Достапни линкови

Бајден- Кој му даде право на Путин да прогласува независност на туѓи територии


Илистрација, американски демонстранти на протест за поддршка на Украина пред Белата Куќа во Вашингтон на 20 февруари 2022
Илистрација, американски демонстранти на протест за поддршка на Украина пред Белата Куќа во Вашингтон на 20 февруари 2022

САД и ЕУ воведоа низа санкции против Русија по одлуката на Москва за признавање на независност на сепаратистичките региони во источна Украина. Русија со новите санкции е отсечена од американскиот и европскиот пазар, а казнети ќе бидат и руските олигарски.

Американскиот претседател Џо Бајден во своето прво обраќање до нацијата, по одлуката на рускиот претседател Владимир Путин дека ги признава како независни сепаратистичките области во источна Украина Доњецк и Луганск, го објави пакетот санкции против Русија. Тој вели дека ова одлука на Путин е само почеток на инвазијата на Русија кон Украина и дека ако Москва продолжи со инвазијата, ние ќе продолжиме со зголемување на пакетот со санкции.

Санкциите ќе ги опфати две големи руски финансиски институции кои ги финасираат воените трупи. Вториот пакет се однесува на рускиот надворешен долг, односно „руската влада ќе биде отсечена од западните финансиски институции, со што нема да може да позајмува пари од Западот и нема да може да тргува на американскиот и европскиот пазар“ вели Бајден. Тој додаде дека од утре под санкции ќе бидат руските олигарси и нивните семејства. Бајден најави дека блиску ќе соработува со Германија за стопирање на процесот за сертификација на контроверзниот гасовод Северен тек 2 од Русија до Германија.

„Кој побогу Путин мисли дека му дава право да признава нови таканаречени држави на територија која им припаѓа на нивните соседи. Ова е флагрантно кршење на меѓународното право и бара цврст одговор од меѓународната заедница“ изјави Бајден.

Во изминатите неколку месеци Бајден вели дека постојано разговарал со европските лидери за можната ескалација и дека го предупредил Путин лично дека ако продолжи со намерите за инвазија, ќе бидат преземени сериозни мерки од земјите членки на Алијансата против Кремљ.

Тој додаде дека ако продолжи Русија со агресијата, Москва ќе плати повисока цена, а во меѓувреме САД ќе продолжат да обезбедуваат одбранбена воена помош на Украина. По одлуката на Русија да не ги повлече војниците од Белорусија, Бајден денеска издал наредба за дополнителна воена опрема и војници кои се стационирани во Европа за да ги зајакнат капацитетите во Естонија, Литванија и Латвија. Тоа се чисто одбранбени потези, вели тој.

„Ние немаме намера да војуваме со Русија, но ние сакаме да испратиме недвосмислена порака дека САД заедно со партнерите ќе го одбрани секое делче од територијата на НАТО во согласност со обврските кои ги имаме кон НАТО“, вели Бајден.

Над 150 илјади руски војници се стационирани околу Украина, руски војници се поставени во Белорусија со подготвен ракетен систем, за да може од север да се нападне Украина. Руските сили прават маневри во Црното Море, со цел пристап од југ, заедно со неколку подморници.

„Русија достави медицинска опрема и резервни единици на крв во воените позиции во близина на границата. Не ви треба крв освен ако не планирате да почнете војна“, вели Бајден.

Американската администрација ги користи сите инструменти за да може да се заштитат американските бизниси од пораст на цените на нафтените деривати.

„Одбраната на слободата ќе има своја цена, за нас дома исто така. Треба да бидеме искрени за тоа. Но ќе се потрудам цената од санкциите да ја плати руската економија, а не нашата“, додаде тој.

Тој во своето обраќање истакна дека се уште има време да се избегне најлошото сценарио ако Москва ги повлече своите војници, и дека САД се подготвени за дипломатско решение. Но, порача дека на Русија ќе и верува само на делата, не и на зборовите.

Претходно Европската унија едногласно донесе одлука да воведе нови санкции против Русија поради нејзиното признавање на сепаратистичките региони во источна Украина и распоредувањето војници таму.

Санкциите ќе бидат насочени кон пратеници на рускиот парламент и сите поединци кои го одобрија распоредувањето на руските трупи во регионите на источна Украина под контрола на сепаратистите, изјави шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во својот говор изјави дека санкцииите ќе таргетираат и руски банки како и заштита на европскиот пазар од руски капитал. Таа смета дека одлуката на Путин значи нарушување на интегритетот и суверенитетот на Украина и дека Русија не ги почитува меѓународните обврски и принципите на меѓународното право.

„Русија е одговорна за моменталната ескалација на настаните“ вели фон дер Лајен.

Претходно денеска германскиот канцелар Олаф Шолц соопшти дека го става на пауза процесот за сертификација на контроверзниот гасовод Северен тек 2 од Русија до Германија, како реакција на руските постапки во Украина.

Шолц денеска изјави дека побарал да се прекине процесот за преглед од германскиот регулатор на 11 милијарди долари вредниот гасовод, кој треба да испорачува руски природен гас од Русија, преку Балтичкото Море до Германија.

Фон дер Лајен рече дека се согласува со германската влада.

„Бидејќи оваа криза покажува дека Европа е се уште премногу зависна од рускиот гас, ние треба да ги преиначиме нашите достави, и мора да изнајдеме сигурни доставувачи. Ние ќе мораме инвестираме во обновливи извори на енегргија, таму е иднината, бидејќи ова е стратегиска инвестиција во нашата енергетска независност“ вели Фон дер Лајен .

Украинскиот претседател Володимир Зеленски вели размислува за барањето на министерот за надворешни работи за раскинување на дипломатските односи до Русија.

Франција денеска го обвини Путин дека не ги почитува обврските на неговата земја кон клучните меѓународни договори, вклучително и договорот од Минск од 2014 година, со кој се бара мирно решавање на конфликтот во источна Украина.

„Претседателот Путин повеќе не го почитува потписот на Русија“, изјави министерот за надворешни работи Жан-Ив Ле Дриан по објавувањето на едногласната одлука на 27-те земји-членки на ЕУ да воведат нови санкции кон Русија по нејзиното признавање на отцепените региони на истокот на Украина.

Тој најави дека планира да ја откаже поканата од Париз до неговиот руски колега Сергеј Лавров за разговори по признавањето на отцепените региони од страна на Русија во источна Украина. Лавров и Ле Дриан требаше во петок да оддржат состанок во Париз.

Од друга страна, пак шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел изјави дека дека „дипломатската акција ќе продолжи за да се избегне војна во срцето на Европа“.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во телефонски разговор му рекол на својот украински колега Володимир Зеленски дека Турција се противи на секоја одлука насочена кон територијалниот интегритет на Украина, откако Русија соопшти дека признава два региони во источна Украина како независни. Ердоган смета дека одлуката на Русија да ја признае независноста на областа Донбас е неприфатлива и повика кризата да се решава по дипломатски пат.

Горниот дом на рускиот парламент едногласно го одобри барањето на претседателот Владимир Путин за употреба на воена сила надвор од земјата. Претходно Путин испрати писмо до Парламентот и Советот на федерализацијата со кое бара да се формализира воено распоредување во регионите во источна Украина контролирани од сепаратистите поддржани од Русија, еден ден откако Путин ја призна нивната независност.

Шефот на НАТО Јенс Столтенберг денеска во својот говор во Брисел истакна дека Русија не престанала да планира целосна инвазија врз Украина.

Путин ги игнорираше предупредувањата на Западот и вчеравечер соопшти дека Русија ги признава како независни регионите Доњецк и Луганск во источна Украина кои се под контрола на сепаратистите поддржани од Москва.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG