Достапни линкови

Вести

Зеленски до НАТО - На Украина и е потребна неограничена воена помош

Украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска ги запраша членките на НАТО, дали се уверени дека членот 5 од Северноатлантскиот договор ќе функционира ако Русија го нападне НАТО.

Во членот 5 од Договорот се наведува дека напад на една земја членка на НАТО е напад на целиот сојуз. Тој повика Алијансата да не и кажува на Украина дека нејзината војска не ги исполнува НАТО стандардите.

„Единствено нешто што барам од вас после овој месец војна е никогаш да не ни кажете дека нашата војска не ги исполнува стандардите на НАТО, рече Зеленски.

На Украина и треба неограничена воена помош, вели Зеленски, за да може да ги спаси своите луѓе и градови. Тој им се заблагодари на членките на НАТО на одбранбената опрема која со сега и ја пружаат на Украина, но апелираше да им се даде офанзивно оружје.

„Можете да ни дадете еден отсто од сите ваши авиони. Еден отсто од вашите текови. Еден отсто“, рече Зеленски. Зеленски денеска видео им се обрати на лидерите на земјите од НАТО на состанокот во Брисел.

види ги сите денешни вести

Временска прогноза – сончево, со температура до 30 степени

Центарот на Скопје.

Денеска не очекува сончево време со мала, а претежно во северните делови со умерена облачност. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец.

Максималната температура ќе биде во интервал од 23 до 30 степени.
Во Скопје сончево со умерена облачност и со умерен до засилен северен ветер. Максималната температура ќе достигне 27 степени.

Од Управата на хидрометеоролошки работи (УХМР) известуваат дека ќе продолжи периодот на претежно сончево и релативно топло време со свежи утра и со повремена умерена облачност.

„Денеска и во понеделник ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец. Во четврток и петок ќе има делумно зголемување на облачноста и услови за краткотраен локален дожд“, информираат од УХМР.

Борел во посета на Одеса, руските напади ги нарече варварски

Шефот за надворешна политика на Европската унија (ЕУ), Жозеп Борел.

Шефот за надворешна политика на Европската унија (ЕУ), Жозеп Борел, на 30 септември го посети украинскиот пристанишен град Одеса на Црното Море. Тој жали што овој град е во фокусот на вестите, не поради неговата убавина и историско значење, туку затоа што е цел на руски напади со ракети и дронови.

„Одеса е прекрасен историски град. Би требало да биде на насловните страници поради неговата енергична култура и дух. Наместо тоа, во вестите е поради тоа што е честа цел на војната на Путин“, сподели Борел на платформата X, поранешен Твитер.

„Бев сведок на последиците од оваа војна, како Украина и Одеса плаќаат висока цена за тоа“, рече тој во видеото објавено на X.

„Ова е добар пример за тоа како Русија се обидува да ја уништи Украина“, додаде тој, посочувајќи на оштетените ѕидови внатре во катедралата „Преображение Господово“.

Додека ја обиколуваше катедралата, Борел го нарече рускиот напад врз градот „варварски“.

Стариот кварт на Одеса и историската катедрала „Преображение Господово“ беа тешко оштетени од руското бомбардирање во јули.

Пристанишната инфраструктура, која е клучна за извозот на жито во Украина, исто така е погодена во неодамнешните напади.

Борел истакна дека помина една година од руската нелегална анексија на регионите Доњецк, Луганск, Запорожје и Керсон. Тој ја спомена и нелегалната анексија на Крим во 2014 година.

Највисокиот дипломат на ЕУ вети дека Европа нема да ја напушти Украина во нејзината жестока војна за повторно да ги заземе тие области, велејќи дека е потребна дополнителна воена, економска, политичка и дипломатска поддршка.

Тој, исто така, рече дека неговата посета на Одеса имала за цел да истакне како ЕУ ја поддржува Украина на повеќе начини со надеж за „праведен мир кој ги зачувува територијалниот интегритет и независноста на Украина“.

Патувањето на Борел не беше однапред најавено од безбедносни причини. Не беа соопштени детали што друго имало на неговата агенда.

Вучиќ - Србија нема да испрати војници во Косово

Српскиот претседател Александар Вучиќ за време на интервју за Ројтерс во Белград, Србија, 28 септември 2023 година.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ на 30 септември изјави дека нема намера да и нареди на армијата да ја премине границата со Косово. Тој вели дека ќе ги повлече српските сили од тоа подрачје, нагласувајќи дека е лага оти Србија испраќа војска на границата.

Тој посочи дека ескалацијата на конфликтот би била контрапродуктивна кога станува збор за желбата на Србија да стане членка на Европската унија и нагласи дека предупредувањата на Вашингтон се непропорционални, бидејќи бројот на српските сили на теренот се намалува.

„Минатата година имавме 14.000 луѓе во близина на административната линија, денес имаме 7.500 и тоа ќе го намалиме на 4.000“, изјави Вучиќ за „Фајненшл тајмс“.

Тој рече дека Србија не сака конфликт.

„Зошто ова би било корисно за Белград? Која би била идејата? Да ја уништиме нашата позиција што ја градевме една година? Да ја уништиме за еден ден? Србија не сака војна. Србија нема да има корист од ова, бидејќи тоа би ја загрозило нејзината позиција во преговорите со Приштина под покровителство на ЕУ“, рече Вучиќ.

Распоредувањето на српските војници долж границата со Косово доаѓа по нападот врз косовската полиција на 24 септември во селото Бањска во северната општина Звечан. Косово ја обвини Србија за овој напад, но Белград негира каква било поврзаност.

На 24 септември косовската полиција била нападната од група маскирани и вооружени лица, откако се обидела да отстрани барикада од два камиони поставени во правец на селото Бањска.

Тогаш беше убиен полицаецот Африм Буњаку, а неколкумина беа повредени.

Потоа, во размената на оган полицијата убила тројца напаѓачи од српска националност, а шестмина од нив биле уапсени. Ден подоцна, на 25 септември, во Бањска беа уапсени уште двајца.

Од 2013 година Приштина и Белград водат дијалог за нормализација на односите, со посредство на Брисел.

Нормализацијата е клучна за напредокот на двете земји кон членството во Европската унија.

РСЕ забележа движење на воен конвој на југот на Србија

Возила на српската армија забележани на југот на Србија, 30 септември 2023 година.

Радио Слободна Европа денеска воочи движење на воен конвој на југот на Србија, од правец на Врање кон Ниш, кај местото Предејане, откако Вашингтон и Брисел изразија загриженост поради распоредувањето на српски сили долж границата со Косово.

Предејане се наоѓа на 300 километри јужно од Белград и на околу 100 километри од најблискиот граничен премин меѓу Србија и Косово, Мердаре.

Конвојот со возила на Војската на Србија, како што забележа репортерот на РСЕ, околу пладне се движел од југ кон север.

Српската војска ги распореди своите сили долж границата со Косово по нападот врз косовската полиција на 24 септември во селото Бањска во Звечан. Косово ја обвини Србија за овој напад, а Белград негира поврзаност.

Пораки од САД и ЕУ

Загриженост поради распоредувањето српски трупи во близина на границата со Косово изразија САД и ЕУ.

Координаторот за стратешки комуникации во Советот за национална безбедност на Соединетите Американски Држави (САД) Џон Кирби вчера рече дека Вашингтон е загрижен за „големото распоредување“ на српски војници долж границата со Косово.

Ден подоцна, шефот на европската дипломатија Жозеп Борел истакна дека ЕУ е многу загрижена поради засилувањето на военото присуство на Србија кон границата и рече дека тоа е „загрижувачко и мора да запре“.

Каков е одговорот на Белград?

Србија тврди дека не го подигнала нивото на борбена готовност. Претседателот Александар Вучиќ вчера рече дека тоа е невистина, зашто, како што рече, не потпишал такво нешто.

По нападот врз косовската полиција на 24 септември во Бањска кај Звечан, Војската на Србија на 27 септември соопшти дека министерот за одбрана Милош Вучичевиќ ги посетил единиците на војската „во реонот на нивно распоредување“, но не прецизираше во кој дел на Србија.

Српската војска распореди свои војници долж границата со Косово, по нападот врз косовската полиција на 24 септември во Бањска, во оштина Звечан, на северот на Косово.

Возило на српската војска на патот од Врање кон Ниш, 23 септември, 2023.
Возило на српската војска на патот од Врање кон Ниш, 23 септември, 2023.

Косово за овој напад ја обвини Србија, која негира каква било поврзаност и најавува истрага против еден од водечките лидери на косовските Срби, Милан Радоичиќ. Тој, пак од Белград, презеде целосната одговорност за нападот, соопшти неговиот адвокат.

РСЕ испрати прашања до Министерството за одбрана во Владата на Србија, за предупредувањата на Вашингтон, како и врз која основа војската се групира околу границата, ако, како што рече српскиот претседател Александар Вучиќ, тој не го потпишал подигањето на борбената готовност.

Нема одговорот од Министерството до објавувањето на текстот.

Спасовски против „амнестијата“ - нема да го реши проблемот со пренатрупани затвори

Затворот Идризово

Непотребно е донесувањето на законот за амнестија, изјави на 30 септември министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Тој смета дека неговата примена нема да ја промени состојбата со пренатрупаноста во затворите.

Владата на 26 септември го усвои Предлог законот за амнестија.
Министерството за правда, кое го подготви Предлогот, соопшти дека со законот се очекува да бидат целосно ослободени од затворска казна 286 осуденици, а делумно амнестирани 996. Во моментов 2114 осуденици издржуваат затворска казна, а 2813 чекаат да влезат во затвор.

ИНФОГРАФИКА - Колку осуденици ќе се офајдат ако се усвои предложениот Закон за амнестија
ИНФОГРАФИКА - Колку осуденици ќе се офајдат ако се усвои предложениот Закон за амнестија


Министерот за внатрешни работи Оливер Сапсовски изјави дека сега не е соодветно време за носење на закон за амнестија, ниту пак со него ќе бидат опфатени повеќе луѓе и на тој начин нема да помогне многу.

„Но, сега тоа е работа на Собранието. Нема да имаме никакви ефекти во однос на носењето на законското решение. Нема да допринесе значително да ослободат места или да се намали притисокот на казнено-управните установи. Јас мислам дека треба државата стратешки да размислува во зголемувањето на капацитетите на затворските институции“, изјави министерот Спасовски, кој денеска беше во тренинг центарот во Идризово.

Идризово е најголемиот затвор во земјава и се наоѓа во близина на Скопје.

Министерот вели дека амнестираните многу често по излегувањето од затвор ги повторуваат делата.

Предлог законот за амнестија го предложи Министерството за правда, поради потреба од ресоцијализација на определен број осудени лица, пренатрупаност на затворите и лоши услови за престој во нив.

Ако се донесе овој законот, тоа ќе биде шести закон за амнестија во државава од осамостојувањето.

Радоичиќ дал исказ во српската полиција во својство на граѓанин

Поранешниот потпретседател на Српска листа, Милан Радоичиќ

Поранешниот потпретседател на Српска листа, Милан Радоичиќ, одговори на поканата на државните органи на Србија за настанот во селото Бањска во северниот дел од Косово и како граѓанин даде изјава за околностите на трагичниот настан во Бањска на 24 септември годинава. Тоа денеска го соопшти српското МВР.

За наведеното, како што се додава во соопштението, во форма на записник ќе биде известено Вишото јавно обвинителство Белград, кое ќе преземе натамошни процесни мерки и дејствија од негова надлежност.

Поранешниот потпретседател на Српска листа, Милан Радоичиќ, кој во петокот поднесе оставка од таа функција, преку изјава што ја пренесе неговиот адвокат потврди дека бил со група Срби од Косово, кои се судрија со косовската полиција во близина на Бањска и дека тој стои зад логистиката, како и дека официјален Белград не бил информиран за тој план.

Неговиот адвокат Горан Петронијевиќ рече дека смета оти нема простор за водење каква било постапка против Радоичиќ и другите Срби и дека нема „апсолутно никаква одговорност“ на нивна страна.

Во судирот меѓу косовски Срби и косовската полиција во неделата на 24 септември во селото Бањска загина полицаец Албанец и најмалку тројца Срби, а неколкумина беа уапсени.

Косово соопшти дека ќе бара екстрадиција на Радоичиќ.

Зеленски најави Алијанса за одбранбени индустрии за зајакнување на военото производство

Украинскиот претседател Володимир Зеленски

Украинскиот претседател Володимир Зеленски најави создавање на Алијанса за одбранбени индустрии за производство на оружје во неговата земја и ја нагласи својата посветеност за развој на модерна одбранбена индустрија, додека трае тековната инвазија од Русија.

Зеленски го објави ова на Форум за одбранбени индустрии во Киев, на кој, како што рече, има претставници од индустријата од САД, Велика Британија, Франција, Германија, Турција, Шведска и Чешка.

„Ние развивме соодветна основна декларација како основа на Алијансата, на која може да и се приклучат производители на оружје и воена опрема ширум светот кои ја делат нашата намера да обезбедиме заштита од агресија во ризичните услови на денешницата“, им рече Зеленски на присутните на 30 септември.

Настанот во Киев уследи по ненајавените посети на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг и министрите за одбрана на Велика Британија, Франција и Словачка.

Тековната целосна инвазија на Русија на Украина наиде на жесток украински отпор. Украина, пак, добива поддршка во оружје од НАТО и други држави кои го поддржуваат незиниот суверенитет и територијален интегритет.

„Наш приоритет е развој на одбранбеното производство со користење на современи технологии, вклучително и производство на гранати, ракети и беспилотни летала во Украина, во соработка со светските лидери во оваа област“, објави Зеленски на социјалните мрежи.

Тој додаде дека неговата земја е „подготвена да им понуди посебни услови на компаниите кои сакаат да го развиваат одбранбеното производство заедно со нашата земја“.

Зеленски рече дека декларацијата е веќе потпишана од 13 компании „кои се подготвени да изградат нов арсенал за одбрана заедно со Украина“.

Столтенберг од НАТО, британскиот министер за одбрана Грант Шапс и францускиот министер за одбрана Себастиен Лекорну пристигнаа во Киев во ненајавени посети пред форумот.

Ховениер - Една или повеќе структури стојат зад нападот во северно Косово

Амбасадорот на САД во Приштина Џефри Ховениер

Амбасадорот на САД во Приштина Џефри Ховениер денеска изјави дека една или повеќе структури стојат зад вооружениот напад врз косовската полиција минатата недела на северот на земјата, кога беше убиен полицаец.

На прашањето на Би-Би-Си дали Србија стои зад нападот, Ховение рече дека количината и квалитетот на оружјето пронајдено во Бањска покажува дека „напаѓачите, етничките Срби не го обезбедиле самите“, јавија косовски медиуми, пренесе Бета.

„Сега, знаеме и дека лице кое беше потпретседател на една од српските партии на Косово, за кое се знае дека учествувало на настани со високи српски функционери, преку својот адвокат објавил дека тој е организатор на овој настан“, изјави Ховениер.


Сега поранешниот потпретседател на Српската листа, Милан Радоичиќ вчера ја презеде одговорноста за нападите врз косовската полиција во звечанското село Бањска на 24 септември и поднесе оставка од функцијата во партијата.

„Сè уште работиме да откриеме кој точно е одговорен. Но, сега знаеме повеќе за тоа и сме загрижени за тоа што се случило“, додаде Ховениер.

На 24 септември во неделата група униформирани и вооружени напаѓачи во косовското село Бањска убија косовски полицаец, по што потоа косовската полиција ликвидираше тројца напаѓачи, а неколку од нив беа и уапсени.

Додик реизбран за партиски лидер на СНСД

На партискиот собор во Добој, прорускиот претседател на ентитетот Република Српска Милорад Додик им се заблагодари на сите делегати кои му дадоа поддршка

Милорад Додик денеска беше реизбран за претседател на Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД) со поддршка од 937 делегати кои избираа лидер на партијата.

На партискиот собор во Добој, прорускиот претседател на ентитетот Република Српска им се заблагодари на сите делегати кои му дадоа поддршка, со порака дека му дале сила да продолжи да се бори за Република Српска.

„Ние се бориме за слободата на српскиот народ. Уставот на Босна и Херцеговина зборува за правото на народите кои живеат во неа, а ние се залагаме за тоа“, рече Додик во своето обраќање пред СНСД по завршувањето на гласањето.

Тој повтори дека Босна и Херцеговина е наметната и принудена заедница и дека во некој нареден период може да има можност да се предложи договор за мирно раздвојување меѓу Република Српска и Федерацијата Босна и Херцеговина.

Додик е под санкции од САД и Велика Британија, зашто се смета за пречка за Дејтонскиот мировен договор.

Пендаровски – Војниците на НАТО во Косово се гаранција дека кризата нема да се прелее во регионот

Претседателот Стево Пендаровски

Присуството на пет илјади војници на НАТО во Косово е гаранција дека кризата нема да се прелее во регионот. Добро е што Македонија, Црна Гора и Албанија се членки на НАТО, така што може да се спречи директна конфронтација на косовската и српската армија, изјави претседателот на државата Стево Пендаровски во интервју за Македонското радио.

„Ако немаше пет илјади војници на НАТО при последните проблеми, конфликти и тензии на Северно Косово, а и претходно имаше такви ситуации, без НАТО трупите таму конфликтот ќе се прелееше и ќе имаше прво, директна конфронтација меѓу српската и косовската армија и полиција и после тоа и околината ќе беше зафатена“, рече Пендаровски.

На 24 септември во неделата група униформирани и вооружени напаѓачи во косовското село Бањска убија косовски полицаец, по што потоа косовската полиција ликвидираше тројца напаѓачи, а неколку од нив беа и уапсени.

На прашањето дали ќе се кандидира за втор мандат, Пендаровски вели дека тоа ќе зависи од позитивната оценка на граѓаните за неговиот досегашен ангажман како Врховен командант на вооружените сили и претседател на државава.

„Моето натамошно ангажирање во политиката ќе зависи само од една работа. Не дали јас имам мерак да бидам на оваа позиција или на некоја друга, туку само од тоа дали мојот досегашен мандат и здравје боже до година целиот истеран мандат од пет години ќе биде позитивно оценет од граѓаните. Ако граѓаните немаат позитивно мислење пристојни бројки проценти за ова што го правам изминативе четири и пол – пет години, тогаш секако нема да ме гледате во политиката, додаде Пендаровски во интервјуто за Македонското радио.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG