Достапни линкови

Како Бугарија ќе ги вакцинира граѓаните кога не може да ги убеди ни лекарите?


Лекар прегледува пациент во одделението за ковид-19 во болница во Ќустендил, Бугарија, каде што стапката на зараза со коронавирус расте во последните недели.
Лекар прегледува пациент во одделението за ковид-19 во болница во Ќустендил, Бугарија, каде што стапката на зараза со коронавирус расте во последните недели.

Бугарија бележи една од највисоките стапки на инфекции и смртност од ковид-19 во светот, делумно благодарение на неуспехот да ја вакцинира популацијата. Дел од проблемот се лекарите и медицинските сестри. Од Николај Лавчиев и Енди Хејл

„Никогаш не сум побарал од моите пациенти да се вакцинираат. Има луѓе кои не знаат што е аспирин и преживеале. Единствената вистинска работа што се случува сега е да се заплашат луѓето, преку медиумите и други извори на информации“.

Ова го вели еден општ лекар кој зборуваше за Радио Слободна Европа под услов да остане анонимен. Тој работи со бугарски репрезентации и олимпијци во неколку спортови, вклучувајќи фудбал, борење и карате. Тој вели дека не е вакциниран, бидејќи „нема доказ што е создаден со емпириски метод дека таков вирус постои“.

Бугарија „урива црни рекорди “ на починати од ковид-19

Овој лекар е само еден од многуте бугарски здравствени работници кои одбиваат да се вакцинираат. Вакцинацијата меѓу бугарските здравствени работници е само 25,5 насто, најниско меѓу земјите-членки на ЕУ, покажуваат податоците на Европскиот центар за превенција и контрола на болести.

Во Соединетите држави, за споредба, околу 75 насто од медицинските работници се целосно вакцинирани, наспроти 60 насто меѓу населението во целина.

Анонимниот лекар кој зборуваше за РСЕ тврди, без никакви докази, дека „постои забрана за обдукција на луѓе кои починале од ковид-19“ и сугерира дека „додека други смртоносни вируси може да се дијагностицираат кај ковид го нема тоа“.

Скептиците честопати тврдат дека пациентите чии смртни случаи официјално му се припишуваат на ковид-19, всушност умираат од други причини. Целокупната стапка на вакцинација во земјата останува под 25 насто -- најлоша во ЕУ.

Ниската стапка е особено вознемирувачка во услови на нов огромен пораст на случаи на ковид-19 што ги преполнува болниците и ја покажува третата најлоша стапка на смртност во светот во оваа земја со околу 7 милиони луѓе. Ковид-19 е одговорен за 25.000 смртни случаи досега.

„Огромна закана“

Кон крајот на минатата недела, десетина шефови на бугарските лекарски здруженија и пациенти се собраа заедно со министерот за здравство Стојчо Кацаров за да презентираат обединет фронт против ковид-19. Маскирани и со споени раце ден по рекордниот дневен број на починати од 310 луѓе, тие ги повикаа сите Бугари да се вакцинираат што е можно поскоро.

Во Бугарија нови правила против ковид-19

„Сите ние се соочуваме со огромна закана и потребна е заедничка акција“, рече Кацаров, откакопривремената влада на 21 октомври воведе „зелена пропусница“ за да го ограничи пристапот до повеќето активности. Работниците во здравствениот сектор исто така мора да имаат „зелена пропусница“.

Бугарскиот министер за здравство Стојчо Кацаров на средба со лекари и медицински персонал
Бугарскиот министер за здравство Стојчо Кацаров на средба со лекари и медицински персонал

„Бугарија не успеа со вакцините“, изјави на средбата со Кацаров Станимир Хасарџиев, кој ја предводи Бугарската национална организација на пациенти и е член на одборот на Европскиот форум на пациенти. Тој изрази надеж дека Бугарите кои се колебаат за вакцините разбираат дека „нема заговор“ и додаде: „Побогу браќа, вакцинирајте се“.

Но, можеби Кацаров и Хасарџиев требаше да ги упатат своите апели до лекарите, медицинските сестри, стоматолозите и другиот медицински персонал кои стоеја покрај нив.

Александар Најденов, доктор по стоматолошка медицина, кој исто така предава биологија во приватно училиште СТЕМ во Софија, за малата стапка на вакцинација во Бугарија ја посочува „ниската здравствена култура“, заедно со недовербата кон властите и медиумите и нивниот циркус со дебатите за вакцините.

Човек ја држи својата ќерка, додека ја прима втората доза вакцина против коронавирус што ја дава медицински персонал од мобилната единица во селото Крушовица, Бугарија, 10 октомври 2021 година.
Човек ја држи својата ќерка, додека ја прима втората доза вакцина против коронавирус што ја дава медицински персонал од мобилната единица во селото Крушовица, Бугарија, 10 октомври 2021 година.

Тој, исто така, мисли дека тврдоглавиот отпор на бугарските лекари да ги прифатат иновациите како вакцините за ковид-19 е меѓу наследствата на лошите навики создадени во источниот блок. „Повеќето од нив не се против вакцините, но едноставно не ги разбираат вакцините“, вели Најденов кој стана гласен про-ваксер на социјалните мрежи.

Тој за РСЕ изјави дека често се соочува со скептици за вакцините меѓу неговите колеги и оти нивните одговори често вклучуваат некоја верзија на; „не им верувам на податоците“.

„Тие воопшто не им веруваат на властите во Бугарија, но не само на бугарските. Тие не ѝ веруваат на Светската здравствена организација, не им веруваат на Центрите за контрола и превенција на болести во САД, не веруваат во ништо“. Тој вели дека на прашањето зошто тие им веруваат на овие институции како да ги третираат нивните пациенти со различни болести, но не им веруваат за ковид-19 и вакцината тие едноставно престануваат да се расправаат со него.

Хаотична и збунувачка информативна кампања

Сигурно имаше компликации во раниот недостаток на вакцини, бидејќи политички непопуларната влада во Софија дејствуваше бавно. За забавеното земање вакцини се посочува неуспехот на јавноста да ги препознае ризиците од ковид-19 и придобивките од вакцинацијата, особено кај старото и недоволно образованото население.

Луѓе чекаат да се вакцинираат против ковид-19 од мобилен тим за имунизација во село Крушовица
Луѓе чекаат да се вакцинираат против ковид-19 од мобилен тим за имунизација во село Крушовица

Но, скептицизмот за вакцините во Бугарија беше голем и пред да дојде новиот коронавирус. Во извештај објавен од Европската комисија во 2018 година за „состојбата на доверба во вакцините“ се заклучува дека меѓу сите земји на ЕУ, Бугарите „имаат најмалку шанси да се согласат дека вакцините се безбедни“.

Кацаров: антиваксерите кои нападнаа лекари да бидат изведени пред суд

Тоа укажува на потребата од силна кампања за подигање на јавната свест и доверливи медицински совети за борба против јавното заплашување откако деталните клинички студии и регулаторното одобрување сугерираа дека новите вакцини се безбедни и ефективни.

„Уште кога започна пандемијата, а подоцна и кога почнаа да доаѓаат вакцините, информативната кампања на Министерството за здравство беше многу хаотична, збунувачка, а дадените информации создаваа многу повеќе страв отколку доверба во вакцината. Она што го гледаме сега е плод на тоа“, вели за РСЕ потпретседателот на Националното здружение на лекари по општа медицина, д-р Христо Димитров.

Бугарскиот скептик за вакцини д-р Атанас Мангаров
Бугарскиот скептик за вакцини д-р Атанас Мангаров

Наместо тоа, Бугарите брзо се свртеа кон истакнати медицински професионалци како д-р Атанас Мангаров, педијатар од Софија и специјалист за инфективни болести, кој стана светилник за антиваксерите.

Мангаров е нашироко цитиран во бугарските медиуми и има милиони следбеници на ТикТок, Инстаграм и Јутјуб, каде што го наведува сопственото одбивање да се вакцинира и споделува приказни за неуспесите во вакцините и противењето на задолжителното вакцинирање.

Борисов очекува колективен имунитет во Бугарија во мај

Тој го отфрла видот на имунитет што доаѓа со вакцинацијата во корист на природниот имунитет преку инфекција, за која вели дека е единствената гаранција против новите варијанти на коронавирус.

Некои европски држави, вклучително и Грција, Унгарија и Франција, веќе бараат здравствените работници да бидат вакцинирани. Но, многу други влади избегнаа такви мандати.

Болница во Софија, 4 ноември 2021 година
Болница во Софија, 4 ноември 2021 година

Претставникот на лекарите Димитров инсистира на тоа дека има „многу, многу малку“ сомнителни меѓу лекарите специјалисти кои се против вакцината против ковид-19. Тој рече дека идејата дека општите лекари „некако ја саботираат кампањата за вакцинација е фундаментално погрешна“.

„Она што прави целата ситуација да изгледа полоша е тоа што оние лекари кои се сомневаат се „погласни“ и нивните гласови се чини дека повеќе одекнуваат во медиумите, а со тоа и кај граѓаните“, рече Димитров.

Тој тврди дека навидум ниската стапка на вакцинација кај медицинските работници е резултат на нивната висока стапка на зараза. „Ако го одземеш малиот процент на антиваксери -- можеби не „антиваксери“ туку „кои се сомневаат во вакцини“ - факт е дека огромен процент од медицинскиот персонал бил заразен со ковид-19, понекогаш повеќе од еднаш“, изјави тој.

Намалување на животниот век

Заклучно со 5 ноември, официјалната статистика покажа 4.424 потврдени случаи на ковид-19 кај бугарските лекари, 5.409 кај медицинските сестри, 3.149 кај болничарите и 3.180 кај „другиот медицински персонал“, од вкупно 16.162 случаи.

Бугарското лекарско друштво го наведува бројот на регистрирани лекари во земјата на речиси 33.000 и тврди дека повеќе од половина од лекарите и медицинските лица во земјата биле целосно вакцинирани до крајот на јули.

Бугарија се соочи со три големи бранови на ковид-19, а најновиот врв има скоро 5.000 дневни инфекции. Тоа е меѓу највисоките стапки на инфекции и смртност во ЕУ во изминатиот месец.

Ефектите врз животниот век веќе се чувствуваат. Најновото истражување кое ги споредува податоците за смртноста меѓу 37 земји со средни и повисоки приходи покажа дека Бугарија претрпе трет најлош пад на просечниот животен век, по Русија и САД, од почетокот на пандемијата.

Бугарските мажи умираат речиси две години порано, а жените 1,37 години порано, се наведува во студијата во списанието BMJ на Британската медицинска асоцијација.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG