наводно бил застрелан три пати на скалите во неговата станбена зграда во Москва на 6 февруари.
Поради прострелна рана во витален орган тој беше пренесен на итна операција. Официјални лица изјавија дека се очекува да заздрави.
ФСБ, исто така, објави видео од надзорната камера за кое тврди дека го покажува напаѓачот. Претходните информации за нападот укажуваа дека лицето можеби влегло во зградата и го нападнало Алексеев претставувајќи се како доставувач на храна.
Алексеев е најмалку четвртиот генерал кој е нападнат или убиен од почетокот на целосната руска инвазија во Украина пред речиси четири години.
Истражителите досега објавија малку детали за природата на заговорот за пукање. Официјалните лица ја обвинија Украина за минатите напади. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров остро го обвини Киев и за пукањето врз Алексеев, но не изнесе никакви докази.
Како заменик-командант на ГРУ, Алексеев надгледувал или бил вмешан во повеќекратни, честопати дрски саботажни или атентатски операции низ целиот свет. Меѓу другото, тој е обвинет за вмешаност во речиси фаталното труење со отровот „Новичок“ во 2018 година на поранешниот руски шпион Сергеј Скрипал во Велика Британија, како и за хакирањето на американските политички партии две години претходно.
Тој е поврзан и со Евгениј Пригожин, угостител од Санкт Петербург, кој е коосновач на најозлогласената платеничка компанија во Русија, „Вагнер груп“. Пригожин загина во авионска несреќа во август 2023 година, за што западните разузнавачки службеници подоцна заклучија дека станува збор за атентат.
Во Република Српска се прегласува на изборите за нов претседател
Во Република Српска денеска, 8 февруари, се прегласува на претседателските избори во неколку градови во овој босански ентитет откако Централната изборна комисија на Босна и Херцеговина (БиХ) утврди неправилности за време на гласањето на 23 ноември 2025 година.
Комисијата ги поништи резултати од предвремените избори за претседател и нареди ново гласање на 136 гласачки места во 17 изборни единици.
Право на глас на овие гласачки места, кои беа отворени утрово во 7 часот, имаат 84.474 граѓани.
Заедно со невладините организации што ги следат изборите, Централната изборна комисија откри низа сериозни недостатоци при гласањето во ноември што се во толкав обем што може да влијаат на конечниот резултат.
Разликата меѓу кандидатите беше релативно мала, околу 9.500 гласови, додека бројот на спорни гласови беше значително поголем, над 15.800.
Во ноември, првопласиран беше Синиша Каран, кандидат на Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД) кој освои 222.182 гласови (50,39 проценти), а неговиот противник Бранко Блануша, кој беше поддржан од опозициската Српска демократска партија, освои 212.605 гласови (48,22 проценти).
Меѓу неправилностите што беа откриени, имаше гласање без валидни документи, фалсификување потписи и манипулација со избирачките списоци, додека гласови беа додадени на некои кандидати, а одземени од други.
За повтореното гласање, како што објави ЦИК, имав вкупно 4.894 набљудувачи.
Меѓу нив е и осумчлена делегација чии имиња ги објави Конгресот на локални и регионални власти на Советот на Европа.
Девет набљудувачи беа акредитирани и на барање на руската амбасада во БиХ. Од ЦИК претходно ги доставија нивните иницијали до Радио Слободна Европа, објаснувајќи дека нивните идентитети не можат да бидат објавени поради заштита на личните податоци.
Предвремените избори во РС се одржуваат откако на Милорад Додик му беше одземен претседателскиот мандат по правосилна пресуда против него за непочитување на одлуките на високиот претставник.
Додик беше осуден на една година затвор, но не влезе во затвор туку плати казна од околу 18.000 евра. Тој доби и забрана за вршење јавна функција во период од шест години.
Зеленски: САД сакаат војната да заврши до летото
Украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека САД сакаат да извршат притисок врз Киев и Москва да ја завршат војната пред почетокот на летото, додека Русија ги продолжи нападите врз енергетската инфраструктура на Украина со нов напад со ракети и беспилотни летала во текот на ноќта помеѓу 6 и 7 февруари.
Во соопштение објавено од неговиот кабинет во саботата, Зеленски вели дека Вашингтон предложил нова рунда разговори меѓу Украина и Русија што ќе се одржи во Мајами за една недела, додавајќи дека Киев се согласил да учествува.
Москва и Вашингтон засега немаат коментар за разговорите закажани за Мајами.
„Американците предлагаат страните да ја завршат војната пред почетокот на ова лето и веројатно ќе извршат притисок врз страните да се придржуваат до овој распоред“, рече Зеленски.
„Изборите (за Конгресот на САД) дефинитивно се поважни за нив. Да не бидеме наивни. И тие велат дека сакаат да завршат сè до јуни“, додава украинскиот претседател.
Во меѓувреме, во текот на ноќта руски ракети и беспилотни летала ги погодија украинските електрани и енергетската мрежа што предизвика повремени прекини во снабдувањето со електрична енергија и ја оптовари мрежата којашто е мета на напади со недели наназад, соопштија украинските власти.
Министерот за енергетика Денис Шмихал изјави дека владата вовела итни прекини во снабдувањето со електрична енергија откако нападите ги погодија постројките за производство и дистрибуција на електрична енергија низ целата земја.
Исто така, Киев побара итна помош од Полска откако Русија ги нападна електраните Бурштинска и Добротвирска во западна Украина.
„Руски криминалци извршија уште еден масовен напад врз енергетските објекти на Украина. Нападот продолжува. Вработените во енергетскиот сектор се подготвени да започнат со поправки штом безбедносната ситуација го дозволи тоа“, рече Шмихал во објава на мрежата Телеграм.
Напади врз енергетската инфраструктура
Украинските нуклеарни централи го намалија производството по нападите во текот на изминатата ноќ коишто погодија трафостаници и прекинаа некои далноводи, објави Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) на мрежата Икс.
Според украинските воздухопловни сили, во последниот руски напад биле користени ракети и беспилотни летала кои биле насочени кон клучни населени центри низ централна и западна Украина.
Министерството за надворешни работи на Украина во соопштение наведе дека нападите врз енергетскиот сектор се дел од поширока кампања на Москва за лишување на цивилите од греење за време на ниските зимски температури.
Русија со недели извршува напади врз електроенергетската мрежа на Украина, оставајќи делови од земјата, особено главниот град Киев, без електрична енергија, греење, а во некои случаи и без вода во ситуација кога температурите паѓаат и под минус 20 Целзиусови степени.
Од континуираните руски напади врз енергетската инфраструктура особено е погоден главниот украински град Киев. Повеќе од 1.110 станбени блокови останаа без греење по нападите само минатата недела.
Руските напади продолжија и покрај обновената дипломатска активност. Киев и Москва одржаа дводневни разговори со посредство на САД во Абу Даби оваа недела, но беше постигнат мал напредок, иако се согласија за голема размена на затвореници.
Зеленски во саботата изјави дека воените тимови разговарале за техничките аспекти за следење на потенцијалното примирје, како и за безбедносните гаранции за Украина и повоените договори за економска соработка, кои официјалните лица ги нарекуваат „план за просперитет“.
Тој исто така рече дека украинските разузнавачки служби известиле за разговори во кои рускиот специјален претставник Кирил Дмитриев предложил договори за соработка меѓу Русија и САД во вредност од 12 трилиони долари, порачувајќи дека таквите договори не можe да го прекршат Уставот на Украина.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, пред новинарите во петокот изјави дека тековните разговори би можеле да доведат до напредок.
„Многу, многу добри разговори денес, за Русија и Украина. Нешто би можело да се случи“, рече Трамп.
Кремљ соопшти дека третата рунда мировни разговори ќе се одржи „наскоро“, иако датумот сè уште не е објавен.
Во меѓувреме, Зеленски повика на побрза акција за зајакнување на воздушната одбрана и санирање на штетите, велејќи дека ќе се направат промени во персоналот во областите каде што воздушната одбрана не функционира ефикасно.
„Малата компонента на воздушната одбрана, особено борбата против беспилотните летала, треба да работи поефикасно и да ги спречи постојните проблеми“, рече Зеленски во видеообраќање во петокот вечерта.
Приведен осомничен за пукањето врз висок руски разузнавачки генерал
Руските служби за спроведување на законот уапсија осомничено лице за обидот за атентат врз Владимир Алексеев, заменик-шеф на руската воена разузнавачка служба ГРУ, објавија руските медиуми во саботата наведувајќи дека приведен е и соучесник на осомничениот.
Весникот „Комерсант“ пишува дека се очекува осомничениот да биде сослушан во недела наведувајќи дека е покрената кривична постапка по обвинение за обид за убиство и нелегална трговија со оружје.
По сослушувањето, пишува весникот, се очекува осомничените да бидат обвинети.
Русија официјално не го потврди притворањето на осомничените.
Според „Комерсант“, ранетиот Алексеев бил успешно опериран и се освестил во саботата, но останува под медицински надзор. Нема официјална изјава за неговата состојба.
Според руските канали на Телеграм „Маш“ и „Баз“, осомничениот за обидот за атентат „се транспортира од Дубаи“, а со него е приведен и наводен соучесник.
Сè уште нема информации за идентитетот на осомничениот или наводните сторители на нападот.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ја обвини Украина дека стои зад обидот за атентат, за кој, без да даде докази, рече дека имал за цел да ги саботира мировните преговори.
Вториот по ранг офицер на ГРУ, беше ранет во Москва во петокот.
„Комерсант“ објави дека истражителите веруваат оти Алексеев бил застрелан од лице кое се претставувало како курир за достава на храна и кое влегло во неговата зграда. Весникот објави дека Алексеев, кој бил на пат кон работа, бил застрелан двапати на скалите на зградата, а потоа и трет пат додека се бранел од нападот, по што напаѓачот избегал од местото на настанот.
Алексеев е втор по команда во ГРУ, разузнавачката агенција на Министерството за одбрана позната по своите смели операции, од саботажи до атентати, шпионажа и сајбер напади.
Тој е вмешан, според Велика Британија, во труењето на поранешниот руски шпион Сергеј Скрипал со нервен агент „Новичок“ во 2018 година. Британка тогаш почина откако случајно била изложена на отровот.
Алексеев е поврзан и со Евгениј Пригожин, коосновач на најозлогласената руска платеничка компанија, „Вагнер груп“. Пригожин загина во авионска несреќа во август 2023 година, за која западните разузнавачки службеници подоцна заклучија дека во прашање бил атентат.
Министерството за финансии на САД воведе санкции врз Алексеев и други офицери на ГРУ за хакирање на американски партии и други операции за сајбер шпионажа.
Доколку се потврди дека тој бил цел на обид за атентат, тоа би бил најновиот во серијата напади врз високи руски воени функционери, од кои многумина беа извршени во Москва.
Сомнежите за нападите во голема мера паднаа врз украинските разузнавачки агенции, кои во последните години извршија смели саботажи и атентати во Русија.
Во декември, началникот на одделот за оперативна обука на Генералштабот, генерал-потполковник Фанил Сарваров, загина откако бомба експлодираше под неговиот автомобил на периферијата на Москва.
Осум месеци претходно, генерал-потполковник Јарослав Москалик, заменик-началник на одделот за операции на Генералштабот, беше убиен во експлозија на автомобил-бомба во близина на Москва.
Офицер задолжен за руските сили за заштита од нуклеарно и хемиско оружје беше убиен во 2024 година кога електричен скутер експлодираше на тротоарот пред неговата станбена зграда во Москва.
Уапсени три лица во Скопје осомничени за активности на Исламската држава
Три лица од Скопје се уапсени во рамки на истрага на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) за кои постои сомнеж дека спроведувале активности на Исламската држава, како и за набавка на оружје.
На трите лица им е одреден притвор, а осомничени се гонат за кривичната дела „злосторничко здружување“ и „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“.
„Според досега прибраните докази, осомничените дејствувале организирано и координирано, како група со заедничка идеолошка определба, заснована на радикални исламистички наративи. Постојат сомневања дека се преземале активности за собирање пари од земјава и од странство и дека се користени за пропаганда и активности на исламската држава, како и за набавка на оружје“, соопшти ОЈО ГОКК.
Покрај приведувањето, биле извршени и претреси во домовите на осомничените и во други простории на повеќе локации во Скопје при што полицијата запленила огнено оружје, електронски уреди и други докази.
ОЈО ГОКК, исто така, соопшти дека постои сомневање оти уапсените лица „се организирале за одмазда на своите браќа кои во текот на 2025 беа обвинети и осудени за делото терористичка организација“.
Осудените лица за кои сега уапсените спремале одмазда, беа уапсени во јануари лани. Стануваше збор за група од четири лица која беше откриена преку социјалната мрежа Телеграм каде преку повеќе групи тие споделувале пропаганден материјал на ИСИС и регрутирале нови членови.
Тогаш беа правени претреси на пет локации во Скопје и Гостивар и беа запленети автоматска пушка, пиштол, пропаганден материјал, телефони, компјутерска опрема и други предмети.
Иран: Нуклеарните преговори со САД треба да продолжат наскоро
Министерот за надворешни работи на Иран изјави дека Техеран и Вашингтон веруваат оти нуклеарните разговори треба да продолжат наскоро по разговорите во Оман, дури и откако Техеран ги отфрли дискусиите за неговата ракетна програма и збогатувањето на ураниум.
Абас Аракчи во изјава за катарската телевизија Ал Џезира на 7 февруари рече дека двете страни се согласиле дека дискусиите треба да продолжат наскоро, додавајќи дека нема договорен временски рок за следниот состанок.
Иако посочи дека Техеран е отворен за постигнување договор, Аракчи додаде оти прашањата околу ракетната програма на Иран и збогатувањето на ураниум не се точки за преговори.
„Ниту сега ниту во иднина не можат да се водат преговори за ракети бидејќи ова е одбранбено прашање. Прашањето за забрана на збогатувањето на ураниум не е предмет на преговори од гледна точка на Иран“, рече тој.
Аракчи додаде дека Иран ќе одговори на секој потенцијален напад на САД: „Доколку Иран биде нападнат, ќе ги таргетираме американските бази во регионот.“
Коментарите од Аракчи дојдоа еден ден откако делегациите од Техеран и Вашингтон одржаа разговори со посредство на Оман, и откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека разговорите биле „многу добри“.
Иако ниту една страна не објави конкретни резултати, обете страни сугерираа дека преговорите за нуклеарната програма на Иран би можеле да продолжат во блиска иднина.
„Иран изгледа како многу очајно да сака да постигне договор. Мора да видиме каков е тој договор“, им рече Трамп на новинарите.
„Фактот дека разговорите не пропаднаа и двете страни не ја напуштија преговарачката маса покажува дека можеби почувствувале доволно заедничка основа или дека двете страни ставиле на маса некои отстапки што биле доволно привлечни за да ги продолжат разговорите“, изјави за Радио Слободна Европа, Али Ваез, директор на проектот за Иран во Меѓународната кризна група.
Разговорите се одржаа во време на американско воено засилување на Блискиот Исток. Тензиите се зголемија со немирите во Иран кои траат повеќе од две недели, а за време на кои властите започнаа репресија во која, според групите за човекови права, загинаа илјадници цивили.
Додека извештаите за крвопролевањето на протестите пристигнуваа, Трамп се закани дека ќе го нападне Иран доколку некој од десетиците илјади уапсени демонстранти биде погубен.
Претседателот на САД продолжи да ги држи воените опции на маса, истовремено нагласувајќи ги напорите за ограничување на нуклеарната програма на Иран, за која западните сили стравуваат дека има за цел производство на бомби и покрај инсистирањето на Техеран дека таа е за цивилни цели.
По разговорите во Оман, американскиот Стејт департмент објави нови санкции за извозот на нафта на Иран, насочени кон 15 субјекти и 14 бродови од флотата во сенка.
„Соединетите Американски Држави ќе продолжат да дејствуваат против мрежата на превозници и трговци вклучени во транспортот и набавката на иранска сурова нафта, нафтени производи и петрохемиски производи“, изјави портпаролот на Стејт департментот, Томи Пигот.
Одделно, Трамп потпиша извршна наредба со која, според соопштението од Белата куќа, може да се воведат секундарни тарифи за земјите што увезуваат стоки од Иран.
Ваквиот потег со наредбата се опишува како „неопходен и соодветен“ откако биле добиени дополнителни информации од високи функционери во врска со „дејствијата и политиките“ на иранската влада.
Трамп не коментираше директно за наредбата, но пред новинарите повтори „без нуклеарно оружје“ за Иран.
Наредбата не ја специфицира царинската стапка, но како пример наведува 25 проценти. Во неа се вели дека царината може да се примени на стока увезена во САД од која било нација што „директно или индиректно купува, увезува или на друг начин стекнува стока или услуги од Иран“.
Белата куќа соопшти дека оваа последна извршна наредба ја потврдува „тековната национална вонредна состојба во однос на Иран“ и нагласи дека претседателот може да ја измени доколку се променат околностите.
„Претседателот го смета Иран за одговорен за неговата потрага по нуклеарни капацитети, поддршка за тероризам, развој на балистички ракети и регионална дестабилизација што ја загрозуваат американската безбедност, сојузници и интереси“, се вели во наредбата.
Русија ги продолжува нападите врз енергетскиот систем на Украина
Руски ракети и беспилотни летала ги погодија украинските електрани и електрични мрежи во текот на ноќта на 7 февруари, предизвикувајќи постојани прекини на електричната енергија и зголемувајќи го притисокот врз мрежата што веќе беше погодена од нападите изминативе недели, соопштија украинските власти.
Министерот за енергетика Денис Шмихал изјави дека Владата нареди итни исклучувања на електричната мрежа низ целата земја.
Киев, исто така, побара итна помош од Полска откако Русија во текот на ноќта ги погоди електраните „Бурштинска“ и „Добротвирска“ во западна Украина.
„Руските криминалци извршија уште еден масовен напад врз енергетските објекти на Украина. Нападот продолжува“, рече Шмихал во соопштение објавено на Телеграм.
Работниците во енергетскиот сектор, додаде тој, се подготвени да започнат со поправки штом безбедносната ситуација ќе го дозволи тоа.
Најновиот голем напад врз електричната мрежа на земјата доаѓа во услови на неколкунеделни руски напади кои веќе оставија делови од земјата, особено главниот град Киев, без струја, греење, а во некои случаи дури и без вода за пиење, додека температурите понекогаш паѓаа и под минус 20 Целзиусови степени.
Според украинските воздухопловни сили, рускиот напад во текот на ноќта бил извршен со ракети и беспилотни летала насочени кон клучни населени центри низ централна и западна Украина.
Министерството за надворешни работи на Украина соопшти дека нападите врз енергетскиот сектор се дел од поширока кампања на Москва, чија цел е да ги лиши цивилите од греење за време на ниските зимски температури.
Два аеродрома во источна Полска привремено се затворени како мерка на претпазливост поради руските напади на блиската украинска територија, соопштија полските власти на 7 февруари.
„Во врска со потребата да се обезбеди можност за слободно работење на воената авијација, аеродромите во Жешов и Лублин привремено ги прекинаа летовите“, објави Полската агенција за услуги за воздушна навигација на мрежата Иск.
Од континуираните руски напади врз енергетската инфраструктура особено е погоден главниот украински град Киев. Повеќе од 1.110 станбени блокови останаа без греење по нападите само минатата недела.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно повика на побрза акција за зајакнување на воздушната одбрана и санирање на штетите, велејќи дека ќе се направат промени во персоналот во областите каде што воздушната одбрана не функционирала ефикасно.
„Компонентата за воздушна одбрана од мал обем, поточно спротивставувањето на беспилотните летала за напад, мора да работи поефикасно и да ги спречи проблемите што постојат“, рече Зеленски во своето вечерно видео обраќање на 6 февруари.
Дипломатските напади за завршување на речиси петгодишната војна во Украина продолжува, а последната рунда разговори оваа недела резултираше со размена на затвореници, но без голем пробив кон договор. Останува нерешено контроверзното прашање за територијалните отстапки од Киев.
Во разговор со новинарите на 6 февруари, американскиот претседател Доналд Трамп рече дека тековните разговори би можеле да доведат до напредок.
„Многу, многу добри разговори денес, поврзани со Русија и Украина. Нешто би можело да се случува“, рече Трамп.
Кремљ претходно соопшти дека третата рунда мировни преговори треба да се одржи „наскоро“, иако сè уште не е објавен датум.