Достапни линкови

Вести

Во 20 часот ќе биде затворена апликацијата за попишување

Попишувачи, Попис 2021
Попишувачи, Попис 2021

Вечерва во 20 часот ќе биде затворена апликацијата за попишување во земјата, но и апликацијата за самопопишување на дијаспората, информираат од Државниот завод за статистика(ДЗС).

„Долгоочекуваната статистичка операција која во државава се очекуваше речиси 20 години финишира и во тек се последните теренски проверки за попишување на оние домаќинства кои од разни причини не биле опфатени досега“, велат од ДЗС.
Во поголемиот дел од општините низ државата теренските активности се завршени и таму се одвиваат технички активности на раздолжување на попишувачите.

„Во одредени средини, попишувачите се на терен и се уште посетуваат домаќинства за никој на да не биде испуштен. Ова се изолирани случаи во кои попишувачот не успеал да оствари контакт со граѓаните и да ги попише и затоа Државниот завод за статистика апелира до сите граѓани кои се сè уште непопишани, да ги посетат пунктовите во своите општини и да се попишат. Исто така, и во зградата на Државниот завод за статистика, на ул.Даме Груев бр.4, постои пункт каде што можат да се попишат лица од целата територија на град Скопје“, се наведува во соопштението на Заводот за статистика.

Од ДЗС најавија дека вечерва (четврток, 30 септември), во 21.30 часот, во Клубот на пратениците ќе се одржи прес-конференција по завршувањето на Пописот. На пресот ќе се обратат директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски и заменикот-директорот Илми Селами.

Пописот започна на 5 септември. Поради технички причини имаше прекини во првите денови од попишувањето.

види ги сите денешни вести

Косовскиот државјанин Незир Мехметај осуден во Србија за воени злосторства на Косово

Високиот суд во Белград, каде што пресудата му беше изречена на Незир Мехметај, државјанин на Косово, на 6 декември 2024 година.
Високиот суд во Белград, каде што пресудата му беше изречена на Незир Мехметај, државјанин на Косово, на 6 декември 2024 година.

Косовскиот државјанин Незир Мехметај на 6 декември во Вишиот суд во Белград беше осуден на шест години затвор за воено злосторство врз цивилното население во селото Рудице во Косово во 1999 година.

Судот наведе дека е утврдено дека Мехметај во јуни 1999 година учествувал во киднапирањето на цивил од ромска националност, Џелаи Рамадан, чии останки сè уште не се пронајдени.

Според судот, тој бил придружуван од други припадници на Ослободителната војска на Косово.

Во пресудата се наведува и дека Мехметај бил припадник на Ослободителната војска на Косово (ОВК) и дека во тоа време се движел низ селото во униформа на ОВК.

За овој случај, како што се наведува, исказ дале девет сведоци, а двајца од нив биле присутни во селото Рудице.

Во обвинението беше наведено дека Мехметај учествувал во убиството на петте членови на семејството Дашиќ во средината на јуни 1999 година, а на крајот на месецот во убиството на Јелај Рамадан и Зорка Шиљаковиќ.

Судот наведе дека не е докажано неговото учество во убиството на членовите на семејството Дашиќ и Зорка Шиљаковиќ, како ни тоа дека Мехметај учествувал во грабежот и палењето на десет куќи во селото што им припаѓале на неалбанци во јули 1999 година.

Адвокатот на Незир Мехметај, Милиќ Константиновиќ, за Радио Слободна Европа изјави дека тој ќе продолжи да се бори и дека нема релевантни докази за ниту една точка на обвинението.

Тој наведува дека судот не ги прифатил доказите што ги понудиле дека Мехметај во тоа време не бил во селото Рудице, туку во Швајцарија.

„Судот очигледно ја засновал својата одлука на исказот на заштитен сведок кој дал многу контроверзна изјава во обвинителството. Се работи за лице кое во моментот на инцидентот имало 14 години“, вели Константиновиќ.

Константиновиќ вели дека во текот на судењето одбраната нагласила дека е обвинет за дела по јуни 1999 година, кога заврши војната.

На 9 јуни 1999 година беше потпишан Кумановскиот договор со кој заврши бомбардирањето на тогашната Сојузна Република Југославија (СРЈ), по што припадниците на југословенската армија и српската полиција го напуштија Косово, а на територијата влегоа војниците на НАТО.

Во пресудата судот наведува дека фактичката состојба во селото Рудице била таква што вооружениот конфликт се уште траел, како и дека „се користела ситуацијата на повлекување на силите на СРЈ“.

Константиновиќ смета дека обвинителството тоа не го докажало.

На 4 јануари 2020 година, Незир Мехметај беше уапсен од српската полиција на преминот Мердаре, меѓу Косово и Србија, по потерница распишана од српското правосудство. Оттогаш тој е во притвор во Белград.

Обвинителството за воени злосторства во Белград го поднесе обвинението на 30 јуни 2020 година.

Вишиот суд во својата пресуда наведе дека во казната е вклучено и времето поминато на Мехметај во притвор.

За оваа пресуда е дозволено право на жалба до Апелациониот суд во Белград.

Јаневска побара време за решавање на проблемот со ученикот и бојкотот на наставата

Весна Јаневска, министерка за образование
Весна Јаневска, министерка за образование

Министерката за образование и наука Весна Јаневска замоли да им бидат дадени неколку дена на институциите за решавање на случајот со малолетникот и бојкотирањето на наставата во ОУ „Лазо Ангеловски“, укажувајќи дека на ваков начин се стигматизира детето во јавноста.

„Ве молам да дозволите неколку дена веќе работиме тимски. МОН, Министерството за здравство и Министерството за социјала, демографија и млади го решаваме проблемот. Дозволете неколку дена да дојдеме до најсоодветното решение. Предвидуваме подлабоки, посериозни активности и постапки коишто ќе бидат во корист на детето и решавањето на целиот случај“, изјави денеска (6 декември) министерката Јаневска.

И покрај инсистирањето на новинарите за детали во случајот, таа рече дека нема понатаму да дискутира за ученикот, барајќи време да се реши случајот.

„Не може цела македонска јавност да го сигматизира детето. Дајте ни време, дајте ни извесен период, време ќе го решиме случајот“, рече Јаневска.

Од Министерството за образование и наука информираа дека е формирана интердисциплинарна комисија која треба да го разгледа случајот и да донесе мерки коишто ќе бидат во интерес и на ученикот и на сите инволвирани страни.

Третоодделенецот од чие однесување се жалат родители од ОУ „Лазо Ангеловски“ во Ново Лисиче требаше да биде префрлен во ОУ „11 Октомври“ во Центар. Родителите на учениците од „11 Октомври“ ја бојкотираа наставата, а по повлекување на одлуката и негово враќање во матичното училиште „Лазо Ангеловски“, на бојкот се одлучија и родителите на децата кои учат во тоа училиште.

Одговарајќи на прашање за заштита на наставниците од психички и физички напади, министерката за образование најави дека наскоро ќе се носи нов закон за наставници и оти ќе се носат нови правилници и упатства.

Унгарија повторно ќе ја убедува ЕУ да отвори кластер со Србија

Serbia - Belgrade - State flags of Serbia and Hungary and EU flag
Serbia - Belgrade - State flags of Serbia and Hungary and EU flag

Унгарското претседателство со Европската унија (ЕУ) уште еднаш ќе се обиде да ги убеди земјите членки да одобрат отворање кластер со Србија. Сепак, мали се шансите Србија да отвори кластер во декември, иако Унгарија потврдува дека нема да ги прекине ангажманите.

Во новите нацрт-заклучоци за проширувањето, во кои имаше увид Радио Слободна Европа, а кои треба да бидат усвоени на состанокот на министрите на ЕУ на 17 декември, само се наведува дека Советот на ЕУ „ја прифаќа оценката на Комисијата дека Србија го одржува нивото на подготвеност за првичните одредници во кластерот 3“.

Кластерите беа воведени во 2020 година кога беше усвоена ревидираната методологија за проширување на ЕУ. Има вкупно 6 кластери и во нив се тематски поглавја. Поглавјата во пристапните преговори останаа непроменети и ги има 35.

Кластерот 3 што Србија чека да го отвори е поврзан со конкурентноста и инклузивниот раст.

Ова е трета година како Европската комисија потврдува дека Србија е подготвена да го отвори овој кластер.

Србија последен пат отвори кластер во пристапните преговори во декември 2021 година. Два месеци подоцна започна војната во Украина, а поради невоведувањето санкции против Русија, преговорите за членство меѓу Брисел и Белград беа замрзнати.

Санкциите се клучната причина зошто Србија, до неодамна лидер во процесот на интеграција во ЕУ, не напредуваше во преговорите за членство, бидејќи некои земји-членки не се задоволни од состојбата во однос на владеењето на правото, слободата на изразување и немањето напредок во дијалогот со Косово.

Унгарија, која претседава со Европската Унија од јули и ја одредува агендата, повторно го покрена прашањето за можното продолжување на пристапните преговори меѓу Србија и ЕУ.Досега не беше успешна, иако Србија ја става како точка на практично секоја агенда на состаноци поврзани со проширувањето на ЕУ.

Ситуацијата со Србија дополнително ја усложнува ставот на Холандија, која е против отворање на кластерот 3. Ваквиот став на Владата го поддржа и Претставничкиот дом на Парламентот на таа земја. На официјалната веб-страница на Претставничкиот дом е објавено советодавно мислење на оваа институција, кое не поддржува отворање на кластерот 3 со Србија.

Во образложението на Претставничкиот дом се подвлекува дека постои значителна загриженост во однос на владеењето на правото во Србија и недоволен напредок во дијалогот со Косово. Од Србија се бара и да го подобри процентот на усогласеност со безбедносната и надворешната политика на ЕУ.

Иако Владата на Холандија не е законски обврзана да ги спроведува советодавните мислења на Претставничкиот дом за прашања поврзани со проширувањето, во повеќето случаи таа ги спроведува тие одлуки, бидејќи Претставничкиот дом игра значајна улога во обликувањето на владината политика, особено за прашања поврзани со ЕУ.

Доколку Унгарија не успее да ги убеди сите земји-членки, што е многу веројатно сценарио, тогаш идната шанса за Србија е следната година.

Обвинение против четворица за предизвикување омраза

Зградата на Основното јавно обвинителство, Скопје
Зградата на Основното јавно обвинителство, Скопје

Основното јавно обвинителство Скопје информираше дека ја завршило постапката и до надлежниот суд поднело обвиненија против четири лица кои во различни настани во изминатите денови извршиле дејствија кои содржат елементи на кривичното дело- Предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа од член 319 став 1 од Кривичниот законик.

За четворицата на кои во текот на претходната постапка им беше определен притвор, јавните обвинители побараа од Основниот кривичен суд Скопје да им ја продолжи притворската мерка.

„Тројца од обвинетите на 28 ноември, по повод прославите на Денот на албанското знаме, со палење, уништување и кинење на државното знаме на Република Северна Македонија предизвикале чувства на омраза, раздор и нетрпеливост врз основа на етничка припадност и го изложиле на подбив националниот симбол. Четвртиот обвинет, неколку дена подоцна, на 2 декември, со палење го оштетил знамето на друга држава- Република Албанија, со што исто така предизвикал омраза и нетрпеливост“, се вели во соопштението од ОЈО.

Од ОЈО додаваат дека дејствијата на сите обвинети предизвикале говор на омраза што на критичните денови се манифестирал особено на социјалните мрежи со тенденција да прерасне во нови инциденти на насилство.

Инаку, на одбележувањето на денот на албанското на 28 ноември, имаше сквернавење на македонското знаме што предизвика стравувања за подгревање на меѓуетничките тензии во државата.

Во бројните видеа кои се споделуваа на социјалните мрежи, може да се забележи како лица го симнуваат државното знаме, го кинат и шутираат со нозе. Инцидентот за кој се тврди дека се случил во Скопје, во близина на Бит пазар, предизвика лавина реакции од граѓани, како и осуда од сите политички актери.

Русија зазеде села во клучни области на фронтот во источна Украина

Покровск, Украина
Покровск, Украина

Русија во петок (6 декември) соопшти дека нејзините сили зазеле едно село во близина на центарот за снабдување во Покровск и друго во близина на индустрискиот град Курахове, остварувајќи напредок во две клучни области на линијата на фронтот во источна Украина.

Москва со месеци напредува во источна Украина, остварувајќи предност во однос на украинските војници.

„Единиците на руската армија ги „ослободија населбите“ Сухи Јали и Пустинка во источниот регион Доњецк“, соопшти Министерството за одбрана на Москва.

Суки Јали е на околу 13 километри југозападно од Курахове, стратешки индустриски град на бреговите на резервоарот што Москва се обидува да го опколи.

Пустинка се наоѓа јужно од Покровск, голем логистички центар на раскрсницата на железничките и патните правци кои ги снабдуваат украинските војници преку линијата на фронтот.

Речиси тригодишниот конфликт нагло ескалира во последниве месеци, при што Киев распореди ракети со долг дострел доставени од САД и Британија во нападите на руска територија, а како одговор на тоа, Москва испука експериментално хиперсонично оружје кон Украина.

Украина се обидува да се стави во што е можно посигурна позиција пред враќањето на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп во Белата куќа во јануари.

Трамп вети дека брзо ќе го прекине конфликтот откако ќе дојде на власт, предизвикувајќи загриженост во Киев дека Украина ќе биде принудена да направи огромни територијални отстапки за Москва.

Владејачката партија на Јужна Кореја бара смена на претседателот

Пратениците држат транспаренти и го блокираат претседателот на Јужна Кореја да влезе во Националното собрание, Сеул, Јужна Кореја, 6 декември 2024 година.
Пратениците држат транспаренти и го блокираат претседателот на Јужна Кореја да влезе во Националното собрание, Сеул, Јужна Кореја, 6 декември 2024 година.

Шефот на јужнокорејската владејачка партија го повика претседателот на земјата Јун Сук Јеол да поднесе оставка, предупредувајќи дека постои „голема опасност“ претседателот повторно да се обиде да прогласи вонредна состојба.

Јун прогласи вонредна состојба на 3 декември, но беше принуден да ја повлече одлуката откако пратениците се судрија со војската во парламентот и гласаа за поништување на одлуката, а илјадници протестираа пред парламентот.

„Со оглед на новите факти кои излегоа на виделина, верувам дека итно суспендирање на должностите на Јун Сук Јеол како претседател е неопходно за да се заштити Република Кореја и нејзиниот народ“, рече Хан Донг Хун, шеф на Народната моќ, која еден ден претходно се спротивстави на импичментот на претседателот.

Ако Јун остане на власт, „постои голем ризик повторно да се случат екстремни акции слични на прогласување вонредна состојба, што може да ги доведе Република Кореја и нејзиниот народ во голема опасност“, рече Хан.

Хан вели дека има „веродостојни докази“ кои укажуваат дека Јун наредил апсење на „водечките политичари“.

Јун „не прифаќа дека ова незаконско прогласување на вонредна состојба е погрешно“ и не дејствуваше против воените службеници „кои незаконски интервенираа“, додаде Хан.

Опозицијата веќе покрена иницијатива за смена на Јун од власта, за која се очекува да се гласа во сабота, но сè уште не е јасно дали има доволно гласови за усвојување на предлогот.

Сепак, изјавите на Хан претставуваат голема промена на ставот, бидејќи тој еден ден претходно рече дека неговата партија ќе го блокира предлогот, за кој се потребни две третини од гласовите во парламентот.

Опозицискиот блок има 192 места во 300-члениот парламент, додека партијата на Јун има 108.

Доколку предлогот за суспендирање на Јун од функцијата претседател биде изгласан, тогаш одлуката за негова смена ќе оди до Уставниот суд.

Според пишувањата на медиумите, Хан ќе се сретне со Јун, кој не е виден во јавноста од средата, на 6 декември.

Пратеникот Џо Сеунг Лае, портпарол на Демократската партија - главната опозициска партија, за АФП изјави дека сите пратеници на партијата ќе останат во зградата на Националното собрание додека предлогот не биде изгласан во сабота.

Тој додаде дека оваа одлука е донесена по „многу информации што ги добила партијата“ за можноста Јун по втор пат да прогласи воена состојба.

Полицијата во Јужна Кореја започна истрага за обвиненијата за бунт што ги покрена опозицијата против претседателот Јун и високи владини функционери.

Еден ден претходно, кабинетот на претседателот објави дека министерот за одбрана Ким Јонг Хјун поднел оставка, но другите сојузници на јужнокорејскиот претседател, вклучително и министерот за внатрешни работи Ли Санг Мин, останаа на своите функции.

Пратениците, исто така, го критикуваа армискиот началник генерал Парк Ан-су, кој служеше како лице што ја спроведуваше одлуката за вонредна состојба.

Парк на 5 декември изјави дека не бил свесен за ситуацијата и дека сфатил што се случило дури кога претседателот прогласил вонредна состојба за време на телевизиско обраќање.

За време на неговото обраќање, Јун рече дека прогласувањето вонредна состојба е донесена за „да се заштити либералната Јужна Кореја од заканите што ги претставуваат севернокорејските комунистички сили и да се елиминираат антидржавните елементи кои ја попречуваат слободата и среќата на народот“.

По прогласувањето на вонредна состојба, безбедносните сили го опколија Националното собрание и речиси 300 војници се обидоа да ја преземат контролата врз зградата.

Сепак, персоналот на парламентот го блокираше влезот на војниците, а пратениците во пленарната сала гласаа против одлуката на Јун.

За пет години, десет фирми добиле тендери во вредност од милијарда евра

Список на компаниите кои добиле најмногу тендери во последните 5 години
Список на компаниите кои добиле најмногу тендери во последните 5 години

Во последните пет години во земјава се склучени договори за јавни набавки во вкупна вредност од 5,8 милијарди евра, а 36 % од нив, односно 2,1 милијарда евра им припаднала само на 50 фирми.

Само првите 10 фирми на врвот од оваа листа добиле тендери во вредност од 1 милијарда евра.

Во листата на најголеми добитници на тендери се градежни компании, веледрогерии, дистирбутери на нафтени деривати итн. На дел од компаниите кои се на листата 50 најголеми добитници на тендери, речиси целиот бизнис им почива на договори за јавни набавки.

Во првите 10 фирми се Марковски Компани Битола, Д-р Пановски, Пуцко Петрол, Алкалоид Конс, Енерџи Деливери Солушнс, Макпетрол, Илинден Струга, Гранит, Македонски телеком и Стентон Градба Битола.

Ова го покажува истражувањето на Центарот за граѓански комуникации за 50-те фирми кои добиле најмногу пари во јавните набавки во последните пет години (2019-2023 година) и отворената база на податоци за нив.

Според истражувањето, фирмите кои добиле најголема вредност на тендерите во изминатите 5 години, во најголем дел се од земјава и ним им припаднале 95 отсто од вредноста на тендерите. Само 5 отсто земале фирми од странство. Притоа, убедливо најголем удел имаат скопските фирми, а по нив битолските.

„Прворангираната фирма, Марковски Компани, за 5 години има склучени вкупно 77 договори за јавни набавки во вредност од 151 милион евра. Дури 66 тендери им се склучени со државното претпријатие АД Електрани, во вредност од 141 милион евра. Второпласираната Д-р Пановски во анализираниот петгодишен период има склучено 1 491 договор во вредност од 144 милиони евра. Трета е Пуцко Петрол од село Пласница со склучени 1 776 договори во вредност од 137 милиони евра“, наведува Центарот за граѓански комуникации.

Според дејноста, дури 39 отсто од вредноста на договорите отпаѓа на градежништвото кадешто припаѓаат и договорите на АД Електрани за користење на механизација и работници за ископ на јаглен. На второ место се тендерите за набавка на лекови и медицинска опрема во вредност од 559 милиони евра и удел од 27 отсто. На трето се нафтените деривати со вредност од 297 милиони евра и удел од 14 отсто.

Сите други фирми, согласно дејноста, имаат удел под 10 проценти.

Мостот на Крим затворен по извештаите за експлозии

Поглед кон мостот на Крим (илустрација)
Поглед кон мостот на Крим (илустрација)

Во градот Керч на полуостровот Крим утрината на 6 декември се слушнале експлозии, а мостот што го поврзува полуостровот окупиран од Русија бил затворен за сообраќај, објавија локалните канали на Телеграм.

Според каналот „Кримски ветер“ експлозии се слушнале во областа на бродоградилиштето.

Првите експлозии биле пријавени во 07:00 часот по локално време, изјавија очевидци за Радио Слободна Европа (РСЕ).

Руското Министерство за одбрана соопшти дека регионот Керч е цел на воздушни и беспилотни напади извршени од Украина. Ова министерство соопшти дека руските сили го собориле дронот и потонале две поморски беспилотни летала.

Украина не ги коментираше овие руски тврдења.

Crimea.Realities, проект на украинскиот сервис на Радио Слободна Европа, објави дека за време на нападот во Керченскиот теснец биле активирани системи за противвоздушна одбрана.

Керч е еден од најголемите градови на Крим и е клучен индустриски, транспортен и туристички центар.

Русија илегално го анектираше украинскиот полуостров Крим во 2014 година, а започна целосна инвазија на Украина во февруари 2022 година.

Нападите на Крим се случуваат постојано, особено во близина на мостот.

Силната експлозија што го погоди мостот во октомври 2022 година доведе до пожар и уривање на дел од коловозот. Според руските извештаи, во тој инцидент загинале три лица.

Пред вториот круг претседателски избори Романците маршираа за задржување на проевропскиот пат

Протест во Букурешт, 5 декември 2024
Протест во Букурешт, 5 декември 2024

Околу 3000 луѓе маршираа во Букурешт вечерта на 5 декември барајќи Романија да го задржи проевропскиот пат пред вториот круг што ќе одлучи дали екстремно десничарскиот проруски кандидат ќе стане следниот претседател на земјата.

Додека земјата е подготвена за гласање во вториот круг на 8 декември, во кој ќе се соочат проевропскиот центристички кандидат Елена Ласкони против Калин Георгеску, кој победи во првиот круг во кој има обвинувањата за изборно влијание оркестрирано од Русија, Романците се собраа на плоштад извикувајќи „Слобода“ и „Европа".

Завршувањето на првото место на Георгеску предизвика стравувања и предизвика протести, особено кај помладите Романци, во врска со иднината на демократијата во земјата.

Земјата беше дополнително потресена кога романскиот Врховен совет за национална одбрана (CSAT) на 4 декември декласифицираше документи кои откриваат дека земјата била цел на „агресивна хибридна руска акција“ што доведе до шокантна победа на екстремниот десничар во првиот круг.

Активисти, вклучително, истакнати актери и други Романци говореа на митингот, кој беше спонзориран од групата „Романија Хоуп“.

Во соопштението на групата на Фејсбук се вели дека Романија е во одлучувачки момент откако револуцијата го отвори патот на земјата кон слободата и демократијата.

Организацијата рече дека земјата била на „тежок пат...со многу разочарувања“ од 1989 година, но сепак го постигнала правото да се патува, да се насели, дасе студира и да работи во земјите од Европа.

Германскиот парламент ќе расправа за испорака на ракети Таурус во Украина

илустрација
илустрација

Долниот дом на германскиот Парламент, Бундестагот денеска ќе одржи дебата за тоа дали да се испратат крстаречки ракети со долг дострел Таурус во Украина, и покрај отпорот на канцеларот Олаф Шолц.

Соодветниот предлог беше поднесен од про-бизнис Слободните демократи (ФДП), кои ја напуштија владината коалиција на Шолц минатиот месец, откако канцеларот го разреши лидерот на ФДП, Кристијан Линднер, од функцијата министер за финансии.

Ракетите Таурус ќе и овозможат на Украина да изврши напади врз воени цели далеку зад фронтот, се вели во предлогот на ФДП, за кој најверојатно нема да се гласа, јави ДПА.

Долго време се водеше дебата за тоа дали Германија треба да и достави на Украина ракети Таурус за употреба во нејзината борба против тековната инвазија на Русија.

Украинските лидери постојано бараа ракети конкретно од Берлин, но Шолц жестоко одби да му го достави оружјето на Киев, велејќи дека стравува дека нивната испорака ќе ја вовлече Германија во војната.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG