Достапни линкови

Вести

Денеска започнува зимата

За жителите на северната хемисфера, зимата започнува денеска во 16:59 часот, додека во исто време започнува летото на јужната хемисфера. Тоа значи дека денеска денот ќе трае најкратко, сонцето ќе изгрее во 7.12 часот, додека ноќта ќе зајде минута пред 16 часот. Денешниот ден ќе трае осум часа и 47 минути, а ноќта дури 15 часа и 13 минути. Зимата оваа сезона ќе трае речиси 89 дена, поточно до 20 март 2022 година.

види ги сите денешни вести

Турција ги поддржа кандидатурите на Финска и Шведска за НАТО

Финскиот претседател Саули Ниинисто

Финскиот претседател Саули Ниинисто изјави дека Турција се согласила да ги поддржи кандидатурите на Финска и Шведска за влез во НАТО. Ниинисто рече дека пробивот дошол откако трите земји денеска потпишале заеднички меморандум„за да дадат целосна поддршка против заканите по меѓусебната безбедност“.

Ниинисто, шведската премиерка Магдалена Андерсон и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган се состанаа во Мадрид на првиот ден од самитот на НАТО.

Финска и Шведска минатиот месец поднесоа барање да се приклучат на воената алијанса, но нивните кандидатури беа задржани од Турција, која ги обвини двете нации, особено Шведска, дека им нудат безбедно засолниште на курдските милитанти кои водат бунт против турската држава.

САД со нови санкции против руската одбранбена индустрија

Илустрација

САД денеска воведоа санкции за 70 ентитети, вклучително и руската одбранбена компанија Ростек и 29 поединци, со цел како што соопштија, да ја намалат способноста на Русија да развива и распоредува оружје.

Новите санкции, кои исто така забрануваат увоз на руско злато, беа објавени од Канцеларијата за контрола на странски средства на Министерството за финансии на САД и се во рамки на договорите постигнати за време на самитот на Г7 оваа недела.

Американскиот секретар за финансии Џенет Јелен во соопштението посочува дека САД ја потврдиле својата посветеност да работат со партнерите и сојузниците „за да наметнат дополнителни строги санкции како одговор на руската војна против Украина“.

„Широките мултилатерални обврски и активности на членките на Г7 оваа недела дополнително го прекинаа пристапот на Руската Федерација до технологијата што е од клучно значење за нивната војска. Таргетирањето на руската одбранбена индустрија ќе ги деградира способностите на [претседателот Владимир] Путин и дополнително ќе ја попречи неговата војна против Украина, која веќе е зафатена од лош морал, нарушени синџири на снабдување и логистички неуспеси“, порачува Јелен.

Лидерите на групата седум најразвиени економи во светот Г7 ветија дека ќе одржат меѓународна конференција за собирање средства за повоена обнова на Украина. За време на нивниот Самит во Германија тие ја осудија руската инвазија на Украина како „незаконска и неоправдана“.

Бугарија протерува 70 руски дипломати

Илустрација

Бугарскиот премиер во оставка Кирил Петков денеска информира дека
земјата ќе протера 70 руски дипломати кои работеле против интересите на Бугарија. Министерството за надворешни работи соопшти дека вербалната нота со имињата на 70-те дипломати веќе и е предадена на амбасадорката на Русија, Елеонора Митрофанова.

„Сакам да им порачам на сите странски земји, не само на руската, дека сите оние кои работат против интересите на Бугарија ќе бидат отповикани да се вратат во земјата од која дојдоа“, рече Петков.

Тој одби да даде повеќе детали за активностите на дипломатите, бидејќи, како што рече, информациите се доверливи.

„Можам да кажам дека повеќето од нив работеа директно за странски служби и нивната дипломатска улога беше само параван“, рече Петков.

Тој додаде дека овие 70 лица имале различни службени улоги во амбасадата на Руската Федерација, но извршувале несвојствени активности за овие дипломатски позиции.

„Ова во никој случај не е агресија против рускиот народ- немаме ништо против него. Само кога странските влади се обидуваат да работат и да се мешаат во внатрешните работи на Бугарија, имаме јасни институции кои ќе се спротивстават на овој вид на акции. И во недела ние очекуваме полн авион со 70 места да се врати во Москва“, додаде Петков.

Путин во посета на Таџикистан

Рускиот претседател Владимир Путин и таџикистанскиот претседател Емомали Рахмон.

Рускиот претседател Владимир Путин ја започна еднодневната посета на Таџикистан, при што на аеродромот беше пречекан од неговиот домаќин Емомали Рахмон. Портпаролот на Рахмон, Абдуфатох Шарифзода за РСЕ изјави дека нема да бидат потпишани никакви документи за време на посетата на Путин, што е прво јавно патување на рускиот претседател во странство од почетокот на војната во Украина на 24 февруари. Шарифзода додаде дека Путин е на работно патување и дека сите разговори ќе се одржат лице в лице.

Шарифзода рече и дека двајцата претседатели ќе разговараат за „билатералните врски, развојот на културните и економските односи, регионалните и светските прашања, особено за ситуацијата во Авганистан“.

Помошникот на Путин, Јуриј Ушаков беше цитиран од руските медиуми дека двајцата лидери исто така ќе разговараат за воената соработка и таџикистанските мигранти во Русија. Ушаков рече декана средбата ќе стане збор и за мерките за подобрување на безбедноста долж граница на Таџикистан со Авганистан долга 1.357 километри.

Утре Путин ќе замине од Таџикистан за туркменската престолнина Ашгабат, каде што ќе присуствува на самитот на земјите кои граничат со Каспиското Море, меѓу кои се Азербејџан, Иран и Казахстан.

Посетата на Путин на двете централноазиски земји доаѓа неколку дена откако тој му кажа на друг сојузник, авторитарниот владетел на Белорусија, Александар Лукашенко дека Москва ќе го снабдува Минск со мобилен ракетен систем „Искандер-М“ со дострел до 500 километри.

Русија, Белорусија и Таџикистан, заедно со Ерменија, Киргистан и Казахстан, се членки на Организацијата на Договорот за колективна безбедност.

Столтенберг: Не ја сметаме Кина за противник, но сме загрижени за врските со Русија

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

НАТО не ја гледа Кина како противник, но Алијансата е загрижена за се поблиските врски на Пекинг со Москва по руската инвазија врз Украина, изјави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

„Ние не ја сметаме Кина за противник“, рече Столтенберг на маргините на самитот на НАТО во Мадрид, додавајќи дека Кина наскоро ќе биде најголемата економија во светот и дека НАТО треба да го вклучи Пекинг во прашања како климатските промени.

„Но, ние сме разочарани од фактот што Кина не можеше да ја осуди руската инвазија на Украина, дека Кина шири многу од лажните наративи за НАТО, Западот, а исто така и дека Кина и Русија сега се поблиски од порано“, додаде тој.

Лидерите на земјите членки на НАТО од денеска учествуваат на Самиот на Алијансата во Мадрид. Се очекува ова да биде еден од најважните самити на НАТО во последниве години, поради руската неиспровоцирана инвазија на Украина. Столтенберг вчера рече дека на тридневниот самит ќе се договори нов пакет помош за Украина во области како безбедни комуникации, системи против дронови и гориво.

САД со помош од 55 милиони долари за Авганистан

Авганистан по земјотресот.

Американскиот државен секретар Антони Блинкен изјави денеска дека САД
ќе обезбедат речиси 55 милиони долари итна помош за Авганистан како одговор на земјотресот што минатата недела ја погоди земјата.

Најмалку 1.000 луѓе загинаа, повеќе од 3.000 беа повредени и 10.000 домови уништени од земјотресот со јачина од 6,1 степени според Рихтеровата скала што ја погоди областа во близина на границата на земјата со Пакистан на 22 јуни.

„Земјотресот ја засили тековната хуманитарна криза што авганистанскиот народ ја трпи премногу долго“, соопшти Блинкен.

Со овие средства вкупната помош на САД за Авганистан до минатата година кога талибанците ја презедоа контролата врз земјата и по повлекувањето на американските војници изнесува 774 милиони долари.

Повлекувањето и прекинувањето на директната помош за Авганистан од страна на Соединетите Американски Држави и другите финансиери од кои зависеше осиромашената нација ги влошија финансиските и хуманитарните кризи кои доведоа до колапс на економијата, а милиони луѓе претрпеа недостиг на храна.

Киргистанскиот суд го ослободи екс претседателот Атамбаев

Алмазбек Атамбаев

Судот во Бишкек го ослободи поранешниот киргистански претседател Алмазбек Атамбаев во случајот поврзан со масовните протести што ја зафатија централноазиската нација во 2020 година.

Судот ги прогласи Атамбаев и уште шестмина обвинети за невини за организирање и учество во масовни нереди, нелегално поседување огнено оружје и закани кон органите на редот. Претходно денеска обвинителите побараа 12 години затвор за Атамбаев. Тие бараа казни од 7 до 9 години за другите обвинети.

Атамбаев моментално отслужува 11-годишна затворска казна, која му беше изречена во 2020 година за неговата улога во незаконското ослободување на озлогласениот криминалец Азиз Батукаев во 2013 година.

Антивладините протести во октомври 2020 година беа поттикнати од контроверзните парламентарни избори кои многумина ги сметаат за наместени.

Атамбаев беше ослободен за време на протестите и им се придружи на демонстрантите заедно со уште неколку политичари. Подоцна повторно беше уапсен и вратен во затвор.

Руските власти го привеле градоначалникот на Херсон

Ихор Колихаев

Руските власти кои го окупираа украинскиот град Херсон го привеле градоначалникот Ихор Колихаев, откако тој одбил да работи со нив. Советничката на Колихаев, Халина Љашевска, на Фејсбук напиша дека офицери на руската Национална гарда ја пребарале канцеларијата на градоначалникот и го привеле на 28 јуни.

Според Љашевска, Колихаев најверојатно бил приведен поради неговото отворено одбивање да соработува со окупаторските руски власти. Гувернерот на регионот Херсон, Хенадиј Лахута, го потврди притворот на Колихаев.

Откако руските трупи го презедоа градот Херсон на почетокот на март, Колихаев остана во градот и продолжи да работи како градоначалник и одбиваше да соработува со руските трупи.

Кон крајот на април, Русија назначи свои таканаречени шефови на воено-цивилни администрации во градот и областите што руските трупи ги презедоа за време на нивната тековна инвазија на Украина.

Медиумите во Украина на 28 јуни објавија дека окупаторските руски сили, исто така, уапсиле службеник во украинскиот град Енерходар во регионот Запорожје минатата недела.

Нови 168 случаи на ковид

Илустрација

Согласно податоците од Институтот за јавно здравје, Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа направени се 1.101 тестови, а регистрирани се 168 нови случаи на Ковид-19. Од вкупниот број на позитивни 28 се реинфекции, а нема починати лица.

Досега во земјата се направени вкупно 2.079.613 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 313.708, бројот на оздравени пациенти е 303.738, на починати е 9.322, а бројот на активни случаи изнесува 648.

Гир: Во сечиј интерес е преговорите да почнат сега

Евроамбасадорот Дејвид Гир

Во сечиј интерес е преговорите да почнат сега, изјави евроамбасадорот Дејвид Гир, на првата сесија на 19-тиот состанок на Мешовитиот парламентарен комитет- Република Северна Македонија и ЕУ, кој се одржува денеска во Собранието. Според него, ЕУ останува со Северна Македонија преку донациите и поддршката на реформите, а вложува и во инфраструктурата, работни места и деловни субјекти. Тој рече дека и покрај важните геополитички случувања на Самитот на ЕУ, за жал не можело да се отворат пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија, нагласувајќи дека напорите се во тек.

„Свесен сум за бранот јавна фрустрација и разочарување. Многумина разбираат дека членството во ЕУ дава најдобра перспектива за стабилност, просперитет и за демократската иднина на земјата. Не, тие не може да разберат зошто земјата не може да напредува на патот кон ЕУ. Треба да одработиме подобро“, изјави Гир.

Евроамбасадорот Гир, исто така, порача дека земјата има напредок во судските реформи, во спроведувањето на стратегијата за судски реформи 2017-2022.

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, посочи дека е многу важно да се задржи и исполни определбата за пристапување на државите од Западен Балкан во европското семејство, дадена уште во 2003 година на Самитот во Солун. Без разлика на исходот од француското претседателство со ЕУ тој нагласи дека земјата останува посветена и на спроведувањето на реформите и задржување на европскиот курс на државата.

Постојниот известител на Европскиот парламент за Северна Македонија Илхан Ќучук, рече дека Северна Македонија има важна улога во гео-политичкиот контекст.

„За жал, ние како Европски парламент не успеавме да убедиме некои од земјите членки, вклучително и мојата, да го крене ветото многу порано, за да може да се даде зелено светло за иднината на Северна Македонија и да се свика првата меѓувладина конференција“, изјави Ќучук.

Бугарија го прифати францускиот предлог за одблокирање на македонските евроинтеграции во кој се вметнати речиси сите бугарски барања. Македонските власти оценија дека предлогот е неприфатлив.

Бугарија го блокира почнувањето преговори на Македонија со ЕУ со тврдење дека земјава ја краде бугарската историја и дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот.

МПК, основан 2004 година врз основа на Договорот за стабилизација и асоцијација, претставува форум каде што членовите на Собранието и Европскиот парламент разменуваат искуства, мислења и ставови за зајакнување на меѓусебното партнерство. Комитетот се состанува два пати годишно, еднаш во нашето Собрание и еднаш во Европскиот парламент.

Министерката за одбрана ќе присуствува на Самитот на НАТО

Министерката за одбрана Славјанка Петровска

Министерката за одбрана Славјанка Петровска утре и задутре ќе биде дел од високата државна делегација, предводена од претседателот на државата и врховен командант на Армијата, Стево Пендаровски на претстојниот Самит на НАТО, што ќе се одржи во Мадрид, Кралството Шпанија.

Од Министерството за одбрана најавија дека министерката ќе учествува на дискусијата на тема „Придонесот на НАТО за безбедноста и стабилноста во неговото соседството“.

Во текот на утрешниот ден министерката Петровска ќе учествува на работна вечера на министрите за одбрана на НАТО земјите членки на која ќе се разговара за влијанието на хибридните закани во земјите од Западен Балкан.

На претстојниот Самит на НАТО главна тема ќе биде усвојувањето на новиот Стратешки концепт на НАТО, кој ќе биде патоказ во наредните десетина години, базирајќи се на новата безбедносна реалност, а со цел прилагодување на промените во светот за зачувување на безбедноста на своите над една милијарда граѓани.

На самитот ќе се дискутира и за зајакнување на капацитетите за одвраќањето и одбраната, за апликациите на Шведска и Финска, за идната поддршка на Украина, за безбедносни прашања на денешницата и за останати важни прашања со кои се соочува Алијансата.

Расте бројот на барања за азил во ЕУ

EUROPE-MIGRANTS/HUNGARY

Европската унија минатата година примила 648 илјади барања за меѓународна заштита, објави денеска Агенцијата на ЕУ за азил (ЕУАА).

Тоа е за една третина повеќе во однос на 2020 година.
Авганистанците и Сиријците се најголемата група баратели на азил.

Освен тоа, Унијата примила околу 3,4 милиони барања за привремена заштита од луѓе кои избегале од војната во Украина.
Агенцијата соопшти дека од вкупно околу 6 милиони луѓе избегале од руската агресија, но дел од нив се вратиле во Украина.

Сиријците поднеле околу 117 илјади барања, додека Авганистанците 102 илјади. По нив следуваат граѓани на Ирак, Пакистан, Турција и Бангладеш.

Дестинациите на кои сакаат да стигнат се Франција, Германија, Италија и Шпанија.

Половина од сите пријавени биле на возраст од 18 до 34 години, а околу 70 отсто од барателите се мажи.

ЕУ соопшти дека ги прифатила барањата за азил или заштита на 185 илјади луѓе.

Најголем процент усвоени барања имале жителите на Еритреја – 81 отсто, додека најнизок жителите на Грузија – 3 отсто.
Околу 770 илјади одлуки сè уште се на чекање, наведува Агенцијата на ЕУ.

Адеми жали за собранискиот инцидент, тензиите продолжуваат и на денешната седница

Пратеникот од ДУИ Арбер Адеми, архивска фотографија

Пратеникот од ДУИ Арбер Адеми денеска изјави дека жали за тоа што се случило на синоќешната седница на Комисијата за европски прашања во Собранието. Тој вели дека жали за сите сцени што јавноста имаше можност да ги види и за кои вели дека се испровоцирани од опозицијата.

На видео снимка од вчерашната седница можеше да се види како при жестока кавга меѓу координаторот на ДУИ и претседател на комисијата за европски прашања Арбер Адеми и опозициските пратеници Антонијо Милошоски и Халин Снопче летаа филџани и пластични шишиња.

Кавга на раб на тепачка во Собранието
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:24 0:00

Денеска Адеми во изјава за ТВ Клан вели дека ваквите сцени се грди и не се во интерес ниту на пратениците, ниту на граѓаните.

„Без оглед дали станува збор за пратеници од опозицијата или од власта, повторување на такви сцени не треба да се случат, треба заедно да ги надминеме проблемите и овие провокации, како и недоразбирањата за да обезбедиме непречено одвивање на работата на Собранието", изјави Адеми.

Тој вели дека за време на вчерашниот инцидент бил повреден, кога пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски му го влечел микрофонот и му предизвикал повреда на раката.

Денеска продолжи седницата на Комисијата, на која повторно пратениците се обраќаа на висок тон, се довикуваа и тропаа по масите. И овојпат пратениците се расправаа за тоа дали е утврден дневниот ред. Повод за жестоката кавга вчера, на раб на физичко насилство, беше гласањето на дневниот ред, на кој се најде и Законот за работата на судовите, со кој се предлага работниот век на судиите да се продолжи до 67 години.

Г7 ветија меѓународна конференција за помош за обнова на Украина

Германија - Украинскиот претседател Володимир Зеленски им се обраќа на лидерите на Г7 преку видео врска за време на нивната работна сесија на 27 јуни 2022 година.

Лидерите на групата седум најразвиени економи во светот Г7 ветија дека ќе одржат меѓународна конференција за собирање средства за повоена обнова на Украина. За време на нивниот Самит во Германија тие ја осудија руската инвазија на Украина како „незаконска и неоправдана“.

„Ние сме силно посветени на поддршката на реконструкција на Украина преку меѓународна конференција“, се наведува во соопштението на Г7, додавајќи дека членовите се согласиле да потрошат 4,5 милијарди долари за решавање на проблемите со безбедноста на храната ширум светот, влошени со зголемените трошоци за жито и храна по инвазијата на Русија.

Белата куќа додаде дека Соединетите Држави ќе вложат 2,76 милијарди долари за тој напор, што ќе им помогне на 47 земји и регионални организации кои се занимаваат со недостиг на храна и неухранетост.

Во завршната изјава од Самитот, кој завршува на 28 јуни, се адресира и прашањето за глобалната безбедност на храната, кое беше нарушено со руската блокада на украинските пристаништа, со што резервите на жито од еден од најголемите светски производители не се извезуваат.

На лидерите на Г7 им се придружија и лидерите на Аргентина, Индија, Индонезија, Сенегал и Јужна Африка, како и Украина, се вели во соопштението.

За време на тридневниот Самит лидерите веќе ветија дека ќе продолжат со санкциите кон Русија до кога и да треба и дека ќе го засилат меѓународниот економски и политички притисок врз рускиот претседател Владимир Путин и неговите поддржувачи во Белорусија.

Тие ја осудија Русија и за, како што наведоа, „гнасниот“ напад врз трговскиот центар во централна Украина, нарекувајќи го „воено злосторство“ и ветија дека Путин „ќе одговара“ за постапките на Москва.

Лидерите на Г7 за време на самитот зборуваа и за ограничување на цената на руската нафта, зголемување на царините за руските стоки и воведување други нови санкции, но на состанокот во Германија не беше постигнат конечен договор. Се очекуваат дополнителни дискусии по самитот.

Тројца загинати во уривање на зграда во Мумбаи во Индија

Индија, Мумбаи, архивска фотографија.

Најмалку тројца луѓе загинаа, а 11 се повредени во уривање на трошна станбена зграда во финансискиот центар на Индија, Мумбаи, соопштија денеска локални претставници.

Четирикатницата се урнала доцна синоќа.

Десетици спасувачи го расчистуваат теренот во потрага по најмалку четворица станари кои се заробени под урнатините, пренесоа тамошните медиуми.

На телевизиските снимки се гледа како граѓани им помагаат на полицијата и пожарникарите во спасувањето на луѓето и превозот на повредените во болница.

Министерот за екологија на индиската држава Махараштра изјави дека на станарите неодамна им било кажано да ја напуштат трошната зграда, но тие продолжиле да живеат во неа.

Уривањето на згради често се случува во Индија за време на сезоната на монсуни од јуни до септември, кога поради силните дождови доаѓа до слабеење на и онака лошо направените темели на објектите.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG