Достапни линкови

Нетанјаху може да ја формира „најдесната влада“ во историјата на Израел


Бенјамин Нетанјаху
Бенјамин Нетанјаху

Најдолговечниот израелски премиер повторно го доби мандатот да формира влада. На изборите на 1 ноември, неговата партија Ликуд, во коалиција со ултрадесничарските и партиите на ултраортодоксните Евреи, победи на изборите. Со нив, тој сега може да ја формира најдесната влада во историјата на Израел.

Претседателот на Израел Исак Херцог денеска официјално му го врачи мандатот за состав на новата 37-ма израелска влада на лидерот на конзервативната партија Ликуд, најдолговечниот премиер во историјата на Израел, Бенјамин Нетанјаху.

Ликуд, со своите сојузници, ултрадесничарските и партиите на ултраортодоксните Евреи, освои стабилно мнозинство од 64 пратеници од вкупно 120 во израелскиот парламент (Кнесет) на изборите на 1 ноември.

Победата му овозможи на Нетанјаху да се врати на власт после 19 месеци во опозиција.

Херцог рече дека одлуката да му го додели мандатот на 73-годишниот Нетанхају не била лесна, со оглед на тоа што му се суди за корупција.

Нетанјаху денеска по осми пат доби мандат да формира влада, пет пати веќе беше премиер, а пати тоа не му успеа, наведуваат израелските медиуми.

Тој порача дека ќе биде премиер „на сите израелски граѓани, без исклучок“.

После период на политички ќорсокак без преседан и пет избори за помалку од четири години, Нетанјаху се враќа за да биде премиер по шести пат.

Нетанјаху најдолго бил премиер во историјата на Израел – од 1996 до 1999 и од 2009 до 2021 година, вкупно 15 години, од кои 12 непрекинато.

Децата од Газа со танц против траумите и војната
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:54 0:00

Минатата години него го смени коалиција од осум идеолошки различни партии, вклучително, по првпат во историјата на Израел, и една арапска. Тие имаа заедничка цел да го соборат од власт зашто му се суди за корупција и за други работи.

Тој сега има 28 дена да формира влада, со можност за продолжување на рокот за две недели, но се чини дека Нетанјаху планира да ја заврши таа работа брзо, зашто преговорите во коалицијата веќе се во тек.

Нетанјаху е обвинет за прифаќање на подароци во вредност од стотици илјади долари од богати бизнисмени и за давање услуги во замена за поволни вести за него во медиумите.

Тој ги негира сите обвинувања против него.

Ако успее да формира влада, тоа би била „најдесна влада“ во историјата на Израел, констатира новинската агенција АП.

Се очекува новата влада да спроведе сеопфатни судски реформи, што веќе долго е приоритет на израелската десница, што вклучува и можност да намалување на влијанието на Врховниот суд, анализира Франс прес.

Итамар Бен-Гвир и Бецалел Смотрич, кои го предводат сојузот Верски ционизам, јавно ги побараа двете клучни министерства – за полиција и за одбрана.

Бен-Гвир е познат по својата антиарапска реторика и запаливи повици Израел да го анектира целиот Западен Брег, како и по барањата безбедносните сили да користат повеќе сила за да се справат со палестинските нереди. Дури и претседателот Херцог, чија улога во политичкиот живот на Израел е церемонијална, му рекол на Бен-Гвир дека е загрижен поради неговите ставови.

Смотрич, пак, за себе вели дека е горд хомофоб, заговара традиционално еврејско право во Израел и укинување на обвинувањата за злоупотреба на положбата, за што е обвинет Нетанјаху, покрај за мито и измама.

Изборите беа одржани во време на засилени насилства меѓу Израел и Палестинците.

Шестиот мандат на Нетанјаху би можел да биде одбележен со продлабочување на јазот меѓу неговите приврзаници и оние кои не гласаа за неговиот сојуз партии.

Би можело да се намали ограничувањето на забраната за ширење на еврејските населби на окупираниот Западен Брег, а потоа може да се очекува и меѓународна осуда, наведува Си Ен Ен.

Исто така, секоја промена на статус квото на светилиштето Рид на храмовите во Ерусалим, каде што на Евреите не им е дозволено да се молат, а ултрадесничарите инсистираат, ќе предизвика нови палестински немири и осуда од новите израелски пријатели во арапскиот свет, Обединетите Арапски Емирати, Бахреин и Мароко.

Ако до 11 декември постигне коалициски договор, Нетанјаху би можел да стане премиер до 18 декември.

XS
SM
MD
LG