Достапни линкови

Британија предупредува дека Русија цели на цивили


Човек поминува покрај изгорени автомобили на местото на ракетниот напад на железничка станица во Краматорск, Украина, 8 април 2022 година. РОЈТЕРС.
Човек поминува покрај изгорени автомобили на местото на ракетниот напад на железничка станица во Краматорск, Украина, 8 април 2022 година. РОЈТЕРС.

Украинските власти бараат додатна евакуација од Луганск, во источна Украина, оти се засилува бомбардирањето и се трупаат руски сили. Британското Министерство за одбрана соопшти дека руските сили целат на цивили, еден ден откако при напад на преполна железничка станица, според податоците на украинските сили, беа убиени најмалку 52 лица. Претседателот на Украина, Володимир Зеленски рече дека нападот претставува уште едно воено злосторство. Светските лидери го осудија нападот во Краматорск.

Британското Министерство за одбрана во саботата соопшти дека руските сили целат на цивили, еден ден откако во ракетен напад на железничка станица во Краматорск, преполна со жени, деца и стари лица, според податоците на украинските сили биле убиени најмалку 52 лица. Меѓу загинатите има пет деца, а десетици луѓе се тешко повредени.

Русија ја фокусираше својата офанзива, која вклучува крстосувачки ракети лансирани од нејзините поморски сили, во источниот регион Донбас, соопшти британското Министерство за одбрана на дневниот брифинг на 9 април.

На брифингот рекоа дека се очекува дека воздушните напади ќе се зголемат на југ и на исток бидејќи Русија се обидува да воспостави копнен мост меѓу Крим, кој Москва го анектираше во 2014 година, и Донбас, но украинските сили го спречуваат напредувањето.

Украинските власти велат дека бомбардирањето во источните региони е засилено во последните денови, откако пристигнале повеќе руски сили.

„Окупаторите продолжуваат да се подготвуваат за офанзива на истокот на нашата земја, како би се воспоставила целосна контрола над териториите Доњецк и Луганската област “, соопшти денеска Генералштабот на вооружените сили на Украина.

Луганск и Доњецк се региони кои се дел од источната област Донбас.


Во меѓувреме, украинскиот претседател Володимир Зеленски побара остар глобален одговор на Русија, откако нејзините сили истрелаа проектил на преполна железничка станица, при што загинаа најмалку 52 лица.

Во своето ноќно обраќање доцна на 8 април, Зеленски рече дека нападот на железничката станица во Краматорск, во источниот регион Доњецк, претставува уште едно воено злосторство. Од станицата 4.000 луѓе се обидувале да побегнат од претстојната руска офанзива на исток,

Регионалниот гувернер Павло Кириленко рече дека станицата била погодена со балистичка ракета со краток дострел која содржи касетна муниција, која експлодирала во воздух, распрскувајќи смртоносни бомби во поширокото подрачје.

Касетната муниција е забранета со конвенцијата од 2008 година, но Русија не е потписничка на таа конвенција. Русија и претходно негираше дека употребува таква муниција во Украина.

Западот го осуди нападот во Краматорск

САД, ЕУ и Велика Британија со осудија инцидентот кој се случи во истиот ден кога претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен го посети Киев за да покаже солидарност и да го забрза процесот на зачленување на Украина во ЕУ.

„Очекуваме цврст одговор на ова воено злосторство“, рече Зеленски во видео снимката објавена доцна синоќа.

Зеленски повика на енергетско ембарго и банирање на сите руски банки од глобалниот систем.

Инвазијата на Русија која трае повеќе од шест недели доведе до тоа повеќе од четири милиони луѓе да избегаат од земјата, илјадници луѓе се повредени или убиени, една четвртина од населението е без покрив над глава, а градовите се претворени во рушевини.

По ракетниот напад врз железничката станица во источна Украина
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:54 0:00

Русија негираше дека е одговорна за нападот

Руското Министерство за одбрана за новинската агенција РИА новости, соопшти дека само украинската војска користи такви ракети за кои се тврди дека ја погодиле железничката станица. Според руското Министерство, руските вооружени сили вчера немале цели во Краматорск.

Русија негира дека цели на цивили уште откако рускиот претседател Владимир Путин нареди инвазија на Украина на 24 февруари, нарекувајќи ја „специјална воена операција“ за демилитаризација и денацификација на јужниот сосед.
Украина и нејзините западни сојузници тоа го нарекуваат изговор за непровоцираната инавазија.

Кремљ вчера соопшти дека „специјалната операција“ би можела да се завшри во „догледна иднина“, а нејзините цели ќе бидат постигнати со работа на руската војска и мировните преговарачи.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг предупреди дека војната би можела да трае до месеци, па дури и со години.

Од регионот Луганск во источна Украина треба да се евакуираат повеќе луѓе оти во последните денови се засилува бомбардирањето, а пристигнуваат и повеќе руски сили, рече денеска гувернерот на Луганската област Серхиј Гаидаи.

Тој рече дека околу 30 отсто од жителите сè уште се остануваат во градовите и селата низ регионот и од нив е побарано да се евакуираат.

„Тие (Русија) собираат сили за офанзива и гледаме дека бројот на гранатирања е зголемен“, изјави Гаидаи за украинската телевизија.

Украина сè повеќе предупредува дека Русија планира засилени напади на истокот и југот на земјата, откако ќе ги повлече своите трупи од областите северно од главниот град Киев.

Соединетите Држави оваа недела соопштија дека Москва веројатно планира да распореди десетици илјади војници во источна Украина.

Потпретседателката на украинската влада Ирина Верешчук рече дека договориле 10 хуманитарни коридори за евакуација на луѓе од земјата, вклучително и евакуација на луѓе со приватен транспорт од опколениот град Мариупол. Досега пропаднаа бројни обиди да се договори сигурен коридор за евакуација од градот.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG