Достапни линкови

Вести

Литванија усвои резолуција во која Русија ја нарекува „терористичка држава“

Урнатини од војната во украинскиот град Ирпин.
Урнатини од војната во украинскиот град Ирпин.

Литванските пратеници едногласно усвоија резолуција со која Русија ја признаваат како „терористичка држава“, a неиспровоцираната инвазија на Москва врз Украина ја нарекуваат „геноцид врз украинскиот народ“.

Во резолуцијата донесена денеска, пратениците исто така повикаа на формирање на меѓународен суд кој ќе ги гони руските официјални лица одговорни за војната во Украина, слично на судењето во Нирнберг што го одржаа сојузниците против претставниците на поразената нацистичка Германија за заговор и извршување инвазии на други земји и други злосторства во Втората светска војна.

„Руската Федерација, чии вооружени сили намерно и системски избраа цивилни цели за бомбардирање, е државата која поддржува и спроведува терористички акти“, се вели во литванската парламентарна резолуција.

Резолуцијата го споредува рускиот претседател Владимир Путин со советскиот диктатор Јозеф Сталин, нарекувајќи ја модерната Русија под власта на Путин „реинкарнација“ на Советскиот Сојуз.

Резолуцијата ги повикува Обединетите нации, Европскиот парламент, Парламентарното собрание на Советот на Европа, Парламентарното собрание на ОБСЕ, Парламентарното собрание на НАТО, странските парламенти и влади да го признаат и гонат геноцидот, воените злосторства и злосторствата против човештвото извршени од Руската Федерација“.

Минатиот месец, пратениците во две други балтички земји, Естонија и Летонија исто така усвоија резолуции со кои ја обвинуваат Русија за геноцид врз украинскиот народ.

Трите балтички држави, исто така, минатиот месец забранија прикажување на симболите „Z“ и „V“, кои ги користат поддржувачите на руската војна во Украина.

види ги сите денешни вести

По смртта на новороденчето, ќе има вонредна инспекција на клиниките во Битола и Скопје

Наредбата за вонредна инспекција ја дала заменик-министерката за здравство, Маја Манолева.
Наредбата за вонредна инспекција ја дала заменик-министерката за здравство, Маја Манолева.

Заменичката-министерка за здравство, Маја Манолева, денеска (19 јуни) испратила наредба до Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) веднаш да спроведе вонреден инспекциски надзор во Клиничка болница – Битола и во Универзитетската клиника за детски болести.

Ова го соопштија од Министерството за здравство откако беше објавено дека починало новороденче кое било родено во битолската болница од каде поради влошена состојба било испратено кон клиниката во Скопје.

Со вонредната инспекција треба да се направи увид за текот на лекување и третманот на родилката и нејзиното починато новороденче.

Таткото на починатото новороденче, претходно во текот на денот, во изјави за медиумите обвинија дека не се интервенирало навреме. Од Клиничката болница во Битола, пак, тврдат дека навремено реагирале и ги известиле родителите.

Бебето било родено во петокот (14 јуни), а починало наредниот ден.

Захараова: Имотот на западните земји во Русија може да се искористи за одмазда

Марија Захарова, портпаролка на руското МНР
Марија Захарова, портпаролка на руското МНР

Русија на нејзина територија располага со „значајни количини“ имот што им припаѓа на западните земји, а кој Москва би можела да го искористи за одмазда доколку Западот ги заплени приходите од рускиот имот, изјави на 19 јуни портпаролката на Министерството за надворешни работи, Марија Захарова.

Ваквата изјава доаѓа откако на минатонеделниот самит во Италија, лидерите на земјите од групата Г7 се согласила да ги искористат каматите од замрзнатиот руски имот на Западот за да и обезбедат заем на Украина од 50 милијарди долари.

Руските власти сметаат дека тоа би било нелегално.

„Нашата земја располага со значителни износи на западни фондови и имот кои се под руска јурисдикција. Сето ова може да биде предмет на руска одмаздничка политика“, изјави Захарова, пренесе новинската агенција Роџерс.

Економистите, адвокатите и експертите сметаат дека во ваков случај Русија веројатно би ги запленила финансиските средства и хартиите од вредност на странските инвеститори кои моментално се чуваат на посебни сметки, а до кои пристап е блокиран од почетокот на војната против Украина во февруари 2022 година.

Руски средства во вредност од околу 260 милијарди евра, како што се резервите на Централната банка, се замрзнати како дел од санкциите воведени кон Русија.

Претставници на Европската унија за Ројтерс минатата недела изјавија дека блокот може да обезбеди околу половина од заемот од 50 милијарди долари за Украина.

Сепак, италијанската премиерка Џорџија Мелони – која беше домаќинка на самитот на Г7 – подоцна објави дека парите ќе ги обезбедат САД, Канада, Велика Британија, а можеби и Јапонија, и дека земјите-членки на ЕУ засега нема да бидат директно вклучени.

Захарова изјави дека Русија добила „директни сигнали“ од некои земји од Г7 дека нема да учествуваат во таква акција „бидејќи сфаќаат дека трошоците ќе бидат крајно болни“.

Таа не ги именуваше земјите, ниту пак даде дополнителни детали за да го поткрепи тоа тврдење.

Г7 е името на советодавниот форум на седумте најважни индустриски земји во светот, составен од лидерите на САД, Канада, Јапонија, Германија, Италија, Франција и Велика Британија.

Собранието одржа комеморативна седница за Стојан Андов

Стојан Андов во три наврати беше избран за претседател на Собранието.
Стојан Андов во три наврати беше избран за претседател на Собранието.

Во Собранието на Северна Македонија денеска (19 јуни) се одржа комеморативна седница со која му беше оддадена почит на првиот собраниски претседател Стојан Андов, кој почина вчера на 89-годишна возраст.

На седницата присуствуваа пратеници, поранешни високи функционери, претставници на верските заедници.

Седницата започна со едноминутно молчење, а за животот и делото на Андов, зборуваше претседателката Гордана Сиљановска Давкова.

Андов, како што рече таа, беше „стамен столпник на нашата современост кој даде сериозен придонес во политичкиот, државниот и општествениот развој во последните три децении“.

Претседателката нагласи дека Андов, заедно со Глигоров, Петар Гошев, Абдурмахман Алити и други, е меѓу оние на кои „им го должиме мирното раздружување од Југославија“.

„Замина угледен сојузен функционер во поранешната заедничка држава, дипломат кому му се доверуваа најсуштествените задолженија на меѓународен план, кој што беше член на сојузните влади во два мандати, кој што го прекстари светот како задолжен за односи со земјите во развој и со Европската економска заедница“, рече Сиљановска Давкова.

Стојан Андов беше роден во 1935 година во Кавадарци. Дипломирал на Економскиот факултет во Скопје, а магистрирал на Белградскиот универзитет.

На првите повеќепартиски избори 1990 година, беше избран за пратеник и стана претседател на Собранието во јануари 1991 година. На вторите парламентарни избори во 1994 повторно беше избран за пратеник и за претседател на парламентот – должност што ја извршуваше до март 1996 година.

Андов стана пратеник и на изборите во 1998 година.

Беше кандидат за претседател на Република Македонија на претседателските избори 1999 година. На 30 ноември 2000 година повторно беше избран за претседател на Собранието на Република Македонија, функција што ја извршуваше до октомври 2002.

Основач е на Либералната партија на Македонија и како нејзин претседател ја водеше Либералната партија до спојувањето со поранешната ДП 1997 година, кога стана претседател на Советот на новоформираниот политички субјект. По обновувањето на Либералната партија на Македонија, беше избран за член на нејзиниот Извршен комитет.

Иранската добитничка на Нобеловата награда за мир доби уште една година затвор

Мохамади се наоѓа во озлогласениот затвор „Евин“.
Мохамади се наоѓа во озлогласениот затвор „Евин“.

Иранската добитничка на Нобеловата награда за мир Наргес Мохамади, која е во затвор, е осудена на уште една година затвор поради нејзиниот активизам, објави нејзиниот адвокат на 19 јуни.

Адвокатот Мостафа Нили за новинската агенција „Асошиетед прес“ изјави дека таа е осудена за „пропаганда против системот“.

Нили вели дека казната е донесена откако Мохамади ги повика гласачите да ги бојкотираат неодамнешните парламентарни избори во Иран, испрати писма до пратениците во Европа и коментираше за тортурата и сексуалната злоупотреба што ги претрпе ирански новинар и политички активист.

Мохамади се наоѓа во озлогласениот затвор „Евин“, во кој се сместени политички затвореници и затвореници поврзани со Западот.

Таа веќе издржува 30-месечна казна, на која во јануари доби дополнителни 15 месеци.

Последната пресуда од уште една година, го одразува гневот на иранската теократија поради тоа што таа ја доби Нобеловата награда за долгогодишен активизам во октомври минатата година.

Мохамади е 19-та жена што ја доби Нобеловата награда за мир и втора Иранка, откако лауреатка во 2003 година беше активистката за човекови права Ширин Ебади.

Оваа 52-годишната жена, и покрај бројните апсења и годините зад решетки, продолжи со својот активизам.

Нови напади со руски дронови дополнително ја десеткуваа енергетската инфраструктура на Украина

Министерство за енергетика на 19 јуни соопшти дека во нападите била погодена електроцентрала во централна Украина (фотоархива).
Министерство за енергетика на 19 јуни соопшти дека во нападите била погодена електроцентрала во централна Украина (фотоархива).

Нови напади со руски беспилотни летала во текот на изминатата ноќ дополнително ја оштетија веќе десеткуваната енергетска инфраструктура на Украина.

Украинското Министерство за енергетика на 19 јуни соопшти дека во нападите била погодена електроцентрала во централна Украина, при што „оштетена е одредена опрема“.

Ваквиот извештај дојде еден ден откако властите рекоа дека Украинците треба да очекуваат постојани прекини на електричната енергија поради оштетување на електроенергетските постројки.

Во последните месеци, украинските енергетски капацитети се редовна мета на руски ракети и дронови. Како резултат на овие напади, во Украина се користат распореди за исклучување на електричната енергија бидејќи нема доволно за да се покријат потребите на сите потрошувачи.

Поради недостатокот, Украина во последно време увезува рекордни количества енергија.

Пред една недела, украинската влада соопшти и дека земјите-членки на Групата седум (Г7) се согласиле да обезбедат повеќе од милијарда долари за поддршка на енергетскиот сектор на Украина.

Борел препорачува укинување на мерките против Косово

Борел на 18 јуни го доставил предлогот за укинување на мерките до земјите-членки на ЕУ (фотоархива).
Борел на 18 јуни го доставил предлогот за укинување на мерките до земјите-членки на ЕУ (фотоархива).

Високиот претставник на Европската унија (ЕУ) за заедничка надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел им препорачал на земјите-членки на ЕУ да ги укинат казнените мерки против Косово, дознава Радио Слободна Европа (РСЕ) од извори упатени во содржината на документот.

Истите извори посочуваат дека оваа препорака Борсел ја заснова на фактот дека Косово презело чекори кон исполнување на барањата што ЕУ ги упати преку соопштението на 3 јуни 2023 година.

Предлогот за укинување на мерките, шефот на европската дипломатија го достави до земјите-членки на ЕУ на 18 јуни.

Амбасадорите на земјите од ЕУ ќе разговараат за овој документ денеска (19 јуни). Изворите на РСЕ нагласуваат дека токму од дискусијата на амбасадорско ниво ќе зависи како ЕУ ќе постапи понатаму.

Не е исклучена можноста укинувањето на мерките да биде на дневен ред на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ, што ќе се одржи во понеделник (24 јуни).

Како што потврдуваат изворите кои имале увид во документот, Борел во извештајот оценува дека укинувањето на мерките ќе претставува политички сигнал и ќе придонесе за избалансиран контекст во кој може да напредува и дијалогот меѓу Белград и Приштина.

Во меѓувреме, од Косово се очекува да не презема акции за ескалирање на ситуацијата и да избегне некоординирани постапки. Борел, наводно, во извештајот нагласува и дека Брисел ќе продолжи да ги следи настаните на северот на Косово, како и акциите што ќе преземат Косово и Србија, а кои не треба да создаваат нови тензии.

ЕУ воведе казнени мерки за Косово во јуни 2023 година, по насилствата што се случија на крајот на мај на северот на земјата кога избраните градоначалници од албанска националност влегоа во општинските згради и стапија на должност.

Тие беа избрани на изборите во април 2023 година, откако Србите ги напуштија косовските институции на крајот на 2022 во знак на незадоволство од одлуката за регистарски таблички на Владата на Косово.

Изборите во 2023 година беа бојкотирани од Српската листа и локалното српско население.

Ситуацијата ескалираше на 29 мај во Звечан, по конфликтот меѓу демонстрантите и членовите на Мировната мисија на НАТО во Косово (КФОР).

Претставниците на ЕУ забележуваат дека мерките се донесени од конкретни причини и дека препораката за нивно отстранување треба да се заснова на истите околности.

Мерките што ги усвои ЕУ вклучуваат суспензија на сите средби на европските претставници со претставници од Приштина, прекин на состаноците во рамките на процесот за стабилизација и асоцијација и суспензија на претпристапните фондови.

ЕУ, исто така, одби да ги разгледа косовските проекти во рамките на Инвестицискиот план за Западен Балкан.

Амбасадорите од ЕУ првпат разговараа за можноста за укинување на мерките на состанок одржан на 23 април. Тогаш побараа Борел „што поскоро“ да подготви извештај.

Неколку дипломатски извори на РСЕ во Брисел на крајот на април изјави дека мнозинството земји-членки на ЕУ се за укинување на рестриктивните мерки за Косово. Единствената разлика меѓу земјите-членки била дали треба да се укинат сите одеднаш или постепено.

Новинарката на РСЕ Марија Тумановска ја доби првата награда за известување за бегалците

Првонаградената сторија РСЕ ја објави на 8 февруари со наслов „Украинските бегалци во Македонија: Живееме од денеска за утре“.
Првонаградената сторија РСЕ ја објави на 8 февруари со наслов „Украинските бегалци во Македонија: Живееме од денеска за утре“.

Новинарката на Радио Слободна Европа (РСЕ), Марија Тумановска, ја доби првата награда за професионално известување за состојбата на бегалците и лицата без државјанство во Република Северна Македонија за 2023 година.

Наградата ја доделува Македонското здружение на млади правници (МЗМП) во партнерство со УНХЦР – Агенцијата на ОН за бегалци и Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ).

Наградената сторија РСЕ ја објави на 8 февруари 2023 година под наслов „Украинските бегалци во Македонија: Живееме од денеска за утре“.

Преку приказните на три семејства кои поради руската инвазија избегале од Украина во Северна Македонија, сторијата ги раскажува патешествијата низ кои поминуваат украинските државјани соочени со војната, но и новиот живот и проблемите со кои се соочуваат во Скопје.

Втората награда од јавниот повик професионално известување за состојбата на бегалците и лицата без државјанство ја доби Симона Петровска за сторијата „Кога системот произведува жртви-Мемет Камбер замина во смртта без лична карта“ објавена на ТВ Телма.-медиум на објавување: ТВ Телма, а третата Урим Хасипи за приказната со наслов „Африм Бериша од Тетово дал мито за лични документи“ објавена на ТВ Коха Тетово.

Брисел одби да биде домаќин на натпреварот помеѓу Белгија и Израел

Натпревар помеѓу двете репрезентации што треба да се одржи во Брисел е во рамки на Лигата на нации
Натпревар помеѓу двете репрезентации што треба да се одржи во Брисел е во рамки на Лигата на нации

Одржувањето на претстојниот фудбалски натпревар меѓу репрезентациите на Белгија и Израел во Брисел би било невозможно од безбедносни причини поради протести, соопштија властите на белгиската престолнина на 19 јуни.

„По внимателна и детална анализа, мора да заклучиме дека најавата за ваков натпревар во нашиот главен град во овие особено тешки моменти несомнено ќе доведе до големи демонстрации и контра-демонстрации, загрозувајќи ја безбедноста на гледачите, играчите, жителите на Брисел и нашите полициски сили“, се вели во официјалното соопштение на градот.

Натпреварот меѓу Белгија и Израел е во рамки на Лигата на нации на УЕФА и е закажан за 6 септември 2024 година.

Војната на Израел во Газа предизвика глобални демонстрации, вклучително и во Белгија, каде пропалестинските активисти организираа протести и кампување на универзитетите. Од тие причини, некои универзитети делумно или целосно ги прекинаа врските со израелските институции, пишува Ројтерс.

Американски војник осуден на затвор во Русија

Блек се изјасни за невин, но призна дека ја удрил жената откако таа пијана го нападнала
Блек се изјасни за невин, но призна дека ја удрил жената откако таа пијана го нападнала

Наредник на американската армија, кој наводно ги прекршил воените прописи, доби затворска казна од три години и девет месеци затвор во Русија. Тој беше обвинет за наводен напад и закани, а пресудата ја изрече судот на Далечниот Исток на Русија.

Војникот, Гордон Блек (32), се изјасни за невин пред судот, но призна дека ја удрил жената, Александра Вашчук, откако, како што вели, таа пијана го нападнала и се обидела да го спречи да замине.

Руските обвинители бараа затворска казна од речиси пет години.

Исто така, во граѓанската постапка поврзана со овој случај, војникот треба да плати и околу 115 долари на Александра Вашчук.

Адвокатот на Блек рече дека неговиот клиент тврди оти е невин и најави жалба на пресудата.

Американските власти соопштија дека војникот Гордон Блек отпатувал во Русија преку Кина од Јужна Кореја, каде што бил распореден, но за тоа не ги известил своите претпоставени.

Во периодот кога беше уапсен Блек на почетокот на мај, руските власти соопштија дека во друг одделен случај привеле уште еден американски државјанин, идентификуван како Вилијам Расел Никум, под обвинение за „ситено хулиганство“ и алкохол.

Русија во своите затвори држи и други американски граѓани за кои Вашингтон смета дека се затворени неправедно или врз основа на сомнителни обвиненија.

Меѓу нив се и новинарката на РСЕ, Алсу Курмашева, новинарот на Вол Стрит Журнал, Еван Гершкович и поранешниот маринец Пол Вилан.

Руското Министерство за надворешни работи инсистира дека случаите на Блек и Никум не се политички.

Стејт департментот од септември лани упатува совети до Американците да избегнуваат патување во Русија.

Судскиот совет доби двајца нови членови додека се најавува негово распуштање

Исамедин Лимани и Александар Камбовски денеска дадоа свечени изјави пред претседателот на Собранието Африм Гаши, 19 јуни 2024 г.
Исамедин Лимани и Александар Камбовски денеска дадоа свечени изјави пред претседателот на Собранието Африм Гаши, 19 јуни 2024 г.

Судскиот совет од денеска (19 јуни) и официјално добива двајца нови членови откако пред претседателот на Собранието Африм Гаши дадоа свечени изјави.

Станува збор за судијата од редовите на Врховниот суд, Исамедин Лимани и Александар Камбовски од Апелацискиот суд во Битола.

Двајцата порачаа дека „никој не треба да се меша во судската власт“.

На прашање што мисли за распуштање на Советот, Камбовски рече дека нема што да мисли сега, бидејќи треба да се разгледаат новите предлози, а засега нив не ги знае.

„Секогаш е убаво судството да е независно. Тоа е една од властите во државата. Како што се независни другите власти, треба и судството да биде независно и само да решава за своите потреби“, рече Камбовски.

Ниту судијата Лимани не одговори дали смета дека Судскиот совет треба да се распушти, туку кажа дека доколку треба да се прават други реформи, Собранието е тоа кое може да го смени Уставот.

Распуштање и законска реформа на Судскиот совет е дел од ветувањата на ВМРО-ДПМНЕ од предизборната кампања. Партискиот лидер Христијан Мицкоски, кој вчера го поднесе предлогот за состав на новата влада, во досегашните негови јавни настапи реформата на ова судско тело ја посочуваше како еден од приоритетите на идната власт.

Двајцата нови членови на Судскиот совет, Лимани и Камбовски, беа избрани при непосредно гласање на 6 јуни. Лимани како судија од Врховен, доби седум гласа од неговите колеги од овој суд. За Камбовски, пак, гласаа 28 судии од судовите кои потпаѓаат под битолското апелационо подрачје.

Согласно Законот за Судски совет членовите на Советот од редот на судиите имаат мандат од шест години, со право на уште еден избор по истекот на најмалку шест години од престанокот на претходниот мандат.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG