Достапни линкови

Вести

Нови 487 ковид позитивни, 15 починати

Амбулантно возило пред ковид амбуланта во Скопје

Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа направени се 3.491 тестирање, а регистрирани се 487 нови случаи на ковид-19. Од нив најмногу во Скопје – 230, а потоа следуваат Куманово – 50, Штип – 28, Прилеп – 25, Кочани –20, Велес – 18, Битола – 13 и Струмица – 10. Во неколку други градови има по едноцифрена бројка новозаразени.

Во текот на изминатите 24 часа регистрирани се 15 починати лица од 59 до 89 години. Сите пријавени лица се починати во болнички услови.

Дополнително, како што информираат од Министерството за здравство, согласно Регистарот на умрени лица од системот Мој термин, пријавени се уште пет починати лица, со датум на смрт од 23.09.2021 до 12.10.2021 година. Регистрирани се четири починати лица од Скопје и Велес на возраст од 33 до 83 години. Од пријавените лица четири се починати во болнички услови, а еден во домашни услови.

Во последните 24 часа регистрирани сe 1487 оздравени пациенти. Со ова вкупната бројка на ковид дијагностицирани лица во земјата од почетокот на епидемијата изнесува 198.156 бројката на оздравени пациенти е 185.459, на починати е 6.998, а бројот на активни случаи изнесува 5.699.

види ги сите денешни вести

Бесими: Економски раст од 3,2 проценти, инфлација 7,2 отсто

Министерот за финансии Фатимир Бесими

Министерот за финансии Фатмир Бесими на денешната прес-конференција за ребаланост на Буџетот кој вчера беше усвоен од Владата изјави дека со него се обезбедени нови дополнителни 76 милиони евра за мерки за заштита на стандардот на граѓаните и поддршка на стопанството како и дополнителни 52 милиони евра за субвенции за земјоделците.

Со ребалансот на Буџетот, како што посочи, се обезбедени и средства за покачување на пензиите на пензионерите, на платите за наставниците, за субвенции за покачување на минималната плата, и во јавниот и во приватниот сектор, како и повеќе средства за социјални надоместоци и субвенции за гарантиран минимален приход.

„Овој ребаланс е соодветен и навремен фискален одговор на тековните глобални случувања. Ова е ребаланс за целосно заздравување на економијата од пандемијата. Ребаланс за поддршка на граѓаните и фирмите во екот на глобалната ценовната и енергетска криза“, рече Бесими.

Економскиот раст за годинава е проектиран на 3,2 проценти. Се очекува побарувачката да биде главен двигател на растот. Капиталните расходи се планирани на ниво од 32,2 милијарди денари, за околу 6 милијарди денари помалку во однос на планот за 2022 година.

Стапката на инфлација е проектирана на 7,2 проценти, што е интензивирање на ценовниот пораст споредено со 2021 година. Меѓународните финансиски институции, укажа Бесими, очекуваат во втората половина од годината умерено и постепено да се стабилизираат ценовните притисоци, додека догодина да дојде до нивна целосна стабилизација.

Дефицитот е планиран на ниво од 42,7 милијарди денари, односно 5,3 проценти од БДП, што е за 9,1 милијарда денари повеќе во однос на првичниот буџет. Дефицитот и отплатата на надворешниот и на домашниот долг кои се во износ од 11,8 милијарди денари, или вкупно 54,5 милијарди денари, според Бесими, ќе се финансираат преку задолжување од 59,3 милијарди денари на меѓународниот и од 21,6 милијарди денари на домашниот пазар.

Вкупните приходи се планирани на ниво од 245,8 милијарди денари и се за околу 6,9 милијарди денари или 2,9 проценти повисоки во однос на иницијалните проекции на Буџетот. Планираното ниво на даночните приходи е за пет проценти повисоко во однос на Буџетот. Износот на вкупните планирани расходи, пак, е 288,5 милијарди денари или за околу 16,1 милијарди денари (за 5,9 проценти) повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за 2022 година.

Според Бесими, годинава се очекува раст на побарувачката за работна сила, поттикната преку активните мерки и програми за вработување и поддршката на домашните и странските претпријатија за отворање нови работни места. Според основното макроекономско сценарио, растот на бројот на вработени е проектиран на 1,6 проценти, што ќе придонесе просечната стапка на вработеност да се зголеми на 47,9 проценти, додека стапката на невработеност да се намали на 14,5 проценти.

Просечната нето-плата, според Бесими, се очекува забрзано да расте со проекција од 11 проценти за 2022, во услови на покачување на минималната плата за 18,4% во март, зголемување на платите во секторот образование, како и пораст на платите во некои високо-продуктивни дејности, како што се информациско-комуникациската дејност, стручни, научни и технички дејности.

Партијата на Каракачанов на протести против кревање на ветото

Красимир Каракачанов

Бугарската партија ВМРО на поранешниот министер за одбрана Красимир Каракачанов денеска во Кресна одржа демонстрации против евентуалното паѓање на бугарското вето за отпочнување на преговорите за влез на Северна Македонија во ЕУ. Протестот беше насловен „Не ја изневерувајте Македонија“. Точно на пладне тие го блокирале сообраќајот низ Кресненската клисура.

„Од 4 мај одржуваме различни акции за да покажеме дека владата не е надлежна за нашите односи со Северна Македонија. Историската вистина е на наша страна“, изјави еден од демонстрантите Владимир Митов за Нова.

Демонстраните извикуваа пароли „И порано и сега, Македонија е бугарска“.

Почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ е блокиран од страна на Бугарија, која стави вето поради прашања поврзани со историјата и јазикот на земјава. Во последно време се погласни се повиците од источниот сосед за ставање на Бугарите во македонскиот Устав како услов за решавање на спорот.

Целосно изгаснат пожарот кај „Комуна“,има материјална штета

Пожарникари. Илустрација.

Во магацински простор кај старата скопска фабрика „Комуна“ избувнал, кој во меѓувреме е изгаснат, изјави командирот на скопската Бригада за противпожарна заштита, Звонко Томески.

„За кратко време пожарот е ставен под контрола, целосно е изгаснат и не е дозволено да се прошири во останатите објекти во кругот на фабриката“, изјави Томески за МИА.

Томески информира дека по дојавата веднаш биле упатени девет противпожарни возила со 20 пожарникари, а станувало збор за магацински протстор во кој била складарна пластика за понатамошна рециклажа.

„Карактеристично е што во кругот на фабриката и во објектите немаше функционална хидрантска мрежа“, додадеТомески.
Во пожарот нема повредени, но е причинета материјална штета. Дојавата за пожарот во скопската Бригада за противпожарна заштита е примена во 4.55 минути.


САД и други земји го напуштиле состанокот на АПЕК

Архивска фотографија од состанокот на АПЕК во 2014 година

Претставници на САД и на неколку други земји денеска го напуштиле состанокот на министрите за трговија на Азија и Пацификот во Бангкок во знак на протест против руската инвазија врз Украина, изјавија официјални лица и дипломати за Ројтерс.

Претставници од Канада, Нов Зеланд, Јапонија и Австралија им се придружија на Американците во напуштањето на состанокот на Азиско-пацифичката економска соработка- АПЕК, изјавија двајца тајландски претставници и двајца меѓународни дипломати. Напуштањето се случило додека рускиот претставник давал забелешки на отворањето на дводневниот состанок на групата од 21 економија.

Друг дипломат изјави за Ројтерс дека петте земји кои го организирале протестот сакале „посилна осуда за војната во Русија“ при што последното соопштениет на групата треба да биде објавено утре.

Светските лидери остро ја осудија неиспровоцираната војна на Русија против Украина, која започна на 24 февруари.

САД и Јужна Кореја со договор за засилени мерки за Северна Кореја

Американскиот претседател Џо Бајден

САД и Јужна Кореја се договорија денеска да ги засилат мерките за одвраќање на Северна Кореја и да ја прошират соработката за низа мерки од сајбер безбедноста и нуклеарната енергија до регионалната безбедност и синџирите на снабдување.

Во заедничката изјава објавена по првиот самит меѓу американскиот претседател Џо Бајден и новиот јужнокорејски претседател Јун Сук-Јол, двете земји ветија дека ќе го прошират својот сојуз за да се справат со прашања надвор од Северна Кореја, додека остануваат отворени за разговори со Пјонгјанг.

Двајцата лидери, исто така, ја споделиле својата загриженост за ширењето на Ковид- 19 во Северна Кореја и понудиле да работат со меѓународната заедница за давање на помош.

Бајден рече дека Америка и понудила на Северна Кореја вакцини за Ковид- 19, но,не добила одговор и покрај ширењето на болеста во изолираната земја.

„Ние понудивме вакцини, не само на Северна Кореја, туку и на Кина, и подготвени сме да го сториме тоа веднаш. Немаме одговор“, рече Бајден на прес-конференција во Сеул.

Русија ја прекина испораката на гас во Финска

Гасовод. Илустрација.

Газпром денеска го запре извозот на гас во соседна Финска, соопшти финската државна енергетска компанија Гасум, што претставува најнова ескалација на спорот за плаќање на енергија на Русија со западните земји.

Газпром експорт побара европските земји да ги платат испораките на руски гас во рубљи поради санкциите воведени поради неиспровоцираната инвазија на Москва на Украина, но Финска одби да го стори тоа.

„Увозот на гас преку влезната точка Иматра е запрен“, се вели во соопштението.

Иматра е влезна точка за рускиот гас во Финска. Газпром потврди дека „целосно ја прекинал испораката на гас бидејќи не добил исплата во рубљи од финската компанија Гасум до крајот на вчерашниот работен ден“.

Гасум рече дека наместо тоа, природниот гас ќе се снабдува од други извори преку гасоводот Балтикконектор, кој ја поврзува Финска со Естонија.

Гасум, финската влада и индивидуалните компании за потрошувачка на гас во Финска рекоа дека се подготвени за прекин на рускиот гас и дека земјата ќе се справи со ситуацијата.

„Финскиот гасен систем е во рамнотежа и физички и комерцијално“, соопти денеска Гасгрид.

Овој потег следи по одлуката на Финска претходно оваа недела да поднесе барање за влез во НАТО, бидејќи се обидува да ја зајакне својата безбедност во услови на руската агресија врз Украина.

Москва веќе го прекина гасот за други земји, вклучувајќи ги Бугарија и Полска, откако тие одбија да ги почитуваат новите услови за плаќање. Поголемиот дел од гасот што се користи во Финска доаѓа од Русија, но гасот сочинува само околу 5 отсто од неговата годишна потрошувачка на енергија.

СЗО предупредува од ширење на мајмунските сипаници во Европа

Мајмунски сипаници

Регионалниот директор на Светската здравствена организација-СЗО за Европа , Ханс Клуге предупреди дека ширењето на реткиот вирус на мајмунски сипаници може да се забрза на континентот во текот на летните месеци.

„Како што влегуваме во летната сезона во европскиот регион, со масовни собири, фестивали и забави, загрижен сум дека преносот може да се забрза, бидејќи случаите што моментално се откриени се меѓу оние кои имале сексуална активност, а симптомите се непознати за многумина“, рече Клуге.

Повеќе од 100 случаи на вирусна инфекција се потврдени или се сомнителни во Белгија, Франција, Германија, Италија, Португалија, Шпанија, Шведска, Холандија и Британија. Случаи се откриени и во САД, Канада и Австралија.

Мајмунските сипаници, почести во западна и централна Африка, предизвикуваат блага вирусна болест која се карактеризира со треска и карактеристичен осип. Прво идентификувана кај мајмуните, болеста обично се шири преку близок контакт и ретко се шири надвор од Африка.

Научниците не очекуваат дека избувнувањето ќе еволуира во пандемија како Ковид-19 бидејќи вирусот не се шири толку лесно. Мајмунските сипаници генерално се јавуваат во Централна и Западна Африка, често во близина на тропските дождовни шуми, и се сметаат за ендемични во Демократска Република Конго, каде што за прв пат беше откриена кај луѓето во 1970 година.

Русија со напад на украинскиот регион Луганск

Разрушен објект од руските напади во Украина

Русија се приближува да ја преземе контролата над украинскиот регион Донбас, тврдејќи дека победила во повеќемесечната битка за фабриката за челик во Мариупол додека започна голема офанзива во провинцијата Луганск. Последните украински сили заробени во челичарницата Азовстал во Мариупол се предадоа на 20 мај, соопшти руското Министерство за одбрана.

Русија, исто така, започна напад за да ја заземе последната преостаната територија под контрола на Украина во провинцијата Луганск.

„Руската армија започна многу интензивно уништување на градот Сјеверодоњецк, интензитетот на гранатирањето е двојно зголемен, тие гранатираат станбени квартови, уништувајќи куќа по куќа“, рече гувернерот на Луганск, Серхи Хејдеј на својот канал Телеграм.

Генералштабот на Украина соопшти дека ја отфрлил офанзивата на Сјеверодоњецк, дел од, како што ги опиша, големи руски операции долж делот на линијата на фронтот. Сирените за воздушен напад рано утринава се вклучија во поголемиот дел од Украина, вклучително и во регионот на главниот град Киев и јужното пристаниште Одеса.

Русија се обидува да воспостави контрола врз Мариупол, пристанишен град на Азовското Море, за да го заврши копнениот коридор до полуостровот Крим, кој го анектираше во 2014 година, и да ослободи војници за да се приклучат во битката за контрола на регионот Донбас.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека Русија треба да биде принудена да плаќа за секој дом, училиште, болница и бизнис што ќе го уништи. Тој ги повика партнерите на Украина да ги запленат руските средства и имотот под нивна јурисдикција и да ги искористат за да создадат фонд за обештетување на настраданите.

„Русија ќе ја почувствува вистинската тежина на секој проектил, секоја бомба, секоја граната што ја испука кон нас“, рече тој во своето ноќно видео обраќање.

Сончево и топло време

Belarus – The sun light, generic, February 2017

Времето денеска ќе биде сончево и топло со слаб променлив ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 10, а максималната ќе достигне од 26 до 33 степени.Во Скопје сончево со слаб северозападен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне 31 степен.

Како што најавија од Управата за хидрометеоролошки работи, во следните денови ќе биде топло со пораст на дневната температура, која на повеќе места ќе биде над просекот за овој период од годината. Од недела во попладневните часови ќе има локална појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.

Владата го усвои ребалансот на буџетот

Влада на РСМ

Владата на денешната седница го усвоила предлогот за изменување и дополнување на Буџетот на Република Северна Македонија за 2022 година.

„Предложените измени и дополнувања, со кратења на непродуктивните трошоци во име на солидаризирање со последиците од актуелната криза, соопштија денеска од владината прес-служба, ќе овозможи поголема заштита на животниот стандард на граѓаните, особено ранливите категории, финансиска поддршка на ликвидноста на компаниите и оптимизирање на трошоците на позајмување, поддршка на монетарна политика и создавање поповолни услови за остварување на проектираните стапки на економски раст на краток и среден рок“, се наведува во владиното соопштение.

За деталите од предложениот ребаланс Министерството за финансии ќе извести на прес-конференција која е предвидено да се одржи во текот на утрешниот ден.

Поранешниот германски канцелар Герхард Шредер даде оставка од бордот на директори на рускиот државен нафтен гигант Роснефт

Поранешниот германски канцелар Герхард Шредер и рускиот претседател Владимир Путин

Поранешниот германски канцелар Герхард Шредер и германскиот бизнисмен Матијас Варниг најавија оставки од бордот на директори на рускиот државен нафтен гигант Роснефт, соопшти компанијата на 20 мај.

Шредер, претседател на Управниот одбор на Роснефт од 2007 година, и Варниг рекоа дека е невозможно за нив да ги продолжат своите мандати во одборот, се вели во соопштението на Роснефт, без да се соопштат повеќе детали.

Долгогодишниот пријател на рускиот претседател Владимир Путин, Шредер се најде под зголемен меѓународен притисок откако Москва ја започна својата инвазија на Украина во февруари.

Шредер, член на Социјалдемократската партија (СПД), беше германски канцелар од 1998 до 2005 година. Тој со години се соочува со жестоки критики во Германија поради неговата работа за руските енергетски компании контролирани од државата.

Шредер, исто така, работел за Гаспром и има водечки позиции во гасоводите „Северен тек“ и „Северен тек 2“.

Ворниг е и управен директор на Северен тек 2. Тој беше вклучен на списокот со санкции на САД по инвазијата.

Одлуката на Шродер да се повлече од управниот одбор на Роснефт доаѓа откако му беше отстрането правото на канцеларија во германскиот парламент во Берлин. Тој, исто така, се соочува со повици да биде санкциониран од Европскиот парламент.

Сегашниот канцелар на Германија, Олаф Шолц, го повика Шредер да ја напушти партијата.

Шолц на 20 мај ја поддржа одлуката на германскиот парламент за затворање на канцеларијата на Шредер и го обнови повикот до поранешниот канцелар да се откаже од сите свои руски енергетски позиции.

Ердоган разговараше со холандскиот премиер за НАТО-патот на Шведска и Финска

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган денеска изјави дека имал опсежен разговор со холандскиот премиер Марк Руте за барањата на Шведска и Финска за членство во НАТО, јави Анадолија.

По петочната молитва во Истанбул, Ердоган најави дека утре ќе разговара со претставници од Велика Британија и Финска, како и со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.

Двете нордиски земји во средата формално поднесоа барање за влез во НАТО, одлука поттикната од руската војна против Украина. Турција се спротивстави на кандидатурите на Финска и Шведска за членство, критикувајќи ги двете земји дека толерираат, па дури и поддржуваат терористички групи како Курдската работничка партија и т.н.ФЕТО.

„Повеќето земји-членки на ЕУ во моментов дозволуваат ПКК/ЈПГ да одржуваат говори во нивните парламенти, додека некои ги снабдуваат со оружје и муниција. Не можеме да кажеме „да“ за влезот на овие терористички организации во НАТО, која е безбедносна организација“, истакна Ердоган.

Тој рече дека терористичките организации организираат различни маршеви во Германија, Шведска, Финска, Холандија и Франција.

Бранителите на Азовстал добиле наредба да престанат да се борат

Војници во Азовстал

Последните украински војници во фабриката за челик Азовстал во Мариупол велат дека Киев им „наредил“ да престанат со борбите додека Русија го интензивира нападот врз источна Украина, гаѓајќи го Донбас, за кој претседателот Володимир Зеленски рече дека сега изгледа како „пекол“.

„Вишата воена команда даде наредба да се спасат животите на нашите војници и да се запре одбраната на градот“, соопшти на Телеграм Денис Прокопенко, командант на баталјонот кој ги предводеше војниците на Азовстал.

„Цивилите беа евакуирани. На тешко ранетите им беше укажана потребната помош и тие беа евакуирани, за подоцна да бидат разменети и испорачани на територијата под контрола на Украина“, додаде Прокопенко.

Тој рече дека процесот на пренесување на загинатите од Азовстал се уште трае и дека „се надева дека во блиска иднина роднините и Украина ќе можат со чест да ги погребаат своите војници“.

Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу изјави дека досега се предале речиси 2.000 украински борци кои се криеле во фабриката за челик.

„Блокадата на фабриката Азовстал продолжува“, рече Шојгу. „Националистите активно се предаваат на заробеништво“, рече тој, мислејќи на украинските борци. „Во овој момент 1.908 луѓе го положија оружјето“.

Украинските власти не ја потврдија бројката.

Војниците кои го напуштиле Азовстал, вклучувајќи ги и ранетите, наводно биле префрлени на територијата поддржана од Русија во источна Украина.

Меѓународниот комитет на Црвениот крст соопшти дека стотици украински борци кои ја напуштиле фабриката Азовстал во Мариупол биле регистрирани како воени заробеници.

Киев изрази надеж дека борците ќе бидат разменети за руски затвореници, но властите во Доњецк поддржани од Москва предложија на некои од нив да им се суди.

Петков го повика Радев да свика Совет за национална безбедност за преговорите со Македонија

Бугарскиот Премиер Кирил Петков

Бугарскиот премиер Кирил Петков во видеообраќање го повика претседателот на државата Румен Радев да го свика Консултативниот совет за национална безбедност за состојбата на преговорите меѓу Бугарија и Северна Македонија.

Петков рече дека бугарската влада нема да направи ништо без широка национална согласност и усогласено со коалицискиот договор на владејачката коалиција во земјата.

Петков рече дека во Консултативниот совет за национална безбедност учествуваат сите партии, сите служби и претседателскиот кабинет и го повика Министерството за надворешни работи да достави извештај за состојбата на преговорите меѓу Бугарија и Северна Македонија. Тој побара за овој извештај да се расправа и на редовниот коалициски совет следната недела.

Бугарскиот премиер потврди дека владата нема да направи ништо врз основа на надворешен притисок и пред целосно разбирање на ниво на коалициски совет, длабока дискусија во Консултативниот совет за национална безбедност и јасен и потврден став на највисокото тело во бугарскиот парламент.

Според премиерот Петков, конечниот легитимен мандат на темата Северна Македонија го има единствено Народното собрание на Бугарија и, како што рече, тоа треба да биде апсолутно јасно на целото бугарско општество и на надворешните партнери на земјата.

Земјите од Г7 ќе обезбедат помош од 9,5 милијарди долари за Украина

Илустрација

Водечките економии на Групата седум (Г7) се согласија да обезбедат 9,5 милијарди долари нова економска помош за Украина за да му помогнат на Киев да ги исплати платите на вработените во јавниот сектор и да се осигура дека владата може да продолжи да функционира додека се брани од руската инвазија.

Германскиот министер за финансии Кристијан Линднер рече дека со овие 9,5 милијарди долари поддршката за Украина вкупно досега изнесува 19,8 милијарди долари.

„Се согласивме дека финансиската ситуација на Украина не смее да има никакво влијание врз способноста на Украина да се брани успешно“, рече Линднер.

Новата помош вклучува 7,5 милијарди долари грантови од Соединетите држави и 1 милијарда долари грантови од Германија.

Останатите 1 милијарда долари ќе ги обезбедат другите земји од Г7 во форма на гаранции и заеми, соопшти германското Министерство за финансии.

„Ние ќе продолжиме да стоиме на страната на Украина во текот на оваа војна и пошироко и подготвени сме да направиме повеќе колку што е потребно“, рекоа министрите на Г7 на крајот од дводневниот состанок во Германија.

Инвазијата ја допре речиси секоја тема опфатена за време на состанокот на министрите за финансии и гувернерите на централните банки од Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија, Обединетото Кралство и САД.

Американскиот секретар за финансии Џенет Јелен и другите лидери претходно зборуваа за потребата сојузниците да обезбедат доволно дополнителна помош за да и помогнат на Украина да ја „премине“ руската инвазија.

„Сите ние ветивме дека ќе го направиме она што е неопходно за да ја пополниме празнината. Ќе ги собереме ресурсите што им се потребни“, рече Јелен на 19 мај по првиот ден од состанокот.

Последната прогноза на Меѓународниот монетарен фонд вели дека економијата на Украина се проектира да се намали за 35 отсто оваа и следната година.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG