Достапни линкови

Вести

Ветераните на Косово на протест поради Законот за минимална плата

Протест на бранителите во Приштина против Законот за минимална плата, 06.06.2022.
Протест на бранителите во Приштина против Законот за минимална плата, 06.06.2022.

Организацијата на бранителите на поранешната ОВК за денеска најави дека ќе организира протест пред зградата на Собранието на Косово, поради начелно усвојување на Законот за минимална плата. Предлог-законот за минимална плата не ги опфаќа бранителите, додека претходно бранителската пензија беше врзана за минималната плата. Ветераните оценија дека „Собранието на Косово е собрание на срамот“ и дека владините пратеници (со извесни исклучоци) заедно со малцинствата го донеле законот за минимална плата.

Косовските ветерани и полицијата се судрија пред Парламентот поради протестите за пензиите

Ветераните преку соопштение за медиумите соопштија дека одлуката на Собранието е незаконска, бидејќи е во спротивност со пресудата на Уставниот суд во која се вели дека „до конечната категоризација на списокот на бранителите на ОВК, пензиската шема се спроведува како што е предвидено со основниот закон“. „Заради ваквиот срам на пратениците во Собранието, организациите кои потекнуваат од војната на ОВК повикуваат на сенароден протест пред институциите“, се вели во соопштението. Редовната седница на Собранието на Косово е закажана за в четврток, за кога беше најавен протестот.

види ги сите денешни вести

Уапсен судија од Врховниот суд за „примање награда за противзаконито влијание“

Macedonia - Supreme Court of Macedonia - 15jul2016
Macedonia - Supreme Court of Macedonia - 15jul2016

Полицијата денеска уапсила судија од Врховен суд кој бил осомничен за сторено кривично дело „примање награда за противзаконито влијание“, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).

Судијата бил лишен од слобода на самото место додека го извршувал кривичното дело, наведуваат од Министерството.

Од институцијата велат дека во моментов се чекаат понатамошни насоки од надлежен јавен обвинител.

Уапсениот судија има право да се повика на судиски имунитет за кој одлучува Судскиот совет на седница на Советот со мнозинство гласови од вкупниот број членови со право на глас.

МИА објави дека од Судски совет засега немаат добиено информација.

Полициска акција на северот на Косово - затворени шест филијали на Поштенската штедилница на Србија

Косовската полиција во полициска акција во северна Митровица.
Косовската полиција во полициска акција во северна Митровица.

Властите во Косово на 20 мај објавија дека го затвориле претставништвото на Банката „Поштанска штединица Србија“ и нејзините пет други филијали во четири општини на северот на Косово каде мнозинство се Срби.

Косовската полиција соопшти дека акцијата на северот на Косово била спроведена врз основа на извештаи на институциите за финансиски надзор, како што се единицата за финансиско разузнавање и Централната банка на Косово, заедно со Даночната управа на Косово.

Во соопштението на косовската полиција е наведено дека акцијата се одвивала без проблеми и инциденти.

„Целта на полициската акција е воспоставување ред и законитост, при што по овластување на надлежен обвинител беа затворени шест единици на таканаречената нелегална Поштенска штедилница на северот од државата“, соопштија од полицијата.

Во акцијата на северот беа забележани членови на Мисијата на Европската Унија за владеење на правото на Косово (ЕУЛЕКС) и на мировната мисија на НАТО на Косово, КФОР.

Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља, им честиташе на институциите за „покажаниот успех“ за време на акцијата на северот.

Акцијата на косовските власти следеше една недела откако Централната банка на Косово објави дека завршил преодниот период за забраната на користење на српскиот динар за плаќање.

Србија силно се спротивстави на регулативата на ЦБК, која го предвидува еврото како единствена валута за плаќање.

Државата Србија издвојува милиони евра за исплата во динари на плати, пензии и дополнителна помош на Србите во Косово.

ЦБК на 13 мај објави дека по завршувањето на периодот на транзиција, лиценцирала осум филијали на финансиски институции во општините со српско мнозинство, во Лепосавиќ, Звечан, Грачаница, Штрпац и една во Шилово во Гњилане.

Меѓународната заедница побара од Косово да го одложи спроведувањето на уредбата за ЦБК, наведувајќи го негативното влијание што може да го има врз српската заедница во Косово.

Поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков в четврток излегува од затвор

Поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков.
Поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков.

Апелациониот суд во Скопје одлучи дека поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков в четврток на 23 мај излегува од затвор, под услов до 25 април 2025 година да не стори кривично дело.

Одлуката на Апелациониот суд доаѓа по жалбата на Мијалков на решението на Основниот кривичен суд Скопје со кое Судот донесе одлука за условен отпуст на Мијалков со што тој требаше да излезе од затворот во Струга на 25 декември годинава, а условниот отпуст да му се смета до 25 април 2025 година.

Апелациониот суд Скопје решението по жалбата на Мијалков на одлуката на Кривичниот суд Скопје го донел на седница на 14 мај годинава која не била јавна.

„Апелациониот суд Скопје во интерес на јавноста и медиумите информира дека постапувајќи по кривичниот предмет КР-84/24, на нејавна седница на ден 14.05.2024 година, донесе решение со кое ја уважи жалбата на осудениот С.М. од С. и решението на Основниот кривичен суд Скопје го преиначи така што осудениот се отпушта на ден 23.05.2024 година од издржување на казната затвор, под услов до истекот на условниот отпуст -25.04.2025 година, да не стори ново кривично дело“, се вели во соопштението од Апелација.

Мијалков издржува казна затвор од три години во затворот во Струга за случајот „Империја“.

Тој во случајот „Империја“ призна вина и се спогоди со Обвинтелството, а казната беше три години затвор и одземање на имот вреден околу 30 милиони евра, меѓу кои 25 станови и парцелата до хотелот Мериот.

Србија и Романија ќе ја градат хидроелектраната Ѓердап 3

Хидроцентралата Ѓердап 1, Србија.
Хидроцентралата Ѓердап 1, Србија.

Изградбата на хидроцентралата „Ѓердап 3“ Владата на Србија ја прогласи за проект од посебно значење, соопшти Министерството за рударство и енергетика на Србија.

Министерството во соопштението од 20 мај наведува дека тој стратешки објект на реката Дунав се работи во координација со Романија и дека е еден од најголемите во регионот.

Се додава дека во Србија и Романија се формирани тимови за изградба на хидроцентралата, како и дека се завршени генералниот проект и претходната физибилити студија.

За ова денеска во Белград разговараа министерката за рударство и енергетика Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ и амбасадорката на Романија во Србија Силвија Давидоја.

Најавено е дека ревитализацијата на хидроелектраната „Ѓердап 2“ треба да започне во 2025 година, откако ќе заврши реновирањето на хидроцентралата „Ѓердап 1“ и дека ќе се продолжи нивниот работен век за најмалку 30 години.

Ѓердап 1 беше пуштена во употреба во мај 1972 година, додека Ѓердап 2 е во функција од 1985 година.

Според веб-страницата на Електропривреда Србија, Ѓердап 3 се планира да биде реверзибилна хидроцентрала на 1007-от километар од Дунав. Водата ќе се зафаќа од езерото Ѓердап и ќе се пумпа во двата горни басени во периоди кога српскиот електроенергетски систем има вишок на електрична енергија. Во деновите на максимално оптоварување, таа би работела како електрана за складирање.

Планирано е сите три електрани во системот Ѓердап да имаат вкупна моќност од 2.400 мегавати.

Двете постоечки хидроцентрали се со моќност од 1.605 мегавати. Тие учествуваат со 20 отсто од вкупното годишно производство на електрична енергија во земјава.

Најавено е и дека Србија и Романија договориле меморандум за разбирање за изградба на гасна интерконекција меѓу двете земји и дека наскоро се очекува негово потпишување.

Во Москва започна судењето на театарската режисерка Беркович и на драмската писателка Петричук

Руската драмска писателка Светлана Петријчук (L) и сценската режисерка Евгенија Беркович на сослушување во Московскиот окружен суд Хамовники. 30 јуни 2023.
Руската драмска писателка Светлана Петријчук (L) и сценската режисерка Евгенија Беркович на сослушување во Московскиот окружен суд Хамовники. 30 јуни 2023.

Воениот суд во Москва го започна судењето на театарската режисерка Евгенија Беркович и на драмската писателка Светлана Петричук, кои се обвинети за оправдување тероризам.

Двете жени ја повторија својата невиност, откако судењето започна на 20 мај.

Тие беа уапсени во мај 2023 година по продукцијата на претставата „Финист - Храбриот сокол“.

Претставата зборува за Русинки кои се омажиле за мажи муслимани и се преселиле во Сирија.

Претставата, која првпат беше изведена во декември 2022 година, ја доби руската национална театарска награда „Златна маска“.

Доколку бидат прогласени за виновни, жените се соочуваат со затворска казна до пет години.

Владата предупредува граѓаните да внимаваат на лажни СМС пораки во кои се бара надомест

Содржината на СМС пораката за која Владата предупредува граѓаните да внимаваат оти станува бор за измама.
Содржината на СМС пораката за која Владата предупредува граѓаните да внимаваат оти станува бор за измама.

Владата денеска соопшшти граѓаните да внимаваат доколку добијат СМС или други пораки во кои се посочува Владата како испраќач и се бара надомест.

„Во конкретниот случај кој се појави во изминатите часови, станува збор за смишинг и фишинг измама која е пријавена и по која соодветните служби веќе постапуваат. Доколку граѓаните добијат или веќе добиле порака со ваква или слична содржина во која се посочува Владата како испраќач, истата треба да ја сметаат за лажна и да не кликаат ниту на дадените линкови, ниту да одговараат на пораките кои ги добиле“, велат од Владата.

Влада фишинг напад.
Влада фишинг напад.

Владата апелира до граѓаните да не наседнуваат на лажни пораки од странски телефонски броеви и мејлови и да не ги даваат личните податоци.

„Граѓаните треба да бидат внимателни и одговорни околу своите лични податоци, односно да не ги споделуваат и разменуваат со непознати лица, како и со лица на кои не може однапред да им се утврди идентитетот, се наведува во соопштението.

Пекинг: Тајван е Кина, без разлика кој е таму на власт

CHINA-TAIWAN-US-DIPLOMACY-POLITICS
CHINA-TAIWAN-US-DIPLOMACY-POLITICS

Пекинг објави дека Тајван е дел од Кина, без разлика кој е таму на власт, објавија кинеските државни медиуми.

„Внатрешната политичка ситуација во Тајван на никаков начин нема да го промени историскиот и правниот факт дека двата брега на теснецот припаѓаат на една иста Кина“, објави на 20 мај портпаролот на Министерството за надворешни работи на Кина, Ванг Венбин.

Кина го смета островот со 23 милиони жители, кој има автономна влада, како дел од сопствената територија и има намера да го врати под своја контрола.

„Независноста на Тајван е во ќорсокак“, рече Венбин.

Новиот претседател на Тајван, Лаи Чинг-те, ја презеде функцијата во понеделникот и вети дека ќе ја продолжи рамнотежата за зачувување на суверенитетот на Тајван без формално прогласување независност.

Во својот говор на инаугурацијата, тој рече дека Пекинг мора да го почитува изборот на тајванскиот народ.

„Кина треба да престане со своите воени и политички закани“, рече Лаи во Тајпеј.

Тој изјави дека сака да разговара со Кина и дека Тајван нема да прави отстапки за демократијата и слободата.

Мирот е единствениот пат и тоа е нашата долгорочна цел“, рече новиот претседател на Тајван.

Пекинг го опиша Лаи како „опасен сепаратист“ поради неговите изјави за поддршка на независноста на Тајван.

Кинеската канцеларија за тајванските прашања соопшти дека во неговиот инаугуративен говор испратил опасен сигнал и го нарече провокација чија цел е да ја поткопа стабилноста меѓу двете страни на Тајванскиот теснец.

Меѓународниот кривичен суд побара апсење на Нетанјаху и на лидерот на Хамас

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху

Меѓународниот кривичен суд бара налози за апсење на израелскиот прмеиер Бенјамин Нетанјаху и на лидерот на Хамас Јахја Синвар под обвинение за воени злосторства и злосторства против човештвото поради нападите врз Израел на 7 октомври и последователната војна во Газа, изјави главниот обвинител на судот Карим Кан за Си-Ен-Ен.

„Постојат разумни основи да се верува дека израелскиот премиер Нетанјаху сноси кривична одговорност за воени злосторства и злосторства против човештвото“, рече обвинителот на Меѓународниот суд на правдата.

Кан рече дека МКС бара и налози за апсење на израелскиот министер за одбрана Јоав Галант, како и за двајца други водачи на Хамас - Мохамед Диаб Ибрахим ал-Масри, водачот на бригадите Ал Касем и попознат како Мохамед Деиф и Исмаил Ханија, политички лидер на Хамас.

Одлуката го става Нетанјаху „во друштво“ на рускиот претседател Владимир Путин, по кого МКС издаде налог за апсење поради војната на Москва против Украина, јави Си-Ен-Ен.

Судски панел ќе го разгледа барањето на Кан.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на 26 април рече дека Израел „никогаш нема да прифати каков било обид на Меѓународниот кривичен суд да го поткопа неговото вродено право на самоодбрана“.

Истрагата на Меѓународниот кривичен суд опфаќа наводи кои датираат од војната во Газа во 2014 година, како и израелската изградба на еврејски населби на окупираната територија што Палестинците ја сакаат за нивната идна држава.

Руски антивоен активист доби 25 години затвор за велепредавство

 Антивоениот активист Илја Бабурин
Антивоениот активист Илја Бабурин

Судот во Сибир го осуди антивоениот активист Илја Бабурин на 25 години затвор под обвинение за велепредавство кое произлегува од наводите дека 24-годишникот планирал да запали неколку воени центри за регрутирање.

Бабурин, кој исто така беше прогласен за виновен за подметнување пожар во музичко училиште и учество во активностите на украинската крајнодесничарска вооружена група Азов, ги отфрли сите обвиненија.

Затворската казна на Бабурин е најдолгата затворска казна што му е изречена на антивоен активист во Русија.

Десетици активисти во Русија се осудени на затворски казни за подметнување пожари врз воени центри за регрутирање откако Кремљ ја започна својата инвазија врз Украина во февруари 2022 година.

Војската на Конго спречила атентат на претседателот

Претседателот на Конго, Феликс Чисекеди
Претседателот на Конго, Феликс Чисекеди

Армијата на Демократска Република Конго спречила обид за убиство на претседателот Феликс Чисекеди во Киншаса, јави Би-Би-Си.

Се наведува дека во обидот за атентат во главниот град биле вмешани конгоански и странски борци.

Генералот Силавин Екенге, портпарол на армијата на Конго, изјави дека се приведени 50 осомничени, меѓу кои тројца Американци и еден британски државјанин.

Претходно тој на државната телевизија РТНЦ изјави дека ситуацијата е под контрола.

Генералот и се обрати на јавноста неколку часа откако вооружени лица упаднаа во домот на Витал Камерхе, поранешен началник на кабинетот и близок соработник на претседателот Чисекеди. Се додава дека очевидци изјавиле дека група од околу 20 напаѓачи во воени униформи влегла во резиденцијата и дека дошло до пукање.

„Потоа двајца чувари и напаѓачот беа убиени“, рече портпаролот на Камерха.

Напаѓачите ја окупираа и Палатата на народите и канцеларијата на претседателот во центарот на градот, која беше специјално обезбедена од Републиканската гарда.

Претседателот Чисекеди досега јавно не ја коментираше ситуацијата.

Локалните медиуми објавија дека напаѓачите биле членови на Движењето на Нов Заир, поврзани со Кристијан Маланг, поранешен конгоански политичар во егзил.

„Маланга беше убиен во претседателската палата откако се спротивстави на апсењето“, рече генералот Екенге.

Неговиот син Марсел Маланга е меѓу тројцата американски државјани уапсени за наводниот обид за државен удар.

Амбасадорката на Соединетите Држави (САД) во Конго, Луси Тамлин, рече дека е шокирана од наводите дека Американците можеби учествувале во обидот за пуч.

„Ве молиме, бидете уверени дека ќе соработуваме со властите на Конго додека го истражуваат ова злосторство“, напиша Тамлин во објавата на X.

Претседателот на Африканската унија Муса Факи рече дека остро го осудува обидот за државен удар.

Претседателот Чисекеди го започна својот втор мандат минатата година во декември, кога освои околу 78 отсто од гласовите на спорните избори. Речиси 20 луѓе беа убиени во насилствата пред изборите.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG