Достапни линкови

Вести

Макрон е популарен кај 38 насто Французи

Францускиот претседател Емануел Макрон

Францускиот претседател Емануел Макрон ја ужива популарноста на 38 насто од Французите три месеци пред првиот круг од претседателските избори и неговата популарност е поголема од неговите претходници во истиот период, објави весникот Фигаро, повикувајќи се на резултати од најновата спроведена анкета.

Макрон: Ќе им го отежнам животот на невакцинираните против ковид-19

Иако Макрон неодамна предизвика контроверзии, велејќи дека ќе им го отежне животот на оние кои одбиваат да ја примат вакцината против коронавирус, неговата популарност не е намалена и со 38 проценти од популарноста, Макрон е во релативно удобна позиција пред првиот круг од претседателските избори, иако сѐ уште официјално не се кандидирал кандидат.

Макрон ги презеде уздите на ЕУ додека го чекаат избори

Неговите претходници овој период не ја уживаа истата популарност, на околу три месеци пред изборите. Социјалистичкиот претседател Франсоа Оланд беше популарен кај само 19 насто од Французите, додека десничарскиот претседател Никола Саркози имаше 29 насто француска поддршка. Претседателските избори во Франција ќе се одржат во два круга, на 10 и 24 април.

види ги сите денешни вести

Награда „Вацлав Хавел“за новинарката која ги прекина руските вести и протесираше против инвазијата

Церемонијата во Осло на 25 мај

Новинарката која протестираше против руската инвазија на Украина со прекинување на преносот на вести во живо на руската државна телевизија во март, е наградена со наградата за човекови права Вацлав Хавел.

На церемонијата во Осло на 25 мај, Марина Овсијаникова ја прими наградата, која годишно ја доделува Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) во чест на „извонредната“ акција на граѓанското општество во одбраната на човековите права.

Четириесет и три годишната Овсијаникова се појави зад водителот на информативната програма „Времја“ на рускиот Канал 1 на 14 март, држејќи плакат на кој на руски пишуваше „Стоп за војната. Не верувајте во пропагандата. Тие те лажат“. Можеше да се чуе и како таа извикува на руски „Стоп за војната. Не за војната“.

Иако тоа предизвика бран на поддршка ширум светот, Кремљ ја осуди нејзината постапка. Таа е обвинета за „дискредитација“ на вооружените сили.

По нејзиниот протест, Овсијаникова ја напушти Русија и замина во Германија, а во април беше ангажирана како хонорарен дописник за германскиот дневен весник Ди Велт (Die Welt).

Влада - Дополнителни погодноси за Армијата и повисоки плати за судството и обвинителството

Воена вежба на македонска војска, архивска фотографија

Владата на денешната владина седница го утврди предлозите за измените на Законот за служба во Армијата, со кои е предвидено усогласување со минималната плата, а тоа значи линеарно зголемување на платите на активниот воен и цивилен персонал, како и утврдување на правото на остварување на пензија со навршување на 40 години работен стаж, односно 38 за жените без оглед на возраста.

Измените опфаќаат и предлози за проширување на условите за пензионирање на сите припадници на воениот и цивилен персонал кои правото на пензија го стекнале од денот на формирање на Армијата во висина од 80 отсто во текот на најповолните десет години од пензискиот стаж.

Во однос на отпремнината како можност за професионалните војници со навршени 45 години возраст, во износ од 1.000 евра за секоја година помината во Армијата, новиот предлог согласно барањето на Синдикатите е износот да биде две просечни плати, но не помалку од 1.000 евра, со што е оставен простор за повисок износ.

Со новопредложените измени и дополнувања е предвидена и можност правото за земање отпремнина да се прошири на професионалните војници со навршени 45 години кои се задржани како помошно технички персонал во Министерството.

Текстот на законот е испратен на усвојување во Собранието.

Владата на денешната седница го утврди пакетот од четири закони за повисоки плати во правосудниот и обвинителскиот систем.

Кулеба повика да се „убие рускиот извоз“

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба ги повика владите и компаниите да го „убијат рускиот извоз“ како начин да се помогне Москва да стави крај на војната против Украина.

„Мојата порака е многу едноставна. Убијте го рускиот извоз“, рече Кулеба денеска на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија.

Десетици големи меѓународни компании ја напуштија Русија откако таа ја започна војната против Украина на 24 февруари, а Европската унија, САД и многу западни сојузници воведоа остри санкции против Москва и против руски политичари и милијардери.

Но, Кулеба вели дека мора да се направи повеќе, затоа што, како што вели, влијанието на војната врз Украина сè уште е многу поголемо од потезите на Западот против Русија.

Тој вели дека економијата на Украина повеќе страда од руското уништување и напади, отколку што руската економија трпи од санкциите.

„Сè додека Русија заработува од продажба на нафта и гас, нивните џебови се прилично полни“, додаде тој.

Европската унија моментално работи на предлог за забрана на увоз на руска нафта и гас, но неколку земји, особено Унгарија, рекоа дека ќе им треба помош и преоден период за да ја прифатат мерката.

Џафери нема да се извини за пцовките, опозицијата бара негова оставка

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ со транспаренти го дочекаат претседателто на Собранието Талат Џафери.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери денеска рече дека не го прекршил етичкиот кодекс и дека не чувствува потреба да се извини за пцовките за службениците за кои неодамна слушна и јавноста. Тој вели дека пцовките не биле наменети за собраниските службеници, туку за нивната работа.

Џафери за време на денешниот брифинг со новинари, рече дека службениците направиле грешка, што доколку не ја увидел можела да доведе до тоа да не може да се поврати седницата.

Неодамна на Собранискиот канал на МТВ во живо се пренесе нервозното однесување на претседателот на Собранието Талат Џафери кој им вика на вработените во собраниските служби.

Пратениците од најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ бараат Џафери да се охрабри и да признае што направил, а потоа да си поднесе оставка . Тие денеска во Собранието го дочекаа Џафери со транспаренти.

Путин дозволи жителите на новоокупираните украински територии да добијат руски пасоши

Руски пасош

Претседателот на Русија Владимир Путин потпиша декрет со кој им се дозволува на жителите на двата украински региони, Херсон и Запорожје, чии делови беа окупирани од руските сили за време на неиспровоцираната инвазија на Москва на Украина, да добијат руско државјанство.

Во декретот, потпишан на 25 мај, се наведува дека жителите на двата региона можат да добијат руски пасоши преку поедноставена процедура што беше воведена во 2019 година за жителите на украинските региони Доњецк и Луганск, кои се контрирани од сепаратистите поддржани од Москва.

Откако Русија ја започна својата инвазија на Украина на 24 февруари, нејзините сили успеаја да заземат огромен дел од регионот Херсон, вклучувајќи го главниот град на регионот, Херсон, и околу половина од регионот Запорожје, а регионалниот главен град Запорожје остана под украински контрола.

Путин и останатите руски власти инсистираат дека целта на инвазијата не била окупација на Украина.

Властите на анектираниот полустров Крим велат дека се подготвени да формираат центри во кои ќе издаваат пасоши на украински граѓани кои одбрале да имаат руски пасоши. Русија незаконски го анектираше Крим од Украина во 2014 година.

Вработените во Управата за матични книги протестираа пред Министерството за финансии

Протест на вработени во Управата за водење на матични книги

Вработени во Управата за водење на матични книги, денеска протестираа пред Министерството за финансии со барање да се сретнат со претставници на Министерството. Пред десетина дена тие постигнаа договор со Министерството за правда, но сè уште немаат одговор за барањето за покачување на платите од Министерството за финансии.

Марјан Ристески од Конфедерација на синдикални организации на Македонија (КСОМ), рече дека очекуваат да им се каже дали има пари за реализација на нивните барања согласно со колективниот договор и за линеарно зголемување на платите за 30 проценти.

„Се штрајкува, не се даваат изводи, нервоза кај вработените. Ова е игра на нерви од нивна страна, на издржливост, не знам што. Најверојатно имаат некоја стратегија, нека кажат која а. Доколку и понатаму не се огласат за нашите барања следниот чекор ќе биде масовен протест пред Влада. Сите институции ги поминавме, остана уште премиерот Ковачевски. Се добива впечаток дека воопшто не се заинтересирани“, рече Ристески.

По усогласувањето на синдикатот со Министерството за правда за колективниот договор тие најавија дека ќе продолжат со штрајкот, што трае веќе еден месец, се додека договорот не биде одобрен од Министерството за финансии.

На крајот на април, синдикатот на матичарите соопшти дека 70 отсто од вработените земаат плата пониска од минималната.

Британскиот премиер Џонсон прифаќа одговорност за „карантинските забави“

Британскиот премиер Борис Џонсон

Британскиот премиер Борис Џонсон прифаќа „целосна одговорност за сè што се случило“ на забавите во службени простории за време на карантинот поради коронавирусот, на кои и тој присуствувал.

Тој сепак инсистира на тоа дека свесно не прекршил ниту едно правило и ги отфрла барањата на политичките противници да поднесе оставка.

Џонсон во одговорот на извештајот за истрагата за „карантинските забави“ наведува дека се чувствува посрамено и дека ја научил лекцијата, но вели дека е време да се продолжи напред и да се фокусира на државните приоритети.

Извештајот за истрагата за забавите на кои присуствувале Џонсон и неговите соработниците е објавен денеска, на 25 мај.

Високиот државен службеник Сју Греј, која ја водеше истрагата, наведе каде „високото водство мора да понесе одговорност“ за однесувањето кое дозволува да се случува кршење на правилата.

Истражувани се 16 забави на кои присуствувал Џонсон и негови соработници во текот на 2020 и 2021, во време кога на луѓето во Велика Британија им беше забрането движење поради мерките против коронавирусот.

Се водеше и одвоена полициска истрага во врска со забавите, при што се казнети 83 луѓе, меѓу кои и Џонсон.

ЕУ препорачува Македонија да го намали дефицитот

Канцеларија на ЕУ во Скопје

Европската унија препорачува С. Македонија преку таргетирана поддршка на најранливите домаќинства и фирми да ги ублажи потенцијалните последици од економски шокови. А земјата треба на среден рок да почне да го намалува примарниот дефицит за да се врати на своето ниво пред кризата, односно 2019, препорачува ЕУ.

За оваа година е предвиден буџетски дефицит од 550 милиони евра, а дупката ќе се полни со нови задолжувања.

Советот на ЕУ денеска ги објави своите препораки од вчерашниот заедничкиот дијалог за економија и финансии помеѓу Унијата и државите од Западен Балкан и Турција, на кој секоја земја поднесе свои планови, јави дописничката на МИА од Брисел.

Меѓу препораките е и тоа дека е потребна сеопфатна даночна реформа и законски измени преку кои ќе се придонесе за зголемување на приходите со тоа што ќе се прошири даночната база.

ЕУ и земјава се согласиле дека е потребно внимателно да се анализира развојот на цените и да се биде подготвен за стегнување на монетарната политика за да се одржи ценовна стабилност на среден рок. Важно е да се задржи и независноста на централна банка, вели ЕУ, и за оваа цел да се изземе Народната банка од законот за јавни службеници.

Се препорачува, исто така, дека треба да се користи списокот на зацртани парафискални давачки за тие да се проценат и оптимизираат на централно и локално ниво.

Препораките се резултат на средбата одржана вчера помеѓу претставниците на Европската комисија, Европската централна банка, централните банки на шесте земји од Западен Балкан и на Турција, како и владини претставници од овие седум држави.

Русија ќе ја зголемува старосната граница за воениот персонал на 65 години

Илустративна фотографија

Долниот дом на рускиот парламент, Државната дума, го одобри нацрт-законот со кој ќе се зголеми горната старосна граница за воениот персонал што служи во руската армија на договорна основа.

Според законот, мажите до 65-годишна возраст сега ќе имаат право да служат во руската армија. Новото ограничување важи и за странски државјани кои сакаат да служат во армијата.

Сегашниот закон дозволува руските мажи до 40 години и странци до 30 години да служат војска.

Авторите на законот, пратениците Андреј Картаполов и Андреј Красов, рекоа дека зголемената граница ќе помогне да се привлечат нови специјалисти со „потребни вештини“, како медицински персонал и инженери.

Предлог-законот беше одобрен поради руската неиспровоцирана инвазија на Украина, започната на 24 февруари.

Русија наиде на жесток отпор од украинските сили, при што многу западни разузнавачи изјавија дека Москва очекува брз крај на борбите. Наместо тоа, велат тие, нејзините војници претрпеа илјадници жртви додека војната се задолжи.

Русија неодамна не откри која е бројката на загинати за инвазијата. На 25 март, таа соопшти дека 1.351 нејзин војник биле убиени во борбите.

Мехмедовиќ: Здравството се припрема за евентуална епидемија на мајмунски сипаници

Илустративна фотографија

Ширењето на вирусот на мајмунски сипаници внимателно се следи, но не треба да има паника зашто оваа епидемија не е идентична и пропорционална со сѐ уште актуелната пандемијата со КОВИД-19, истакна денеска Злате Мехмедовиќ, портпарол на Комисијата за заразни болести.

Мајмунски сипаници се болест која се шири во ендемичните басени во централна и западна Африка, но последниве месеци беа регистрирани десетици случаи надвор од овие области. Дел од нив и во Европа.

Мехмедовиќ рече дека на состанокот на Комисијата се разговарало за дефинирање клинички патеки за следење, скрининг и дијагностика на пациентите кои евентуално ќе бидат заболени од мајмунски сипаници со цел здравствениот систем да биде подготвен и, како што рече, колку што е можно подобро да одговори на евентуална епидемија и во нашата земја.


Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) веќе контактирал со Светската здравствена организација да се набави посебна опрема за дијагностицирање на овој вирус, а со СЗО се разговара и за набавка на потребната терапија.

„Вирусот на мајмунски сипаници иако во светот постои речиси половина век, многу ретко се наоѓаше на овие простори и, практично, дијагностичките и терапевтските процедури коишто се достапни се некако оскудни во овој дел од Европа. Така што сите земји во моментот имаат проблеми за да обезбедат квалитетна дијагностика и третман на своите пациенти“, рече Мехмедовиќ.


На веб-страницата на ИЈЗ е објавена информација за симптомите на вирусот на мајмунски сипаници, за начинот на кој се пренесува, а за хоспитализирање дополнително ќе биде соопштено откако ќе бидат дефинирани клиничките патеки за кои се разговарало на денешниот состанок на КЗБ.

Карактеристичен симптом е промена на кожата во форма на егзем и појава на мали испакнатани и меурчиња, придружено со висока температура од над 38 степени, болки во мускулите, грбот и премаленост.

Симптомите не се разликуваат од останатите инфекции поврзани со сипаници и вирусот се потврдува со посебни ПЦР-тестови и опрема што се очекуваат во земјава, а наскоро, како што рече Мехмедовиќ, ќе биде целосно функционален и системот за справување со евентуална епидемија.

Како што претходно здравствените власти, ризикот од ширење на мајмунски сипаници меѓу општата популација е многу низок и преносот може да биде запрен надвор од ендемичните земји во Централна и Западна Африка.

Помалку од 200 потврдени и сомнителни случаи се пријавени од почетокот на мај во Австралија, Европа и Северна Америка, објави Светската здравствена организација (СЗО), што предизвика страв од ширење на болеста.

Иако мајмунските сипаници се познати веќе 40 години, СЗО соопшти дека за прв пат има неколку случаи во исто време во повеќе земји и меѓу луѓе кои не патувале во регионите на Африка кои се ендемски.

И Најк ја напушта Русија поради војната во Украина

Илустративна фотографија

Американскиот гигант за спортска облека Најк и британскиот бренд Маркс & Спенсер (M&S) соопштија дека го напуштаат рускиот пазар поради инвазијата на Москва на Украина.

„Најк“ соопшти дека нема да го продолжи договорот за франшиза со руската ИРГ, најголемиот трговец на мало на производи Најк во земјата.

Главниот извршен директор на ИРГ, Тихон Смиков, во денешното писмо до вработените посочил дека „откако ќе се продаде целата стока, ИРГ ќе мора да ги затвори сите свои продавници што се под името [Најк]“.

На почетокот на март, Најк ја суспендираше онлајн продажбата во Русија, а неколку дена подоцна привремено ги затвори сите свои продавници во земјата, вклучително и оние што работат со договори за франшиза. Најк беше активен на рускиот пазар 28 години.


M&S, специјализирана за продажба на облека, убавина, домашни производи и храна, исто така денеска објави дека целосно ќе ги прекине своите операции во Русија, откако ги суспендираше на почетокот на март.

М&С соопшти дека не може да ги увезува своите стоки во Русија поради војната во Украина.

Десетици големи меѓународни компании од широк опсег на сектори ја напуштија Русија откако таа ја започна војната против Украина на 24 февруари. Меѓу нив се Старбакс и Мекдоналдс кои во изминатите 10 дена објавија дека ја напуштаат Русија.

Пендаровски-Кулеба во Давос: Силна поддршка од Македонија за Украина

Претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски и министерот за надворешни работи на Украина Дмитро Кулеба во Давос

Претседателот Стево Пендаровски, денеска во Давос, ја реафирмираше целосната поддршка за Украина и украинскиот народ за време на кратката средба која ја имал со министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба.

Како што се наведува во соопштението од претседателскиот кабинет, Пендаровски посочил дека Северна Македонија како членка на НАТО, во рамки на можностите ќе продолжи да пружа воена, хуманитарна и дипломатска помош на Украина со крајна цел прекин на воената агресија, одбрана на демократските вредности и воспоставување на мир.

Притоа, Кулеба изразил благодарност за поддршката од Северна Македонија, декларирана и во писмото упатено од претседателот Пендаровски до украинскиот претседател Зеленски, се додава во соопштението од Кабинетот.

Руската воена агресија во Украина влезе во четвртиот месец, а од самиот почеток на војната земјава и даде поддршка на Украина, преку приклучување на земјите кои воведоа санкции против Русија. Земјава, според изјавите на високи функционери, исто така се приклучи кон иницијативата на НАТО членките и на Европската унија за финансиска и воена помош на Украина.

Регистрирани 32 нови случаи на Ковид-19, оздравеле 12 пациенти

Илустративна фотографија

Во изминатите 24 часа направени се 665 тестови, а регистрирани се 32 нови случаи на КОВИД-19, како и 12 оздравени лица. Според соопштението на Министерството за здравство, нема починати пациенти.

Од новооткриените случаи, 28 се во Скопје и по еден во Битола, Куманово, Прилеп и Велес. Три случаи се реинфекции.

Досега во земјата се направени вкупно 2.048.535 тестирања на КОВИД-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 311.484, бројот на оздравени пациенти е 301.651, на починати е 9.300, а бројот на активни случаи изнесува 533.

Притоа, во Скопје има 370 активни случаи, а двоцифрени бројки се регистрирани уште само во Битола, Прилеп, Охрид, Штип и Ресен.

Москва нуди сигурен премин на извозот на храна од Украина во замена за олеснување на санкциите

Илустративна фотографија/ Трактор на нива во Украина

Москва би можела да дозволи бродовите што превезуваат храна да ги напуштат украинските пристаништа на Црното Море во замена за укинување на некои санкции наметнати на Русија поради нејзината инвазија на Украина, изјави заменик министерот за надворешни работи Андреј Руденко.

Украинските пристаништа се блокирани откако Русија ја започна својата војна против Украина на 24 февруари, оставајќи повеќе од 20 милиони тони жито заглавени во силоси во земјата.

Русија и Украина сочинуваат речиси една третина од светските резерви на пченица. Украина е исто така главен извозник на пченка и сончоглед, а блокадата на нејзините пристаништа придонесува за растечката глобална криза со храна.

„Постојано изјавуваме дека решението во оваа точка на проблемот со храната бара сеопфатен пристап, вклучително и укинување на санкциите што беа воведени за рускиот извоз и финансиските трансакции“, рече Руденко, цитиран од Интерфакс.


„И, исто така, бара деминирање од украинската страна на сите пристаништа каде што се закотвени бродови. Русија е подготвена да го обезбеди потребниот хуманитарен премин, што го прави секој ден“, додаде тој.

Русија е во контакт со Обединетите нации по ова прашање, изјави Руденко, пренесува друга новинска агенција, РИА.

Сепак, Руденко, според Интерфакс, предупредил и дека каква било можна придружба од западни бродови на бродовите во Украина кои превезуваат жито „сериозно ќе ја влоши ситуацијата во Црното Море“.

Руденко притоа ги отфрлил информациите во западните медиуми дека руските сили крадат жито од украинските пристаништа.

„Ние целосно го отфрламе ова. Ние не крадеме ништо од никого“, рече тој пред новинарите.

Си-Ен-Ен претходно објави сателитски фотографии кои наводно потврдуваат дека Русија извезува жито од Украина преку Крим, украинскиот полуостров што Москва незаконски го анектираше во 2014 година.

Османи: Императив е во јуни да се отпочне со веќе задоцнетиот пристапен процес

Mинистерот за надворешни работи Бујар Османи

Сега е идеално време, да се признаат конзистентните напори на Северна Македонија и Албанија и да се пресретнат со прифаќање од страна на ЕУ, како заеднички ангажман за посигурна и посилна Европа отпорна да се спротивстави на кое било трето влијание, истакна министерот за надворешни работи Бујар Османи на отворањето на панел дискусијата „Патот до Брисел“, како воведен настан на овогодишниот Преспа форум за дијалог, што од 16 до 18 јуни ќе се одржи во Охрид.

Османи истакна дека закочените интеграциски процеси за Северна Македонија се извор на системска ранливост, чии ефекти негативно се прелеваат врз целиот регион.

„Искрено веруваме, дека ова се историски времиња кои налагаат цврсти и навремени одлуки. Императив е да се отпочне со веќе долго задоцнетиот пристапен процес на Северна Македонија и Албанија сега во јуни, за време на француското претседателство со ЕУ. Кога, ако не сега“, истакна шефот на дипломатијата.

Тој нагласи дека и ако ништо не се случи сега, земјава ќе остане посветена на европските реформи, но ќе страда самиот политички моментум и ќе испрати погрешна порака кон останатите држави и граѓани од Западен Балкан.

„Ова не значи дека планираме да го напушиме европскиот пат. Ние сме уверени Европејци, со огромно убедување, со речиси 20 години од постигнувањето на спогодбата за асоцијација и стабилизација со ЕУ, одлични во спроведувањето и усогласувањето со европското законодавството и ќе продолжиме на тој пат“, изјави Османи.

Бараме, нагласи Османи, итно отворање на преговорите за членство на Северна Македонија и Албанија во ЕУ и повикуваме на преземање на сите напори за унапредување во кандидатски статус за членство во ЕУ на Босна и Херцеговина и Косово и поддржуваме напредок во преговорите за Црна Гора и Србија и посакуваме и работиме за создавање на одржлив и исполнет со содржина однос со Украина, Молдавија и Грузија.

Македонија веќе 2 години нема датум за почеток на преговорите за влез во ЕУ поради бугарското вето, како резултат на прашања поврзани со историјата и јазикот на земјава.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG