Достапни линкови

Вести

Се намалува периодот на изолација на седум дена, наставата со физичко присуство

Ученици од основно училиште во Скопје на настава во услови на пандемија на ковид-19

Наставата во основното и средното образование ќе продолжи со физичко присуство на учениците на 1 февруари, одлучи Владата на вчерашната редовна седница. Оваа одлука е донесена врз основа на мислењето на Комисијата за заразни болести и согласно препораките на УНИЦЕФ, а Владата повикува на доследно придржување и спроведувањето на протоколите за одржување настава со физичко присуство, соопшти владината прес-служба.

Нови 2019 заразени со корона, починале 19 лица

Владата реши и периодот на изолација или карантин поради ковид-19 да се намали на седум дена, наведувајќи дека тоа е по препорака од Главниот координативен кризен штаб донесена на предлог на Комисијата за заштита од заразни болести поради полесната клиничка слика што ја предизвикува сојот омикрон. Согласно овие препораки на лицата кои се лабораториски потврдени на ковид-19 (со PCR тест или со брз антингенски тест), а кои не развиле симптоми на болест, односно се асимптоматски случаи на ковид-19 им се одредува домашна изолација од седум дена од денот на тестирањето. По завршување на периодот на изолацијата, потребни се дополнителни три дена строго почитување на мерките за лична заштита (носење заштитна маска N95/FFP2 при престој во затворен простор со други лица или на отворено кога не може да се држи растојание од два метри, честа дезинфекција на раце, избегнување на групирање), наведуваат од владината прес-служба.

Тежок период за здравството, уште потежок за пациентите

Според одлуката на Владата, за лицата кои се лабораториски потврдени на КОВИД-19 (со PCR тест или со брз антингенски тест), а кои развиле клиничка слика соодветна на вирусот, односно се симптоматски случаи, треба да им се одредува изолација седум дена од денот на тестирањето плус три последователни денови доколку лицето е без покачена телесна температура. Според овие промени, лицата кои имале блиски контакти на потврдени случаи на КОВИД-19 се упатуваат во домашна самоизолација или карантин во траење од седум дена од денот на последниот контакт со потврдениот случај, а по завршување на периодот на самоизолацијата/карантинот потребно е дополнителни три дена строго да ги почитуваат мерките за лична заштита. Исклучок од мерката домашна самоизолација/карантин, според владината одлука, треба да има за оние лица кои исполнуваат еден од критериумите: Вакцинирани со Ковид-19 вакцина со две или три дози, а од последната доза да не поминале повеќе од шест месеци; Прележани со COVID-19, а позитивниот тест да не е постар од шест месеци; Лицата кои се блиски контакти, а кои заради исполнување на горенаведените критериуми се исклучени од самоизолација/карантин, задолжително треба да ги почитуваат мерките за лична заштита во период од 10 дена од последниот контакт со потврдениот случај.

види ги сите денешни вести

Жртви во немирите во Узбекистан, вонредна состојба во погодената провинција

Антивладини протести во автономната провинција Каракалпакстан, Узбекистан јули 2022

Претседателот на Узбекистан, Шавкат Мирзијоев денеска објави дека во немирите во автономната провинција Каракалпакстан, кои траат веќе две ноќи по ред, има загинати меѓу цивили и припадници на полицијата, пренесува АФП.

„За жал, има жртви меѓу цивилите и припадниците на полицијата за време на немирите во автономната провинција Каракалпакстан“, рече Мирзијоев.

Тој не даде детали за бројот на жртвите, ниту за причините за смртта. Во оваа покраина беше воведена вонредна состојба поради антивладините протести.

Кабинетот на узбекистанскиот претседател вчера објави дека Мирзијоев се откажал од плановите да го укине правото на автономната Република Каракалпакстан да се отцепи по масовните протести.

Демонстрантите се противат на уставните реформи кои, меѓу другото, се однесуваат на статусот на Каракалпакстан. Предложените измени значеа зачувување на автономијата на покраината, но и елиминирање на правото на Каракалпакстан да бара независност од Узбекистан.

Другите предложени уставни реформи ќе и овозможат на Мирзијоев да се кандидира уште два мандати. Објавувањето на уставните измени предизвика улични протести во главниот град на Каракалпакстан, Нукус и други градови.

Неколку часа по соопштението на Мирзијоев, прес-секретарот на претседателот Шерзод Асадов на Телеграм напиша дека Узбекистан воведува едномесечна вонредна состојба во регионот до 2 август.

Москва тврди дека ја презела контролата врз Луганск во источна Украина

Регион Луганск, Украина јули 2022

Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу на 3 јули му пријавил на претседателот Владимир Путин дека руската армија ја „ослободила“ целата територија на источниот регион на Украина Луганск, објави руското Министерство за одбрана.

Шојгу изјави дека руските сили и милитантите поддржани од Москва ја презеле контролата врз градот Лисичанск, местото на жестоки борби во последните денови и последното големо упориште во регионот Луганск, делумно контролиран од Украина.

„Сергеј Шојгу го информираше врховниот командант на руските вооружени сили Владимир Путин за ослободувањето на Луганската Народна Република“, се вели во соопштението на Министерството за одбрана.

Руските државни медиуми го цитираа портпаролот на Министерството за одбрана, Игор Конашенков, кој изјави: „Руските трупи... се борат во Лисичанск, во последната фаза на поразување на опкружениот непријател“.

Гувернерот на областа Луганск, Сергиј Хајдај, на Телеграм напиша дека руските сили „освојуваат упориште во градот“.

Советникот на украинскиот претседател Алексеј Арестович доцна на 2 јули изјави дека руските сили создале „заканувачка ситуација“ во градот.

Во април, Русија ги повлече своите сили од околината на Киев и другите делови на Украина и објави дека контролата на источна Украина Доњецк и Луганск е главниот фокус на инвазијата.

Руските војници го гранатираат Лисичанск во последните неколку дена, а последните борби се една недела по падот на Северодонецк, кој се наоѓа на другата страна на реката Сиверски Донецк. Тој град беше речиси срамнет со земја пред да биде заземен од руската војска.

Пендаровски: Ова не е судбинска дилема да се биде или не, но предлогот ја крева бугарската блокада

Претседателот на РСМ, Стево Пендаровски

Одлуката да го прифатиме нема да биде историски триумф или историски дебакл. Со овој предлог имаме само можност да ги отвориме преговорите и со него остануваме на европскиот колосек кој е долг, но до овој момент не губиме, ама баш ништо.

Ова е ставот на претседателот Стево Пендаровски по одржувањето на денешната Седница на Советот за безбедност на која беше разговарано за францускиот предлог отстранување на пречките за старт на преговорите на Македонија.

Тој вели дека не е точна перцепција кај дел од јавноста, дека оваа е судбинска дилема да се биде или не и дека деновиве треба да донесеме одлука за нашата судбина, ако го или ако не го прифатиме францускиот предлог.

Според шефот на државата, станува збор за транзициски предлог и затоа, како што рече, негов став е дека треба да се прифати само како одлука државата да ги отвори преговорите за членство во ЕУ.

„Со него ја креваме бугарската блокада и дозволува формално отворање на преговорите. Тој овозможува скрининг процес пред отварање на кластерите и трето со ништо не го поткопува македонскиот идентитет, бидејки има чиста формулација за македонскиот јазик без фусноти“, вели Пендаровски.

Тој додаде дека очекува заклучоци на Владата, ако таа го прифати предлогот, дека мора да ја содржат реченицата:

„Од денот кога ќе ги отвориме преговорите до нивното завршување, ако има дополнителни обиди за спомнување влез во дискусиите македонски јазик и македонска историја, во истиот момент ние да се повлечеме од преговорите“.

Пендаровски вели дека нема гаранции дека во процесот на преговорите нема да има нови обиди од блокада од Бугарија или некоја друга земја членка, но дека таквите обиди како што вели ќе бидат драстично намалени.

„Откако предлогот ќе стане европска рамка ќе се редуцира можноста за чисти национални блокади“, тврди Пендаровски.

Со францускиот предлог, рече тој, историјата не е услов и има само една една реченица и во предлогот и во протоколите, која се однесува на почесто среќавање на историчарите.

Во однос на изјавите на министерот за надворешни работи Бујар Османи дека неприфаќањето на овој предлог може да создаде меѓуетнички тензии, Пендаровски вели дека не очекува безбедносни ризици, особено затоа што и порано имало случаи на одбивање и разочарувања во делот на евроинтеграциите, а тоа не предизвикало конфликт.

Чешка ќе патролира во воздушниот простор на Словачка

Почнувајќи од септември, Чешка ќе испрати борбени авиони да патролираат во воздушниот простор на соседна Словачка, изјави чешкиот премиер Петр Фиала на 3 јули.

„Не гледам никаков проблем. Владата секако ќе го одобри тоа“, рече чешкиот премиер.

Словачка претходно побара од сојузниците на НАТО да патролираат на нејзиното небо, откако таа одлучи да ја приземји сопствената флота борбени авиони МиГ-29 од руско производство. Братислава има намера да испрати МиГ-ови во Украина за да му помогне на Киев да се бори против руската инвазија.

Словачка нарача 14 ловци Ф-16 од Соединетите Држави во 2018 година за да ги заменат нејзините МиГ-ови, а првите авиони требаше да пристигнат оваа година. Сепак, неочекуваните одложувања го пролонгираа тој датум до 2024 година.

Словачка обезбеди над 154 милиони евра (160,6 милиони американски долари) воена помош за Украина од руската инвазија во февруари.

Германија и сојузниците разговараат за безбедносни гаранции за Украина

Олаф Шолц, Урсула фон дел Лајен и Емануел Макрон

Германија разговара со своите сојузници за безбедносни гаранции за Украина, како дел од подготовките за повоениот период, изјави германскиот канцелар Олаф Шолц за медиумската куќа АРД, пренесува Ројтерс.

„Разговараме со блиски пријатели за прашањето за безбедносните гаранции што можеме да ги дадеме. Тоа е тековен процес. Јасно е дека нема да биде исто како некој да е член на НАТО“, рече Шолц.

Тој додаде дека е „сосема јасно“ дека тоа е „прашање што внимателно се подготвува во дипломатската сфера, за денот што се надеваме дека наскоро ќе осамне, односно кога војната ќе заврши“.

Украина не е членка на НАТО, но е „земја партнер“ од 2008 година, кога се приклучи на Акциониот план за членство. Тоа значи дека во иднина може да и биде дозволено да се приклучи на Алијансата.

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, на неодамна одржаниот самит на НАТО во Мадрид изјави дека има мали изгледи за членство на таа земја во НАТО.

Од почетокот на руската инвазија на Украина, Северноатлантската Алијанса им дозволи на своите членки да испраќаат оружје на украинската армија, без да предизвикаат директен конфликт со Русија.

Договорот на НАТО предвидува дека секој напад врз која било членка на Алијансата ќе се смета за напад врз сите и ќе предизвика воен одговор од целата Алијанса.

Јоксимовиќ: Кога Србија ќе влезе во ЕУ, ќе мора да воведе санкции кон Русија

Српската министерка за евроинтеграции, Јадранка Јоксимовиќ

Српската министерка за евроинтеграции, Јадранка Јоксимовиќ, изјави дека кога Србија ќе стане членка на ЕУ ќе мора да се усогласи со политиката на ЕУ во однос на воведувањето санкции против Русија.

„Единството на сите во ЕУ и меѓу кандидатите е инструмент што ја ослабува Русија, бидејќи се избегнува глобален конфликт што би го одвел светот во колапс“, изјави Јоксимовиќ во интервју за весникот Курир.

Таа оцени дека новата влада ќе ги забрза реформите и европскиот пат на Србија.

„Во текот на следната година ќе го имаме подготвено кластерот два – внатрешен пазар и пет – кохезија, ресурси и земјоделство. Кластерот три – инклузивен раст и конкурентност е веќе подготвен, а кластерот еден – владеење на правото и четири – зелена агенда и одржливо поврзување се веќе отворени. Останува кластерот шест во однос на заедничката надворешна и безбедносна политика“, објасни Јоксимовиќ.

Таа додаде дека Србија според старата методологија на ЕУ поминала половина од преговарачката работа, а според новата Србија е единствената што ги забрзала преговорите.

Стотици демонстранти бараат прекин на воената власт во Судан

илустрација

Стотици луѓе излегоа на улиците на Картум, четврти ден по ред, барајќи крај на воената управа во Судан и транзиција кон цивилно владеење, пренесува агенцијата АФП.

Девет лица беа убиени во насилното задушување на масовните демонстрации во четвртокот на 30 јуни.

Тоа е најсмртоносниот биланс во повеќемесечните протести што го потресоа Судан откако Армијата ја презеде власта во земјата под водство на началникот на армијата Абдел Фатах ал-Бурхан.

Како што јави АФП, повикувајќи се на изјави на сведоци, безбедносните сили се интензивно распоредени на улиците на Картум, вклучувајќи воени возила, како и возила на Силите за брза поддршка (РСФ), паравоена единица командувана од заменикот на Бурхан, Мохамед Хамдан Дагло.

РСФ вклучува и членови на милицијата Џанџавид, која групите за човекови права ја обвинија дека извршиле злосторства за време на конфликтот што избувна во 2003 година во западниот регион Дарфур.

Судан се справува со масовни демонстрации од воениот удар кон крајот на октомври 2021 година, кои беа насилно задушени и оставија 114 мртви и стотици повредени.

Пучот ја втурна земјата во политички и економски превирања, што доведе до зголемување на потрошувачките цени и недостиг на храна.

Дел од брегот на Црвеното море во Египет затворен поради напад на ајкула

Хургада, Египет

Египетските власти затворија дел од брегот на Црвеното Море, по напад на ајкула во кој загина Австријка која пливала во близина на Хургада, познато летувалиште, пренесува АП.

„Шеесет и осумгодишна жена која ги загуби ногата и раката во напад на ајкула почина набргу откако беше пренесена во приватна болница во Хургада“, изјави неименуван здравствен претставник.

Според внатрешните документи од канцеларијата на гувернерот на провинцијата во Црвеното Море, властите ќе го затворат брегот на три дена и ќе ги забранат сите поморски активности, вклучително и нуркање, сурфање на ветер, како и пловење на рибарски чамци.

На видеото кое е објавено на интернет се гледа напад на ајкула релативно блиску до брегот. Водата околу нападнатата жена поцрвенува од крв додека луѓето на блиското пристаниште фрлаат спасувачка опрема кон неа.

Протераните 70 руски дипломати попладнево заминуваат од Софија

илустрација

Два авиони на Руската Федерација денеска во попладневните часови се очекува да пристигнат на аеродромот во Софија за да ги однесат протераните 70 дипломати и вработени во руската амбасада и нивните роднини, јави БНР.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, според непотврдени информации, вкупниот број руски државјани кои ќе ја напуштат Бугарија е над 100 лица.

Двата лета се закажани за денеска попладне.

Бугарскиот премиер во заминување, Кирил Петков, на 28 јуни соопшти дека неговата земја протерува 70 руски дипломати и технички персонал од руската Амбасада во Софија. Исто така се протерува и перосналот на руските генерални конзулати во Русе и Варна.

Главниот аргумент на бугарските власти за прогласувањето на повеќе од овие 70 руски дипломати за персона нон грата е тоа што тие се занимавале со активности некомпатибилни со нивниот дипломатски статус и со шпионажа.

Ова најмасовно протерување на руски дипломати од Бугарија доведе до влошување на односите меѓу владејачката партија „Промените продолжуваат“ и Бугарската социјалистичка партија, при што Корнелија Нинова побара премиерот во заминување да се повлече од функцијата кандидат за премиер во втората влада на неговата партија.

Истовремено, руската амбасадорка Елеонора Митрофанова и постави ултиматум на бугарската Влада да остави зад себе дел од дипломатите на нејзината земја и се закани дека Русија може да ги прекине дипломатските односи со Бугарија.

Најмалку 20 мртви и многу повредени во автобуска несреќа во Пакистан

илустрација

Најмалку 20 лица загинаа, а десетина се повредени кога патнички автобус се лизнал од патот во планинска клисура за време на силен дожд во југозападен Пакистан.

Махтаб Шах, официјален претставник во округот Ширани во провинцијата Белуџистан, изјави дека во автобусот имало 35 патници и дека спасувачите се на местото на настанот.

Шах рече дека автобусот патувал од Исламабад до Квета и дека сите патници биле возрасни мажи. Тој додаде дека некои од повредените се во тешка состојба и дека бројот на жртвите може да се зголеми.

Смртоносните инциденти на патиштата се вообичаени во Пакистан поради лошата инфраструктура, лошо одржуваните возила и несовесното возење. Минатиот месец, 22 лица загинаа кога автобус се урна во провалија во друг дел на провинцијата Балучистан.

Русија обвинува за фатални експлозии во Белгород, продолжуваат борбите во Луганск

илустрација

Гувернерот на рускиот регион Белгород, кој се граничи со Украина во близина на градот Харков, изјави дека најмалку три лица се убиени, а бројни згради се оштетени во текот на ноќта во главниот град на регионот во, како што еден висок руски пратеник го нарече „директен чин на агресија од страна на на Украина“.

Во објава на Телеграм на 3 јули, гувернерот Вјачеслав Гладков објави дека има бројни експлозии во Белгород, град со околу 400.000 жители на околу 40 километри северно од границата со Украина. Тој рече дека најмалку 11 станбени згради и 39 самостојни куќи биле оштетени или уништени во инцидентот во текот на ноќта.

Најмалку четири лица, меѓу кои и едно 10-годишно дете, се повредени, тврди Гладков.

Пратеникот на Советот на Руската Федерација, Андреј Клишас, директно ја обвини Украина за наводниот инцидент.

„Смртта на цивилите и уништувањето на цивилната инфраструктура во Белгород се директен чин на агресија од страна на Украина и бараат најтежок, вклучително и воен одговор“, напиша Клишас на Твитер.
Украина засега нема реакција на овие тврдења. Видеа објавени на социјалните мрежи наводно покажуваат експлозии и пожари во градот.

Извештајот од Белгород доаѓа откако руската војска ги засили ракетните напади низ Украина. Илјадници украински цивили се убиени, а милиони се раселени од почетокот на војната, иако руските власти негираа дека целеле цивили.
Украина тврди дека извршила десетици ракетни напади врз руска воена база во окупираниот јужен украински град Мелитопол.

Руските медиуми цитираа локален функционер назначен од Русија кој рече дека во текот на ноќта биле забележани два ракетни напади во градот и дека немало жртви.

Во меѓувреме сепаратистите поддржани од Русија тврдат дека „целосно“ го опколиле Лисичанск во источна Украина, но украинските власти го отфрлија тоа тврдење и велат дека неговите бранители се држат за клучниот град на реката Сиверски Донец.

Тврдењата не може веднаш да се потврдат, но борбата за Лисичанск најверојатно ќе го одреди исходот од битката за украинскиот регион Донбас, кој стана фокус на руската воена офанзива откако силите на Кремљ не успеаја да го освојат Киев и другите големи градови северно и западно од земјата.

Руските трупи го гранатираат Лисичанск во последните неколку дена. Последните борби се случуваат една недела по падот на неговиот збратимен град Северодонецк, веднаш преку реката Сиверски Донецк. Тој град беше претворен во урнатини од руските сили пред преземањето.

Во последните неколку недели, руските сили ги засилија своите смртоносни напади низ источна Украина, вклучително и во цивилни области, и напаѓаа градови на други места.

Две лица се убиени, четворица ранети во престрелка во Тексас

илустрација

Вооружен маж уби две лица и рани четворица, вклучително и тројца полицајци, пред да се самоубие во саботата вечерта, на 2 јули, во областа Далас-Форт Ворт во државата Тексас, соопшти полицијата.

Престрелката се случила во станбена населба. Полицискиот детектив во Халтом Сити, Мет Спилејн, во неделата наутро изјави дека сите ранети се здобиле со повреди кои не се опасни по живот и се очекува да се опорават, пренесе АП.

Спилејн рече дека полицајците реагирале на местото на настанот за дојава за пукање. Осомничениот си го одзел животот со огнено оружје.

Според Спилејн, истрагата ќе ја води Тексас Ренџерс. Мотивот за пукањето не е утврден, јави АП.

„Главниот фокус е на тоа како и зошто (пукањето) се случило“, изјави Спилејн за Асошиејтед прес.

Полицискиот наредник Рик Александар за VFAA-TV изјави дека во куќата каде што било пријавено пукањето била пронајдена мртва жена. Повредена е уште една постара жена која првично се јавила на 911.

Осомничениот бил пронајден мртов пред куќата, со „воена пушка“ и пиштол.

Советот за безбедност ќе расправа за францускиот предлог, попладне средба Ковачевски-Мицкоски

Совет за безбедност кај претседателот Стево Пендаровски

Претседателот Стево Пендаровски за денеска напладне во неговиот кабинет свика состанок на Советот за безбедност на кој ќе се разгледува модифицираниот предлог на француското претседателство со ЕУ за почеток на пристапните преговори на Република Северна Македонија со Европската Унија.

На седницата, покрај членовите на Советот за безбедност, ќе присуствува и заменикот на претседателот на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ.

За денеска попладне е најавена и средба меѓу премиерот и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски и претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во врска со францускиот предлог.

„Оваа средба е дел од низата планирани консултативни средби со лидерите на опозицијата, како дел од широката консултација за предлогот на француското претседателство“, соопшти Владата.

Во соопштението се потсетува дека по добивањето на предлогот од француското претседателство, премиерот Ковачевски одржал консултативни средби со лидерите на владината коалиција, со дипломатскиот кор, граѓанскиот сектор, со претставници на експертската јавност и медиумите.

Претпладне многу топло, попладнe пороен дожд

илустрација

Времето претпладне ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена локална облачност. Попладне наместа ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, а локално ќе има услови за појава на невреме со град и силен ветер.

Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 21, а максималната ќе достигне од 30 до 37 степени. УВ-индексот ќе има вредност 9.

Во Скопје сончево и топло со слаб до умерен североисточен ветер. Попладне ќе има развој на нестабилна облачност со краткотраен пороен дожд и грмежи. Минималната температура ќе се спушти до 20, а максималната ќе достигне до 36 степени.

УХМР прогнозира многу топло време во наредните денови.

Вооружена пресметка меѓу мигранти во Суботица

илустрација

На периферијата на Суботица утрово дошло до вооружена пресметка меѓу мигранти. Според првичните информации, еден мигрант им подлегнал на повредите, а седуммина се повредени, јави дописникот на МИА од Белград.

Повредените мигранти се згрижени во болницата во Суботица, а меѓу нив има и 16-годишно девојче чиј живот е во животна опасност.

До судирот меѓу две ривалски групи мигранти најверојатно дошло поради расправија кој ќе ги шверцува мигрантите преку блиската српско-унгараска граница..

Најмалку 15 возила на жандармеријата и полицијата се на терен. Полицијата ги блокирала приодите до шумата каде се случила пресметката, а на местото на конфликтот пристигнат е и министерот за внатрешни работи Александар Вулин.

Градоначалникот на Суботица, Стеван Бакиќ, по повод инцидентот изјави дека локалното население со овој настан не е загрозено и дека не е загрижен за безбедноста на жителите на Суботица, но додаде дека безбедноста на граѓаните на Суботица ќе се подигне на повисоко ниво по овој конфликт.

Како што објасни Мирсад Налиќ, претседателот на Советот на месната заедница Маково во Суботица, конфликтот меѓу мигрантите, Авганистанци и Пакистанци се случил рано утрото во блиската шума.

„Овде со денови од утро до вечер поминуваат такси возила со сомборски регистерски таблички и ги носат во шума. Полицијата ги враќа назад, но по еден час се враќаат. Се уште не се знае точно што се случило во шумата, полицијата е на терен и сите пофалби за нивната работа“, изјави Налиќ.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG