Достапни линкови

ПП води на парламентарните, Радев на претседателските избори во Бугарија


Броење на гласовите од гласачка машина во Бугарија
Броење на гласовите од гласачка машина во Бугарија

Коалицијата Продолжуваме со промените води пред партијата ГЕРБ на поранешниот премиер Бојко Борисов на денешните парламентарни избори во Бугарија, покажуваат излезните анкети. Никој нема апсолутно мнозинство и ќе мора да се формира коалициска влада.

Коалицијата Продолжуваме со промените на Кирил Петков и Асен Василев освои 25,7 од гласовите на денешните парламентарни избори во Бугарија и е во водство пред партијата ГЕРБ на поранешниот премиер Бојко Борисов, која има 23,5 отсто од гласовите. На трето место е Бугарската социјалистичка партија (БСП) на Корнелија Нинова, која освои 14,5 отсто, ДПС – 10,2 отсто, партијата на Слави Трифонов Има таков народ освои 8 отсто, Демократска Бугарија на Христо Иванов доби 6,9 проценти од гласовите, a Преродба освои 4,2 отсто од гласовите, покажува излезната анкета на Галуп интернејшнал во 20 часот.

Во првиот круг од претседателските избори, кои се одржуваат заедно со парламентарните, победи актуелниот претседател Румен Радев, кој освои 49,3 отсто од гласовите. Во вториот круг на 21 ноември, тој ќе се судри со кандидатот на ГЕРБ Атанас Герџиков кој освои 25 отсто од гласовите, покажуваат излезните анкети на Галуп интернејшнал.

На трето место е претседателот на Движењето за права и слободи (ДПС) Мустафа Карадај со 9 отсто од гласовите, а Лозен Панов освои 4,2 проценти. Панов беше единствен кандидат, кој пред изборите ја посети Македонија.
Агенциите Алфа рисрч и Маркет линкс му даваат блага предност на ГЕРБ пред Продолжуваме со промените.

Излезноста, според Алфа рисрч, била 32,9 отсто.

Победникот на парламентарните избори повторно нема апсолутно мнозинство.

Резултатите од изборите во Бугарија со внимание се следат и во Македонија.

Бугарија од октомври минатата година го блокира почетокот на преговори на Македонија за членство во ЕУ, со обвинување дека земјава не го почитува Договорот за добрососедство од 2017 година. Бугарија тврди дека македонската нација ја создал Тито во 1944 година, а македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот.

Во 2019 година, почетокот на преговори го блокираше Франција со барање нова методологија за преговори, а претходно Грција ги блокираше евроинтеграциите со барање Македонија да го смени името.

Македонските власти се надеваат дека ако брзо се формира влада во Бугарија, ќе може да разговараат за надминување на проблемите пред Самитот на ЕУ на средината на декември, кога се надеваат дека земјава може да добие датум за преговори со Унијата.

Радев - Почетокот на преговорите зависи од Македонија, а не од следната бугарска влада

Бугарскиот претседател Румен Радев денеска рече дека почетокот на преговорите за членство на Македонија во Европската унија нема да зависи од следната бугарска влада, туку од самата Македонија.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, според Радев „клучно за почеток на преговорите со ЕУ за РС Македонија е почитувањето на правата на македонските Бугари, искоренувањето на говорот на омраза, прекинот на обидите за систематско уништување на културното и историското наследство на Бугарија“. Почетокот на преговорите нема да зависи од следната нова влада на Бугарија и нов парламент, туку пред сè од самата Република Северна Македонија, која мора да преземе соодветни мерки, рече тој.

„Убеден сум дека само со отворен дијалог меѓу Софија и Скопје ќе изградиме искрени пријателски односи какви што очекуваат луѓето од двете страни на границата“, коментира кандидатот за втор мандат за претседател на Бугарија.

Радев потсети дека за време на самитот ЕУ-Западен Балкан во Крањ, Словенија, како ротирачки претседател на ЕУ, тој многу јасно ставил до знаење дека Бугарија го кажала својот став пред неговите колеги лидерите од ЕУ. Македонија мора да преземе соодветни мерки, и додаде дека само со отворен дијалог меѓу Софија и Скопје, а не лобирање во европските престолнини, ќе бидат изградени искрени односи.

Кирил Петков од Продолжуваме со промените, по денешното гласање, рече дека Бугарија треба да води работен дијалог со Македонија, во кој треба да учествуваат не само историчари, туку и луѓе од економијата и културата. Затоа што не е нормално да се лета од Софија до Скопје преку Виена. Не е нормално да нема директна железничка врска меѓу двете држави, рече тој.
„Добрососедските односи би им дале на двете земји многу повеќе просперитет. Во исто време, имаме бугарски интерес што мора да го задржиме“, рече тој.

Борисов, пак, пред два дена рече дека ЕУ ќе ја понижи Бугарија со цел Северна Македонија да добие зелено светло за почеток на преговорите и сето тоа е поради неуспешната надворешна политика на Румен Радев.

Сепак, македонскиот претседател Стево Пендаровски, анализирајќи ја актуелната политичка ситуација во Бугарија, пред три дена оцени дека до 14 декември нема да има формирано влада и дека актуелниот претседател Румен Радев ќе биде единствената функционална институција во Бугарија.

Според бугарските аналитичари, влада веројатно ќе формираат таканаречените партии на промени - Промената продолжува, Има таков народ и Демократска Бугарија плус Бугарската социјалистичка партија. Ова би била коалиција против Бојко Борисов. Сепак, Слави Трифонов од Има таков народ, кој победи на изборите во јули со 24,8 отсто од гласовите, а сега освои околу 10 отсто, вечерва рече дека и после овие избори нема да склучува договори и да подлегне на притисоци.

Поранешниот премиер Бојко Борисов, кој беше на чело на бугарската влада повеќе од една деценија, поднесе оставка во април по широките антикорупциски протести против него и неговата централнодесничарска партија ГЕРБ, формално позната како Граѓаните за европски развој на Бугарија. Ниедна партија не успеа да формира владино мнозинство по изборите одржани на 4 април. Поради тоа, беа распишани нови предвремени парламентарни избори за 11 јули, но ни тогаш никој не успеа да направи мнозинство за формирање влада. Ова се трети парламентарни избори во Бугарија за седум месеци.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG