Достапни линкови

Вести

Русија тврди дека отворила хуманитарни коридори од неколку украински градови

Украински полицаец им помага на луѓето да го напуштат Ирпин, 7.3.2022

Русија на 8 март соопшти дека отворила хуманитарни коридори за да им овозможи на цивилите да се евакуираат од неколку украински градови ,меѓу кои и главниот град Киев. Во меѓувреме останува украинскиот скептицизам по сличните ветувања на Москва кои предвидуваа само евакуација кон Русија и нејзиниот близок сојузник Белорусија.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека коридорите се отворени денеска од 10 часот по московско време од Чернихив, Суми, Харкив и опколеното црноморско пристаниште Мариупол, каде што се проценува дека 200 000 луѓе, речиси половина од населението, се надева дека ќе побегнe.

Суми, кој се наоѓа во близина на руската граница, а на околу 350 километри источно од Киев, е подложен на интензивно руско бомбардирање. Најмалку девет лица, меѓу кои две деца, загинаа во воздушен напад врз градот, соопштија украинските спасувачки служби на 8 март.

Русија прогласи „режим на молк“ за хуманитарните коридори, соопшти Министерството за одбрана, а пренесе агенцијата Интерфакс. Украинската вицепремиерка Ирина Верешчук на 8 март потврди дека договорот со Русија за отворање на хуманитарен коридор ќе им овозможи на цивилите да почнат да го напуштаат опколениот североисточен украински град Суми.

„Договорено е првиот конвој да започне во 10 часот од градот Суми. Конвојот ќе го следи локалното население со сопствени возила“, рече Верешчук во телевизиска изјава.

Рутите и крајните дестинации на коридорите засега не се јасни. Најавите следуваат по завршувањето на третата рунда разговори меѓу двете страни која се одржа вчера, на 7 март, а по која висок украински функционер изјави дека има мал напредок кон воспоставување безбедни коридори.

види ги сите денешни вести

Зеленски вети реципрочни права за Полјаците во Украина

Украинскиот претседател Володимир Зеленски

Полските граѓани во Украина ќе ги добијат истите права што во моментов ги добиваат украинските бегалци во Полска, изјави денеска украинскиот претседател Володимир Зеленски за време на посетата на Киев на неговиот полски колега Анджеј Дуда.

Полска им даде право да живеат, да работат и да бараат исплати за социјално осигурување на над 3 милиони украински бегалци кои бегаат од руската инвазија на Украина.

Претходно во неделата, пратеник на украинската владејачка партија рече дека Зеленски најавил поднесување на предлог-закон за давање на полските граѓани „специјален правен статус“ во Украина.

На Украина ќе и требаат 15 до 20 години за влез во ЕУ, тврди Франција

General Affairs meeting in Luxembourg

Францускиот за министер за Европа, Клемент Бон изјави дека за секој обид за пристапување на Украина во Европската унија ќе бидат потребни најмалку 15 до 20 години за да се заврши, што ги намалува надежите на украинскиот претседател Володимир Зеленски за брз влез во блокот.

„Мораме да бидеме искрени. Ако кажете дека Украина ќе влезе во ЕУ за шест месеци или година или две, се лажете. Веројатно е за 15 или 20 години, потребно е многу време. Не сакам да им понудам на Украинците никакви илузии или лаги“, рече Бон.

Коментарите дојдоа откако францускиот претседател Емануел Макрон предложи Украина да биде поканета да се приклучи на некоја форма на „поврзана“ политичка заедница со ЕУ.

„Не ни требаат такви компромиси. Бидејќи, верувајте ми, тоа нема да биде компромис со Украина во Европа. Тоа ќе биде уште еден компромис меѓу Европа и Русија“, рече Зеленски во Киев за време на денешната заедничка прес-конференција со португалскиот премиер Антонио Коста.

Полскиот претседател Анджеј Дуда кој денеска го посети Киев упати силна поддршка за обидот на Украина да се приклучи на ЕУ наспроти противењето на некои други членки на блокот.

Продолжена воената состојба во Украина за 90 дена

Напад на зграда во Украина. Илустрација.

Украинскиот парламент ја продолжи воената состојба за уште 90 дена додека земјата продолжува да се бори против неиспровоцираната инвазија на руските сили. Врховната Рада денеска соопшти дека одлуката за продолжување на воената состојба најмалку до 23 август е донесена на барање на претседателот Володимир Зеленски.

Зеленски го поднесе предлог-законот до парламентот на 18 мај, барајќи продолжување на воената состојба, која првпат беше воведена на 24 февруари по почетокот на конфликтот.

„Воведуваме воена состојба низ нашата земја“, рече тогаш Зеленски, апелирајќи до граѓаните „да останат дома“ среде воените дејства и да продолжат „без паника“.

По неуспехот да го освои главниот град Киев или другите големи градови на северот и западот на земјата, Русија го насочи својот фокус кон источните и јужните региони на Украина со цел да ги поврзе тие области со Крим кој незаконски го анектираше во 2014 година и областите поддржани од сепаратистите поддржани од Кремљ на исток.

Дуда ја повика Украина да не попушта на „барањата“ на Путин

Полскиот претседател Анджеј Дуда во својот говор пред Врховната Рада.

Полскиот претседател Анджеј Дуда кој денеска е во ненадејна посета на Киев во својот говор пред Врховната Рада ја повика Украина да не попушта на „барањата“ на рускиот претседател Владимир Путин.

„Само Украина има право да одлучува за својата иднина“, им рече тој на пратениците.

Тој додаде дека предавањето на која било украинска територија ќе биде удар за целиот Запад и ја повтори цврстата поддршка на Полска за членството на Украина во Европската унија.

Дуда е првиот шеф на држава што се обрати пред украинскиот парламент откако Русија ја нападна Украина на 24 февруари. Во април, Дуда го посети Киев и одржа разговори со украинскиот претседател Володимир Зеленски како дел од делегацијата со претседателите на Литванија, Латвија и Естонија.

Зеленски вчера го отфрли предлогот на францускиот претседател Емануел Макрон Украина да биде поканета да се приклучи на некоја форма на „поврзана“ политичка заедница со ЕУ.

Хил: Патот за Србија е Западот и ЕУ

Амбасадорот на САД во Србија, Кристофер Хил

Амбасадорот на САД во Србија, Кристофер Хил пред утрешната средба со српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека за земјата има само еден пат.

„За разлика од минатото, кога во Србија се мислеше дека постои трет пат, дека Србија не е ниту на исток ниту на запад, дека е посебна и оди по својот пат, сега мнозинството во Србија смета дека постои прав пат и погрешен пат и сака да го избере тој вистински пат. Мислам дека има само еден пат за Србија, а тоа е Западот, тоа е Европската Унија“, изјави амбасадорот Хил во интервју за Политика.

Според него, граѓаните на Србија „одлучиле нивната иднина да е на Запад, а не на некој недефиниран Исток“. Тоа, како што рече, го кажува врз основа на она што секојдневно го слуша од луѓето, но и врз основа на изјавите на Вучиќ.

Хил оценува дека Украина и Косово се „многу различни ситуации“. Тој притоа повика да не се поврзува она што се случи на Косово во 1999 година со она што се случува во Украина денеска. Хил притоа изрази разочарување што „проблемот на Косово сè уште постои“ и дека „Србија и Косово се соседни земји кои треба да решат многу проблеми“. Според него, вистинскиот начин е дијалогот преку ЕУ и преговорите во Брисел.

„Сите елементи мора да бидат на преговарачка маса и не можете да кажете за ова сакам да зборувам, а не сакам за ова. Обесхрабрен сум кога го гледам ова“, истакна Хил.

Во однос на воведувањето санкции против Русија, тој рече дека Србија треба да одлучи дали односите со Русија и донеле добро и дали тие добро им служат на српските интереси.

Бајден: Сите треба да бидеме загрижени за мајмунските сипаници

Американскиот претседател Џо Бајден

Американскиот претседател Џо Бајден рече дека „сите треба да бидат загрижени“ за глобалната појава на мајмунски сипаници во услови кога повеќе земји пријавија случаи на вирусот.

„Напорно работиме на тоа да сфатиме што да правиме“, им рече денеска Бајден на новинарите додека се подготвувал да замине од Јужна Кореја за Јапонија.

Во меѓувреме Израел и Грција ги пријавија првите сомнителни случаи на болеста.

Светската здравствена организација идентификуваше околу 80 случаи на мајмунски сипаници на глобално ниво и уште 50 сомнителни случаи. Високо заразната болест, поврзана со сипаници, претходно беше забележана само во централна и западна Африка. Но, во последните денови, случаи се пријавени во Велика Британија, Шпанија, Португалија, Италија, САД, Шведска, Канада, Австралија и други земји.

Вирусот потекнува од примати и други диви животни. Предизвикува треска, болки во телото, треска и други симптоми. Тешките случаи може да предизвикаат осип и лезии на лицето и другите делови од телото.

Стапката на смртност од оваа болест е од 1 до 10 проценти, а најмногу смртни случаи се пријавени кај млади пациенти. Не постои третман за мајмунска сипаница, но вакцините што се користат за искоренување на сипаници обезбедуваат силна заштита од вирусот.

ССМ бара средба со Владата во ребалансот на Буџетот нема зголемување на платите

Претседателот на ССМ, Дарко Димовски

Од Сојузот на синдикатите на Македонија- ССМ соопштија дека бараат итна средба со Владата, бидејќи ребалансот на Буџетот не го испорачува договореното.

„Потсетуваме дека во преговорите за нов Општ колективен договор за јавниот сектор беше прифатено дека линеарното зголемување на платите за најмалку 2806 денари ќе се случи со ребалансот на буџетот, како што бевме убедувани од Владата, но за жал се покажува дека тоа било само купување на време и играње со судбината на 130 илјади работници во државата во време кога економската, енергетската криза и инфлацијата ги јадат работничките плати“, се наведува во реакцијата на ССМ.

Ако не биде постигнат договор за 2806 денари сега, како што наведуваат од ССМ, од септември истото ќе изнесува 18,4 проценти односно онолку за колку што се зголеми минималната плата согласно Закон, каде што рокот од 6 месеци мора да се испочитува за што и Владата јасно истакна дека во рок од 6 месеци ќе се усогласат останатите плати и од тоа, според синдикатот, назад нема.

Од ССМ потсетуваат дека се барало зголемување на платите уште од 1 мај и поради тоа на улица излегле преку 7500 работници, кои јасно ја упатиле пораката дека зголемени плати им се потребни веднаш. Но, како што истакнуваат, очигледно пораката не е разбрана.

„ССМ настојува да се помогне на работниците со најниски примања и поради тоа барањето за зголемување на платите за 2806 денари веднаш е солидарно решение, а во спротивно и од сигналите кои со ребалансот се испраќаат, солидарноста ќе ја снема и работниците ќе го бараат тоа што им следува по закон“, соопштија од ССМ.

Министерот за финансии Фатмир Бесими на прес-конференција за ребаланост на Буџетот изјави дека со него се обезбедени нови дополнителни 76 милиони евра за мерки за заштита на стандардот на граѓаните и поддршка на стопанството како и дополнителни 52 милиони евра за субвенции за земјоделците.

Со ребалансот на Буџетот, како што посочи, се обезбедени и средства за покачување на пензиите на пензионерите, на платите за наставниците, за субвенции за покачување на минималната плата, и во јавниот и во приватниот сектор, како и повеќе средства за социјални надоместоци и субвенции за гарантиран минимален приход.

Полскиот претседател Дуда во ненадејна посета на Киев

Полскиот претседател Анджеј Дуда за време на претходната посета на Украина заедно со други лидери.

Полскиот претседател Анджеј Дуда денеска е во ненадејна посета на Киев и се очекува да стане првиот шеф на држава што ќе се обрати пред украинскиот парламент откако Русија ја нападна Украина на 24 февруари. Се очекува Дуда да го повтори својот повик за членство на Украина во Европската унија кога ќе зборува пред Врховната Рада.

Во април, Дуда го посети Киев на разговори со украинскиот претседател Володимир Зеленски како дел од делегацијата со претседателите на Литванија, Латвија и Естонија.

Зеленски вчера го отфрли предлогот на францускиот претседател Емануел Макрон Украина да биде поканета да се приклучи на некоја форма на „поврзана“ политичка заедница со ЕУ.

„Не ни требаат такви компромиси. Бидејќи, верувајте ми, тоа нема да биде компромис со Украина во Европа. Тоа ќе биде уште еден компромис меѓу Европа и Русија“, рече Зеленски во Киев за време на заедничката прес-конференција со португалскиот премиер Антонио Коста кој беше во посета на земјата

Зеленски утре преку видеоврска треба да се обрати на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија.

Сомнителен случај на мајмунски сипаници во Грција

Инфициран прст со мајмунски сипаници. Илустрација.

Националната организација за јавно здравје на Грција го испитува првиот сомнителен случај на мајмунски сипаници во земјата, а станува збор за турист од Англија, јави дописничката на МИА од Атина.

Оттаму соопштија дека туристот, заедно со неговата придружничка, која е без симптоми, се хоспитализирани во атинска болница. Грчите медиуми јавија дека 29-годишниот Англичанец, заедно со неговата пријателка биле на одмор на Кефалонија, каде што и му се појавиле првите симптоми, меѓу кои и осип на кожата и од локалниот здравствен центар, со авион бил пренесен во атинската болница „Атикон“.

„Не постои специјална терапија, повеќето пациенти целосно закрепнуваат во рок од неколку седмици. Појавувањето случаи во Велика Британија без претходно патување, како и појавувањето спорадични случаи во други европски земји укажуваат на тоа дека болеста најверојатно се шири во заедницата. Се нагласува дека врз основа на досегашните епидемиолошки податоци, опасноста за општата популација е низок, бидејќи болеста е обично лесна и се самоограничува, со релативно мало ширење“, соопштија во петокот од Националната организација за јавно здравје на Грција.

Регионалниот директор на Светската здравствена организација-СЗО за Европа , Ханс Клуге вчера предупреди дека ширењето на реткиот вирус на мајмунски сипаници може да се забрза на континентот во текот на летните месеци.

„Како што влегуваме во летната сезона во европскиот регион, со масовни собири, фестивали и забави, загрижен сум дека преносот може да се забрза, бидејќи случаите што моментално се откриени се меѓу оние кои имале сексуална активност, а симптомите се непознати за многумина“, рече Клуге.

Повеќе од 100 случаи на вирусна инфекција се потврдени или се сомнителни во Белгија, Франција, Германија, Италија, Португалија, Шпанија, Шведска, Холандија и Британија. Случаи се откриени и во САД, Канада и Австралија.

Канонизација на игуменот Јоаким Крчовски за светител

Илустрација

Во манастирскиот комплекс „Св.Јоаким Осоговски“ во Крива Паланка денеска ќе се изврши канонизација на игуменот Јоаким Крчовски за светител. Со канонизацијата, Свети праведен Јоаким Крчовски, учител и просветител ќе се вброи во диптихот на светите.

Канонизацијата на Крчовски е по иницијатива на Кумановско-Осоговската епархија. Светиот архиерејски синод на Македонската Православна Црква-Охридска Архиепископија на својата вонредна седница одржана на 10 мај разгледувајќи го предлогот на комисијата за канионизација за канионизирање на светител во лицето на преподобниот игумен Јоаким Крчовски 1820, внимателно изучувувајќи го животниот пат и пастирскиот подвиг, како и чудата што се случуваат по неговите молитви ја донесе одлуката да го вброи во редот на светите. Чесните останки на преподобниот игумен Јоаким Крчовски да се сметаат како свети мошти и да им се оддава достојно почитување.

„Јоаким Крчовски и живеел, и проповедал, и учителствувал, и провестувал, и богослужел и бил богоугоден подвижник на самиот премин меѓу 18. и 19. век, а споменот и славата на неговиот свет живот општонародно се почитува и денес. Меѓу другото, тој е автор на првата книга отпечатена на народен македонски јазик во 1814 година. Книгите на Јоаким Крчовски се пишувани на разбирлив јазик за секој христијанин и затоа имале верна улога во верското и во моралното просветување“, рече митрополитот Кумановско-Осоговски Григориј во обраќањето во пресрет на канонизацијата.

Украина загрижена за судбината на борците од Азовстал

Украински војници во Азовстал

Украина изрази загриженост за судбината на украинските војници заробени од руските сили по напуштањето на челичарницата Азовстал во пристанишниот град Мариупол на Азовското Море.

Истакнатиот руски пратеник Леонид Слуцки, шеф на фракцијата на Либерално-демократската партија на Русија во Државната дума и претседател на Комитетот за меѓународни прашања на Думата денеска изјави дека судбината на заробените војници, од кои многумина се членови на ултра националистичкиот Азовски полк, „треба да биде одреден од страна на трибуналот“.

„Моето мислење останува непроменето: не смее да има размена на членови на Азовскиот [полк], кој е забранет во Русија“, напиша Слуцки на својот канал Телеграм.

Украинските власти и роднините на војниците ја повикаа Москва да ги третира мажите како воени заробеници. Украинскиот вицепремиер Ирина Верешук вчера рече дека Киев „ќе се бори за враќање“ на секој од нив.

Руското Министерство за одбрана на 20 мај потврди дека неговите сили имаат целосна контрола врз огромната фабрика по неколкунеделните интензивни борби во градот во кои се проценува дека загинале околу 20.000 луѓе.

Украина го опиша повлекувањето од Азовстал како овластена „евакуација“, наместо како предавање.

Русија соопшти дека околу 2.500 украински војници се приведени во фабриката. Денис Пушилин, шеф на сепаратистичката група поддржана од Русија во украинскиот регион Доњецк, рече дека мисли оти затворениците ќе се соочат со „трибунал“.

Азовскиот полк е екстремно десничарска, волонтерска група која е дел од Националната гарда на Украина. Порано познат како батаљон Азов, се залага за ултранационалистичка идеологија која американските органи за спроведување на законот ја поврзаа со неонацистичкиот екстремизам. Но, поддржувачите го гледаат како патриотски и ефективен дел од одбранбените сили на земјата.

ВМРО-ДПМНЕ со критика за Буџетот, СДСМ и Ковачевски велат насочен е каде што е најпотребно

Банкноти по 1000 денари. Илустрација.

ВМРО-ДПМНЕ денеска соопшти дека ништо не може да подобри со ребалансот на буџетот, туку напротив, според опозициската партија, дополнително ќе ја продлабочи економската криза до степен на катастрофа.

„Кратењата на средства за капитални инвестиции се еден од показателите дека и со овој ребаланс буџетот нема да има никаква развојна компонента. Очигледно дека остануваат нечепнати уште стотици милиони евра непродуктивни трошења, на сметка на кратењата на капиталните инвестиции, изградби на патишта, болници, и други проекти кои се двигател во секоја економија“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Заради лошите досегашни економски политики, како што додаваат оттаму, власта на СДСМ и ДУИ ја довела Македонија да биде задолжена над 7 милијарди евра со тендеција тој долг уште да расте, да биде земја со најнизок раст на БДП во регионот, да биде меѓу земјите со највисока стапка на инфлација, да биде земја со 35% од граѓаните во ризик од сиромаштија, да биде земја со најмалку странски инвестиции, да биде една од најсиромашните во Европа итн.

Премиерот Димитар Ковачевски на неговиот фејсбук профил напиша дека „со покачувањето на платите се штитиме од големиот раст на цените, а буџетот го насочуваме онаму каде е најпотребно- директно во приходите на граѓаните“.

Од СДСМ соопштија дека со ребалансот на Буџетот Владата предводена од СДСМ обезбедува заштеда на 200 милиони евра непродуктивни трошоци, обезбедува средства за производство на храна за наредната година, поголеми плати и пензии, поддршка за граѓаните и компаниите и заштита на стандардот со нови мерки.

„СДСМ и Владата којашто ја предводи со брзи и добро смислени мерки успешно менаџираат со последиците од најголемата економска и енергетска криза по Втората светска војна во Европа. Го штитиме стандардот на граѓаните и компаниите, ги зголемуваме платите и пензиите, обезбедуваме ликвидност на буџетот, спроведуваме енергетска трансформација, и паралелно инвестираме во земјоделството и ги зголемуваме површините за да има доволно храна наредната година“, велат од владејачката партија.

Благодарение на одговорни и вистински политики на СДСМ, како што посочуваат, просечната плата се искачи над 500 евра и во време на криза, минималната плата се зголеми двојно, на 18.000 денари, платите во образованието рекордно се зголемија за 15%, постојано растат платите во сите сектори, а следува и историски раст на пензиите и нова методологија за постојан раст.

Владата го усвои ребалансот на Буџетот кој предвидува економскиот раст годинава да биде 3,2 проценти. Стапката на инфлација е проектирана на 7,2 проценти. Дефицитот е планиран на ниво од 42,7 милијарди денари, односно 5,3 проценти од БДП, што е за 9,1 милијарда денари повеќе во однос на првичниот буџет.

Капиталните расходи се планирани на ниво од 32,2 милијарди денари, за околу 6 милијарди денари помалку во однос на планот за 2022 година. Дефицитот и отплатата на надворешниот и на домашниот долг кои се во износ од 11,8 милијарди денари, или вкупно 54,5 милијарди денари ќе се финансираат преку задолжување од 59,3 милијарди денари на меѓународниот и од 21,6 милијарди денари на домашниот пазар.

Сончево и топло време, во западните делови дожд

Илустрација

Времето ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност. Околу пладне и попладне, претежно во западните делови ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, локално и во форма на краткотрајно невреме.

Ќе дува умерен, а вдолж Повардарието засилен северозападен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 15, а максималната ќе достигне од 24 до 33 степени. УВ индексот ќе биде 7, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи.

Во Скопје времето ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен, повремено засилен северозападен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 13, а максималната ќе достигне до 28 степени.

Пожар во хотелот Буши

Пожарникари од скопската противпожарна бригада. Илустрација.

Пожар го зафати хотелот Буши кој се наоѓа кај Старата скопска чаршија. На терен излегле припадници на скопската противпожарна бригада, по што пожарот е изгаснат.

„Пожарот кој попладневно изби пожар во хотелот Буши е локализиран“, соопштија од противпожарната бригада.

Од Противпожарната бригада Скопје информираат за МИА дека во пожарот се зафатени дел од рецепцијата и кујната на хотелот.

Дел од лицата вдишале чад по што реагирала брза помош. Околу десетина лица се повредени во пожарот.

Директорот на Универзитетската клиника по хирушки болести „Св.Наум Охридски“, Љубен Арсенков набрзо по пожарот изјави дека до тогаш кај нив не се донесени повредени од пожарот во хотелот „Буши“.

Граѓани на социјалните мрежи објавија видеа на кои се гледаат облаци од чад над објектот.

ВМРО-ДПМНЕ: Буџетот не е развоен и нема да го подобри стандардот на граѓаните

ВМРО-ДПМНЕ

Од ВМРО-ДПМНЕ денеска соопштија дека ако што буџетот за 2022 не бил развоен и не обезбедувал подобар стандард на граѓаните, така и презентираниот ребаланс, според опозициската партија, нема да ги промени економските состојби. Напротив, како што посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ, ќе продолжи економскиот хаос и пропаѓање.

„Ребалансот на буџетот само ги покажува безидејните политики на власта на СДСМ и ДУИ. Кратењето на капиталните инвестиции докажува дека оваа власт нема ниту план ниту визија како Македонија да излезе од економската криза, за која самата е одговорна. Ако на ова се надоврзе лошата реализација, тогаш доаѓаме до заклучок дека нема да има речиси никаква активност на владата на овој план, што е клучен за економијата“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Според партијата, ребалансот на буџетот покажува дека владата во услови на криза предвидела стотици милиони евра непродуктивни трошоци, од кои само дел се кратат.

„Тие стотици милиони евра требаше да бидат искористени од самиот почеток на годината за заштита на стандардот на граѓаните и поддршка на економијата. Со тоа ќе се спречеа последиците на кризата, за која и самите говореа дека занеле дека ќе дојде уште од минатата есен. Сега наместо да се превенира, ќе се потрошат двојно повеќе средства за да делумно се санираат негативните ефекти“, додаваат оттаму.

Министерот за финансии Фатмир Бесими на денешната прес-конференција за ребаланост на Буџетот кој вчера беше усвоен од Владата изјави дека со него се обезбедени нови дополнителни 76 милиони евра за мерки за заштита на стандардот на граѓаните и поддршка на стопанството како и дополнителни 52 милиони евра за субвенции за земјоделците.

Економскиот раст за годинава е проектиран на 3,2 проценти. Капиталните расходи се планирани на ниво од 32,2 милијарди денари, за околу 6 милијарди денари помалку во однос на планот за 2022 година.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG