Вести
Орден „8 Септември“ за Андов и пратениците од 1990–1994 година

Претседателот Стево Пендаровски со орден „8 Септември“ денеска ги одликува Стојан Андов, прв претседател на првото повеќепартиско Собрание, како и пратениците во Собранието на Република Македонија во мандатниот период од 1990 до 1994 година. Во своето обраќање Пендаровски порача дека политичките елити во земјата треба одново да постигнат единство околу најважните прашања за иднината на Република Северна Македонија.
„Денес кога прославуваме триесет години од независноста, имаме повод и најдлабока причина да изразиме благодарност на генерацијата која ги постави фундаментите на македонската државност. Во изминативе децении беа одликувани првиот претседател на Републиката Киро Глигоров, и првиот претседател на Владата Никола Кљусев. Денес, со Орден „8 Септември“ искажуваме почит кон пратениците во Собранието на Република Македонија во мандатниот период од 1990 до 1994 година и на првиот претседател на тоа собрание, господинот Стојан Андов,“ истакна претседателот Пендаровски.
Шефот на државата порача дека е време после 30 години угледувајќи се на таа прва генерација пратеници да изградиме единство околу виталните интереси на граѓаните.
„Клучна специфика на секое зрело, слободно и демократско општество е токму способноста низ институциите и процедурите, на конструктивен начин да ги надминува политичките разлики и несогласувања. А стожерната институција за тие дебати е нашиот дом на демократијата – Собранието на Република Северна Македонија. Да работиме на приближување на нашето со европското законодавство, не само формално, туку суштински, преку почитување на принципот на владеење на правото и на слободите и правата на секој човек. Само така се гради праведно и слободно општество на еднакви граѓани, независно од етничката, верската или која било друга припадност“, рече меѓудругото претседателот.
види ги сите денешни вести
КФОР ги повика страните да не ги зголемуваат тензиите на северот на Косово

Во услови на зголемени тензии на северот на Косово, мировната мисија на НАТО, КФОР, ги повика сите страни да се воздржат од дејствија „што би можеле да поттикнат тензии или да предизвикаат ескалација“.
Мисијата на КФОР потврди дека утрото на 29 мај го зголемила своето присуство во општините на северот на Косово, по порастот на тензиите поради изборот на градоначалници од албанска националност во мнозинските српски општини.
КФОР објави дека зголеменото присуство на северот има за цел да обезбеди „безбедна средина и слобода на движење за сите заедници во Косово, во согласност со мандатот што произлегува од Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации“.
„Командантот на КФОР [Анџело Микеле Ристуча] е во близок контакт со сите главни соговорници, вклучително и претставници на косовските институции и безбедносни организации, Генералштабот на српските вооружени сили, но и со Мисијата на ЕУ за владеење на правото на Косово [ЕУЛЕКС] и други претставници на меѓународната заедница“, соопшти мисијата на КФОР.
Како што наведоа, КФОР, во согласност со својот мандат, е подготвен „да ги преземе сите мерки за да обезбеди безбедна средина, на неутрален и непристрасен начин“.
Наведоа и дека дијалогот меѓу Косово и Србија, со посредство на Европската Унија, е единствениот начин за намалување на тензиите и обезбедување мир и нормализација на односите.
Денеска локалните Срби протестираат пред општинските згради во Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток, противејќи се на новите албански претседатели на општините, избрани на 23 април.
Косовската полиција соопшти дека протестите на север продолжуваат и дека претставници на Српската листа - водечката партија на Србите на Косово - поднеле две барања за прекин на протестите. Од оваа партија побараа смена на новите градоначалници Албанци и повлекување на специјалната единица на косовската полиција од север.
Лавров - Ситуацијата на Косово може да предизвика нов конфликт во Европа

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска изјави дека ситуацијата на Косово е алармантна и може да предизвика нов конфликт во центарот на Европа.
Мировната мисија на НАТО КФОР утрото на 29 мај го зголеми своето присуство во општините на северот на Косово, по порастот на тензиите поради изборот на градоначалници од албанска националност во мнозинските српски општини.
„Се подготвува голема експлозија во центарот на Европа. Токму на местото каде што во 1999 година НАТО ја нападна Југославија, кршејќи го секој замислив принцип на завршниот акт на Хелсинки и документите на ОБСЕ“, рече Лавров на 29 мај за време на посетата на Кенија.
Лавров рече дека Западот „го избрал правецот на целосно потчинување на секој кој на некој начин го изразува своето мислење“, пренесува руската државна агенција РИА Новости.
Тој додаде дека актуелните настани во светот се од „геополитичка природа“ и дека ситуацијата бара „геополитичко решение“ што ќе ја обезбеди безбедноста на европските земји и ќе значи дека „ниту еден блок, вклучително и НАТО, нема право да бара доминација во тој дел од планетата“.
На северот на Косово, локалните Срби од мнозинските српски општини денеска повторно се собраа за да се спротивстават на новите градоначалници од албанска националност, избрани на локалните избори на 23 април.
Српскиот министер за одбрана Милош Вучевиќ најави дека во понеделник на 29 мај ќе биде завршено целосното распоредување на единиците на вооружените сили на Србија согласно наредбата на претседателот Александар Вучиќ за зголемување на борбената готовност.
Претходно, на 26 мај, во екот на зголемените тензии на северот на Косово, српскиот претседател Александар Вучиќ издаде наредба да се подигне борбената готовност на српската армија на највисоко ниво.
„Единиците на српската армија ќе бидат подготвени да ја извршат секоја наредба, со надеж дека ќе се најде политичко решение“, изјави Вучевиќ.
Косовската полиција им помогна на градоначалниците Албанци на општините на северот на Косово - Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток, каде мнозинството од населението се Срби, да влезат во нивните општински простории на 26 мај.
Меѓународната заедница ја осуди одлуката на Владата на Косово градоначалниците да влезат во општинските згради и ги повика властите на воздржаност.
НАТО ги повика и институциите на Косово итно да ја деескалираат ситуацијата на северот.
Судски совет наспроти холандскиот амбасадор-работиме законски

Членовите на Судскиот совет денеска на работен колегиум разговарале за прашањата кои ги покрена холандскиот амбасадор во Скопје Дирк Јан Коп во интервјуто за Радио Слободна Европа. Во соопштението на Советот е наведено дека ги отфрлаат тврдењата на амбасадорот дека тоа тело е нелегитимно како неосновани и дека Советот и на колегиумот заклучиле дека функционира законски и во согласност со надлежностите.
„Членовите потенцираат дека првиот човек на Судскиот Совет е избран на седница со потребниот број на гласови утврдени во Законот за ССРСМ. Советот ги повика надлежните да ги испитаат сите сомнежи за корупција, а Врховниот суд дополнително и во законска процедура ги проверува сите одлуки донесени за проверка за одговорноста на судиите преку жалбениот Совет“, се наведува во соопштението од работниот колегиум на членовите на Судскиот совет.
Амбасадорот Коп во интервјуто за РСЕ изјави дека Холандија стави во мирување проект за Судскиот совет поради последните случувања. Станува збор за проект во вредност од милион евра за зајакнување на ефикасноста, отчетноста и транспарентноста на Судскиот Совет.
Холандскиот амбасадор отворено укажа дека причина за тоа е влошувањето на состојбите во правосудството, и дека Холандија тоа прашање го гледа како централно на кое ќе му посвети внимание, истакнувајќи ги последните случувања во Судскиот совет како преседан.
„Тоа е дел од поглавјето „основи“ кое прво се отвора, а последно се затвора и ќе остане од висока важност во целиот процес. Но она што ние напротив го гледаме е дека сите случаи на СЈО, еден по еден тонат, а тоа е многу лош развој, а сега го имаме и случајот со Судскиот Совет кој всушност стана нелегитимно тело. Тоа е многу сериозно и болно за гледање. И поради тој преседан, Холандија сега стави во мирување еден голем проект поврзан со Сускиот совет. Ситуацијата е многу сериозна“.
Проектот што е ставен во мирување требало да се реализира до септември идната година и со кој требало да се зајакнат капацитетите и компетенциите на Судскиот совет преку размена на експертиза со холандскиот Совет за судство.
Најавени прелети на американски бомбардери над Босна и Херцеговина

Два американски бомбардери Б-1Б Лансер на 30 мај ќе летаат ниско над Сараево и другите градови во Босна и Херцеговина (БиХ).
Повеќенаменскиот бомбардер Б-1Б е столбот на американските сили со долг дострел. Двата што ќе летаат над БиХ се стационирани во британскта база РАФ Ферфорд.
Овие акции се знак на силното партнерство меѓу Соединетите Американски Држави и Вооружените сили на БиХ (ОСБиХ) и постојаната посветеност на суверенитетот, територијалниот интегритет и мултиетничкиот карактер на БиХ, соопштено е од Канцеларијата за информации Американските воздухопловни сили во Европа и Африка.
„Ние ја означуваме трајната врска меѓу СAД и Босна и Херцеговина“, рече генералот Џејмс Хекер од Американските воздухопловни сили и командант на американските воздушни бази во Европа, воздухопловните сили во Африка и Здружената воздушна команда на НАТО.
Овој лет, рече тој, „ја покажува нашата посветеност за градење силни билатерални односи и е доказ за нашите заеднички вредности и цели“.
„Преку соработка и разбирање градиме пат кон иднината на мир, безбедност и просперитет во регионот“, рече американскиот генерал.
Бомбардерите ќе летаат над Сараево, но двата бомбардери Б-1Б ќе може да се видат низ целата земја.
Покрај овој настан, авионите исто така ќе учествува и на заеднички воен настан во близина на Тузла, кој ќе вклучи ангажман на Заедничката тактичка воздушна контрола на вооружените сили на Босна и Херцеговина и специјалните сили на Армијата на САД.
Овој настан е природно продолжение на напредните билатерални воени вежби, објави американската команда, со предупредување дека летот може да биде откажан поради временските услови или барањата поврзани со воената мисија на авионот.
Квинта и ЕУ - Косовските власти да не влегуваат насилно во општините на северот

Земјите од Квинтa и Европската унија најавија дека очекуваат Владата на Косово да не презема никакви нови мерки „за насилен влез во општинските згради“ на северот на Косово.
Квинта, која ја сочинуваат земјите САД, Обединетото Кралство, Италија и Франција, ја повторија изјавата од 26 мај, кога ја осудија одлуката на Косово „насилно да влезе во општинските згради на северот, и покрај нашите повици за воздржаност“.
„Во овој контекст, Квинта и ЕУ очекуваат дека Владата на Косово нема да преземе нови мерки за присилно влегување во зградите на општините Лепосавиќ, Зубин Поток и Звечан.
„Новоизбраните претседатели, исто така, мора да покажат воздржаност и да преземат итни чекори за да ја покажат својата посветеност и одговорност да ги претставуваат и да им служат на сите членови на нивните заедници“, рекоа тие во заедничката изјава објавена на 28 мај.
На 26 мај, групи локални Срби се спротивставија на влегувањето во канцелариите на новите албански градоначалници Звечан, Зубина Поток и Лепосавиќ.
Новите градоначалници ги следеше косовската полиција, која се судри со српските групи. За време на судирот, полициските сили употребија шок-бомби и солзавец, додека локалните Срби фрлаа камења врз полициските сили.
Најмалку пет полицајци се повредени, додека неколку полициски автомобили изгореа.
Земјите на Квинта, исто така, соопштија дека ги повикуваат сите страни да бидат претпазливи за други закани или дејствија кои можат да влијаат на безбедното опкружување „вклучувајќи ја и слободата на движење, што може да ги разгори тензиите и да предизвика конфликт“.
„Посебно сме загрижени за безбедноста и благосостојбата на цивилите, полицајците, членовите на ЕУЛЕКС и КФОР. Секоја нова еднострана акција негативно ќе влијае на односите со Квинта и со државите на ЕУ“, се вели во соопштението.
Квинта, исто така, посочи дека дијалогот меѓу Косово и Србија, со посредство на Европската унија, „е патот што води кон нормализација“ на односите „и членство во ЕУ“. Во соопштението, страните се поканети да работат на имплементација на Договорот за нормализација што Косово и Србија го постигнаа во февруари и неговиот анекс, како и на договорот за формирање на Заедницата (општини со српско мнозинство).
Посетата на новите градоначалници на општините од северот на општинските канцеларии наиде на остра осуда од САД, кои го повикаа Косово да се откаже од „насилните мерки“.
Косовскиот премиер Албин Курти рече дека ја разбира загриженоста на меѓународните партнери, но додаде дека секоја друга опција би била неисполнување на уставните обврски.
Четворица нови албански градоначалници беа избрани во четири општини на северот на Косово на локалните избори на 23 април, бидејќи српските партии не учествуваа на овие вонредни избори.
Изборите се одржаа по оставките на лидерите на Српската листа, најголемата партија на косовските Срби, во ноември минатата година.
Оваа партија ги напушти сите институции на Косово, поради одлуката на Владата во Приштина да го спроведе процесот на пререгистрација на автомобилите со нелегални српски регистарски таблички. Изборите ги бојкотираше мнозинското српско население во областа, кое сега не ги прифаќа резултатите, односно новите градоначалници.
На изборите во април учествувале 3,47 отсто од вкупниот број запишани избирачи.
Русија објави потерница за американскиот сенатор Греам

Министерството за внатрешни работи на Русија објави потерница за американскиот сенатор Линдзи Греам, објавија руските медиуми на 29 мај, повикувајќи се на базата на податоци на Министерството.
Во монтираното видео објавено од кабинетот од страна на Кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски од неговата средбата со Греам, американскиот сенатор е прикажан како вели „Русите умираат“, а потоа вели дека американската поддршката е „најдобрите пари што некогаш сме ги потрошиле. "
Украина ја објави целосната видео снимка од средбата, која покажува дека двете забелешки не се поврзани.
Рускиот истражен комитет во неделата на 28 мај, објави дека отвора кривична истрага за коментарите на Греам. Не е прецизирано за кое кривично дело е осомничен.
Во неделата, Грахам ги оспори руските критики за неговата поддршка за Украина, велејќи дека тој едноставно го фали духот на Украинците во отпорот на руската инвазија со помош на Вашингтон.
Републиканецот од Јужна Каролина е познат по своите ставови за надворешната политика, како отворен поддржувач на зголемената воена поддршка за Украина во нејзината борба против Русија.
Русија претходно додаде десетици американски функционери и избрани политичари на црните листи, забранувајќи им влез во земјата, но ретко бараше апсење на високи американски функционери.
Дојави за бомби во многу училишта во Србија

Многу училишта низ Србија добиле дојави дека се поставени бомби, соопшти утрово на 29 мај српското Министерство за внатрешни работи за агенцијата Бета.
Извештаите се однесуваат на Белград и други градови, соопшти Министерството, додавајќи дека на терен се екипи за контрасубверзија.
Министерството за внатрешни работи пред само десет забележа повеќе од 200 лажни пријави за бомби во училишта во Србија.
Министерот за внатрешни работи Александар Вулин тогаш тврдеше дека целта била Србија да не одлучува самостојно и да одлучува под притисок.
„Секој напад започнува со реченицата - Затоа што не воведовте санкции кон Русија, ние ќе ви направиме ова или она. Тоа е мотивот за овие закани и јасна порака што се очекува и бара од нас“, рече Вулин за ТВ Пинк на 20 мај кога беше прашан за стотици лажни закани за бомби.
Во последните месеци, од почетокот на руската инвазија на Украина, јавните установи низ Србија беа цел на лажни извештаи за поставени бомби, а за само еден ден, на 16 мај, дојави беа доставени на 173 училишни адреси од 258 основни и средни училишта во Белград.
Мета на дојавите беа зоолошките градини, аеродромите, трговските центри, летовите на Ер Србија за Русија и мостовите.
Лажни извештаи за бомби се забележани и во соседните земји во последните месеци.
Дачиќ: Задачата на КФОР не е да ги спречува вработените да влегуваат во општините на северот на Косово

Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, во својот коментар за ситуацијата во северно Косово рече дека задачата на КФОР е „да го оневозможи едностраниот чин на Приштина, а не да ги спречува вработените да влегуваат во зградите“.
„Сега ги чуваат градоначалниците под изговор дека го чуваат мирот. Изгледа ги чуваат од сопствениците на зградите, Србите, од оние што работат таму, што се вработени таму. Тие не можат да бидат градоначалници во српските општини кои не беа избрани од Србите“, изјави Дачиќ за јавниот сервис на РТС на 29 мај.
Тој посочи дека вооружените сили на Србија се во состојба на готовност.
Српските власти одлучија вооружените сили да останат на највисоко ниво на готовност до понатамошно известување, поради ситуацијата на северот на Косово.
Изјавата на Дачиќ доаѓа откако локалните Срби од овие општини се собраа на 29 мај за уште еднаш да се спротивстават на новите градоначалници, избрани на локалните избори на 23 април.
Имено, косовската полиција им помогна на градоначалниците Албанци на општините на северот на Косово - Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток, каде мнозинството од населението се Срби, да влезат во нивните општински простории на 26 мај.
Меѓународната заедница ја осуди одлуката на Владата на Косово да ги принуди градоначалниците да влезат во општинските згради и ги повика властите на воздржаност.
НАТО ги повика и институциите на Косово итно да ја деескалираат ситуацијата на северот.
Нова серија воздушни напади врз Киев, нема повредени

Киев одби уште еден бран воздушни напади во текот на ноќта на руските сили, изјавија официјални лица на 29 мај, еден ден откако украинската престолнина беше под, како што го опишаа властите „најголемиот“ напад со беспилотни летала врз градот од почетокот на војната.
„Поминаа само 18 часа од најголемиот напад на [беспилотни летала] врз Киев, а непријателот повторно го нападна главниот град“, соопшти градската воена администрација, додавајќи дека тоа е 15-ти воздушен напад врз Киев од почетокот на мај.
Одбранбените системи на Украина собориле повеќе од 40 беспилотни летала и крстаречки ракети, соопштија воените власти.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, рече дека ова е „уште една тешка ноќ“ за градот, но додаде дека нема жртви и разурнувања како последица на последните воздушни напади.
„Благодарение на професионалноста на нашите бранители, како резултат на воздушниот напад на варварите врз Киев, немаше оштетување или уништување на инфраструктурата и други објекти или станбени згради“, напиша Кличко на Телеграм. „Нема повредени и загинати.
Најмалку две лица загинаа, а три други беа ранети во нападот на Киев претходниот ден, во кој беа оштетени и неколку згради.
Ердоган прогласи победа во вториот круг од изборите во Турција

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган прогласи победа во неделата на историскиот втор круг гласање што претставуваше најголем предизвик за неговото 20-годишно владеење, пренесува АФП.
Речиси целосните резултати покажаа дека тој води пред опозицискиот ривал Кемал Киличдароглу за четири процентни поени.
„Ние ќе управуваме со земјата во наредните пет години“, им рече Ердоган на своите поддржувачи од автобус во неговиот роден кварт во Истанбул. „Со божја волја, ќе ја заслужиме вашата доверба“, додаде Ердоган.
Главните градови во Турција избувнаа во радост додека зборуваше Ердоган.
Сообраќајот на култниот плоштад Таксим во Истанбул е запрен и огромни толпи се собраа пред неговата претседателска палата во Анкара.
Опозицискиот лидер вети дека ќе даде изјава подоцна во недела.
На жестокиот втор круг на изборите одѕивот на гласачите беше над 80 отсто.
Во неофицијалните резултати со преброени повеќе од 90 отсто од гласачките ливчиња, државната новинска агенција Анадолу објави дека Ердоган има 52,3 отсто, а неговиот противкандидат Киличдароглу 47,7 отсто од гласовите.
Во меѓувреме, ривалската новинската агенција АНКА, блиска до опозицијата, објави резултати од 51,5 отсто за Ердоган, а за Киличдароглу 48,5 отсто.
Официјалните конечни изборни резултати се уште не се објавени од турската изборна комисија.
Некои лидери веќе му честитаа на актуелниот претседател на Турција.
Катарскиот емир Тамим Бин Хамад напиша на Твитер:
„Драг мој брат, ти ја честитам победата и ти посакувам успех во новиот мандат.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан, исто така, се огласи на Твитер за да ја поздрави „несомнената“ победа на неговиот сојузник.
Повеќе од 64 милиони гласачи можеа да гласаат на претседателските избори. Излезноста беше за четири отсто помала од пред две недели во првиот круг од претседателските избори, според агенцијата Анадолија, што би била околу 84 до 85 отсто.
Столтенберг - Приштина мора да деескалира

Приштина мора да деескалира и да не презема еднострани, дестабилизирачки чекори, изјави на 28 мај генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, по разговорот со Жозеп Борел, високиот комесар за надворешна политика на Европската унија. .
Столтенберг на Твитер порача дека НАТО, односно КФОР ќе продолжи да одржува безбедна средина. Тој рече и дека Приштина и Белград сега мора да се приклучат на дијалогот што го води ЕУ, како единствен начин за мир и нормализација.
Ветон Елшани од косовската полиција за Радио Слободна Европа изјави дека состојбата на северот денеска е стабилна и дека полицајците се уште престојуваат во близина на зградите на општините Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток.
Во овие општини живее мнозинството од српското население, а на 26 мај се обиде да го спречи градоначалникот да влезе во неговиот кабинет. Тие ги бојкотираа локалните избори на 23 април на кои излегоа 3,47 отсто од гласачите, а сега не прифаќаат градоначалници од редовите на албанската заедница.
Но, градоначалниците сепак дадоа заклетва на 26 мај, а еден ден подоцна, со помош на косовската полиција, влегоа во општинските згради во Лепосавиќ, Звечан и Зубин Поток.
Тоа предизвика незадоволство кај локалното српско население и во еден момент дојде до конфликт со полицијата.
Полицијата употреби шок бомби и солзавец за да ги растера демонстрантите, додека локалните Срби фрлаа камења кон полицијата.
Соединетите Американски Држави побараа од Владата на Косово да се воздржи од „други активности кои би можеле да ги зголемат тензиите и да промовираат насилство“.
Американскиот државен секретар Антони Блинкен предупреди дека овие акции ќе имаат последици во билатералните односи меѓу САД и Косово.
Постапките на Косово ги осудија и Европската унија, земјите од Квинте (САД, Велика Британија, Италија и Франција), додека НАТО побара од двете страни да ги решат споровите преку дијалог.
Официјална Приштина ја брани оваа одлука и тврди дека секоја друга опција би била неисполнување на уставните обврски.
Србија ја подигна борбената готовност на своите сили на највисоко ниво, по немирите на северот на Косово.
Русија тврди дека спречила напад со дронови врз нафтена рафинерија

Руските системи за противвоздушна одбрана уништија неколку беспилотни летала додека се приближуваа до рафинеријата за нафта Илски во регионот Краснодар, соопштија официјални лица.
Овој руски регион се наоѓа во близина на Црното Море.
„Неколку беспилотни летала се обидоа да се приближат до територијата на нафтената рафинерија Илски во Краснодарската територија“, соопштија регионалните власти за вонредни состојби во објава на Телеграма
„Сите овие беспилотни летала се уништени, а рафинериската инфраструктура не е оштетена.“
Руските власти не кажаа кој го извршил нападот, а Ројтерс не може самостојно да ги потврди руските тврдења.
Еден ден претходно Москва објави дека Украина нападнала нафтовод на руска територија.
Киев речиси никогаш јавно не ја презема одговорност за нападите во Русија или на териториите под руска контрола во Украина.
Рафинеријата Илски, лоцирана во близина на пристаништето Новорисиск на Црното Море, има производствен капацитет од 6,6 милиони тони годишно. Оваа рафинерија овој месец беше цел на неколку напади.
Пригожин - функциоенри на Кремљ забрануваат државните медиуми да известуваат за Вагнер

Најмоќниот руски платеник на 28 мај изјави дека е убеден дека високи функционери на Кремљ забраниле известување за него на државните медиуми, предупредувајќи дека таквиот погрешен пристап ќе доведе до реакција од рускиот народ за неколку месеци.
Евгениј Пригожин, основачот на платеничката група Вагнер, е највпечатливиот член на кругот на претседателот Владимир Путин кој се здоби со широка слава во 15-месечната војна во Украина.
Пригожин го презеде украинскиот град Бахмут претходно овој месец, но неговата улога во победата беше омаловажена на државната телевизија.
Запрашан за она што изгледа како забрана за негово покривање на државните медиуми, Пригожин употреби низа руски поговорки за да се потсмева на одговорните: „Она што е забрането е секогаш послатко“.
„Вагнер не е парче лизгав сапун што бирократите се навикнаа да го туркаат насекаде; Вагнер е шило, шило што не можете да го скриете“, рече Пригожин. „Апсолутно сум убеден дека тие го забранија (покривањето).“
„Тоа што бирократите на високо ниво, токму тие кули на Кремљ, се обидуваат да им ги затворат устите на сите за да не зборуваат за Вагнер, само ќе му дадат уште едно подбутнување на народот.“
Таквиот пристап, рече тој, ќе предизвика реакција кај рускиот народ.
„Долгорочно - долгорочно е два или три месеци - тие ќе добијат шлаканица од народот затоа што се обиделе да им ги затворат устите и ушите на сите“, рече Пригожин.
Прв комерцијален лет на кинескиот патнички авион C919

Патничкиот авион со тесно тело C919 развиен и произведен во Кина успешно на 28 мај го заврши својот прв комерцијален лет од Шангај до Пекинг, потврдувајќи го официјалниот влез на кинескиот авион на пазарот на цивилна авијација.
Летот MU9191 на China Eastern Airline полета од меѓународниот аеродром во Шангај со 128 патници, пишува BBC.
Летот траел нешто помалку од три часа, а по слетувањето на меѓународниот аеродром во Пекинг, авионот и патниците биле пречекани со млаз водени топови.
C919 е првиот кинески млазен авион развиен во согласност со меѓународните воздухопловни стандарди и има независни права на интелектуална сопственост.
Проектот беше лансиран во 2007 година, а беше развиен во проектните канцеларии на комерцијалната авиокомпанија China, Ltd. (COMAC).
Првиот C919 излезе од производната линија во Шангај во ноември 2015 година.
Кинескиот претседател Си Џинпинг го поздрави проектот како триумф на кинеската иновација.
Кинеските медиуми објавија дека авионот C9191 е симбол на индустриската сила и националната гордост на Кина.
Украина бара од Германија проектили со долг дострел „Таурус“

Украина побара од Германија да ѝ достави крстосувачки ракети Таурус, оружје кое се лансира од воздух со дострел од околу 500 километри, изјави портпаролот на Министерството за одбрана во Берлин.
Германија го доби барањето пред неколку дена, рече портпаролот
на 27 мај, потврдувајќи го извештајот на Франкфуртер алгемајне цајтунг.
Таа одби да даде дополнителни детали или да каже колку е веројатно Германија да ги испорача ракетите на Украина.
Доколку ги испорача ракетите, Германија ќе ги следи стапките на Британија, која претходно во мај стана првата земја што јавно му обезбеди на Киев крстосувачки ракети со долг дострел.
Соединетите Американски Држави досега одбиваа да ѝ снабдат на Украина ракети од армискиот тактички ракетен систем (ATACMS) со дострел од 297 километри поради загриженоста дека Украина би можела да ги искористи за да нападне внатре во меѓународно признатите граници на Русија.
Украина со месеци бараше ваков вид оружје, но поддршката од западните сојузници се фокусираше на оружје со помал дострел.
Таурус е направен од европскиот производител на ракети МБДА и има слични карактеристики на британскиот Storm Shadow.
Може да се користи за гаѓање цели со висока вредност, војници или депонии за гориво длабоко зад фронтот и има способност да уништува зацврстени цели како што се бункери закопани длабоко под земја.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете