Достапни линкови

Законот за легализација на дивоградбите ќе внесе ред или поголем хаос на битолски Баир?


Најголемата дива депонија во Битола во неурбанизиран дел од населбата Баир

Еден цел рид е прекриен со стари обувки, душеци, телевизори, теписи, пластики и друго ѓубре во најголемата дива депонија во Битола во горниот неурбанизиран дел од населбата Баир, каде главно живее ромско население. На депонијата се хранат и кокошки. Локалното население за да се ослободи од сметот понекогаш го пали со што уште повеќе се загадува околината. Тука нема навики за хигиена, ни организирано подигање на отпад зашто нема ни асфалтен пат, оти секој градел куќи каде стигнал.

„Овде деца живеат, не смеат да прават така. Овде треба контејнери да се стават.“

„Овде трпиме многу смет, не можеме ни прозорец да отвориме. Ѓубрето го фрлаат овде кај нас, има една удолнина веднаш до нашиот двор. Ѓубрето ни го фрлаат луѓето што живеат горе
над нас.“

„Ова е депонија невидена. Јас се имам обидено, тука имам чистено. Тука има ѓубриња невидени. Ако донесат контејнери и пак фрлаат настрана, тогаш навистина луѓето не чинат и нека се казнат“, реагираат жителите од Баирот.

Од Јавното претпријатие „Комуналец“ објаснуваат дека редовно се собира смет каде што има техничка можност. За дивите депонии велат дека во неколку наврати ги чистеле и пак се создаваат.

Според истражувањето на Геосфера во проектот „Го сакам Баирот чист“, дури 81 процент од патиштата во горниот дел од населбата се неасфалтирани, 369 метри асфалт наспроти 1.591 метри земја. Геосфера започна со донација на 35 канти за ѓубре со капацитет од 120 литри, за домаќинствата кои живеат на Баирот да ги сменат навиките и комуналниот отпад да го доставуваат на одбраната локација. За таа цел, Геосфера секој месец во текот на 2021 година ќе ги снабдува сите 35 домаќинства со вреќи за отпадоци.

Доколку не се спроведе Законот за легализација на дивоградбите ќе треба да се урнат голем број на диво изградени објекти на битолски Баир. Градоначалничката Наташа Петровска вели дека мора да се води сметка и за социјалната компонента.

„Законите важат подеднакво за сите. Но, секогаш треба да видиме грижа и за социјалната компонента. Оние кои се нашле во ситуација во животот да прават нешто и не било санкционирано, односно процесирано и канализирано кога требало во даден момент, јасно дека треба да се најде алтернатива, бидејќи станува збор за луѓе кои не смеат да останат на улица и тие заслужуваат покрив над главата“, вели градоначалничката.

Општина Битола испрати допис до Владата и договорено е да се одржи работна средба во Собранието со претставници од ромската заедница. Се бара системско решени за проблемите со битолски Баир, меѓу кои и дивоградбите.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG