Достапни линкови

Вести

Сончево и топло, попладне со локална нестабилност

Денеска се очекува сончево и топло време со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, наместа повремено засилен ветер од северозападен правец. Попладне и во вечерните часови ќе има појава на локална нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.

Максималната температура ќе биде во интервал од 28 до 36 степени. УВ индексот ќе изнесува 8.

Временска прогноза – Сончево и топло, попладне локална нестабилност

Во Скопје сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Максималната температура ќе достигне до 33 степени.

Во следните денови ќе се задржи сончево и топло време, но во попладневните и вечерните часови ќе има појава на локална нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.

види ги сите денешни вести

Бајден - Поддршката на САД за Украина не смее да биде прекината

Претседателот на САД, Џо Бајден, во Белата куќа, 1 октомври 2023 година.

Американскиот претседател Џо Бајден на 1 октомври, по потпишувањето на законот со кој се избегна блокада на американската влада, вети дека помошта за Украина што беше исфрлена од законодавството ќе продолжи. Тој очекува Конгресот да ја усвои помошта во посебна легислатива.

Американскиот Конгрес во последен момент усвои закон за привремено финансирање на владата до 17 ноември, со што се овозможи владините служби да останат отворени и по 1 октомври. Но, со цел да се обезбеди усвојувањето на законот, пратениците се откажаа од помошта за Украина, што и е потребна во нејзината борба против Русија.

Пола час пред да истече крајниот рок, Бајден го потпиша законот за привремено финансирање, со што на членовите на Конгресот ќе им се овозможи да преговараат за целосниот буџет за фискалната 2024, која започна на 1 октомври.

Бајден во обраќањето од Белата куќа рече дека Украина може да смета на поддршката на САД.

„Во никој случај не можеме да дозволиме да се прекине американската поддршка за Украина“, додаде тој.

Бајден го повикува Конгресот да преговара за пакетот помош што е можно поскоро, велејќи дека има „огромно чувство на итност“.

Тој рече дека очекува претседателот на Претставничкиот дом Кевин Мекарти (републиканец од Калифорнија) да остане посветен во обезбедувањето на потребната поддршка на Украинците за „да се одбранат од агресија и бруталност“.

На прашањето дали може да му верува на Мекарти дека ќе го почитува договореното, Бајден рече: „Само што направивме еден за Украина, па ќе дознаеме“.

Официјален претставник на Белата куќа рече дека Бајден мислел на ветувањето од републиканците да усвојат посебен предлог-закон за ова прашање.

Мекарти рече дека „ќе се погрижи да биде обезбедено оружје за Украина“, но во интервју за американската телевизија Си Би Ес (CBS) додаде дека тоа ќе биде само во врска со законодавството што се однесува на јужната граница на САД, како што бараат екстремно десничарските републиканци, кои инсистираат приоритет да бидат домашните прашања, како илегалната имиграција и криминалот.

Украина ја смирува ситуацијата, велејќи дека Киев продолжува да работи на обезбедување нова помош.

„Украинската влада сега активно работи со своите американски партнери за да се осигура дека новата одлука за буџетот на САД, која ќе биде изработена во следните 45 дена, вклучува нови средства за помош на Украина“, рече портпаролот на украинското Министерство за надворешни работи, Олех Николенко.

И покрај зголемените знаци дека има замор за војната во американскиот Конгрес, шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, рече дека смета на тоа дека Соединетите Држави ќе продолжат со својата непоколеблива безбедносна поддршка за Украина.

„Веруваме дека ова нема да биде последниот збор“, рече Борел за време на посетата на Киев на 1 октомври. „Имам надеж дека тоа нема да биде дефинитивната одлука и дека САД ќе продолжат да ја поддржуваат Украина“.

Борел се состана со претседателот Володимир Зеленски и министерот за одбрана Рустем Умеров, по што изјави дека ЕУ подготвува долгорочна безбедносна посветеност на Украина.

„На Украина и требаат повеќе можности и ѝ требаат побрзо“, напиша Борел на платформата X, поранешен Твитер. Тој рече дека разговарал за „континуирана воена помош на ЕУ“ за време на неговиот прв личен состанок со Умеров.

Агресијата против Украина „е придружена со масивни хибридни напади, со пропаганда, малигни манипулации со информации и сајбер напади“, додаде тој, велејќи дека ЕУ продолжува да ја поддржува Украина во одбраната од дезинформациите на рускиот претседател Владимир Путин.


Умеров, кој ја презеде функцијата министер за одбрана во септември, на X соопшти дека е благодарен за „континуираната поддршка“ на ЕУ и рече дека состанокот е „појдовна точка за голема соработка“.

Тој рече дека со Борел разговарале за артилерија, муниција, воздушна одбрана и програми за долгорочна помош, обука и локализација на одбранбената индустрија во Украина.

Умеров, исто така, му се заблагодари на американскиот секретар за одбрана Лојд Остин, со кој телефонски разговарале на 1 октомври за натамошна воена помош од САД.

„Секретарот Остин ме увери дека поддршката на САД за Украина ќе продолжи [и] украинските војници ќе продолжат да имаат силна поддршка на бојното поле“, рече Умеров.

НАТО испраќа уште 200 војници во Косово

Американски војници кои служат како дел од КФОР чуваат контролен пункт на пат во близина на селото Лепосавиќ, во северно Косово, на 18 август 2022 година.

НАТО објави дека испраќа уште 200 војници во Косово, како дел од мировната мисија КФОР, потврди портпаролот на Алијансата, Дилан Вајт.

Испраќањето на дополнителен број војници е одобрено на 1 октомври, на барање на Врховниот командант на сојузничките сили за Европа.

Дополнителните 200 војници ќе се приклучат на британскиот контингент од 400 војници кои дејствуваат во Косово.

Алијансата потврди дека ќе следи дополнително засилување на војниците на КФОР од другите земји-членки.

„Одлуката уследи по нападот врз косовската полиција на 24 септември и ги зголеми тензиите во регионот“, потврди Вајт во соопштението што го испрати до медиумите.

Тој наведува дека оваа одлука е внимателен чекор за да се осигури дека силите на КФОР ги имаат потребните капацитети за исполнување на нивниот мандат и одржување на безбедна средина и слобода на движење за сите луѓе во Косово.


„Ги повикуваме Белград и Приштина повторно да се вклучат во дијалог со посредство на Европската унија, што е единствениот начин да се постигне траен мир и стабилност за сите заедници. Сите страни, исто така, треба да се воздржат од запалива реторика, која е контрапродуктивна и ризикува дополнително да ги влоши тензиите“, се вели во писмената изјава на портпаролот на НАТО.

Ова е второ засилување на војниците на НАТО во Косово за една недела, по нападот што се случи на 24 септември на северот на земјата.

Косовската полиција тој ден беше нападната од група маскирани и вооружени лица, откако се обиде да отстрани два камиони поставени во правец на селото Бањска.

Тогаш беше убиен полицаецот Африм Буњаку, а неколкумина други беа повредени.

Во престрелката подоцна, полицијата убила тројца напаѓачи од српска националност, додека шестмина беа уапсени. Ден подоцна, во Бањска беа уапсени уште двајца.

Уапсен осомничениот за убиство во Хром, неговата мајка во притвор за подметнување пожар

Полицијата попладнето на 1 октомври го уапсила 39 - годишниот А.Д. од Скопје, осомничен за убиство на 36-годишниот И.Ј. во скопската населба Хром, извршено на 22 септември.

Претходно, беше уапсена и мајката на осомничениот, на која и е одреден и 30 дневен притвор, а која се сомничи дека предизвикала пожар во станот на убиентиот, со цел да се прикрие убиството сторено од синот.

По пожарот во стан во зграда на улица Исаија Мажовски во скопската населба Хром на 22 септември беше пронајдено безживотното тело на 36-годишниот сопственик на станот со траги на насилство.

Министерството за внатрешни работи (МВР) соопшти дека осомничениот бил уапсен на подрачјето на населбата Влае. Тој е осомничен за „убиство“ и „тешки дела против општата сигурност“.

Скопското обвинителство, претходно денеска, соопшти дек „осомничениот го сторил делото по кратка расправија со жртвата, лишувајќи го од живот оштетениот со повеќе од 45 убодни рани во вратот и телото“, соопшти обвинителството.

Во соопштението се наведува дека по убиството, тој повеќепати телефонски ѝ се јавил на својата мајка, која зела пластично шише и отишла до најблиската бензинска пумпа, купила литар и пол гориво и во соизвршителство со синот подметнале пожар со намера да ги прикријат трагите за извршеното свирепо убиство. Со тоа предизвикале значителна опасност по животот и телото на станарите кои што живеат во зградата.

ВМРО-ДПМНЕ ќе го напушти Собранието, ако амнестијата се носи со европско знаменце

Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО - ДПМНЕ.

ВМРО - ДПМНЕ нема да го поддржи Законот за амнестија, изјави на 1 октомври претседателот на партијата Христијан Мицкоски. Бидејќи нема европско знаменце ќе мора да се дискутира по стандардна процедура и тогаш отворено кажуваме дека ќе го блокираме, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Доколку законот за амнестија се носи по скатена постапка и со европско знаменце, Мицкоски најави дека ќе побара од највисоките тела на партијата поддршка за одлуката пратениците на ВМРО - ДПМНЕ и коалицијата да ја напуштат работата на Парламентот.

Мицкоски денеска во Струмица се обрати на Втората годишна конференција на Унија на ветерани на партијата.

Тој вели дека сега пред избори власта со Законот за амнестија прави сценарио за слобода на голем број криминалци, кои ќе им помогнале во изборната кампања.

Вчера и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски рече дека донесувањето на законот за амнестија е непотребно, оти, како што вели, законот нема да ја промени состојбата со пренатрупаноста во затворите.
Владата на 26 септември го усвои Предлог законот за амнестија.

Предлогот предвидува целосно ослободување на лицата осудени на затворски казни до шест месеци, а осудениците со казни од шест месеци ќе се ослободат од издржување на 30 отсто од целокупната казна изречена со правосилна пресуда. Исклучок од амнестијата има за тешките кривични дела.

Министерството за правда, кое го подготви Предлогот, соопшти дека со законот се очекува да бидат целосно ослободени од затворска казна 286 осуденици, а делумно амнестирани 996. Во моментов 2114 осуденици издржуваат затворска казна, а 2813 чекаат да влезат во затвор.

update

Ердоган до терористите - Нема да ја постигнете целта

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган им се обраќа на членовите на парламентот во Анкара, Турција, 1 октомври 2023 година.

„Терористите никогаш нема да ја постигнат својата цел“, изјави претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, на 1 октомври, неколку часа по бомбашкиот напад во центарот на Анкара, пренесе Агенцијата Франс Прес (АФП).

Ердоган го соопшти ова за време на обраќањето на првата седница на турскиот парламент по тримесечната летна пауза, неколку часа откако бомбаш-самоубиец активираше експлозивна направа во центарот на Анкара.

„Злобниците кои го загрозуваат мирот и безбедноста на граѓаните не ги постигнаа своите цели и никогаш нема да ги постигнат“, рече Ердоган.

Бомбаш самоубиец активирал експлозивна направа во близина на зградата на Министерството за внатрешни работи.

Подоцна Курдистанската работничка партија (ПКК), која е означена како терористичка група од Турција и нејзините западни сојузници, ја презеде одговорноста за нападот.

„Против турското Министерство за внатрешни работи беше извршена пожртвувана акција од екипа на нашата Бесмртна бригада“, наведе ПКК за новинската агенција АНФ, што е блиска до курдското движење.


Како што соопшти турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја на социјалната мрежа Х, порано позната како Твитер, напаѓачот бил убиен кога бомбата била активирана, додека другиот напаѓач бил убиен во размена на оган со полицијата.

Во нападот полесно се повредени двајца полицајци.

Полицијата го блокираше пристапот до центарот на градот и ги засили безбедносните мерки.

Се уште нема информации за напаѓачите и нивните мотиви.

Турскиот министер за правда Јилмаз Тунч изјави дека е започната истрага за „терористичкиот напад“.

„Овие напади на никаков начин нема да ја попречат борбата на Турција против тероризмот“, рече Тунч во објавата на социјалната мрежа Х.

Осуди од НАТО, САД, соседите

Нападот во Анкара го осудија НАТО, САД, соседи на Турција од регионот.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг на платформата „Х“ напиша дека „НАТО е солидарен со Турција во борбата против тероризмот“.

Тој им посака на двајца повредени полицајци брзо и целосно закрепнување.

Амбасадата на Соединетите Американски Држави (САД) во Анкара и други странски мисии, исто така, објавија изјави во кои го осудија нападот.

Нападот го осуди Египет, кој ги нормализираше односите со Турција по една деценија тензии.

Осуди за нападот во Анкара пристигнаа и од министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи. Тој во својство на претседавач со ОБСЕ го осуди денешниот терористички напад во Анкара.

„Северна Македонија силно ја поддржува Турција во нејзината борба против тероризмот“, напиша на Фејсбук министерот Османи.

Албанскиот премиер Еди Рама го осуди терористичкиот напад во Анкара и побара Европа да ја поддржи Турција во борбата против тероризмот.

Освен Рама, реагираше и министерот за Европа и надворешни работи, Игли Хасани.

Министерството за надворешни работи на Грција, преку платформата „Х“ го осуди терористичкиот напад во Анкара и изрази солидарност со турскиот народ и турската Влада.

Големи антивладини протести во Варшава на две недели пред изборите

Опозициска марш во Варшава, Полска, 1 октомври, 2023

Илјадници луѓе денеска излегоа на централниот плоштад во Варшава на протест против конзервативната влада, во пресрет на парламентарните избори закажани за 15 октомври, пренесува новинската агенција Франс прес (АФП).

На протестот повика лидерот на опозицијата Доналд Туск. Тој е поранешен премиер и лидер на центристичката опозициска партија Граѓанска платформа.

АФП објави дека граѓаните почнале да се собираат во раните утрински часови, а некои дојдоа од други градови во Полска.

Многумина од учесниците носат знамиња на Полска и на Европската унија (ЕУ).

„Се случува голема промена – ова е знак на голема полска преродба“, рече Туск пред насобраните.

Сличен собир беше организиран во јуни, а според организаторите, присуствуваа околу 500 илјади луѓе.

Две недели пред парламентарните избори, владејачката партија Право и правда (ПиС), која често е во судир со ЕУ, и се соочува со обвинувања за подривање на владеењето на правото, според анкетите, води со околу 35 отсто од гласовите.


Опозицискиот сојуз Граѓанска платформа има 27 отсто поддршка од гласачите.

Лидерите на владејачката ПиС за денеска најавија митинг во градот Катовице на југот на земјата. Нивната кампања ја одбележи антиимигрантската политика. Партијата е на власт од 2015 година.

Полска, која е членка на ЕУ и НАТО, се најде во центарот на вниманието на светската јавност минатиот месец, по најавата дека ќе престане да ѝ испорачува оружје на Украина поради дипломатскиот спор околу житото.

Спорот почна по руската инвазија врз Украина, кога целосно беа затворени главни црноморски бродски рути за извоз на жито, што ја принуди Украина да бара алтернативни копнени рути. Тоа доведе до ситуација големи количини украинско жито да завршат во Централна Европа.

Поради тоа, ЕУ привремено забрани извоз на украинско жито во пет земји-членки – Бугарија, Романија, Унгарија, Полска и Словачка, за да ги заштити локалните земјоделци кои стравуваа дека украинското жито ја снижува цената на локалниот пазар.

Забраната истече на 15 септември и ЕУ одлучи да не ја продолжи, но Унгарија, Словачка и Полска одлучија да продолжат со примената.

Се намалува цената за интернет во роаминг со земјите од ЕУ

За една третина ќе се намали цената на услугата за интернет кога граѓаните од земјата ќе патуваат во европските земји, соопшти Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА).

Намалувањето на цените за интернет ќе важат и за граѓаните од дијаспората и Европа, кога ќе претстојуваат во Северна Македонија.

Намалување на цените на интернет во роаминг е в исполнување на Декларацијата за роаминг потпишана на Самитот ЕУ- Западен Балкан, што се одржа во декември минатата година, во Тирана.

Лани на Самиотот 38 телекомуникациски оператори во ЕУ и Западен Балкан потпишаа декларација за сообразност, за значително намалување на јазот помеѓу роаминг тарифите и домашните цени меѓу ЕУ и земјите од Балканот.


Оваа иницијатива ќе го намали јазот помеѓу роамингот и домашните цени меѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан.

Министерството за информатичко општество очекува намалувањето на цените да придонесе за развој на бизнисот, туризмот и зајакнување на врските помеѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан.

Османи контактирал со Дачиќ за зголемените српски трупи на границата со Косово

Бујар Османи, министер за надворешни работи

Министерот за надворешни работи Бујар Османи во својство на претседавач со ОБСЕ денеска го контактирал својот српски колега Ивица Дачиќ за да изрази загриженост за зголемувањето на српските воени трупи долж границата меѓу Косово и Србија.

Османи на својот профил на Фејсбук напиша дека ги поздравува изјавите за повлекување на војската како прв чекор кон деескалација.

„Ја поздравувам одлуката на НАТО за дополнителни трупи на КФОР. ОБСЕ присутен и подготвен да помогне во намалување на тензиите и поттикнување на дипломатскиот процес“, пишува Османи на Фејсбук.

Владата во Приштина доцна во саботата ги повика властите на соседна Србија да ги повлечат своите воени трупи од граничната линија со Косово.

Претходно тоа го порачаа и високи претставници на Соединетите Американски Држави (САД) и на Европската унија (ЕУ). Во саботата вечер српскиот претседател Александар Вучиќ рече дека нема намера да и нареди на армијата да ја премине границата со Косово. Тој вели дека ќе ги повлече српските сили од тоа подрачје, нагласувајќи дека е лага оти Србија испраќа војска на границата.

До распоредувањето на српските сили долж границата со Косово доаѓа по нападот врз косовската полиција на 24 септември во Бањска кај Звечан. Косово ја обвини Србија за овој напад, која негира каква било поврзаност.

Косовската полиција тој ден беше нападната од група маскирани и вооружени лица, откако се обиде да отстрани два камиони поставени во правец на селото Бањска.

Тогаш беше убиен полицаецот Африм Буњаку, а неколкумина други беа повредени.

Во престрелката, полицијата убила тројца напаѓачи од српска националност, додека шестмина беа уапсени. Ден подоцна, во Бањска беа уапсени уште двајца.

update

Прорускиот поранешен премиер на Словачка Фицо ќе добие мандат за состав на нова влада

Роберт Фицо на прес-конференција по предвремените парламентарни избори во земјата, Братислава, Словачка, 1 октомври 2023 година

Претседателката на Словачка Зузана Чапутова на 1 октомври соопшти дека ќе му даде мандат за формирање нова влада на победникот на парламентарните избори во земјата, сигнализирајќи дека поранешниот премиер Роберт Фицо и неговата партија СМЕР-ССД можат да почнат да составуваат коалициска влада.

Поранешниот словачки премиер Роберт Фицо и неговата левичарска партија победија на парламентарните избори во Словачка, покажуваат прелиминарните резултати, пренесува новинската агенција Асошиејтед прес (АП).

По пребројани 99,2 отсто од гласовите на околу 6000 гласачки места, поранешниот премиер Фицо и неговата партија СМЕР – Словачка социјалдемократија (СМЕР – ССД) водат со освоени 23,3 отсто од гласовите.

Изборите одржани на 30 септември, како што пишува АП, се тест за поддршката на малата источноевропска држава, која е членка на Европската унија (ЕУ) и НАТО, за соседната Украина во војната против Русија. Победата на 52-годишниот Фицо би можела да го наруши кревкото единство во ЕУ и НАТО.

Фицо ја базираше кампањата на проруски и антиамерикански пораки.

Поранешниот премиер вети дека ќе ја повлече воената поддршка од Словачка за Украина ако успее да се врати на власт.

Либералната Прогресивна Словачка, според прелиминарните резултати, освои 17 отсто од гласовите.

Левичарската партија Хлас (Глас), која ја предводи поранешниот заменик на Фицо во партијата Смер, Петер Пелегрини, освои 15 отсто.

Пелегрини се разиде со Фицо откако Смер изгуби на претходните избори во 2020 година, но нивното повторно можно зближување би ги зголемило шансите на Фицо да формира влада, пишува АП.

Другиот потенцијален коалициски партнер, ултранационалистичката Словачка народна партија освои 5,7 отсто од гласовите.

Со оглед на тоа што ниедна партија не освои мнозинство во Парламентот, ќе мора да се формира коалициска влада. Претседателот традиционално ѝ го нуди мандатот за формирање влада на партијата која освоила најмногу гласови на изборите.


Фицо беше премиер во два мандати, од 2006 до 2010 и од 2012 до 2018 година.

Словачка беше непоколеблива во својата поддршка за Украина од почетокот на руската инвазија која започна во февруари 2022 година. Братислава донираше оружје и ги отвори своите граници за украинските бегалци.

Фицо се противи на европските санкции против Русија и сака да го блокира влезот на Украина во НАТО.

Тој предлага, ЕУ и САД, наместо да испраќаат оружје во Киев, да го искористат своето влијание да ги принудат Русија и Украина да склучат компромисен мировен договор.

Фицо исто така водеше кампања против имиграцијата и правата на ЛГБТИ лицата.

Затворени 10 маркети, казни од 100 илјади евра за непочитување на одлуката за цените

Маркет во Скопје.

Казни во износ од околу 100 илјади евра за непочитување на владината Одлука за намалување на цените, се изречени од 19 септември, кога е донесена одлуката.

Во тој период се направени над 550 надзори и се затворени 10 маркети: во Скопје, Куманово, Кичево, Гостивар, Кавадарци, Тетово и Струга, соопшти на 1 октомври директорот на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), Горан Трајковски.

Владата на 19 септември донесе одлука да ги намали цените на вкупно 24 категории на производи. Поевтинија пекарските и млечните производи, некои видови на месо, како и овошјето и зеленчукот. Цените се намалија за 10 отсто во однос на нивото на цените од август, а кај некои производи и до 30 отсто. Оваа мерка ќе се спроведува до крајот на ноември.

Директорот на Пазарниот инспекторат на прес-конференција, рече дека во изминатите десетина дена се покажало дека секој што не ја почитува владината мерка ќе биде казнет, а секој што ќе применува нечесни трговски практики ќе биде затворен и дека нема да има компромис за никого.

„Така ќе биде и во иднина, нема да има компромис и ќе биде казнет секој што нема да ги почитува мерките и одлуките на Владата, а оној што ќе го повтори прекршокот ќе биде затворен на подолг временски период“, рече Трајковски.

Тој вели дека целта не е компаниите да бидат затворени, туку да се почитуваат одлуките.

На новинарско прашање околу недостигот на некои производи во маркетите, како јајцата, а претходно и месото, како што пријавуваа потрошувачи, Трајковски рече дека трговците треба да кажат ако имаат проблем со снабдувачите за Инспекторатот да реагира.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG