Достапни линкови

Вести

Џафери свикал координација по инцидентот во Собранието, но не дошле сите

Расправа меѓу пратеници во собраниска седница за европски прашања
Расправа меѓу пратеници во собраниска седница за европски прашања

По синоќешниот инцидентот на собраниската Комисија за европски прашања, со стој став излегоа и од Кабинетот на претседателот на Собранието Талат Џафери.

Кабинетот на Џафери соопшти дека била свикана итна координација на која биле поканети сите координатори и претставници на политичките партии во Собранието. Но на координацијата дошле само координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митревски, потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски и пратеничката од Алтернатива, Сафије Садики Шаини. Не присуствувале претставниците од опозициските партии ВМРО-ДПМНЕ и од Алијансата на Албанците.

Синоќа во Собранието, според видеоснимката што ја објави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Миле Лефков на социјалната мрежа Фејсбук, имало жестока кавга меѓу претседателот на собраниската комисија за европски прашања и поранешен министер за образование Арбер Адеми со пратениците од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ. Пратениците од Алијанса за Албанците и од ВМРО-ДПМНЕ се противат на ваквото решение.

Повод за жестоката кавга, на раб на физичко насилство, беше гласањето на дневниот ред, на кој се најде и Законот за работата на судовите, со кој се предлага работниот век на судиите да се продолжи до 67 години.

Кавга на раб на тепачка во Собранието
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:24 0:00

„На координацијата беше донесен заклучок дека собранискиот Деловник ги дава сите можности за работа на Собранието и не дозволува насилство во која било форма. На координацијата исто така се заклучи и тоа дека граѓаните самите ќе проценат од снимките кои се вртат по социјалните мрежи кој го предизвика инцидентот на Комисијата за европски прашања. Ниту во земјите членки на Европската унија не се дозволува насилство врз претседавачот со седница на работно тело на Собранието“, се посочува во соопштението од Кабинетот на Џафери.

Пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ во изјава за медиумите од Собранието обвини дека Комисијата за европски прашања чиј претседател е Арбер Адеми од ДУИ се претворила во „комисија за Див Запад“ и оти не се почитуваат ниту Деловникот, ниту пратениците, ниту јавноста.

Според него, на седницата на Комисијата се направила голема тензија кога Адеми почнал „освен со вербални напади да фрла и со тврди предмети кон пратениците, да крши дел од собранискиот инвентар и да употребува разни вулгарности“ кон пратениците.

Алијанса за Албанците реагираше дека власта се обидува да им го продолжи мандатот на „партиските судии и обвинителите од власта, преку шверцување на законот“.

ДУИ ги обвини ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса за Албанците дека вршат насилство „со цел да го заштитат криминалот“. СДСМ, пак, соопшти дека ВМРО-ДПМНЕ не сака да им се продожи мандатот на судиите за да има неефикасни судови „за да го заштитат криминалот“.

види ги сите денешни вести

Роднини на Казахстанци затворени во Ксинџијанг блокирани да се приближат до кинескиот конзул во Алмати

Казахстан – Протест во близина пред кинескиот генерален конзулат во Алмати, 4 декември 2023 година
Казахстан – Протест во близина пред кинескиот генерален конзулат во Алмати, 4 декември 2023 година

Полицијата во најголемиот град во Казахстан, Алмати, блокираше група Казахстанци кои се обидуваа да влезат во кинескиот конзулат, каде што планираа да побараат ослободување на нивните роднини приведени во таканаречени кампови за превоспитување во северозападниот кинески регион Ксинџијанг.

Демонстрантите, од кои три се жени и двајца мажи, кои планираа да го предупредат кинескиот конзулат на 4 декември, за РСЕ изјавија дека ова е 1.000-тиот ден од нивните собири „против геноцидната политика на Кина врз етничките Казахстанци, Ујгури и Киргистанци“, како и другите домородни народи во регионот.

Според демонстрантите, нивните роднини во Ксинџијанг биле затворени или поради практикување на исламот или поради нивни објави на интернет.

Кина е обвинета за кршење на човековите права против Казахстанците, Ујгурите и другите домородни етнички групи кои зборуваат турски јазик поради постоењето на масовни логори во Ксинџијанг.

Пекинг пак, негира дека објектите се логори, тврдејќи дека нивните акции се насочени кон борба против тероризмот. Луѓето кои ја напуштија провинцијата, сепак, велат дека граѓаните од етничките групи се подложни на „политичка индоктринација“ во мрежа на објекти официјално наречени како кампови за превоспитување.

Во услови на тековни собири пред кинеските дипломатски претставништва во Казахстан, кинеската амбасада во март 2021 година соопшти дека сите етнички Казахстанци затворени во Ксинџијанг се кинески државјани и дека се држат таму поради кршење на кинескиот закон.

Неколку роднини на демонстрантите беа ослободени, па им беше дозволено да патуваат во Казахстан во последните години.

Казахстанските власти се воздржуваат од отворено критикување на политиката на Кина, еден од нивните главни доверители.

Американскиот Стејт департмент објави дека околу 2 милиони Ујгури, Казахстанци и членови на други домородни народи, главно муслимански етнички групи во Ксинџијанг, биле однесени во притворни центри.

Казахстанците се втората по големина домородна заедница во Ксинџијанг која зборува турски јазик по Ујгурите. Регионот е дом и на етничките Киргизи, Таџикистанци и Хуи, познати и како Дунгани.

Касами, Меџити и Гаши ја напуштија лидерската средба

Изет Меџити, Африм Гаши и Биљал Касами
Изет Меџити, Африм Гаши и Биљал Касами

Албанската опозиција, односно Европскиот сојуз за промени составен од Демократско движење, Беса и Алтернатива, ја напуштија лидерската средба во Собранието.

Меџити по излегувањето од лидерската рече дека го напуштиле состанокот, откако тоа претходно го направил претседателот на Собранието Талат Џафери. Тој вели дека Џафери си заминал од состанокот кога се зборувало за членови во Државната изборна комисија (ДИК).

Меџити, Касами и Гаши си заминале оти, како што велат, немало со кого да ги соочат аргументите.

Во ДИК испразнето е местото на кое беше Кренар Лога како претставник на Алијанса за Албанците, која по последните парламентарни избори беше опозициска партија. Лога ја напушти Комисијата кога неговата партија реши да влезе во Влада со што тој стана министер за правда. Меџити тврди дека сега местото, со оглед дека Алијанса е во Владата, треба да го добијат тие како албанска опозиција.

„Цениме дека господинот Џафери ова го одолговлекува долго време. Година време гледаме интенција да не се избере член и да не биде целосна ДИК што утре задутре може да биде причина некој да ги оспори и да се жали на изборите што влегуваме во друг непознат простор. Моментално соодносот е 4 спрема 2, позицијата има 4 члена. Според законот три члена треба да има опозицијата.ВМРО е присутно во ДИК со двајца членови, а третиот треба да биде наш - на албанската опозиција да за да се исполнат законските услови“, рече Меџити.

Покрај за ДИК, на лидерската како албанска опозиција настапиле со став парламентарните и претседателските избори да се одржат порано од 8 мај датум за кој веќе се лицитира во јавноста. Побарале првиот круг претседателски избори да биде на 14 април, а на 28 да биде вториот круг од претседателските заедно со парламентарните.

Во однос на техничка влада, ставот им е, како што кажа Меџити, дека треба да има, но позициите резервирани за опозицијата да им припаднат на партиите од албанскиот опозициски блок, за како што вели Меџити „еднаш засекогаш да се отстрани дел од режимот и да има услови за фер и демократски избори“.

Уште еден став со кој настапиле Меџити, Касами и Гаши е да ѝ се овозможи на дијаспората да гласа преку пошта или електронско гласање, оти, како што велат, таа е нераскинливо ткиво од државата.

На прашањето дали им одговориле дали некои од барањата се прифатливи за власта, Меџити рече дека не дошло до разговор за барањата и предлозите бидејќи ја напуштиме седницата на почетокот.

„Ние цениме дека зборуваме за европски вредности, за почитување на закони. Ако на првиот чекор има вакво сопнување ова ни кажува дека веќе спремаат сценарио за фалсификување на изборите“, рече Меџити.

Лидерската средбата започна околу 12 часот. На неа дојдоа лидерите на сите партии, освен Левица која најави дека ќе отсуствува поради случајот со девојчето Вања. Во моментов, во тек е пауза од средбата, по што состанокот ќе продолжи.

Според информациите кои пак, пред новинарите ги изнесе пратеникот и претседател на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, на лидерската средба досега ставовите ги изнеле повеќето лидери, а по паузата се очекува да се произнесе и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Трајанов вели дека се најавуваат некои заклучоци, но според досегашниот тек на расправата, според него, тешко дека ќе има консензус освен за датум за избори. Осми мај, кој од власта беше посочен како можен датум кога би се одржале парламентарни и втор круг претседателски избори, според изјавата на Трајанов, бил предлогот што премиерот Димитар Ковачевски го кажал на лидерската.

Лидерите на парламентарните партии се собраа во Собранието за да разговараат за датум за претседателски и парламентарни избори.

Си и Лукашенко го поздравија зајакнувањето на билатералните односи

Александар Лукашенко и Си Џинпинг во Пекинг, 4 декември 2023 година
Александар Лукашенко и Си Џинпинг во Пекинг, 4 декември 2023 година

Кинескиот претседател Си Џинпинг и неговиот белоруски колега Александар Лукашенко во понеделникот (4 декември) го поздравија зајакнувањето на билатералните односи, по повод втората посета на белорускиот лидер на Кина во оваа година.

Лукашенко, верен сојузник на Русија, кој е отфрлен од повеќето западни земји поради неговиот авторитаризам, во неделата пристигна во Кина во посета која ќе трае најмалку два дена, пишува Франс прес.

Тој оваа година ја посетува Кина по втор пат, по патувањето во февруари, додека неговиот близок сојузник Русија, ангажирана во војната во Украина, исто така негува врски со Пекинг.

„Белорусија е, беше и ќе биде сигурен партнер за Кина“, му рекол Лукашенко на Си Џинпинг, соопшти кабинетот на белорускиот претседател.

„Одамна решивме дека ќе соработуваме и ќе бидеме пријатели со Кина. Тоа пријателство е старо повеќе од 30 години и никогаш не скршнало од тој пат“, додаде Лукашенко.

Кинескиот претседател рече дека меѓусебната политичка доверба и меѓународната соработка меѓу двете земји се зајакнати по посетата на Лукашенко во февруари, пренесува кинеската државна телевизија CCTV.

„Кина цврсто ја поддржува Белорусија во нејзиниот стремеж за развој во согласност со нејзините национални услови и се спротивставува на мешањето на надворешни сили во внатрешните работи“ на земјата, рече Си, додавајќи дека Пекинг сака „да ја зајакне стратешката соработка“ со Минск и „да промовира прагматична соработка“.

Пекинг јавно не ја осуди руската инвазија на Украина и покрај притисокот од САД и другите западни земји.

Земјотрес во Истанбул, нема информации за жртви

илустрација
илустрација

Земјотрес со јачина од 5,1 степени според Рихтеровата скала бил регистриран утрово во реонот на Истанбул.

Земјотресот се случил во 10:42 часот по локално време и е силно почувствуван во многу области на градот, главно долж брегот на Мраморното Море, како и во градовите Бурса, Коџаели и Јалова.

Опсерваторијата Кандили во Истанбул соопшти дека епицентарот на земјотресот бил во заливот Гемлик во Мраморното Море, на длабочина од девет километри.

Гувернерот на Истанбул, Давут Ѓул изјави дека нема извештаи за жртви или штети во градот.

Турските телевизиски канали јавија дека земјотресот предизвикал страв кај населението во голем број области на Истанбул, главно на азискиот брег.

Почна лидерската средба, лидерите без големи очекувања

Лисерска средба во Собранието на РСМ, 4 декември 2023 година
Лисерска средба во Собранието на РСМ, 4 декември 2023 година

Уставни измени нема да има додека немаме јасен европски пат и додека не видиме јасно поместување на хегемонистичките и асимилаторски политики на нашиот источен сосед кон македонската заедничка во Бугарија, рече лидерот на најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пред почетокот на лидерската средба во Собранието.

Изборите кои треба да се одржат напролет, евроинтеграциите кои зависат од уставните измени и техничката влада се во фокусот на лидерската средба која започна точно напладне.

Мицкоски вели дека за неколку месеци од денеска многумина од политичарите ќе бидат минато на политичката сцена. За техничката влада, 100 дена пред избори, Мицкоски вели дека нема ни да се разговара на оваа средба.

„Предмет на оваа средба, колку што знам, не се ниту уставни измени, ниту техничка влада, туку датум за претседателски и парламентарни избори“, рече Мицкоски, посакувајќи им среќа во опозиција на сега владејачките партии.

Премиерот Димитар Ковачевски, кој и ја најави лидерската средба, не даде изјава.

Лидерот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, кој е дел од владејачкото мнозинство вели дека сега бараат широк консензус за одржување на претседателски и парламентарни избори заедно, кои би се одржале крај на април и почеток на мај. Во однос на техничка влада, Таравари вели дека за ова требаше да се разговара пред една или две години.

„Остануваме во Влада, до последен моменткога ќе видиме дали има шанса за евентуално уставни измени, ако не, во партиските тела ќе разговараме и ќе донесеме одлука. Меѓутоа нема да дозволиме да имаме дестабилизирање во Владата додека има услови за уставни измени“, рече Таравари.

Скендер Реџепи од Народно движење нема големи очекувања од денешната средба, оти како што вели имаа дијаметрално спротивни ставови. Тој би поддржат барање да се укине техничката влада, но под услов да се согласат сите на уставни измени.

„Верувам дека согласноста ќе биде околу мај, но она што за мене е најважно е да успееме да вметнеме евроинтеграциски договор и одлука за Уставни промени, што не верувам дека има таква подготвеност“, рече Реџепи.

На лидерската присуствуваат лидерите на СДСМ и коалицијата, ДУИ и Алијанса на Албанците, кои се на власт, и опозициските ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и партиите од Европскиот сојуз за промени.

Левица, која има два пратеници во Собранието, синоќа најави дека нема да учествуваат на лидерска, поради веста дека исчезнатата 14-годишна Вања Ѓорчевска е пронајдена мртва по една недела трагање. Лидерите, пред средбата, изразија сочувство за смртта на девојчето.

На средбата присуствуваше и претседателот на Собранието Талат Џафери.

Лидерите на најголемите политички партии во јавните изјави веќе изразија согласност дека изборите би можеле да се одржат тогаш. Евентуален втор круг од претседателските избори и парламентарните избори најверојатно ќе се одржат на 8 мај. Првиот круг од претседателските избори во тој случај би бил на 24 април.

Премиерот и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски во најавата дека ќе свика лидерска средба како една од темите за разговор ги посочи евроинтеграциите. Тие пак зависат од усвојување на уставни измени со кои во Уставот ќе се внесат и Бугарите, но ВМРО-ДПМНЕ се противи на измените.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери на 27 ноември изјави дека според најавите и претпоставената динамика, ако парламентарните и претседателските избори би се одржале заедно на 8 мај, распишувањето треба да се направи 70 дена пред изборите, а тоа е на 27 или 28 февруари.

Ако изборите се одржат споено, тогаш според Пржинскиот договор треба претходно да биде формирана и техничка Влада на 100 дена пред изборите, а тоа е на 27 или 28 јануари.

Следните парламентарни избори треба да бидат 11-ти по ред од осамостојувањето на земјата и воведувањето на политички плурализам. Досега се одржани и шест избори за Претседател на државата. Првиот мандат на Киро Глигоров бил даден врз основа на избор од страна на Собранието, согласно тогашните уставни решенија.

Единаесет планинари загинаа по вулканска ерупција во Индонезија

Вулканот на планината Мерапи исфрла пепел во провинција Западна Суматра, Индонезија, 4 декември 2023 година
Вулканот на планината Мерапи исфрла пепел во провинција Западна Суматра, Индонезија, 4 декември 2023 година

Единаесет планинари се пронајдени мртви, а уште 12 се водат како исчезнати по ерупцијата на вулкан во Индонезија, додека спасувачите ги носат пеш по планината повредените и изгорените, соопштија официјални лица.

Спасувачите во неделата (3 декември) пронајдоа десетици планинари заглавени на планината Марапи, на островот Суматра, откако вулканот исфрли пепел во височина до 3000 метри.

„Мртвите планинари беа пронајдени во близина на кратерот на Марапи, откако вулканот висок 2891 метар ги затрупа околните села со пепел“, изјави Абдул Малик, шеф на локалната агенција за спасување.

Дванаесет лица исчезнаа, тројца беа пронајдени живи, а 49 безбедно се симнаа од кратерот, некои со изгореници и скршеници, додаде Малик.

Тој додаде дека спасувањето прави пеш и со раце, бидејќи хеликоптерот не може да се користи оти ерупцијата е во тек.

Во акцијата учествуваат 120 припадници на спасувачката служба, пренесува агенцијата АФП.

Двајца загинати во гранатирање на украинскиот регион Херсон

Последици под руското гранатирање на регионот Херсон, 4 декември 2023
Последици под руското гранатирање на регионот Херсон, 4 декември 2023

Две лица биле убиени во неделата во јужниот украински регион Херсон, откако регионот беше под силно гранатирање од руските сили.

Регионалниот началник Олександр Прокудин во понеделникот рече дека осум лица исто така се повредени бидејќи регионот бил под руско гранатирање дури 117 пати.

„Во главниот град на регионот, Херсон, оштетени се станбени области, медицински установи и друга инфраструктура“, рече Прокудин.

Украинското воено раководство во Херсон претходно објави дека градот е под „силен оган“ од руските сили од „привремено окупираниот лев брег“ на реката Днепар.

Претходно руски војници го нападнаа и пограничниот регион Чернихив, при што беа повредени цивили во градот Семенивска во северна Украина, соопшти регионалната воена администрација.

Шефовите на регионите Харкив, Запорожје, Днепропетровск, Суми и Миколајев исто така известија дека цивилните населби во нивниот регион биле погодени од руско гранатирање, но нема повредени цивили.

Јужна Кореја успешно тестираше ракета со цврсто гориво

илустрација
илустрација

Јужна Кореја на 4 декември успешно изведе пробен лет на вселенска ракета со цврсто гориво што носеше сателит над морето кај островот Џеџу, соопшти Министерството за одбрана.

Тоа беше трет тест од ваков вид по тестовите во декември и март минатата година.

„Лансирањето вклучува технологија развиена во Агенцијата за развој на одбраната во земјата и вселенска ракета и сателит произведени од јужнокорејската Hanwha Systems“, се вели во соопштението на Министерството.

Компанијата посочи дека сателитот, кој ќе се користи за цивилни цели, вклучително и мониторинг на животната средина, успешно испратил сигнали до копнениот контролен центар.

Министерството го поздрави лансирањето како пресвртница бидејќи Пјонгјанг неодамна лансираше воен шпионски сателит.

Соединетите Држави и нивните сојузници го осудија лансирањето на Северна Кореја за користење ракетна технологија што е во спротивност со безбедносната резолуција на ОН.

„Успешното лансирање на Јужна Кореја ќе ги подобри разузнавачките, надзорните и извидувачките способности на земјата“, соопшти Министерството.

Северна Кореја ги осуди, како што ги нарече, „двојните стандарди“ на Вашингтон во врска со лансирањето сателити од двете Кореи.

„Северна Кореја ќе продолжи да ја извршува важната мисија за воспоставување воздушно надгледување со цел темелно да ги следи и контролира воените потези на САД и другите непријателски сили“, соопшти севернокорејската вселенска агенција, а пренесе државната новинска агенција.

Столтенберг: И НАТО треба да биде подготвен за лоши вести од Украина

Јенс Столтенберг
Јенс Столтенберг

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг предупреди дека и западната воена алијанса треба да биде подготвена за лоши вести од украинскиот фронт, без да прецизира детали.

„Војните се одвиваат во фази. Мораме да ја поддржуваме Украина и во добри и во лоши времиња. Треба да бидеме подготвени и за лоши вести“, изјави Столтенберг за германскиот АРД додека западните сојузници дебатираат за воената и финансиска помош за Украина, а Москва го зголемува бројот на војници.

Рускиот претседател Владимир Путин на 1 декември потпиша указ за зголемување на бројот на војници за околу 170.000 на 1,3 милиони. Линиите на фронтот беа речиси непроменети во последните месеци, и покрај украинската контраофанзива во текот на летото.

За време на контраофанзивата, Украинците употребија крстосувачки ракети за да ја потиснат руската флота во Црното Море и нанесоа штета на Русија длабоко на нејзината територија, што Столтенберг ги оцени како „големи победи иако не успеаја да ја поместат линијата на фронтот“, Брисел пренесува порталот Политико, а пренесе балканскиот сервис на Слободна Европа.

Кривичен определи 48 часовен притвор за тројца осомничени за убиството на Вања

Кривичен суд Скопје (илустрација)
Кривичен суд Скопје (илустрација)

Кривичниот суд Скопје определил притвор од 48 часа за три лица од осомничените за убиството на Вања Ѓорчевска и на П.Ж. од Велес.

Оттаму денеска (4 декември) информираат дека трите лица биле спроведени рано утринава во судот и дека судија на претходна постапка го прифатил предлогот на Обвинителството за притворот.

„Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на Оснвноto јаvно обвинителство, за определување мерка краткотраен притвор, а поврзано со убиството на малолетната В.Ѓ. од Скопје и П.Ж. од Велес, против три лица кои рано утрово беа спроведени во судот, донесе решнија со кои го прифати предлогот и на трите лица им определи мерка притвор од 48 часа, а заради постоење на основите од чл. 165 став 1 точка 1,2 и 3 односно опасност од бегство, влијание врз сведоци и страв дека ќе го повтори односно изврши ново кривично дело“, соопшти Кривичниот суд во Скопје.

Оттаму посочуваат и дека мерката краткотраен притвор, по предлог на надлежниот обвинител, може да се продолжи или замени со други мерки за обезбедување присуство.

„Заради сензибилноста на настанот, разбирливиот јавниот интерес, но и пред истражната постапка која е сеуште во тек, како Кривичен суд апелираме за сите официјални информации поврзани со случајот, медиумите да се обратат до надлежниот Јавен обвинител“, додаваат од Кривичниот суд.

Јавното обвинителство синоќа соопшти дека по преземени опсежни мерки и активности од полициските службеници од СВР Скопје, на 3 декември во околината на Скопје било пронајдено безживотното тело на малолетната Вања Ѓорчевска.

Ѓорчевска беше пријавена за исчезната во понеделникот на 27 ноември рано утрината на пат кон училиште. Според извештаите, последниот сигнал од нејзиниот телефон тој ден се изгубил спроти Универзална сала на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG