Вести
Русија започна воени вежби со Кина, Индија и други земји
Русија започна големи воени вежби на истокот на земјата, во кои учествуваат сили од Кина - што е приказ на сè поблиски одбранбени врски меѓу Москва и Пекинг во услови на тензии со Западот поради војната во Украина. Вежбата „Восток 2022“ се одржува на различни локации на Далечниот Исток на Русија и Јапонското Море и во неа учествуваат повеќе од 50.000 војници, над 5.000 единици вооружување, вклучувајќи 140 авиони и 60 воени бродови, соопшти руското Министерство за одбрана. Вежбата ќе заврши на 7 септември. Во вежбите учествуваат и војници од Индија, Лаос, Монголија, Никарагва, Сирија и неколку поранешни советски земји. Индија продолжува да ја нагласува својата неутралност во својот став за руската војна во Украина, велејќи дека одржува добри односи и со Западот и со Москва.
Путин ги обвини САД дека го продолжуваат украинскиот конфликт и го дестабилизираат светот
Кина остро одби да ја критикува руската војна во Украина, обвинувајќи ги Соединетите држави и НАТО за провокација на Москва и ги осуди санкциите наметнати од Запад кон Москва. Русија, пак, силно ја поддржа Кина поради тензиите со Соединетите Држави кои уследија по неодамнешната посета на Тајван од страна на претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси. Рускиот претседател Владимир Путин неодамна повлече паралели меѓу американската поддршка за Украина и патувањето на Пелоси на Тајван, обвинувајќи дека тие биле дел од наводните американски напори за поттикнување глобална нестабилност.
види ги сите денешни вести
Фон дер Лајен ја избра Словенката Марта Кос за еврокомесарка за проширување
Во вторник, на 17 септември, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, го претстави новиот состав на Европската комисија, кој ќе има петгодишен мандат.
Таа реши да ја додели функцијата комесар за проширување на Марта Кос, кандидатка од Словенија. Но, таа официјално ќе биде именувана само доколку ја добие поддршката од Парламентот на Словенија и од Европскиот парламент.
Кос не беше формално номинирана од нејзината земја.
„Секој член на мојот тим ќе ги донесе своите искуства и перспективи во Европа“, напиша Фон дер Лајен на платформата X.
Ресорот за проширување е од особено значење за регионот на Западен Балкан бидејќи сите шест земји, плус Украина, Молдавија, Грузија и Турција, се во процес на проширување. Со исклучок на Косово, сите земји се кандидати, а некои се во преговори за членство.
Фон дер Лајен ги повика другите 26 членки на ЕУ, од кои секоја номинира потенцијален комесар, да го зголемат родовиот баланс меѓу номинираните.
Словенечките власти во последен момент го сменија кандидатот, за да и помогнат на Фон дер Лајен да го зголеми бројот на жени во комисијата, бидејќи тој беше помалку од една третина. Сепак, некои го сметаа барањето на Фон дер Лајен како нарушување на суверенитетот на земја членка на ЕУ.
Кандидатурата на Кос предизвика полемики во Словенија, бидејќи опозицијата не сака да ја поддржи, па дури и да закаже расправа во надлежната собраниска комисија.
Претседателот на Комисијата за европски прашања на словенечкиот парламент, Франц Брезник, кој доаѓа од опозицијата, одби на дневен ред да ја стави потврдата за именувањето на Кос. Поради тоа, Фон дер Лајен не можеше да предложи нова Комисија на 10 септември кога беше планирано, туку ја одложи за 17 септември.
Таа сега даде предлог, со очекување во меѓувреме и Словенија да ја заврши својата процедура.
Опозицијата во Словенија ја обвини Кос дека е соработник на комунистичката тајна служба на поранешна Југославија. Кос беше амбасадорка на Словенија во Германија и во Швајцарија. Претходно работеше и во Владата на Словенија како директор за односи со медиумите.
Составот на комисијата за вториот мандат на Фон дер Лајен ќе го одрази акцентот на колективната безбедност преку воведување на „полноправен комесар за одбрана“ додека блокот се бори со последиците од тековната војна во Украина и другите согледани закани, пишува Радио Слободна Европа на англиски јазик.
Еден ден пред планираното соопштение, францускиот комесар за внатрешниот пазар на ЕУ, Тиери Бретон, ненадејно поднесе оставка и побара од неговата земја да номинира некој друг во обид да ја натера Фон дер Лајен да и даде „наводно повлијателен ресор на Франција“.
Фон дер Лајен е задолжена за избор на ресорите на секој од 26-те кандидати.
Таа потенцираше дека при составот на ЕК и распределбата на ресорите водела сметка за постигнување баланс и во однос на половата и географската застапеност, па така во Комисијата ќе има 11 жени, што е околу 40 отсто.
Фон дер Лајен постави цели за Комисијата кои вклучуваат преглед на основите на безбедноста и дополнително зајакнување на одбраната на Украина во услови на две и пол години руска инвазија. Некои од другите итни предизвици со кои моментално се соочува блокот се заканите за трансатлантските односи, поделбите околу тековната војна на Израел со терористичката група Хамас назначена од САД и ЕУ во Појасот Газа и тензиите околу земјоделските, индустриските и еколошките цели на блокот, особено во светлина на Европскиот зелен договор усвоен во 2019 година.
Фон дер Лајен, исто така, постави приоритети како што се зајакнување на границите на ЕУ и пристап заснован на заслуги кон долго закоченото проширување на ЕУ.
Највисоката функција на Европската комисија е едно од трите клучни институционални претседателства, заедно со раководството на Европскиот совет, кои ги дефинираат општите политички насоки и приоритети на блокот и на Европскиот парламент.
Регистрирани нови 57 случаи на ковид, починале четири лица
Во периодот од 9 до 15 септември во земјава се регистрирани 57 нови случаи на SARS-CoV-2, пријавени се четири починати лица, две во Скопје и по еден во Битола и Тетово, сите над 70-годишна возраст и невакцинирани, се посочува во најновиот извештај на Институтот за јавно здравје.
Од 9 до 15 септември тестирани се вкупно 285 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со намалување од 36,5 отсто во однос на минатата недела. Регистрирани сe 57 нови позитивни случаи, со намалување од 48,6 отсто во однос на минатата недела.
Во тековната недела, регистрирани се заболени лица во општините од осум градови. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје, a највисока инциденца е регистрирана во Делчево.
Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи, со најголем број на случаи пријавени во возрасната група над 60 години.
Во текот на 2024 година, а заклучно со 15-ти месецов, во земјава се регистрирани вкупно 1560 заболени и 20 починати лица асоцирани со Ковид-19.
Од појавата на првиот случај на Ковид-19 на 26 февруари 2020 година пријавени се вкупно 351 876 заболени со Ковид-19 и 9999 починати лица асоцирани со овој вирус.
Продолжува дијалогот меѓу Белград и Приштина во Брисел
Во Брисел денеска (17 септември) ќе се одржи нова рунда дијалог меѓу Белград и Приштина на ниво на главните преговарачи Петар Петковиќ и Бесник Бислими.
„На средбата во Брисел ќе се разговара за напредокот во имплементацијата на Охридскиот договор и други прашања кои влијаат на нормализацијата на односите меѓу Белград и Приштина, изјави портпаролот на Европската Унија“, Петер Стано.
Непознато е дали двајцата овластени претставници ќе се сретнат заедно или одделно со претставниците на ЕУ.
Според информациите од дипломатски извори, меѓу темите што Белград ги предложи да се најдат на дневен ред е прашањето за мостот на Ибар, како и формирањето на Заедницата на српските општини.
Српскиот претседател Александар Вучиќ минатата недела ја објави својата намера „значително и драматично да ја зголеми поддршката на Белград за Србите во Косово“.
Тој, исто така, ги повика Србите кои ги напуштија работните места во полицијата и другите косовски институции во знак на протест пред речиси две години, да се вратат на работните места и изнесе административни планови за да им помогне на Србите да земаат плати и други финансиски бенефиции на српската страна од заедничката граница.
Некои Срби изразија незадоволство и рекоа дека се чувствуваат предадени од Вучиќ, додека пак официјалните претставници на ЕУ го поздравија чекорот.
Косовскиот премиер Албин Курти првично избегна јавно да коментира и не е јасно дали тие институции ќе направат сè за да го олеснат масовното враќање на етничките Срби.
Приштина ги нарекува „нелегални“ таканаречените „паралелни“ институции поддржани од Белград.
Мета ги забрани руските државни медиуми на своите платформи
Американската групација Мета, која ги поседува платформите Фејсбук, Инстаграм и Ватс-Ап (WhatsApp), соопшти дека им забранува на руските државни медиуми пристап до тие платформи ширум светот, „за да се избегне странско мешање“.
„По внимателно разгледување, ја проширивме нашата акција против руските државни медиуми“, се наведува во соопштението од Мета.
Одлуката за забрана е донесена откако американскиот државен секретар Ентони Блинкен минатата недела ги осуди дестабилизирачките активности на рускиот медиум „Раша тудеј“ (Russia Today).
Забраната означува остра ескалација на акциите на најголемата светска компанија за социјални медиуми против руските државни медиуми, откако таа со години преземаше поограничени чекори како што се блокирање на продажните места за објавување реклами и намалување на досегот на нивните објави.
Спроведувањето на забраната ќе започне во текот на следните денови.
Талибанците негираат дека ја прекинале кампањата за вакцинација против детска парализа во Авганистан
Авганистанското Министерство за здравство, управувано од Талибанците, ги отфрли извештаите на 17 септември дека тврдокорната група ја суспендирала или одложила големата акција за вакцинација против детска парализа.
Портпаролот на Министерството Шарафат Заман ги нарече ваквите извештаи лажни и рече дека нема официјална директива за одложување или запирање на плановите за борба против детска парализа, јавува Радио Слободна Европа (РСЕ) на англиски јазик.
Наместо тоа, рече тој, талибанските здравствени власти се обидуваат да спроведат кампања за вакцинација на легитимен и технички правилен начин за да имаат корист на општеството.
Еден ден претходно, АП цитираше висок функционер на Светската здравствена организација (СЗО) кој рече дека бил свесен за дискусиите за спроведување имунизација од место до место на локации како што се џамии, наместо да посетува домови.
Локалните и меѓународните набљудувачи постојано предупредуваат на хуманитарни предизвици откако Талибанците ја презедоа контролата врз земјата откако меѓународната коалиција предводена од САД се повлече во средината на 2021 година.
СЗО потврди 18 случаи на детска парализа во Авганистан оваа година, за разлика од шестте во 2023 година и најави голема акција во септември.
Кампањата за детска парализа од врата до врата низ целата земја во јуни беше прва во најмалку пет години, а претставниците на СЗО рекоа дека шемата дозволува вакцинацијата да стигне до повеќе деца.
Камал Шах, поранешен службеник за комуникации во УНИЦЕФ, агенција на Обединетите Нации одговорна за хуманитарна и друга помош за децата ширум светот, ги повика властите подобро да ги интегрираат Талибанците во напорите за вакцинација против детска парализа.
Авганистан и соседен Пакистан се единствените земји во светот каде детската парализа сè уште е ендемична. СЗО предупредува дека големиот прекуграничен сообраќај меѓу двете земји го зголемува ризикот од ширење на полио.
Пезешкијан: Моралната полиција не смее да ги малтретира жените
Претседателот на Иран, Масуд Пезешкијан изјави дека Иранската морална полиција повеќе нема да ги „малтретира“ жените поради задолжителното носење на хиџаб.
„Моралната полиција не треба да се судри со жените. Ќе се погрижам полицијата да не ги вознемирува жените“, истакна Пезешкијан на двегодишнината од смртта на 22-годишната Махсе Амини, која беше уапсена поради непрописно носење на хиџаб.
Обединети Нации минатата недела соопштија дека иранските власти по масовните протести поради смртта на Амини ги „засилила напорите“ за сузбивање на правата на жените и уништување на активизмот.
Пезешкијан ја презеде функцијата од ултраконзервативниот Ебрахим Раиси, кој загина во хеликоптерска несреќа. Новиот ирански претседател важи за потенцијален реформатор.
Тој и во предизборната кампања вети дека ќе ја спречи така наречената Иранска полиција за морал да ги вознемирува жените. Но, главен авторитет во Иран е врховниот лидер, ајатолахот Али Хамнеи, кој тврди дека „откривањето (на делови на женското тело) е забрането и верски и политички“.
Амини, Иранка со курдско потекло почина во болница на 16 септември 2022 година, три дена откако беше уапсена од припадници на моралната полиција поради непочитување на строгиот ирански кодекс на облекување и одведена во „центар за превоспитување“ каде беше претепана. Таа беше приведена бидејќи неправилно го носела хиџабот односно и се гледала косата.
Нејзината смрт предизвика повеќемесечни протести, кои се претворија во повици за бунт против ајатолахот Хамнеи и теократската Влада. Протестите се одржуваа под мотото „Жена, живот, слобода“. Во задушувањето на протестите загинаа над 500 луѓе, а повеќе од 22.000 беа приведени.
Независна меѓународна мисија за проверка на факти на ОН за Иран на 18 март годинава објави дека смртта на Амини е незаконска и предизвикана од насилство.
Изминатиот период сè поголем број Иранки им пркосат на властите и излегуваат на улица без хиџаб.
Фон дер Лајен треба да го претстави новиот состав на Еврокомисијата
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен денеска (17 септември) во Стразбур на средба зад затворени врати со членовите на Конференција на претседатели на Европскиот парламент, што ја сочинуваат претседателката на ЕП, Роберта Мецола и првите луѓе на пратеничките групи, треба да го презентира предлог-составот на новиот Колеџ на комесари и распределбата на ресорите со кои тие ќе раководат.
Според првичниот план, ова средба требаше да се одржи минатата недела, на 11 септември, но таа на барање на Фон дер Лајен беше презакажана за денеска, со цел да и се даде време на Словенија да ја заврши процедурата околу номинацијата на новопредложената словенечка кандидатка за еврокомесарка Марта Кос.
Словенија првично за еврокомесар го предложи поранешниот претседател на словенечкиот Суд на ревизори, Томаж Весел, но тој на почетокот на месецов ја повлече својата кандидатура. Повлекувањето на Весел уследи по информациите дека Фон дер Лајен побарала од некои земји членки, меѓу кои и Словенија, да ги заменат своите предложени кандидати мажи со жени, со цел да се постигне колку што е можно поголема родова еднаквост во новото извршно тело на ЕУ. Претходно и Романија го замени својот кандидат за еврокомесар со кандидатка.
По повлекувањето на Весел, словенечкиот премиер Роберт Голоб за еврокомесарка ја предложи поранешната амбасадорка на Словенија во Германија и Швајцарија, Кос. Согласно внатрешните процедури номинацијата на Кос треба да ја одобри Комитетот за европски прашања на словенечкиот Парламент, а без ова одобрување Љубљана не може формално да го достави официјалниот предлог за еврокомесар до Брисел.
Во вакви услови заменичката главна портпаролка на Еврокомисијата, Аријана Подеста вчера потврди дека Фон дер Лајен останува на планот денеска да ја презентира новата Еврокомисија пред ЕП без формалната номинација на Кос. Сепак, Подеста остави простор за можна промена на овој план, посочувајќи дека „24 часа се многу време во политиката“ и можни се промени.
Во пресрет на денешната презентација на новата Европска комисија дојде до промена во нејзиниот предлог-состав по вчерашната оставка на европскиот комесар за внатрешен пазар и француски кандидат за еврокомесар, Тиери Бретон, кој ја обвини Фон дер Лајен дека „го саботира“ и дека „создава неред“ за време на транзицијата кон новите институции на ЕУ, како и дека последните случување се „дополнително сведоштво за сомнителното раководење“ од нејзина страна. Тој во оставката тврди и дека Фон дер Лајен и понудила на Франција „повлијателен ресор“ во новата Еврокомисија, доколку Париз предложи друг кандидат место него. ЕК одби да ги коментира ваквите тврдења, повикувајќи се на принципот на доверливост во интерната комуникација
Инаку по поединечното одобрување на секој од предложените комесарите од страна на ресорните комитети на Европскиот парламент, европратениците треба да гласаат на пленарно заседание за избор на Еврокомисијата.
Предлог-законот за заемот од Унгарија на собраниска седница
Собранието денеска (17 септември) ќе одржи продолжение на 14-тата седница, на чиј дневен ред, се повеќе точки, меѓу кои и Предлог на закон за задолжување на Република Северна Македонија со заем од половина милијарда евра од унгарската Влада, по скратена постапка.
Собраниската Комисија за финансирање и буџет на 13 месецов го даде на натамошна постапка Предлог-законот за заемот од Унгарија.
Вкупниот износ на заемот од Унгарската експорт - импорт банка изнесува 500 милиони евра. Заемот ќе се повлече во една транша, рокот за отплата на заемот е 15 години, со вклучен грејс период од три години, каматната стапка е фиксна и изнесува 3,25 проценти, Република Северна Македонија ќе и плаќа на унгарската Експорт - импорт банка приватно друштво со ограничена одговорност провизија за неповлечени средства во висина од 0,5 проценти од заемот на годишно ниво.
Провизијата за неповлечени средства ќе се пресметува на дневна основа на неповлечениот дел од заемот, пресметано од датумот на достапност на средствата и ќе се плати првиот работен ден по завршување на периодот на достапност. Заемот ќе се отплаќа на 24 полугодишни рати, на 15 февруари и 15 август секоја година. Дополнително, Република Северна Македонија ќе ѝ плати провизија за извршени правни услуги на независна фирма избрана од страна на Унгарската експорт - импорт банка приватно друштво со ограничена одговорност. Провизијата за извршени правни услуги ќе се плати пред повлекување на траншата.
Половина од средствата од овој заем, како што беше појаснето од владините претставници, ќе се користат за развој на општините, а другите како помош за економијата и за буџетски потреби.
Опозицијата обвинува дека парите не се од Унгарија, како и дека земјата станува политички заложник на оваа земја.
На дневен ред на 14-тата Седница на Собранието се останати повеќе точки, меѓу кои нив и некои кои за кои веќе е завршена расправата и треба само да се гласа како Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за бесплатна правна помош и Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за локалната самоуправа, двата по скратена постапка.
САД со нови санкции за повеќе од 60 Грузијци, меѓу нив и за двајца владини функционери
Соединетите Американски Држави(САД) воведоа санкции за повеќе од 60 Грузијци, вклучително и за двајца членови на владата, за кои сметаат дека ја „поткопале“ демократијата и човековите права во земјата, поради загриженоста на западот за вртењето на Тбилиси кон Москва.
„САД воведоа санкции за двајца грузиски владини функционери, за нивната вмешаност во сериозно кршење на човековите права за време на насилниот одговор на мирните протести против законот за странско влијание“, изјави државниот секретар на САД, Антони Блинкен, на 16 септември.
Станува збор за началникот на Одделот за специјални задачи на Министерството за внатрешни работи, Звијад „Кареба“ Харазишвили и еден од неговите заменици, Милери Лагазаури.
„Ние, исто така, санкционираме двајца грузиски водачи на насилна екстремистичка група, Константин Моргошија и Зураб Махарадзе, за сериозно кршење на човековите права, вклучително и за насилни напади врз Грузијците кои ја користат својата слобода на мирно собирање“, рече Блинкен.
Владејачката партија Грузиски сон се најде на удар на западните сојузници на Грузија по нејзиниот потег да воведе закон за „странски агенти“ за кој многумина стравуваат дека ќе ги задуши медиумите и независните гласови.
Грузискиот парламент во мај го усвои законот, отфрлајќи го ветото на грузиската претседателка Саломе Зурабишвили.
САД соопштија дека ги преиспитуваат своите билатерални односи со Грузија - која долго добиваше поддршка од Вашингтон - а ЕУ, исто така, смета дека потезите како што е законот за странски агенти негативно ќе влијаат на надежите на земјата за приклучување кон блокот.
Лукашенко помилува уште 37 политички затвореници
Авторитарниот белоруски лидер Александар Лукашенко помилува 37 лица, вклучително и шест жени, кои отслужуваат затворски казни поради обвиненија за екстремизам, соопшти Кабинетот на Лукашенко на 16 септември.
Помилувањето е во пресрет на Денот на националното единство што треба да се одбележи на 17 септември.
Вкупно 115 од повеќе од 1.300 политички затвореници во Белорусија се помилувани од јули до сега.
Ова е четврти декрет за масовна амнестија што Лукашенко го потпиша оваа година, за помилување на лица затворени за учество во масовните протести во 2020 година против официјалниот резултат од претседателските избори.
По изборите во август 2020 година, Централната изборна комисија на Белорусија го објави реизборот на Лукашенко за претседател, негов шести последователен мандат. Со тоа не се согласи опозицијата, која инсистираше на победа на нејзиниот кандидат Светлана Тихановска. Низ земјата почнаа масовни протести против изборни измами и за поддршка на демократијата.
Протестите беа жестоко задушени од безбедносните сили. Стотици уапсени луѓе, вклучително и лидери на опозицијата, беа осудени на долги затворски казни.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете