Достапни линкови

Вести

Киев: Русија денеска лансираше повеќе од 50 крстаречки ракети кон Украина

Киев, засолнети во метро
Киев, засолнети во метро

Русија изутрината лансираше „повеќе од 50 крстосувачки ракети“ во нов голем напад врз енергетската инфраструктура на Украина, соопштија украинските воздухопловни сили. „Повеќе од 50 крстосувачки ракети од типот Х-101/Х-555 беа лансирани со авиони“ Ту-95 и Ту-160 од северот на Каспиското Море и од руската област Ростов, се вели во соопштението објавено на Телеграм. Украинските власти претходно известија дека утринава биле извршени голем број руски ракетни напади врз важни инфраструктурни објекти во Киев, Харкив и други украински градови.

Серија експлозии во Киев и други украински градови

Како резултат на нападот, дел од главниот град на Украина остана без струја и вода, изјави градоначалникот на Киев Виталиј Кличко. Денешните руски напади доаѓаат два дена по нападот со беспилотни летала врз руската флота на Крим, за кој Москва смета дека го извршила Украина со помош на Британија. По нападот на руската флота, Русија го суспендираше учеството во договорот за извоз на украинско жито постигнат летово.

види ги сите денешни вести

Агенцијата за енергетика формално под Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини

Сања Божиновска - министерка за енергетика, рударство и минерални суровини.
Сања Божиновска - министерка за енергетика, рударство и минерални суровини.

Надлежностите на Агенцијата за енергетика од денеска формално се под Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

Министерството на 22 јули соопшти дека досегашниот директор на Агенцијата за енергетика, Дарио Николовски денеска формално ѝ ги предал надлежностите на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска.

Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини е новоформирано како дел од планот на новата Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ по изборите на 8 мај за реорганизација на министерствата. Ново министерство е исто така за дигитална трансформација.

Како дел од овој олан, Министерството за економија прерасна во Министерство за економија и труд, Министерство за труд и социјална политика стана Министерство за социјална политика, демографија и млади, а во Министерството за култура беше додаден секторот туризам.

Денеска со укинувањето на Агенцијата за енергетика и нејзиниот Управен одбор, а вработените по сила на закон ќе бидат преземени од ресорното Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини.

„Согласно Законот за организација на органите на државната управа и законот за енергетика, Агенцијата за енергетика и целиот нејзин движен и недвижен имот, се преземени од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини“, се вели во соопштението.

Белорусинка доби шест години затвор поради испраќање пари на полк во Украина

Полкот Кастус Калинуски, составен од белоруски државјани, се бори на украинска страна против руската инвазија врз Украина.
Полкот Кастус Калинуски, составен од белоруски државјани, се бори на украинска страна против руската инвазија врз Украина.

Обвинителите во западниот белоруски регион Брест на 22 јули соопштија дека локална жена е осудена на шест години затвор за испраќање 4.400 рубли (1.344 долари) на полк белоруски војници кои се бореле на страната на Украина.

Центарот за човекови права Вјасна ја идентификуваше жената како Наталија Леваја, 38-годишна жителка на Брест.

Регионалниот суд во Брест на 17 јули го осуди Леваја за финансирање екстремистички активности за испраќање на средствата до полкот Кастус Калинуски и обид да се приклучи на вооружена група во странска земја.

На Леваја и било наложено да плати казна од 40.000 рубљи (12.218 долари).

Александар Касаноф ја презеде функцијата заменик помошник секретар на САД за Западен Балкан

Зграда на американскиот Стејт департмент, август 2021 година.
Зграда на американскиот Стејт департмент, август 2021 година.

Александар „Саша“ Касаноф ја презеде функцијата заменик помошник секретар за Западен Балкан, соопшти Стејт департментот на САД.

На оваа функција претходно беше Габриел Ескобар, чиј мандат истече во мај годинава.

Касанов претходно служеше како извршен асистент на поранешната потсекретарка за политички прашања Викторија Нуланд и вршител на должноста потсекретар за политички прашања Џон Бас. Тој служел во Ирска, Туркменистан, Чиле и Украина.

Тој, наводно, ја добил наградата Џејмс Клемент Дан за извонредност за неговата работа како политички советник во американската амбасада во Киев за време на револуцијата на Мајдан.

Се вели дека задачите на Касаноф во Вашингтон вклучуваат: служење како директор на Канцеларијата за глобална политика и програми во Бирото за меѓународни наркотици и прашања за спроведување на законот; работа на позицијата заменик директор на персоналот на Извршниот секретаријат, директор на Канцеларијата за источноевропски прашања и заменик директор на Канцеларијата за кавкаски прашања и регионални конфликти.

Касаноф студирал на Националниот воен колеџ, Факултетот за напредни меѓународни студии на Универзитетот Џон Хопкинс и колеџот Хамилтон.

Покрај англискиот, тој зборува француски, италијански, руски и шпански.

Директорката на Тајната служба на САД за обидот за атентат на Трамп: „Не успеавме“

Директорката на тајната служба Кимберли Читл сведочи пред Конгресот на САД на 22 јули 2024 година.
Директорката на тајната служба Кимберли Читл сведочи пред Конгресот на САД на 22 јули 2024 година.

Директорката на американската тајна служба, Кимберли Читл, во Конгресот на САД призна дека таа и нејзината агенција направиле пропуст кога атентаторот го рани републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп на митингот во Пенсилванија на 13 јули.

„Не успеавме“, рече Читл.

„Обидот за атентат врз поранешниот претседател Доналд Трамп на 13 јули е најзначајниот оперативен неуспех на Тајната служба во последните децении“, додаде таа.

„Направивме пропуст. Како директорка на американската тајна служба, ја преземам целосната одговорност за секој безбедносен пропуст“, рече Читл, сведочејќи пред Комисијата за надзор на Претставничкиот дом.

Таа се соочува со повици од републиканците кои бараат нејзина смена.

Читл додаде дека обидот за убиство на поранешниот американски претседател Доналд Трамп претставува најзначајниот оперативен неуспех во децениската работа на Тајната служба, пишува Ројтерс.

Соочена со наводите од републиканците дека Тајната служба ги скратила ресурсите за да го заштити Трамп, Читл рече дека безбедноста на поранешниот претседател била засилена пред пукањето.

Таа одби да одговори на конкретни прашања од републиканците и демократите за дневниот безбедносен план, велејќи дека работата се истражува внатрешно.

Во пукањето на собирот во Батлер, Трамп беше повреден во увото. Еден учесник на митингот беше убиен, а други двајца беа повредени. Осомничениот напаѓач, 20-годишниот Томас Крукс, кој работел во дом за стари лица, бил убиен од агенти на Тајната служба. Засега не е познато кој бил мотивот за нападот.

Инцидентот предизвика бес кај членовите на Конгресот, кои велат дека напаѓачот можел да се качи на покривот на зградата во близина на митингот на Трамп поради безбедносни пропусти во Тајната служба.

Службата има задача да ги заштити сегашните и поранешните претседатели. Судскиот комитет минатата недела објави дека има докази дека Тајната служба не го обезбедила соодветно митингот на Трамп.

Сведочењето го означува првиот круг од истрагата на Конгресот за пропустите во врска со атентатот.

Директорот на ФБИ, Кристофер Вреј, во среда треба да се појави пред Судскиот комитет на Претставничкиот дом.

Предвидено е и претседателот на Претставничкиот дом Мајк Џонсон да објави формирање на двопартиска работна група која ќе обезбеди почетна точка за истрага на институцијата.

Владата ги објави министерските плати, највисоки имаат Мицкоски и Тошковски

Зградата на Владата на Северна Македонија.
Зградата на Владата на Северна Македонија.

Владата денеска ги објави платите на новиот владин состав, со што податоците покажуваат дека највисока нето плата добива премиерот Христијан Мицкоски од 140.450 денари.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски зема 140.405 денари и добива повисока плата за 24.865 денари од сите други министри, кои добиваат плата од 115.540 денари.

Владата денеска висините на платите на премиерот и министрите ги објави на својата официјална веб - страница во делот „отчетност“.

Исклучокот за повисоката плата на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски за зголемување за 20 отсто бил направен за извршување на функцијата.

„Додатокот на плата се исплаќа согласно решение бр.16-1561/2 од 12.06.2017 година“, велат од Владата.

Инфографика - Платите на премиерот и министрите, јули 2024
Инфографика - Платите на премиерот и министрите, јули 2024

Исто така е наведено дека висините на платите биле објавени како дел од заложбите на Владата за поголема дигитална транспарентност.

Функционерските плати беа значително зголемени за 78 проценти во април 2023 година и ваквата одлука предизвика силни реакции во јавноста и кај работниците и кај синдикатите кои бараа исто толку да бидат покачени и нивните плати.

Законот за плати на функционери предвидува основицата да биде просечната плата од претходната година, но со години беше замрзната на пониско ниво. Но, Уставниот суд на 21 март 2023 година одлучи да го укине замрзнувањето, по што платите се зголемија за 78 отсто.

Претходно, до одлуката на Уставен суд, бруто платите на функционерите се пресметуваа така што коефициентот определен за секоја функција се множеше со фиксен износ од 26.755 денари, наместо да се зема просечната бруто плата исплатена во минатата година.

Израел прогласи за мртви уште двајца заложници во Газа

Чад се крева за време на израелски воздушен напад, среде конфликтот меѓу Израел и Хамас, во градот Газа, 7 јули 2024 година.
Чад се крева за време на израелски воздушен напад, среде конфликтот меѓу Израел и Хамас, во градот Газа, 7 јули 2024 година.

Израел денеска прогласи за починати уште двајца заложници кои беа држени во Газа, додека подоцна оваа недела треба да продолжат разговорите за обезбедување договор за прекин на огнот, којшто ќе вклучи ослободување на околу 120 тамошни затвореници.

Израелската војска соопшти дека сè уште ја истражува смртта на двајцата заложници, Јагев Бухштаб, 35-годишен аудио техничар и Алекс Дансиг (76) - историчар. Тие беа киднапирани од нивните домови во комуни во близина на границата со Газа за време на нападот на Хамас на 7 октомври врз јужен Израел.

Израелскиот преговарачки тим во четврток требаше да ги започне преговорите за прекин на огнот во Газа, кој ќе вклучува ослободување заложници во замена за палестински затвореници.

„Јагев и Алекс беа земени живи и требаше да се вратат живи во нивните семејства и во нивната земја“, се вели во соопштението на Форумот за семејства за заложници, пишува Ројтерс.

Нивната смрт во заробеништво е трагичен одраз на последиците од одложувањето на преговорите.

Денсиг имаше и полско државјанство, а полското Министерство за надворешни работи соопшти дека е тажно поради неговата смрт.

„Полска ќе продолжи да бара безусловно ослободување на сите киднапирани од Газа“, соопшти Министерството.

Министерството за финансии побарало одземање лиценца на две друштва за игри на среќа

 Гордана Димитриеска Кочоска - мининстерка за финансии.
Гордана Димитриеска Кочоска - мининстерка за финансии.

Министерството за финансии иницирало постапка до Владата за одземање на лиценци за приредување игри на среќа на две друштва заради неисполнување на условите од издадените лиценца, соопшти денеска мининстерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска.

Министерството за финансии кај двете друштва констатирало дека не се платени давачки утврдени со Законот за игри на среќа и за забавни игри и Законот за данок на личен доход.

„Министерството за финансии ја иницираше постапката откако од УЈП како надзорен орган на приредувањето на игри на среќа го доби записникот од извршената надворешна контрола над работењето на овие друштва“, рече Димитриеска Кочоска.

Првичното барање од Министерството за финансии за добивање на записникот до УЈП било доставено уште во јули 2023 година по што биле направени неколку ургенции, а во УЈП постапиле во јуни 2024 година, откако дошло новото раководство, вели Димитриеска Кочоска.

Од доставената документација од УЈП за извршената надворешна контрола било констатирано дека кај едно од друштвата за кое е иницирана постапка за одземање на лиценцата не биле платени давачки во континуитет од јули 2022 година.

Димитриеска Кочоска вели дека Министерството за финансии доставило дописи до Финансиската полиција и до Одделението за организиран криминал при МВР за преземање активности за утврдување на фактичка состојба со цел да се утврди дали и во колкав обем има оштетување на буџетот, но додаде дека станува збор за голем износ и дека дополнително ќе треба да се утврди дали двете друштва се поврзани со поранешни функционери.

update

Рускиот суд тајно ја осуди новинарката на РСЕ Курмашева на шест ипол години затвор

Алсу Курмашева - руско-американска новинарка на Радио Слободна Европа.
Алсу Курмашева - руско-американска новинарка на Радио Слободна Европа.

Рускиот суд ја осуди Алсу Курмашева - руско-американска новинарка на Радио Слободна Европа (РСЕ), за ширење лажни информации за руската армија, јавува АП. Како што покажуваат судските записи, но и според изјавите на официјалните лица, новинарката била осудена на шест ипол години затвор на судење кое било брзо и тајно.

Пресудата во градот Казан се случила во петокот, истиот ден кога судот во рускиот град Екатеринбург го осуди на 16 години затвор новинарот на Волстрит журнал Еван Гершкович за шпионажа и го осуди, во случај што САД го нарекоа политички мотивиран.

Курмашева е уредник на татарско-башкирската служба на РСЕ, е осудена за „ширење лажни информации“ за војската, според веб-страницата на Врховниот суд на Татарстан.

Портпаролот на судот, Наталија Лосева, потврди за Асошиетед прес во телефонски разговор дека Курмашева е осудена на 6 и пол затвор во случај класифициран како таен, без достапни детали за природата на обвиненијата против неа.

Во врска со пресудата, претседателот и извршен директор на РСЕ, Стивен Капус, денеска го осуди судењето против Курмашева, а пресудата ја опиша како „исмејување на правдата“. Тој додаде дека „единствениот праведен исход е Алсу веднаш да биде ослободена од затвор од нејзините руски киднапери“.

„Време е оваа американска државјанка, наша драга колешка, повторно да се соедини со своето љубезно семејство“, рече Капус во изјава за АП.

47-годишната Курмашева во октомври беше уапсена во Казан и обвинета дека не се регистрирала како „странски агент“ според казнениот руски закон што ги таргетира новинарите, активистите на граѓанското општество и други. Таа, исто така, е обвинета за ширење невистини за руската војска и се соочува со казна затвор до 10 години доколку биде осудена.

РСЕ и американската влада велат дека обвиненијата се одмазда за нејзината работа како новинарка на радиодифузерот во Прага.

Пресудата на 19 јули дојде истиот ден кога новинарот на Волстрит журнал Еван Гершкович беше прогласен за виновен за обвиненијата за шпионажа -- кои тој, неговиот работодавец и американската влада ги отфрлија како политички мотивирани -- од судот во градот Екатеринберг.

Во соопштението на Белата куќа на 19 јули се вели дека Гершкович бил цел на руската влада затоа што е новинар и Американец.

За разлика од Гершкович и уште еден Американец, Пол Вилан, кој отслужува 16-годишна затворска казна поради обвинение за шпионажа, Курмашева не е назначена од владата на САД како „погрешно притворена“.

Таквата ознака гарантира дека случајот е доделен на канцеларијата на специјалниот пратеник за заложнички работи во американскиот Стејт департмент, со што се подига политичкиот профил на ситуацијата на затворениците и ѝ дозволува на американската администрација да одвои повеќе ресурси за обезбедување на нивното ослободување.

Американскиот национален прес-клуб - професионално здружение на американски новинари - и 18 други групи за слобода на медиумите го повикаа претседателот Џо Бајден во отворено писмо на 31 мај да изврши притисок за признавање на Курмашева како „погрешно приведено“ лице.

„Таа ги исполнува сите критериуми. Ова треба да се случи веднаш. Требаше да се случи пред месеци“, се вели во писмото.

„Го слушавме Стејт департментот како се превртува во ѓеврек објаснувајќи како треба да се земат предвид и други фактори покрај критериумите, но допрва треба да слушнеме јасна причина зошто Стејт департментот не може да ја прогласи за погрешно притворена“, се додава во писмото.

Украинскиот министер за надворешни работи ќе ја посети Кина

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба.
Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба.

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба ќе ја посети Кина од 23 до 25 јули на покана на неговиот кинески колега Ванг Ји, објавија на 22 јули министерствата за надворешни работи на двете земји на нивните официјални веб-страници.

„За време на состаноците и преговорите, страните ќе разменат мислења за актуелната ситуација и изгледите за развој на билатералните односи. Главна тема на разговор ќе биде барањето начини за запирање на руската агресија (врз Украина) и можната улога на Кина во постигнување на стабилен и праведен мир“, соопшти украинското Министерство за надворешни работи.

Минатата недела, додека беше во Велика Британија, украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека целиот свет ќе мора да изврши притисок врз Русија за да ја убеди да седне на преговарачка маса и да размисли за завршување на војната.

„Ова не значи дека сите територии ќе бидат вратени со сила. Мислам дека моќта на дипломатијата може да помогне“, рече тој, додавајќи дека колку е послаба Русија на бојното поле, толку е посилна позицијата на Украина на преговарачката маса.

Од 15 до 16 јуни, Швајцарија беше домаќин на Мировниот самит за Украина. Повеќе од 80 земји и четири организации, вклучително и Советот на Европа, Европската комисија, Европскиот совет и Европскиот парламент, повикаа „територијалниот интегритет“ на Украина да биде основа на секој мировен договор за ставање крај на војната во Русија.

Шефот на швајцарската дипломатија Игнацио Касис по самитот предложи следниот состанок да се одржи пред изборите во САД.

И Володимир Зеленски рече дека веќе има земји заинтересирани да бидат домаќини на вториот мировен самит, а Киев започнал преговори со нив. Сепак, тој не ги именуваше овие земји.

Како што изјави за Радио Свобода заменик-шефот на кабинетот на претседателот на Украина, Ихор Жовква, Русија може да учествува на следниот мировен самит под услов да е подготвена „конструктивно“ да разговара и да го спроведе акцискиот план договорен на првиот самит. Наместо тоа, Кремљ ја отфрли идејата за учество на овој настан.

Репортер близок до Кремљ избркан од германското здружение на новинари

Хуберт Сајпел (десно) го интервјуира рускиот претседател Владимир Путин, 2014 година.
Хуберт Сајпел (десно) го интервјуира рускиот претседател Владимир Путин, 2014 година.

Германското здружение на истражувачки новинари „Netzwerk Recherche“ објави дека Хуберт Сајпел повеќе не е член на здружението.

Ваквата одлука е донесена откако било потврдено дека влијателниот новинар и автор добил пари од Москва за да пишува пофални книги за рускиот претседател Владимир Путин.

Заедничката истрага на германскиот јавен радиодифузер ZDF во ноември 2023 година откри дека Сајпел, кој го интервјуирал Путин и напишал две книги за него, добил 600.000 евра од олигархот поврзан со Кремљ, Алексеј Мордашов.

„Со своето однесување, Зајпел ги прекрши основните правила на независното новинарство и нанесе огромна штета на угледот на нашата професија“, изјави за ЗДФ претседателот на „Netzwerk Recherche“, Даниел Дрепер.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG