Достапни линкови

Додека решава што со Украина, Путин е опкружен со тесен круг „јастреби“


Рускиот претседател Владимир Путин (во средината), министерот за одбрана Сергеј Шојгу (лево) и началникот на Генералштабот на вооружените сили на Русија, Валери Герасимов (десно), ги набљудуваат воените вежби во септември 2021 година.
Рускиот претседател Владимир Путин (во средината), министерот за одбрана Сергеј Шојгу (лево) и началникот на Генералштабот на вооружените сили на Русија, Валери Герасимов (десно), ги набљудуваат воените вежби во септември 2021 година.

Путин се потпира врз тесна група конзервативци додека одлучува дали да ја нападне Украина, велат аналитичарите. Радио Слободна Европа прави преглед на соработниците кои можеби влијаат врз Путин. Тод Принс

Во март 2014 година, непосредно откако руските трупи го зазедоа украинскиот полуостров Крим, германската канцеларка Ангела Меркел разговараше со американскиот претседател Барак Обама за првото одземање територија во Европа од крајот на Втората светска војна.

Меркел претходно во текот на денот разговараше со рускиот претседател Владимир Путин и на Обама му ги сподели деталите од тој разговор. Путин е „во друг свет“, наводно му рекла таа на американскиот претседател, мислејќи на она што аналитичарите го опишуваат како алтернативен, а некои велат и параноичен поглед на рускиот лидер за политичките настани - во кој САД стојат зад многу од несреќите на Русија.

Осум години подоцна, додека Русија ја опкружува Украина од три страни со околу 130.000 војници и, како што предупредуваат американските официјални лица, тоа би можело да биде увертира за најголемата инвазија во Европа во повеќе од 75 години, Путин – кој во октомври ќе наполни 70 години – може да биде уште посериозно надвор од реалноста, велат аналитичарите.

Во голема мера изолиран во неговите резиденции во предградието на Москва и во црноморскиот туристички град Сочи, заштитен со мерки на претпазливост среде најтешката пандемија, Путин носи одлуки за своите следни потези - можеби со најтешки последици за Европа во последните децении - со помош од само неколку блиски советници кои го делат неговиот конзервативен и конспиративен поглед на светот, велат сегашни и поранешни западни функционери и аналитичари.

Лажните ветувања на Путин
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:23 0:00

Тој внатрешен круг – кој, меѓу другите, ги вклучува секретарот на Советот за безбедност Николај Патрушев; Директорот на Федералната служба за безбедност (ФСБ) Виктор Бортников; Министерот за одбрана Сергеј Шојгу; Шефот на службата за надворешно разузнавање (СВР) Сергеј Наришкин; и шефот на Истражниот комитет Александар Бастрикин, - се намали од 2014 година, бидејќи разочарувањето на Путин од Западот расте, велат аналитичарите.

„Иднината на Украина може да зависи од човек заглавен во балон што ја храни неговата агресија и го штити од последиците“, пишуваат за Форин афеарс Адам Е. Кејси, соработник во Центарот Вајзер на Универзитетот во Мичиген и Сева Гуницки, професор на Универзитетот во Торонто.

Думата го усвои барањето до Путин да ги признае Луганск и Доњецк

Руската политичка аналитичарка Татјана Становаја напиша во извештајот од мај 2020 година, токму на почетокот на пандемијата, дека новонастанатата елитна групација што таа ги нарече „заштитници“ станува сѐ повлијателна кај Путин. Таа ги опишува „заштитниците“ како сојуз меѓу оние кои се залагаат за поголеми репресии во Русија и оние кои се залагаат за конзервативна идеологија како начин да се одбијат предизвиците за кои нејзините членови тврдат дека доаѓаат главно од странство.

„Идеологијата на заштитниците, бесрамно потпирајќи се врз теории на заговор, се обидува да го мобилизира општеството против странските закани и се залага за построга контрола врз приватниот и политичкиот живот на Русите“, смета Становаја. Специфичен пример за такво тврдење за заговор се појави среде тензиите околу Украина.

Патријархот Московски и на цела Русија Кирил и министерот за одбрана Сергеј Шојгу по осветувањето на катедралата на Воскресението Христово - главната црква на вооружените сили на Русија. 14 јуни 2020 година
Патријархот Московски и на цела Русија Кирил и министерот за одбрана Сергеј Шојгу по осветувањето на катедралата на Воскресението Христово - главната црква на вооружените сили на Русија. 14 јуни 2020 година

66 годишниот Шојгу во декември тврдеше дека американски платеници преместувале „непознато хемиско соединение“ во регионот на Донбас, каде што силите поддржани од Русија се борат против владата во војна која трае од 2014 година. Тој не даде никакви докази за да го поткрепи тврдењето.

Шојгу, кој го придружуваше претседателот на неколку риболовни патувања во Сибир што се прикажуваат на државната телевизија, е „еден од ретките лични пријатели на Путин“, наведуваат во книгата „Господин Путин“ Фиона Хил, поранешен советник на претседателот Доналд Трамп и Клифорд Гади, економист специјализиран за Русија.

Кинеско-руските односи: нов светски поредок или прикриена борба за моќ?

Кога Путин дојде на власт на крајот на 1999 година, тој првично беше опкружен со широк спектар на советници, од либерални економисти до поранешни колеги од тајните служби. Сепак, тој направи остар пресврт надесно околу 2012 година, годината кога се врати на претседателската функција по мандатот како премиер во услови на невидени протести против неговото владеење.

Тој ги обвини Соединетите држави дека ги организираат демонстрациите што избувнаа во 2011 година - делумно поради неговата одлука да се врати во Кремљ - и започна акција против граѓанското општество и опозицијата што ќе расте со секоја наредна година.

„За повторно да ја консолидира моќта, Путин се репозиционираше како конзервативец, нагласувајќи ја важноста на „духовните врски“ и традиционалните вредности кои му недостасуваат на декадентниот Запад“, вели Становаја во извештајот.

Во 2013 година, тој потпиша закон што наводно има за цел „да ги заштити децата од информации кои се залагаат за негирање на традиционалните семејни вредности“ - таканаречениот закон против „геј пропаганда“, потег што го зголеми социјалното непријателство кон ЛГБТ луѓето.

Кога демонстрантите во Украина излегоа на улиците подоцна истата година за да протестираат против отфрлањето на трговскиот договор со Европската унија од страна на претседателот Виктор Јанукович во корист за поблиски економски врски со Русија, Путин повторно покажа со прст кон Вашингтон и Западот.

Откако Јанукович побегна во Русија, Путин испрати војници да го заземе Крим, а Москва ги поддржува сепаратистичките сили во источна Украина. Се смета дека дејствијата на Путин ја турнаа Украина подалеку од руската орбита и ја зајакнаа желбата на нејзиниот народ за интеграција со Западот - нешто што западните власти велат дека тој и неговите блиски советници не успеале да го сфатат.

Тој, секако, не го прифати тоа јавно и го обвини Западот во написот објавен во јули, кој беше нашироко дискутиран, за поделба на Русите и Украинците, кои ги нарече „еден народ“.

Луѓето кои се занимаваат со Путин велат дека неговиот конспиративен поглед на светот е длабоко обликуван од неговите години како офицер на советската КГБ. Неколкумина од неговите најблиски соработници, кои се на негова возраст, доаѓаат од таму, а во многу случаи и од истиот град, Ленинград -- сега Санкт Петербург.

„Како што често тврди јавно и приватно, тој верува дека има заговори од Соединетите држави и Западот насочени против него и против Русија“, наведува Хил, додавајќи: „Таквото размислување за заговор е во согласност со неговата логика. Заговорите имаат смисла во однос на неговата референтна рамка – како што се гледа преку неговите филтри на Студената војна, неговото време како оперативец на КГБ во Источна Германија кон крајот на 1980-тите и преовладувачките политички ставови на конзервативните руски кругови“.

Секретарот на рускиот совет за безбедност Николај Патрушев одржува говор на IX конференција за меѓународна безбедност во Москва, 24 јуни 2021 година
Секретарот на рускиот совет за безбедност Николај Патрушев одржува говор на IX конференција за меѓународна безбедност во Москва, 24 јуни 2021 година

70 годишниот Патрушев, еден од најблиските соработници на Путин во текот на неговите години на власт, е тврдокорен конзервативен колега, односно поранешен офицер на КГБ. Роден во родниот град на Путин, Ленинград, тој беше шеф на ФСБ од 1999 до 2008 година пред да се пресели во Советот за безбедност.

Тој, наводно, стои зад новата Стратегија за национална безбедност која беше објавена во минатата година и која ги подигна критиките кон Западот на ново ниво, тврдејќи дека „културниот суверенитет“ на Русија е загрозен и дека нејзините „традиционални вредности“ се „под активен напад од Соединетите држави и нивните сојузници“.

Претседателот Владимир Путин (во средината), директорот на ФСБ, Александар Бортников (лево) и шефот на СВР, Сергеј Наришкин, присуствуваа на состанокот со разузнавачите во Москва во декември 2019 година.
Претседателот Владимир Путин (во средината), директорот на ФСБ, Александар Бортников (лево) и шефот на СВР, Сергеј Наришкин, присуствуваа на состанокот со разузнавачите во Москва во декември 2019 година.

66 годишниот Сергеј Наришкин, исто така роден во Ленинград, кој првпат се сретнал со Путин по дипломирањето на Вишата школа на КГБ, без никакви докази тврди дека западните разузнавачки агенции се обиделе да го убијат рускиот опозициски лидер Алексеј Навални. Навални, кој беше отруен со нервен агенс од руско производство во Сибир во 2020 година, ги обвинува Путин и ФСБ. Наришкин, исто така, неодамна ја изедначи демократски избраната влада во Украина со нацистите.

Руските министри Лавров и Шојгу се откажаа од пратеничките мандати

68 годишниот Бастрикин, кој студирал на правниот факултет на Државниот универзитет во Ленинград (ЛГУ) во 1970-тите заедно со Путин, еднаш се закани дека ќе го убие заменик-уредникот на опозицискиот весник Новаја газета.

Тесниот внатрешен круг на Путин беше флуиден со текот на годините, при што луѓето влегуваа и паѓаа од него во зависност дали го тапкаат или го иритираат претседателот.

Меѓу оние што заминаа е и поранешниот долгогодишен министер за финансии Алексеј Кудрин, кој има полиберални ставови. Аналитичарите, исто така, шпекулираат дека поранешниот министер за одбрана Сергеј Иванов, близок пријател на Путин од училишните денови, како и поранешниот претседател Дмитриј Медведев, повеќе не се дел од потесниот круг на претседателот.

Александар Бастрикин, шеф на Истражниот комитет, присуствува на состанок во Кремљ во Москва во декември 2019 година.
Александар Бастрикин, шеф на Истражниот комитет, присуствува на состанок во Кремљ во Москва во декември 2019 година.

Брајан Тејлор, професор на Универзитетот Сиракуза, кој има напишано книги за Русија, рече дека Дмитриј Козак, долгогодишен помошник на претседателот кој моментално ги надгледува разговорите со Украина за конфликтот во Донбас, може да биде важен глас во актуелната криза. Путин се потпираше врз Козак, кој има 63 години и е адвокат, за да се справи со тешките проблеми во минатото, вклучително и нестабилноста во Северен Кавказ.

Тејлор вели дека отсекогаш имало многу нагаѓања во одредувањето кој би можело да има влијание врз одлуките на претседателот - и оти тоа стана потешко со пандемијата поради ограничената лична интеракција на Путин со официјалните лица.

За разлика од Соединетите држави, путиновата Русија нема „регулиран меѓу институционален процес“ во носењето одлуки.

„Додека Путин добива информации и му се претставуваат опции од различни поединци, тешко е да се каже „кој всушност влијае врз одлуката меѓу тие опции. Тоа е повеќе последната личност со која разговарал Путин, наместо некаков колективен консензус на елитите кои ја креираат надворешната и безбедносната политика. Целото бункер претседателство само го прави тоа уште покомплицирано“, оценува Брајан Тејлор.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG