Достапни линкови

Како да се препознае и да му се пристапи на млад човек со самоубиствени мисли?


Илустрација

Најблиската околина на еден млад човек со самоубиствени мисли ќе има индикации за некаков тип на промена во однесувањето, но родителите мора да бидат активни слушатели, а психотерапевтите не смеат да го демонизираат однесувањето, вели психотерапевтката Радмила Живановиќ

Податоците на Државниот завод за статистика за 2021 година, покажаа дека бројот на умрени лица од насилна смрт се зголемил за 54,6 % во однос на 2020-та. Минатата година, 677 лица починале од насилна смрт, од нив 15, 5 % или 105 лица извршиле самоубиство. Помеѓу нив има 18 млади на возраст од 15 до 34 години.

Што е ризик фактор?

„Гледаме дека тешко им е кога преминуваат од деветто во прва средно, па тешко им е како ќе се адаптираат во околината, колку се прифатени или не се прифатени од останатите. Па тешко им е кога подолго време остануваат дома затворени, со социјалните медиуми, па многу лесно можат да бидат мета на некакво исмејување. И сите тие моменти се некаков ризик фактор, како и на пример сензибилноста на самото дете“, изјави Радмила Живановиќ , лиценциран психолог психотерапевт од „Психотерапика“, во разговор со РСЕ.

Како родителите да препознаат дете со суицидални мисли?

Според психотерапевтката, родителите и најблиската околина на млад човек со самоубиствени мисли ќе имаат индикации за некаков тип на промена во однесувањето.

„Никој не тргнува веднаш да го прави тоа, без притоа да пројави одредени промени во однесувањето. Потребно е родителот да биде присутен во релација со детето за да може да разговара околу тоа што и како проживува во текот на денот или дали поминува низ некои критични фази“, вели Живановиќ.

Психотерапевтката Радмила Живановиќ
Психотерапевтката Радмила Живановиќ

Нема „формула“

„Не можам да ви кажам кои се чекорите, но многу претходно потребно е да има некаква промена на однесувањето кое родителот ќе го забележи како несоодветно, некое повлекување, изолација, нагласена вознемиреност и емоционалност. Може да има и страв од навидум безначајни работи, но кај некои деца и тоа не се појавува. Не можеме да кажеме кои се првите знаци и така да го решиме проблемот. Знам дека сите сакаме да ја најдеме таа некоја „формула“, но верувајте ми, формулата е само да бидеме присутни, да слушаме и да забележуваме и кога станува збор за некакви промени да реагираме навремено“, додаде психотерапевтката.

Ако детето почне да се крие, да се затвора и да не сака да сподели, треба да се побара друг тип на помош, советува психотерапевтката, но истакнува дека стручните лица не смеат да го демонизираат однесувањето.

„Родителите треба да знаат дека добро е да се разговара со стручни лица, но не со стручни лица коишто ќе го демонизираат или ќе го патологизираат дополнително тоа однесување, туку со стручни лица коишто ќе знаат да го разберат младиот човек, да разговараат со него и да го прифатат онаков каков што е за да му овозможат начини и стратегии за некакво справување со таа тензија што секојдневно ја чувствуваат“, истакна Живановиќ.

А и разговорите родител со родител се многу важни и возрасните треба да се алармираат едни со други, бидејќи како што вели, понекогаш не ги ни гледаме работите бидејќи не сакаме да ги видиме. Истакна и дека дека терапевтите и психолозите се согласуваат дека освен сензибилитетот на детето, важно е и со кого тоа дете има можност да разговара за најстрашните и најтешките мисли.

„Ако тргнеме од тие самоубиствени мисли, тоа е дека сме тргнале со мислата да си ја побиваме сопствената вредност или сопственото значење. И прашањето е каде и во која релација ние го губиме значењето и зошто ни е толку тешко да комуницираме. Дали другите можеби не го зборуваат или не се трудат да го зборуваат јазикот на којшто ние се изразуваме, или пак, на пример, не се присутни или се премногу загрижени, па јас несподелувајќи со нив, не сакам да им го обременам и онака тешкото секојдневие. Многубројни ситуации се во игра кога станува збор за актот на самоубиство“, сподели психотерапевтката.

Млади од регионот дебатираа во Скопје: Проблеми подвлечени со црвено
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:05 0:00

Како младиот човек да се охрабри за да се отвори?

„Прво, кога пристапуваме на млад човек, не треба да пристапиме со нашите претпоставки што му се случува. Многу пати родителите пристапуваат со најкатастрофичните сценарија и веќе имаат решение за проблемот на младиот човек. Не треба да ги носат решенијата во првиот момент кога ќе почувствуваат дека со детето нешто се случува. Треба да бидат отворени да слушнат што има детето да каже. А треба да бидат отворени и за сопствените искуства како адолесценти, заради тоа што ние сите сме поминувале низ одредени бури во животот. Кај некои деца бурите се поинтензивни и сигурно е потребно многу повеќе“, вели Живановиќ.

Треба да се покаже интерес, но и да се укаже на некои сили кое детето ги поседува, наместо да се биде критизерски настроен и исплашен, истакна таа.

„Да, можеби некогаш знаеме што е најдобро за нашето дете, можеби не знаеме, но тоа најдоброто може да дојде на крајот од разговорот на пример. Можеме да кажеме - Добро, што мислиш ти? Како се чувствуваш? Во ред, таа мисла и мене ми се има случено. Што те плаши во таквото размислување? Ама во тој момент јас не треба да бидам поисплашена од моето дете. Треба да сум стабилен за да можам да го слушам она што детето ќе ми го каже. А не детето да го почувствува стравот на лицето на родителот, и да сфати колку е тој преплашен од она што му го кажува. Туку едноставно, можам јас да признаам - малку ме исплаши ова што ми го кажа, но верувам дека ќе можеме заедно да видиме што може да направиме. Отворете се малку за решенијата на децата. Ние често пати ги буткаме децата во она што мислиме дека е идеално решение“, додаде психологот.

Според неа, родителите мора да сфатат дека живеат во различно време и ако не станат поактивни слушатели, многу лесно можат да се оддалечат од децата.

„Не да ги испуштиме од контрола, туку да се оддалечиме од нив. Едноставно, да се почувстуваат многу повеќе сами од тоа што се. А кога јас сум сам, кога немам никој и кога јас сум 'товар' на овој свет и кога никој после мене нема да жали, никој нема да тагува после мене... Многу е лесно јас да го направам тој грозоморен за нас чин, ама за некое дете кое чувствува огромна осаменост, прашањето е зошто ја чувствува таа огромна осаменост?“, вели соговорничката.

Како психотерапевтката би му се обратила на млад човек со самоубиствени мисли кој можеби во моментов го чита овој текст?

„Јас би му рекла дека сè што поминува низ нашата глава е ок. Само некои содржини можат многу да нè исплашат, ама тоа не значи дека ќе се остварат во реалноста. Некои мисли се случуваат во нашата глава со цел да нè поттикнат да видиме што навистина ни се случува, каде навистина патиме, каде навистина страдаме и што ни е потребно за да се чувствуваме подобро? Некои мисли се повик да погледнеме во себе и во она што можеме да го направиме, да побараме од некој помош. Би побарале ли од некого помош? Дали имате некој со кој се чувствувате комотни да разговарате? Што ви е потребно за да разговарате комотно?“, вели психотерапевтката.

Важно е да знаат дека не се единствени

„Би кажала дека не е тој единствен млад ум низ којшто поминувааат сиуцидални мисли. Тие се некаква наша конструкција со цел да премостиме на некој начин некое пореално страдање. Тоа е само еден начин можеби којшто нашиот ум го креира како излез од некоја ситуација којашто нè оптоварува и ни тежи“, порача Живановиќ.

  • 16x9 Image

    Емилија Бунтеска Нацоска

    Новинарската кариера ја почнува во 2007-ма година, во А1 телевизија. За време на своето искуство во телевизија, радио и онлајн медиуми, се фокусира на теми од културата, животниот стил, социјални теми и луѓе-приказни. Во тимот на Радио Слободна Европа се вклучи во јуни 2021 година.

XS
SM
MD
LG