Достапни линкови

Персиската моќ: Колку е силна Иранската војска?


Припадници на Иранските вооружени сили маршираат на денот на Националната армија во Техеран, септември 2019
Припадници на Иранските вооружени сили маршираат на денот на Националната армија во Техеран, септември 2019

Во очекувањето на голем конфликт кој врие по убиството на водачот на иранската Револуционерна гарда, генерал Касем Солејмани, капацитетите на иранската војска се мерат прецизно.

Но, колку е навистина силна војската на Исламската република? Одговорот на тоа прашање зависи најмногу од стратешките цели на Иран.

Главната цел на Техеран е да го прошири своето влијание и да ги заштити своите интереси во Блискиот Исток или барем да го спречи влијанието на противниците како Саудиска Арабија.

За да го постигне тоа, Техеран направи се за да ги одврати и да ги заплаши големите контингенти на силите на САД стационирани во 10 земји во целиот регион со крајна цел тие да си заминат од таму. Во остварувањето на таа цел, Иран најверојатно ќе избегне директна војна, бидејќи нејзината војска не е толку бројна колку американската и нејзините сојузници кои се распоредени во Блискиот Исток, сугерираат експертите.

Без нуклеарен, но со многу посредни напади

Иранците ја имаат многу често споменуваната и контроверзна нуклеарна програма, но во моментов немаат капацитет за изработка на нуклеарно оружје.

„Имаат балистичка-ракетна програма, но без голем дострел кој може да достигне до САД“, пишува магазинот Атлантик.

Таму се наведува дека Техеран нема многу пријатели во регионот: „Иран има пристојни односи со Русија и Кина, но нема други верни сојузници кои имаат голема моќ.“

Како една од најизолираните држави во светот, Иран стратешки се ориентираше на спроведување на напади преку своите приврзаници или нерамномерни напади насочени кон искористувње на слабостите на американстака војска и на силите предводени од САД. Иранската војска, која е осма по бројност во светот според активниот состав, е погодна за водење стратегија на нерамномерно војување.

Скромен воен буџет

Буџетот за одбрана на Иран во 2018 година изнесуваше повеќе од 13 милијарди долари што ја рангира земјата на 18 место во светот според трошењата за одбраната, се наведува во истражување на стокхолмскиот Меѓународен институт за мировни истражувања.

Но, Техеран многу заостанува зад своите регионални непријатели како Саудиска Арабија, која троши 70 милијарди и Израел со 18,5 милијарди долари наменети за одбраната. САД е без конкуренција, со повеќе од 700 милијарди долари вложување во одбраната.

Дополнително, трошењата на Иран за одбрана се намалија за 9,5 проценти во 2018 година споредено со претходната поради големите економски проблеми предизвинани од санкциите на САД, стратегијата на Вашингтон позната како „максимален притисок“.

Но, според наводите на Фондацијата за одбрана на демократијата, со седиште во Вашингтон, војската на Иран, особено Револуционерната гарда не зависи само од државниот буџет.

„Воениот естаблишмент има контрола на една петтина од пазарната вредност на акциите на компании кои се активни на берзата во Техеран и има сопственост на други илјадници компании. Сите тие генерираат приходи за вооружените сили“, се наведува во извештајот на Фондацијата. Дополнително, Револуционерна гарда контролира значаен дел од сивата економија во земјата.

Најголем на Блискиот Исток

Генерално гледано во смисла на јачина на војската, иранските воени сили се наоѓаат на 14 место од 137 земји во светот според листата на Global Firepower и Business Insider.

Со околу 523 илјади во активниот и 350 илјади во резервниот состав, Иран ја има најголемата војска во Блискиот Исток. Активниот состав е поделен на 350 илјади во регуларната армија и најмалку 150 илјади во Револуционерната гарда, која е најмоќната меѓу иранските воени сили.

Како доказ за нејзината важност е илустрацијата дека командантот на Револуционерната гарда, генерал мајор Хосеин Салами, одговара директно на иранскиот духовен водач Ајатолахот Али Хамнеи.

Војска во војската

Самата Револуционерна гарда е составена од пет подгрупи. Една од тие групи е таканаречената Кудс, предводена од Солејмани се до неговото убиство во напад со беспилотни летала од страна на САД на 3 јануари - настан кој ги постави односите помеѓу Иран и САД во моменталната сложена состојба.

Проценката на нивната бројност варира. Според истражувањето на Џек Ватлинг од Кралскиот институт за обединети услуги, кое го пренесува Ен-Би-Си, тие бројат од 17 до 21 илјади членови.

За операции надвор од земјата Револуционерната гарда ги користи и разните шиитски милитанти чија бројка, според Гардијан, е повеќе од 200 илјади борци. Милитантите се активни во најмалку пет земји во регионот.

Весникот додава дека овие проирански војски се активни во „сивата зона“ на конфликти и ги држат непријателите под прагот на меѓудржавна војна.

Друга група во структурата на Револуционерната гарда е војската Басиџ, парамилитантна сила со повеќе од 90 илјади членови мобилизирани за одржување на редот, што подразбира сузбивање на несогласувања во земјата, како на пример националните анти-владини протести во ноември кои завршија со убиството на стотици демонстранти и илјадници повредени.

Како и повеќето други вакви формации во Иран, Басиџ најпрво беше формирана како доброволна војска за време на Иранско-Ирачката војна. Но од тогаш „таа стана една од најозлогласените државни војски“, наведува Вашингтон Пост. Под капата на Револуционерната гарда се и 20 илјади војници во морнарицата, кои најмногу служат за вооружени патроли во теснецот Хормуз.

Ирански воен брод кој изведува операции во теснецот Хормуз, април 2019
Ирански воен брод кој изведува операции во теснецот Хормуз, април 2019

Повеќе од 20 проценти од светската трговија на нафта се одвива токму таму, тоа е една од најзначајните рути за трговија во светот, и во 2019 година беа забележани неколку судири помеѓу иранските и танкерите на други земји.

Иако помала по бројност, Револуционерната гарда е многу помоќна од регуларна војска поради природата на иранската држава. Од таа причина, односите помеѓу владата и Револуционерната гарда отсекогаш биле затегнати.

Тенковско наоружување

Иран има околу 1.634 тенкови, што го позиционира на 18 место од 137 земји. На таа бројка се додаваат и околу 2.345 воени возила и 1.900 носачи на ракети.

Големата тенковска сила, сепак, е составена од постари модели или целосно застарени тенкови. Само новиот модел Карар може да се споредува со некои од подобрите модели на тенкови во светот. Иако Карар многу наликува на рускиот Т-90, Иран ги отфрли наводите дека има каква било соработка со Русија при нивното производство.

Морнарицата

Иранската морнарица, споредбено, има многу мала сила и не поседува ниту носач на авиони.

„Брзите летала“

Со околу 509 авиони, иранската воздушна воена сила пак заостанува уште повеќе и во смисла на квалитет и во смисла на квантитет. Регионалните противници, Саудиска Арабија и Израел, имаат по 848 односно 595 врвни авиони, наведува магазинот за надворешна политика The National Interest. Тука не се вклучени американските авиони присутни во регионот.

Голем дел од воената сила на Иран датира од периодот на шахот или е оставена од воените сили на ирачкиот диктатор Садам Хусеин кој префрли голем дел од ирачките авиони во Иран за време на Заливска војна во 1991 година со цел да избегне уништување од страна на силите на САД.

Американските борбени авиони F-4, F-5 и F-14 од 1970 се главните столбови на иранската воздушна сила. По нуклеарниот договор од 2015 година, со кој беа запрени меѓународните санкции против Иран, што му помогна на Техеран да ја врати силата на неговата економија, земјата имаше можност да ја поднови својата воена опрема.

Иран имаше опција да купи и софистицирани руски Su-30, но не го направи тоа, пишува The National Interest.

„Ова најверојатно е поради тоа што Револуционерната гарда никогаш немала намера да ја направи регуларната иранска војска многу моќна“, заклучува американскиот магазин.

Ракетната сила

Поради санкциите на САД, Иран се соочи со намален извоз на нафта, а со тоа се намали и увозот на воена опрема во Техеран во последните неколку години. Увозот на оружје во Иран драстично се зголеми во 2018 година, но и тоа не беше доволно во споредба со увозот на Саудиска Арабија.

Поради тоа Техеран најмногу зависи од развојот на технологијата за потребите на сопствената војска, вклучувајќи и увоз на евтина опрема главно од Русија и Кина. Земјата исто така во голема мера зависи и од развојот на ракети со цел да ги надмине недостатоците во воената опрема. Сепак, Иран го има најдобриот ракетен систем со краток и среден дострел во регионот. Техеран исто така работи на создавање на интерконтинетални ракети, иако овие програми беа прекинати по договорот со шесте светски сили од 2015 година со кој Иран се согласи да ја прекине својата нуклеарна програма.

ИНФОГРАФИК: Иран и неговите ракети
ИНФОГРАФИК: Иран и неговите ракети

По повлекувањето на САД од договорот во 2018 година, Иран почна постепено да ги напушта своите позиции од договорот најавувајќи целосно повлекување од него по убиството на Солејмани.

Ваквиот развој на настаните остава простор Техеран да продолжи со своите напори за создавање на интерконтинентален ракетен систем.

Според Интернационалниот институт за стратешки студии „Шахаб 3“ ракетата со ранг од 2 илјади километри може да го погоди Израел и се смета за последна можност која Техеран би ја искористил.

Да не заборавиме и на сајбер војните и беспилотните летала

Конечно, Иран исто така има цела флота на беспилотни летала, дронови, кои ги користи во операциите во Ирак и против Израел. Исто така се претпоставува дека иранските дронови беа користени и во септемвриските напади врз саудските нафтени објекти.

Револуционерната гарда исто така ја зајакна и својата единица за сајбер напади која ја презеде одговорноста за повеќе напади.

По убиството на Солејмани, многумина веруваа дека Иран може да одговори со голем број на сајбер напади против цели на САД, страв кој и понатаму е присутен, според Њујорк тајмс.

Три сценарија

Повеќето аналитичари предвидуваат дека Иран нема да се впушти во отворен конфликт со САД по убиството на Солејмани, и наместо тоа ќе ги користи своите можности за реализирање на ограничени операции со цел да им наштети на американските сили и интереси на Блискиот Исток. И покрај нејзиниот одговор со ракетен напад врз базите на САД во Ирак, заканите дека ќе спроведе и други помали напади, како дел од нејзината стратегија за одмазда, остануваат.

При таква потенцијална конфронтација, како што наведува Дојче веле, Техеран може да употреби три сценарија.

Едното е 'одбрана на границата' – операции главно спроведени од Револуционерната гарда за напад на цели на САД надвор од Иран.

Другите сценарија од стратегијата на Иран се искористување на ракетите со голем дострел за напад на поодалечени позиции на САД или затворање на теснецот Хормуз со што ќе предизвика колапс на светскиот енергетски пазар.

Загриженоста на Техеран од можна копнена инвазија на нејзината територија е многу мала, според некои проценки на кои се повикува Гардијан. Таква операција ќе подразбира вклучување на 1,6 милиони војници. По објавата на претседтелот на САД Доналд Трамп дека во нападот на Иран немало американски жртви, малкумина веруваат дека Вашингтон би испратил копнени трупи.

Воените трупи на САД во регионот

Во Блискиот исток има околу 50 илјади американски трупи, наведуваат повеќе извори. Еве како се распоредени тие:

Најмногу има во Авганистан 14 илјади, потоа во Кувајт и Катар по 13 илјади, 7 илјади во Бахреин, шест во Ирак, пет во Обединетите Арапски Емирати, по 3 илјади во Јордан и Саудиска Арабија, 2.500 во Турција, 800 во Сирија и 660 во Оман.

Военото присуството на САД на Блискиот Исток
Военото присуството на САД на Блискиот Исток

Фиктивна војна

Друга можна опција е статус кво. Историчарот Дејвид Крист ја нарече четиридецениската битка која ја водат САД и Иран уште од Исламската револуција од 1979 година како фиктивна војна.

Како што наведува The Atlantic, Иран во овој момент има тенденција да следи одреден план: „компензирајќи ги своите слаби воени можности во однос на САД, спроведува напади преку своите посредници кои на краток рок превенираат директен конфликт, му овозможуваат да ја одржува претпоставената опасност и внимателно пресметува како да ги зголеми иранските интереси по најниска цена и со минимален ризик.“

Убиството на Солејмани беше првиот отворен напад помеѓу двете земји од времето на иранските протести пред амбасадата на САД во Техеран во 1979 година.

Иако моменталната ситуација почнува да се смирува, сè уште постои ризик да стане посериозна и да ја наруши фиктивната војната, односно војната на затегнати, но контролирани односи кои опстануваат толку долго.

XS
SM
MD
LG