Достапни линкови

Вести

Министрите на ЕУ се согласија да ги суспендираат визните олеснувања за Русите

Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел.

Министрите за надворешни работи на Европската унија се согласија да го суспендираат договорот за олеснување на визниот режим со Русија од 2007 година, што им олеснува на Русите да добијат туристички визи.

Ова денеска го соопшти шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел. Ваквата одлука беше донесена поради агресијата на Русија против Украина.

Потегот е направен за да се спречи „купувањето на визи“ од руските апликанти кои бараат полесен влез во ЕУ преку земјите-членки кои имаат поблаги правила, изјави највисокиот претставник на ЕУ за надворешна политика на прес-конференција во Прага.

Одлуката доаѓа по неколкунеделниот притисок во земјите на ЕУ кои граничат со Русија поради руските државјани кои патуваат во блокот со шенген визи издадени од некои земји-членки на ЕУ.

Борел ја објави одлуката, која целосно не е во согласност со барањето на некои земји за целосната забрана за визи, по вториот ден од состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во чешкиот главен град.

Прашањето за ограничување на визите за Русите последниве денови се вжешти меѓу некои земји на ЕУ, но договор мора да постигнат сите 27 членки на блокот со цел тој да стане нова санкција против Русија.

Ваквата иницијатива ја предводат земјите што граничат со Русија - балтичките земји, Полска и Финска за порестриктивни визни забрани за руските туристи.

Откако ЕУ го забрани воздушниот сообраќај на летовите од Русија, повеќето патници ги користат своите копнени граници за да патуваат во други земји на ЕУ.

види ги сите денешни вести

Ослабнатиот ураган Орлен стигна до Мексико

илустрација

Ураганот Орлен денеска се спушти на брегот на Мексико во близина на туристичкиот град Мазатлан, губејќи притоа дел од силата откако беснееше над архипелагот Ислас Марија, поранешна затворска колонија која е претворена во туристичка атракција.

Главниот остров е ретко населен, претежно од владини претставници, а зградите на него главно се направени од тули и бетон.

Ветровите на ураганот потоа се намалија до брзина од 140 километри на час и паднаа на копно на околу 75 километри југоисточно од туристичкиот град Мазатлан, во мексиканската држава Синалоа, соопшти американскиот национален центар за урагани.

Училиштата долж брегот и пристаништата се затворени и беа поставени засолништа. Во Мазатлан и понатаму врне дожд. Се проценува дека Орлен може да предизвика поројни поплави, лизгање на земјиштето, поплави и опасно високи бранови, соопштија мексиканските власти.

Орлен вчера беше категоризирана како ураган од четврта категорија на скала од пет, а неговите ветрови тогаш имаа брзина од околу 215 километри на час.

Ковачевски – Гир: Скрининг процесот оди добро

Средба помеѓу премиерот на РСМ Димитар Ковачевски и Дејвид Гир, шефот на Делегацијата на ЕУ во Македонија

Скрининг процесот со ЕУ се одвива добро, било оценето на денешната средба на претседателот на Владата, Димитар Ковачевски и Дејвид Гир, шефот на Делегацијата на ЕУ во нашата држава.

Како што соопштија од владината прес-служба, на средбата била изразена и поддршка за следните чекори на патот на евроинтеграциите на Северна Македонија, со цел непречен тек на преговарачкиот процес.

Констатирано е дека напредокот на евроинтеграциите е од значење и за квалитетот на живот на граѓаните на нашата држава и за стабилноста на Европската Унија, поради што од клучно значење се сметаат фокусот, довербата и инклузивноста на сите страни, во овој процес.

„Разговарано е и за важноста од натамошно унапредување на реформскиот процес, посебно во областа на правосудството и е заеднички изразено очекување за резултати базирани на професионални капацитети, принципи и интегритет“, се наведува во соопштението од владиниот Сектор за односи со јавноста.

На средбата се разговарало и за други актуелни прашања, посебно околу последиците од војната во Украина во глобални рамки и предизвиците во енергетската сфера со што се соочуваат Европа и светот, при што била изразена согласност за потребата од солидарен пристап при разгледувањето можни решенија.

Јанев: Подготвен сум за преговори со сите партии за формирање влада

Лидерот на „Бугарски подем“ и поранешен вршител на должноста премиер Стефан Јанев

Лидерот на новата партија во новоизбраното Народно собрание „Бугарски подем“ и поранешен вршител на должноста премиер Стефан Јанев за Нова ТВ коментира дека во овој распарчен парламент со седум партии треба да се бара асиметрично решение, јави дописникот на МИА од Софија.

Според Јанев, ваквото решение би можело да биде создавање на „супермалцинска“ влада.

Оваа влада би била составена од мали партии поддржани од останатите парламентарни партии со коалициски договор, кои не учествуваат директно во неа, туку ја поддржуваат во Народното собрание. На прашањето дали ќе коалицира со ГЕРБ, тој рече:

„Се е можно. „Бугарски подем“ може да прифати секаков вид коалиција што е во интерес на бугарските граѓани и се заснова на приоритети и јасни правила и односи“, додаде Јанев.

Јанев првпат го употребил зборот војна во врска со руската инвазија на Украина. Поради неподготвеноста да ја нарече руската инвазија на Украина на 24 февруари, поранешниот премиер Кирил Петков, беше принуден да го разреши Јанев од функцијата министер за одбрана и да го замени со бугарскиот амбасадор во НАТО, Драгомир Заков.

Еден од кандидатите за претседател на Словенија ја повлече кандидатурата

илустрација, словенечкиот премиер Јанез Јанша на гласачко место на парламентарните избори во април 2022

Музичарот Грегор Безеншек, кој се кандидираше на словенечките претседателски избори, денеска ја повлече својата кандидатура.

Безеншек во септември прв поднесе кандидатура за изборите закажани за 23 октомври.

Тој на прес-конференција појасни дека поради тоа, изминатиов период бил изложен на „исклучителни притисоци, непријателски пораки и закани“, јави словенечката новинска агенција СТА.

Без да каже детали, Безеншек додаде дека е против секаков говор на омраза и каква било агресија. Неговиот изборен штаб ги потврди заканите, што оделе и во насока кон физичко насилство.

Државната изборна комисија веќе ја потврди кандидатурата на Безеншек, кој како независен кандидат доби поддршка од 5.673 гласачи. Според комисијата, станува збор за прв случај каде кандидат ја повлекува согласноста за веќе потврдена кандидатура.

Рокот за повлекување на согласноста за кандидатурата за претседател истекува денеска.

По повлекувањето на Безеншек, во претседателската трка остануваат седум кандидати. Претставникот на партијата Нова Словенија – Јанез Циглер Краљ, градоначалникот на Кочевје и кандидат на зелената партија Весна – Владимир Пребилиќ, претставникот на опозициската Словенечка демократска партија – Анже Логар, адвокатката Наташа Пирц Мусар, претставникот на партијата Левица – Михо Кордиш, европратеникот и заеднички кандидат на Социјалните демократи и Движењето слобода – Милан Брглез и кандидатката на партијата Ресни.ца – Сабина Сенчар.

Толкач: Сѐ потешко е да ги сфатиме аргументите на Србија за невоведување санкции

Амбасадорот на Украина во Србија, Володимир Толкач

Амбасадорот на Украина во Србија, Володимир Толкач денеска изјави дека е многу тешко прашање за Украина дали ја разбира одлуката на Србија да не воведе санкции кон Русија и додаде дека е „смешно“ да се споредува прашањето за Косово и четирите украински региони кои Русија неодамна ги отцепи.

„Би сакале да ја гледаме Србија како пријател и сојузник и тешко ни е да ги разбереме аргументите што Србија ги дава со секој наш паднат војник, со секое паднато дете, а досега загинале повеќе од 300 деца и многу повеќе се ранети. Сè потешко е и потешко е да се разберат аргументите на Србија“, изјави амбасадорот за телевизија N1.

Тој додаде дека очекува поддршка од Србија и приклучување кон санкциите воведени кон Русија и дека тоа ќе покаже дека Србија и Украина ги поддржуваат истите вредности.

Тој исто така рече дека на почетокот на летото имал можност неколку пати да се сретне со највисоките српски функционери, во време кога ситуацијата била уште поштетна за Украина.

„Се сретнав со претседателот кога ги предаде акредитивите, се сретнав и со премиерката Брнабиќ, се разбираме кога зборуваме за хуманитарни прашања, за бегалските прашања, заедно со Александар Вучиќ го посетивме Врање, таа посета покажа дека имаме заеднички разбирање за помагање на луѓето кои се спасуваат од војната“, рече амбасадорот.

За договорот што Србија неодамна го потпиша со Русија во Њујорк, вели дека не може како дипломат да критикува такви работи. Може, додава тој, само да им се допаѓаат или не.

За ставот на руското МНР кое како доказ дека референдумите се во согласност со меѓународното право се повика на пресудата на Меѓународниот суд на правдата за Косово, Толкач сугерира дека треба да се погледне нешто друго.

„Смешно е да се споредуваат ееферендумите што се одржаа на Косово под мониторинг на меѓународните набљудувачи и кои се подготвуваа со години со референдумите што се одржуваат под закана на вооружените сили на Русија,“ рече тој.

Украинците, додава тој, се едни од ретките кои постојано се залагаат за територијалниот интегритет на Србија.

Уапсена позната иранска активистка за женски права

Бахарех Хедијат

Истакната студентка и активистка за човекови права Бахарех Хедијат беше уапсена рано на 3 октомври во Техеран, објави Би-Би-Си, среде бранот протести предизвикани од смртта на една млада жена во притвор.

Махса Амини, почина на 16 септември, откако беше приведена од пморалната полиција, бидејќи наводно премногу опуштено ја носела марамата.

Хедијат е поранешна политичка затвореничка која неколку пати била апсена и затворана.

Друг политички активист и поранешен студентски активист, Хосеин Масуми, беше исто така приведен на 2 октомври. Неговото семејство не знае каде е.

Веќе 16 дена во Иран има бран апсења на политички и граѓански активисти од почетокот на националните протести во таа држава.

Претходно денеска, наставата беше прекината и „префрлена“ на интернет на иранскиот универзитет Шариф, која е водечка високообразовна институција и традиционално жариште на несогласување, откако во текот на ноќта избија судири меѓу студентите и безбедносните сили, објавија локалните медиуми.

За три дена 108 случаи на ковид 19

илустрација

Во последните три дена во земјава се регистрирани 108 нови случаи на КОВИД-19 од направени 976 тестирања. Оздравени се 135 лица, а во истиот тридневен период регистрирани се три починати лица.

Согласно податоците од Институтот за јавно здравје, Министерството за здравство информира дека во последните 3 дена (од 30.09 до 02.10.2022) направени се 976 тестови, а регистрирани се 108 нови случаи наковид 19: Скопје – 83, Прилеп – 5, Штип – 4, Битола, Тетово, Кавадарци, Кичево и Кратово – по 2, Куманово, Охрид, Струмица, Гевгелија, Неготино и Македонски Брод – по 1 случај.

Од вкупниот број на позитивни (108), регистрирани се 30 реинфекции, информираат од ресорното министерство.

Регистрирани сe 135 оздравени пациенти. Во текот на изминатите три дена (30.09 – 02.10.2022) пријавени се три починати лица, сите во болнички услови.

Досега во земјата се направени вкупно 2.170.602 тестирање на КОВИД-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 343.069, бројот на оздравени пациенти е 333.067, на починати е 9.537, а бројот на активни случаи изнесува 465.

ЕУ порача дека одлуката на Шмит е само негова

Високиот претставник на меѓународната заедница во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит

Портпаролката на Европската комисија (ЕК) Ана Писонеро повтори дека европските институции ја добиле одлуката на високиот претставник на меѓународната заедница во Босна и Херцеговина (БиХ), Кристијан Шмит за зголемување на бројот на делегати во Домот на народите на Парламентот на Федерацијата БиХ, со цел да се подобри функционалноста на овој ентитет и да се обезбеди навремено спроведување на резултатите од изборите одржани на 2 октомври 2022 година.

„Ова беше лична одлука на високиот претставник. Извршните овластувања на високиот претставник треба да се користат само како последно средство против непоправливи незаконски дејствија“, рече Писонеро на прес-конференција.

Но, таа не одговори на новинарските прашања дали Европската унија ја поддржува одлуката на високиот претставник.

Таа, исто така, додаде дека зајакнувањето на функционалноста на институциите на БиХ е клучен приоритет на патот на земјата кон ЕУ. Таа потврди дека во изминатата година ЕУ и САД разговарале за уставните и изборните реформи.

„Длабоко жалиме што не беше можно политичките партии да се договорат за избалансиран и договорен пакет реформи кои сеопфатно ќе ги решат отворените прашања, вклучително и оние поврзани со функционалноста на БиХ и нејзиниот Дом на народите“, рече Писонеро.

Портпаролката на Брисел ги повика лидерите на Босна и Херцеговина да ги почитуваат своите обврски од состанокот на 12 јуни одржан во Брисел, чиј домаќин беше претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел. На тој состанок, лидерите на Босна и Херцеговина се согласија дека ќе се обидат да донесат закони, вклучително и оние за Високиот судски и обвинителски совет (ВССС) и за спречување судир на интереси, најдоцна шест месеци по формирањето на сите владини тела.

Ана Писонеро ја потврди подготвеноста на Европскиот совет да ја разгледа можноста за добивање кандидатски статус за БиХ, откако Европската комисија објави извештај за нивото на имплементација на 14 клучни приоритети кои се неопходни за земјата да напредува во евроинтеграциите.

Во недела на 2 октомври во Босна и Херцеговина се одржаа општи избори. Гласале 50 отсто од гласачите или 1,6 милиони граѓани.

Врз основа на 84,75 отсто од преброените гласови, Денис Беќировиќ, кандидатот на здружената опозиција „Обединети за слободна Босна и Херцеговина“ и Жељка Цвијановиќ од СНСД, влегуваат во Претседателството на Босна и Херцеговина.

Врз основа на 62 отсто од обработените избирачки места за Парламентот на БиХ, Партијата за демократска акција и Сојузот на независни социјалдемократи добија најмногу гласови.

Орбан: Унгарија, Србија и Австрија се тешко погодени од проблемот со илегалната миграција

Унгарскиот премиер Виктор Орбан

Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави денеска во Будимпешта дека Унгарија, Србија и Австрија се тешко погодени од проблемот со илегалната миграција, која бара многу енергија и огромни трошоци за тие три земји. На заедничката прес-конференција со српскиот претседател Александар Вучиќ и австрискиот канцелар Карл Нехамер по трилатералната средба, Орбан рече дека тој го иницирал самитот бидејќи ситуацијата со илегалната миграција се влошува.

Бугарската полиција со дронови ќе го спречува движењето на мигрантите

„Светот има и други сериозни проблеми, како што се руско-украинската војна, скапите енергенси и санкциите, и не се фокусира доволно врз миграцијата, иако ова прашање е исто толку важно како и претходното. Унгарија ја иницираше оваа средба бидејќи сме во најголем специфична ситуација, имаме миграција од два правци, над милион бегалци дојдоа од правец на Украина, а на нашата јужна граница имаше повеќе од 180.000 обиди за илегален влез“, рече Орбан, додавајќи: „Ние ја штитиме цела Европа, не само нашите граници. Би било во интерес на цела Европа да ја спушти границата што е можно подалеку, појужно од српско-унгарската граница“, рече Орбан. Тој рече дека е потребна „нова димензија на соработка“ меѓу трите земји, дека следниот состанок ќе биде во Белград, каде ќе се сретнат надлежните министри за да ги дефинираат идните чекори, а третата средба ќе биде во Виена.

Финска и Полска ги повикаа руските амбасадори поради „лажните“ референдуми во Украина

Финска и Полска соопштија дека ги повикале руските амбасадори во нивните земји за да го осудат обидот на Русија за незаконско анексија на дополнителни четири украински региони преку референдуми кои нашироко се сметаат за лажни. Финското Министерство за надворешни работи во Хелсинки објави дека го повикало рускиот амбасадор „за да изрази најостра осуда на лажните референдуми и најавата за незаконска анексија на окупираните украински региони од Русија, што претставува грубо кршење на суверенитетот на Украина, територијалниот интегритет и Повелбата на ОН“.

Кремљ: секој напад врз анектираната територија ќе биде напад врз Русија

Во Варшава, заменик-министерот за надворешни работи Марцин Пржидач изјави дека рускиот амбасадор бил повикан „поради акциите на Русија минатата недела“. Тој додаде дека најверојатно ќе се одржат дополнителни состаноци низ Европа за да се „изрази оваа позиција“, иако засега не очекува да го прогласи рускиот пратеник за персона нон грата.

ИЕА: штедењето гас е клучно за да се преброди зимата

Мерките за заштеда на гас во Европа ќе бидат „клучни“ оваа зима за да се одржи снабдувањето на доволно ниво во случај на целосно прекинување на рускиот гас и „бран на студено време“, соопшти денеска Меѓународната агенција за енергетика. Суспензиите во снабдувањето со руски гас, како одговор на санкциите наметнати на Москва по инвазијата на Украина, доведоа до пораст на светските цени и ги натера Европејците да снабдуваат од други извори. Благодарение на стратегијата за диверзификација, „залихите на гас беа речиси 90 насто полни на крајот на септември“, се вели во извештајот на ИЕА со седиште во Париз.

ЕУ преговара за оданочување на енергетските профити и ограничување на цените на гасот

„Без намалување на побарувачката на гас и ако руските испораки се целосно прекинати, складиштата би биле полни помалку од 20 насто во февруари, под претпоставка дека ќе има високо ниво на снабдување со течен гас“, предупреди агенцијата. За да се спречи ова сценарио, ИЕА наведува дека Европа ќе мора да ги почитува мерките за штедење за „да ги одржи залихите на соодветно ниво до крајот на грејната сезона“. ИЕА, исто така, предвидува можно зголемување на кинеската побарувачка на течен гас во контекст на новите договори, додека постудена зима, исто така, ќе доведе до дополнителна побарувачка во североисточна Азија.

Швеѓанецот Сванте Паабо ја доби Нобеловата награда за медицина за 2022 година

Сванте Паабо, добитник на Нобеловата награда за медицина во 2022 година

Шведскиот палеогенетичар Сванте Паабо, кој го секвенционираше геномот на неандерталецот, ја доби Нобеловата награда за медицина, соопшти денеска Нобеловиот комитет. „Откривањето на генетските разлики што ги разликуваат сите живи луѓе од изумрените „хомини“, дава основа за истражување на она што нè прави уникатни луѓе“, велат од Комитетот. Во минатата година оваа награда им припадна на истражувачите Дејвид Јулиус и Ардем Патапутијан, откривачите на клеточните рецептори кои луѓето ги користат за да ја почувствуваат температурата и допирот. Наградата, веројатно меѓу најпрестижните во научниот свет, ја доделува Нобеловото собрание на шведскиот институт Каролинска и е вредна 10 милиони шведски круни (900.357 долари).

Нобелова награда за медицина за двајца Американци

Тоа е прва од овогодинешната серија на награди. На 4 и 5 октомври ќе бидат објавени Нобеловите награди за физика и хемија, додека на 6 и 7 октомври академијата ќе ги објави добитниците за литература и мир. Конечно, наградата за економија ќе биде објавена на 10 октомври, иако таа не се заснова на конечната волја на донаторот и изумител на динамитот Алфред Нобел (1833-1896). Наградите ќе бидат доделени на годишнината од смртта на Нобел на 10 декември.

Инфлацијата во Турција највисока во последните 24 години

Инфлацијата во Турција на рекордно високо ниво

Во септември годишната инфлација во Турција достигна нов максимум во последните 24 години од 83,45 насто, објавија денеска официјалните податоци. Агенцијата АП наведува дека поради ова растат цените на основните производи, а дополнително се погодени домаќинствата кои веќе имаат проблеми поради високите цени на енергијата, храната и домувањето. Турскиот статистички институт објави дека во септември цените пораснале за 3,08 проценти во однос на претходниот месец.

Турската централна банка повторно одлучува за каматните стапки

Експертите велат дека инфлацијата е многу повисока отколку што сугерира официјалната статистика, при што независна група за истражување на инфлацијата денеска ја стави годишната стапка на дури 186,27 насто. Во минатиот месец турската централна банка уште еднаш ги намали каматните стапки, на 12 проценти и покрај растот на цените и падот на лирата. Лирата изгуби над 50 насто од својата вредност во однос на американскиот долар откако централната банка почна да ги намалува стапките минатата година. Руската инвазија на Украина и падот на лирата ја поттикнаа инфлацијата.

ГЕРБ и ВМРО-БНД со најголем број гласови во Северна Македонија

Бугарија, избори

Партијата Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ) на поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов и ВМРО – Бугарско национално движење (ВМРО-БНД) на Красимир Каракачанов добија најголем број гласови од бугарските граѓани кои вчера гласаа во земјава на предвремените парламентарни избори во Бугарија. На седумте отворени избирачки места во земјава гласале вкупно 461 лице, а најголем број или 172 своето избирачко право го искористите во Амбасадата на Бугарија во Скопје. За ГЕРБ гласале 127 бугарски избирачи, за ВМРО-БНД 91, Продолжуваме со промените на Кирил Петков добила 69 гласа, Демократска Бугарија 38, Преродба 30, а 22 бугарски граѓани својот глас го дале за Има таков народ на Слави Трифонов.

ГЕРБ води на изборите во Бугарија

Според последните податоци на бугарската Централна изборна комисија (ЦИК), како што пренесува БТА, од вкупно обработени 99,40 отсто од гласачките ливчиња, најмногу гласови на изборите во Бугарија доби коалицијата на ГЕРБ и Сојузот на демократските сили (ГЕРБ-СДС) со 25,37 отсто (632.097 гласови). Продолжуваме со промените е на второто место со 20,21 отсто (503.549 гласови), а на трето е Движење за права и слободи (ДПС) со 13,66 отсто (340.211 гласови). По нив следуваат партијата Преродба со 10,17 отсто (253.321 глас) и коалицијата „БСП за Бугарија“, предводена од Бугарската социјалистичка партија (БСП) со 9,32 отсто (232.101 глас) и блокот Демократска Бугарија со 7,46 проценти (185.753 гласа). Под изборниот праг од пет проценти остануваат Бугарски подем на поранешниот технички премиер Јанев со 4,64 проценти (115.588 гласови) и Има таков народ, која добила поддршка од 3,83 отсто од гласачите (95.505 гласа). Опцијата „Не поддржувам никого“ ја одбрале 87.378 гласачи.

Слаби изгледи за влада во Бугарија откако ГЕРБ победи на изборите

На вчерашните четврти парламентарни избори во Бугарија во последните 18 месеци, учествуваа 29 партии и коалиции. Право на глас имаа 6.600.000 граѓани. Освен во Бугарија, Бугарите можеа да гласаат и на 755 избирачки места во 62 земји низ светот.

Руски научник обвинет за предавство починал во домашен притвор

Валери Митко

81-годишниот руски научник Валери Митко кој беше ставен во домашен притвор откако беше обвинет за велепредавство пред две години починал, соопшти Групата за човекови права Прва единица, додавајќи дека тој доживеал срцев удар, негов четврти. Групата забележа дека му било забрането редовно да оди на прошетки надвор од неговиот стан во Санкт Петербург. Митко беше ставен во домашен притвор во февруари 2020 година поради наводно пренесување доверливи материјали во Кина за време на редовните посети што ги правел таму како наставник. Митко ги негираше обвиненијата. Тој и неговите адвокати инсистираа дека единствените материјали што ги однел во Кина се поврзани со неговата научна и наставна работа.

Репресивна и агресивна - Да. Но, дали Русија е фашистичка?

Руските медиуми тогаш објавија дека Митко бил обвинет за доставување строго доверливи информации во Кина за хидроакустични истражувања и откривање подморници. Со години руските научници беа охрабрувани да соработуваат со колеги истражувачи во други земји, но тие контакти со нивните колеги во странство неодамна доведоа до тоа многумина да бидат уапсени под обвинение за предавство што тие ги негираат. Критичарите на Кремљ велат дека обвиненијата често произлегуваат од неоснована параноја и обиди да се задуши какво било несогласување.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG