Достапни линкови

Вести

Времето денеска: променливо облачно

Променливо облачно и постудено. Претежно во планинските подрачја ќе провејува слаб снег. Ќе дува силен ветер од северен правец, особено изразен вдолж Повардарието и во источните делови. Дневната температура ќе биде од минус 3 до 8 степени. Во Скопје и околината слично време. Дневната температура ќе биде 6 степени.

види ги сите денешни вести

Шефот на иранското правосудство: Без милост ќе ги гониме жените кои не носат хиџаб

Две млади Иранки без задолжителен хиџаб на гробот на Кир Велики во Пасаргард во провинцијата Фарс, март 2023 година.

Соочен со зголемениот број жени кои му пркосат на задолжителниот кодекс на облекување, шефот на правдата во Иран се закани дека „безмилосно“ ќе ги гони жените кои се појавуваат во јавноста без превез, објавија денеска иранските медиуми.

Предупредувањето на Голам-Хосеин Мохсени Еџеи доаѓа по соопштението за печатот од Министерството за внатрешни работи во четвртокот, во кое се нагласува задолжителното спроведување на законот за хиџаб.

„Откривањето е еднакво на противење на нашите вредности“, неколку сајтови го цитираа Еџеи. Оние „кои ќе направат такви дела ќе бидат казнети“ и ќе бидат „гони без милост“, рече тој, без да објасни какви ќе бидат казните.

Еџеи е шеф на иранското правосудство и рече дека службениците за спроведување на законот имаат „обврска да го пријават на судските власти секој очигледен престап и какви било абнормалности што се против религиозните закони што се случуваат на јавен простор“.

Сè повеќе жени во Иран ги отфрлаат превезите по смртта на Махса Амини, 22-годишната која почина во морален полициски притвор во септември минатата година. Таа беше приведена поради наводно прекршување на правилата за носење хиџаб.

Месечните национални протести предизвикани од нејзината смрт беа насилно прекинати од властите.

Сепак, ризикувајќи апсење поради пркосење на задолжителниот кодекс на облекување, жените можат да се видат без превез во трговските центри, рестораните и на улиците низ земјата. Социјалните мрежи се преполни со видеа на забулени жени кои и пркосат на моралната полиција.

Според шеријатскиот закон на Исламската Република, наметнат по револуцијата во 1979 година, жените се обврзани да ја покриваат косата и да носат долга, широка облека за покривање на нивните фигури. Оние кои ќе го прекршат законот се соочуваат со јавна опомена, парични казни или апсење.

Опишувајќи го превезот како „еден од цивилизациските основи на иранската нација“ и „еден од практичните принципи на Исламската Република“, во соопштението на Министерството во четвртокот се вели дека „нема толеранција или повлекување“ по ова прашање.

Тие ги повикаа обичните граѓани да се соочат со жените без превез. Ваквите директиви во минатото дозволуваа поконзервативните граѓани неказнето да ги напаѓаат жените.

Пронајдени двете тинејџерки кои беа исчезнати

МВР

Пронајдени се двете тинејџерки на возраст од 12 и 15 години кои цели два дена не се вратиле дома, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи (МВР).

Според полицијата, тинејџерките биле пронајдени денеска во 13.30 часот на улицата „Џон Кенеди“, кај продажен објект во паркот, од страна на полициски службеници од ЕВР Центар и Бит Пазар.

„Пронајдени се малолетничките М.К.(15) и А.А.(12), за кои на 30.03.2023 во вечерните часови беше пријавено дека се оддалечиле“, се вели во соопштението на МВР.

Од МВР велат дека откако ќе го документираат случајот, малолетничките ќе им бидат предадени на родителите.

Исчезнувањето на двете тинејџерки го пријавија нивните родители во полициската станица Бит Пазар дека не се вратиле дома.

Во кусото полициско соопштение за исчезнувањето беше наведено дека 15 годишното девојче и претходно, во повеќе наврати се оддалечувало од домот и била враќана дома со полициска придружба.

Таткото на 12 годишното девојче јавно преку дел од медиумите упати апел за помош во нејзиното пронаоѓање. Тој за ТВ 21 изјави дека последен пат ја видел ќерка си вчера во 7 часот наутро пред да ја испрати во училиште.

Изборниот молк во Црна Гора почнува на полноќ

Гласање на претседателските избори во Црна Гора

Во Црна Гора на полноќ почнува изборниот молк, во пресрет на вториот круг од претседателските избори, што ќе се одржи во недела на 2 април.

Изборниот молк е на сила до затворање на гласачките места во недела во 20 часот.

Во тој период се забранува медиумско претставување на претседателските кандидати, политичко рекламирање, објавување оценки на резултатите од гласањето, пароли или симболи на кандидатите и резултати од испитување на јавното мислење.

Во изборната трка има двајца претседателски кандидати, кои освоија најмногу гласови во првиот изборен круг на 19 март - кандидатот на Демократската партија на социјалистите на Црна Гора Мило Ѓукановиќ и Јаков Милатовиќ, кандидатот на Движењето Европа сега.

Ова се четврти претседателски избори од обновувањето на независноста на Црна Гора и седми од воведувањето на повеќепартискиот систем.

Право на глас во вториот круг за претседател на Црна Гора имаат 542.154 граѓани, што е исто толку гласачи како и во првиот круг. Најмногу гласачи има во Подгорица 143.608, а најмалку во Шавник 1.777 на северот од државата.

Победник во вториот изборен круг од претседателските избори е кандидатот кој освоил најмногу гласови од гласачите кои излегле. Мандатот на претседателот трае пет години.

Регуларноста на изборниот процес ќе ја следат набљудувачките мисии на ОДИХР, европратениците и Советот на Европа и невладините организации Мониторинг центар и Центарот за демократска транзиција.

Папата Франциск денеска излезе од болница

Папата Франциск мафта од автомобил додека ја напушта римската болница Гемели. Италија, 1 април 2023 година.

Папата Франциск денеска ја напушти болницата за да се врати во Ватикан, откако беше лекуван од бронхитис, мавтајќи им на добронамерниците и медиумите кои го чекаа додека заминуваше.

„Не се исплашив, сè уште сум жив“, им рече тој на новинарите во краткиот коментар пред болницата пред да замине.

Папата кој има 86 години, беше пренесен во болница пред три дена откако се пожали на тешкотии со дишењето.

Тој добро реагираше на инфузијата на антибиотиците, рече неговиот медицински тим.

Папата, кој во март ја одбележа 10-годишнина од неговиот понтификат, претрпе неколку болести во последните години.

Утре Бугарија гласа на петти парламентарни избори за две години

Избори во Бугарија - илустративна фотографија.

На 2 април во Бугарија ќе се одржат парламентарни избори. Ова се петти избори во последните 2 години и се одржуваат во услови на тековни политички превирања во земјата.

Овие избори следуваат по четири други на кои ниту една партија не можеше да обезбеди изборно мнозинство или да состави одржлива владина коалиција.

Без мнозинство или стабилна коалиција, претседателот Румен Радев назначи преодни влади, вклучувајќи ја и сегашната влада предводена од привремениот премиер Галаб Донев.

Недостигот на стабилна влада резултираше со парламентарна блокада, при што партиите не можат да ги унапредат своите политички приоритети или да ги спроведат многу потребните реформи за да се решат широко распространетата загриженост за корупцијата.

Две партии -- ГЕРБ и реформистичката Продолжуваме со промените -- завршија на првото и второто место на последните парламентарни избори на 2 октомври, но тие не успеаја да состават коалициска влада.

Борби беснеат на исток, Зеленски вети дека руските војници ќе бидат казнети

Украинските војници со тенкови Т64 се движат кон правецот Бахмут, во регионот на Доњецката област, на 20 март 2023 година.

Украинските сили одбија десетици руски напади во источниот регион Доњецк во текот на изминатиот ден, соопшти денеска војската, додека претседателот Володимир Зеленски ги предупреди московските војници кои се осомничени дека извршиле злосторства дека ќе бидат изведени пред лицето на правдата.

Покрај градот Бахмут, централната точка на офанзивата на Москва на исток во изминатите неколку месеци, Генералштабот на украинската војска во своето редовно дневно ажурирање соопшти дека руските сили сега го засилиле нападот врз градовите Авдијевка и Мариинка во Регионот Доњецк и на Билохоривка, во регионот Луганск.

Вкупно 70 напади се регистрирани во изминатите 24 часа на четирите локации, каде што се водат тешки борби, соопшти војската.

Шест беспилотни летала Шахед од иранско производство беа соборени од воздушната одбрана на Украина, соопшти војската.

Кога Украина на 31 март одбележа една година од повлекувањето на руските сили од Буча, претседателот Володимир Зеленски ја искористи годишнината за да ги предупреди оние руски војници осомничени за масакрот на стотици цивили во градот, каде што беа стотина тела на убиени цивили оставени на улица, дека на крајот ќе бидат изведени пред лицето на правдата.

„Руските џелати и убијци ќе добијат правични казни. Сто проценти“, рече Зеленски.

Препукувања на Русија и САД во ОН поради тактичкото нуклеарно оружје во Белорусија

Архивска фотографија - состанок на Советот за безбедност во седиштето на Обединетите нации во Њујорк

Русија и САД се судрија во Обединетите нации поради плановите на Москва да распореди тактичко нуклеарно оружје во Белорусија.

Рускиот амбасадор во ОН Василиј Небензија на 31 март рече дека Москва не пренесува нуклеарно оружје, туку „оперативни тактички ракетни комплекси“, кои ќе бидат под руска контрола.

Небензија, исто така, ги обвини Соединетите држави за уништување на договорите за контрола на оружјето и го повтори рускиот приговор за тактичкото нуклеарно оружје распоредено во земјите на НАТО.

Заменик-амбасадорот на САД Роберт Вуд возврати дека Вашингтон ништо не слушнал од Русија сè до нејзиното преземање на украинскиот Кримски Полуостров во 2014 година.

Рускиот претседател Владимир Путин минатата недела изјави дека Москва постигнала договор за стационирање на тактичко нуклеарно оружје на територијата на блискиот сојузник Белорусија, која граничи и со Русија и со Украина.

Руската државна новинска агенција ТАСС на 25 март го цитираше Путин како тврди дека нема „ништо необично“ во потегот и дека тој не ги прекршил постојните договори за неширење нуклеарно оружје.

ММФ одобри заем од 15,6 милијарди долари за Украина

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ)

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) објави дека неговиот одбор на директори одобрил четиригодишен заем од 15,6 милијарди долари за Украина, како дел од глобалниот пакет од 115 милијарди долари за поддршка на економијата на земјата која се бори со руската инвазија од минатиот февруари.

Одлуката го отвори патот за итна исплата на околу 2,7 милијарди долари на Киев, но бара Украина да направи амбициозни реформи, особено во енергетскиот сектор, се вели во соопштението.

Таканаречениот проширен аранжман (ЕФФ) е првата голема конвенционална програма за финансирање одобрена од ММФ за земја во војна од значителни размери.

Претходната програма на ММФ од 5 милијарди долари беше откажана во март 2022 година, кога фондот обезбеди 1,4 милијарди долари вонредно финансирање со многу малку услови. Тие обезбедија уште 1,3 милијарди во октомври минатата година.

Претставникот на ММФ рече дека новиот пакет вклучува заем, 80 милијарди залог за грантови и повластени заеми од мултилатерални институции и други земји, како и 20 милијарди за отплата на долгови.

Украина мора да исполни одредени услови во следните две години, кои вклучуваат чекори за зголемување на даночните приходи, одржување стабилен девизен курс, зачувување на независноста на централната банка и зајакнување на борбата против корупцијата.

ММФ наведува дека во втората фаза ќе бидат потребни подлабоки реформи, за зајакнување на стабилноста и повоена реконструкција, враќање на земјата во предвоената рамка на фискалната и монетарната политика, зајакнување на конкурентноста и справување со слабостите на енергетскиот сектор. .

Висок претставник на американското Министерство за финансии рече дека тоа е „навистина солидна“ програма, која ги обврзува украинските власти да постигнат 19 цели само во следната година.

Намалени и замрзнати цените на дел хигиенски производи

Тоалетна хартија и хигиенски производи во маркет.

Од денеска се замрзнуваат цените на тоалетната хартија, хигиенските влошки, влажните марамчиња и пелените за деца и возрасни.

Одлуката беше донесена минатата недела, а ќе биде во сила од 1 април до 31 мај 2023 година, како што најави министерот за економија Крешник Бектеши.

Намалувањето ќе биде 13 отсто од цените кои ги имале тоалетната хартија, влажните марамчиња, пелените за деца и возрасни (дајперси) и хигиенските влошки во трговијата на мало на 20 март годинава.

Владата ја донесе оваа Одлука по предлог на Министерството за економија, согласно направените анализи и податоците од Царинската управа, изјави Бектеши.

Претходно, со одлука на Владата, беа замрзнати и цените на тестенините и млечните производи кои се намалени за 15, односно за 10 проценти, како и цените на јајцата и оризот кои останаа на нивото од 15-ти овој месец.

Цената на белиот и на полубелиот леб од 450 грама е замрзната на 33 денари.

Украина одбележува годишнина од масакрот во Буча, Русија ги гранатира градовите на исток

Комеморативната церемонија по повод првата годишнина од ослободувањето на градот Буча, среде рускиот напад врз Украина, надвор од Киев, Украина, 31 март 2023 година.

Украина на 31 март одбележа една година откако руските сили се повлекоа од Буча, оставајќи зад себе стотици тела на убиени цивили на улиците на градот. Официјален Киев тоа го нарече масакр и руско воено злосторство.

Претседателот Володимир Зеленски претседаваше со официјална церемонија на отворено во Буча на која присуствуваа и молдавската претседателка Маја Санду и премиерите на членките на ЕУ и НАТО, Хрватска, Словачка и Словенија.

Во видеото објавено на социјалните мрежи, Зеленски го нарече масакрот во Буча „симбол на злосторствата“ извршени од руската војска.

„Никогаш нема да простиме. Ќе ги казниме сите виновни“, рече Зеленски во изјавата придружена со видеото.

Русија негираше дека ги извршила масакрите и тврди дека смртта била „инсценирана“ од Украина.

Украинските власти проценуваат дека околу 400 тела на цивили се пронајдени во Буча и вкупно повеќе од 1.000 низ целиот регион околу Киев.

Времето денеска - претпладне сончево, попладне нестабилно

Врменска прогноза

Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди и релативно топло. Ќе дува умерен до засилен, а во западните делови повремено силен ветер од југозападен правец од над 70 кмилометри на час. Попладне наместа ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, особено во источните делови.

Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 10, а максималната ќе достигне од 16 до 22 степена.

Во Скопје променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер од југозападен правец.

Попладне во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд и појава на ретки грмежи. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 19 степени.

Пендаровски - Уставните измени да влезат во процедура најдоцна следниот месец

Постапката за промена на Уставот треба да почне овој или најдоцна следниот месец, смета македонскиот претседател Стево Пендаровски. Тој во интервју за емисијата „Трилинг“ на ТВ 24 изјави дека единствен начин да се дојде до двотретинско мнозинство е со дебата со опозицијата.

„Јас би преферирал постапката за промена на Уставот да почне овој или најдоцна другиот месец и да заврши пред август, кога се колективните одмори на државните органи, пред се на Парламентот, зашто потоа полека влегуваме во предизборна атмосфера и атмосферата може да биде само полоша. Не би сакал да видам друг начин за да дојдеме до две третини и промена на Уставот сега во однос на Бугарите, освен дебата со опозицијата“, изјави Пендаровски.

Министерството за правда најави дека работната група која ќе работи на амандмани на уставните измени ќе биде наскоро формирана и дека сите барања за измена на Уставот ќе бидат разгледани.

Бугарија ги блокира преговорите за членство во ЕУ на Македонија со барање Бугарите да бидат внесени во Уставот, но опозициската ВМРО-ДПМНЕ се противи на тоа. Без нив го нема потребното двотретинско мнозинство за уставни измени.

Пендаровски вели дека македонската Влада го турка овој процес и ќе го истурка до крај, а во државната позиција на Бугарија кон земјава нема никаква промена. Негова оценка е дека предвремените избори нема да ги решат политичките проблеми во државата.

„Се плашам дека не само предвремените, туку и редовните парламентарни избори нема да ги решат длабоките политички проблеми зашто тие не се од вчера. Имаме огромна дупка меѓу два па и три политички блока кои со години наназад се гледаат преку нишан. Мислам дека за да се влоши состојбата, многу придонесе 27 април, а и немаше извинувања за тоа што беше сторено,“ вели Пендаровски.

Во однос на втор мандат Пендаровски најави дека ќе размислува по Нова Година, за да види дали ќе има поддршка од политичките партии.

„Не би сакал да се туркам ако мојот рејтинг е низок“, истакна претседателот.

Пендаровски стапи на фунција на 12 мај 2019 година. Неговиот мандат истекува следната година.

Украинците во Скопје побара од руските дипломати да го „напуштат кругот на злото“

илустрација, архивска фотографија

Украинското здружение „Лесја Украинка“ во Скопје испрати порака до руските дипломати во Македонија да ги осудат масакрите од војната во Украина особено оние во Буча. Оваа порака ја упатија на денешниот собир во центарот на градот по повод одбележување на годишнина од масакрот во Буча.

„Осудете ја варварската, напаѓачка војна против Украина што ја започна злосторничкиот режим на Владимир Путин. Додека сè уште не е доцна, поднесете оставка и побарајте азил“, се вели во пораката упатена до руските дипломати.

На 31 март минатата година украинските сили влегоа во Буча, откако руската војска се повлече по неуспешниот обид да го освои главниот град на Украина, сликите на мртвите тела расфрлани низ улиците на Буча го обиколија светот, предизвикувајќи бран на шок и осуда.

Русија негираше дека ги извршила масакрите и тврди дека објавените слики и видеа од Буча се „исценирани “ од Украина.

Претседателот на Здружението на Украинците „Лесја Украинка“, Олександар Урбанович потсети на жртвите и на настраданото цивилно население од руската инвазија во неговата држава. Поради направените злосторства, нагласи Урбанович, на Русија не смее да и се дозволи учество на Олимписките игри ниту под белото знаме. Тој во обраќањето до руската амбасада ги повика вработените да излезат од, како што вели кругот на соучесниците на злото.

„Гледате информации за смртта на невините украински деца, жени и мажи кои ја бранат својата држава од неиспровоцираната и незаконска агресија на „рускиот мир“. Ги повикуваме оние од вас кои имаат совет и чест: излезете од овој круг соучесници на злото, немојте да бидете лажговци и лакеи на режимот. Немојте да бидете соучесници во руските злосторства кои режимот на Кремљ ги извршува во Украина“, изјави Урбанович.

Тој посочи дека руска армија се претворила во глутница од осуденици и криминалци, ограбувачи, садисти и убијци.
Урбанович на митингот упати посебна благодарност до Северна Македонија за поддршката и ја нарече „братска“.

„Вашата поддршка во авиони, тенкови и хеликоптери навистина многу ни значи и нема никогаш да го заборавиме тоа“, подвлече Урбанович.

Само според Обединетите нации, повеќе од 8 000 лица загинале за време на војната во Украина, од кои 500 се деца.

Украинските власти проценуваат дека околу 400 тела на цивили се пронајдени во Буча и вкупно повеќе од илјада низ целиот регион околу Киев. Многу од телата беа пронајдени во масовни гробници.

Две тинејџерки исчезнати, полицијата трага по нив

Илустрација, полиција во трговски центар

Две тинејџерки на возраст од 12 и 15 години втор ден како не се вратиле дома. Нивните родители пријавиле во полициската станица Бит Пазар дека од вчера на пладне не се вратиле дома. Полицијата трага по нив.

Во кусото полициско соопштение е наведено дека 15 годишното девојче и претходно, во повеќе наврати се оддалечувало од домот и била враќана дома со полициска придружба.

Таткото на 12 годишното девојче јавно преку дел од медиумите упати апел за помош во нејзиното пронаоѓање. Тој за ТВ 21 изјави дека последен пат ја видел ќерка си вчера во 7 часот наутро пред да ја испрати во училиште.

Приведени дилери во близина на фирма за медицински канабис

Илустрација

Приведени петмина со 4 килограми марихуана изнесена од компанија која има дозвола за производство на канабис за медицински цели. Министерството за внатрешни работи соопшти дека битолски полицајци од криминалистичкиот оддел на СВР Битола забележале автомобил „мерцедес“ од кој совозачот во близина на влез во фабрика за производство на медицински канабис во селото Кравари, подигнал натоварени кеси со марихуана. Откако возачот на „мерцедесот “ ги забележал полицајците од возилото исфрлил две ќеси со марихуана.

По приведувањето на петмината мажи, полицијата по наредба на Основниот суд Битола извршила претрес во фирмата која има лиценца за производство на канабис, и констатирала неправилности во поглед на производство, одгледување и складирање на медицинскиот канабис, за што ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.

МВР не соопштува повеќе детали од ова. Но, според претходно објавените полициски билтени ова не е прв пат да се откријат неправилности во работењето на фирмата која има дозвола за производство на канабис во село Кравари.
Во октомври минатата година беше објавена вест дека при извршен претрес било пронајдено поголема количина на произведена марихуана од таа што ја пријавиле во Комисијата надлежна за тоа, која е дел од Министерството за здравство.

„При што беше констатирано дека во сеф-собата недостасуваат семки за канабис растенија, како и 127 грама сув цвет од канабис, за што претходно известиле до Комисијата дека го поседуваат. Во сеф-собата се пронајдени 14 килограми и 800 грама сув цвет од канабис, за кој немаат доставено известување дека го поседуваат по завршена берба“, се вели во соопштението објавено на 29 ноември 2022 година.

Од извршениот увид во документацијата која правното лице ја има доставувано до Комисијата, од МВР тогаш соопштија дека констатирале оти правното лице не води соодветна евиденција, делумно нецелосно ги пријавува настанатите промени при одгледувањето на канабис, не известува за денот на почнувањето на бербата на канабисот, не доставува известувања за набрана влажна маса и не го пакува собраниот сув цвет од канабис согласно Закон.

Во неколку наврати во 2020 година беа украдени големи количини марихуана во фабрики за медицински канабис. Во фабрика во село Јосифово во близина на Валандово во декември 2020 беа украдени 2 тони марихуана, а само 231 килограми беа пронајдени во скопско Арачиново. Тогашниот премиер Зоран Заев рече дека дрогата веројатно завршила на Косово.

Потоа беше пронајдени 60 килограми марихуана во крушевско, за кои постоеше сомнеж дека се украдени од фирма за медицински канабис во Крушево.

Македонија ја легализираше марихуаната за медицинска употреба во 2016 година и досега има над 60 лиценцирани фирми за производство на канабис.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG