Достапни линкови

Вести

Ковачевски: Макрон ја потврди француската поддршка за македонската евроинтеграција

Macedonian Prime Minister Dimitar Kovacevski and French President Emmanuel Macron in Prague

На првиот состанок во Прага на Европската политичка заедница, францускиот претедател ја потврди француската поддршка на евроинтегративниот процес на Северна Македонија, објави премиерот Димитар Ковачевски кој ја предводи владината делегација на овој форум.

„Претседателот на Франција, Емануел Макрон, на првиот состанок на Европската политичка заедница во Прага, уште еднаш ја потврди француската поддршка на евроинтегративниот процес на Северна Македонија. Денешниот ден означува почеток на поинтензивна соработка на ниво на Европа како континент, но и пошироко“, напиша Ковачевски на Фејсбук.

Во македонската делегацијата покрај премиерот се и министерите за надворешни работи и за земјоделство, шумарство и водостопанство, Бујар Османи и Љупчо Николовски кои допатуваа на покана на претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел и чешкиот премиер Петр Фиала.

На форумот учествуваат лидерите на 44 држави – 27-те членки на ЕУ, земјите од Западен Балкан, Швајцарија, Норвешка, Исланд, Азербејџан, Грузија, Турција и Украина, како и претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен.

Како што соопштија од македонската Влада, на пленарната сесија во своето воведно обраќање, Фиала ја истакнал важноста на собирот.

„Станува збор за политичка дискусија на високо ниво со цел да се воспостави соработка на земјите од Европскиот континент во услови на светски и геополитички превирања. Фокусот на Европската политичка заедница се трите најважни и во моментот поврзани прашања кои ги обединува сите земји, а тоа е војната во Украина, состојбата во енергетиката и економијата“, истакнал Фиала.


На состанокот била нагласена важноста од солидарност со Украина и нејзиниот народ, како и зајакнувањето на рестриктивните мерки кон Русија за да се стави крај на војната.

Идејата за Европската политичка заедница првпат беше изнесена во мај годинава од францускиот претседател Макрон. Набргу по него, оваа иницијатива ја поддржаа претседателот на ЕС Мишел, како и Фон дер Лајен.

Само неколку месеци по раѓањето на идејата, Европската политичка заедница станува реалност.

види ги сите денешни вести

Во Франција, клучна недела за пензиските реформи во парламентот и на улиците

протести во Франција против пензинската реформа

Во Франција, следи клучна недела за силно оспоруваната пензиска реформа, со дводневни протести на граѓаните против реформата и почеток на расправата во парламентот. Премиерката Елизабет Борн вчера направи гест кон десничарската партија „Републиканци“, бидејќи гласовите на таа партија се неопходни за гласањето на новиот закон за пензиите во парламентот. „За долги кариери и за оние кои почнале да работат на 20 или 21 година, пензијата ќе биде на 63 години“, изјави таа за локалните медиуми, но не ја доведе во прашање предложената старосна граница од 64 години, наместо сегашните 62.

Се чини дека поддршката на републиканците е веќе договорена, бидејќи многу нејзини претставници изјавија дека се задоволни од реформата, но на локално ниво се уште се слушаат гласови на незадоволство на таа десничарска партија, кои бараат пензионирање порано. Таборот на претседателот Емануел Макрон има само релативно мнозинство во парламентот и затоа е потребна поддршка од другите партии. Синдикатите од своја страна остануваат против реформите и старосната граница за пензионирање. На нивна покана веќе беа одржани два протеста на 19 и 31 јануари, со по повеќе од милион луѓе. Најавен нов протест, а тсе очекуваат прекини во градскиот и приградскиот железнички превоз. Најавен и штрајк на контролорите на летот на аеродромот Орли во Париз. Некои летови ќе бидат одложени или откажани.

Шефот на украинската воена разузнавачка служба, иден министер за одбрана

Шефот на украинската воена разузнавачка служба Кирило Буданов

Шефот на украинската воена разузнавачка служба Кирило Буданов ќе го замени Олексеј Резников на функцијата министер за одбрана, објави синоќа пратеникот Давид Арахамија. „Војната диктира промена на персоналот. Времето и околностите бараат засилување и концентрација. Ова се случува сега и ќе продолжи и во иднина“, рече Арахамија, кој не го прецизираше датумот на смената на министерот. Претходно Резников вети внатрешна истрага во неговото министерство, по корупцискиот скандал поврзан со снабдувањето на армијата за време на војната. Резников на прес-конференцијата призна дека антикорупциските служби на неговото министерство „не ја исполниле својата задача“ и дека треба „целосно да се реструктуираат“. Сепак, Резников избегна одговор за можноста самиот да си поднесе оставка, што го пренесоа украинските медиуми. Министерот рече дека одлуката треба да ја донесе претседателот на Украина, Володимир Зеленски.

На крајот на јануари, Украина беше потресена од серија оставки и отпуштања во контекст на корупцискиот скандал откриен во печатот, а кој се однесуваше на договор потпишан од Министерството за одбрана за наводно преценета сума и поврзан со прехранбени производи наменети за војниците. Тоа е првиот голем случај на корупција што изби од почетокот на руската инвазија на Украина пред речиси една година.

Специјалниот пратеник на Канада за ЕУ и Европа Стефан Дион во Скопје

Зградата на македонската влада, Скопје

Специјалниот пратеник на Канада за Европска Унија и Европа Стефан Дион од денеска до 8 февруари ќе престојува во официјална посета на Северна Македонија. Фокусот на посетата, како што информираат од Конзулатот на Канада во Скопје, е реафирмирање и продлабочување на билатералната соработка и односите меѓу Канада и Северна Македонија. Во рамки на посетата специјалниот пратеник Дион ќе се сретне со претседателот Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски и министри од Владата, како и со претставници на граѓански, културни и бизнис заедници во Северна Македонија.

Стефан Дион е поранешен министер за надворешни работи на Канада, потоа бил назначен за специјален пратеник на премиерот во Европска Унија и Европа, амбасадор на Канада во Германија, како и актуелен амбасадор на Канада во Франција и Монако. Специјалниот пратеник Дион го застапува канадското лидерство во светот за клучните глобални интереси, вклучително и промоција на универзалните човекови права, демократија, напори за мир и стабилност, одржлива трговија, глобалниот климатски предизвик и посветеноста на Канада на различноста, наведуваат од канадскиот Конзулат во Скопје.

Времето денеска: променливо облачно со сончеви периоди

Променливо облачно со сончеви периоди и многу студено. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец, особено долж Повардарието и во источните делови (локално над 60 км/ч.). Дневната температура ќе се движи од минус 7 до 3 степени. Во Скопје и околината слично време со дневна температура до 0 степени.

Силен земјотрес во Турција, десетици загинати и неколку стотици повредени

По земјотресот во Турција

Во денешниот голем земјотрес со јачина од 7,9 степени според Рихтеровата скала загинаа околу 80 луѓе во понеделникот во јужна Турција, а се почувствува и на Кипар, Либан и Сирија, уривајќи десетици згради и покрена потрага по преживеани под урнатини во снежните улици. Турските власти собраа спасувачки тимови и доставуваа авиони во регионот околу градот Кахраманмарас, додека прогласија „аларм на ниво 4“ што бара меѓународна помош. Потресот траел околу една минута и ги искршил прозорците, според сведок на Ројтерс во Дијарбакир, 350 километри на исток, каде што официјален претставник за безбедност рече дека најмалку 17 згради се урнале.

Локалните власти соопштија дека 16 објекти се урнале во Шанлиурфа и 34 во Османије. Турската Управа за управување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД) соопшти дека земјотресот бил со јачина од 7,4 степени во близина на Кахраманмарас и поголемиот град Газиантеп, блиску до сириската граница. Сириските државни медиуми јавија дека голем број згради се урнале во провинцијата Алепо, додека извор од државната служба на Хама изјавил дека таму се урнале неколку згради. Потреси во текот на ноќта беа почувствувани и во Анкара, 460 километри северозападно од епицентарот, и на Кипар, каде што полицијата соопшти дека нема штета. Областа редовно ја погодуваат силни земјотреси.

Власта и опозицијата го осудија каменувањето на македонскиот клуб во Благоевград

Македонскиот премиер Димитар Ковачевски го осуди каменувањето на македонскиот клуб „Никола Јонков Вапцаров” во Благоевград. Според него тоа е чин на вандализам кој најостро го осудува.

„Ваквите активности не соодветсвуваат на договорената политика за унапредување на добрососедските односи, взаемното почитување и пријателство меѓу две соседни држави. Очекувам од страна на надлежните институции во Бугарија во најкраток можен рок да се пронајдат и санкционираат сторителите и да се осуди вандализмот, се вели во неговата реакција објавена на социјалната мрежа Фејсбук.

Тој додава дека Македонија во духот на европските вредности, ќе продолжи со заложбите за зацврстување на дипломатската и позитивна агенда меѓу двете земји.

Со слична реакција излезе и опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Во нивната реакција е наведено дека најостро го осудува демолирањето на македонскиот клуб во Благоевград.

„Вандализмот не е добрососедство и не може да биде. Негирањето на Македонија, но и на Македонците во соседството е пред се резултат на поданичкиот однос на власта, која го дозволи и мотивира тој однос. Сега Ковачевски и Пендаровски на дело гледаат кај ја донесоа државата и македонскиот народ.

Од ВМРО-ДПМНЕ апелираат до Бугарија и до меѓународните институции во таа земја, што побрзо да се откријат вандалите, истите да се казнат и да се запре со говорот на омраза против Македонците.

Синоќешниот напад врз македонскиот клуб во Благоевград се случува на денот кога се одбележува 151 годишнина од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев. Чествувањето на овој настан во Скопје помина со вербални тензии, под силно полициско обезбедување и застој на граничните премини низ кои требаше да дојдат најавените Бугари во Скопје.

Пендаровски - Најостро го осудува каменувањето на македонскиот клуб во Бугарија

Претседателот Стево Пендаровски положува цвеќе пред гробот на македонскиот револуционер Гоце Делчев во црквата Св. Спас

Македонскиот претседател Стево Пендаровски најостро го осудува вандалскиот чин на каменување на македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров “ во Благоевград. Тој во својот пост на социјалната мрежа Фејсбук напиша дека вандализам и криминал од овој вид не се европски вредности и потребна е осуда, како и откривање на сторителите и казна за овој чин.

„Истовремено, изразувам жалење за инцидентите на македонската граница предизвикани од страна на група граѓани на Република Бугарија предводени од пратеници во нивниот Парламент. Изразувам жалење што не сведочиме и на осуда за нападите насочени кон македонските полицајци и кон македонските институции“ напиша Пендаровски.

Во неговата реакција е наведено дека на полицајците им честита за достоинството и професионализмот при справувањето со агресивните вандали .

Тој додава дека изјавата на поранешниот бугарски амбасадор во Скопје, а сегашен пратеник во Европскиот Парламент, Александар Јорданов, која содржи навреди и погрдни фрази за македонскиот народ, се потполно недолични за еден дипломат и пратеник во Европскиот Парламент.

„Во овој случај сакам да додадам дека не станува збор само за отсуство на елементарна култура кај именуваниот, туку и за најостра форма на говор на омраза, која е без преседан во историјата на македонско-бугарските односи. За жал, територијалните претензии и негирањето на македонската нација станаа секојдневие“, вели Пендаровски.

Јорданов денеска на својот официјален фејсбук профил пишува, за како што вели, „скандалозното однесување на македонската гранична полиција на границата меѓу Бугарија и Северна Македонија, како и уште поодвратното однесување на македонската политичка елита и македонските граѓани во Скопје во врска со прославата на годишнината од раѓањето на националниот херој од Бугарија, Гоце Делчев“. Тој во својот пост користи навреди и погрдни зборови за македонскиот народ.

За ваквите негаторски испади, очекуваме навремена и соодветна реакција на официјална Софија, додава тој.

Ваквите коментари следуваат по вчерашното чествување на 151 годишнина од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев. Македонска и бугарска делегација му оддадоа почест на 151 годишница од раѓањето на Гоце Делчев во црквата Свети Спас во Скопје, но не заедно, туку во посебни термини. Чествувањето беше беше проследено со големо полициско обезбедување, со затворени улици околу местото на настанот и падот на системот на граничниот премин Деве Баир поради што поголем број бугарски граѓани не можеа, или се откажаа од патот кон Скопје.

Тројца верски лидери ја осудија криминализацијата на хомосексуалноста

Верските поглавари на Римокатоличката, Англиканската и Презвитеријанската црква денеска заедно ја осудија криминализацијата на хомосексуалноста и порачаа дека хомосексуалците треба да бидат добредојдени од нивните цркви.

Тројцата христијански водачи зборуваа за правата на ЛГБТ заедницата на нивната заедничка прес конференција по враќањето од посетата во Јужен Судан каде што се обидоа да поттикнат мировен процес.

Верските лидери својот став го искажаа по новинарските прашања за неодамнешните коментари на папата Френциск за новинската агенција Асошиетед прес, во кои тој изјави дека законите што ги криминализираат геј луѓето се „неправедни“ и дека „да се биде хомосексуалец не е кривично дело“.

Јужен Судан е една од 67-те земји кои ја криминализираат хомосексуалноста. Од вкупно 67 земји во 11 се пресудува и смртна казна за хомосексуалците. Активистите за заштита на правата на припадниците на ЛГБТК заедницата велат дека дури и кога таквите закони не се применуваат, тие придонесуваат за клима на вознемирување, дискриминација и насилство.

Папата Франциск ваквите коментари за прв пат ги искажа на 24 јануари, а денеска повтори дека таквите закони се „неправедни“. Тој ги повтори и претходните коментари дека родителите никогаш не треба да ги отфрлаат своите геј деца од својот дом.

„Да се осудува некој како овој е грев. Криминализирањето на луѓето со хомосексуални тенденции е неправда“, повтори Папата.

Протест во Ирак против родово насилство по „убиството од чест“ на млада девојка

Протести во Ирак по убиството на млада Јутјуберка

Десетици ирачки демонстранти се собраа во неделата за да го осудат таканареченото „убиство од чест“ на 22-годишната Јутјуб ѕвезда, која наводно била задавена од нејзиниот татко, додавајќи масло на повиците за правни реформи за заштита на жените.

Портпаролот на Министерството за внатрешни работи Саад Маан во петокот објави дека Тиба Али била убиена од нејзиниот татко на 31 јануари, кој по извршеното убиство сам и се предал на полицијата. Според полициските извештаи тој ја задавил својата ќерка додека таа спиела.

Информацијата за таканареченото „убиство по чест“ беше дочекана со осуда од оранизациите за правата на жените, кои алармираат за насилството врз жените во Ирак и потребата од реформирање на законодавството за наметнување построги казни за сторителите.

Демонстрантите држеа транспаренти со кои го осудија убиството и бараа законски реформи. „Нема чест во злосторството за убивање жени“, пишуваше на еден плакат.

„Секој што сака да се ослободи од жена, ја обвинува дека го омаловажува нејзиното достоинство и ја убива“, изјави демонстрантот Исра ал-Салман за Асошиетед прес.

Според кривичниот законик на земјата, им се дозволува на сопрузите да ги „дисциплинираат“ своите сопруги, што вклучува тепање. Во меѓувреме, членот 409 од истиот закон ги намалува казните за убиство за мажи кои ги убиваат, на оние кои им нанесуваат тешки или трајни телесни повреди на своите сопруги или роднини поради прељуба до три години затвор.

Стапува на сила европската забрана за руското дизел гориво

Илустрација

Европа денеска воведе забрана за руско дизел гориво и други рафинирани нафтени производи. Со оваа мерка се очекува да се намали енергетската зависност од Москва и настојувајќи дополнително да ја намали заработката на фосилните горива на Кремљ како казна за инвазијата на Украина, јавува новинската агенција Ројстерс.

Забраната доаѓа заедно со ограничувањето на цената на енергенсите договорено од демократските држави на Г7.

Целта е да се намали профитот за финансирање на буџетот и војната на Москва. Европа веќе го забрани рускиот јаглен и поголемиот дел од сурова нафта, додека Москва ги прекина повеќето испораки на природен гас.

Овој потег е последниот дел од меѓународниот притисок да се ограничи воениот фонд на рускиот претседател Владимир Путин за неговиот напад врз Украина, со таргетирање на неговиот клучен извоз.

ЕУ во декември воведе ембарго на руската сурова нафта што доаѓа по море и заедно со партнерите од Г7, постави ограничување од 60 долари по барел за извоз низ целиот свет. Второто ембарго ширум ЕУ, на руското гориво, треба да стапи на сила во недела. Тоа е насочено кон руски рафинирани нафтени производи како што се бензин, дизел и гориво за греење, кои пристигнуваат на бродови.

Германија ќе го дуплира бројот на работни визи за Западен Балкан

Илустрација, работник во фабрика

Германија планира двојно да го зголеми бројот на работни визи за луѓето од Западен Балкан. Се очекува квотата за странци од Западен Балкан да се зголеми од сегашните 25.000 годишно на 50.000, јавува германскиот медиум Дојче веле.

Германските синдикати предупредуваат на можноста странските работници да се злоупотребат како евтина работна сила на своја штета, но и на штета на другите работници.

Од Конфедерацијата на германските синдикати, Евелин Редер, предупредува дека работниците мигранти во голема мера зависат од работодавецот за кој работат, бидејќи нивното работно место е поврзано со нивната дозвола за престој, што предизвикува страв дека ќе бидат вратени назад доколку се непослушни.

Таа смета дека вработување на странски работници треба да им се дозволи само на компаниите кои имаат колективен договор.

„Освен тоа, работниците мигранти често пати не зборуваат германски јазик и не се информирани за своите права, па се согласуваат со услови за работа кои се полоши од пропишаните со закон“, вели таа.

Германската влада најави дека планира да ја либерализира легислативата за трудова миграција поради постојаниот недостаток на работна сила во земјата. Со либерализацијата ќе биде опфатен и пакет наречен „западнобалканско правило “ за кој ќе се расправа на 1 март.

Во него се предвидени две измени. Правата е да се укине ограничувањето на важноста на оваа мерка до крајот на 2023 година, односно тоа во иднина да стане трајно. Додека втората измена предвидува квотата за работници од Западен Балкан се очекува да се удвои.

„Западнобалканското правило“ беше воведено по големиот бегалски бран во 2015 и 2016 година, а целта беше да се решат два проблема: спречување на неконтролираното доаѓање на барателите на азил и ублажување на недостигот на работна сила.

Македонското МНР со демант до бугарското, не договоривме заедничко чествување на Гоце Делчев

Македонското министерство за надворешни работи ги демантира наводите дека со Бугарија било договорено заедничко чествување на Гоце Делчев. Во соопштението е наведено дека до овој момент Заедничката комисија за историско – образовни прашања, основана според Договорот за добрососедство нема изготвено препорака за заедничко чествување на Гоце Делчев.

Овој коментар следува по вчерашното соопштение од бугарското МНР во кое се потенцира дека одбивањето на понудата македонска и бугарска делегација заедно да положат венец значи отстапување од воспоставените добри практики и ги поткопува напорите на Бугарија со цел зајакнување на добрососедството.

Македонското министерство за надворешни работи соопшти дека ќе испратат писмо до Европскиот парлемент во кое ќе информира за недоличното и навредливо однесување на бугарскиот европратеник, Александар Јорданов на социјалните мрежи.

Јорданов кој е поранешен бугарски амбасадор во Скопје, денеска на својот официјален фејсбук профил пишува за како што вели, „скандалозното однесување на македонската гранична полиција на границата меѓу Бугарија и Северна Македонија, како и уште поодвратното однесување на македонската политичка елита и македонските граѓани во Скопје во врска со прославата на годишнината од раѓањето на националниот херој од Бугарија, Гоце Делчев“. Тој во својот пост користи навреди и погрдни зборови за македонскиот народ.

Македонското МНР вели дека на бугарска делегација предводена од техничкиот министер за внатрешни работи Иван Демерџиев ѝ беше овозможено непречено да положи цвеќе пред гробот на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“ во Скопје.

„ И покрај искажаната волја, Република Бугарија не направи доволно напори да спречи пристапување на радикални поединци на граничниот премин Деве Баир, овозможувајќи на тој начин, дел нив да се однесуваат агресивно, да ги навредуваат и да применат насилство кон претставниците на гранична полиција на Северна Македонија. Согласно со утврдените протоколи за работа, и стандардите на ЕУ за безбедно управување со границите, дел од овие лица кои го нарушија јавниот ред и мир од поголем обем, беа приведени и изведени пред надлежен суд кој изрече соодветни мерки, се посочува во соопштението од МНР.

Од македонското министерство велат дека со со жалење констатираат дека во пресрет и по одбележувањето на 151 година од раѓањето на Гоце Делчев во Северна Македонија, радикални поединци, претставници на организации и политички партии во Бугарија продолжуваат да изразуваат територијални претензии кон Македонија и континуирано го нарушуваат достоинството на македонските граѓани.

Македонското МНР бара од своите бугарски колеги да преземат мерки за за деескалација на тензиите преку јавна осуда, како и да мерки против сите дејствија кои не придонесуваат за водење на конструктивен и добронамерен дијалог базиран на меѓусебно уважување и почитување.

Украина тврди дека нема да цели кон Русија со нови американски ракети

По рускиот напад во Харкив

Украина нема да користи оружје со поголем дострел што го ветија САД за да ја погоди руската територија. Украинската војска ќе таргетира само руските единици на окупираната украинска територија. Ова денеска го изјави украинскиот министер за одбрана Олексиј Резников на 5 февруари.

Соединетите Американски Држави потврдија на 3 февруари дека нова ракета што може да го удвои опсег на удари на Украина беше вклучен во пакетот американска воена помош од 2,175 милијарди долари за да му помогне на Киев да се бори против руските сили.

Претходно украинскиот претседател Володимир Зеленски на 4 февруари предупреди дека Русија ги засилува своите напади и дека ситуацијата на фронтот во источните делови на земјата станува се потешка.

„Окупаторот користи се поголем број на војници од своите редови за да ја разбие нашата одбрана“, рече Зеленски во ноќното видео обраќање, додавајќи дека ситуацијата е „многу тешка“ во Бахмут, Вуледар, Лиман и други области.

Неговото предупредување дојде како украинскиот министер за енергетика Херман Халушченко изјави дека електричната енергија е вратена на критичната инфраструктура во јужниот пристанишен град Одеса по несреќата на трафостаница.

Претходно, регионалниот гувернер Максим Максим Марченко рече дека „сериозна“ несреќа на високонапонска трафостаница оставила половина милиони домаќинства без струја во Одеса, потврдувајќи ги претходните извештаи за несреќа во објект кој претходно бил цел на руски напади.

Во меѓувреме, предупредувањето за воздушен напад за цела Украина на 4 февруари беше откажано без никакви извештаи за руско гранатирање како украински бранители се соочи со обновени напади на московските трупи во источните региони Доњецк и Луганск во изминатите 24 часа.

Битиќи- Со вештачка интелегенција до намалување на корупцијата

Вицепремиерот Фатмир Битиќи

Првиот македонски дигитален асистен базиран на вештачка интелегенција АДА наскоро ќе биде промовиран, најави денеска Вицепремиерот задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи. Тој посочи дека преку АДА компаниите ќе можат да добиваат целосни информации за условите за инвестирање во нашата земја и државната помош која ја нудиме. Една од целите на овој систем ќе биде намалување на корупцијата, рече тој.

„ АДА ќе ги нуди сите информации за финансиска поддршка по Планот за економски раст. А секако понатаму овој асистент базиран на вештачка интелигенција ќе го учиме и на други услуги кои се важни за стопанството и граѓаните“, изјави Битиќи, во рамки на конференцијата „Година на нови можности“, која се одржа во Скопје.

Тој истакна дека дополнително, заедно со Светска Банка ќе бидат стартувани и дигитализација на 11 деловни процеси во 11 различни институции коишто го користат механизмот на државна помош.

„Ова ќе помогне во зголемување на ефективноста и ефикасноста“, изјави Битиќи.

Дигиталниот асистент АДА треба да овозможи унифицирани информации достапни во секое време за сите заинтересирани. АДА зборува на три јазици, македонски, албански и англиски.

„Затоа сметаме дека АДА треба да биде пионерот во воспоставување на дигиталниот асистент во јавниот сектор кој ќе донесе поголема транспарентност во сите процеси и секако ќе го елиминира човечкиот фактор таму кадешто тој треба да се елиминира, заклучи вицепремиерот Битиќи.

Алатки за вештачка интелигенција - револуција или ризик за образованието
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:01 0:00


Дигиталниот асистент АДА се работи преку проект на Фондот за иновации и технолошки развој кој беше спроведен како предизвик за домашната старт ап заедница на кој победи фирмата CodeWell. АДА е првиот дигитален асистент во јавниот сектор во регионот кој работи на вештачка интелигенција, и ќе одговара на прашања за можностите за инвестиции во нашата земја и наскоро истиот ќе биде детално промовиран, соопштија од владината прес-служба.

Спасени малолетници и млад брачен пар од вчерашната снежна виулица

Илустрација, ресорт на Попова Шапка

Спасени се двајца малолетници кои вчера биле заглавени од снежни наноси во објектот во близина на ски- лифтот на Попова Шапка. Полицијата соопшти дека полицајци вчера извеле спасувачка акција при што ги извлекле малолетниците од објектот. Станува збор за две малолетни лица кои поради густата магла и силниот ветер не можеле да слезат од планината.

Тетовските полицајци со помош на Ратрак стигнале до малолетниците и ги довеле до центарот на локалитетот во добра здравствена состојба, велат од МВР.

Дополнително и битолските полицајци вчера имале задача да спасуваат заглавени во снежни наноси. Станува збор за млад брачен пар од Скопје кој со автомобил „Дачиа“ заглавиле на пат. 22 годишниот скопјанец побарал помош од СВР - Битола затоа што со автомобилот заглавиле заглавиле кај споменикот „Слива“ на пат кон Крушевско езеро.

МВР соопшти дека по проверката на теран го пронашле завеаниот од снег пар на местото викано „Тушот“ во добра здравствена состојба и им помогнале да го извлечат возилото.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG