Достапни линкови

Мерки за помош на бизнисот и на граѓаните во енергетската криза идната недела


Зградата на Владата

Фирмите бараат ограничување на маржите на производителите на струја. Синдикатите бараат мерки за граѓаните, како и зголемување на платите согласно инфлацијата. Барањата ги изнесоа на денешниот Економски совет, а Владата најдоцна идната недела треба да донесе мерки за помош во енергетската криза.  

Бизнис секторот и Владата денеска на седницата на Економскиот совет се договорија до крајот на оваа недела, или најдоцна до идната среда, да бидат донесени мерки за справување со енергетската криза.

Компаниите на седницата во Владата ги повториле своите барања, но конкретни одлуки не биле донесени. Свои барања изнесе и Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ).

На денешниот состанок, покрај економскиот тим, присуствуваа претставници на коморите и синдикатот, бизнис секторот, универзитетски професори и претставници на МАНУ.

Средбата на економскиот совет беше одржана поради ценовниот удар од скапите енергенси, откако компаниите предупредија дека ќе почнат да затвораат доколку владата не донесе мерки за помош.

Претставниците на стопанските комори по средбата рекоа дека очекуваат гасната централа ТЕ-ТО да биде ставена во функција и да произведува струја поевтина од берзанската. Тие бараат и да се ограничат маржите на производителите на струја.

Претседателот на Стопанската комора на северозападна Македонија Неби Хоџа изјави дека на седницата се согласиле во иднина да се направи калкулирање во делот на можното снабдување со струја од странство и производството во државата, за да се најде просек и тој просек да се сподели.

„Ако е нашето производство 100 евра по мегават час, а увозната струја 300 евра, тој просек да се подели и компаниите да плаќаат струја на слободниот пазар по пониска цена од берзанската“, објасни Хоџа.

Претседателот на Сојузот на стопански комори Трајан Ангеловски рече дека било разговарано како да се направат одредени комбинации за вклучување на ТЕ-ТО и обновливите извори на енергија за да се добие цена од 300 евра која државата би ја понудила на реалниот сектор и таа би била фиксна.

„Можеби за сите 1.700 компании нема да има доволно енергија, ќе се види кој може да издржи, тоа е индивидуално“, рече Ангеловски.

Премиерот Димитар Ковачевски рече дека сите учесници се свесни за тоа како енергетската криза ќе се одрази врз целокупната економија на државата, односно врз стопанството и граѓаните.

„Наредната недела Владата ќе излезе со конкретни таргетирани мерки насочени кон најранливи категории граѓани и компаниите. Воедно ќе продолжи економскиот и социјален дијалог со синдикатите со цел сите заедно полесно да ја пребродиме кризата“, рече Ковачевски.

Пред почетокот на средбата напладне, претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески изјави дека е потребно брзо да се дејствува, односно на фирмите денеска да им бидат понудени мерки, бидејќи трпат секојдневно загуби.

„Денеска очекуваме да ни се каже реалната ситуација и да се промени методологијата на поддршка, а тоа значи да биде сега и веднаш, затоа што нас тоа не чини“, рече Азески.

Синдикатите и Стопанската комора ја бараа средбата со владата, откако на 28 септември беше донесен пакет помош за училиштата и болниците да добиваат поевтина електрична енергија, како и субвенционирана струја за домаќинствата и малите фирми,

Но, во овој пакет не беше вклучен големиот бизнис ,а кризата ги загрози скоро сите капацитети кои набавуваат струја на слободниот пазар, според Синдикатот за индустрија, енергетика и рударство (СИЕР).

Компанијата „Еуроникел Индустри“, која управува со фабриката за преработка на никел во Кавадарци, поранешна ФЕНИ, уште минатата недела ја угаси печката и голем дел од работниците ги прати на принуден одмор.

Во слична ситуација со работници испратени на принуден одмор се наоѓа и рудникот за бакар „Боров Дол“, поранешен Бучим, а под ризик со високи сметки за струја се компаниите кои работат во скопска Железара.

Станува збор за од 2.500 до 3.000 работници кои се загрозени во овие големи компании, чии годишен обрт годишно достигнува над 100 милиони евра.

Пред одржувањето на средбата на економскиот совет, од Владата велеа дека дискутираат со неколку земји од регионот за увоз на електрична енергија по поевтина цена за потребите на стопанството кое струја добива на слободниот пазар.

За увоз на електрична енергија, но и за купување на енергенси за производство на струја, Владата преговара со Турција, Бугарија, Грција и Србија.

На денешната седница на Економскиот совет во Владата беа дадени барања и за мерки за граѓаните, вклучително и за покачување на платите согласно растот на инфлацијата.

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) побара доследна примена на одредбите од колективните договори за усогласување на платите согласно порастот на инфлацијата за сите работници.

ССМ побара и замрзнување на маржата кај досега определените продукти, но и проширување на повеќе прехранбени продукти. Исто така било побарано повторно да се воведе мерката за право на платежна картичка за купување на домашни производи и плаќање на сметките за струја кај најзагрозените граѓани.

„ССМ бара и да се овозможи бесплатен градски превоз до и од работа со оглед дека таквиот трошок за вработените граѓани е секојдневен и неизбежен, а несомнено го оптоварува домашниот буџет“, изјави претседателот на ССМ Дарко Димовски.

Пред средбата, и претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани УПОЗ, Трпе Дејановски, рече дека бараат конкретни предлози и да ја видат конкретната методологија што ја најавуваше Владата во изминатите месеци. Како што рече, тоа е методологијата за константен пораст на платите во јавниот сектор, а во која досега не биле вклучени.

„Очекуваме дека ќе слушнеме нешто од први јануари дали ќе има зголемување на плати, бидејќи минималната плата не се усогласи. Ќе бараме исто така минимум усогласување на платите со порастот на инфлацијата, колку што има инфлација, толку да бидат пораснати сите плати во државата, и приватен, и јавен сектор“, рече Дејановски.

На средбата на Економскиот совет учествуваа и универзитетски професори. Професор Таки Фити рече дека мерките мора да бидат таргетирани, односно да бидат насочени кон најпогодените домаќинства или претпријатија кои најмногу се засегнати, а не линеарно кон сите, бидејќи на начин рече дека нерационално се трошат ресурсите.

„Има семејства кои се засегнати со енергетска сиромаштија, можеби таа листа треба да се прошири. Исто така сум за таа мерка, бидејќи цената на храната, особено на основните прехранбени производи прилично порасна, таму да има ваучери, исто така за најранливите групи“, вели Фити.

Професор Никола Поповски рече дека светот во моментов е соочен со избор, или да зачува макро-економската стабилност (ниска инфлација), или да жртвува дел од растот, за што рече дека за тоа Владите одбираат што да направат.

„Моето мислење е дека во моментов треба повеќе да се води сметка за ценовната стабилност. Растот и да се изгуби во два-три квартали не значи ништо, тој ќе се врати. Ако се наруши ценовната стабилност на долг рок, сите квартали во иднина ќе бидат со економски проблеми“, вели Поповски.

На состанокот во Владата не присуствуваше опозицијата која вчера ги презентираше своите предлози за излез од кризата, а денеска ги предаде на Министерството за економија и своите контакти за набавка на енергенси.

Следниот состанок на Економскиот совет е закажан за следната среда, а дотогаш Владата треба да ги објави мерките за спас на компаниите и за помош на граѓаните во справувањето со енергетската криза.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

Што треба да знаете

XS
SM
MD
LG