Достапни линкови

Путин нареди испраќање војници во Украина откако ја призна независноста на Доњецк и Луганск


Рускиот претседател Владимир Путин потпиша декрет за признавање на двата региони поддржани од Русија во источна Украина како независни ентитети за време на церемонијата во Москва на 21 февруари.

Рускиот претседател Владимир Путин нареди да се испратат руски војници во регионот на источна Украина под контрола на сепаратистите, во воена ескалација за која западните лидери предупредија дека ќе предизвика огромни последици за Москва.

Потегот на Путин дојде неколку часа откако тој ја објави својата одлука да го признае повикот на сепаратистите поддржани од Русија за признавање на независноста, потег што беше обесхрабрен од Обединетите нации и брзо осуден од западните лидери кои стравуваат од голем конфликт во регионот.

Пред да стане јасно за декретот на Кремљ, Белата куќа соопшти дека претседателот Џо Бајден разговарал со украинскиот претседател Володимир Зеленски и ја потврдил посветеноста на САД на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.

Администрацијата на Бајден исто така соопшти дека американскиот претседател го повторил телефонскиот разговор со францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц дека САД ќе одговорат „брзо и решително“ и во „заклучен чекор“ со своите сојузници и партнери на понатамошна агресија против Украина.

Во декретот објавен на интернет страницата на руската влада со датум од 21 февруари, се вели дека наредбата стапува на сила веднаш. Но, не беше јасно кога било кој дел од 150.000 руски војници, за кои западните лидери велат дека се во близина на украинската граница, би можел да почне да се движи кон украинска територија.

Во декретот се вели дека руската војска ќе влезе во Доњецк на барање на републиката за „да го одржи мирот“. Документот исто така, му дава задача на руското Министерство за надворешни работи да подготви „договор за пријателство, соработка и взаемна помош“ со Република Доњецк и да го достави до Кремљ на потпишување.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и претседателот на Советот, Шарл Мишел, издадоа заедничка изјава во која велат дека признавањето е „еклатантно кршење на меѓународното право“.

Тие велат дека блокот „ќе реагира со санкции“ и „ја повторува својата непоколеблива поддршка за независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници“.

Инаку претходно денеска, пред Путин да го потпише декретот за признавање на независноста на регионите во источна Украина, во обраќање во живо тој даде опширни коментари за советската историја и формирањето на Украинската Советска Социјалистичка Република под комунистичката власт во 20 век.

Во својата дискусија за историјата, Путин го критикуваше поранешниот комунистички лидер Владимир Ленин, нарекувајќи го „автор и архитект“ на Украина. Тој вели дека Ленин ја „ставил Русија во неповолна положба“.

„Да почнеме со фактот дека модерна Украина е целосно создадена од Русија, поточно болшевичка, комунистичка Русија. Тој процес започна речиси веднаш по револуцијата во 1917 година. Како резултат на болшевичката политика, се појави советска Украина, која и денес со причина може да се нарече Украина на Владимир Илич Ленин“, рече Путин.

„Во 1954 година, поради некоја причина, (претседателот на СССР Никита) Хрушчов го зеде Крим од Русија и ѝ го даде на Украина. Всушност, така настана територијата на советска Украина“, рече Путин.

Путин рече дека „САД и НАТО ја претвориле Украина во „воен театар“.

„Доколку Украина влезе во НАТО, тоа ќе послужи како директна закана за безбедноста на Русија“, рече рускиот претседател.

Западните лидери предупредија на сериозни последици од признавањето на „независноста“ на териториите во источна Украина.

Амбасадорот на САД во Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) Мајкл Карпентер рече дека руското признавање би било „тажно“ и дека треба да се осуди.

Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи Жозеп Борел изјави дека Европската унија е подготвена остро да реагира.

„Ако има анексија, ќе има санкции, а ако има признавање ќе ги ставам санкциите на маса и министрите ќе одлучат“, рече Борел по состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ.

Формулацијата на Борел сугерира дека ЕУ, чии членки имаат различни интереси и гледишта за тоа како да се справат со Москва, во случај на признавање е можно потешко да се договори за заеднички став и санкции, отколку во случај на целосна анексија.

„Го повикуваме претседателот Путин да го почитува меѓународното право“, рече Борел додавајќи:

„Подготвени сме да одговориме со силен обединет фронт во случај да одлучи“ да ги игнорира овие повици, нагласи Борел.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG