Достапни линкови

Вести

ОН: Правото на чиста животна средина е основно човеково право

Илустративна фотографија - загадување во Кина.

Советот за човекови права на Обединетите нации (ОН) во петокот на 8 октомври го изгласа признавањето на правото на безбедна, чиста, здрава и одржлива животна средина како основно човеково право.

Со 43 гласови „за“ и нула против е усвоена резолуција за чиста животна средина, во која исто така се повикуваат државите да ги зголемат напорите за подобрување на животната средина, додека четири држави членки: Кина, Индија, Јапонија и Русија беа воздржани.

Со втората резолуција донесена со 42 гласови наспрема еден против, воспоставен е „специјален известувач“ кој меѓу другото ќе следи „како штетните ефекти од климатските промени, вклучително и ненадејните катастрофи, влијаат врз целосното и ефикасно уживање на човековите права“.

Русија беше против оваа резолуција, а Кина, Еритреја, Индија и Јапонија беа воздржани.

На дводневната седница на Советот кој има 47 членови, се гласаше и за известувачот за човекови права во Авганистан, одлука против која гласаше Пакистан.

види ги сите денешни вести

ДИК ги поништи измените на Упатството за важечки и неважечки ливчиња

Државна изборна комисија (ДИК).

Државната изборна комисија (ДИК) изгласа поништување на одлуката која ја донесе вчера за измена на Упатството за важечки и неважечки ливчиња.

Претседателот на ДИК Александар Даштевски изјави дека измената на Упатството произлегла од пресудата на Управниот суд за избирачкото место во Шуто Оризари, каде судот констатирал дека е недозволиво гласачките ливчиња да се прогласуваат за неважечки поради пропусти на избирачкиот одбор, односно поради неставање на печат.

Даштевски рече дека ДИК на вчерашната седница не го отстранила ставањето на печат на гласачкото ливче, бидјеќи како што посочи, тоа било задолжително според Членот 109 Став 2 од Изборниот законик и дека со тоа секој член на избирачкиот одбор задолжително треба да стави печат на гласачкото ливче. Ваквата измена на Упатството за примена на Члан 110 од Изборниот законик, рече Даштевски, произлезе од пресудата на Управниот суд во која се вели дека е недозволиво поради пропусти направени од членови во избирачкиот одбор, да се сметаат за неважечки ливчињата на гласачите кои немале печат.

„Поради ова ДИК го измени Упатството за важечко и неважечко гласачко ливче само во делот каде се вели дека гласачкото ливче е неважечко ако на него нема ставено печат со интенција да се почитува волјата на гласачот доколку е направен намерен или ненамерен пропуст од страна на избирачкиот одбор“, рече Даштевски.

Тој додаде дека имајќи ги предвид реакциите во јавноста, ДИК ја укинала вчерашната измена на Упатството за важечки и неважечки ливчиња, со што во сила ќе се стави претходното Упатство.

Членот на ДИК Борис Кондарко рече дека сите членови на Комисијата стојат зад оваа постапка на ДИК, потенцирајќи дека во врска со праксата која ја создал Судот, одговорноста за постапувањето ќе ја има Управниот суд кој ја донел ваквата одлука.

„Ние во соопштението укажавме што значи неставање на печат, меѓутоа понатаму треба да размислат изборните органи како постапуваат во врска со ова пршање. Законот е јасен, нашиот став е јасен и жалам што се доведовме во ситуација поради ваквата пресуда на Управниот суд, која со прогласувањето на ливчиња без печат за важечки, дојде до прегласување на едно избирачко место во Шуто Оризари“, рече Кондарко.

Пекинг: Ковид-19 е најголем предизвик за Зимските олимписки игри

Пекинг, Кина.

Спречувањето на ширењето на епидемијата ќе биде предизвик број еден на Зимските олимписки игри во Пекинг, соопштија денеска организаторите на сто дена пред почетокот на Олимпијадата.

Пекинг ќе стане првиот град во светот кој ќе биде домаќин и на Летни олимписки игри (2008) и на Зимските игри кои ќе се одржат од 4 до 20 февруари следната година.

Една од главните грижи за одржување на Игрите, се чини дека ќе биде борбата против Ковид-19, шест месеци по Летните олимписки игри во Токио кои поради пандемијата беа одложени за една година.

Во овој контекст, кинеските власти кои водат политика за нулта инфекција, преземаат различни мерки за искоренување на едно ограничено жариште на епидемијата, коешто се појави последниве денови на северот на земјата.

„Пандемијата е предизвик број еден за Зимските олимписки игри“, рече за новинарите Џанг Џиадонг - потпретседател на организацискиот комитет.

Во градот Лангжу 1.700 километри западно од Пекинг, воведен е карантин за четири милиони жители откако беа откриени неколки десетици случаи на инфекција. На нив им беше кажано дека треба да останат дома, освен во случај на итни потреби.

Десетина провинции ги засилија превентивните мерки, вклучително и градот Пекинг, каде во изминатите осум дена се пријавени 20 случаи на инфекција.

Мерките предвидени за време на Игрите ќе го намалат ризикот од изложеност на коронавирусот, рече Џанг предупредувајќи дека учесниците кои нема да ги почитуваат правилата ќе бидат казнети.

Зимските олимписки игри во 2022 година ќе се одржат во „безбедносен балон“ со цел да се исклучи ризикот од инфекција за останатиот дел од Кина.

Се очекува 2.900 спортисти да бидат целосно вакцинирани или да бидат ставени во строг 21-дневен карантин по пристигнувањето во земјата.

Натпреварите ќе ги следат само гледачи од Кина.

Радев ги прими македонските Бугари, најави нова политика кон Македонија

Софија- Бугарскиот претседател Румен Радев на средба со претсавниците на македонските Бугари, 27.10.2021

Претседателот на Бугарија Румен Радев денеска во својот кабинет во Софија ги прими претставниците на организациите на македонските Бугари и на партијата Граѓанска демократска унија. Во соопштението од неговиот кабинет се наведува дека ова е прва ваква посета на Софија.

„Македонските Бугари, нивната рамноправност во политичкиот, општествениот, културниот и економскиот живот во РС Македонија и стриктното исполнување на Договорот за пријателство од 2017 година се клучот од вратата на Европската унија“, наведува Радев.

Тој, како што се наведува во соопштението, нагласил дека Бугарија решително застанува зад македонските Бугари во нивната борба за рамноправност со сите останати народи во РС Македонија.

„Тоа е позицијата на која претседателот Радев остана категоричен и пред лидерите на европските институции и пред лидерите на земјите членки на Советот на ЕУ за прашањата за проширувањето на шести октомври“, објави претседателскиот кабинет.

На шести октомври, датум кој го споменува бугарскиот претседател, се одржа самитот Западен Балкан-ЕУ во Брдо кај Крањ. Во неговите рамки Радев имаше две средби со македонскиот премиер Зоран Заев. На едната присуствуваа првите луѓе на Франција и на Германија, Емануел Макрон и Ангела Меркел, а на другата претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен,

Радев во соопштението по денешната средба наведува и дека е во тек процес на формулирање на нова политика кон Република Северна Македонија, со што во рамки на постоечките ставови на бугарскиот Парламент, се става посилен акцент на благосостојбата на македонските Бугари.

„Посебно место во оваа политика ќе заземат прашањата за бугарското државјанство, кои ги засегаат Бугарите во светот воопшто. Добивањето на бугарско државјанство треба да се олесни и забрза и од управна постапка да се претвори во свечен акт. Бугарското државјанство е и државјанство на Европската Унија и тоа треба да биде причина за гордост“, рече Радев.

Инаку по самитот во Словенија на шести октомври во тек се консултации меѓу двете држави за таканаречениот план 5+1 кој ги опфаќа прашањето на краткото име, прашањето на говорот на омраза, на рехабилитација на жртвите на комунизмот, на работата на историската комисија, на немешањето во внатрешните работи на Бугарија, на кое што се надоврзува и прашањето за вклучување на Бугарите во Уставот.

Димитров - Политичарите не може да им наредат на историчарите што да прават
please wait

No media source currently available

0:00 0:14:16 0:00

Македонскиот вицепремиер Никола Димитров во интервју за Радио Слободна Европа објавено викендов рече дека во Договорот за добрососедство постои одредбата за немешање во внатрешните работи е реципрочна.

„И во тоа смисла нашата обврска да не се мешаме во бугарските внатрешни работи постои, но постои и обврска за Бугарија да не се меша во внатрешните македонски прашања“, наведе Димитров.

Радев, пак, во соопштението наведува дека Бугарија нема да се меша во внатрешните работи на РС Македонија, но дека го поддржува барањето на македонските Бугари за гарантирање на нивната рамноправност преку Уставот и законите и за нивно соодветно попишување.

„Во тој поглед, Бугарија нема да направи ништо повеќе, но ниту ништо помалку од која било од другите земји во регионот кои исто така имаат дел од своите народи на територијата на РС Македонија кои одржуваат структурирани и официјални односи со тамошните сонародници“, наведува Радев.

Официјална Софија го блокираше македонскиот европски пат лани во декември, а најсериозните отворени прашања меѓу двете земји досега беа поврзани со историските и идентитетските теми. Официјална Бугарија инсистираше дека Македонците не постоеле пред 1944 година, а дека македонскиот јазик е норма на бугарскиот.

ОН - Два отсто од богатството на Маск може да го реши гладот ​​во светот

Илон Маск - извршен директор на „Тесла“

Мала група на екстремно богати поединци би можеле да помогнат во справувањето со гладот во светот, со само мал дел од нивната нето вредност, вели директорот на Светската програма за храна на Обединетите нации (ВФП).

Милијардерите треба „да исчекорат напред“, изјави за Си-Ен-Ен Дејвид Бисли истакнувајќи ги двајцата најбогати бизнисмени во светот, Џеф Безос и Илон Маск.

„Шест милијарди долари за помош на 42 милиони луѓе кои буквално ќе умрат ако не им помогнеме. Тоа не е комплицирано“, додаде тој.

Маск - извршен директор на „Тесла“, има нето богатство од речиси 289 милијарди долари, според Блумберг, што значи дека Бисли бара донација од само 2 проценти од неговото богатство.

Нето вредноста на американските милијардери е речиси двојно зголемена од почетокот на ковид пандемијата и до овој месец изнесува 5,04 трилиони долари, според податоци од некои од најновите истражувања во САД.

„Бурата“ од неколку кризи, како што се климатските промени и ковид пандемијата „чукаат на вратата на гладот“, рече Бисли.

Половина од населението на Авганистан - земја со 22,8 милиони жители, се соочува со акутна криза од глад, според извештајот на ВФП од 25 октомври.

Огромната невработеност и кризата со ликвидноста значат дека земјата е на работ на хуманитарна криза, а загрозени се 3,2 милиони деца на возраст под пет години, се заклучува во извештајот.

Пентагон: ИД-К во Авганистан би можела да го нападне САД за шест месеци

Авганистан - Талибански војник стои на стража пред куќа во соседство на засолниште на Исламската држава, нападнато од талибанските сили во северниот дел на Кабул. 4 октомври 2021 година.

Висок официјален претставник на Пентагон изјави дека не е јасно дали талибанците имаат способност ефективно да се борат против Исламската држава, иако е јасно дека двете групи се „смртни непријатели“, рече тој.

Колин Кал - потсекретар за политики за одбрана, пред конгресната комисија на 26 октомври рече дека американската разузнавачка заедница оценила дека талибанците се „многу мотивирани“ да тргнат по Исламската држава - провинција Хорасан (ИД-К). Но, додаде:

„Мислам дека треба да се утврди нивната способност да го сторат тоа“, рече Кал.

ИД-К ја презеде одговорноста за некои од најлошите напади во Авганистан откако талибанците во август ја презедоа власта.

Во коментарите до Комитетот за вооружени служби на Сенатот, Кал процени дека ИД-К во моментов има „неколку илјади“ борци во Авганистан и додаде дека групата за само шест месеци би можела да биде способна да ги нападне САД.

Кал, исто така, ја коментираше Ал Каеда во Авганистан, велејќи дека милитантната група претставува покомплексен проблем со оглед на нејзините врски со талибанците.

Амир Кан Мутаки - вршител на должноста министер за надворешни работи на владата предводена од талибанците, изјави дека заканата од милитантите на Исламската држава ќе биде решена.

Тој исто така рече дека Авганистан нема да стане база за напади врз други земји.

Бајден ќе се сретне со Папата во ек на притисокот на бискупите против абортусот

Џо Бајден и неговата сопруга Џил му честитаат на папата Франциск по неговата инаугурација во Ватикан, 19 март 2013 година

Римокатоликот Џо Бајден ќе се состане со папата Франциск в петок во Ватикан во време кога американскиот претседател е под силен притисок поради неговата конфликтна позиција во спорот за правата на абортусот. Бајден редовно оди на неделна миса и чува слика од папата зад неговото биро во Овалната соба. Тој рече дека лично се противи на абортусот, но како избран лидер не може да ги наметнува своите ставови. Но, конзервативните католички медиуми и американските конзервативни бискупи го критикуваа за тој став, при што некои велат дека треба да му се забрани да се причестува, централната тајна на верата.

Апелациониот суд на САД повторно го забрани абортусот во Тексас

Во Црна Гора селективни абортуси за повеќе машки деца

Во исто време, поддржувачите на правата за абортус се ужаснати од новиот закон во Тексас кој наметнува речиси целосна забрана на абортусот. Администрацијата на Бајден го оспори законот и Врховниот суд ќе го разгледа случајот следниот понеделник. Во минатиот месец папата изјави дека абортусот е „убиство“. Сепак, од неговиот избор во 2013 година за прв папа од Латинска Америка, Франциск вели дека иако Црквата треба да се спротивстави на абортусот, тој не треба да стане сеопфатна битка во културолошките војни што го одземаат вниманието од прашања како што се имиграцијата и сиромаштијата.

Средба на претседателите на Франција и на Полска

Францускиот претседател Емануел Макрон

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска во Елисејската палата ќе се сретне со полскиот претседател Анджеј Дуда за да разговара за прашањето за европските закони. На почетокот на овој месец, Уставниот суд на Полска оцени дека елементите на правото на ЕУ се некомпатибилни со полскиот устав. Според полската влада, тоа значи дека официјална Варшава може да ги игнорира пресудите на Судот на правдата на ЕУ.

ЕК ќе „делува“ да ја спречи Полска да ги поткопа европските вредности

Неодамна на дневен ред на Уставниот суд се најде и уставноста на Европската повелба за човекови права, а доколку се оцени како спротивна на полскиот Устав, официјална Варшава би сметала дека не е обврзана да ги почитува пресудите на Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

Апелација за екстрадиција на Асанж

Партнерката на Џулијан Асанж, Стела Морис, Лондон, 04.01. 2021.

Денеска, како што е најавено, треба да започне дводневно жалбено рочиште пред Високиот суд во Лондон на кое треба да се одлучи дали основачот на Викиликс Џулијан Асанж треба да биде екстрадиран во Соединетите држави. Партнерката на Џулијан Асанж, Стела Морис завчера изјави дека ЦИА планирала да го убие или киднапира основачот на Викиликс. Ова, според посматарчите, може да ја промени играта во неговата борба против екстрадицијата од Британија во САД. Американските власти поднесоа жалба против одбивањето на Британија да го екстрадира Асанж - кој се бара по 18 кривични обвиненија, вклучително и кршење на законот за шпионажа - затоа што неговите проблеми со менталното здравје би значеле дека ќе биде изложен на ризик од самоубиство.

Британскиот суд одлучи: Асанж нема да биде екстрадиран во САД

Минатиот месец Yahoo News објави дека претставници на ЦИА подготвиле опции за администрацијата на поранешниот американски претседател Доналд Трамп за справување со Асанж додека тој бил затворен во амбасадата на Еквадор во Лондон, вклучително и атентат или киднапирање. Викиликс стана познат кога почна да објавува илјадници тајни досиеја и дипломатски телеграми во 2010 година.

Адвокатот на Асанж тврди дека САД му понудиле помилување

Набргу потоа Шведска побара екстрадиција на Асанж од Британија поради наводите за сексуални злосторства. Кога го загуби случајот против екстрадиција во 2012 година, побегна во амбасадата на Еквадор. Тој конечно беше извлечен од амбасадата во април 2019 година и затворен поради прекршување на британските услови за кауција, иако шведскиот случај против него веќе беше отфрлен. Американските власти тогаш бараат негова екстрадиција.

Високиот претставник Шмит ќе се обрати во парламентот на БиХ

Претставничкиот дом на Парламентарното собрание на БиХ

Претседателот на Претставничкиот дом на Парламентарното собрание на БиХ Дениз Звиздиќ изјави дека високиот претставник на меѓународната заедница во БиХ Кристијан Шмит денеска ќе им се обрати на пратениците на тоа тело, кој ќе ги изнесе своите ставови за актуелната политичка ситуација. Пратениците во Претставничкиот дом од Република Српска претходно најавија дека нема да присуствуваат на седницата на која ќе зборува Шмит.

Стејт департмент: Заканите кон институциите на БиХ против интересите на граѓаните на земјата

Пораки за мир и стравот од нова војна во БиХ

Претставниците на владејачката коалиција во Република Српска не го признаваат Шмит за нов висок претставник, бидејќи неговото назначување не е потврдено во Советот за безбедност на ОН. Опозицијата од тој ентитет не учествува ниту во работата на Претставничкиот дом на Парламентот на БиХ и наведува дека е обврзана да го стори тоа со одлуките на Народното собрание на РС, донесени по наметнувањето на законот за забрана на негирање на геноцидот. Тогаш беше одлучено претставниците на РС да не учествуваат во работата на државните институции, пред сѐ на Претседателството, Советот на министри и Парламентот на БиХ.

САД го поздравија ослободувањето на суданскиот премиер

сменетиот судански премиер Абдала Хамдок

Американскиот државен секретар Антони Блинкен разговараше со сменетиот судански премиер Абдала Хамдок откако воените лидери кои ја презедоа власта во Судан му дозволија на премиерот да се врати дома.
Портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс рече дека Блинкен во телефонски разговор го поздравил ослободувањето на Хамдок и „го повторил својот повик до суданските воени сили да ги ослободат сите цивилни лидери и да ја осигураат нивната безбедност“. Блинкен изрази „длабока загриженост“ за тековното воено преземање на власта во африканската земја и ја повика армијата на воздржаност во справувањето со демонстрантите.

Во Судан продолжуваат протестите против воениот удар

Вонредна состојба во Судан по воениот удар

Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден разгледува целосен опсег на економски алатки за да одговори на военото преземање и е во близок контакт со земјите од Заливот, изјави советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан. Администрацијата веќе стопира итна помош од 700 милиони долари за Судан. Началникот на вооружените сили на Судан и водач на пуч, генерал Абдел Фатах Бурхан изјави дека војската ја презела власта на 25 октомври за да спречи „граѓанска војна“, односно дека политичките групи поттикнувале цивили против безбедносните сили. Транзицијата на Судан кон демократија започна пред две години, откако народниот бунт доведе до соборување на исламистичкиот автократ Омар ал-Башир.

Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји во Грција, Србија, Албанија и Италија

Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји

Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји од денеска до 29 октомври ќе престојува во Грција, Србија, Албанија и Италија, изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи на Кина, Ванг Венбин. Посетата на Србија доаѓа на покана на српскиот министер за надворешни работи Никола Селаковиќ, јави кинеската новинска агенција Ксинхуа. Шефот на српската дипломатија Никола Селаковиќ кон крајот на мај годинава беше во посета на Кина.

Капчан: Западен Балкан треба да биде подготвен за интензивен ангажман на САД

Деновиве кинескиот вицепремиер Хан Женг повика на заеднички напори за да се овозможи снабдување со енергија на земјите кои учествуваат во иницијативата „Појас и пат“, како и да се пренасочи кон поефикасна, зелена и разновидна насока во рамките на пошироките напори за одговор на климатските промени. Таа рече. енергетска безбедност. Забелешките на Хан уследија по најавата на претседателот Кси Џинпинг минатиот месец дека нацијата нема да гради нови енергетски проекти поврзани со јаглен во странство и дека ќе ја засили поддршката за другите земји во развојот на зелена и нискојаглеродна енергија.

Времето денеска: претежно сончево

Наутро студено, преку денот сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Дневната температура ќе биде од 12 до 19 степени. Во Скопје и околината слично време. Дневната температура ќе биде 15 степени.

Од 15 ноември само со две дози вакцина влез во угостителски објекти

macedonia - government building

Владата на денешната редовна 115-та седница, согласно моменталната епидемиолошка состојба во државата, на предлог на Комисијата за заразни болести ги донесе следните заклучоци:

- Се дозволува организирање и одржување на семинари, обуки, курсеви, состаноци, работилници, конференции и слично, во затворениот дел на објектите до 50% исполнетост од капацитетот на просторот.

- Се дозволува работа на барови и ноќни клубови - дискотеки, како и на угостителските објекти кои се регистрирани за прослави (веселби, свадби, родендени, крштевки и слично) во затворениот дел на објектите до 50% исполнетост од капацитетот на просторот.

- Се дозволува влез во секаков вид на објекти од отворен и затворен тип, угостителските објекти (кафетерии, ресторани, барови, ноќни клубови-дискотеки), во угостителскиот објект/дел за исхрана во угостителските објекти за сместување (хотел, мотел, хостел, пансион и друг објект за сместување), на бензинските станици, во казината и обложувалниците, во други објекти кои во склоп на истиот даваат угостителски услуги, во угостителските објекти кои се регистрирани за прослави (веселби, свадби, родендени, крштевки и слично), како и се дозволува влез каде што се одржува настан од секаков друг вид (концерти, семинари, обуки, курсеви, состаноци, работилници, конференции, културни или спортски настани), на посетители / гости / лица, со поседување и приложување на еден од следните документи:

- до 14 ноември 2021 година е потребно сертификат/потврда за извршена имунизација (вакцинација) од вирусот SARS-CoV-2, односно примена најмалку прва доза на вакцина против заразната болест Ковид-19, а од 15 ноември 2021 година сертификат/потврда за извршена имунизација (вакцинација) од вирусот SARS-CoV-2, односно примени две дози на вакцина против заразната болест Ковид-19 или

- сертификат/потврда за прележан Ковид-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето.

Согласно ова, според соопштението, Владата донесе Одлука за изменување и дополнување на Одлуката за превентивни препораки, времени мерки, наредени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од заразната болест Ковид-19.

Ескобар: На Западен Балкан му се потребни политичари посветени на интеграцијата во ЕУ

Американскиот пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар

Американскиот пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар денеска изјави дека на регионот му се потребни политички лидери посветени на европската интеграција, отворени за дијалог, кои ќе се занимаваат со можностите на 21 век, а не со проблемите од минатото.

„Клучот за посилен Западен Балкан е оној што создава инклузија, а не исклучување, интеграција наместо распаѓање, етничко помирување, а не националистички политики“, рече Ескобар на Белградскиот безбедносен форум.

Според него, еден од најголемите и најразочарувачките предизвици е тоа што „многу политичари не се развиле во своето размислување“ и дека сè уште се разговара за проблемите од 1990-тите, кои одамна требало да се решат со политичка волја.

„Потребни ни се политичари посветени на стремежот кон ЕУ, волјата на народот, но за жал тоа не е секогаш случај. Гледаме некои вознемирувачки трендови во концентрацијата на моќта во политичките партии, во концентрацијата на економските можности само кај луѓето поврзани со тие партии“, рече тој.

Ескобар потенцираше дека политиката на секоја американска администрација од времето на поранешниот американски претседател Бил Клинтон е дека сите шест земји од Западен Балкан треба наскоро да бидат дел од Европската унија и дека регионот може да смета на САД како партнер.

„Многу земји постигнаа огромен напредок и се надевам дека заедно со нашите европски колеги ќе успееме да ги убедиме членките дека тие не се толку ризични колку што се можност“, рече Ескобар.

Тој додаде дека секоја земја што станала членка на ЕУ станала подемократска, постабилна и попросперитетна. Ескобар изрази поддршка за економската соработка меѓу земјите од Западен Балкан, било, како што рече, преку Заедничкиот регионален пазар или преку иницијативата Отворен Балкан.

Изгаснат пожарот во бараките кај градски парк

Пожарот во бараките кај градски парк.

Пожарот кој ги зафати бараките кои се наоѓаат во близина на градскиот парк во Скопје, каде што беше сместен Судот за прекршоци на улицата Наум Наумовски Борче е изгаснат. Командирот на противпожарна единица на Град Скопје, Владимир Симоновски изјави дека нема ни жртви ниту повредени во пожарот. Според него, оштетен е еден од објектите на ресторанот „Томче Софка“, кој се наоѓа до бараките.

Од Град Скопје соопштија дека на денешниот пожар што се случи во близина на Градскиот Парк првото противпожарно возило стигнало за шест минути од Карпош, а веднаш потоа и уште 5 противпожарни возила, со две цистерни од Комунална Хигена. Во гаснењето на пожарот, според соопштението, учествувале 20 пожарникари коишто пожарот го ставиле под контрола. Нивната брза реакција, како што наведуваат од Град Скопје, не дозволила да има жртви или повредени, туку само материјална штета.

Уапсени 150 лица за купување и продажба на нелегални стоки на интернет

Илустрација


Американското министерство за правда и Европол соопштија дека се уапсени 150 лица вклучени во купување или продавање нелегални стоки преку интернет на „dark web“, кој е хостиран во шифрирана мрежа и достапен само преку специјализирани алатки за обезбедување анонимност.

Повеќе од 26, 7 милиони евра во готовина и виртуелни валути се запленети во операцијата „Dark HunTOR“, како и 234 килограми дрога и 45 парчиња огнено оружје.

„Поентата на операциите како онаа денес е да се известат криминалците кои работат на dark web: дека институциите за спроведување на законот имаат средства и глобални партнерства да ги разоткријат и да ги повикаат на одговорност за нивните незаконски активности, дури и во областите на dark web“, изјави Жан-Филип Лекуф, заменик извршен директор за операции на Европол.

Меѓу уапсените има 65 лица во САД, 47 во Германија, 24 лица во Британија, четири во Италија, четири во Холандија, три во Франција, две во Швајцарија и едно лице во Бугарија.

Голем број од нив беа „сметани за цели со висока вредност“ од страна на Европол. Пронајдената нелегална дрога вклучувала фалсификувани лекови, заедно со повеќе од 152 килограми амфетамин, 21 килограм кокаин и 32,5 килограми екстази, се вели во соопштението.

Десет месечната истрага произлегува од германската полициска акција на почетокот на оваа година со која беше спречен како што беше опишан „најголемиот светски“ пазар на dark web што се користи за олеснување на продажбата на дрога, украдени податоци за кредитни картички и малициозен софтвер.

Заев: Државата подготвена за стабилизирање на цените од енергетскиот шок

Премиерот Зоран Заев

Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека не очекува инфлацијата да надмине три отсто до крајот на годинава. Според него, државата е целосно подготвена за стабилизирање на цените од енергетскиот шок кој се случува во Европа.

„Инфлацијата не очекуваме да биде поголема од три проценти, а според последните податоци кои ги имаме е 2,8 проценти. Не очекуваме зголемена инфлација ни за годинава, ниту за годините што следат до 2026-та. Курсот на денарот е стабилен има и стабилни цени. Меѓународниот пазар има влијание врз цените на некои од производите, како што беше со маслото за јадење чија цена се зголеми пред шест месеци насекаде, или цените на нафтените деривати и во моментов на природниот гас и на електричната енергија на берзите. Тоа не зависи никако од нас, но државата е целосно подготвена за стабилизирање на цените од енергетскиот шок кој се случува во Европа“, рече Заев на денешната прес-конференција во Владата на која беше најавен Планот за за забрзан економски развој 2022-2026 година.

Според него, средствата кои се планираат за Планот за забрзан економски развој 2022- 2026 година нема да се само од кредити, туку и од сопствени средства. Тој најави дека најголемите инвестиции што ќе се реализираат во следните четири години ќе бидат од областа на енергетиката.

Министерот за економија Крешник Бектеши претходно изјави дека во моментот нема потреба да се прогласи кризна состојба во делот на енергетиката, нагласувајќи дека до крајот на годината нема да има зголемување на цената на струјата за домаќинствата.

Од 124 починати пациенти од ковид, 27 не биле вакцинирани

Илустрација

Министерството за здравство соопшти дека период од 15 до 21 октомври починале 124 пациенти со Ковид- 19, од нив над 78 отсто биле невакцинирани. Од вкупно починатите пациенти во посочениот период 97 починати со ковид биле невакцинирани, а 27 од починатите примиле вакцина и ревакцина.

Според соопштението, еден пациент е вакциниран со Фајзер. Двајца со вакцина Астра Зенека, шест починати пациенти со Ковид- 19, примиле вакцина Синовак, а 16 пациенти примиле вакцина од производителот Синофарм, двајца пациенти биле вакцинирани со вакцината Спутник В.

Најголем дел од починатите, односно 21 лице имале кардиолошко заболување, а потоа и други заболувања, покажува анализата на Министерството за здравство.

Пожар во бараките кај градски парк

Пожарот кај бараките до градскиот парк

Пожар ги зафатил бараките кои се наоѓаат во близина на градскиот парк во Скопје, каде што беше сместен Судот за прекршоци на улицата Наум Наумовски Борче. Од видеата и фотографиите што се споделуваат на социјалните мрежи може да се забележи голем чад.

На терен се екипите на скопската противпожарна бригада кои се обидуваат да го изгаснат огнот. Тие интервенираат со четири возила.

Извештај на ОН предупредува на пораст на температурите за 2,7 степени

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.

Во новиот извештај на Обединетите нации се наведува дека актуелните национални планови за намалување на емисиите на стакленички гасови ја ставаат планетата на пат за просечен пораст на температурата за 2,7 степени целзиусови во овој век, што е уште едно остро предупредување за темпото на движење на глобалната клима пред клучната конференција за животната средина следната недела.

„Овој извештај е уште еден громогласен повик за будење. Колку ни требаат? Јазот во емисиите е резултат на јазот во раководството“, рече генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.

Според годишниот извештај, кој го мери јазот помеѓу очекуваните емисии и оние кои се во согласност со одржувањето на глобалната температура под 1,5 степени целзиусови, како што беше договорено со Парискиот договор за климатски промени од 2015 година, ажурираните национални ветувања само ги намалуваат прогнозираните емисии на стакленички гасови во 2030 година за дополнителни 7,5 проценти во споредба со претходните обврски.

Ако продолжи во текот на овој век, ова ќе доведе до затоплување од 2,7 степени целзиусови, нешто помалку од 3 степени целзиусови, согласно прогнозите во претходниот извештај. Потребно е намалување од 55 проценти за да се ограничи зголемувањето на 1,5 Целзиусови степени.

Извештајот беше објавен само неколку дена пред отворањето на меѓународната конференција КОП26 во Глазгов, Шкотска на 31 октомври. Активисти за животна средина, креатори на политики и научници велат дека состанокот претставува клучна можност за зајакнување на обврските кон целите утврдени во Парискиот договор.

Претходно оваа недела, студија од метеоролошката агенција на ОН покажа дека концентрациите на стакленички гасови достигнале рекордно високо ниво минатата година и покрај краткотрајното намалување за време на карантинот наметнат од земјите на почетокот на пандемијата на коронавирус.



СДСМ тврди дека Данела Арсовска има бугарски пасош, ВМРО-ДПМНЕ демантира

Данела Арсовска

Пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска на денешната прес-конференција изјави дека независната кандидатка за градоначалник на Град Скопје, Данела Арсовска, која е поддржана од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ во 2011 година се стекнала со бугарско државјанство.

„Во „Удостоверение“ од бугарското министерство за правда, јасно се наведува дека вицепретседателот на Бугарија со Указ од 2011 и дал на Арсовска бугарско државјанство“, рече Петровска.

Петровска притоа упати прашање до Арсовска од кои побуди побарала бугарско државјанство и за чии интереси одработува.

Од ВМРО-ДПМНЕ реагираат дека ваквата црна кампања досега е незапаметена и таа, според опозициската партија, е последица на стравот од пораз на кандидатот на СДСМ за Град Скопје, Петре Шилегов и на премиерот Зоран Заев.

„СДСМ дрско лаже и манипулира за наводен бугарски пасош на Данела Арсовска. Во целост ги демантираме ваквите невистини, и ниту една црна кампања, вклучителна и таа во која вмешуваат членови на потесното семејство на Арсовска нема да им помогне да го одбегнат поразот од народот кој им следи.

Вториот круг од локалните избори, меѓу другото и гласањето за градоначалник на Град Скопје ќе се одржат на 31 октомври.






Најголем интерес за трета доза на вакцина

Вакцинација во Скопје.

Министерството за здравство информираше дека во текот на вчерашниот ден аплицирани се вкупно 7.739 дози вакцини, од кои 748 се аплицирани како прва доза, 1.629 се ревакцинирани, а 5.362 граѓани примиле трета доза вакцина.

Заклучно со 25 октомври, како што се наведува, вкупно се вакцинирани 801.988 граѓани, ревакцинирани се 771.165 а трета доза примиле 15.851 граѓани. Според соопштението, 54 отсто од граѓаните над 40 годишна возраст се ревакцинирани, а 33 проценти од популацијата од 18 до 39 години примиле барем една доза вакцина.

Опфатот со вакцинација со една доза вакцина, на полнолетната популација е 57 отсто, а со две дози опфатени се 46 проценти од граѓаните над 18 години. Според бројот на аплицирани вакцини, 38 отсто од целата популација во нашата земја е вакцинирана, а 35 проценти од популацијата во државата примила две дози вакцина.

Киненова: Јовановски добитник на наградата за особен придонес во филмската уметност

Мето Јовановски

Наградата за особен придонес во филмската уметност, која ја доделува МФФ „Киненова“ годинава му припадна на македонскиот актер Мето Јовановски.

„Јас сум еден од оние кои во овие години многу малку сакам да зборувам и не сум прифатил никаков настан да кажам било што, затоа што сите имаме по нешто да кажеме. Меѓутоа толку многу работи се кажани, а промени не гледам некакви, така што подобро е човек некогаш да одмолчи некои работи, повеќе би сакал да зборувам за проект кој сега се создава кога креативци, луѓе филмаџии ќе се соберат и ќе прават нов филм, проект, нешто ново да се понуди, но да не живееме на стара слава сакам да кажам, рече Јовановски“.

Во чест на лауреатот на „Киненова“ ќе биде прикажан филмот „Тетовирање“ на Столе Попов. Култниот филм „Тетовирање“ е прв домашен филм прикажан во независна Македонија, а сниман и продуциран во последните мигови на Југославија. Мето Јовановски го глуми главниот лик кој поради замрсените лавиринти на поранешниот социјалистички систем завршува во затвор.

Оваа година МФФ „Киненова“ постхумно доделува и две награди за особен придонес во филмската уметност на актерите Сабина Ајрула Тозија и Љупчо Тодоровски-Упа.

„Љупчо Тодоровски беше значаен дел од Фестивалот, беше еден од неговите основачи и во таа чест се востановува наградата која ќе го носи неговото име и ќе се доделува за најдобро актерско остварување во главната натпреварувачка програма, соопшти директорот на фестивалот“, Небојша Јовановиќ.

Влада: Се стопира изградбата на Прифатниот центар за странци во Бардовци

илустрација

Владата на денешната седница донесе одлука за стопирање на изградбата на Прифатниот центар за странци во Бардовци и негово преместување на локација надвор од населено место.

Ова, како што е објавено на фејсбукот на Владата, доаѓа како одговор на барањето на граѓаните од Бардовци и Волково кои со месеци протестираа против изградбата на центарот.

„Граѓаните имаа оправдани дилеми поради што неколку пати за ова се обраќаат до централните институции, Општина Карпош и до меѓународната заедница. Во директна комуникација со граѓаните на Бардовци, Владата ги уважува нивните аргументи и во транспарентна постапка ќе бара нова локација надвор од населено место со цел реализација на овој важен проект“, пишува во објавата на Владата на Фeјсбук.

Нови 511 случаи на ковид 19, починати се 10 лица

Министерството за здравство информира, согласно податоците од Институтот за јавно здравје дека во последните 24 часа направени се 3.622 тестирањe, а регистрирани се 511 нови случаи на Ковид-19.

Најголем број заразени има во Скопје – 247, Куманово – 54, Велес – 29, Кочани – 21, Битола – 20, Тетово, Прилеп, Кавадарци и Штип – по 15, Крива Паланка – 10, Делчево – 9, Гевгелија – 8, Кичево – 7, Неготино и Свети Николе – по 6, Виница – 5, Охрид и Богданци – по 4, Струмица, Радовиш, Валандово и Кратово – по 3, Ресен и Демир Хисар – по 2, Гостивар, Берово, Пробиштип, Крушево и Македонкса Каменица – по 1 лице.

Регистрирани сe 497 оздравени пациент. Во текот на изминатите 24 часа пријавени се 10 починати лица, сите во болнички услови.

Досега во земјата се направени вкупно 1.369.624 тестирања на Ковид-19.
Вкупната бројка на Ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 200.412, бројот на оздравени пациенти е 187.149, на починати е 7.072, а бројот на активни случаи изнесува 6.191.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG