Достапни линкови

Вести

Во Берлин самит на Берлинскиот процес за Западен Балкан

германскиот канцелар Олаф Шолц
германскиот канцелар Олаф Шолц

Денеска во Берлин ќе се одржи самит за Западен Балкан во организација на германскиот канцелар Олаф Шолц. На самитот што е дел од таканаречениот Берлински процес ќе присуствуваат „шефовите на влади на шесте земји од Западен Балкан, претседателот на Европската комисија, претседателот на Европскиот совет, неколку членки на Европската Унија од регионот, како и највисоките претставници на регионалните и меѓународните организации“, се вели во соопштението на германскиот канцелар. Како што се наведува, средбата е пред се во насока на натамошно интензивирање на соработката меѓу земјите од Западен Балкан.

Баербок: „Пробив“ на Западен Балкан на патот кон ЕУ

Шефовите на владите на Србија, Косово, Црна Гора, Северна Македонија, Албанија и Босна и Херцеговина е предвидено, во рамките на самитот, да потпишат регионални договори кои беа одобрени од министрите за надворешни работи на шесторката од Западен Балкан на состанокот организиран од германската влада на 21 октомври. Станува збор за договори за слобода на движење со лична карта, за признавање на високообразовните квалификации и за признавање на професионалните квалификации на медицината. лекари, стоматолози и архитекти.

Претставници на Западен Балкан постигнаа договор во Берлин за усогласување на визниот режим со ЕУ

Берлинскиот процес е формат на годишни состаноци што германската влада, во времето на канцеларката Ангела Меркел, ги иницираше во 2014 година кога во Берлин се одржа Конференцијата за Западен Балкан. По тој самит во Берлин, домаќини беа Виена во 2015 година, Париз во 2016 година, Трст во 2017 година, Лондон во 2018 година, Познањ во 2019 година и Софија во 2020 година. Целта на процесот е да се забрза соработката со шесте земји од Западен Балкан и интеграцијата на тој регион во ЕУ. Иницијативата главно се фокусира на решавање на билатералните и внатрешните проблеми во регионот и подобрување на економската соработка, која би била основа на одржливиот развој на регионот.

види ги сите денешни вести

Верски лидери и странски претставници на последно збогување со Ага Кан

Принцот Рахим Ал-Хусаини (во средината), кој е назначен за нов Ага Кан, го носи ковчегот со телото на починатиот принц Карим Ал-Хусаини, Ага Кан IV, во Исмаилискиот центар во Лисабон, 8 февруари 2025 година.
Принцот Рахим Ал-Хусаини (во средината), кој е назначен за нов Ага Кан, го носи ковчегот со телото на починатиот принц Карим Ал-Хусаини, Ага Кан IV, во Исмаилискиот центар во Лисабон, 8 февруари 2025 година.

Ожалостените, меѓу кои и канадскиот премиер Џастин Трудо, се собраа во Лисабон, денеска (8 февруари) за да му оддадат почит на Ага Кан IV, духовниот водач на шиитските муслимани Исмаили, кој почина во португалската престолнина на 88-годишна возраст претходно оваа недела, јави агенцијата Ројтерс.

Водачи на таа верска заедница, португалски официјални претставници и странски претставници му оддадоа почит на богатиот филантроп познат по спојувањетто на верските прашања со своите деловни интереси.

По објавувањето на смртта на Ага Кан на 5 февруари, Трудо истакна дека е тој е „драг“ семеен пријател и го пофали како „пријател на сите Канаѓани и на сите кои сонуваат за помирен свет“.

Џастин Трудо пристигнува на погребот на Ага Кан IV во Лисабон, 8 февруари 2025 година.
Џастин Трудо пристигнува на погребот на Ага Кан IV во Лисабон, 8 февруари 2025 година.

По комеморацијата во Лисабон, лидерот на мултиетничката заедница раштркана низ неколку земји во Африка, Азија, Европа и Северна Америка, ќе биде погребан на приватна церемонија во Асван, Египет, на 9 февруари.

Неговиот син, принцот Рахим Ал-Хусаини Ага Кан V е назначен за негов наследник, пренесе агенцијата АП на 5 февруари.

Во светот има најмалку 2,5 милиони Исмаили, а некои проценки одат и до 15 милиони. Најголемата заедница на Исмаили се наоѓа во регионот Горно-Бадакшан во Таџикистан.

Роден како принцот Карим ал-Хусаин Шах во Женева на 13 декември 1936 година, Ага Кан го наследи својот дедо во 1957 година како 49-ти имам на Исмаилите, на 21-годишна возраст.

Тој водеше меѓународни развојни проекти од кои корист имаа Исмаилите и многу други во некои од најсиромашните региони на Азија и Африка под покровителство на неговата развојна мрежа Ага Кан (АКДН), која инвестираше во многу области, вклучувајќи образование, здравство, рурален развој и микрофинансирање, како и културни иницијативи.

Проектите, спроведени во партнерство со владите, организациите и заедниците, обезбедија можности за вработување, како и подобро образование и здравствена заштита за сиромашните.

Во интервјуа и говори за медиумите, Ага Кан велеше дека една од „трајните цели“ на неговите проекти е да се обиде да го подобри квалитетот на животот на луѓето и да придонесе за елиминирање на сиромаштијата.

Муслиманскиот водач, кој се обиде да претстави умерен ислам и да промовира верска толеранција, рече дека помагањето на сиромашните преку обезбедување економски можности ќе помогне да се спречи екстремизмот.

МВР: 570 возачи казнети за 24 часа во Скопје

Илустрација - Полициско возило во Скопје
Илустрација - Полициско возило во Скопје

Министерството за внатрешни работи (МВР) санкционирало 570 возачи при акциска контрола на територијата на СВР - Скопје во текот на вчерашниот ден.

Од нив, појаснуваат од МВР, 150 се за возење со брзина поголема од дозволената, 22 за управување возила без возачка дозвола, четворица возачи управувале возило со активна мерка - забрана за управување моторно возило, еден возач управувал возило под дејство на алкохол и еден управувал возило со измината важност на регистрација.

„Останатите мерки се однесуваат на останатите прекршоци, од кои најголем број се за погрешно или недозволено паркирање. Сообраќајните контроли по планот продолжуваат и во наредните денови“, додаваат од МВР и апелираат да се почитуваат прописите за да се зголеми безбедноста во сообраќајот.

Инаку, вчера (7 февруари) во Собранието се одржа јавна расправа за подобрување на законската регулатива за поголема безбедност во сообраќајот.

„Со оглед на забележаното зголемување на несреќите, сметаме дека е неопходно итно да се разгледаат нови стратегии и решенија кои ќе вклучат: зголемување на санкциите за возачи кои ја загрозуваат безбедноста во сообраќајот, потребно е да се подобрат казнените одредби во однос на прекршителите, поткрепени со детална анализа на практиката на изрекување и спроведување на казните. Ова ќе ни помогне да утврдиме дали во пракса казните се адекватни, дали преовладува тенденција на изрекување на поблаги санкции“, рече министерот за правда Игор Филков за време на јавната расправа во Собранието.

Комисијата за политички систем организираше јавна расправа по сообраќајната несреќа во која загина 22- годишната Фросина Кулакова.

Таа на 29 јануари беше прегазена на пешачки премин на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје. Ја прегази дваесетгодишник кој возел со голема брзина, на пешачки премин и под дејство на алкохол, поминувајќи со возилото додека било вклучено црвеното светло на семафорот.

УЈП за ефектот на бојкотот врз прометот на маркетите

Управа за јавни приходи
Управа за јавни приходи

Втор петок по ред, граѓаните се организираа да ги бојкотираат маркетите поради високите цени на прехранбените производи.

Во четвртокот, на 6 февруари до полноќ, во GPRS системот на Управата за јавни приходи (УЈП) е регистриран вкупен промет во износ од 232.791.773 денари, а издадени се 417.866 фискални сметки, додека во петокот, на 7 февруари до полноќ, во GPRS системот на УЈП е регистриран вкупен промет во износ од 181.288.348 денари а издадени се 346.317 фискални сметки.

Минатиот (31 јануари) и овој петок (7 февруари), кај осумте поголеми ланци на маркети во земјава, како што соопштуваат од УЈП, е забележан пад на вкупниот промет за 22,12%.

„Во петок, 31.01.2025 година до полноќ, во GPRS системот на УЈП беше регистриран вкупен промет во износ од 114,293,367 денари. Во петок 07.02.2025 година остварен е за 36,95% поголем промет во однос на претходниот петок 31.01.2025 година. При споредбата на регистрираниот промет на крајот на месецот односно деновите 31.01 и петок 07.02.2025 година треба да се имаат предвид различните фактори кои можат да влијаат на потрошувачките навики. Еден од тие фактори е тоа што голем дел од граѓаните примаат плата и пензии на почеток од месецот, што создава и промени во нивното потрошувачко однесување, посочуваат од Управата за јавни приходи.

Според министерот за економија Бесар Дурмиши, легитимно е да има бојкот на маркетите, бидејќи одредени компании генерираат огромни приходи на грбот на граѓаните.

„Го разбирам организирањето на вакви активности зашто одредени субјекти на шпекулативен начин се обидуваат да генерираат огромни приходи на грбот на граѓаните. Ова нема да го прифатиме и да го толерираме“, рече на 6 февруари, министерот Дурмиши.

Од Сојузот на стопански комори (ССК), пак, велат дека супермаркетите работат со минимални маржи и дека ценовната моќ е кај добавувачите и производителите.

Повикувајќи се на резултатите од направена анализа, од ССК посочуваат дека супермаркетите работат со просечна профитна маржа од 0,83 отсто, а производителите и дистрибутерите во просек остваруваат 4,32 отсто.

Косовската дијаспора гласа на парламентарни избори

Граѓаните гласаат во едно од дипломатските претставништва на Косово во Европа
Граѓаните гласаат во едно од дипломатските претставништва на Косово во Европа

Косовските граѓани кои живеат во дијаспората почнаа да гласаат во дипломатските претставништва денека (8 февруари), на парламентарните избори што ќе се одржат во земјата на 9 февруари.

Гласањето започна во 07:00 часот во косовските амбасади и конзулати во европските земји, додека во САД и Канада ќе започне во 13:00 часот по локално време на Косово.

Денешното гласање се одржува на 43 избирачки места во 16 амбасади и 14 конзулати на Косово, лоцирани во 19 различни земји во светот.

Ова е првпат припадниците на дијаспората физички да гласаат во дипломатските претставништва на Косово.

Портпаролот на Централната изборна комисија, Валмир Елези, на прес-конференција рече дека 20.324 гласачи се пријавиле да гласаат во дипломатските претставништва на Косово.

Над 2 милиони гласачи во и надвор од Косово имаат право да гласаат на парламентарните избори на 9 февруари.

Во меѓувреме, од 9 јануари до 8 февруари дијаспората можеше да гласа и по пошта. ЦИК претходно објави дека 104.934 гласачи се пријавиле за гласање надвор од Косово, а 84.525 од нив избрале да гласаат по пошта.

Во трката за новиот пратенички состав се 28 политички субјекти и еден независен кандидат.

Граѓаните можат да изберат партија и до десет кандидати за пратеници.

Од овие гласови ќе се избере нов состав на Собранието од 120 пратеници, а пратениците потоа ќе изберат нова Влада. Актуелната влада на Косово ја предводи Албин Курти, лидер на движењето Самоопределување.

Ова се први редовни избори што ги одржува Косово по прогласувањето независност во 2008 година. Досега се одржаа низа предвремени избори во Косово.

update

Хамас ослободи тројца заложници, а Израел 183 палестински затвореници

Ор Леви, Ели Шараби и Охад Бен Ами опкружени од милитантите на Хамас за време на нивното ослободување, 8 февруари 2025.
Ор Леви, Ели Шараби и Охад Бен Ами опкружени од милитантите на Хамас за време на нивното ослободување, 8 февруари 2025.

Хамас ослободи уште тројца израелски заложници денеска (8-ми февруари), во замена за 183 палестински затвореници, како дел од договорот за прекин на војната во Газа, постигнат на 15-ти јануари.

Откако израелските заложници беа предадени на Црвениот крст и пристигнаа во Израел, ослободените палестински затвореници пристигнаа во Рамала на Западниот Брег.

Договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас - кој САД и Европската унија го сметаат за терористичка организација, стави крај на разорната 15-месечна војна во Појасот Газа, со размена на заложници и 1.000 палестински затвореници и испорака на хуманитарна помош на опустошената палестинска територија.

Денешната размена е петта досега од почетокот на прекинот на огнот на 19 јануари, во кој до денес беа ослободени 18 израелски заложници и 383 палестински затвореници.

Ели Шараби е еден од тројцата заложници ослободени на 8 февруари 2025 година.
Ели Шараби е еден од тројцата заложници ослободени на 8 февруари 2025 година.

Денеска Хамас ги ослободи Охад Бен Ами (56) и Ели Шараби (52), заложници кои беа киднапирани од Кибуц Беери во нападот на Хамас врз Израел во 2023 година, и Ор Леви (34), заложник кој беше киднапиран од музичкиот фестивал Нова.

Тројцата ослободени заложници изгледаа изнемоштено додека милитантите на Хамас ги водеа на бината пред да ги предадат на Црвениот крст, по што стигна предупредување од кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека ќе следат „соодветни мерки“.

„Поради сериозната состојба на тројцата заложници и повторените прекршувања од страна на терористичката организација Хамас, премиерот Нетанјаху наложи да не се дозволи ситуацијата да остане нерешена и да се преземат соодветни мерки“, се вели во соопштението на неговиот кабинет.

Членовите на Хамас и Охад Бен Ами, пред да го предадат на Црвениот крст, 8 февруари 2025 година.
Членовите на Хамас и Охад Бен Ами, пред да го предадат на Црвениот крст, 8 февруари 2025 година.

Хамас претходно соопшти дека меѓу 183-те палестински затвореници што ќе ги ослободи Израел ќе има 18 лица кои отслужуваат доживотна казна, 54 лица со долги затворски казни и 111 лица кои биле заробени во Појасот Газа за време на војната.

Приближно 33 заложници и 1.900 затвореници се очекува да бидат ослободени до крајот на првата фаза од прекинот на огнот за три недели.

Израел соопшти дека осум заложници се мртви.

Хамас зароби 251 заложник и уби околу 1.200 луѓе кога го нападна Израел на 7 октомври 2023 година, предизвикувајќи војна.

Најмалку 47.500 Палестинци се убиени во израелската офанзива, според Министерството за здравство на Газа, управувано од Хамас.

На 7 февруари, Хамас го обвини Израел дека го одложил влезот на стотици камиони со храна и други хуманитарни материјали договорени како дел од примирјето.

Палестински затвореник откако беше ослободен од израелски затвор како дел од размена на заложници и затвореници и договор за прекин на огнот во Газа меѓу Хамас и Израел, во Рамала, на Западниот Брег окупиран од Израел, 8 февруари 2025 година.
Палестински затвореник откако беше ослободен од израелски затвор како дел од размена на заложници и затвореници и договор за прекин на огнот во Газа меѓу Хамас и Израел, во Рамала, на Западниот Брег окупиран од Израел, 8 февруари 2025 година.

Шефот на медиумската канцеларија на Хамас во Газа, Салама Ма'руф, на прес-конференција во градот Газа рече дека „хуманитарната ситуација останува катастрофална поради израелската опструкција“, според извештаите на медиумите.

Тој рече дека само 8.500 од очекуваните 12.000 камиони со помош влегле во Газа откако стапи на сила прекинот на огнот.

Тоа тврдење е во спротивност со она на хуманитарниот координатор на ОН, Том Флечер, кој на 6 февруари рече дека 10.000 камиони со храна, лекови и шатори влегле во Газа од почетокот на прекинот на огнот, што тој го нарече „голем пораст“.

Масовни протести во Словачка против проруската политика на Фицо

Словаците на антивладини протести на Плоштадот на слободата во Братислава, Словачка, 7 февруари 2025.
Словаците на антивладини протести на Плоштадот на слободата во Братислава, Словачка, 7 февруари 2025.

Со протести ширум Словачка во петокот (7 февруари), граѓаните изразија загриженост дека премиерот Роберт Фицо ја врти земјата-членка на ЕУ кон Русија и го повикаа да поднесе оставка.

Десетици илјади луѓе се собраа на Плоштадот на слободата во Братислава по втор пат за две недели, извикувајќи „Оставка, оставка“, „Руски агент“ и „Словачка е Европа“.

Демонстрации се одржаа на 41 локација во Словачка, во споредба со 28-те пред две недели, и во 13 градови во странство, јавува агенцијата АП, повикувајќи се на организаторите.

Медиумскиот портал Деник проценува дека на Плоштадот Слобода се собрале до 45.000 луѓе.

Ова се најголемите демонстрации од 2018 година, кога убиството на истражувачки новинар и неговата свршеница предизвика политички немири кои кулминираа со колапс на претходната влада на Фицо.

Тој се врати на власт во 2023 година, започнувајќи го четвртиот премиерски мандат, но брзо предизвика загриженост кај критичарите дека ја поткопува демократијата и ја приближува земјата до Русија, која води војна против Украина.

Во декември тој се сретна со рускиот претседател Владимир Путин во Москва.

Фицо, кој преживеа обид за атентат минатиот мај, ја прекина воената помош за Украина, гласно се спротивстави на идното членство на Украина во НАТО и се изјасни против санкциите на ЕУ кон Русија.

Тензиите се зголемија по неговите тврдења дека противниците се подготвуваат да ги претворат протестите во обиди за соборување на неговата влада.

Трамп вели дека „најверојатно“ ќе се сретне со Зеленски следната недела

USA-TRUMP/BIDEN
USA-TRUMP/BIDEN

Американскиот претседател Доналд Трамп рече дека најверојатно ќе се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски следната недела, бидејќи напорите на САД за ставање крај на војната во Украина добиваат на интензитет, при што Зеленски рече дека е важно двајцата да се сретнат лично пред Трамп да разговара со рускиот претседател Владимир Путин.

„Веројатно ќе се сретнам со претседателот Зеленски следната недела“, рече Трамп на 7 февруари.

Тој рече дека локацијата на состанокот „може да биде Вашингтон“, додавајќи дека „не одам [во Киев]“.

Трамп пoвеќе пати ветуваше дека брзо ќе стави крај на руската војна против Украина, која влегува во својата четврта година подоцна овој месец, откако Путин започна целосна инвазија на соседната земја на 24 февруари 2022 година.

Средбата би била нивна прва, откако Трамп го започна својот нов претседателски мандат на 20 јануари.

Американскиот претседател зборуваше една недела пред почетокот на Минхенската безбедносна конференција која ќе се одржи од 14 до 16 февруари, а каде најголемата војна во Европа од 1945 година сигурно ќе биде меѓу главните теми на разговор.

Се очекува Зеленски да присуствува на годишниот собир, како и специјалниот пратеник на Трамп за Украина и Русија, Кит Келог, кој претходно оваа недела ги негираше извештаите дека САД ќе презентираат мировен план за Украина на состанокот.

Трамп и членовите на неговата администрација дадоа малку детали за какви било конкретни предлози за завршување на војната, но Келог неодамна рече дека двете страни ќе мора „малку да попуштат“, што значи да направат компромиси.

Во интервју за Ројтерс на 7 февруари, Зеленски рече дека е „многу важно“ тој и Трамп да се сретнат пред американскиот претседател да се сретне со Путин, наведувајќи дека „во спротивно тоа ќе изгледа како дијалог за Украина без Украина“.

„Сè уште е важно партнерите прво да разговараат за нивните прашања, а потоа да разговараат со непријателот“, рече Зеленски, според Ројтерс.

Не се објавени конкретни планови за средбата Трамп-Путин.

Зеленски го повтори својот повик за силни безбедносни гаранции од Западот за Украина како дел од каков било прекин на огнот или мировен договор и рече дека е од клучно значење за Западот да одреди широка стратегија пред да започне преговори со Москва, пренесе Ројтерс.

Украинскиот претседател нагласи дека неговиот тим е во редовен контакт со Келог и советникот на Трамп за национална безбедност, Мајкл Валц.

Утрото студено, денот сончев со мала до умерена облачност

Илустрација - Временска прогноза
Илустрација - Временска прогноза

Времето утрово (8 февруари) е студено со услови за појава на магла по одделни котлините.

Најниската температура од -9 е измерена во Берово. Во Крива Паланка се измерени -8, додека -7 во Маврови Анови и Попова Шапка, -6 во Крушево и Битола, -5 во Скопје, Штип и Велес, -4 во Гевгелија, Кавадарци, Тетово, Прилеп и Виница, а -3 во Струмица и Охрид, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

На Попова Шапка има снежна покривка од 30 сантиметри, а во Маврови Анови 12.

Преку денот ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен променлив ветер. Максималната температура ќе биде во интервал од 4 до 11 степени.

Во Скопје преку денот ќе биде сончево со мала до умерена облачност и ќе дува слаб променлив ветер. Максималната температура ќе достигне до 9 степени, најавуваат метеоролозите.

Саркози една година ќе носи електронска алка на ногата

 Никола Саркози, поранешен француски претседател, 8 октомври 2021 година.
Никола Саркози, поранешен француски претседател, 8 октомври 2021 година.

Поранешниот претседател на Франција, Никола Саркози, кој е осуден поради корупција и трговија со влијание, од денеска ќе носи електронска алка на ногата.

Касациониот суд во декември ја потврди пресудата за Саркози – тригодишна затворска казна. Две години затвор се суспендирани, а Саркози е осуден на носење на електронски мониторинг уред една година, наместо да оди во затвор.

Одлуката на судот значи дека Саркози ќе мора да носи електронска алка и оти три години нема право да се кандидира за јавна функција.

Саркози по напуштањето на функцијата во 2012 година беше прогласен за виновен од понискиот суд за обид за поткуп на судија и тргување со влијание во замена за доверливи информации за истрагата за финансиите на неговата кампања во 2007 година.

Судот утврди дека Саркози направил заговор да обезбеди работа во Монако за судија во замена за внатрешни информации за истрагата за наводите дека прифаќал незаконски плаќања од наследничката на Лореал, Лилијан Бетенкур. Судијата Гилберт Азибер, исто така, беше осуден за корупција и трговија со влијание.

Поранешниот француски претседател се соочува и со судење по обвиненијата за корупција и нелегално финансирање поврзани со наводното либиско финансирање на неговата претседателска кандидатура во 2007 година. Саркози негира дека е виновен. Доколку биде прогласен за виновен во тој случај, може да се соочи со казна затвор до 10 години.

Нов протест на учениците и студентите во Атина поради железничката несреќа кај Темпи

Протест во Грција, февруари 2025
Протест во Грција, февруари 2025

Стотици ученици и студенти денеска (7 февруари) протестираа во центарот на Атина. Преку мирниот протест во претпладневните часови тие побараа правда за железничката несреќа кај Темпи, во која животот го загубија 57 лица – јави новинската агенција МИА.

Граѓаните протестираа под слоганот „Кога едно дете вели дека нема кислород, тоа ја прави државата убиец“, откако неодамна беше објавен аудиозапис од телефонски повик на бројот 112 за итни случаи во кој се слушаат повиците за помош веднаш по несреќата, меѓу кои и женски глас што вели „немам кислород.

Според проценките на полицијата на протестот учествуваа над 5.500 лица. Учениците и студентите, освен во Атина, одржаа протести и во други грчки градови.

Железничката несреќа кај Темпи се случи на 28 февруари 2023 година, кога се судрија патнички и товарен воз.

Во текот на 19 минути пред несреќата, двата воза, од кои едниот превезувал повеќе од 350 патници, се движеле по истата пруга без да го активираат алармниот систем.

Оттогаш се одржаа повеќе протести ширум земјата. Протестите добија поддршка од Синдикатот на вработените во грчкиот јавен сектор, од низа федерации, синдикати, здруженија и од новинарите.

Лани, на едногодишната од несреќата, бродовите беа закотвени на пристаништата, а возовите не тргнаа од железничките станици. На неколку часа, престана да функционира и јавниот превоз во Атина.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG