Достапни линкови

Украина стравува од нова посилна руска офанзива


Илустрација, Киев Украина
Илустрација, Киев Украина

Украина стравува од нова руска офанзива по силниот напад на Лвив и прераспределувањето на руските воени трупи на границата. Западните разузнавачки служби забележуваат напредок на руските сили во источниот дел на Украина.

Пожари се уште беснеат во магацините за нафта во Лвив, по синоќешните руски воздушни напади со што се забележа и најсилниот напад до сега врз овој западноукраински град од почетокот на руската инвазија врз Украина пред повеќе од еден месец.

Во меѓувреме, украинските власти предупредуваат дека се очекуваат руските воени стратези да донесат нови воени трупи со цел да го засилат нападот. Ова предупредувања доаѓа на само неколку дена откако украинската војска соопшти дека ги „притиснала “ руските трупи кои делумно се прераспеделија и кон областа Донбас.

Британското разузнавање соопшти дека рускиот напредок во источниот дел на земјата сугерира дека Москва се надева оти ќе ги опколи украинските сили кои се борат во и во близина на областите што ги држат сепаратистите поддржани од Русија во таканаречениот регион Донбас.

Локалните власти соопштија дека четири проектили ја го погодиле периферијата на Лвив, а при друг напад е оштетена инфраструктурата, при што биле повредени најмалку пет лица. Лвив стана градот во кој најдоа засолниште стотици илјади раселени Украинци, на околу 60 километри од полската граница.

Руското Министерство за одбрана денеска соопшти дека погодило воените цели во Лвив со високопрецизни крстосувачки ракети. Во соопштението е наведено дека ракетите погодиле магацин за гориво и фабрика која се користела за поправка на воена опрема.

„Вооружените сили на Руската Федерација продолжуваат со офанзивните дејствија како дел од специјалната воена операција“, се додава во соопштението.

Во него е употребен терминот „специјална воена операција“ наместо инвазија затоа што на тој термин инсистираат руските власти да се користи под закана со затворска или парична казна доколку се употреби во јавниот дискурс друг термин со цел опис на инвазијата што Москва ја започна против својот сосед на 24 февруари.

Додека траеше рускиот ракетен напад врз украинскиот Лвив, во соседна Полска американскиот претседател Џо Бајден беше во посета во знак на поддршка за украинските бранители и бегалци и да ја нагласи решеноста на НАТО да ја брани територијата на членките на Алијансата.

Бајден- Путин е „касап“

Бајден го нарече рускиот претседател Владимир Путин „касап“ и предупреди на „долга борба што претстои“.

„Побогу, овој човек не може да остане на власт“, рече Бајден, завршувајќи го својот говор.

Бајден- Светот да се подготви за „долга борба“

По говорот во Варшава, Белата Куќа објави соопштение во кое ја дообјасни неговата изјава дека таа не значи повик за промена на режимот во Русија.

Портпаролот на Кремљ Дмитиј Песков изјави дека Бајден не тој што одлучува за раководството на на Русија.

„Претседателот на Русија го избираат Русите“, додаде Песков.

Путин во изминатиов период наметна сериозно ограничување на критиките и слободата на говорот во Русија бидејќи инвазијата врз Украина наиде на жесток отпор, а меѓународната заедница наметна огромни финансиски, трговски, патни и дипломатски казни.

Украинските власти бараат помош во оружје од НАТО

Генералштабот на вооружените сили на Украина рано на 27 март соопшти дека руската „целосна вооружена агресија“ продолжува.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски го повика НАТО да и обезбеди на неговата земја „само еден процент“ од своето оружје и праша дали Алијансата е заплашена од Русија.

„Веќе чекаме 31 ден“, рече Зеленски во последното видео обраќање од Киев за текот на борбите во изминатиот ден.

Украина стравува од ново засилување на руската инвазија

Советникот на Министерството за внатрешни работи Вадим Данишенко денеска изјави дека дека мета на руските напади во изминативе денови се украинските објекти за складирање гориво и храна. Тој посочи дека Русија носи нови трупи на украинската граница за ротација, со што се очекува дека Москва би можела да планира нови офанзиви за да ја унапреди својата инвазија.

Британското Министерство за одбрана во проценката објавена рано на 27 март рече дека руските сили кои напредуваат на југ од областа Харков и на север од Мариупол се чини дека се обидуваат да ги опколат украинските бранители во источниот дел на земјата.

Некои делови од тој регион -- познат како Донбас -- се во рацете на сепаратистите поддржани од Русија од 2014 година, кога Русија го нападна и анектираше Крим, а вооружените сепаратисти ја презедоа контролата врз некои објекти на регионалната администрација.

Британската разузнавачка анализа вели дека украинските контранапади во северна Украина ги оставиле тие боишта „во голема мера статични“.

Во британскиот извештај се наведува дека Русија во голема мера се потпира на ракетите лансирани од руска територија за да го намали ризикот за сопствените сили. Британците предупредија дека ограничените залихи на такво оружје може да ги поттикнат руските планери „да се вратат на помалку софистицирани ракети или да [прифатат] поголем ризик за нивните авиони“.

Западното разузнавање предупреди дека руските сили се повеќе се потпираат на неселективно бомбардирање наместо на големи копнени операции, во промена што може да резултира со повеќе смртни случаи на украински цивили.

Напорите за евакуација на цивилното население продолжуваат, а украинските сили пријавија контраофанзиви за да ги потиснат руските трупи особено во некои јужни области.

Речиси 4 милиони Украинци ја напуштија земјата од почетокот на инвазијата на 24 февруари, околу половина од нив во Полска, а многу повеќе се раселени.

Украинската вицепремиерка Ирина Верешчук изјави дека повеќе од 5.200 луѓе биле успешно евакуирани од градовите под руска опсада во текот на вчерашниот ден.

Според неа 10 од 11 договорени хуманитарни коридори меѓу борбените страни вчера функционирале. Но, Верешчук додава дека автобусите биле блокирани на контролниот пункт во Василивка, спречувајќи цивилите во нивните сопствени автомобили да избегаат од разурнатиот град Мариупол, на југ, кон Запорожје. Коридорите исто така се наменети да дозволат транспорт на храна и други основни резерви во опколените градови.

Јуриј Фомичев, градоначалникот на Славутич, во близина на затворената нуклеарна централа Чернобил во северна Украина, вчера објави дека тој град бил окупиран од руските војници.

Во опколениот северен град Чернихив, локалните власти и жителите изразија стравување дека руската блокада и бомбардирањето од долги растојанија ризикува да ги направи „следниот Мариупол“.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG