Достапни линкови

Војната во Украина - се очекуваат интензивни градски борби?


Војници поддржани од Русија во униформи без ознаки во оклопно возило во опколениот украински пристанишен град Мариупол на 19 март.
Војници поддржани од Русија во униформи без ознаки во оклопно возило во опколениот украински пристанишен град Мариупол на 19 март.

Пензионираниот полковник на специјалните сили на САД, Лиам Колинс, објаснува како би можела да изгледа следната фаза од војната во Украина и зошто таа нема да заврши наскоро. Рид Стендиш

Руските напади врз градовите низ Украина оставија пустош, при што опколените градови како Мариупол и Харкив на истокот на земјата се разурнати од артилериски и ракетни напади.

Украинските сили почнаа со контранапади на некои места низ земјата, запирајќи ги руските сили и водејќи ја Москва сè повеќе да се врти кон бомбардирање на градовите од далеку. Оваа фаза од месечната војна остави многу луѓе без храна, струја и вода и предизвика широко уништување на цивилните области.

Но, со украинскиот отпор и со руските сили кои се соочуваат со проблеми со снабдувањето и логистиката, војната би можела да прерасне во градско војување кое може да траат долго.

За подобро да разбере како може да изгледа оваа следна фаза од војната, РСЕ разговараше со пензионираниот полковник на специјалните сили на САД, Лиам Колинс, извршен директор на Политичкиот форум Медисон, кој исто така го советуваше украинското Министерство за одбрана за воените реформи.

РСЕ: До овој момент, се чини јасно дека Русија нема да може да ги постигне своите првични цели за Украина. Се соочува со големи проблеми со снабдувањето и логистиката и не постигна голем напредок во последно време и наместо тоа се префрла на опсада на градови и на сè побрутални тактики. Украинските сили продолжуваат да пружаат отпор и да им нанесуваат штета на Русите. Дали оваа војна влегува во ќор-сокак?

Лиам Колинс: Мислам дека ова е нешто што наликува на ќор-сокак, па тоа е веројатно вистинскиот термин за тоа. Сепак, ќе видите мали напредоци, а потоа и украински контранапади. Но, мислам дека, во најголем дел, она што го видовме во последните неколку недели е она што ќе го видиме и во иднина, односно Русија надвор од градовите - во релативно безбедни позиции - а потоа силни артилериски напади врз градовите.

Војната во Украина во критична фаза
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:12 0:00

РСЕ: Украинските власти тврдат дека на руските сили им снемало храна и муниција, а според еден извештај, може да останат без нив во следните денови. Дали ви звучат вистинити овие извештаи и што значат овие проблеми оперативно за руската војска во Украина?

Колинс: Без сомнение, Русите имаат помали резерви отколку што очекуваа. Јасно е дека со нивниот првичен напад тие мислеа дека ова ќе биде операција со краток рок. Русите немаат силен логистички систем како што имаат многу западни армии. Значи, несомнено е дека сега ќе бидат напнати.

Така, тоа ќе има ефект и ќе ги спречи да прават големи напади и затоа тие седат на периферијата и само користат артилерија.

РСЕ: Како ја гледате моменталната состојба? Се чини дека руските сили се прилично заглавени околу Киев, а Мариупол и Харкив се под интензивно бомбардирање. Дали се префрламе на градско војување и, ако е така, како тоа го менува лицето на оваа војна?

Лиам Колинс
Лиам Колинс



Колинс: Штом Русија ќе почне да влегува во градовите, ќе видите дека работите се менуваат бидејќи кога седат однадвор, тие се на релативно безбедни позиции и само користат артилериски бомбардирања и ракети. Кога тие всушност треба да влезат во градот...тие не само што ќе се изложени на украинските вооружени сили, туку ќе бидат изложени и на десетици илјади доброволци кои ќе бидат во градот, борејќи се против руските елементи.

Така, Русија навистина не сака да влезе во украинските градови, но тие ќе бидат принудени и ќе претрпат големи загуби во текот на нивното движење во градовите. Ќе биде тешка урбана борба.

РСЕ: Видовме различни бројки од украинските и западните официјални лица за убиени руски војници, а Москва само еднаш откри дека има жртви. Исто така, не видовме редовни бројки за жртви на украинската страна. Колку се точни овие различни бројки и дали постои шанса овие слепи точки да го искриват нашето разбирање за тоа како се развива војната?

Колинс: Ниту една страна не сака да биде отворена за нивните загуби затоа што тоа му помага на непријателот во однос на тоа каков ефект има или нема врз нив. Значи, обично, во војна, ќе сакате да не ги пријавите своите загуби и да ги претерувате загубите на непријателот.

Тешко е да се добие точна слика во однос на загубите.

Но, кога се обидувате да го погледнете вистинското одвивање на борбата и каде таа напредува, мислам дека е поважно да се фокусирате врз она што е активност или неактивност и тоа ви дава чувство за насоката, и се чини дека сме во тој ќор-сокак каде што се обидуваме да откриеме што ќе се случи следно.

Опожарени згради во Мариупол
Опожарени згради во Мариупол


РСЕ: Го советувавте украинското Министерство за одбрана за неговите реформи по почетната инвазија на Русија во 2014 година. Колку се клучни реформите што ги спроведе украинската војска за успехот на бојното поле?

Колинс: Без сомнение тие реформи беа критични. Во 2014 година, тоа беше навистина изнемоштена војска што Украина ја имаше со навистина ниска борбена способност. Беа преземени значителни реформи за време на борбите на истокот во Донбас - од командата и контролата до планирањето на операциите.

Дополнително, им помогнаа некои западни способности, како што се противтенковски ракетни оружја Javelin и непосредно пред почетокот на конфликтот, ракетите Stinger.

РСЕ: Дали има нешто -- без разлика дали се работи за стратегија, типови на оружје или тактики -- што би можело да ги промени работите на терен и да го скрши овој ќор-сокак за кој разговаравме?

Колинс: Војните секогаш траат многу подолго отколку што предвидува која било страна. Тоа е вообичаен наратив на војната. Ако било која страна го знаеше исходот, веројатно немаше да војува. Очигледно, Украина немаше избор.

Припадници на украинската војска тренираат со инструктори на американската армија во близина на Лвов на 4 февруари.
Припадници на украинската војска тренираат со инструктори на американската армија во близина на Лвов на 4 февруари.

Ќе треба многу време и големи загуби за да се натера едната страна да капитулира. Значи, нема опција за рускиот претседател Владимир Путин - за авторитарен владател како него -- да се повлече со загуба во овој момент.

А Украинците нема да капитулираат. Тие нема да се откажат од својата суверена нација и да станат руски сателит и затоа мислам дека тоа само ќе се одолговлекува. Мислам дека нема нешто брзо што може да ѝ стави крај на оваа војна и затоа би очекувал тоа да биде долг процес.


РСЕ: Од воена гледна точка, има ли нешто за тоа како се одвиваше оваа војна досега што ве изненади?

Колинс: Мислам дека најголемото изненадување за мене беше неможноста на Русија да користи информациски операции, електронско војување и сајбер војна. Тоа навистина се очекуваше врз основа на она што тие го направија во 2014 година и она што го направија во Грузија во 2008 година, но тие едноставно не се покажаа во однос на тие способности.

Во однос на тактичката борба, таа доста напредуваше како што очекував. Мислам дека Javelins и другите противтенковски ракети беа многу ефикасни во отстранувањето на рускиот оклоп. Русија може да постигне одредено ниво на воздушна супериорност, но не може да постигне воздушна доминација сè додека Украина има значителна противвоздушна способност што ја обезбеди Западот и што ја попречува способноста на Русија да лета.

Украинските војници лансираат проектили Џавелин за време на воените вежби во регионот Доњецк, 23 декември 2021 година.
Украинските војници лансираат проектили Џавелин за време на воените вежби во регионот Доњецк, 23 декември 2021 година.


РСЕ: Има ли одредена причина зошто мислите дека тие информации, електронски и сајбер-војни способности сè уште не се појавиле?

Колинс:
Мислам, првично, можеби Путин не ги употреби тие затоа што мислеше дека Украина веднаш ќе капитулира и Русија може да испрати тенкови во центарот на Киев, а потоа Зеленски ќе падне и Украина ќе ги пречека руските сили со отворени раце, но тоа очигледно не се случи.

Но, мислам дека информативните операции очигледно не функционираат. Мислам дека дел од тоа е што научивме [од минатите примери] и навлегуваме во некои од [руските] игри, но мислам дека тоа е само нивната електронска војна и сајбер [способностите] веројатно едноставно не се она што мислевме дека се.

РСЕ: Во воената заедница на САД, дали мислите дека ова го промени начинот на кој се перципира руската војска?

Колинс: Да, но [по оваа војна] веројатно ќе ги потцениме нивните способности. Во 2014 година, сите видоа што направија за да го заземат Крим без да испукаат ниту еден истрел, [што беше] прилично импресивно од стратешка и оперативна перспектива. Мислам дека сега луѓето нема да ги почитуваат доволно за тоа какви се нивните способности. Но премногу е рано да се даваат такви проценки.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG