Достапни линкови

Вести

Украинскиот амбасадор во Атина побарал помош околу сместувањето на бегалците

Илустрација - Украинци во бегалски камп во Молдавија
Илустрација - Украинци во бегалски камп во Молдавија

Украинскиот амбасадор во Грција Сергеј Шутенко од грчката претседателка Катерина Сакеларопулу, во нивниот денешен телефонски разговор, побарал државата да помогне околу сместувањето на бегалците од Украина што веќе почнаа да пристигнуваат во Грција.

Како што соопштија од кабинетот на грчката претседателка, Сакеларопулу за конкретното прашање стапила во контакт со претседателот на комората на хотелиери на Грција Александрос Василакос, кој одговорил позитивно и информирал дека веќе се преземаат чекори во оваа насока.

Заклучно со вчерашните податоци во Грција пристигнаа 1.500 украински државјани, откако Русија ја нападна Украина на 24 февруари.

види ги сите денешни вести

Мајката на Навални поднесе тужба барајќи да и го предадат телото на нејзиниот син

Људмила Навалнаја, мајка на починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, 20 февруари 2024 г.
Људмила Навалнаја, мајка на починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, 20 февруари 2024 г.

Људмила Навалнаја, мајка на починатиот опозициски политичар Алексеј Навални, поднесе тужба до рускиот суд барајќи да и биде предадено телото на нејзиниот син.

Судот во арктичкиот регион Јамало-Ненец на 21 февруари објави дека сослушувањето за тужбата ќе се одржи на 4 март.

Навални почина во затвор на 16 февруари, но официјалните лица постојано одбиваат да го предадат телото на неговото семејство, тврдејќи дека истрагата за причините за смртта ќе трае до две недели.

Мајката на Навални бара да биде предадено телото на нејзиниот син откако беше објавена неговата смрт во специјален режимски затвор, најстрог тип на казнено-поправен дом во Русија.

Затворските власти соопштија дека Навални (47) починал откако се онесвестил по прошетка.

Од градскиот суд во Салехард за ТАСС изјавија дека сослушувањето на 4 март за тужбата на Навалнаја ќе се одржи зад затворени врати.

На 20 февруари, Навалнаја објави видео на социјалните мрежи пред оградата на таканаречениот затвор „Поларен волк“, молејќи го претседателот Владимир Путин за помош.

„Зборувам со тебе, Владимир Путин. Решението на оваа работа зависи исклучиво од тебе. Дозволете ми конечно да го видам мојот син. Барам телото на Алексеј веднаш да биде предадено, за да можам да го погребам како човек“, рече таа во видеото.

Еден ден претходно, вдовицата на Навални, Јулиј Навалнаја, го обвини Путин дека го убил нејзиниот сопруг и ги обвини функционерите дека „кукавички и гнасно го криеле неговото тело, одбивајќи да и го дадат на мајка му и мизерно лажеле“.

Кремљ ги отфрли сите обвинувања за вмешаност или последователно прикривање на смртта на најгласниот критичар на Путин.

Службениците на казнено-поправната установа ѝ рекле на Навалнаја дека телото на нејзиниот син е во мртовечницата во Салехард, но се воспостави дека мртовечницата била затворена таа вечер, додека нејзините вработени и рекле на Навална дека го немаат телото на нејзиниот син.

Еден ден подоцна, Навалнаја повторно дошла во мртовечницата, но не и било дозволено да влезе.

Истражниот комитет објави дека истрагата за смртта на нејзиниот син е проширена бидејќи истражителите вршат „хемиска форензика“ на телото на Навални.

Соработникот на Навални, Иван Жданов, на 19 февруари изјави дека властите може да го задржат неговото тело две недели, додавајќи дека целта на продолжувањето на истрагата „е да се прикрие злосторството“.

Откако беше објавена неговата смрт, руската полиција ги опколи меморијалните места каде што луѓето положуваа цвеќиња и свеќи во чест на Навални и растераа и уапсија стотици луѓе во десетици градови.

Организацијата ОВД-Инфо објави дека од 21 февруари 397 лица во 39 градови во Русија се приведени поради учество на настаните во спомен на Навални.

Околу 60 руски војници наводно се убиени во напад додека чекале во формација

Чад се издига од местото на рускиот ракетен напад кој ја погоди пречистителната станица за водата во Краматорск, 20 февруари г.
Чад се издига од местото на рускиот ракетен напад кој ја погоди пречистителната станица за водата во Краматорск, 20 февруари г.

Во украинскиот напад на полигонот во Доњецк, област окупирана од Русија, загинале најмалку 60 руски војници, објави рускиот сервис на Би-Би-Си.

Според извештајот, кога се случил нападот на 20 февруари руските војници од 36-та гардиска моторизирана бригада биле построени и го чекале пристигнувањето на генерал-мајор Олег Мојсеев, командант на руската 29-та армија.

Украина не го коментираше овој извештај.

Проруските социјални мрежи објавија видеа и фотографии на кои наводно се гледаат десетици униформирани трупови.

Во меѓувреме, тројца цивили загинаа, а 13 се ранети во руското гранатирање на три источни украински региони, објавија локалните власти на 21 февруари.

Едно лице загина во Краматорск во областа Доњецк, а осум се ранети, изјави регионалниот гувернер Вадим Филашкин.

Во областа Харкив, двајца фармери загинале кога нивниот автомобил бил удрен во селото Петропавливка во областа Купјанск, додека една жена била ранета, изјави регионалниот гувернер Олех Синјехубов.

Силите за воздушна одбрана соборија 13 од 19 беспилотни летала лансирани од Русија во четири украински региони рано на 21 февруари, соопшти украинското воздухопловство, додавајќи дека се уништени и една ракета С-300 и четири крстосувачки ракети Кх-22.

Беспилотните летала се соборени во областите на Харкив, Дњепропетровск, Запорожје и Доњецк, соопшти Военото воздухопловство.

Четири крстосувачки ракети Кх-22 беа соборени во централниот регион Полтава.

Османи смета дека Тошковски лошо го интерпретирал ставот од Брисел за пасошите

Бујар Османи, министер за надворешни работи на Република Северна Македонија (архивска фотографија).
Бујар Османи, министер за надворешни работи на Република Северна Македонија (архивска фотографија).

Шефот на дипломатијата Бујар Османи смета дека министерот за внатрешни работи Панче Тошковски погрешно го интерпретира ставот на Европската комисија за тоа дали во ЕУ ќе се признаваат пасошите со старото уставно име.

Тошковски на 21 февруари изјави дека добил допис од Брисел оти Комитетот за патни исправи на Европската Комисија одржал состанок и оти ЕУ нема да прави проблем доколку граѓаните на Северна Македонија треба да патуваат со пасош со старото уставно име. Ќе имаат разбирање за проблемот, рече Тошковски, и ќе бидат максимално коректни и воздржани во однос на нашите граѓани.

„Тоа е лошо интерпретирање. Ставот на ЕК е дека Комисијата не носи одлука која важи за целата ЕУ туку тоа е суверено прашање на секоја од државите … Во однос на ова прашање земјите сами одлучуваат и досега повеќето земји практично се уште дозволуваат граѓаните да се движат, но немаат официјален став“, изјави Османи.

Шефот на дипломатијата посочи дека официјален допис добиле само од две држави. Едната е Швајцарија која известила дека ќе дозволува движење со пасошите со старото уставно име. Другата е Босна и Херцеговина која информирала оти нема да ги признава ниту пасошите ниту личните карти со старото име.

Во пракса, пак, посочува Османи, засега граѓаните немаат проблеми.

„Во главно граѓаните немаат поголеми пречки во однос на враќањето дома. Прво, зашто ние се организиравме во дипломатско-конзуларните претставништва, овозможивме бесплатни патни листови и достава на нив по пошта. Во многу држави и не им ги бараат патните листови. Меѓутоа, бидејќи јас немам добиено официјална нота од државите како се однесуваат по однос на старите пасоши, не можам и официјално да ги известам граѓаните. Меѓутоа, тоа е порака – значи повеќето од државите дозволуваат движење и со старите пасоши“, вели Османи.

Тошковски денеска зборувајќи за дописот од Брисел, уште еднаш повика во Собранието во Северна Македонија да се продолжи важноста на пасошите со старото уставно име до крајот на годината. До тогаш, според него, би можеле да се заменат околу 650 000 пасоши кои се со „Република Македонија“.

Министерот за надворешни работи, пак, смета дека обидите да се прави ваков јавен притисок се нечесни.

„Прво, затоа што член 118 од Уставот вели дека меѓународните договори кои се ратификувани од парламентот се дел од нашиот внатрешен правен поредок и не може да се смени со закон. Преспанскиот договор е на сила и ние го почитуваме и имплементираме“, вели Османи.

Тој повика наместо јавен притисок да се седне на маса и да се направи организација односно да се зборува за снабдување со нови машини за сликање и произведување пасоши, дистрибуција до дипломатско-конзуларните претставништва, МВР да разговара со фирмата за побрза достава на обрасци итн.

Ако се направи тоа, притисокот за нови пасоши, според него, ќе спласне за еден до два месеци.

Обврската за промена на личните документи со новото уставно име произлезе од Преспанскиот договор што Северна Македонија и Грција го потпишаа во 2018 година. Во Договорот од Преспа има „технички“ и „политички преоден период“ за промена на документите. Датумот 12 февруари 2024 како рок произлезе од техничкиот дел со кој државата презеде обврска дека ќе ги промени личните документи со Република Северна Македонија кои се во меѓународна употреба во период од пет години од денот на стапување на сила на договорот (12 февруари 2019).

Фон дер Лајен вети поддршка за Западен Балкан ако биде реизбрана за шефица на ЕК

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, 21 февруари 2024 г.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, 21 февруари 2024 г.

Претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, најави дека во евентуален втор мандат, меѓу другото, ќе се залага за процесот на проширување и финансиска помош од Европската унија (ЕУ) за земјите на Западен Балкан, познат како План за раст.

„Отсекогаш сум бил силен поддржувач на проширувањето, додека јасно ставам до знаење дека тоа е процес заснован на заслуги и продолжувам да инсистирам на тоа. Добро е да се видат земјите од Западен Балкан, но и Молдавија и Украина како прават се што е можно да ги постигнат потребните реформи и да одат напред на патот кон ЕУ“, рече таа.

Таа додаде дека ќе има „силна поддршка за проширување на Западен Балкан“.

Зборувајќи за Планот за раст кој беше претставен во ноември минатата година, Урсула фон дер Лајен нагласи дека се во процес на детална разработка на Планот за раст со шесте земји од Западен Балкан.

„Има голем интерес и многу ентузијазам во земјите од Западен Балкан. Значи, во моментот кога ќе ги исполниме основните услови, првата исплата може да тече“, рече претседателката на ЕК.

Планот за раст беше претставен од Европската комисија во ноември минатата година со цел да се удвои економијата на регионот во следните десет години. Финансиските ресурси се условени со напредокот во клучните демократски реформи.

Урсула фон дер Лајен е претставена како водечки кандидат на Европската народна партија (ЕПП) за нов петгодишен мандат. Тоа го претстави Манфред Вебер, шефот на оваа централнодесничарска европска политичка групација, која е и најголема пратеничка група во Европскиот парламент.

Според принципот познат како „Водечки кандидат“ (шпицен кандидат), европските политички групи го објавуваат својот кандидат за претседател на ЕК во пресрет на изборите за Европскиот парламент.

Партијата што ќе го освои мнозинството места во Европскиот парламент потоа бара нивниот кандидат да го заземе местото на чело на Комисијата.

Но, тоа зависи и од тоа лидерите на земјите-членки кои го избираат претседателот на Европската комисија, што потоа го потврдуваат мнозинството пратеници во Европскиот парламент.

Европските избори во 27 земји членки ќе се одржат од 6 до 9 јуни годинава.

Инаку, на почетокот на неделава Фон дер Лајен веќе ја потврди намерата да се кандидира, по неколкумесечните шпекулации за нејзината политичка иднина.

Таа рече и дека дури и да добие нов мандат, ќе продолжи силно да ја поддржува Украина и нема да соработува со пријателите на рускиот претседател Путин, ниту со оние кои се против ЕУ и НАТО.

САД сметаат дека судот на ОН не треба да го повикува Израел да се повлече

Раселените Палестинци, кои ги напуштија своите домови поради израелските напади, во шаторски камп во Рафа, во јужниот дел на Појасот Газа, 14 февруари 2024 г.
Раселените Палестинци, кои ги напуштија своите домови поради израелските напади, во шаторски камп во Рафа, во јужниот дел на Појасот Газа, 14 февруари 2024 г.

Соединетите Американски Држави (САД) на 21 февруари рекоа дека највисокиот суд на Обединетите нации не треба да дава советодавно мислење во кое наведува дека Израел треба „веднаш и безусловно да се повлече“ од наводните палестински територии.

Вршителот на должноста правен советник на Стејт департментот Ричард Висек рече дека комисијата од 15 судии на Меѓународниот суд на правдата не треба да се обидува да го реши деценискиот израелско-палестински конфликт „преку советодавно мислење кое се фокусира на дејствијата на само едната страна“.

На третиот ден од судското рочиште, Вишек зборуваше за барањето на Генералното собрание за необврзувачко советодавно мислење за законитоста на израелските дејствија на окупираните територии.

Вишек рече дека мислењето на судот „ќе има последици за страните во конфликтот и за тековните напори на сите оние кои работат на постигнување траен мир“.

Аргументите на САД дојдоа еден ден откако Вашингтон стави вето на резолуцијата на ОН со која се бара итен хуманитарен прекин на огнот меѓу Израел и Хамас во Појасот Газа.

Хамас е прогласен за терористичка организација од САД и ЕУ.

Тоа беше трето американско вето од почетокот на конфликтот на 7 октомври, потсетува Ројтерс.

За текстот подготвен од Алжир гласаа 13 членови на Советот, додека Велика Британија беше воздржана.

Војната меѓу Израел и Хамас започна кога Хамас изврши напад без преседан на 7 октомври, кој резултираше со смрт на приближно 1 160 луѓе во Израел, од кои повеќето цивили.

Според Израел, милитантите на Хамас зеле околу 250 заложници, вклучително и 30 за кои се претпоставува дека се мртви.

Оттогаш, повеќе од 29 000 Палестинци се убиени во израелската воена офанзива врз Газа, според Министерството за здравство на Газа под контрола на Хамас.

Двојно убиство во кумановско: Брат пукал кон сестрата и нејзините синови

Илустрација
Илустрација

Брат ја убил сестра си и нејзиниот син, денеска во кумановското село Габреш, соопшти полицијата.

Според информациите од СВР Куманово, двојното убиство е епилогот од нерасчистените имотно-правни односи.

Мажот на возраст од 66 години, пукал со огнено оружје кон неговата сестра и нејзините двајца синови, при што ја убил сестра си (63) и едниот (38) од синовите. Другиот (36), според податоците на полицијата, е пренесен во општа болница Куманово.

„Поради нерасчистени семејни односи денеска во 12:25 часот полициски службеници од СВР го лишиле од слобода Д.Ѓ. (66) затоа што во село Габреш, кумановско поради нерасчистени имотно правни односи пукал од огнено оружје кон неговата сестра Д.Р.(63), и нејзините синови Ж.Р.(36) и Т.Р.(38). Итна медицинска помош констатирала смрт кај Д.Р. и Т.Р., додека Ж.Р.со повреди е пренесен во Општа болница Куманово“, информираше полицијата.

Од кумановската болница потврдија дека кај нив е донесено лице со три прострелни рани, но поради сериозноста на повредите е префрлено на понатамошно лекување на една од скопските клиники.

Додик се сретна со Путин четврти пат од почетокот на агресијата во Украина

Милорад Додик и Владимир Путин за време на состанокот во Казан, Русија, 21 февруари 2024 г.
Милорад Додик и Владимир Путин за време на состанокот во Казан, Русија, 21 февруари 2024 г.

Претседателот на босанскиот ентитет Република Српска (РС) Милорад Додик, кој е на листата на санкции на САД и Велика Британија, на 21 февруари се сретна со претседателот на Русија Владимир Путин во Република Татарстан, која е дел од Руската Федерација, јавува Радио-телевизијата на Република Српска (РТРС).

Како што е соопштено од јавниот сервис, Додик му рекол на Путин дека Република Српска одбива да се приклучи на западните санкции против Русија и оти не сака да влезе во НАТО.

„Ги потврдуваме добрите односи што Република Српска ги има и ги негува кон руската држава и кон вас. Она што го правиме во сегашните околности е дека отфрламе секаква можност за приклучување на западните санкции против Русија“, рекол Додик.

Новинската агенција Срна пренесува дека Путин рекол оти посетата на Додик ќе биде „корисна“, и дека му е благодарен што одржува редовни контакти.

„Редовно не посетуваат претставници на раководството на Република Српска. Ние соработуваме со вас на различни полиња. Сигурен сум дека и оваа ваша посета ќе биде корисна и дека ќе успееме да го искористиме времето за да разговараме за билатералните односи во низа области“, рекол Путин.

На почетокот на средбата Путин најави дека има намера да разговара со Додик за билатералните односи, за ситуацијата во Република Српска и посочи дека „Русија знае дека ситуацијата не е едноставна“.

Поради руската инвазија на Украина која започна на 24 февруари 2022 година, САД, Европската унија, Велика Британија и нивните сојузници воведоа низа санкции против Русија кои, меѓу другото, се насочени кон економијата и финансискиот систем.

Ова е четврта средба на Додик со Путин од почетокот на руската инвазија на Украина и нивен десетти разговор од 2014 година.

Додик и Путин последен пат се сретнаа во мај 2023 година, кога Додик рече дека „Република Српска останува проруска, антизападна и антиамериканска“.

Од Канцеларијата на високиот претставник (ОХР) во БиХ, по повод средбата на Додик со Путин, за Радио Слободна Европа (РСЕ) изјавија дека „БиХ се обврза да ги следи безбедносните и надворешнополитичките насоки на ЕУ“, како земја кандидат за членство во Европската Унија (ЕУ).

„Ова ја исклучува соработката со земјите кои се под санкции, како и личните средби со шефовите на тие земји“, посочува ОХР.

Претседателот на Република Српска е еден од ретките функционери кои се среќава со руски и белоруски официјални претставници од почетокот на руската инвазија на Украина.

Тој пристигна во Казан, главниот град на Татарстан, по дводневната посета на Белорусија, каде на 19 февруари се сретна со претседателот на земјата Александар Лукашенко, кој беше санкциониран од Европската унија во 2020 година поради изборни нерегуларности во кои тој владееше речиси три децении.

Во главниот град на Татарстан се одржува високотехнолошки и мултиспортски турнир на меѓународно ниво, наречен „Идни игри“, на кој се собираат околу две илјади учесници.

Проруската реторика и блискоста со руските лидери не покажуваат никаква конкретна корист за Република Српска. Инвестициите од 27-те земји-членки на блокот на ЕУ сочинуваат 64 отсто од вкупните странски инвестиции во БиХ, додека руските инвестиции изнесуваат помалку од четири отсто.

Во Република Српска, Русија е петта на листата на инвеститори, зад соседните Србија, Италија, Австрија и Велика Британија.

Неколку големи проекти, кои Владата на Република Српска ги започна во овој ентитет со руски компании и олигарси, доведоа до повеќемилионски загуби.

Меѓу нив се неуспешната ревитализација на фабриката Бирач во Зворник, со компанија на рускиот олигарх Владимир Романов, неуспешната изградба на термоцентралата Угљевиќ и хидроцентралата „Мрсово“ на реката Лим во општина Рудо, како и продажбата на нафтената индустрија во овој субјект на руската државна компанија Зарубрежнефт.

Најсилното упориште на Русија во Босна и Херцеговина е во нафтената индустрија, поточно, во Групацијата Оптима, најголемата нафтена компанија во Босна и Херцеговина, во сопственост на Зарубежнефт, руска државна компанија задолжена за нафтените операции во странство.

Состанок на министрите за надворешни работи на земјите од групата Г-20

илустрација
илустрација

Во Бразил во среда (21 февруари) почнува дводневната средба на министрите за надворешни работи на земјите-членки на Г20, на која ќе се разговара за глобалните тензии, начините за подобрување на мултилатералните организации и подготовките за годишниот Самит на организацијата.

Претседателот на Бразил, Луис Инасио Лула да Силва ја најави реформата на глобалното владеење, како и сузбивање на климатските промени и намалување на сиромаштијата како приоритет на Г20 за годинава.

Но, со оглед на војната во Украина и во Појасот Газа дипломатите не се оптимисти дека предлозите за обновување на глобалното владеење лесно ќе бидат усвоени од 20-те најголеми економии во светот.

Средбата во Рио де Жанеиро ќе почне со преглед на глобалната ситуација и конфликтите во светот.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров првпат ќе се сретнат по минатогодишниот состанок на министрите за надворешни работи на Г20 во Њу Делхи.

Се очекува Бразил да предложи одржување на втор состанок на шефовите на дипломатијата на Г20 во седиштето на Обединети Нации во Њујорк, каде што ќе бидат поканети земјите-членки на Светската организација да разговараат на темата за глобалното владеење.

Сирија соопшти за израелски напад на станбена зграда во Дамаск

Сириската државна телевизија објави дека неколку проектили го погодиле западниот дел на областа Кфар Суса, Дамаск, Сирија, во средa, 21 февруари 2024
Сириската државна телевизија објави дека неколку проектили го погодиле западниот дел на областа Кфар Суса, Дамаск, Сирија, во средa, 21 февруари 2024

Во воздушен напад беше погоден кварт на сириската престолнина, при што загинаа две лица, јави сириската државна телевизија, наведувајќи дека нападот го извршил Израел.

Засега нема потврда од Израел за нападот.

Сириската државна телевизија јави дека неколку проектили ја погодиле западната населба Кфар Суса. Провладината радио станица Шам ФМ соопшти дека нападот погодил зграда во близина на иранско училиште.

Во нападот бил оштетен четвртиот кат од десеткатницата, искршени биле стаклата на околните згради и на десетици автомобили паркирани во околината.

Според извештаите оштетен бил и празен паркиран автобус за блиското приватно училиште Ал-Бавадер, а биле забележани луѓе кои брзаат да ги однесат децата на училиште.

Израел изведе стотици напади врз цели во делови на Сирија под контрола на владата.

Официјален Израел ретко потврдува дека извршил напади во Сирија, но претходно изјави дека ги таргетира базите на милитантните групи сојузници на Иран, како што е либанскиот Хезболах, кој испрати илјадници борци да ги поддржат силите на сирискиот претседател Башар ал Асад.

Минатиот месец, израелски напад врз западниот кварт на сириската престолнина Маза уништи зграда што ја користеше паравоената иранска Револуционерна гарда, при што загинаа најмалку пет Иранци.

Во декември, израелски воздушен напад на периферијата на Дамаск го уби иранскиот генерал Сејед Рази Мусави, долгогодишен советник на иранската паравоена Револуционерна гарда во Сирија. Израел, исто така, гаѓаше палестински и либански оперативци во Сирија во изминатите години.

Во следниот период ќе расте бројот на заболени од голема кашлица кај повозрасната популација

Граѓани чекаат ред за вакцинација, февруари 2024 година
Граѓани чекаат ред за вакцинација, февруари 2024 година

Претседателот на Комисијата за заразни болести Александар Петличковски денеска изјави дека состојбата со големата кашлица е под контрола, но не е стабилна, бидејќи се уште има пораст на потврдени случаи.

„До денеска се потврдени вкупно 56 случаи. Од нив 14 се деца под една година, а 9 дополнително се на возраст од 1-4 години. Од вкупниот број 16 се невакцинирани, 12 се некомплетно вакцинирани. Сега се појавуваат адолесценти, деца на возраст од 10 до 14 години и повозрасни и веројатно во текот на следните недели ќе има промена на демографската структура на позитивните случаи, очекуваме кај повозрасните да се потврдува почесто оваа болест“, рече Петличковски по денешниот редовен состанок на комисијата.

Тој потенцираше дека најголемата грижа останува спречување на ширење на инфекцијата кај малите деца, оти тие се најризични.

Останува препораката за надополнување на пропуштените вакцинални дози. Од 18 јанури до 14 февруари, вкупно се вакцинирани над 13 илјади деца.

Од 56 потврдени случаи, 46 се од Скопје, а има и во Тетово, Куманово и Гостивар.

Големата кашлица е едно од најзаразните заболувања. Кашлањето е често, силно, трае и до 100 дена. Силната бактериска инфекција може да предизвика дополнителни компликации.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG