Вести
Стопанството ја чека поддршката од Владата за да не се отпуштаат работници

Состојбата е тешка и бизнисот очекува поддршка од Владата и исполнување на нивните барања за надминување на последиците од енергетската криза, истакна потпретседателката на Стопанската комора Јелисавета Георгиевска-Јовеска на денешната прес-конференција. Од Кризниот штаб на комората предупредија дека ако стопанството не ја добие потребната помош, ќе следи намалување на бројот на вработени од 30 до 50 проценти.
Поддршката што ја очекува бизнисот, како што истакна потпретседателката, е врз база на пресметки во компаниите со цел да не дојде до редуцирање на производството и на кадарот.
„Состојбата е тешка и бараат поддршка и премостување на нивните потешкотии со кои се соочуваат“, додаде Георгиевска-Јовеска .
Во име на Кризниот штаб, Георгиевска-Јовеска рече дека треба што поскоро да следат мерките, бидејќи компаниите ја чекаат поддршката од Владата.
„ Да се субвенционира цената на електричната енергија за индустријата по примерот на соседните земји, да се обезбеди правна рамка за фирмите да излезат од постојните договори за снабдување со електрична енергија за компаниите да можат да склучат договори со ЕСМ снабдување, да се максимизира домашното производство на електрична енергија и вишоците да се понудат на индустријата по производна цена и да се намали ДДВ-то за електрична енергија од 18 на пет отсто“, рече Георгиевска-Јовеска.
Таа додаде дека врз основа на направените компаративни анализи, компаниите треба да добијат определна базна цена за струјата на која државата би ги покривала трошоците.
Кризниот штаб на Стопанската комора денеска одново заседаваше поради енергетската криза и скапата струја за компаниите. Инаку, по вчерашниот состанок во владата, бизнис заедницата го продолжи ултомативниот рок за уште 7 дена до владата за таа да го комплетира пакетот антикризни мерки. Ако тоа не се случи, најавуваат затворање на дел од фирмите и отпуштање на нивните работници.
види ги сите денешни вести
„Нечиста крв“ на ИРЛ ја доби наградата за истражувачко новинарство на ЗНМ

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) денеска ги додели годишните новинарски награди. Наградата за истражувачко новинарство „Јашар Еребала“ ја доби Истражувачката репортерска лабораторија за „Нечиста крв“.
Во документарнито филм ИРЛ откриваат дека Клиниката „Жан Митрев“, вршела клинички студии на пациенти со методот на хемофилтрација без да ги пријави, а воедно се истражуваат и смртни случаи, поврзани со бактериски инфекции кај пациенти. По сторијата обвинителството отвори предмет против клиниката и сопственикот и доктор Жан Митрев, за што потоа почна и судски процес.
Наградата за животно дело на ЗНМ „Крсте Петков Мисирков“ ја доби Драган Ѓоргоски.
Наградата за најдобро новинарско известување за теми од локално и регионално значење му припадна на Аднан Ќаири од Алсат.
Посебни признанија за истражувачко новинарство им беа доделени на Фросина Димеска, Ирена Мулачка, Мартин Пушевски, Петар Клинчарски и плакета доби Кристина Атовска.
На конкурсот за годишни награди на ЗНМ годинава пристигнаа 17 стории за истражувачко новинарство за наградата „Јашар Еребара“, 18 за теми од локално и регионално значење, како и седум за животно дело „Крсте Петков Мисирков“.
Претседателот на Здружението на новинарите Младен Чадиковски истакна дека на наградниот конкурс биле пријавени 42 кандидати, што е показател дека се уште има многу стории и приказни кои чекаат да бидат објавени и раскажани.
Османи - Тешко ќе биде да се притисне црвено копче за уставните измени и да се изолира државата

Ќе биде многу тешко да се притисне црвено копче кога ќе дојде време за гласање за уставните измени и со тоа да се изолира земјата во наредните 10 години, во услови кога се појавува забрзана патека за регионот во ЕУ, рече на 27 март министерот за надворешни работи Бујар Османи на заедничката прес-конференција во Скопје со неговата албанска колешка Ољта Џачка.
Тој вели дека странските партнери даваат кредибилитет и гаранција на процесот, па токму тоа ќе ги разубеди и граѓаните и партиите.
„Е, тоа прашање мислам дека ќе си го постави секој пратеник пред да стисне копче дали е за споменување на Хрватите, Црногорците и Бугарите во Уставот, кога се и овде спомнати во категоријата други. Мислам дека сите пратеници ќе размислат за иднината на оваа држава и на граѓаните“, рече министерот Османи.
Акцент на разговорите меѓу Османи и Џачка бил ставен врз евроинтегративните реформски процеси што се одвиваат со несмалено темпо и во двете држави.
Според Османи, не е фер да бараме од Албанија, ако не успееме да ги направиме уставните измени, да застане и да не продолжи, бидејќи, како што рече, процесот е индивидуален се базира на меритократија на секоја држава посебно.
Албанската министерка Џачка порача дека уставните измени треба да се направат.
„Важно е за сите политички чинители дека ова е момент кој не треба да се пропушти, отворена е можност да одиме побрзо по овој пат и овој процес и ако некој остане назад ќе остане назад во неповолноста за нивните граѓани затоа оваа работа не треба да се дозволи“, нагласи Џачка.
Двајцата министри заклучиле дека економската соработка е успешна, но недоволна.
Осуда за нападот врз Топ чанел

Мисијата на ОБСЕ во Албанија силно го осуди нападот против албанската телевизија Топ чанел, оценувајќи дека напад врз медиум е флагрантен напад против демократијата.
Изразувајќи сочувство до семејството и колегите на Пал Кола, кој беше убиен во нападот, ОБСЕ бара брза истрага за целосно расветлување на инцидентот и изведување на сторителите пред лицето на правдата.
Во нападот врз објектот на телевизијата Топ чанел е убиен Пал Кола кој работел како обезбедување.
Реагираше и американската Амбасада осудувајќи го смртоносниот чин и барајќи целосна истрага за настанот.
Остра осуда искажаа и претседателот Бајрам Бегај, премиерот Еди Рама, претседателката на парламентот Линдита Никола, политички лидери, домашни меѓународни новинарски асоцијации.
Министерот за внатрешни работи Бледи Чучи вети брзо расветлување на случајот.
Досегашната истрага покажува дека објектот на телевизијата околу 1 часот го нападнале три лица со рафално пукање од калашникови во правец на првиот и вториот кат на објектот.
Лицето од обезбедувањето во моментот се наоѓало во стражарската куќичка.
Возилото со кое пристигнале и се оддалечиле сторителите било украдено во Скадар, а е пронајдено запалено заедно со оружјето.
Лога ќе бара екстрадиција на Груевски за девет предмети

Министерството за правда повторно ќе бара екстрадиција на осудениот поранешен премиер Никола Груевски кој доби азил во Унгарија и за осудените поранешни разузнавачи Горан Грујевски и Никола Бошковски чија екстрадиција ја одби судот во Грција. Министерот Кренар Лога на брифингот со новинари истакна дека разговарал со амбасадорката на Грција во Скопје од која побарал поранешните разузнавачи да бидат екстрадирани, за да може довербата на граѓаните во судството да расте.
„Недозволиво е европски држави како Грција и Унгарија да не ни помогнат во спроведување на закон“, вели Лога.
Груевски живее во политички азил во Будимпешта откако побегна по донесувањето на пресудата за случајот „Тенк“ на поранешното СЈО.
Македонските власти бараа негова екстрадиција за издржување на двегодишна затворска казна поради незаконската набавка на „Мерцедесот“ како и за обвинението за организирање на насилниот упад во Собранието од 27 април 2017 година. Судот во Будимпешта го одби барањето затоа што условите за екстрадиција не биле исполнети бидејќи поранешниот македонски премиер има статус на бегалец во Унгарија.
Ова е четврти пат како земјава се подготвува да бара екстрадиција за екс-премиерот Груевски. Секој нов министер за правда најавува барање за екстрадиција на Груевски. По барањата во 2018 и 2019 година, и тогашниот министер за правда Бојан Маричиќ поднесе барање во 2021 година.
Лога брифира дека во новото писмо кое ќе го испрати до Унгарија ќе биде наведено дека се бара екстрадиција на Груевски за да му се суди за 9 предмети и дека ако го екстрадираат ќе ге биде притворен во таканаречените „хашки ќелии“ во казнено поправниот дом „Идризово“, кои, како што вели, ги исполнуваат сите меѓународни стандарди.
„Ако побараат и други обврски да исполниме, ние сме отворени за соработка“ додаде тој.
Поранешните разузнавачи и обвинети за уништување на опремата за прислушување во УБК како и за организирање на настаните на 27 април 2017 во Собранието Никола Бошковски и Горан Грујевски слободно шетаат низ Грција откако грчкиот Врховен суд го одби барањето на македонскотo Mинистерство за правда за екстрадиција. Тие исто како и Груевски својата одбрана во судот ја претставуваат како политички прогон.
Од Косово се уште се чека и екстрадиција на обвинет од криминалната терористичка група која на 9 мај во кумановското Диво Насеље уби осум полицајци.
Новиот министер Лога изјави дека го побарал досието поврзано со трансфер на кумановската група кои бараат да ја одлежат казната во Косово. Тоа се луѓе кои се осудени за вооружениот инцидент во мај 2015 година во кумановско Диво Насеље каде загинаа 8 македонски полицајци. Лога вели дека нема да коментира додека не ги разгледа сите фактори поврзани со ова прашање.
„Најголем дел од тие барања не е според тоа што предвидува законот. Остануваат уште најмалку 10 чекори до нивниот трансфер во Косово. И за ова прашање ние ќе треба да имаме согласност од двете страни. Се надевам дека за овие и други прашања ќе имаме комуникација во државата, но и со Косово“, рече Лога.
Поранешен премиер, екс разузнавачи, осудени за петкратното убиство кај Смилковското езеро, осуден за насилниот упад во Собрание на 27 април, се само дел од луѓето кои со години стојат на списокот за екстрадиција во земјава.
Ковачевски - За НАТО се обединивме, убеден сум за такво обединување и за ЕУ

Одлуката за членство во НАТО ги проби бариерите на партиите, религиите и народите и не обедини сите. Убеден сум дека такво обединување имаме и околу нашите одлуки за ЕУ, порача премиерот Димитар Ковачевски на централната свеченост во касарната „Илинден“ по повод тригодишнината од членството во НАТО.
„Оваа годишнина не е само сеќавање на моментот кога македонското знаме се развиори пред седиштето на НАТО во Брисел, туку и момент во кој престанавме да бидеме точка на дневен ред во безбедноста и станавме дел од масата која го создава дневниот ред за светската безбедност“, рече премиерот.
Министерката за одбрана Славјанка Петровска, вели дека целта не им била само да ја внесат Армијата во НАТО, туку и НАТО во Армијата.
„Нашата земја ќе го достигне НАТО критериумот од два процента од БДП алоциран за одбраната веќе следната година, а вториот критериум за опремување и модернизација веќе го надминавме, бидејќи годинава 33 проценти од Буџетот е наменет токму за опремување“, рече Петровска.
И началникот на ГШ, генерал потполковник Васко Ѓурчиновски посочи дека зачленувањето во НАТО е значаен историски настан кој ќе сведочи за успесите на државата и Армијата.
На 27 март 2020 година, Република Северна Македонија стана триесетта земја членка на Алијансата. Определбата за евро-атлантско интегрирање датира уште од 1993 година, кога Собранието усвои Резолуција, во која се дефинирани надворешно политичките приоритети на земјата, а тоа се членството во НАТО и во ЕУ.
Вработените во култура секој ден ќе протестираат додека не добијат повисоки плати

Секојдневен протест се додека не добијат повисоки плати најавија од синдикалната организација при Министерството за култура.
На 27 март вработени во Министерството за култура, Управата за заштита на културното наследство и Агенцијата за филм, одржаа едночасовниот протест пред Министерството за финансии со барање за повисоки плати.
На денешниот протест побараа и средба со министерот за финансии Фатмир Бесими.
Претседателот на синдикалната организација при Министерството за култура, Бранко Костовски изјави дека ќе бидат присутни секој ден во голем број, се до остварување на целта - соодветна валоризација на трудот на вработените во овие институции.
Тие бараат потпишување на колективен договор и зголемување на платите по примерот на Министерството за финансии.
Како што изјави претседателот на Синдикалната организација при Министерството за култура, Бранко Костовски, платите на речиси 70 отсто од вработените во овие три институции се под просечната плата во државата, а разликата со платите на вработените на исти позиции во установите од областа на културата е и по 10 илјади денари.
Парализиран сообраќајот во Германија, работниците бараат поголеми плати

Во поголемиот дел од Германија на 27 март запреа возовите, авионите и јавните транспортни системи откако синдикатите свикаа на голем еднодневен штрајк поради платите.
Дваесет и четири часовниот штрајк се одрази и на товарниот транспорт преку железница и бродови, бидејќи работниците и од овие сектори се приклучија на штрајкот. Многу патници се одлучија да користат автомобили, со што предизвикаа гужви на патиштата и задоцнувања, а оние кои можеа останаа да работат од дома.
Синдикатите бараат зголемување на платите за минимум 10,5 отсто и ги отфрлија понудите на работодавачите за 5 отсто во две фази плус еднократни исплати.
Високата инфлација, забележана и на други места минатата година, тешко ги погоди работниците, рече Улрих Силбербах од Федерацијата за државни служби.
Работничките штрајкови се редовна појава во Германија и обично завршуваат со компромисен договор меѓу синдикатите и работодавачите.
Штрајк на синдикатите во Израел, се зголемува отпорот кон судските реформи на Нетанјаху

Прекинати се летовите од главниот меѓународен аеродром во Израел, соопшти израелската аеродромската управа на 27 април. Прекинот на летовите е во знак на протест против планираните владини реформи во судството.
Најголемата унија на синдикати во земјата повика во понеделникот на штрајк во многу сектори, со што се приклучија на движењето на отпор против планот на премиерот Бенјамин Нетанјаху за реформите во судството, што предизвика невиден отпор од целото израелско општество.
Најголемиот синдикат во Израел претставува околу 700 илјади работници во здравството, сообраќајот, банкарството и многу други области.
Авионите во моментов сè уште ќе можат да слетаат на аеродромот Бен-Гурион, надвор од метрополата Тел Авив.
Израелската влада дебатира дали да ја замрзне нејзината контроверзна планирана судска реформа, откако на 26 март, по смената на министерот за одбрана, Јоав Галант, во земјата избија масовни протести, објави на 27 март „Џерусалим пост“.
Десетици илјади луѓе спонтано се собраа во Тел Авив за да протестираат поради тоа што израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го разреши министерот Галант, откако тој ја повика владата да ја прекине реформата, чии клучни елементи се очекува да бидат усвоени во следните неколку дена.
Во Ерусалим, демонстранти наводно ја пробиле блокадата во близина на резиденцијата на Нетанјаху, иако не е јасно дали 73-годишниот премиер бил дома.
Со оглед на ситуацијата, Нетанјаху свика итен состанок. Според „Џерусалим пост“, разговорите што почнаа уште синоќа продолжија до раните утрински часови.
Израелскиот претседател Исак Херцог ја повика владата да ги запре планираните контроверзни судски реформи откако земјата синоќа беше потресена од насилни протести.
„Во име на единството на израелскиот народ, во име на одговорноста, ве молам веднаш да го запрете законодавниот процес“, напиша Херцог на Твитер рано утринава, во апелот до екстремно десничарската коалициска влада на премиерот Бенјамин Нетанјаху.
САД изразија длабока загриженост и повикаа на итен компромис по избувнувањето на протестите во Тел Авив.
Владата на Бенјамин Нетанјаху, една од најдесните во историјата на Израел, во јануари предложи план за реформи кој ја подели земјата.
Реформата, која поттикна загриженост дома и во странство, треба да го зголеми влијанието на пратениците врз судовите. Нејзините критичари истакнуваат дека тоа ги загрозува демократските принципи на израелската држава.
Нетанјаху и неговите сојузници, екстремно десничарските и ултраортодоксните партии, велат дека планираната реформа е неопходна за да се врати рамнотежата на силите меѓу пратениците и Врховниот суд, кој го сметаат за политизиран.
Шефицата на албанската дипломатија Џачка во посета на Скопје

Министерката за Европа и надворешни работи на Република Албанија, Ољта Џачка на 27 март ќе престојува во официјална посета на Северна Македонија. Таа ќе се сретне со министерот за надворешни работи, Бујар Османи, со кого ќе одржи и заедничка прес-конференција.
Превидено е да има средби и со претседателот на државата, Стево Пендаровски, претседателот на Собранието, Талат Џафери, првиот заменик-претседател на Владата, Артан Груби и претседателот на ДУИ, Али Ахмети.
Од Министерството за надворешни работи информираат дека министрите Османи и Џачка ќе разговараат за билатералната соработка, пристапниот процес за членство на двете држави во ЕУ, соработката во рамки на НАТО, како и за неодамна постигнатиот договор меѓу Косово и Србија.
Македонија и Албанија во пакет на 19 јули 2022 започнаа преговори за влез во Европската унија, но македонското Собрание треба да донесе уставни измени и да ги внесе Бугарите во Уставот за да почне отворањето на поглавја во преговорите со ЕУ.
Македонија одбележува три години во НАТО

Авиони од сојузничките земји члени на НАТО ќе прелетаат на 27 март на македонското небо како дел од активностите со кои се одбележува третата годишнина од членството на Северна Македонија во НАТО.
Централната свеченост за одбележување на настанот ќе се одржи во касарната „Илинден“ во Скопје.
Најавени се обраќања на премиерот Димитар Ковачевски, министерката за одбрана Славјанка Петровска и началникот на Генералштабот на Армијата генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски.
Дел од свеченоста ќе бидат неколку показни воени вежби.
Претходно, во организација на Министерството за надворешни работи во Клубот на пратеници ќе се одржи традиционалниот „НАТО појадок”, со учество на дипломатскиот кор, активност со која стартуваат Деновите на НАТО во државава, што ќе се одвиваат до 4 април.
На 27 март 2020 година, Република Северна Македонија стана триесетта земја членка на Алијансата. Определбата за евро-атлантско интегрирање датира уште од 1993 година, кога Собранието усвои Резолуција, во која се дефинирани надворешно политичките приоритети на земјата, а тоа се членството во НАТО и во ЕУ.
Русија ја обвинува Украина за напад со беспилотно летало

Русија ја обвинува Украина дека планирала напад со беспилотно летало, откако еден дрон денеска експлодира и се урна во руски град во областа Тула. Според руското министерство за одбрана. руската противвоздушна одбрана го запрела нападот со украински беспилотно летало врз руски град, при кој три лица беа повредени, а станбени блокови беа оштетени.
Киев не одговори веднаш на барањето за коментар. Украина претходно ги негираше руските тврдења дека нејзините беспилотни летала - исто така познати како беспилотни летала UAV - летале на руска територија и предизвикале штета на цивилната инфраструктура.
Во соопштението на руското Министерството за одбрана се вели дека во нападот врз градот Киреевск, во областа Тула, на 220 километри јужно од Москва, учествувал украински беспилотно летало Ту-141 Стриж.
„Електронска единица Polye-21 презеде акција против украинскиот дрон, а како резултат на тоа неговиот навигациски систем беше исфрлен од акција“, се вели во соопштението на Министерството.
„Дронот ја загуби командата за насочување и падна во близина на градот Киреевск во областа Тула.
Новинската агенција Тасс ги цитираше локалните власти дека три лица се повредени во инцидентот, но нема сериозни повредени. Се наведува дека пет приватни домови биле оштетени.
Русија претходно објави напади со беспилотни летала во неколку градови и некои од нив на стотици километри од нејзината граница со Украина.
Тројца припадници на руските воздухопловни сили загинаа на 26 декември кога беспилотно летало за кое се верува дека е украинско беше соборено во главната база за руските стратешки бомбардери во близина на градот Саратов, откако прелета стотици километри низ рускиот воздушен простор.
Борел ја предупредува Белорусија за нови санкции поради нуклеарното оружје

Високиот претставник за надворешна политика на ЕУ Жозеп Борел, на 26 март ја повика Белорусија да не дозволи да биде поставено руско нуклеарно оружје на нејзина територија. Тој посочи дека ЕУ може да воведе дополнителни санкции против Минск доколку го направи тоа.
„Домаќин на руско нуклеарно оружје во Белорусија би значело неодговорна ескалација и закана за европската безбедност. Белорусија сè уште може да го запре, тоа е нивен избор. ЕУ е подготвена да одговори со дополнителни санкции“, напиша Борел на Твитер.
Овие забелешките дојдоа еден ден откако рускиот претседател Владимир Путин рече дека Москва планира да постави тактичко нуклеарно оружје во Белорусија, близок сојузник.
Путин изјави дека Москва постигнала договор за стационирање на тактичко нуклеарно оружје на територијата на блискиот сојузник Белорусија, која граничи и со Русија и со Украина. Тој смета дека нема „ништо необично“ во потегот и дека тој не ги прекршил постојните договори за неширење нуклеарно оружје.
Путин додаде дека Русија гради складиште во Белорусија и дека Москва нема да ја префрли контролата на оружјето на властите во Минск.
На оваа изјава реагираше НАТО и Пентагон. Во нивното соопштение е наведено дека нема индикации дека Русија се подготвува да употреби нуклеарно оружје и дека ќе продолжат да ја следат ситуацијата. Германската Влада потегот на Русија го нарече обид за нуклеарно заплашување.
НАТО- Руската нуклеарна реторика е опасна и неодговорна

НАТО во неделата ја критикуваше Русија за нејзината „опасна и неодговорна“ нуклеарна реторика, еден ден откако рускиот претседател Владимир Путин рече дека Русија ќе стационира тактичко нуклеарно оружје во Белорусија.
„НАТО е буден и ние внимателно ја следиме ситуацијата. Не видовме никакви промени во нуклеарната положба на Русија што би нè навело да ја прилагодиме нашата“, изјави портпаролот на НАТО, јавува новинската агенција Ројтерс.
„Повикувањето на Русија за нуклеарното споделување на НАТО е целосно погрешно. Сојузниците на НАТО дејствуваат со целосно почитување на нивните меѓународни обврски. Русија постојано ги прекршува своите обврски за контрола на вооружувањето, неодамна суспендирајќи го своето учество во Новиот договор “, изјави портпаролот на НАТО.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Москва постигнала договор за стационирање на тактичко нуклеарно оружје на територијата на блискиот сојузник Белорусија, која граничи и со Русија и со Украина. Руската државна новинска агенција ТАСС на 25 март го цитираше Путин како тврди дека нема „ништо необично“ во потегот и дека тој не ги прекршил постојните договори за неширење нуклеарно оружје.
„Се договоривме со белорускиот претседател Александар Лукашенко дека ќе поставиме тактичко нуклеарно оружје во Белорусија без да го нарушиме режимот за неширење на оружјето“, изјави Путин, јавува ТАСС.
„И тука нема ништо необично: прво, Соединетите држави го прават тоа со децении. Тие долго време го распоредија своето тактичко нуклеарно оружје на територијата на нивните сојузнички земји. Се договоривме дека ќе го сториме истото“, вели рускиот лидер.
Путин додаде дека Русија гради складиште во Белорусија и дека Москва нема да ја префрли контролата на оружјето на властите во Минск.
На оваа изјава реагираше и Пентагон. Во нивното соопштение е наведено дека нема индикации дека Русија се подготвува да употреби нуклеарно оружје и дека ќе продолжат да ја следат ситуацијата. Германската Влада потегот на Русија го нарече обид за нуклеарно заплашување.
ММФ предупредува- ризикот за финансиска стабилност се зголемени

Директорката на Меѓународниот монетарен фонд Кристалина Георгиева на 26 март предупреди дека ризиците за финансиската стабилност се зголемени и ја нагласи „потребата од внимателност“ по неодамнешните превирања во банкарскиот сектор.
Таа во својот говор на форумот во Пекинг, директорката на ММФ, бугарска економистка, рече дека очекува 2023 година „да биде уште една предизвикувачка година“. Герогиева посочи дека се очекува забавување на глобалниот раст на под 3,0 отсто поради војната во Украина, монетарното затегнување и „лузни“ од пандемијата.
Путин тврди дека Русија и Кина не создаваат воен сојуз

Русија и Кина не воспоставуваат воен сојуз и не кријат ништо поврзано со својата воена соработка. Ова го изјави рускиот претседател Владимир Путин во интервју за државната телевизија.
Путин и кинескиот претседател Си Џинпинг го потврдија своето пријателство и ветија дека ќе воспостават поблиски врски на самитот во Москва претходно оваа недела, додека Русија се обидува да напредува во, како што ја нарекува, „специјалната воена операција“ во Украина.
„Не основаме никаков воен сојуз со Кина. Да, ние соработуваме на полето на воено-техничката интеракција. Не го криеме тоа. Сè е транспарентно, нема ништо тајно“, додаде Путин.
Рускиот претседател исто така рече дека западните сили се обидуваат да создадат повеќе глобални сојузи, обвинувајќи ги САД и НАТО дека почнале да градат нова „оска“ слична на сојузот од Втората светска војна меѓу Германија, Италија и Јапонија.
„Затоа западните аналитичари зборуваат за фактот дека Западот почнува да гради нова оска слична на онаа што во 1930-тите ја создадоа фашистичките режими на Германија и Италија и милитаристичка Јапонија,“ оцени Путин.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете