Достапни линкови

Триесет години независна држава - можеше и подобро


Со свечена манифестација пред Собранието, државата го одбележа Денот на независноста. Северна Македонија ќе може да напредува, само ако сите граѓани ја чувствуваат како своја татковина, порача шефот на државата Стево Пендаровски. Премиерот Зоран Заев пак уверува дека земјава има европска иднина

Со изведба на делото „Симфонија за филхармонија“ од композиторот Живоин Глишиќ и дефиле на националните ансабли и културно-уметничките друштва, на рударите, земјоделците, волонтерите на Црвен крст, извидниците, здравствените работници, спортистите, пожарникарите, полицијата и армијата, Македонија одбележува 30 години независност.

Официјалниот дел од прославата почна со интонирање на државната химна од страна на Воениот оркестар, по што следуваа говорите на претседателот на државата Стево Пендаровски, претседателот на Собранието Талат Џафери и премиерот Зоран Заев.

Во своето обраќање до јавноста, шефот на државата Стево Пендаровски рече дека Северна Македонија, може да напредува, само, ако сите нејзини граѓани ја чувствуваат како своја татковина.

„Направивме тешки, но неопходни компромиси. Но, за дел од проблемите сме сами виновни. Години изгубивме за да направиме инженеринг за нашите корени кои се неспорни. Ние немаме резервна татковина. Ова е нашиот единствен заеднички дом и тој ќе биде пристојно место за живеење само доколку секој од нас го вложува во него својот труд и својата совест. Притоа се разбира одговорноста е најголема на оние кои ја добиваат честа да ја водат општината, градот, владата или државата“, рече Пендаровски.

Македонија прослави 30 години од осамостојувањето
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:40 0:00

Премиерот Зоран Заев пак истакна дека од најдоброто во минатото создадовме држава со сосема извесна европска иднина.

„Нема никогаш и да заборавиме – во еден период бевме заробено општество, изолирана држава. Стоевме во место, скарани со демократскиот свет. Денеска сме напредна, отворена земја, пријател со демократскиот свет“, рече Заев.

Поради службено отсуство, претседателот на Собранието Талат Џафери имаше видео обраќање.

„Убеден сум дека и покрај големите предизвици низ кои поминавме, имаме сила, волја, решителност и визија за тоа каде сакаме да ја видиме Република Македонија, и каков дом посакуваме и градиме за нашите граѓани“, истакна Џафери.

По повод Денот на независноста, Пендаровски со орден „8 Септември“ ги одликува Стојан Андов, прв претседател на првото повеќепартиско собрание, како и пратениците во мандатниот период од 1990 до 1994 година.

А току тој, Стојан Андов, вели дека 30 годишнината е значаен јубилеј и дека за оваа прилика вреди да се организира „побогата“ прослава.

„Мислам дека е правилно што се организира ваква манифестација, мислам дека со неа се остава вистински впечаток за историската важност на тој датум и сметам дека тоа е корисна работа. Ако државните органи се нафатиле свечено да го одбележат тој настан, на многу од младите луѓе ќе им стане јасно за што станува збор и какво е значењето на овој датум за државата и народот“, вели Андов.

По повод чествувањето на 30 години независна македонска држава, во организација на Кабинетот на Претседателот се одржуваат и низа културни настани преку кои како што велат, ќе се артикулира богатството на современото културно наследство.

Во неодамнешното интервју за радио Слободна Европа, претседателот Пендаровски оцени дека во овие триесет години независност можело да се направи повеќе и подобро за животот на граѓаните.

„Се разбира дека можеше и подобро и посреќно да се живее. Тука сега ако ја даваме таа квалификација можеме да цитираме проблеми од деведесеттите – долга транзиција, блокади, регионален контекст и на крајот на денот мораме да се погледнеме во очи, сите политички гарнитури од деведесеттите години до денес и оваа актуелната од која сум јас дел и да видиме кои беа нашите субјективни слабости и зошто ние не направивме повеќе за граѓаните денеска да живеат подобро“, изјави Пендаровски во неделното интервју.

Македонија стана Република Северна Македонија

Пред повеќе од три години, на 17 јуни 2018 година беше потпишан потпишан Преспанскиот договор, со кој се промени уставното име на државата во Република Северна Македонија. Договорот од Преспа беше резулат на повеќедеценскиот спор за името меѓу Скопје и Атина поради кој Грција од 2008 година го блокираше членството на земјава во НАТО.

Откако Македонија официјално стана Република Северна Македонија, Грција ја крена блокадата на македонското членство во НАТО, го ратификуваше протоколот и повеќе од година и пол државава е членка на северноатланската алијанса.

Во обраќањето на свечената седница по повод 30 годишнината од независноста на земјата, премиерот Зоран Заев изјави дека македонскиот идентитет не само што е зачуван, туку и зајакнат.

„На патот од независноста до денеска, наша одговорност и света должност беше и да го зачуваме македонскиот идентитет. Не само што го зачувавме, туку и го потврдивме и зајакнавме. Денес, кристално јасно е дека го исполнуваме заветот на нашите предци кои со векови го афирмираа, го бранеа и гинеа за македонскиот идентитет. Заедно со граѓаните го остваривме тој вековен сон со меѓународна верификација,“ изјави Заев.

Критичната 2001 година

2001 година беше пресвртна за Македонија. Во јануари таа година започна воениот конфликт меѓу Ослободителната народна армија (ОНА) и безбедносните сили на Република Македонија.

Преговорите за Рамковниот договор со кој се стави крај на конфликтот траеја околу два месеци. Започнаа во Скопје, продолжија во Охрид, а завршија со потпишување на документот во претседателската резиденција во Скопје на 13 август 2001. Договорот го потпишаа тогашниот претседател на Македонија Борис Трајковски, поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Љубчо Георгиевски, претседателот на ПДП Имер Имери и тогашните претседатели на СДСМ Бранко Црвенковски и на ДПА Арбен Џафери.Потписници на договорот, во својство на гаранти, беа и специјалните претставници на ЕУ и САД, Франсоа Леотар и Џејмс Пердју, кои учествуваа во преговорите

Политичкиот аналитичар Џељал Незири се осврнува на позицијата на Албанците сега и во изминатите години. За разлика од сега, пред 30 години градењето на државата и нацијата не беше инклузивен процес во однос на етничките Албанци, вели Незири.

„Мислам дека сега етничките Албанци немаат скоро никаков проблем или дискриминација од страна на државата. Напротив ги добиваат сите услуги кои државата им ги нуди и нивниот одговор е поголема лојалност кон државата. Зошто ако се сфаќа државата како една куќа, а етникумите како потстанари тогаш под ист покрив треба сите да се грижат за состојбата на таа куќа. Мислам дека токму таа модернизација на државата придонесе да нема дискриминирани етникуми и истите да се идентификуваат со државата“, вели Незири.

Економски блокади и предизвици

Во годините по осамостојувањето земјава се соочи и со економски предизвици. Во 1994 година Грција воведе еднострано трговско ембарго кон Македонија поради несогласување со името и со државното знаме на Републиката.Трговската блокада траеше 18 месеци, а според проценките на економските експерти, штетата што ја претрпе Македонија од грчкото ембарго изнесуваше околу 2 милијарди долари.

Во делот на економскиот развој, според Институтот за економски истражувања и политики „Фајнанс тинк“, македонската невработеност денес е под нивото од пред осамостојувањето, но сѐ уште над природната стапка на невработеност. Стапката на невработеност денес е слична како таа во шеесеттите години во Македонија и изнесува околу 16 проценти.

За триесет години БДП по глава на жител пораснала за само 60 проценти, а шоковите од неекономска природа и надворешни шокови оневозможиле економијата да оствари повисоки и континуирани стапки на раст. Во истиот временски период, разликите помеѓу побогатите и сиромашните земји во рамките на СФРЈ се зголемиле.

И додека денешниот ден поминува во знакот на свечената манифестација организирана од Владата, Конфедерацијата на синдикални организации (КСОМ) организираше протестен марш, изразувајќи на тој начин незадоволство од социјалниот дијалог во државата.

Претставници на КСОМ посочија дека се незадоволни затоа што одредени структури на власта ги игнорираат и не се сретнале со нив, иако им испратиле барање за средби, а со некои од нив, имале средби, но нема никаков позитивен исход.

Инаку на референдумот кој се одржа на 8 септември 1991 година излегоа околу 72 отсто од запишани избирачи, а 95 отсто од нив се изјаснија потврдно на прашањето „дали сте за суверена и независна држава Македонија, со право на влез во иден сојуз на суверените држави на Југославија?“. Осми септември се празнува како Ден на независноста.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG