Достапни линкови

Дали новата партија која победи на изборите во Бугарија ќе биде поинаква?


Кирил Петков, човекот за кој се смета дека ќе стане следниот премиер на Бугарија
Кирил Петков, човекот за кој се смета дека ќе стане следниот премиер на Бугарија

Партијата, основана од дипломирани студенти на Харвард, според неофицијалните резултати од парламентарните избори во Бугарија, ѝ нанесе шокантен пораз на партијата на поранешниот премиер Бојко Борисов. Но, дали ќе успее да ги надмине пречките во составувањето влада? Тони Весоловски

Дали третиот пат ќе го докаже шармот?

Бугарија одржа три парламентарни избори оваа година за да излезе од политичкиот ќорсокак откако земјата беше потресена од протести кои започнаа во 2020 година. Протестите беа предизвикани од гневот на јавноста поради повеќегодишната корупција, што резултираше со крај на владеењето на премиерот Бојко Борисов во април годинава.

Двата претходни изборни циклуси во април и јули завршија неубедливо, при што новите партии против корупцијата се покажаа добро, но не и доволно добро за да состават коалиција и да ја соборат централно-десничарската партија ГЕРБ на Борисов.

Василев: “Промените продолжуваат” ќе води преговори за новата бугарска Влада со БСП, ИТН и ДБ

Исто како и на минатите избори, нова антикорупциска партија излезе како победник на изборите на 14 ноември за 240-членото Националното собрание.

Но, за разлика од минатите избори, оваа нова антикорупциска партија, Продолжуваме со промените може да има доволно сојузници за да формира коалиција.

Корупцијата долго време беше доминантна политичка тема во најсиромашната земја во ЕУ, а гласачите ги полагаа своите надежи на последователните лидери кои им ветуваа дека ќе го исчистат јавниот живот од корупција, но потоа само гледаа нови скандали.

За многумина во Бугарија, ендемската корупција е виновна за нискиот животен стандард во балканската земја со 7 милиони жители, каде што бруто домашниот производ по глава на жител е само 55 насто од просекот на ЕУ.

Таа фрустрација предизвика нов бран на политички партии, внесувајќи нови лица и нови надежи, главно неисполнети досега.

Бидејќи излезноста на 14 ноември се проценува на само околу 40 отсто, Бугарите покажуваат знаци на замор од избори. Но, тие исто така се желни да видат брзо формирана нова влада за да се справи со страшната ситуација со ковид-19, зголемените цени на енергијата и широко распространетата корупција.

Дали Продолжуваме со промените е способна да успее онаму каде што другите партии во Бугарија досега потфрлија, останува нејасно, но се чини дека партијата има повеќе опции за успех.

Од Харвард до владини функции

Продолжуваме со промените беше формирана во септември од Кирил Петков (41) и Асен Василев (44), двајца дипломци на Универзитетот Харвард. Петков, кој се откажа од канадското двојно државјанство за да се квалификува за функција во Бугарија водеше успешна фирма за пробиотици. Василев е и претприемач и деловен консултант.

Кирил Петков и Асен Василев во изборната ноќ
Кирил Петков и Асен Василев во изборната ноќ

Петков и Василев беа без партиска припадност околу четири месеци како привремени министри за економија и финансии претходно оваа година, освојувајќи поени кај јавноста за нивните напори да откријат незаконски постапки во државните институции под Борисов.

Во мај, Петков откри дека државната Бугарска банка за развој, формирана за поддршка на малиот бизнис, одобрила околу 560 милиони долари заеми на само осум компании. Василев се пофали дека ја зголемил наплатата на даноците за 2,5 милијарди лева со зголемување на контролата врз големите бизниси кои работат со јавни и средства од ЕУ.

Кирил Петков најави нов пристап и подобри односи со Северна Македонија


Петков и Василев понудија рецепт за практични политики што веројатно одекна кај гласачите, вели Алексеј Пампоров, политиколог од Бугарската академија на науките, додавајќи: „Сите се смеевме кога изјавија дека ќе прават „левичарска“ политика со „десни инструменти“, но токму тоа го предлагаат. Во однос на економијата, енергијата, бизнисот, туризмот тие се многу десно ориентирани, но во однос на социјалната политика, образованието, здравството, тие се наклонети лево“.

Бугарскиот претседател Румен Радев
Бугарскиот претседател Румен Радев

Според анкетата на Галуп Интернешнл, 35 отсто од Бугарите кои во јули гласаа за уште една антикорупциска партија, Има таков народ (ИТН), се префрлија на Продолжуваме со промените (ПП) за овие избори. А кај гласачите на ПП, 79 отсто го фаворизираа Румен Радев, актуелниот претседател кој побара втор петгодишен мандат на претседателските избори, исто така, одржани на 14 ноември.

Радев, остар критичар на Борисов, освои 49,2 отсто од гласовите и се очекува да добие втор петгодишен мандат на главно церемонијалната функција во вториот круг закажан за 21 ноември.

Што се случи со Има таков народ?

На многу начини, подемот на Продолжуваме со промените го отсликува оној на Има таков народ. ИТН е создадена од Станислав „Слави“ Трифонов, популарен водител на ток-шоу и фолк-поп пејач, непосредно пред корупцискиот скандал во 2020 година кој предизвика повеќенеделни масовни протести против владата на Борисов.

Слави Трифонов, ТВ водител и пејач и лидер на партијата „Има таков народ“
Слави Трифонов, ТВ водител и пејач и лидер на партијата „Има таков народ“

Аналитичарите велат дека влезот на Трифонов на бугарската национална сцена претставува продолжување на деценискиот напор да се создаде одржлива антиестаблишмент партија во Бугарија.

Во земјите во Централна и Источна Европа познати се појавите на нови партии кои користат антикорупциска или популистичка платформа за да постигнат изборен успех.

Тоа беше авенијата што му помогна на поранешниот бугарски цар, Симеон II, да победи на изборите во 2001 година, а и самиот Борисов убедливо победи во 2009 година со кампања против корупцијата.

Поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов
Поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов

Антикорупциската порака беше централна и за двете нови партии кои обезбедија места во парламентот претходно оваа година: Демократска Бугарија и Стани на Маја Манолова.

Како Бугарија ќе ги вакцинира граѓаните кога не може да ги убеди ни лекарите?

Ко-претседавачот на Демократска Бугарија, Христо Иванов и Манолова беа вешти во покренување иницијативи кои откриваа коруптивни практики. На изборите во јули, ИТН ја надмина -- едвај -- ГЕРБ, но не успеа да формира влада. Како резултат на тоа, нејзината поддршка драстично опадна.

Партијата на Трифонов на изборите во јули имаше 24 отсто, но сегашните резултати покажуваат дека сега има само 9,8 отсто. Можеби е долу, но не е надвор. ИТН најверојатно ќе биде клучен партнер за фаворитите „Продолжуваме со промените“ во какви било коалициски разговори, заедно со социјалистите, со 10,3 отсто од гласовите, и Демократска Бугарија - коалиција од три левичарски партии - со 6 проценти.


„Формирањето влада ќе биде покомплицирано, бидејќи за мнозинство ќе бидат потребни најмалку четири партии“, изјави за Ројтерс Добромир Живков, политички аналитичар.

На другиот крај на политичкиот спектар, Препород која е отворено проруска партија која бара Бугарија да излезе и од НАТО и од ЕУ, се чини дека го премина прагот од 4 проценти.

Десничарската партија на Борисов ГЕРБ освои 22,2 отсто од гласовите, доволно за второто место, но со оглед на нејзината политичка изолација се чини дека ќе биде исклучена од какви било коалициски разговори.

Петков на 14 ноември вети дека ќе биде отворен за дијалог и компромис во коалициските разговори, но рече дека неговата партија нема да отстапи од ветувањата за реконструкција на судството и сузбивање на корупцијата.

„Бугарија оди на нов пат“, рече Петков, кој се надева дека ќе стане премиер и дека неговиот ко-партиец Василев, ќе биде министер за финансии.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG