Достапни линкови

Вести

Руската православна црква ја призна автокефалноста на МПЦ – ОА

Светиот синод на Руската православна црква на денешната седница ја призна Македонската православна црква – Охридска архиепископија, како автокефална сестринска црква. На веб страницата на Руската православна црква е наведено дека на денешната седница на Светиот синод на Руската православна црква, била слушната пораката на рускиот Патријарх Кирил за автокефалноста на Македонската православна црква – Охридската архиепископија.

„Синодот одлучи да му се заблагодари на Господ Бог за решавањето на прашањето за статусот на Православната црква во Северна Македонија на канонска основа и да ја признае Македонската православна црква – Охридска Архиепископијата, како автокефална сестринска црква, впишувајќи го името на нејзиниот Поглавар, Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски Стефан, во светите диптиси,“ се вели во соопштението.

Членовите на Синодот, се вели во објавата на Руската православна црква, изразија надеж дека МПЦ – ОА, најмладата во семејството на автокефалните православни цркви, цврсто ќе ја зачува светата православна вера во чистота и интегритет и ќе ја запази верноста на православната канонска традиција.

Митрополит Тимотеј- Не ни оди во прилог да бидеме непризнаени од Москва

На 9 мај годинава, Вселенската патријаршија донесе одлука за признавање на црковната јерархија на Охридската архиепископија предводена од архиепископот Стефан за канонска и валидна во сеправославниот свет, со што започна решавањето на повеќедеценискиот спор помеѓу МПЦ-ОА и СПЦ.

Процесот за добивање на официјалниот томос за автокефалност од Вселенскиот патријарх, започна на 4 јуни со врачувањето на документот од страна на патријархот српски Порфириј на архиепископот Стефан, со кој се потврдува одлуката на Српската православна црква, објавена на 24 мај по нивното сослужување на заедничката литургија во Соборниот храм во Скопје, со која СПЦ ја одобри и упати благослов за автокефалноста на МПЦ – Охридска Архиепископија, ставајќи крај на 55-годишниот спор меѓу двете цркви.

види ги сите денешни вести

Последен ден од гласањето наметнато од Русија за анексија во делови на Украина

Гласање на таканаречените референдуми за приклучување на делови на Украина кон Руската Федерација

Последниот од петте дена на таканаречените референдуми за приклучување кон Руската Федерација се одржува денеска во четири украински региони делумно окупирани од Москва, гласање кое Украина, Западот и Обединетите нации ги отфрлија како лажно, бидејќи е незаконско според меѓународното право. Гласањето во областите под контрола на Русија во регионите Луганск, Доњецк, Керсон и Запорожје, кои се одржуваат во екот на најголемиот конфликт во Европа од крајот на Втората светска војна, се одржува со наводи на некои локални власти дека гласачите биле загрозени и заплашувани.

Османи- Македонија нема да ги признае референдумите во Украина поддржани од Русија

Киев и неговите сојузници ги осудија референдумите како лажни и рекоа дека Западот никогаш нема да ги признае резултатите. Украина повика на состанок на Советот за безбедност на 27 септември за референдумите. Американскиот претседател Џо Бајден рече дека изборите се „измама“ и ништо друго освен „лажен изговор за обид за анексија на делови од Украина со сила“. Водачите инсталирани од Москва во регионите каде што се одржува таканаречениот референдум изјавија дека привремените резултати може да се очекуваат вечер или во следните денови. Руските пратеници потоа ќе гласаат за формално припојување на четирите територии, за што ќе биде потребен потпис на Путин за да стапи во сила. Изборните службеници носеа гласачки кутии од куќа до куќа во многу случаи придружувани од вооружените руски сили. Британското Министерство за одбрана денеска соопшти дека Путин најверојатно ќе го објави пристапувањето на окупираните региони на Украина кон Руската Федерација за време на обраќањето пред парламентот на 30 септември.

САД и други земји предлагаат дебата на Советот за права на ОН за третманот на Кина со Ујгурите

Кина, стражари во камп за Ујгури

Соединетите држави и неколку западни партнери предложија Советот на ОН за човекови права да свика специјална дебата за наводното кинеско малтретирање на Ујгурите и другите муслимански малцинства во регионот Ксинџијанг. Дипломатите рекоа дека барањето во „нацрт-одлуката“ на САД, Канада, Британија, Данска, Финска, Исланд, Норвешка и Шведска бара дискусија на следната седница на Советот за права на ОН, закажана за почетокот на следната година.

Можни „злосторства против човештвото“ на Кина во провинцијата Ксинџијанг

„Не можеме да ги игнорираме таквите тешки и систематски прекршувања на човековите права“, изјави британскиот амбасадор Сајмон Менли во Цоветот за безбедност на ОН. „Овој совет не смее, не може, да молчи. Соединетите држави ги обвинија кинеските власти за геноцид по долгогодишното сведочење на жртвите и други докази дека тие собрале повеќе од 1 милион Ујгури во кампови и извршиле други масовни злоставувања.

Иран формира специјални судови за демонстрантите и ги отфрла критиките на ЕУ

Иран, протести

Иран ги отфрли западните критики за неговата акција во која загинаа десетици луѓе и доведе до најмалку 1.200 апсења откако избувнаа протести по смртта на 22-годишна жена во притвор за наводно кршење на правилата за облекување. Иранските правосудни претставници, исто така, рекоа дека формирале специјални судови за да им судат на демонстрантите, за кои тврдат дека биле „ангажирани од странство“. Групата Иран за човекови права со седиште во Осло вчера соопшти дека најмалку 76 демонстранти биле убиени, што е речиси двојно повеќе од бројот што го признаа иранските власти. Немирите се проширија во повеќе од 80 градови и падови, вклучително и во северозападниот дел на Иран каде што живеела Махса Амини која била претепана откако била уапсена од полицијата за морал во Техеран на 13 септември.

Иранскиот претседател вети истрага по смртта на приведената жена

Претходно истиот ден, германската министерка за надворешни работи, Аналена Баербок, повика на „многу брза“ дебата во Европската унија за нови санкции кон Иран во светлината на бруталноста на репресијата и наводната злоупотреба пред смртта на Амини. Таа рече дека Берлин го повикал иранскиот амбасадор во германското Министерство за надворешни работи. Официјални лица во Техеран ги обвинија западните непријатели и иранските елементи во странство за поттикнување на немирите, чиј официјален биланс на загинати е 41. Државните медиуми цитираат официјални лица дека бројот на уапсените е над 1.200.

Протсети и меѓународна осуда по смртта на 22 годишна Иранка која умре откако беше уапсена од моралната полиција

Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Насер Канани, ги отфрли критиките на ЕУ како „интервенција во внатрешните работи на Иран и поддршка за немирите“. Шефот на иранското правосудство во главниот град Техеран, рече дека ќе бидат формирани специјални судови за да им се суди на „лидерите на вознемирувачите ангажирани од странство“.

Вселенско летало на НАСА удри во астероид за да му ја промени патеката

илустрација

Вселенско летало на НАСА удри во астероид со неверојатна брзина во невидена генерална проба за евентуална одбрана во случај Земјата да биде загрозена од астероиди. Галактичкиот судар се случи на безопасен астероид оддалечен 11,3 милиони километри при што вселенското летало наречено Дарт удри во вселенската карпа со брзина од 22.500 км на час. Научниците очекуваат ударот да издлаби кратер, да исфрли камења и прашина во вселената и што е најважно, да ја промени орбитата на астероидот.

НАСА ќе лансира ракета на пробен лет до Месечината

Телескопите ширум светот и во вселената беа насочени кон истата точка на небото за да го снимат спектаклот. Иако ударот беше веднаш очигледен, радио сигналот на Дарт престана и ќе бидат потребни уште неколку месеци за да се утврди колку е променета патеката на астероидот. Мисијата вредна 325 милиони долари беше првиот обид да се смени позицијата на астероид или кој било друг природен објект во вселената.

Русија продолжува со репресиите по ширењето на протестите против мобилизацијата

протести против мобилизацијата во Русија

Бројот на луѓе приведени во Русија поради протести против делумната воена мобилизација се искачи на речиси 2.500 низ целата земја, а дури и истакнати про-Кремљ гласови го доведуваат во прашање начинот на кој се спроведува мобилизацијата. ОВД-Инфо, група за човекови права која ги следи политичките апсења во Русија, соопшти дека 2.353 лица биле приведени до 25 септември, со најмалку 141 ново притворање на 26 септември. ОВД-Инфо пренесе сведоштва на приведените кои велат дека биле тепани и лишени од вода додека биле во притвор.

Рускиот патријарх вели дека загинувањето во Украина „ги измива сите гревови“

Демонстрациите на национално ниво избувнаа неколку часа откако претседателот Владимир Путин во минатата недела ја објави делумната воена мобилизација, која има за цел да ги поддржи руските воени сили кои неодамна претрпеа значителни територијални загуби на истокот на Украина. Мобилизацијата доведе до тоа илјадници Руси да се обидат да ја напуштат земјата и поттикна критики од пратениците и новинарите поради извештаите дека мажите над возраста за регрутирање се принудени да се пријават. Во објава на Телеграма Валентина Матвиенко, претседателка на Советот на Федерацијата на Русија наведе дека „таквите ексцеси се апсолутно неприфатливи... и сметам дека е апсолутно исправно што предизвикуваат остра реакција во општеството“.

Министерот за одбрана на Косово негираше дека војници на КБС биле во реонот на општина Зубин Поток

припадници на КФОР на Косово

Министерот за одбрана на Косово, Арменд Мехај, ги негираше наводите за движење на војниците на Косовските безбедносни сили (КБС) во областа на општина Зубин Поток на северот на Косово, објави порталот Косев. Во изјавата Мехај ги нарече ваквите наводи „опасни дезинформации“ кои, како што рече, имаат за цел да создадат тензии и имаат тенденција да го нарушат имиџот на Косово и КБС на меѓународно ниво. „Министерството за одбрана ги демантира лажните вести што се шират во некои српски медиуми за наводно движење на војниците на КБС во областа на општина Зубин Поток“, рече Мехај. Тој тврди дека граѓаните на Косово, без разлика на етничката припадност, ја разбираат „заштитната улога на КБС“ и дека е „очигледно јасно“ дека „Армијата на Република Косово заедно со меѓународните партнери го покрива секој агол на земја“.

НАТО „подготвенo да дејствува“ во Косово ако избувнат немири

Директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија, Петар Петковиќ, синоќа соопшти дека припадници на КБС во петокот во општина Зубин Поток го „нападнале“ северот на Косово и со тоа го прекршиле договорот од 2013 година. Според овој договор, припадниците на која било воена формација од Приштина немаат право да останат на северот на Косово без одобрение на командантот на КФОР и четворица српски градоначалници од северот кои, според Петковиќ, „не дале такво одобрение“.

Времето денеска: променливо облачно

Променливо облачно и нестабилно со локален пороен дожд, грмежи и засилен јужен ветер. Дневната температура ќе се движи од 15 до 25 степени. Во Скопје и околината слично време со дневна температура до 24 степени.

Шефица на босанското Обвинителство ставена на американската „црна листа“

Шефицата на Обвинителството во Босна и Хергцеговина Дијана Кајмаковиќ

Шефицата на Обвинителството во Босна и Хергцеговина Дијана Кајмаковиќ денеска е ставена на „црната листа“ на САД поради континуирани обиди за поткопување на демократијата и владеењето на правото во Босна и Херцеговина.

Потсекретарот за контратероризам и финансиско разузнавање во Министерството за финансии на САД Брајан Е. Нелсон изјави дека ова е дел од мерките на САД со кои ја потврдуваат посветеноста за стабилноста и просперитетот на Босна и Херцеговина бидејќи се однесуваат на личност која има клучна улога во овозможувањето на корупцијата во земјата.

Финансиски и политички последици од американските санкции за Груевски и Мијалков

На Обвинителството на Босна и Херцеговина при неговото основање му беа поставени голем број цели, меѓу кои и обезбедување на почитување на човековите права и владеењето на правото во земјата.

„И покрај овие обврски во однос на избегнување малверзации во извршувањето на обвинителската должност, Дијана Кајмаковиќ е флагрантен пример на корумпиран државен обвинител на Босна и Херцеговина, поврзан со криминални организации“, се вели во соопштението.

Ова е четврти сет на мерки што американските институции ги преземаат, а мерките се насочени против лица кои, меѓу другото, се одговорни или учествувале во корупција или поткопување на демократските процеси или институции во Западен Балкан.
„Мерките се продолжување на имплементацијата на стратегијата на Соединетите Држави за утврдување одговорност на поединци кои вршат дестабилизирачки активности на Западен Балкан. Овие мерки се преземени во време на најсериозната политичка криза во БиХ од 1995 година, како политичарите, етнонационалистите и нивните поврзани привилегирани мрежи продолжуваат да ја поткопуваат земјата“, вели Нелсон.
Ефектот на мерката е дека сите средства и права на имотот на оние што се санкционирани кои се наоѓаат во САД или се во сопственост или контролирани од американски државјани мора да бидат замрзнати и пријавени во OFAC.

Рама - Прекинот на дипломатските односи со Иран не е голема загуба за Албанија

Албанскиот премиер Еди Рама во интервју за „Вашингтон пост“ оцени дека прекинот на дипломатските односи со Иран, поради сајбер-напади, „не е голема загуба“ за неговата земја. Тој вели дека „абанската Влада ќе размисли за обновување на односите со Иран само кога Иран ќе биде слободен”, бидејќи, како што рече, „Иран повторно ќе ја нападне Албанија”.

Што се знае за хакерската група која напаѓа во Албанија?

Според Рама, иранските хакери планирале да уништат 95 отсто од онлајн владините услуги, но не успеале.

„Нашите согледувања сега се дека не успеаја да ја уништат инфраструктурата. Услугите се вратија. Тие добија некои услуги, но практично не беа од некоја посебна важност. Албанија немаше значајни односи со Иран, па затоа прекинот на дипломатските односи не беше голема загуба“, изјави Рама.

Тој додаде дека другите земји „можеби ќе можат да го прифатат пристапот што го направи Албанија“.

Шефот на албанската влада и во обраќањето пред Генералното собрание на ОН ја повика светската организација да го сврти погледот кон сајбер- безбедноста. Тој ги повика ОН, вклучително и Советот за безбедност, да се фокусираат посериозно и поконкретно кон кибер- безбедноста преку инвестирање во превенција и помагање за сите земји-членки да изградат отпорност.

Повредата на рбетот била фатална за хрватскиот ракометар Тот

Обвинетите за убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот

Вештачењата и обдукцијата што биле направени на телото на хрватскиот ракометар Денис Тот кој беше убиен пред ноќниот клуб во Градскиот парк во Скопје во раните утрински часови на 7 април покажуваат дека повредата на ‘рбетниот столб била смртносна. На денешното судско рочиште вештаците од Судска медицина изјавија дека обдукцијата покажала дека со таа повреда на ‘рбетниот мозок тешко дека ќе можел ракометарот да преживее.

За убиството на Тот се обвинети три лица: Анџело Ѓоргиевски (28), Клементина Левковска (19) и Андреј Костовски (19).

Обвинетите за убиството на Денис Тот не се чувствуваат виновни

Други вештаци треба да сведочат на наредното рочиште, а потоа се очекува во текот на судскиот процес да се гледаат и видеоснимките од безбедносните камери.

На минатото рочиште во судница дојде и таткото на Денис, Игор Тот, кој порача дека очекуваат да се дознае вистината, да се види дали обвинетите се виновни и, ако се виновни, да има соодветна казна.

Одбраната бара наместо за убиство на ракометарот Тот, за им се суди за тепачка со смртни последици

Пред неговото сведочење, пак, воведни зборови дадоа тројцата обвинети. Во кратките излагања пред судот тие порачаа дека никој од нив не сакал да се случи тоа. Нивните адвокати, пак, настапија со теза дека овој кривично-правен настан не може да се квалификува како убиство бидејќи не постоела умисла.

Британија со нови 92 санкции за руски фунционери

Илустрација, битанскиот крал Чарлс Трети се сретна со бегалци од Украина,

Обединетото Кралство објави 92 нови санкции како одговор на властите поддржани од Русија кои воведоа „лажни референдуми“ во четири региони на Украина, велејќи дека потегот „е јасно кршење на меѓународното право, вклучително и повелбата на ОН“.

Британското Министерство за надворешни работи во денешното соопштение дека референдумите поддржани од Русија, кои започнаа минатата недела и ќе траат до 27 септември, се „очајнички обид да се одземе земја и да се оправда нивната нелегална војна“.

Во соопштението се вели дека меѓу погодените од новите санкции се највисоките руски функционери вклучени во спроведувањето на гласовите.

„Лажните референдуми што се одржуваат на „нишан“ не можат да бидат слободни или фер и никогаш нема да ги признаеме нивните резултати. Тие следат јасна шема на насилство, заплашување, тортура и присилни депортации во областите на Украина што Русија ги зазеде“, изјави министерот за надворешни работи Џејмс Клеверли.

Османи- Македонија нема да ги признае референдумите во Украина поддржани од Русија

Санкциите погодија и 55 членови на одборот од организации поврзани со Москва за кои Обединетото Кралство рече дека продолжуваат да ја „банкротираат руската воена машина, служејќи како остар потсетник за трошоците за поддршка на операцијата на Путин“.

Меѓу санкционираните се 23 лица од Управниот одбор на Газпромбанк, 16 членови на Надзорниот одбор на Сбербанк, Извршниот одбор и други директори и 10 лица од Совцодбанк, вклучително и заменик-претседателот и членовите на Надзорниот одбор и Управниот одбор. .

„Велика Британија никогаш нема да ги признае резултатите од какви било лажни референдуми или обиди за анексија на суверена територија на Украина. Украина гласаше со големо мнозинство за независност од Советскиот Сојуз во 1991 година и нивниот континуиран храбар отпор против руската агресија јасно ја покажува нивната желба да останат независна суверена држава. “ се вели во соопштението на британското министерство за надворешни работи.

Најмалку 57 луѓе се убиени во антивладините протести ширум Иран

Слика од починатата 22 годишна девојка

Најмалку 57 луѓе се убиени во антивладините протести ширум Иран, предизвикани од смртта на 22-годишна жена која почина откако беше приведена во полиција поради наводно неправилно носење хиџаб, соопшти организација за заштита на човекови права.

Иранската организација за човекови права на 25 септември соопшти дека поради блокирањето на интернетот од страна на владата во Иран, тешко е да се потврди значителен број извештаи добиени за смртта на демонстрантите. Официјалниот број на загинати изнесува 41.

Антивладините протести ја потресуваат земјата веќе 10 ноќи по ред по смртта на Махса Амини.

Најмалку 35 загинати на протестите во Иран

Таа почина во притвор на 16 септември, три дена откако полицијата за морал ја приведе поради наводно прекршување на правилата за облекување, зашто ја носела хиџаб марамата на „неприкладен начин“. Полицијата за морал е единица одговорна за спроведување на строгиот кодекс за облекување на жените во Исламската република.

Официјални лица рекоа дека таа починала од срцев удар, но нејзините роднини и некои организации за заштита на човекови права го отфрлија тоа тврдење велејќи дека таа била во совршено здравје и дека веруваат дека била претепана за време на престојот во притвор.

Апликациите за испраќање пораки WhatsApp, Instagram и Skype се блокирани, а пристапот до Интернет во Иран е ограничен над нормалното ниво. Според веб-монитор NetBlocks - Фејсбук, Твитер, ТикТок и Телеграм беа забранети уште пред последниот бран протести.

Владата уверува парно ќе има, но не кажува кој ќе ги грее скопјани

Парно греење

Скопјани ќе имаат парно, уверува Владата која тврди дека
континуирано презема мерки за да обезбеди сигурно и стабилно снабдување со топлинска енергија за граѓаните на Скопје. Но, во соопштението не е наведно кој ќе ги снабдува Скопјани со парно.

Од Балкан Енерџи Груп БЕГ – Производство велат дека немаат обврска да продолжат со дејноста во новата грејна сезона затоа што нема правен основ за тоа. Ова го наведе денеска компанијата БЕГ – Производство во соопштение по информациите дека треба да продолжи да испорачува топлинска енергија во новата грејна сезона до изборот на нов носител на лиценцата.

За 9,3 милиони евра Чифлиганец купи две топлани и имотот на „Топлификација“

Владата тврди дека се финализираат преговорите за регулирано производство на топлинска енергија, врз основа на претходно донесената одлука на Владата за избор на вршители на енергетски дејности, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија. Штом завршат истите, јавноста ќе биде навремено известена.

Македонија во минус, Албанија целосно зелена, БиХ произведува струја и за извоз

Во врска со договорот за деловно – техничка соработка помеѓу БЕГ – Производство и АД ЕСМ од БЕГ во соопштението наведуваат дека неговата важност била до 31 март годинава, односно е е истечен.

На ова од Регулаторна комисија за енергетика одговорија дека о„бврската за вршење јавна дејност регулирано производство на топлинска енергија престанува со денот на издавање на лиценца, во случајов нов вршител на дејноста“.

Адора Инженеринг: Закупот на топланите е штетен за компанијата

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи викендот изјави дека се додека не се избере економски оператор, БЕГ мора да испорачува топлинска енергија. Согласно законот, како што посочи Битиќи, БЕГ мора да има и резерви на гас и други суровини за да обезбеди топлинска енергија. Но, од БЕГ се децидни дека нивниот договор е истечен и дека нема правен основ за да продолжат со работа. Грејната сезона стартува на 15 октомври.

Русија не ги затвора границите за да спречи бегство од воена мобилизација

Илустрација, Русин се поздравува со семејството по воената мобилизација

Рускиот портпарол на Кремљ, Дмитриј Песков, денеска изјави дека Владата не планира да ги затвора границите за да спречи бегство од воена мобилизација. Ова го изјави затоа што десетици илјади автомобили со Руси кои бегаат, главно мажи, преминуваат во Грузија, Финска, Казахстан и Монголија, откако претседателот Владимир Путин најави делумна воена мобилизација за поддршка на тековната војна во Украина.

„Во овој момент не се донесени никакви одлуки во врска со тоа“, рече Песков.

Во меѓувреме, Русите продолжуваат да ја напуштаат земјата во толпа, а некои локални медиуми велат дека повеќе од 260.000 избегале откако Кремљ ја објави информацијата за делумна мобилизација минатата недела.

Во Русија продолжуваат репресиите врз протестите против мобилизацијата

Казахстанските власти соопштија дека бројот на руски државјани кои влегуваат во централноазиската земја од 22 септември драстично се зголемил. Само во изминативе неколку дена од Казахстан во Узбекистан и Киргистан преминале околу 40 илјади руски државјани.

Приливот изврши толку голем притисок врз сместувавачките капацитети во Казахстан што управата на киното во градот Орал соопшти дека ќе им овозможи на руските државјани кои пристигнуваат без место за престој да ги користат просториите на театарот за привремен престој.

За три дена 96 нови случаи на ковид-позитивни


Во изминатите 3 дена (од 24.09 до 26.09.2022) регистрирани се 96 нови случаи на ковид-19 од направени 962 тестови, соопшти Министерството за здравство.

Од вкупниот број на позитивни (96), регистрирани се 19 реинфекции.

Најмногу од новите случаи се во Скопје – 66, Куманово - 5, Велес – 4, Прилеп, Тетово, Кавадарци, Охрид и Кичево – по 3, Битола и Штип – по 2, Гевгелија и Неготино – по 1.

Регистрирани сe 288 оздравени пациенти.

Нови 53 случаи со Ковид-19 и 103 оздравени

Во текот на изминатите 3 дена (24.09 - 26.09.2022) пријавено е едно починато лице, од Скопје (87г). Дополнително се пријавени три починати лица согласно Регистарот на починати од ковид од Мој Термин.

Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 342.615, бројот на оздравени пациенти е 332.710, на починати е 9.531, а бројот на активни случаи изнесува 374.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG