Достапни линкови

Вести

Зеленски: Одбраната се држи - Лавров: Не толерираме закана наредена од САД

Украинскиот претседател Володимир Зеленски
Украинскиот претседател Володимир Зеленски

Одбранбените линии на Украина се одржуваат, но руското гранатирање на градовите не престана од полноќ, рече претседателот Володимир Зеленски во новото видео обраќање денеска.

Тој вели дека промената на руската тактика, насочена кон цивилни области, покажува дека Украина успеала да се спротивстави на планот на Москва за брза победа со копнен напад.

„Немаме што да изгубиме освен сопствената слобода“, рече Зеленски, додавајќи дека Украина секојдневно добива оружје од своите меѓународни сојузници.

Неговите коментари доаѓаат откако беше покрената истрага за можни воени злосторства, а Русија беше обвинета за бомбардирање цивили.

Во меѓувреме рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров за руската државна телевизија дека не се сомнева дека ќе се најде решение за украинската криза, но дека рускиот дијалог со Западот мора да се заснова на меѓусебно почитување.

Лавров повтори дека Москва не може да ја толерира воената закана од Украина, за која рече дека добила наредба од Вашингтон, пренесува Ројтерс.

види ги сите денешни вести

Рускиот суд осуди украински адвокат во отсуство

Олексеј Хончаренко, украински адвокат
Олексеј Хончаренко, украински адвокат

Воениот суд во Москва го осуди украинскиот адвокат Олексеј Хончаренко во отсуство на десет години затвор за ширење лажни вести за руската армија, како што е наведено во обвинението.

Судот, исто така, го прогласи Хончаренко за виновен за оправдување тероризам и поттикнување омраза со закана за насилство.

Сепак, се уште е нејасно која била причината за кривичното гонење на украинскиот адвокат, пишува редакцијата на Радио Слободна Европа на англиски јазик.

Случајот против Хончаренко беше објавен во април.

Тој потоа напиша на Телеграм дека дознал за истрагата покрената против него во Русија, додавајќи дека „задоволство е да се биде првиот [украински] адвокат кому му се суди во Русија за наводни воени злосторства“ и дека „не секој има таков почесен статус“.

Според судската пресуда, украинскиот адвокат мора да ги помине првите три години од назначениот рок во затвор, а останатите седум години во затворска колонија.

Покрај тоа, на Хончаренко му беше забрането да управува со интернет ресурсите во период од три години.

Од воената инвазија на Украина во февруари 2022 година, Русија ги заостри мерките за да се потисне каква било форма на политичко несогласување.

Дискредитација на вооружените сили или ширење лажни информации за војската, за кои Хончаренко беше осуден, од март 2022 година се казнува со долги затворски казни во Русија.

ОН: Тројно е зголемен бројот на деца убиени во воени судири

Израелско-палестински конфликт, илустрација
Израелско-палестински конфликт, илустрација

Три пати повеќе деца и двојно повеќе жени биле убиени во глобалните конфликти во 2023 година во споредба со 2022 година, додека вкупните цивилни жртви се зголемиле за 72 отсто, предупредија Обединетите нации (ОН).

Високиот комесар на ОН за човекови права, Волкер Турк, во обраќањето пред Советот за човекови права на ОН во Женева, рече дека завојуваните страни сè повеќе „ги поместуваат границите на тоа што е прифатливо и што е легално“.

„Тие покажуваат целосен презир кон другите, газејќи ги човековите права во нивната суштина“, рече Турк.

Турк додаде дека убиствата и повредите на цивилите, како и уништувањето на виталната инфраструктура се секојдневна појава.

„Децата се мета. Болници се бомбардираат. Цели заедници се напаѓаат со тешка артилерија. Сето ова е придружено со реторика на омраза и дехуманизирање“, рече високиот комесар на ОН.

Говорејќи за конфликтот во Појасот Газа, Тирк кажа дека е „згрозен од непочитувањето на меѓународните човекови права и на хуманитарното право“.

Тој рече дека од избувнувањето на војната меѓу Хамас, кој е прогласен за терористичка организација во САД и ЕУ, и Израел, повеќе од 120.000 луѓе во Газа, главно жени и деца, се убиени или повредени како резултат на интензивни израелски офанзиви.

Тирк укажа и на голем број други конфликти, вклучувајќи ги и оние во Украина, Демократска Република Конго и Сирија. Тој предупреди дека во Судан, кој е зафатен со граѓанска војна повеќе од една година, земјата „ја уништуваат пред нашите очи двете завојувани страни и поврзаните групи кои флагрантно ги отфрлија правата на сопствениот народ“.

Според него, заедно со ваквото уништување, се намалуваат и средствата за помош на се поголемиот број на луѓе кои имаат потреба од помош.

„На крајот на мај 2024 година, јазот помеѓу потребите за хуманитарно финансирање и расположливите ресурси е 40,8 милијарди американски долари“, рече Турк.

Почина Стојан Андов, првиот претседател на Собранието на независна Македонија

Северна Македонија - Стојан Андов
Северна Македонија - Стојан Андов

На 89 годишна возраст почина Стојан Андов, првиот претседател на Собранието на самостојна Република Македонија.

Андов е роден е 1935 година во Кавадарци, Република Македонија. Дипломирал на Економскиот факултет во Скопје, а магистрирал на Белградскиот универзитет.

Бил потпретседател на Републичкиот извршен совет, член на македонската делегација во Соборот на републиките и покраините и член на федералната влада во три мандати.

Бил амбасадор на поранешна Југославија во Ирак (1987-1991 година).

Стојан Андов е основач на Либералната партија на Македонија и како нејзин претседател ја водеше Либералната партија до спојувањето со поранешната Демократска партија во 1997 година, кога стана претседател на Советот на новоформираниот политички субјект. По обновувањето на Либералната партија на Македонија, беше избран за член на нејзиниот Извршен комитет.

Беше потпретседател на Либералната интернационала.

На првите повеќепартиски избори 1990 година, беше избран за пратеник во Собранието на Република Македонија и стана претседател на Собранието во јануари 1991 година.

На вторите повеќепартиски избори 1994 година, повторно беше избран за пратеник во Собранието на Република Македонија и за претседател на Собранието - должност што ја извршуваше до март 1996 година. Потоа, повторно беше пратеник и по изборите во 1998 година.

По атентатот врз претседателот Киро Глигоров на 3 октомври 1995, извесен период ја вршеше функцијата претседател на Република Македонија (5 октомври 1995 - 10 јануари 1996).

Беше кандидат за претседател на Република Македонија на претседателските избори 1999 година, но не помина во вториот круг.

На 30 ноември 2000 година Стојан Андов повторно беше избран за претседател на Собранието на Република Македонија, функција што ја извршуваше до октомври 2002 година.

Тајланд прв во Југоисточна Азија донесе закон за легализација на истополови бракови

Илустрација
Илустрација

Горниот дом на парламентот на Тајланд усвои закон за брачна еднаквост, со што се отвора патот Тајланд да стане третата земја во Азија која ги признава истополовите бракови по Непал и Тајван, пренесе Ројтерс.

Законот доби поддршка од речиси сите членови на Горниот дом и ќе биде испратен во палатата за да биде одобрен од кралот. Ќе стапи во сила 120 дена по објавувањето во службен весник.

Застапниците за правата на ЛГБТК+ го нарекоа потегот „огромен чекор напред“ бидејќи Тајланд ќе стане првата земја во Југоисточна Азија што ќе донесе закон за брачна еднаквост. Тајланд е веќе познат по својата енергична ЛГБТК+ култура и толеранција, што го прави популарна туристичка дестинација.

„Тоа ќе го истакне лидерството на Тајланд во регионот кога станува збор за промовирање на човековите права и родовата еднаквост“, соопштија од Комисијата за граѓанско општество за брачна еднаквост, активисти и ЛГБТИ+ парови.


Законот е кулминација на повеќе од десетгодишни напори на активисти и политичари, откако претходните нацрт-предлози не стигнаа до парламентот.

На почетокот на јуни, илјадници ЛГБТК+ активисти и поддржувачи маршираа низ улиците на Бангкок, каде што им се придружи премиерот Сретта Тависин, кој носеше маица со виножито за да го прослави Месецот на гордоста.

Овој закон се работи повеќе од една деценија, со доцнење поради политичките пресврти и несогласувања за тоа каков пристап треба да се преземе и што треба да се вклучи во предлогот.

Во 2020 година, Уставниот суд пресуди дека постоечкиот закон за брак на Тајланд, кој ги признава само хетеросексуалните парови, е уставен, но препорача правната рамка да се прошири за да се обезбедат правата на другите полови.

За САД е „висок приоритет“ да присуствуваат на судењето на новинарот Гершкович во Русија

Американскиот претседател Џо Бајден пред сликата на затворениот новинар на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, на настан во Вашингтон
Американскиот претседател Џо Бајден пред сликата на затворениот новинар на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, на настан во Вашингтон

Соединетите Американски Држави(САД) изразија загриженост поради одлуката на Русија да му се суди на Еван Гершкович, новинар на „Волстрит журнал“ за наводна шпионажа на затворено судење, но рекоа дека претставниците на американската амбасада сепак ќе се обидат да присуствуваат на судското сослушување закажано за крајот на овој месец.

Портпаролот на Стејт департментот, Метју Милер, на 17 јуни рече дека присуството е „висок приоритет за нас“, но дека „на крајот ќе се обидеме да го донесеме (Гершкович) дома и ќе се обидеме да го донесеме (притворениот Американец) Пол Вилан дома, а тоа сè уште е нашата главна цел“.

Вашингтон ги класифицираше притворите на Гершкович и на Вилан, поранешен маринец кој беше осуден за шпионажа во 2020 година и осуден на 16 години затвор, како „погрешни притвори“ од Русија.

„Ќе се обидеме да присуствуваме на судењето (на Гершкович). Не знам дали тоа ќе биде можно“, изјави Милер.

Руските истражители тврдат дека Гершкович дејствувал „по инструкции на ЦИА“. Доколку биде прогласен за виновен, може добие казна затвор до 20 години.

Милер ги нарече обвинувањата против Гершкович „целосно лажни“ и „многу сериозно кршење на меѓународните норми“.

Гершкович беше уапсен кон крајот на март 2023 година во градот Екатеринбург, додека патувал за да извршува работни задачи.

Мицкоски денеска во Собранието ќе го достави предлог составот за новата влада

Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар за состав на новата влада на Република Северна Македонија
Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар за состав на новата влада на Република Северна Македонија

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска ќе го достави предлог составот за новата влада до Собранието на Република Северна Македонија, информираа од ВМРО-ДПМНЕ.

Потоа Мицкоски ќе одржи прес-конференција.

Гласањето за новата влада се очекува да се случи овој викенд. Собраниската седница за избор на новата влaда се очекува претседателот на Собранието Африм Гаши да ја закаже за сабота во 11 часот, а таа треба да заврши најдоцна до недела на полноќ.

Потребни се 61 пратеник за да се изгласа влада.

Мицкоски, кој е и мандатар, во неделата по седниците на Извршниот и Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕги кажа предлозите за министри во новата влада.

Предлог за заменик претседател на владата и министер за транспорт ќе биде Александар Николоски. За министер за одбрана ќе биде предложен Владо Мисајловски. Предлог за функцијата министер за финансии ќе биде Гордана Димитриеска Кочоск, за надворешни работи и надворешна трговија ќе биде Тимчо Муцунски, а предлог министер за локална самоуправа ќе биде Златко Перински.

Стефан Андоновски е предложен да го води Министерството за информатичко општество и дигитална трансформација, Борко Ристовски е предложен за Министерството за спорт, а предлог министер за енергетика, рударство и минерални суровини ќе биде Сања Божиновска.

Предлог за министер за земјоделство, шумарство и водостопанство е Цветан Трипуновски, за култура и туризам е актерот Зоран Љутков, а предлог за министер за внатрешни работи останува Панче Тошковски кој во изминатите речиси четири месеци ја извршуваше функцијата технички министер во ова министерство. Предлог за министер за образование и наука ќе биде професорката Весна Јаневска.

Од коалициските партнери на ВМРО-ДПМНЕ се предложени Љупчо Димовски од Социјалистичката партија за заменик претседател на владата и министер одговорен за политички систем. Иван Стоилковиќ, претседател на Демократската партија на Србите во Македонија ќе биде предлог за заменик претседател на владата и министер кој ќе биде раководи со ресорот задолжен за односите меѓу заедниците. Шабан Салиу кој ќе биде предлог за министер без ресор задолжен за интеграција и имплементација на декада на Роми.

Идната влада, вклучувајќи го и Христијан Мицкоски како премиер, ќе брои 24 членови.

Новата владина коалиција во парламентарниот состав формиран по изборите на 8 мај, ќе има мнозинство од 78 пратеници од кои 58 се од ВМРО-ДПМНЕ, 14 од Вреди и шест од ЗНАМ.

Ова ќе биде прв мандат на Мицкоски како премиер на Северна Македонија. ВМРО-ДПМНЕ беше во опозиција од 2017 година, кога по изборите во 2016 падна владата на Никола Груевски кој доби политички азил во Будимпешта откако во земјава се најде како осомничен и обвинет во повеќе предмети од Специјалното јавно обвинителство.

Запалено руско складиште за нафта по наводен напад со дрон во Ростов

Русија - Пожар во магацин за нафта во Азов, 18 јуни 2024 година
Русија - Пожар во магацин за нафта во Азов, 18 јуни 2024 година

Складиште за нафта во јужниот руски град Азов во областа Ростов беше запален по, како што го нарече регионалниот гувернер, напад со беспилотни летала во текот на ноќта меѓу 17 и 18 јуни.

Гувернерот на Ростов, Василиј Голубев, изјави дека во инцидентот нема жртви.

Тој рече и дека „нема опасност пожарот да се прошири на други згради, ниту е закана за жителите“.

Руското Министерство за вонредни ситуации објави видео од пожарот и соопшти дека се запалил резервоар за гориво од 5.000 кубни метри, по што повеќе од 70 пожарникари со опрема, вклучително и противпожарно возило, се обидуваат да го изгаснат пожарот.

Руските власти ги обвинија украинските беспилотни летала за повеќекратните напади врз нафтените постројки во последните недели во близина на границата со Украина, во Белгород и Новошахтинск.

Киев генерално избегнува да коментира за инцидентите. Но, Украина се повеќе прибегнува кон таргетирање на руската енергетска инфраструктура, главно нафтени постројки, со свои напади со беспилотни летала за да ги деградира резервите на гориво на руската војска.

Украина е предмет на речиси постојани руски напади со беспилотни летала и ракетни напади врз нејзината цивилна и енергетска инфраструктура откако започна целосната инвазија на Русија пред две години.

Руските воздушни напади предизвикаа бројни цивилни жртви и огромна материјална штета низ целата земја, вклучувајќи го и главниот град Киев.

Столтенберг - Запад мора да реагира за кинеската подршка на Русија

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во Вашингтон на 17 јуни по средбата со американскиот претседател Џо Бајден
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во Вашингтон на 17 јуни по средбата со американскиот претседател Џо Бајден

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг вчера (17 јуни) рече дека Кина и обезбедува технологија на Русија која ја продолжува нејзината целосна инвазија на Украина и го повика Пекинг да се соочи со последиците од таа поддршка.

„Пекинг не може да седи на две столчиња. Во одреден момент - и ако Кина не го промени курсот - сојузниците мора да наметнат цена. Треба да има последици“, изјави Столтенберг во Центарот Вилсон во Вашингтон.

Столтенберг рече дека во изминатите две години 90 отсто од руската микроелектроника потекнува од Кина и дека Кина работи на подобрување на руските сателитски капацитети.

„Заканите не се регионални“, рече Столтенберг. „Кина го поттикнува најголемиот вооружен конфликт во Европа од Втората светска војна, а во исто време сака да одржува добри односи со Западот.

Столтенберг зборуваше и за нуклеарното оружје и трошоците за одбрана. Запрашан што би можеле да направат членките на НАТО во врска со поддршката на Кина за Русија, Столтенберг рече дека има „тековна дискусија“ за можните санкции.

Портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби, исто така, рече дека Кина продолжува да и снабдува на Русија компоненти за воена опрема и системи за оружје.

Пред самитот со Ким во Северна Кореја, Путин ветува дека заедно ќе ги поразат санкциите

Владимир Путин - Претседател на Русија
Владимир Путин - Претседател на Русија

Владимир Путин и се заблагодари на Северна Кореја за поддршката на војната во Украина во пресрет на првата посета на Пјонгјанг од 2000 година. Се очекува рускиот претседател денеска да пристигне девет месеци по посетата на Ким Џонг Ун на Русија.

Во писмото објавено во севернокорејските медиуми, Путин вети дека ќе изгради трговски и безбедносни системи со Северна Кореја кои нема да бидат контролирани од западот и дека ќе ги поддржува нејзините напори да ги брани своите интереси од американските воени закани, уцени и притисоци. Тој вели дека двете земји ќе продолжат одлучно да се спротивставуваат на западните амбиции да се спречи воспоставување мултиполарен светски поредок заснован врз заемно почитување на правдата.

САД соопштија дека се загрижени за продлабочувањето на односите помеѓу Русија и Северна Кореја.

Кремљ го опиша доаѓањето на Путин како пријателска државна посета, а руските медиуми објавија дека двајцата лидери би можеле да потпишат партнерски договор, кој се однесува и на безбедносни прашања.

Последен пат кога Путин беше во Северна Кореја нејзиниот лидер беше таткото на Ким Џонг Ун, Ким Џонг Ил.

УЕФА покрена дисциплинска постапка против Србија

Еуро 2024 -Србија вс Англија
Еуро 2024 -Србија вс Англија

Европската фудбалска унија (УЕФА) на 17 јуни објави дека покренала дисциплинска постапка против Фудбалскиот сојуз на Србија поради наводно недолично однесување на неговите навивачи, на маргините на натпреварот што Србија го загуби од Англија (1:0) на Европското Првенство в недела во Гелзенкирхен.

Седум навивачи на српската репрезентација се приведени на 16 јуни по конфликт во германскиот град Гелзенкирхен пред натпреварот на ЕП против Англија, соопшти полицијата на денот на конфликтот. Полицијата во Гелзенкирхен потврди за Би-Би-Си дека дошло до тепачка меѓу навивачи на Србија и Англија.

Истрагата на УЕФА по овој инцидент конкретно се однесува на „фрлање предмети и провокативни пораки на кои не им е место во контекст на спортски настан“, се вели во соопштението на УЕФА.

Се додава дека „контролното, етичкото и дисциплинското тело на УЕФА (ЦЕДБ) ќе донесе одлука за ова во догледно време.

На кои стадиони се игра ЕП во фудбал 2024
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:24 0:00

Во меѓувреме, Фудбалскиот Сојуз на Србија и Фудбалскиот сојуз на Косово (ФФК) поднесоа меѓусебна жалба до УЕФА за истото прашање.

ФФК ги обвини српските навивачи дека истакнуваат „знамиња“ и скандираат „слогани и песни со шовинистички и расистички политички пораки против Косово“.

„Ширењето вакви расистички пораки за време на настан како што е Европското фудбалско првенство е бесмислено и апсурдно“, соопшти ФФК, барајќи „строги дисциплински мерки против ФСС“.

Од своја страна, ФСС обвини неименуван косовски новинар дека направил албански националистички знак.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG